Отпадникот - Полиграматон

Отпадникот

 

Ноќта баронот сонеше сакалми рој;

и сите негој воини-гости зарубени во крој

на демони, веди и крупни црви од гробој,

долго беа окошмарени.


- Китс


Несреќен е оној чии спомени од детството му носат саде страв и тага. Клет е оној кој се присеќава на осамени саати во огромни и стушени одаи со кафени завеси и излудувачки редици на старински книги, или на стравопочитни бдеења во самрачни шумјаци со гротескни, џиновски и бршленообременети дрвја кои тивко мавтаат со извитоперени гранки дигнати вишно. Таков к'смет боговите мене ми беа дале - мене, замајаниот, разочараниот; јаловиот, скршениот. А сепак сум чудно задоволен и очајно се чипчам за тие спурни спомени, кога умот миговно се заканува да ми се протегне до оние другите.

Не знам кај сум роден, освен дека замокот беше бескрајно стар и бескрајно ужасен; полн со мрачни премини и со високи тавани каде што окото може да најде само пајажини и сенки. Камењата во разронетите ходници секогаш се чинеа одвратно мокри и насекаде имаше клета миризба, небаре од натрупани лешеви на мртви поколенија. Никогаш не беше светло, па некогаш палев свеќи и мирно зјапав во нив за да ми олесни; ниту имаше сонце надвор, зашто ужасните дрвја растеа високо над највисоката пристапна кула. Имаше една црна кула која се протегаше над дрвјата кон непознато надворешно небо, но беше делумно запустена и човек не можеше да се искачи до неа освен преку скоро невозможно пентерење по самоти ѕид, камен по камен.

Мора со години да бев живеел во местото, но не можам да го измерам времето. Созданија мора да се беа грижеле за моите потреби, но не можам да си споменам за никој друг освен за себеси ниту за нешто живо освен бесшумните стаорци и лилјаци и пајаци. Мислам дека кој и да ме гледаше мораше да е потресно престарен, зашто првата замисла за жив човек ми беше како нешто потсмешливо налик на мене, но извитоперено, збабарено и гнило како замокот. За мене немаше ништо гротескно во коските и костурите кои беа посипани низ некои од камените костурници длабоко меѓу темелите. Ваквите нешта мечтаво ги поистоветував со секојдневни настани и ги мислев за поприродни од обоените слики на живи суштества кои ги наоѓав во многу од мувлосаните книги. Од такви книги и научив сѐ што знам. Немаше учител да ме бодри или води и не се сеќавам да чув човечки глас за време на сите тие години - дури ни мојот; зашто иако имав читано за говор никогаш не помислив да се обидам да прозборам на глас. Мојата лика беше нешто исто толку незнајно, зашто во замокот немаше огледала и само по инстинкт се сметав себеси за сроден со младешките фигури кои ги гледав нацртани и насликани во книгите. Ми доаѓаше како да сум млад бидејќи саде на толку малку нешта се сеќавав.

Надвор, преку гнојниот ров и под мрачните неми дрвја, често лежев и сонував со часови за она што го имав прочитано во книгите и со копнеж се замислував среде весели толпи во сончевиот свет зад бескрајната шума. Еднаш се обидов да избегам од шумата, но како што се оддалечував од замокот сенката стануваше погуста и воздухот побремен со намрштен страв, па избезумено се стрчав назад за да не се изгубам во лавиринт на заноќена тишина.

И така низ бескрајни самраци сонував и чекав, макар што не знаев што чекам. Тогаш во сенишната осаменост мојот копнеж по светлина стана толку трескав што веќе не можев да мирувам и кренав молитвени раце кон осамената црна запустена кула која достигаше над шумата сѐ до непознатото надворешно небо. И најпосле се решив да ја искачам таа кула, макар би и паднал; зашто поарно би било да го наѕрам небото и да ме снема, одошто да живеам без да имам видено ден.

Во немливиот самрак се искачив по истрошените и престарени камени скали додека не стигнав до нивото каде што тие прекинуваа и потоа фатив опасно да се чипчам за мали процепи кои водеа нагоре. Грозоморен и ужасен беше тој мртов, бесскален цилиндар од камен; црн, испустен и парасан и зловестен со потресени лилјаци чии крилја не испуштаа звук. Но уште погрозоморна и поужасна беше спороста на мојот напредок; зашто колку и да се качував, темнината над мене не се разредуваше и нов студ како од опседната и исконска мувла ме кајдиса. Се тресев додека се прашував зошто не ја достигнувам светлината и ќе погледнев и надолу ако имав смелост. Ми се чинеше дека ненадејно ме беше фатила ноќ и залудно се распипував со едната слободна рака да дофатам некоја прозорна пушкарница, за да би се испулил кон надвор и нагоре и да се обидам да ја оценам висината којашто ја бев достигнал.

Одеднаш, по бесконечност на стравотно, безвиделно лазење по таа конкавна и очајна врлина, почувствував како главата ми допира нешто цврсто и знаев дека мора да го бев достигнал покривот, или барем некаков под. Во темнината ја кренав слободната рака и ја испитав препреката, увидувајќи дека е од камен и неподвижна. Потоа следеше смртоносна обиколка на кулата, чипчејќи се за секој процеп кој лигавиот ѕид го нудеше; сѐ додека раката со која испитував начека да бариерата се помрдне и повторно тргнав нагоре, туркајќи ја плочата или вратата со главата и користејќи ги обете раце при моето стравотно искачување. Одозгора немаше да дојде светлина и како што рацете ми одеа повисоко знаев дека качувањето засега ми е окончано; затоа што плочата беше подната врата на окно кое водеше до рамна камена површина со поголем пречник од долниот дел на кулата, несомнено подот на некоја вишна и просторна опсерваториска одаја. Внимателно пролазив и се обидов да ја спречам тешката плоча пак да падне на место, но не успеав во ваквиот напор. Како што лежев исцрпен на камениот под ги чув морничавите одеци на нејзиниот пад, но се надевав дека кога ќе е потребно пак ќе ја отпечатам.

Мислејќи си дека сега сум на грамадна височина, високо над клетите гранки на коријата се подигнав некако од подот и се распаркав да најдам прозорци, за да за првпат би погледнал кон небото и месечината и ѕвездите за кои бев читал. Но при секој обид бев разочаран; зашто не најдов ништо освен масивни полици од мермер, кои содржеа одбојни издолжени кутии со вознемирувачка големина. Сѐ повеќе и повеќе се думав и се прашував какви ветви тајни би можеле да домуваат во ова високо живеалиште со раздобја отсечено од замокот под него. Тогаш неочекувано рацете ми наидоа на премин, кај што висеше порта од камен, рапава од чудни длабења. Пробувајќи ја, видов дека е заклучена, но со врховен налет на сила ги совладав сите пречки и ја отворив влечејќи ја навнатре. Како што ја влечев ми нагрвали најчистиот занес кој некогаш сум го осетил; зашто спокојно сјаејќи низ една украсна решетка од железо, преку краток камен премин со скали кои се издигаа од новопронајдената врата, се гледаше блескавата полна месечина, која никогаш дотогаш не ја бев видел освен во соништата и во магливите привиди кои не се осмелував да ги наречам спомени.

Слутејќи сега дека го бев достигнал самиот заб на замокот, почнав да вјасам пругоре по неколкуте скали после вратата; но ненадејното прекривање на месечината од еден облак ме натера да се сопнам, па почнав поспоро да се распипувам во мракот. Сѐ уште беше многу мрачно кога ја достигнав решетката - која внимателно ја проверив и увидов дека е отклучена, но која не ја отворив од страв да не паднам од неверојатната височина до којашто се имав искачено. Тогаш излезе месечината.

Најдемонијачки од сите потреси е оној на безгазерно неочекуваното и гротескно неверојатното. Ништо од она што дотогаш имав проживеано не можеше да се споредува во ужас со она што сега го гледав; со бизарните чудесии кои тој поглед ги наведуваше. Самиот поглед беше едноставен колку што и беше смраморувачки, зашто беше само ова: наместо вртоглава шир на дрвени крошни гледани од вишна висина, околу мене и на мое ниво низ решетката се протегаше ништо помалку од земјино тло, прекриено и поделено од мермерни плочи и столбови и засенето од древна камена црква чија испустена кула призрачно светкаше на месечината.

Полунесвесен, ја отворив решетката и се протетеравив врз белата чакалеста патека која се протегаше во две насоки. Умот, иако вџашен и хаотичен, сѐ уште ми ја содржеше трескавата лакомост за светлина; и дури ни фантастичното чудо што се беше случило не можеше да ме одврати од патот. Ниту знаев ниту берев гајле дали моето доживување е лудило, сон, или волшепство; и бев решен по секоја цена да се испулам кон болскотливост и веселење. Не знаев ни кој сум ни што сум ни какво ми е опкружувањето; макар што како што продолжував да одам сопнувајќи се, станав свесен за некакво стравотно притаено сеќавање кое ми правеше да напредокот не ми е потполно благок'сметен. Поминав под еден свод излегувајќи од тој предел на плочи и столбови и скитав низ полиња; понекогаш следејќи го видливиот пат, а понекогаш напуштајќи го за љубопитно да чекорам низ ливади кај што само повремени рушевини раскажуваа за древното присуство на некој заборавен пат. Еднаш препливав преку брза река каде што разронет, мовлив каменорез зборуваше за мост кој одамна го беше снемало.

Сигурно изминаа повеќе од два часа додека не го достигнав она што личеше како да ми е целта, еден исконски забршленет замок во густо пошумен парк, излудувачки познат, а за мене сепак полн со шашардисувачка чудност. Видов дека ровот е полн со вода и дека некои од добро познатите кули се срушени; додека нови крила постоеја за да го збунат гледачот. Но она што го набљудував со челен интерес и сласт беа отворените прозорци - велелепно распламтени од светлина и оддавајќи звуци на најрадосна веселба. Доближувајќи се до еден од нив погледнав внатре и видов мошне несекојдневно облечена дружина кои празнуваа и ведро си муабетеа еден со друг. Се чинеше дека никогаш немав чуено човечки говор и можев само магливо да погодам што се зборуваше. Некои од лицата како да содржеа изрази кои ми повикуваа неверојатно далечни присеќавања, а други беа крајно туѓи.

Тогаш пречекорив преку нискиот прозорец во болскотливо осветлената соба, пречекорувајќи со тоа од мојот единствен светол момент на надеж во мојот најцрн грч на очај и усознавање. Кошмарот брзо настапи; зашто уште истиот миг додека влегував, се случи едно од најзастрашувачките собитија кои можев да си ги замислам. Едвај го имав преминато прагот на прозорецот кога врз дружината се спушти ненадеен и непредвестен страв со одвратна јачина, искривувајќи го секое лице и спотнувајќи ги најужасните врисоци од скоро секое грло. Сеопшт исход настапи и во галамата и паниката неколкумина бајалдисаа и беа одвлечени од нивните полудено затрчани придружници. Многумина си ги покрија очите со рацете и слепо и несмасно се нурнаа во трка за спас; превртувајќи покуќнина и судирајќи се со ѕидовите пред да успеат да стигнат до некоја од многуте врати.

Криците беа потресни; и како што стоев во болскотливото живеалиште сам и замајан, дослушувајќи ги нивните истинати одеци, се стресов од помислата на тоа што би можело да невидено демне крај мене. По брз преглед собата се чинеше напуштена, но кога тргнав кон една камара ми се причини како таму да насетив некое присуство - некој намек на движење од другата страна на златнозасводената врата која водеше до друга и до некаде слична соба. Како што се доближував до сводот започнав појасно да го осознавам присуството; и потоа со првиот и последен звук кој некогаш го имам изустено - грозоморен лелек од кој ми се згади скоро онолку остро колку и од неговиот дегутантен причинител - ја здогледав во целосна, стравотна живописност непретставливата, неописливата и неспоменливата чудовишност којашто со своето просто појавување беше претворила една весела дружина во стадо поулавени бегалци.

Не можам ни да загатнам какво беше, зашто беше смесување на сѐ што е нечисто, необјасниво, недобредојдено, абнормално и презриво. Беше гробождерен опсен на гнилеж, прастарост и опустошеност; гнојно, растечено подобие на неугодни откровенија; страшно разголување на она што милосливата земја секогаш би требало да го крие. Бог знае дека не беше од светов - или не беше веќе од светов - но полн со ужас, во неговиот разјаден и коскооткривачки контур видов извргалено, ненавистно сквернавење на човечката форма; и во неговата мувлосана, разградена дреа, неискажлива особина која уште повеќе ме стаписа.

Бев скоро вкочанет, но не до толку за да не можам да направам снемоштен потег за бегство, затетерување наназад кое не успеа да ја скрши магијата под којашто безименото, безгласно чудовиште ме држеше. Моите очи, стијосани од стаклестите кугли кои погано зјапаа во нив, одбиваа да се затворат; макар што беа милосливо замаглени и по првичниот потрес само неодредено го покажуваа страшниот предмет. Се обидов да ја подигнам раката за да ја поклопам глетката, но до толку вџашени ми беа нервите што раката не можеше потполно да ми ја послуша волјата. Меѓутоа обидот беше доволен да ми ја наруши рамнотежата; при што морав да се протетеравам неколку чекори нанапред за да не паднам. За тоа време наеднаш станав теглилно свесен за блискоста на лешовиот створ, чие одвратно пригушено дишење уполу ми се чинеше дека можев да го чујам. Скоро полуден, сепак успеав да ја протегнам раката за да го одбијам реавото сениште кое толку ближеше; кога во еден катаклизмичен миг на космичка кошмарност и пеколна случајност моите прсти ја допреа скапаната посегната шепа на чудовиштето под златниот свод.

Не се издрав, зашто сите ѓаволски гробождери кои јаваат на ноќниот ветер се издраа за мене како што во истиот тој миг врз умот ми се сруши единствена и миговна лавина од душоразгромувачки спомени. Во тој миг знаев сѐ што беше биднало; се сеќавав на времето пред тој стравотен замок и дрвјата и го препознав изменетото здание во кое сега стоев; ја препознав, најужасно од сѐ, несветата грозотија која стоеше извргалена пред мене додека ги повлекував моите извалкани прсти од нејзините.

Но во космосот има и чаре, а не само чемер, а тоа чаре е непент. Во врховниот ужас на тој миг заборавив што ме беше ужаснало и налетот на црно сеќавање го снема во хаос на одекливи слики. Среде сон избегав од тој опседнат и клет куп и брзо и тивко потрчав под месечината. Кога се вратив во црковното место на мермер и се спуштив по скалите камената подна врата беше неподвижна; но не ми беше жал зашто го мразев старинскиот замок и дрвја. Сега јавам со потсмешливите и пријателски гробождери на ноќниот ветер и денски играм низ катакомбите на Нефрен-Ка во запечатената и непозната долина Хадот крај Нил. Знам дека светлината не е за мене, освен онаа на месечината над камените гробници на Неб, ниту веселењето освен неименуваните пирови на Нитокрис под Големата пирамида; но сепак во мојата нова дивост и слобода скоро и радо ја пречекувам огорченоста на отуѓувањето.

Зашто иако непентот ме смири, секогаш знам дека сум отпадник, туѓинец во овој век и меѓу оние кои сѐ уште се луѓе. Ова го знам уште од кога посигнав со прстите кон грозотијата во таа голема позлатена рамка; посигнав со прстите и ја допрев ладната и тврда површина на исполирано стакло.