Во прекрасен дом во прекрасен дел на паланката - паланката Нолгејт, седиште на државниот затвор - д-р Манк го испитуваше вечерниот весник додека младата сопруга му се излежуваше на еден кауч во близина, мрзеливо листајќи низ разнобојната парада на модното списание. Ќерка им Норлин беше на спратот и спиеше или можеби недозволено уживаше во вонредна сесија со новиот телевизор што го имаше добиено за роденден претходната недела. Ако беше така, сквернењето ѝ помина ненасетено од родителите во дневната соба, каде што сѐ беше тивко. Маалото пред куќата исто така беше тивко, како што беше и денски и навечер. Сиот Нолгејт беше тивок, зашто не беше место со многу-многу ноќен живот, освен можеби во барот кај што се береа затворските стражари. Од таквата настојна тивкост сопругата на докторот често знаеше да не ја фаќа место поради нејзиното постоење во локалитет што се чинеше светлосни години оддалечен од најблиската метропола. Но досега Лесли се немаше пожалено од безволноста на нивните животи. Знаеше дека сопругот ѝ е мошне посветен на новите службени должности во ова ново место. Меѓутоа, можеби вечерва, ќе изложеше повеќе од оние симптоми на разочараност од својата работа коишто акрибично ги беше набљудувала кај него во последно време.
„Како помина денес, Дејвид“ праша, со зрачни очи кои ѕиркаа над насловната страница на списанието, каде што втор чифт очи зрачеа со пластифициран поглед. „Нешто ми беше тивок додека вечеравме.“
„Поминав како што и секогаш поминувам,“ рече д-р Манк не спуштајќи го паланечкиот весник да би ја погледнал сопругата.
„Значи, не ти се прави муабет?“
Докторот го свитка весникот кон себе и му се појави горниот дел на телото. „Така звучеше, а?“
„Да, така звучеше. Добро си?“ праша Лесли, оставајќи го списанието на клуб масата и нудејќи му го сети свое внимание.
„Тешко сомничав, ете таков сум.“ Ова го кажа со некакво далечно промислување. Лесли сега виде можност да чепне малку подлабоко.
„Има нешто особено сомничаво?“
„Само сѐ,“ одговори тој.
„Да ни направам пијачки?“
„Би ти бил неизмерно благодарен.“
Лесли зачекори до друг дел од дневната соба и од еден голем шкаф извади шишиња и чаши. Од кујната донесе залиха коцки мраз во кафена пластична кофа. Звуците на правење пијачки беа единствениот натрап врз плишената тишина на дневната соба. Драпериите беа повлечени на сите прозорци освен на оној во ќошот каде што позираше скулптура на Афродита. Од другата страна на тој прозорец имаше напуштена гратскоосветлена улица и парче месечина над издашните крошни на пролетните дрвја.
„Еве ти. Пијалоче за срцето мое највредно.“ рече таа, подавајќи му чаша што беше многу дебела на основата и скоро неосетно се затанчуваше кон работ.
„Фала, стварно ми требаше.“
„Зошто? Имате нешто проблеми на болница?“
„Ако може да не го викаш болница, те молам. Добро знаеш дека е затвор.“
„Добро, да.“
„Можеш некогаш да го изговориш зборот затвор.“
„Добро, во ред. Како е во затворот, срце? Шефот ти се понаша? Затворениците не те слушаат?“ Лесли се заузда пред нештата да претечат во расправија. Зеде голема голтка од пијалокот и се смири. „Прости ми за зајадливоста, Дејвид.“
„Не, си заслужив. Само ти ја припишувам лутинава. Мислам дека веќе некое време го знаеш она што не можам да соберам сили сам да си го признаам.“
„А тоа е?“ поттикна Лесли.
„А тоа е дека можеби и не беше најмудра одлука да нѐ преселам тука и да си ја натоварам светителскава мисија врз моите силни рамена на психолог.“
Забелешката на мажот ѝ укажуваше кон уште поостро расположение на обесхрабреност од она на коешто Лесли се надеваше. Но неговите зборови некако не ја развеселија како што мислеше дека ќе ја развеселат. Оддалеку можеше да го чуе комбето за преселби како се паркира пред куќата, но звукот веќе не беше онолку пријатен колку што беше некогаш.
„Рече дека сакаш да правиш нешто повеќе од лечење урбани неврози. Нешто позначајно, нешто што повеќе ќе те предизвика.“
„Она што го сакав, мазохистички, беше неблагодарна работа, невозможна работа. И си ја добив.“
„Вистина е до толку?“ запраша Лесли, дури не верувајќи си дека го постави прашањето со толку охрабрувачка скептичност околу вистинската жестокост на околноста. Си честита за тоа што ја беше ставила самопочитта на Дејвид пред сопствената желба за промена на амбиентот, колку и да мислеше дека е важна истата.
„За жал, е. Кога за првпат го посетив психијатрискиот оддел во затворот и ги запознав другите доктори, се заколнав дека нема да станам толку безнадежно циничен колку нив. Со мене ќе е поинаку. Ама, апла се преценив. Денес еден од болничарите пак беше претепан од двајца затвореници, то ест, извини, „пациенти“. Минатата недела д-р Валдман го снајде истото. Затоа бев толку напнат на роденденот на Норлин. Досега сум имал среќа. Мене засега само ме плукаат и толку. Е па, нека скапуваат во ќумезон, знаеш колку ми заболе?“
Дејвид си ги осети зборовите како атмосферски му тлеат во собата, наглотувајќи го спокојството во куќата. Дотогаш домот им беше бил обособен пристан вон заразата на затворот, грамадна градба надвор од гратските граници. Сега душевното наметнување ѝ ги премостуваше границите на телесна оддалеченост. Внатрешната оддалеченост се стеснуваше и Дејвид ги чувствуваше масивните затворски ѕидови како го засенуваат угодното маало околу куќата.
„Знаеш зошто закаснив вечерва?“ ја праша сопругата.
„Не, зошто?“
„Бидејќи имав предолг муабет со еден типец што уште нема име.“
„Оној што ми го спомна, што не му кажува на никој од каде е или како му е вистинското име?“
„Тој е. Тој е најистакнат пример за подмолната чудовишност на местоно. Типот е - да се изнасладиш. По учебници да го има. Апсолутно лудило спарено со остра препреденост. Поради играчкиве што си ги игра сега со името, го класираа како непогоден за во отвореното одделение и ни го тупнаа нас на психијатрија. Ама според него, имал еден куп имиња, не помалку од илјада, од коишто ниту едно не се удостоил да го изусти во нечие присуство. Тешко е да се замисли дека има име како и сите други. И сега ние треба да му го бараме чарето, и без име и без ништо.“
„И како го викате, „безименко“?
„Можеби и треба, ама не, не го викаме така.“
„Па тогаш како го викате?“
„Е па, осуден беше како Џон Доу, и оттогаш сите така го нарекуваат. Допрва треба да му се разоткрие било каков официјален документ. Небаре паднал од нигде-никаде. Отпечатоците не му се совпаѓаат со ниеден запис за претходни осуди. Го собраа во украдена кола паркирана пред едно основно училиште. Некој остроок сосед го пријавил како сомнителен лик кој редовно бил гледан низ областа. Најверојатно сите биле на готово по првите неколку исчезнувања од школото и полицијата го набљудувала баш кога водел некоја нова жртва до колата. Тогаш го уапсиле. Но неговата верзија на приказната е малку поинаква. Вели дека бил сосема свесен за гонителите и очекувал, дури и сакал, да е фатен, осуден и ставен в затвор.“
„Зошто?“
„Зошто? Којзнае? Кога на психопат ќе му побараш да се објасни, сѐ ти станува уште позбунувачко. А Џон Доу е право олицетворение на хаосот.“
„Во која смисла?“ праша Лесли. Мажот ѝ испушти краток излив на смеа и се затиши, небаре чешлајќи си го умот по вистинските зборови.
„Добро, еве ти една кратка сцена од интервју што го имав со него денес. Го прашав дали знае зошто е в затвор.“
’За палавење,’ рече.
’Што значи тоа?’ го прашав.
Одговорот му беше: ‘Тоа-па-тоа, тоа-па-тоа! Само тоа ме п’ашуваш!’
Таквиот детски дрдор некако ми зазвучи небаре ги подражава жртвите. Уште тогаш ми дојде преку глава ама, одошто сум будала, продолжив со интервјуто.
’Знаеш зошто не можеш да излезеш оттука?’ смирено го прашав со слаба варијанта на првичното распрашување.
’Кој вели дека не можам? Ќе си заминам штом ќе ми се присака. Но уште не ми се сака.’
’Зошто?’ очигледно го запрашав.
’Само што стигнав,’ рече. ‘Си реков да појдам малку на одмор. Од толку палавење понекогаш знам и да се преморам. Сакам да сум онаму со другине. Прилично жаровита атмосфера е, чинам. Кога ќе можам да појдам кај нив, а, кога?’
Ти се верува? Макар што, сурово би било да го ставиме во отвореното одделение, мислам, не дека не заслужува таква суровост. Просечниот затвореник не е многу благонаклонет кон злосторства од видот на оние на Доу. Го доживуваат како нешто што лошо се одразува врз нив самите, оти тие се само најобични разбојници, убијци и не знам ти што. Сите мора да си мислат дека се подобри од некој. Стварно не може да се предвиди што би се случило ако го ставиме со нив и ако другите дознаат за што е осуден.“
„Значи до крајот на казната мора да остане во психијатрискиот оддел?“ праша Лесли.
„Тој не мисли така. Тоа што е закатанчен во казнено-поправен дом со највисоко обезбедување е негов поим за одмор, те текнува? Мисли дека може да си замина кога сака.“
„А може?“ праша Лесли со цврсто отсуство на подбив во гласот. Ова отсекогаш ѝ беше еден од најобременувачките стравови за животот во затворски град - дека недалеку од нивниот двор има ордија врагови којашто кова планови да избега од нешто што неа ѝ се чинеше како хартиени ѕидови. Гледање дете во таква средина ѝ беше примарниот приговор во врска со работата на сопругот.
„Веќе ти кажав Лесли, имало многу малку успешни бегства од затворов. Ако на некој затвореник му успее да се измолкне надвор од ѕидовите, првиот нагон секогаш му е практично самозачувување. И пробува да се оддалечи колку што е можно подалеку од паланкава, која најверојатно е најбезбедното место за човек во случај на бегство. Како и да е, сите бегалци се фаќаат во рок од само неколку саати откако ќе избегаат.“
„А затвореник како Џон Доу? И тој ли има чувство за ‘практично самозачувување’, или порадо би се поврткал и би го направил она што го прави во некое згодно ситуирано место?“
„Затвореници како него не бегаат вонормалниот тек на нештата. Само лупаат по ѕидовите, но не ги прерипнуваат. Ме сфаќаш?“
Лесли рече дека разбира, но ова ни во најмала рака не ѝ ја намали јачината на стравовите, чии вруток беше некој замислен затвор во некој замислена паланка, паланка каде што можеше да се случи секоја работа сѐ додека е блиска до одвратното. Морбидноста никогаш не ѝ беше силна страна и ѝ го презираше натрапот во нејзиниот карактер. А и покрај сите утешни уверувања во способностите на обезбедувањето на затворот, и Дејвид се чинеше како да е длабоко неспокоен. Сега седеше многу мирно, држејќи си го пијалокот меѓу коленици и се чинеше како да наслушнува нешто.
„Дејвид, што е?“ - праша Лесли.
„Како да чув… некој звук.“
„Каков звук?“
„Не можам точно да го опишам. Некоја далечен шум.“
Застана и се распули, небаре гледа дали звукот оставил некоја издајничка трага во околната мирнотија на куќата, можеби некој размачкан соничен отпечаток некаде.
„Ќе одам да ја наѕрам Норлин,“ рече, оставајќи ја чашата на масата крај фотелјата. Потоа зачекори низ дневната соба, по трите отсеци на скалиштето и долж ходникот на горниот спрат. Sиркајќи во собата на ќерка си, ѝ ја виде ситната фигура како удобно дреме, со заспана прегратка обвиткана околу формата на плишен Бамби. Сѐ уште повремено спиеше со нежив придружник, иако стануваше малку голема за такви работи. Но татко ѝ, психологот, беше внимателен да не ѝ го оспорува правото на ваквата детска утеха. Пред да излезе од собата, д-р Манк го потспушти прозорецот кој беше делумно отворен во таа топла пролетна квечерина.
Кога се врати во дневната, ја достави преубаво рутинската порака дека Норлин мирно спие. Со гест кој содржеше бледи ноти на славеничко олеснување, Лесли им направи две тазе пијачки, по што рече:
„Дејвид, рече дека си имал ‘предолг муабет’ со тој Џон Доу. Не дека сум морбидно љубопитна или нешто, но успеа да го натераш да открие нешто за себеси? Било што?“
„Да, како не,“ возврати д-р Манк, тркалајќи коцка мрaз во устата. Гласот сега му беше поопуштен.
„Може да се рече дека ми кажа сѐ за себе, но сето беше бесмислици - манијачко тресење глупости. Го прашав на опуштено заинтересиран начин од каде е.’
’Од нигде,’ одговори како некој пореметен простак.
’Од нигде?’ пробав.
‘Да, токму така, хер доктор. Не сум некој сноб што се прави важен и се преправа дека излива од некое си надуено парче во земјописот. Зем-јо-пис. Чуден збор. Баш ми се допаѓаат јазициве што ги имате.’
’Каде си роден?’ го прашав во друга брилијатно алтернативна форма на прашањето.
’За кој пат ме п’ашуваш?’ ми возврати, и така натаму. Би можел да продолжам со дијалогов-“
„Да ти кажам право, добро го имитираш.“
„Благодарам, но не би можел на долго. Не би било лесно да му се имитираат сите различни гласови, нагласоци и степени на приемчивост. Можеби е нешто налик на повеќекратна личност, не сум сигурен. Ќе треба да ги прегледам лентите со интервјуата со него за да видам дали ќе излезат некои шеми на кохерентност, можеби нешто што детективите би можеле да употребат за да утврдат кој е типов навистина. Трагичниот дел е тоа што дознавањето на правниот идентитет на Доу во моментов е чиста формалност, само пополнување на недоречености. Жртвите му се мртви и умреле ужасно. Сега само тоа е битно. Да, можеби некогаш бил нечие бебенце. Но веќе не можам да се преправам дека ми е гајле за биографски ситници - името на матичниот извод, каде пораснал, што го направило таков каков што е. Не сум патолошки естет. Никогаш не ми било амбиција да проучувам душевни болести без да учинам некакво подобрување. Па, зошто да си трошам време обидувајќи се да му помогнам на некој како Џон Доу, кој, психолошки гледано, не живее во истиот свет како и ние? Порано верував во рехабилитација, не во чисто казнен пристап кон криминалното однесување. Но оние луѓе, оние створови во затворот се само грда дамка на нашиов свет. Нека одат бестрага. Море земи таму, помини ги со еден комбајн, сомели ги за ѓубриво.“ Д-р Манк потоа ја накрена чашата сѐ додека коцките мраз не заѕвечкаа.
„Сакаш уште една?“ праша Лесли со мазен, терапевтски тон во гласот.
Дејвид сега се насмевна, со срдба донекаде сурдисана од тесноградиот испад.
„Ај да се испијаниме и да се мазиме, а?“
Лесли ја собра чашата на сопругот за да му дотури. Сега имаше причина за славење, си помисли. Дејвид не се откажуваше од работата поради чувство на неспособнички неуспех, туку од лутина, лутина што се претопуваше во рамнодушност. Сега сè ќе е како што си беше и претходно; ќе можат да ја напуштат затворската паланка и да си се преселат дома. Всушност, ќе можат да се преселат кај што ќе сакаат, можеби прво ќе појдат на некој подолг одмор, да поужива Норлин малку на сонце. Лесли мислеше на сите овие работи како што подготвуваше уште две пијачки во тишината на таа прекрасна соба. Оваа тишина веќе не беше показател на безгласен застој, туку сладок, успивен прелудиум во претстојните денови што ветуваа толку многу. Неодредливата среќа на иднината ѝ светеше однатре заедно со алкохолот; беше гравидна со пријатни пророштва. Можеби сега беше вистинското време за уште едно дете, братче или сестриче за Норлин. Но тоа можеше да почека уште малку… цел еден живот полн можности лежеше пред нив. Благонаклонет џин од ламба се чинеше како да им стои на готово. Требаше само да си ги искажат желбите, и што и да заповедаат ќе им биде остварено.
Пред да се врати со пијачките, Лесли влезе во кујната. Имаше нешто што сакаше да му го даде на сопругот, и ова се чинеше како совршениот момент за тоа. Мала пажња за да му покаже на Дејвид дека, иако службата му се беше покажала како тажно и залудно трошење на благородниот труд, таа му ја беше поддржала работата на свој начин. Со по една пијачка во секоја рака, под левиот лакт го држеше кутивчето што го имаше земено од кујната.
„Што е тоа?“ праша Дејвид, земајќи си ја пијачката.
„Една ситница за тебе како љубител на уметност. Го купив во она продавничено кај што продаваат работи што ги прават осудениците од затворот. Има и некои вистина квалитетни работи - ремени, накит, пепелници, такви ствари.“
„Знам,“ рече Дејвид, со глас оддалечен од ентузијазмот на Лесли. „Не мислев дека некој вооопшто купува од тоа.“
„Е па, јас купив. Си помислив дека ќе помогне за да се поддржат затворениците што прават нешто креативно, наместо… па, наместо разорни работи.“
„Креативноста не е секогаш мерка за добрина, Лесли,“ ја предупреди Дејвид сопругата.
„Почекај да видиш пред да судиш,“ рече таа, отворајќи го капакот на кутијата. „Еве - нели е баш убаво изработено?“ Го постави делото на клуб масата.
Д-р Манк сега кремниса во онаа длабина на трезвеност до која може да се стигне само со пад од претходна алкохолизирана висина. Го погледна предметот. Се разбира дека и претходно го имаше видено, го имаше набљудувано како нежно е обликуван и милуван од креативни раце, додека не му се слоши и веќе не можеше да гледа. Беше глава на младо момче, преубаво дело откриено во сива безоблична глина и глазирано во сино. Делото зрачеше извонредна и силна убавина, при што лицето на субјектот изразуваше некаква занесна спокојност, замрсената едноставност на погледот на визионер.
„И, како ти се чини?“ праша Лесли.
Дејвид ја погледна сопругата и трезвено рече: „Те молам врати го во кутијата. А потоа фрли го.“
„Да го фрлам? Зошто?“
„Зошто? Затоа што знам кој од затворениците го има направено. Многу се гордееше со него и дури и јас се убедив некако сосила да го пофалам за изработката на нештото. Но потоа ми го кажа изворот на моделот. Ваквиот израз на небесносин спокој не беше на лицето на момчето кога го најдоа како лежи во едно поле пред околу шест месеци.“
„Не, Дејвид,“ рече Лесли, како предвремен демант на она што очекуваше да ѝ го открие сопругот.
„Ова му била најскорешната - и според него најзапаметлива - ‘палавина’.“
„Леле, Господе“ тивко промрмори Лесли, ставајќи си ја десната дланка на челото. Потоа со двете раце нежно го положи синото момче назад во кутијата. „Ќе го вратам во продавницата,“ рече тивко.
„Гледај да завршиш работа за брзо, Лесли. Не знам уште колку долго ќе живееме на адресава.“
Во нерасположената тишина што следеше, Лесли накратко се подзадума за сега веќе отворено изразеното заминување од паланката Нолгејт, нивното бегство. Потоа рече: „Дејвид, ти зборуваше всушност за работите што ги правел? Мислам, за-“
„Знам што мислиш. Да, зборуваше,“ одговори д-р Манк со професионална тежина.
„Сирот Дејвид,“ рече Лесли, нежно сочувствителна сега кога веќе не беа потребни сплетки за да си ги постигне целите.
„Всушност, ме чуди што и не беше некоја голгота. Разговорот што го имавме дури би можел да се нарече и стимулативен во клиничка смисла. Си го опишуваше ‘палавењето’ на крајно имагинативен начин, баш да се задлабочи човек. Чудната убавина на ова во кутијава - колку и да е вознемирувачка - донекаде му парира на говорот што го користеше кога зборуваше за кутрите деца. Повремено не можев, а да не се воодушевам, иако можеби ги затскривав вистинските чувства зад оддалеченоста на професионален психолог. Понекогаш едноставно мораш да запазиш извесно растојание помеѓу себе и стварноста, дури и ако би значело дека ќе станеш помалку човечен.
Како и да е, ништо од она што го кажа не беше одвратно експлицитно на начин на којшто можеби ќе си речеш. Кога ми кажа за ‘најзапаметливата палавина’, беше со моќен осет на чудење и носталгија, колку и да ми звучи сега тоа потресно. Како да му фалеше родниот дом, иако ‘домот’ му е разнишана рушевина на гнилиот ум. Психозата очевидно му има изродено некаква свирепа земја од бајките која за него постои на многу моќен начин. И и покрај умоболното големство на неговите илјада имиња, тој всушност себеси се гледа само како споредна фигура во светов - просечен дворјанин на разрушено кралство на чуда и ужаси. Ваквата скромност е многу интересна кога ќе се земе предвид самобендисаната величественост што многу психопати би си ја припишале кога би им се овозможила неограничена замислена орбита каде би можеле да играат било каква замислена улога. Но не и Џон Доу. Споредбено, тој е мрзелив полудемон од некоја Недојдија каде што вртоглавиот хаос е норма - состојба на стварите од којашто дрчно цица прехрана. Што е подеднакво добар опис колку и секој друг за метафизичката економија на универзумот на еден умоболник.
Всушност, внатрешната земја на соништа му има мошне поетски земјопис, онака како што тој ја опишува. Зборуваше за некое место што звучеше како космос од искривени куќи и сокачиња полни смет, некакво гето меѓу ѕвездите. Што можеби му е изобличена интерпретација на детскиот живот поминат во некое запуштено маало - обид од негова страна да ги прекалапи трауматичните спомени од детството во царство кое калеми уличарска стварност со фантастичен свет од неговата фантазија, фантазмагорично смешување на рајот и пеколот. Таму го прави ‘палавењето’ со оние кои ги нарекува своја ‘запрепастена придружба’. Местото каде што ги носел жртвите можно е да било некоја напуштена зграда или дури и некоја погодна канализација. Ова го велам врз основа на неговото постојано споменување на ‘радосната река од боклук’ и ‘назабените кршови во сенки’, коишто мошне лесно би можеле да се луди трансмутации на некоја буквална пустелија, некоја кирлисана и затскриена средина што умот му ја претворил во лунапарк на бизарни чудесии. Помалку доловливи му се спомените за некој месечев коридор кај што огледала врескаат и се смеат, темни врвови од некој вид што не седат мирно, скалиште што е ‘скршено’ на многу чуден начин, иако ова последново се вклопува со позадината на некое трошно гето. Во умот секогаш има некоја парадоксална мешавина на арнисани топографии и блескави светилишта, речиси самохипнотичка-“ д-р Манк се сепна пред да продолжи по оваа жица на неволен восхит.
“Но, и покрај сите овие сонишни заднини во фантазијата на Доу, баналните докази за неговите палавини сепак укажуваат на злосторства од мошне познат, приземен тип. Рутински ѕверства, ако човек воопшто може така да зборува за делата кои тој ги има извршено. Доу одрекува дека неговите сакатења се веќе видена работа. Вели дека само направил да доказите изгледаат така за тупавите маси, дека она што навистина го подразбира под ‘палавење’ е еден тип на активност сосема различна од, дури и спротивставена на, злосторствата за коишто бил осуден. Овој термин најверојатно му содржи некои приватни поистоветувања вкоренети во минатото.“
Д-р Манк подзастана и ги разѕвечка коцките мраз во празната чаша. Лесли се чинеше како да се има повлечено во себе додека ѝ зборуваше. Имаше запалено цигара и сега се навалуваше на потпирачот од каучот со нозете на седиштата, при што колената ѝ беа насочени кон сопругот.
„Навистина треба да ги оставиш цигариве некој ден ,“ рече тој.
Лесли ги спушти очите како благо укорено дете. „Ветувам дека штом ќе се преселиме - ќе го оставам. Важи?“
„Важи,“ рече Дејвид. „А јас имам да ти предложам уште една работа. Прво да ти кажам дека дефинитивно решив да си поднесам оставка.“
„Не е малку прерано?“ праша Лесли, надевајќи се дека не е.
„Верувај, никој нема да се изненади. Мислам дека никому нема ни да му е гајле. Како и да е, предлогот ми е утре да ја земеме Норлин и да изнајмиме некое место на север на некој ден. Би можеле да одиме да јаваме коњи. Се сеќаваш колку ѝ се допадна минатото лето? Што велиш?“
„Убаво звучи,“ се согласи Лесли со жубор на ентузијазам. „Всушност, многу убаво.“
„А на враќање можеме да ја оставиме Норлин кај твоите. Може да поседи таму додека не средиме работа со иселувањето од куќава, а може да најдеме и некој стан на привремено. Мислам дека нема им пречи ако ја почуваат едно недела дена, нели?“
„Не, фала богу, баш ќе им биде ќеф. Но зошто толку брзање? Знаеш дека Норлин сè уште оди на училиште. Може треба да почекаме додека не заврши. Уште еден месец има.“
Дејвид поседе во тишина на еден миг, очевидно подредувајќи си ги мислите.
„Што е?“ праша Лесли со трунка трепет на растревоженост во гласот.
„Не, не, сѐ си е во ред. Само-“
„Само што?“
„Па, во врска со затворов. Знам дека звучев многу наперчено кажувајќи ти колку сме безбедни од тоа место и сè уште тврдам дека сме. Но овој Џон Доу ликов за којшто ти раскажав е многу чуден, како што сигурно и самата сфати. Несомнено е дека е психопат што убива деца… ама сепак. Навистина не знам што да кажам, а да има некаква смисла.“
Лесли го испита сопругот со очи. „Нели рече дека таквите затвореници само лупаат по ѕидовите, а не-“
„Да, голем дел од времето е таков. Но понекогаш…“
„Што се обидуваш да кажеш, Дејвид?“ праша Лесли, која веќе почнуваше да се заразува со немирот што сопругот се обидуваше да го сокрие.
„Една работа што Доу ја кажа кога разговарав со него денес. Ништо навистина конкретно. Но би ми било бескрајно поудобно во врска со целава работа ако Норлин остане кај твоите додека не успееме да се организираме.“
Лесли запали уште една цигара. „Кажи ми што рече што толку те мачи,“ рече цврсто. „И јас треба да знам.“
„Кога ќе ти кажам, веројатно ќе помислиш дека и јас сум малку полуден. Ама немаш разговарано со него - јас имам. Особеностите на говорот, или поточно, многуте различни особености. Променливите изрази на тоа мршаво лице. Голем дел од времето кога зборував со него имав чувство дека си игра некоја игра што ми е вон домет, макар што сигурен сум дека само така ми се чинеше. Ова е честа тактика кај психопатите - да си поигруваат со докторот. Им дава чувство на моќ.“
„Кажи ми што рече,“ запна Лесли.
„Добро, ќе ти кажам. Макар што мислам дека би било грешка премногу да му се придодава на значење. Но, кон крајот на интервјуто денес, кога зборувавме за децата, кажа нешто што воопшто не ми се допадна. Ги нагласи зборовите со еден од оние негови извештачени акценти, овој пат шкотски, со мал шмек на германски. Она што го рече, и буквално ти цитирам, беше: ‘Хер доктор, да не имаш ти некое апче, некој нортриптилин да ти земам?“ Потоа тивко ми се исцери.
„Значи, сигурен сум дека намерно се обидуваше да ме збуни. Ништо повеќе.“
„Но тоа што го рекол, Дејвид - ‘нортриптилин’.“
„Нортриптилин е навистина лек што го препишуваме, но му го немаме препишано него. Сигурно го има чуено од болничарите.“
„Немаш спомнато ништо за Норлин, така?“
„Фала богу дека немам. Не е баш муабет што би го правел со такви луѓе.“
„Тогаш зошто кажал така?“
„Немам поим. Поседува некој многу бизарен тип на досетливост, зборувајќи најчесто со нејасни укажувања и суптилни шеги. Белки можно е да има чуено некои работи за мене од некој од персоналот. А од друга страна, пак, можеби е и само невина случајност.“ Погледна кон сопругата изнудувајќи коментар.
„Веројатно си во право,“ се согласи Лесли со противречна желба да поверува во таквиот заклучок. „Ама сепак, мислам дека разбирам зошто сакаш Норлин да остане кај моите. Не дека нешто би можело да се случи-“
„Во никој случај. Нема никаква причина да се мисли дека би се случило нешто. Несомнено е случај кај што докторот е психолошки изигран од пациентот, ама веќе навистина не ми е гајле. Секој разумен човек би се подисплашил да седи ден за ден во сколободијата и честата телесна опасност на местоно. Убијци, силувачи, олошот на олошот. Невозможно е да се води нормален семеен живот работејќи под такви услови. Ме виде каков бев на роденденот на Норлин.“
„Знам. Не е баш најдобро мало за гледање дете.“
Дејвид споро климна. „Кога бев да ја наѕрам пред малку, се почувствував, не знам, на некој начин ранливо. Гушкаше некое од оние плишенине играчки што ѝ се за спиење“ Сркна од пијалакот. „Приметив ново беше. Ти ѝ го купи денес кога беше да пазариш?“
Лесли бледо зјапна. „Единственото нешто што го купив беше она,“ рече, покажувајќи кон кутијата на клуб масичката. „На кое ‘ново’ мислиш?“
„Плишаниот Бамби. Можеби и претходно го имала, само јас никогаш да не сум го забележал,“ рече тој, делумно отфрлајќи го прашањето.
„Па, ако го имала од претходно, го нема добиено од мене,“ рече Лесли мошне решително.
„Ни од мене.“
„Не се сеќавам да го имаше кога ја легнав,“ рече Лесли.
„Е па, го имаше кога ја ѕирнав откако слушнав…“
Дејвид запре. Од изразот на лицето, се чинеше дека развртува илјада мисли наеднаш, небаре впуштен во некоја трескавична, рашуркана потрага низ секоја клетка на мозокот.
„Дејвид, што е работата?“ праша Лесли, со подослабен глас.
„Не сум баш сигурен. Како истовремено да знам и да не знам нешто.“
Но д-р Манк почнуваше да дознава. Со левата рака си го покри задниот дел на вратот, загревајќи го. Дуваше промаја од некој друг дел од куќата? Домот не им беше баш место кај што би дувало промаја, не беше разрушен, забатален ќумез кај што ветерот се пропикува низ древни тавански штици и искривени прозорни рамки. Сега веќе имаше почнато да дува доста силен ветер; можеше да го слушне како лови однадвор и да ги види неспокојните дрвја низ прозорецот зад скулптурата на Афродита. Божицата позираше мрзоволно, со беспрекорната глава навалена наназад и слепите очи втренчени во плафонот и над него. Но над плафонот? Над пригушеното дремење на ветерот, студен и мртов? И промајата?
Што?
„Дејвид, осеќаш промаја?“ праша сопругата.
„Да,“ одговори тој небаре некоја трезвена мисла штотуку му имаше дојдено на ум. „Да,“ повтори дигајќи се од фотелјата и чекорејќи низ дневната соба, сѐ позабрзан и позабрзан како што му приоѓаше на скалиштето, прерипувајќи преку трите отсеци и трчајќи долж ходникот на вториот кат. „Норлин, Норлин,“ баеше додека не не стигна до полузатворената врата на нејзината соба. Можеше да го осети омајот што доаѓаше оттаму.
Знаеше и не знаеше.
Посигна по прекинувачот за светлото. Беше ниско, на висина на дете. Го вклучи светлото. Детето го немаше. Преку собата прозорецот беше очепатен, со белите полупроѕирни завеси распафтани нагоре од упадниот ветер. На креветот беше само плишеното животно, растргнато, со меката утроба растурена по душекот. А напикано внатре, процутено нанадвор како цвеќе, сега имаше истуткано парче хартија. И д-р Манк меѓу диплите на таа страница можеше да распознае одломка од меморандумот на затворот. Но белешката не беше искуцана порака за службена работа: ракописот варираше од уредно косо писмо до детски чкртаници. Очајнички зјапаше во зборовите долж нешто што се чинеше како безвременски интервал без да им ја узнае пораката. Тогаш, најпосле, значењето на белешката тромаво му спадна во главата.
Д-р Манк, пишуваше белешката од внатрешноста на животното, Го оставаме ова во Вашите способни раце, зашто во црнозапенетите одводни канали и зафрлени сокаци на рајот, во немливата беспрозорна мрачнина на некоја меѓугалактичка визба, во шупливите бисерни вртлози што постојат во ѓеризните мориња, во безѕвездени градови на лудило, и во нивните гета… моето запрепастено еленче и јас појдовме да палавиме. Па-па. Џонатан Доу.
„Дејвид?“ го чу гласот на сопругата како го запрашува од дното на скалите. „Сѐ ли е во ред?“
Тогаш прекрасната куќа веќе не беше тивка, зошто заѕуни бистро-леден вресок на смеа, совршениот звук за да придружува некоја миновна анегдота од некој помрачен пекол.