„Горгоните и хидрите и кимерите – грозоморните приказни
за Келено и харпиите – можеби се размножиле во мозокот на суеверието – но и претходно ги имало. Преписки се, типови – а архетиповите
се во нас и се вечни. Зошто инаку излагањето на она што во будната свест знаеме дека е лага воопшто би ни влијаело?
Зар природно зачнуваме страв од такви предмети, земајќи ја предвид нивната
способност да ни нанесат телесни повреди? Ах, најмалку тоа! Ваквите ужаси се со
подлабоки темели. Датираат од пред телото – или и без телото ќе
беа
исти... Тоа дека видот на страв што тука го доживуваме е чисто духовен – дека е
пропорционално силен исто колку што е и бестелесен на земјата, дека преовладувал и во периодот на нашето безгрешно
рано детство – се потешкотии чие решение би можело да ни пружи можен увид во
нашата претсветовна состојба и барем мал наѕир во сенишната земја на претпостоењето.“
-Чарлс Ламб: Вештерки и други ноќни стравови
I
Кога патник низ северно-централен
Масачусетс ќе тргне по погрешниот пат на клучката на разделницата за Ејлсбери веднаш после Динс Корнерс, доаѓа до еден осамен и несекојдневен предел. Земјата се издигнува и камените ѕидови оградени со
драки сѐ поблиску и поблиску притискаат кон браздите на правливиот, свиен пат. Дрвјата на честите шумски појаси
изгледаат преголеми и дивите плевели, глогови и треви
добиваат раскошност која не често се наоѓа во населени места. Истовремено, посадените полиња се чинат своеобразно малку на број и запустени;
додека ретките раштркани куќи носат изненадувачи еднороден лик на старост, трошност и
запоставеност. Без да знае зошто, човек се
колеба да ги праша за правец зглуждените осамени фигури кои повремено можат да се наѕрат врз разронетите прагови или на навалените, со камења посеани ливади. Тие фигури се толку тивки и смуртени што човек се
чувствува како да е соочен со
забранети нешта со коишто подобро би било ако си нема
работа. Кога едно извишување на патот ќе го открие планинскиот видик над длабоките шуми, чувството на
чуден немир се зголемува. Ридските
врвови
се презаоблени и симетрични за да остават впечаток на мир и природност и понекогаш небото со посебна
бистрина ги оцртува чудните кругови на високи камени столбови со коишто
повеќето од нив се крунисани.
Клисури и процепи со проблематична длабочина го
сечат патот и грубите дрвени мостови секогаш се чинат како да не се баш најбезбедни. Кога патот повторно ќе се спушти има мочуришни предели кон коишто
човек чувстува инстинктивна одбивност и од
коишто дури
и го фаќа страв приквечер кога незабележливи жалосни козодојки вреват и светулките излегуваат
во абнормална обилност за да играат на бучавите, морничаво истрајни ритами на продорно расписканите крастави жаби. Тенката, блескава
линија на Мискатонските горни пространства има чудно змијулеста појава додека се размотува близу подножјата на заоблените ридови меѓу кои се
протега.
Како што се приближуваат ридовите, човек повеќе им се загледува во дрвените страни отколку во со камења крунисаните капци. Тие страни толку темно и стрмно се надвиснуваат што на човек му доаѓа да посака
да се држат понастрана, но нема
пат по којшто може да им се избега. Преку покриениот мост, човек може да здогледа мало село стутулено помеѓу
потокот и вертикалните падини на планината Раунд и да се зачуди од купот
скапани мансардни покриви
кој сведочат за поран архитектонски период од оној на соседниот регион. Не
влева доверба тоа што,
кога подобро ќе се погледне, повеќето од куќите се
напуштени и испустени и дека
црквата со срушена кула сега служи како дом на единствената неуредна трговска
установа во паланката. Човек се плаши да му верува на сурниот тунел на мостот, а сепак нема како да се избегне. Штом ќе се премине,
тешко е да се занемари впечатокот на тенка, злоќудна миризба околу селската улица, како на наталожена мувла и вековен распад. Секогаш
е олеснување кога ќе се излезе од
местото, по тесниот пат кој води околу подножјето на ридовите и преку рамните
предели од другата страна, за потоа повторно да се приклучи на разделницата на
Ејлсбери. Покасно, човек понекогаш дознава дека поминал низ Данвич.
Туѓинците Данвич го посетуваат колку што е можно
поретко, а по една извесна сезона на ужас сите знакови што покажуват кон него се симнати. Пејсажот, ако се суди по обичниот естетски канон, е навистина
несекојдневно убав, но нема навев на уметници или летни туристи. Пред два века
кога на приказните за вештерска крв, ѓаволопоклонување и чудни шумски авети не
се гледало со потсмев, било обичај
да се наведат причини за одбегнување на некоја
месност.
Во нашите разумни времиња – откако
данвичкиот ужас од 1928ма беше премолчен од оние кои се грижеа за доброто на градот и
на светот – луѓето го избегнуваат без точно да знаат зошто. Можеби една од
причините – и покрај тоа што истата не може
да им се препише на неинформираните странци – е тоа
што староседелците се станати одбивно
расипани и се длабоко загазени по оној пат на регрес кој е толку чест кај
многу новоанглиски забаталени места. Имаат
почнато
да се издвојуваат во засебна раса, преку онаа добро обележана ментална и физичка
стигма на расипништво и инцест. Просекот на интелегенција им е жалосно низок,
додека историските записи им
трујат на незатскриена суровост и полу-скриени убиства, инцести и дела на скоро неизустливо насилство и перверзија. Старото
благородништво, претставено од двете или трите грбоносни
семејства кои имаа дојдено од Салем
во 1692ра,
колку-толку се има одржано над општиот степан на распад и покрај тоа што многу
гранки се толку длабоко потонати во гадното
мештанство што само името им останало како показател на потеклото кое го срамат.
Некои од семејствата на Вејтлиеви и Бишопи сеуште
ги праќаат најстарите синови на Харвард и Мискатоник, но тие синови ретко се
враќаат во мувлосаните мансардни покриви
под кои се родиле тие и нивните
предци.
Никој, дури ни оние на кои им се познати фактите
во врска со недамнешниот ужас, не можат да кажат што точно не е во ред со
Данвич; но има стари легенди кои зборуваат за несвети обреди и индијански
збиралишта, каде што се повикувале забранети сенишни форми од големите заоблени ридови и се искажувале диви, оргијски молитви на кои било одговарано со
гласни пукања и грмења на земјата под нив. Во 1747ма пречесниот Абајџа Ходли, штотуку дојден во селската соборна црква во Данвич, одржал една незаборавна проповед за блиското присуство
на Сатаната и неговите устрели, каде
што рекол:
„Мора да
се признае, чинам, дека овие богохулија за пеколни демонски врвулици се работи коишто ни се предобро познати за да ги одрекуваме;
проклетите гласови на Азазел и Бузраел, на Зерзевул и Белиал кои дваесет и кусур живи сведоци кај ги имаат чуено од под земи. Ни две недели нема
откако јас лично чув еден многу јасен муабет на злобните сили од ридот од кај мене зад куќи; имаше некое ѕвечкање и тркалање, стенкање, крекање и с'скање
какво што ништо на земјава не може да испушти и коешто бездруго доаѓаше од оние пештери што само црна
магија може да ги изнајде, а само Сотоната да ги отклучи.“
Г-дин Ходли исчезна набрзо откако ја одржа проповедта, но текстот,
испечатен во Спрингфилд, сеуште постои. Звуците низ ридовите и понатаму беа
пријавувани година за година и сеуште се загатка за геолозите и физиографите.
Други преданија зборуваат за лоши миризби близу
круговите од камени столбови кои го крунисуваат ридот и за развиорени воздушни присуства кои се слушале во
одредени часови од
определени точки на дното на големите клисури; а други пак се обидуваат да го
објаснат Ѓаволовото хмељово поле – стуштена, клета
ридница каде што ни дрво, ни грмушка, ни тревка не сака да порасне. А и мештаните смртно се плашат од бројните жалосни козодојки што чврчорат во топлите вечери. Се рекло дека
птиците се душопропратници кои ги
чекаат душите на оние кои се пред умирање и дека
ги темпираат нивните
морничави крици во созвучје со
тешките воздишки на маченикот. Ако успеат да ја фатат испуштената душа кога ќе излезе од телото, веднаш првнуваат вревејќи
со демонијачка смеа; но ако не успеат, полека стивнуваат во разочарана тишина.
Ваквите приказни, се разбира, се излишени и апсурдни бидејќи
доаѓаат од многу стари времиња.
Данвич е всушност апсурдно стар –
далеку постар од која и да било друга заедница
на триесет милји од него. Јужно од селото човек сеуште може да ги соѕрее подрумските врати и оџаци на
древната куќа на Бишопови која била изградена пред 1700та; додека рушевините на воденицата кај водопадот,
изградена во 1806та, претставуваат најсовременото парче архитектура
што може да се забележи. Тука индустријата не процветала и фабричкото движење
на деветнаесеттиот век се покажало краткотрајно. Најстари од сѐ се
големите прстени од грубо изделкани камени столбови на ридските врвови, но тие почесто им се препишуват
на индијанците отколку на доселениците. Куповите на
черепи и коски, најдени
во овие кругови и околу
крупната карпа налик на маса на Сентинел Хил, го одржуваат во живот
распространетото верување дека таквите места порано биле гробни места на Покамтакците; и покрај тоа
што многу етнолози, занемарувајќи ја апсурдната неверодостојност на таквата
теорија, настојуваат да веруваат дека останките се на
белци.
II
Во општината
Данвич, во една голема и делумно ненаселена фарма крената врз ридската падина на
четири милји од селото и на милја и пол од најблиското друго живеалиште се роди
Вилбур Вејтли, во 5 часот наутро, во недела, на втори февруари 1913та година. Датумот беше запаметен затоа што беше
Сретение, празник кој во Данвич за чудо го слават
под друго име; и затоа што се расчуја звуци од ридовите, а сите кучиња од
селото непрестајно лаеја претходната ноќ. Навидум помалку важен беше фактот што мајката беше
една од пропаднатите Вејтлиеви, делумно
деформирана, непривлечна албино жена на триесет и пет години, која живееше со
нејзиниот остарен и полу-луд татко за кого се шепотеа најстрашни сказни за
маѓепсништво во времето кога беше млад. Лавинија Вејтли немаше познат маж, но
според околниот обичај не се обиде да го откаже детето, за чија друга страна на
потекло луѓето можеа да измислуваат и измислуваа
какви што им се сакаше приказни. Напротив, изгледаше како да е необично горда на темното, козолико
пелечане кое беше толкава спротивност на
нејзиниот болежлив и розоок
албинизам и ја слушаа како мрмори многу
чудни пророштва за неговите необични моќи и извонредна иднина.
Лавинија беше позната по мрморење на такви работи,
бидејќи беше осамено суштество со навика да скита среде бури во ридовите и да се обидува да ги чита
големите баздливи книги
кои татко ѝ ги беше наследил низ
двовековната историја на Вејтлиеви и коишто бргу се распаѓаа од старост и
црвоточини. Никогаш немаше одено на училиште, но беше полна со несврзани мрвки на древни преданија кои стариот Вејтли и ги имаше кажано. Забутаната фарма отсекогаш беше предмет на
страв поради гласот на црна
магија што го биеше стариот Вејтли; и
необјаснатата насилна смрт на г-ѓа Вејтли кога Лавинија имаше дванаесет години
не беше помогнала во подобрување на угледот за местото. Изолирана сред чудни
влијанија, Лавинија имаше ќеф за разуздани
и грандиозни мечтаења и своеобразни
преокупации; и не си го губеше времето со
домаќински работи во дом каде што сите стандарди на ред и чистота одамна беа
исчезнале.
Одвратно
врескање кое ги
надвика дури и ридските звуци и
лаењето на кучињат се расчу ноќта
кога се роди Вилбур, но на неговото
пристигање немаше ни доктор, ни бабица.
Соседите за него дознаа дури по една недела, кога стариот Вејтли се спушти со
санката по снегот во Данвич и неразбирливо проговори со групата заседната пред кооперацијата на Озборн. Како да имаше некоја промена кај старецот –
додатен елемент на стаеност во замаглениот мозок кој полека го имаше претворено од предмет, во жртва на страв –
и покрај тоа што не беше човек кој би бил вознемирен од некој обичен семеен настан. Насред сето тоа покажуваше траги
на гордост кои подоцна се забележуваа и кај ќерка му, а она што го рече за
татковството на детето долги години беше запаметено од оние кои го слушаа.
„Море гајле ми е шо мисли народо – да личеше
малоно на Лавинче на татко му, немаше да личи на ништо шо сте виделе. Да не мислите дека само ние сме от народ? Лавинчено има прочитано и видено
работи шо вие едвај ги имате слушнато. Мажот ѝ е таков 'ко шо му нема рамен оттука па до Ејлсбери; и ако
знаефте за ридиштава колку ја шо знам, ни свадба, ни црква не че ви фалеше. И да
ви кажам
– че го слушните
еден ден детено да си го
вика татко му на врво од
Сентинел Хил!“
Единствените кои го видоа Вилбур за време на
првиот месец беа стариот Захарија Вејтли, од нерасипаните Вејтлиеви и Мами
Бишоп, невенчаната жена на Ерл Соер. Мами ги посети најмногу од љубопитност и
подоцнежните приказни кои ги
кажуваше беа верни на она што го имаше видено, а
Захарија дојде водејќи две
алдерниски крави кои стариот Вејтли ги имаше
купено
од син му Куртис. Ова го одбележа почетокот на купувањето на добиток од страна на семејството на малиот
Вилбур, кое заврши дури во 1928ма, кога
Данвичкиот ужас дојде и пројде; но разнишната штала на
Вејтлиеви никогаш не изгледаше преполна со стока. Дојде време кога луѓето станаа доволно
љубопитни за да се прикрадат и да го избројат стадото што ненадгледувано пасеше
на стрмната ридска падина над старата фарма и никогаш не можеа да избројат повеќе од десет до
дванаесет анемични, бескрвни единки.
Очигледно некоја болештина или стихија, никната можеби од пепелничавото пасиште или од заболените габи или греди на валканата
штала, предизвикуваше висока смртност кај животните на Вејтлиеви. Чудни рани
или напорки, кои донекаде личеа на
засечоци, навидум го имаа погодено добитокот што можеше да се види на отворено;
и неколку пати во првите месеци на некои од
посетителите им се пристори како да гледаат слични напорки и по грлото на сивиот, небричен старец и неговата
разбафтирена, искубана албино ќерка.
Во пролетта по раѓањето на Вилбур, Лавинија
продолжи со нејзините вообичаени талкања
по ридовите, носејќи го во закржлавените раце мургавото дете. Јавниот интерес
за Вејтлиеви стивна откако повеќето од
жителите го видоа бебето и никој не се најде да рече нешто за
брзиот развој што новодојденчето почна секој ден да го покажува. Растот на
Вилбур беше навистина феноменален и уште на три месеци од раѓањето имаше добиено големина и мускулна сила што обично не се наоѓа во пеленачиња помали од година.
Движењата и дури и гласовните звуци му покажуваа воздржаност и намерност што
беше мошне необична за пеленаче и никој не беше неспремен кога, на седум месеци, почна да оди сам, со
тетеравење коешто еден месец беше доволно да го отстрани.
Некое време по ова – на Ноќта на вештерките –
огромен оган беше забележан на
полноќ на врвот на Сентинел Хил каде што стариот
камен налик маса стои сред теќето од древни коски. Многу муабети се раширија кога Сајлас Бишоп – од нерасипаните Бишопови – спомна дека го видел момчето како лесно трча нагоре по ридот пред мајка си околу
еден час пред да го забележат огнот. Сајлас прибирал некоја заталкана јуница, но за миг ќе си ја заборавел задачата кога накратко ги соѕрел двете фигури низ замрачената светлина од фенерот. Скоро
бесчујно јуреле низ
грмушките и на запрепастениот
набљудувач му се виделе како да се потполно необлечени. Подоцна не беше сигурен за момчето, кое можеби
носело некаков појас со реси и некакви темни шорцеви или пантолони. Вилбур после
тоа никогаш не беше виден жив или свесен без
целосна и добро закопчана облека, чие растурање или закана од растурање секогаш како да го исполнуваше со лутина и вознемиреност. Неговата спротивност
со ветвите мајка и дедо во овој поглед беше многу истакната, сѐ додека
ужасот од 1928ма не укажа на најдоброто можно објаснување.
Следниот јануари гласините беа по малку заинтересирени за фактот дека „црното
детиште на Лавинчето“ почнало да зборува и тоа на само единаесет месеци.
Говорот му бил доста
впечатлив поради воочливата разлика од типичниот нагласок
на пределот, но и поради тоа што покажувал слобода од детски потфаќања, со којашто дури и деца од
три или четири години би можеле да се гордеат. Момчето не беше зборлесто, но
кога ќе прозбореше, како да
одразуваше некој недофатлив елемент потполно
неприсутен во Данвич и кај неговите мештани.
Чудноста не се состоеше во она што го велеше, ниту пак во едноставните идиоми кои ги
користеше; туку се чинеше дека е нејасно поврзана со интонацијата или со внатрешните органи кои ги
произведуваа изговорените звуци. Ликата исто
така му беше многу бележита за
зрелоста; бидејќи и покрај тоа што ја делеше безбрадноста на мајка си и дедо
си, цврстиот и ранозрејно оформен нос му се обединуваше со изразот на
големите, темни, скоро латински очи давајќи му притоа некаков карактер на полувозрасност и
донекаде противприродна интелегенција. Но и покрај воочливата брилијантност, беше претерано
грд; имајќи нешто козесто или животинско во
дебелите усни, жолтеникавата кожа со широки пори, острата расчепкана коса и чудно издолжените уши. Наскоро беше понесакан дури и од мајка си и дедо си и секое посочување на
него беше зачинето со упати кон
некогашната магија на стариот Вејтли и со тоа како ридовите еднаш се затресле
кога го вриснал страшното име на Јог-Сотот
сред кругот на камења со некоја голема отворена книга во рацете пред него.
Кучињата го презираа момчето и секогаш беше приморан да презема различни мерки
за да се одбрани од нивната разлаена закана.
III
Во меѓувреме стариот Вејтли продолжи да купува
добиток без притоа видно да ја зголеми големината на стадото. Исто така почна и да сече греди и да ги поправа неискористените
делови на куќата – просторно здание
со шилест покрив чиј заден крај целосно беше закопан во карпестиот рид и чии
три најмалку запустени соби на приземјето
отсекогаш беа доволно за него и за ќерка му. Мораше да
има огромни резерви на сила во старецот за да му овозможат да ја постигне ваквата тешка
работа; и и покрај тоа што сеуште растроено бладаше одвреме-навреме, дограмаџилакот му покажуваше учиноци на добри пресметки. Започна штом се роди Вилбур, кога една од многуте шупи
наеднаш беше средена, со нова ламперија и цврста нова брава. Сега, во
поправките на напуштениот горен спрат на куќата се покажуваше како не помалку темелен мајстор. Манијата му се гледаше само во
тоа што цврсто ги имаше покриено со штици сите
прозорци на обновениот дел, иако
многумина тврдеа дека самото тоа
што воопшто се мачи да
обновува е лудост. Помалку необјасливо беше тоа што подготви уште
една соба на приземјето, за
внукот – соба којашто неколку
посетители ја видоа, додека никој
никогаш не беше примен во внимателно прекриениот горен спрат. Оваа соба ја имаше обложено со високи, здрави полици врз коишто
полека почна да ги реди, по некој навидум внимателен распоред, сите скапани,
древни книги и делови од книги коишто, во негово време, лежеа неуредно натрупани во
најразлични ќошеви низ неколкуте соби.
„Ми се најдоја“, ќе речеше обидувајќи се да залепи некоја скината страница од црна кожа со
паста припремена на зарѓаниот кујнски шпорет, „но на малоно појче че му се најда. Треба убо спастрени да му ги дам оти саде тие чу му се чколија.“
Кога Вилбур имаше година и седум месеци – во
септемви 1914та –
големината и способностите му беа скоро вознемирувачки. Беше пораснал колку
дете од четири години и беше течен и неверојатно интелегентен разговарач.
Слободно трчаше по полињата и ридовите и постојано ја придружуваше мајка си во
талкањето. Дома вредно претураше по чудните слики и нацрти во книгите на дедо
му, додека стариот Вејтли го подучуваше и преслушуваше за време на многу долги и шепотливи
попладиња. Дотогаш обновувањето на куќата беше готово и тие што го гледаа се
прашуваа зошто еден од горните прозорци беше претворен во врата од широко парче
штица. Прозорецот се наоѓаше на
задната страна на источниот дел на калканот од покривот, доближен наспорти ридот; и никој не можеше да претпостави
зошто од земјата до него има кренато оградена дрвена рампа. Во периодот кога привршуваше работата, луѓето забележаа дека старата шупа, цврсто
заклучена и беспрозорно закована со штици
уште од раѓањето на Вилбур, сега е повторно
напуштена. Вратата климаво се
нишаше и кога Ерл Соер еднаш беше дојден
да му продаде неколку
добитци на стариот Вејтли и влезе
внатре,
беше целосно потресен од своеобразната миризба која го пречека – таква
смреа, опишуваше, каква што никогаш во животот не помирисал освен кај индијанските
кругови на ридот и којашто не можеше да потекнува од нешто здраво или од оваа
земја. Но од друга страна, домовите
и шупите на народот од Данвич
никогаш не беа познати по нивната носноприметлива беспрекорност.
Наредните месеци беа неплодни од значајни настани, освен тоа што сите се колнеа дека се забележува споро, но сигурно засилување на мистериозните ридски звуци.
Вечерта на Еремиовден во 1915та имаше земјотреси кои дури и луѓето од Ејлсбери ги
почувствуваа, додека следната Ноќ на вештерките предизвика подземно грмење чудно синхронизирано со пламени изливи
–„масло на Вејтли вештеро“- од врвот на Сентинел Хил. Вилбур необјасливо растеше, така што кога ја
наполни четвртата година изгледаше како момче на десет години. Сега сам жедно
читаше; но зборуваше уште помалку од порано. Го обземаше некаква смирена молчаливост и за прв пат
луѓето почнаа да зборуваат за изгледot на зло кој осамнуваше врз неговото козјо лице.
Понекогаш мрмореше на непознат
жаргон и баеше во бизарни
ритами кои ги смрзнуваа слушателите со чувство
на необјаслив терор. За одбивноста која кучињата ја покажуваа кон него сега
почна на широко да се зборува и беше приморан да носи пиштол за безбедно
да може да се движи по областа. Повременото користење на оружјето не му ја
зголеми популарноста кај сопствениците на кучешки чувари.
Ретките
посетители на куќата често ја наоѓаа Лавинија сама на долниот спрат, додека чудни
извици и стапалки одекнуваа од покриениот втор спрат. Никогаш не сакаше да каже
што прават таму татко ѝ и момчето, но еднаш пребледе и покажа
ненормален степен на страв кога еден чешит продавач на риби се обиде да ја отвори заклучената
врата што водеше до скалите. Продавачот им кажа
на заседнатите пред кооперацијата во Данвич дека му се присторило како да чул
коњ да тупоти на горниот кат.
Останатите се замислија и се потсетија на вратата и рампата и на добитокот кој толку брзо исчезнуваше.
Тогаш се стресоа кога се сетија на приказните за младоста на стариот Вејтли и
за чудните нешта кои се повикуваат од земјата кога јунец ќе им се жртвува во правилното време на извесни пагански богови. Веќе некое време
беше забележано дека кучињата почнуваат да го мразат и да се плашат од имотот
на Вејтлиеви онолку насилно колку што го мразеа и се плашеа и од младиот Вилбур
лично.
Во 1917та дојде
војната и на господиниот Соер Вејтли како претседател на локалниот одбор за
регрутација му падна доста
тешко да најде доволно мажи во Данвич, кадри за барем да се пратат до
касарната. Владата, вознемирена од ваквите знаци на општа регионална немарност, испрати неколку
старешини и медицински специјалисти да ја истражат ситуацијата, спроведувајќи иследување кое читателите на
весникот Нова Англија можеби сеуште го паметат. Покриеноста на оваа истрага во весниците беше она што ги насочи новинарите кон
Вејтлиеви и ги натера „Бостон
Глоуб“ и „Аркам Адвертајзер“ да издадат екстравагантни неделни приказни за
раното созревање на Вилбур, црната магија на стариот Вејтли, полиците со чудни книги, запечатениот втор кат на древната
фарма и бизарноста на
целата област, како и ридските звуци. Вилбур тогаш имаше четири и пол
години, а
изгледаше како момче на петнаесет години. Над усните и образите му имаше
пркнато груба темна мов, а гласот имаше почнато да му се менува.
Ерл Соер појде до имотот на Вејтлиеви заедно со двете групи на
новинари и фотографи и им ја посочи настраната смрдеа
која сега се чинеше како да протекува од запечатените горни простории. Рече
дека е иста како мирисот кој го беше сретнал
во шупата која беше
напуштена кога куќата најпосле беше поправена; и како слабите миризби кои понекогаш му се чинеше дека ги доловува близу
камените кругови во планините. Народот од Данвич ги прочитаа приказните кога излегоа и се цереа на очигледните грешки. Исто така се прашуваа
и зошто авторите толку многу ги зачудило тоа што
стариот Вејтли секогаш за добитокот плаќал во златни монети од неверојатно древно потекло. Вејтлиеви ги примија
посетителите со слабо скриена
одбивност, но не се осмелија да ја разгорат нивната љупобитност со насилно противење или
одбивање да коментираат.
IV
Цела една деценија
историјата на Вејтлиеви незабележано тонеше во општиот живот на морбидната
заедница која беше навикната на нивните невообичаености и отрпната од нивните ноќни оргии на Еремиовден и Ноќта на вештерките. Двапати годишно палеа оган на врвот на Сентинел Хил, пришто
планинските грмења сѐ понасилно и понасилно се повторуваа; додека преку целата година се зборуваше за чудни и неславни случувања
на осамената фарма. Како што врвеше времето посетителите тврдеа дека слушнале
звуци од запечатениот горен кат дури и кога цело семејство било долу и се чудеа со колкава брзина или
одолговлеченост беа жртвувани кравите
или воловите. Се зборуваше за поднесување жалба до Друштвото за спречување на
суровост кон животни, но ништо не испадна, бидејќи народот од Данвич нерадо го привлекуваат вниманието на надворешниот свет кон себе.
Околу 1923та, кога
Вилбур беше момче на десет години, чиј памет, глас, става и забрадено лице
оставаа впечаток на зрелост, во куќата започна втор голем бран на дограмаџиство. Беше во внатрешноста на запечатениот горен спрат и од
парчиња отфрлена граѓа луѓето
заклучија дека момчето и дедо му ги имаа турнато
сите разделни ѕидови и отстрането дури и таванскиот под, оставајќи само една
огромна отворена празнина помеѓу приземјето и зашилениот покрив. Го имаа
турнато и големиот внатрешен оџак, ставајќи му на ’рѓосаниот шпорет една
разнишана лимена борија.
Во пролетта по овој настан стариот Вејтли го воочи сѐ
поголемиот број на жалосни козодојки кои излегуваа од Колд Спринг Глен за да му цврцорат
под прозорецот навечер. Се чинеше дека ваквите
околности за него беа од огромна важост и им кажа на заседнатите кај Озборн дека мисли дека часот
му беше чукал.
„Еве ги ми
свира' по дишењето,“ велеше, „сигурно се спрема' да
ми ја вата' душата.
Зна' дека кај да е че ја испуштам, па наумиле
да не му избега од раце. Че слушните, ко че ме снема, дал ме ватиле или не. Ако ме вата', че продолжа
да пе' и да се сме' дури зора да пукни. А
ако не ме вата', такви, че се
затиша. Сигурно има лути
борби понекош мејџу ниф
и мејџу душите шо ги има' ловено.“
На Ламас, 1924та, д-р Хаутон од Ејслбери беше итно повикан од
Вилбур Вејтли, кој го беше спотнал низ мракот единствениот коњ кој му имаше останато до
телефонот на Озборн во селото. Го затекна стариот Вејтли во многу лоша состојба со возбудено срце и засркнато дишење што
откриваше дека му се гледа крајот. Извитоперената албино ќерка и чудно
забрадениот внук седеа крај креветот, додека од слободната бездна над нив
доаѓаше некакво обеспокојувачко укажување на
ритмичко струење или шлапање, како
бранови на некоја рамна плажа. Меѓутоа, докторот
беше најмногу вознемирен од разцрцорените ноќни птици од надвор; навидум
бескрајна свита на жалосни козодојки кои ја врискаа нивната бескрајна порака низ повторувања кои ѓаволски беа темпирани според плиткото збивтање на човекот пред умирање. Беше необјасливо и неприродно – беше премногу, помисли д-р Хаутон,
како и целата област во којашто нерадо беше влегол кога толку итно го повикаа.
Во околу еден часот на стариот Вејтли му се врати
свеста и престана со засркнување за да му искашла
неколку зборови на внукот.
„Појче место
Вили, појче место допрва. Ти растиш, а то расти побрзо. Уште малку и че фтаса да ти служи, синко. Отвори ги портите до
Јог-Сотот со долгата бајачка шо че ја најдиш на 751та страна от целосното изданије и после удри му го кибрито на затворо. Земен оган не
мож’ да г'изгори.“
Очигледно беше мошне луд. После кратка пауза, што
им даде шанса на јатото жалосни
козодјоки да си ги
приспособат криците според
менливото темпо додека некакви навестувања на
чудните ридски звуци се
слушнаа од далечините, додаде уште две-три
реченици.
„Редовно да му
даваш да јади Вили, ама припази колку му даваш и да не му даваш да стани преголемо, па да не го бери, оти ако ја распука одајата или ако излези пред да му отвориш на Јог-Сотот,
готово е и сѐ че е за џабе.
Само тие однадвор можа' да го
размножа и да го спрегна' да
работи... Само тие, старите шо сака' да се
врата'...“
Но говорот
повторно се претвори во збивтање, а
Лавинија врисна кога чу како жалосните
козодјоки ја проследија промената. Истото потраја повеќе од час, кога најпосле дојде
и последното кркорање на гркланот. Д-р Хаутон
ги повлече насобраните капаци врз мокрите сиви очи, додека вртлогот од птици
постепено избледе во тишина. Лавинија залипа, но Вилбур само се закикоти додека ридските звуци бледо грмеа.
„Не го ватија“, промрморе со тешкиот, длабок глас.
Вилбур за тоа време
имаше станато извонредно начитан
и учен човек, макар еднострано, а преку
допишувања потајно им беше познат на многу библиотекари од далечни места каде
што се чуваа ретки и забранети книги од дамни денови. Во Данвич беше уште повеќе презрен и одбегнуван поради одредени исчезнувања на деца кои сомнежот како да ги доведуваше до пред неговата врата; но секогаш беше способен да
ги замолчи љубопитните со страв
или со употребата на фондот на
тоа
старинско злато кое, исто како и во времето на дедо му, редовно и сѐ почесто беше трошено за купување на добиток. Сега
изгледаше извонредно зрел, а
висината, која му ја имаше достигнато нормалната граница за возрасен човек, како да имаше
почнато да ја надминува таа стапка. Во 1925та, кога еден стручен дописник од Мискатонскиот
Универзитет еден ден го посети и си замина блед и збунет, беше висок цели шест стапки и три четврти.
Низ годините Вилбур кон полу-деформираната мајка
се однесуваше со сѐ поголем
презир, за најпосле да ѝ забрани
да доаѓа со него на ридовите на вечерите на Еремиовден и Денот на светците; и во
1926та кутрото суштество ѝ се пожали на Мами Бишоп дека се плаши од него.
„Има работи за него шо ги знам, ама шо не можам да ти кажам Мами,“ рече “а денојве и ја за многу
работи не знам. Жими Госпо, не знам ни шо сака, ни шо мисли
да напрај.“
На таа Ноќ на вештерките ридските звуци беа погласни од кога и да е и
како и обично оган гореше на
Сентинел Хил; но луѓето им обрнаа
повеќе внимание на ритмичкото врескање на огромните јата неприродно закаснети жалосни козодјоки кои
како да се имаа насобрано близу до неосветлената
фарма на Вејтлиеви. По полноќ, пискавите звуци им грмнаа во некакво сколободично клештење што ја исполни целата околија и што не замре сѐ до мугрите. Потоа исчезнаа, итајќи кон југ каде што
веќе еден месец имаа закаснето. Што значеше ова не знаеше никој, а се откри
дури покасно. Никој од жителите на селото не беше умрел – но кутрата Лавинија
Вејтли, извитканата албинка никогаш веќе
не ја видоа.
Летото во 1927ма Вилбур поправи две шупи на фармата и почна да ги прибира книгите и личните ствари во нив. Набрзо
потоа Ерл Соер им кажа на заседнатите кај Озборн дека на фармата на Вејтлиеви
повторно се столарисува. Вилбур
ги затворал сите врати и прозорци од долниот кат и се чинел дека ги отстранува
и разделните ѕидови исто како што правеле заедно со дедо му пред четири години.
Живееше во една од шупите и на Соер му се
причинило како да изгледа необично загрижен
и растреперен. Луѓето се сомневаа дека
знае нешто за исчезнувањето на мајка му и сега малкумина одеа близу до неговиот имот. Висината му се имаше зголемено до повеќе од седум стапки и не
покажуваше никакви траги на прекинување
на развојот.
V
Наредната зима донесе настан не помалку чуден од
првото патување на Вилбур надвор од Данвичкиот регион. Дописките со
библиотеката Вајденер во Харвард, Библиотек Национал во Париз, Британскиот
Музеј, Универзитетот во Буенос Аирес и библиотеката на Мискатонскиот
Универзитет во Аркам, не успеаа да му овозможат да ја позајми книгата која толку очајно ја сакаше; па најпосле замина лично,
ветов, валкан, забраден и со провинциски дијалект
да го провери примерокот во Мискатоник, кој географски му беше најблизу. Висок скоро осум стапки, носејќи
евтина нова чанта купена од кооперацијата на Озборн, темното козесто страшило
еден ден се појави во Аркам во потрага по стравотниот том кој под клуч беше
чуван во универзитетската библиотека – одвратниот Некрономикон на лудиот арап
Абдул Алхазред во латинската верзија на Олаус Вормиус, испечатена во Шпанија во
седумнаесеттиот век. Дотогаш немаше видено град, но во главата му се вртеше само мислата да стигне до кампусот на универзитетот;
каде што најпосле рамнодушно зачекори крај големото белозабо куче-чувар кое лаеше со
невиден бес и разјареност и избезумено го молкнеше цврстиот синџир.
Вилбур ја имаше
понесено
бесценетата, но
несовршена англиска верзија на д-р Ди која дедо му му ја остави и штом му беше овозможен пристап до латинската верзија веднаш почна да ги споредува двата текста со цел да
открие извесен запис кој требаше да се наоѓа на 751та
страна од неговиот нецелосен примерок. Барем
за ова не можеше, а да не му каже на библиотекарот–
истиот оној начитан Хенри Армитиџ
(Магистер за уметности на Мискатоник, Доктор на науки на Принстон, Доктор по литература на Џон
Хопкинс) кој еднаш ја посети фармата и кој сега учтиво го опсипуваше со прашања. Бараше, мораше да
признае, некаква формула или вражба кој го
содржеше страшното име Јог-Сотот и го
збунуваше фактот што имаше несоодветности, повторувања и двозначности што
значително му ја отежнуваа намерата да ја
установи.
Додека ја препишуваше формулата која најпосле ја избра, д-р Армитиџ случајно му
погледна над рамена кон отворените страни, од коишто
левата, онаа на латинската верзија, содржеше вакви чудовишни закани за мирот и здравиот разум на светот.
„...Ниту
треба да се мисли," стоеше во текстот кој Армитиџ го преведе во себе „дека
човекот е ниту најстариот ниту последениот од земните господари, ниту дека општата маса на живот
и материја чекори сама. Старите
беа, Старите се и Старите ќе бидат. Не во просторите кои ни се познати, туку
меѓу нив, чекорат спокојно и
исконски, недимензионирани и од нас невидени. Јог-Сотот ја знае портата, Јог-Сотот
е портата. Јог-Сотот е клучот и чуварот на портата. Минато, сегашност и иднина, сите се едно во Јог-Сотот. Знае каде старите се пробија во дамнина и каде повторно ќе се пробијат.
Знае каде шетаа по земните полиња и каде сеуште шетаат и зошто никој не може да
ги види во шетањето. По мирисот луѓето
можат понекогаш да ги сетат дека се
близу,
но ликот нивни никој
жив не може да им го дознае, освен од ликата на оние кои ги беа зачнале меѓу човештвото; а
такви ги има многу и се секакви, од најточни човечки опсени, до онаа форма без лик и твар која е Нивна. Одат невидени и погани по осамените места каде што се изустени Зборовите и одвиени Обредите преку сите нивни годишни периоди. Ветерот мумла со нивните гласови, а
земјата мрмори со нивната свест. Ги виткаат шумите и ги дробат градовите, а ни шума ни град не ја гледа раката што сотира. Кадат во студената
пустелија ги знаеше, а кој жив знае за Кадат? Ледената пустина на југ и потонатите острови во
океанот содржат камења каде што им е обрежан печатот, но кој го видел длабокиот
замрзнат град или запечатената кула одамна овенчана со алиги и корали? Големиот Ктхулху Им е роднина, а и тој само нејасно може да ги соѕрее. Иа! Шуб-Нигурат! По смрдеата ќе ги познаете. Ве држат за грклан, а
не ги гледате; и живеалиштето Им е едно со вардените ваши прагови. Јог-Сотот е клучот од портата преку којашто се спојуваат сферите. Човекот
сега владее каде што Тие порано владееа; Тие
наскоро ќе владеат каде што човекот сега владее. По летото следи зимата, по
зимата летото. Чекаат трпеливи и јаки, зашто тука
повторно ќе господарат."
Д-р Армитиџ поврзувајќи го она што го читаше со
она што го имаше чуено за
Данвич и неговите тмурни сеништа и за Вилбур Вејтли и неговата заматена, одвратна аура
што се протегаше од сомнителното раѓање до облак на веројатно мајкоубиство, почувствува бран
страв опиплив како провев на ладна
гробска влага.
Наведнатиот, козест џин пред него изгледаше како некој накот од друга планета или димензија; како нешто
што само делумно е човечко и
е врзано за црни
бездни на сушност и ентитет кои како
титански сеништа се протегаат преку сите сфери на сила и материја и простор и
време. Вилбур одеднаш ја дигна главата и почна да зборува на тој
чуден, еклив начин што
потсетуваше на гласовни органи неповрзани со оние на човекот.
„Господин Армитиџ,"
рече, „че да треба да ја земам книгава
за дома. Има некој работи шо че мора да ги пробам под некој околности шо не можам да ги на’м овде и греота е да дајме бирократија да не запри. Дајте ми да ја земам господине и се колнам дека никој нема да сети. Знајте и сам дека има ’ко
очите да ја вардам. Не беф јас тој шо ја напрај мојава копија од Ди ко шо е сега целата ваква..."
Запре кога го забележа цврстото одбивање на лицето на библиотекарот и козестото лице
му се залукави. Армитиџ, готов да му
каже
дека може да ги ископира оние делови коишто му требаа, наеднаш помисли на
можните последици и се воздржа. Преголема беше одговорноста да му се даде на такво суштество клуч до такви богохулни надворешни
сфери. Вејтли виде каква беше работата и се обиде незагрижено да одговори.
„Еми добро
тогаш, 'ко е така работата. Можи од Харвард че сака' да м'услужа.“ И без друг збор стана и зачекори надвор од зградата, наведнувајќи
се низ секоја врата.
Армитиџ го чу дивјачкото грохотење на големото куче-чувар и ја разгледа
горилската снага на Вејтли додека го поминуваше делот од кампусот кој се гледаше од прозорецот. Помисли на лудите
приказни кои ги имаше чуено и
се потсети на старите неделни колумни во „Адвертајзер“; на тоа, а и на преданијата кои му ги имаа кажано старците и селаните од Данвич за
време на неговата единствена посета на местото.
Невидени работи, што не се од
земјата – барем не од тридимензионалната земја – реаво и ужасно војваа низ долините на Нова Англија и
развратно се гнездеа на
планинските врвови. Одамна беше сигурен во ова. Сега како да го чувствуваше
блиското присуство на некој страшен дел на наметнувачкиот ужас и како да добиваше пеколен увид во
црната царевина на
древниот и некогаш пасивен кошмар. Го заклучи Некрономиконот тресејќи се од
гадост, но собата сеуште труеше на некоја несвета и неопределива реа. „По
смрдеата ќе ги познаете," се потсети. Да – миризбата беше истата онаа од
којашто му се слоши на фармата на
Вејтлиеви пред помалку од три години. Повторно помисли на Вилбур, козест и кобен и потсмешливо се насмеа на селските гласини
за неговото татковство.
„Инцест?" полугласно си промрморе Армитиџ. „Господе,
какви простаци! Да им ја покаже човек „Големиот бог Пан" од Артур
Макен, ќе ја помислат некој обичен Данвички скандал! Но што – какво проклето
безлично влијание од, или надвор од, тридимензионалнава земја – му е татко на
Вилбур Вејтли? Роден на Сретение – девет месеци по вечерта на Еремиовден во 1912та, кога
гласините за чудни звуци од земјата стигнаа
дури до Аркам – што шетало низ планите таа мајска вечер? Каков крстовденски ужас се беше врзал за светот во получовечки крв и месо?"
Во наредните недели д-р Армитиџ почна да ги собира
сите можни информации за Вилбур Вејтли и безличните сеништа околу Данвич. Стапи во врска со д-р Хаутон од Ејслбери кој се грижеше за стариот Вејтли за време на неговото последно боледување
и многу се задума за последните зборови на дедото кои му ги кажа лекарот. Посетата на Данвич не успеа да му открие многу нови работи; но подробно прегледување на Некрономиконот, во оние делови кои Вилбур толку страсно ги бараше,
го снабди со нови и страшни траги за природата, методите и желбите на чудното
зло кое толку бледо ѝ се
закануваше на
планетава. Разговорите со неколку изучувачи на архаични преданија во Бостон и
писма до многу други од подалеку му предизвикаа големо
вчудовидување кое полека и постепено премина од вознемиреност, до состојба на остро нагласен
духовен страв. Како што се ближеше летото, полека почна да чувствува дека треба да се преземе нешто во врска со демнечките стравотии од горната мискатонска долина и за чудовишното
суштество познато во човечкиот свет како Вилбур Вејтли.
VI
Данвичкиот ужас дојде помеѓу Ламас и рамноденицата
во 1928ма и д-р Армитиџ
беше меѓу оние кои го
посведочија неговиот
чудовишен пролог. Во меѓувреме имаше чуено за
загадочниот пат на Вејтли до Кембриџ и за неговите избезумени обиди да го позајми или да ископира дел
од
Некрономиконот од библиотеката Вајднер. Обидите му беа залудни, бидејќи Армитиџ
имаше испратено најстроги предупредувања до сите
библиотекари задолжени за чување на стравотниот том. Вилбур бил шокантно
нервозен во Кембриџ; очаен за книгата, но скоро и подеднакво очаен да се врати
дома, како да се плашел од резултатот на подолго отсуство.
Рано во август, полуочекуваниот исход се случи и
во доцните часови на 3ти, д-р Армитиџ
беше нагло разбуден од дивото, разјарено лаење на дивјачкото куче-чувар во дворот на факултетот. Длабоки и ужасни,
раз'ржените, полулуди рикања и лаења
продолжија; сѐ погласно и погласно, но со одбивно значајни паузи.
Тогаш се разгласи врисок од сосема поинаков грклан – врисок којшто ги разбуди заспаните од пола Аркам и кој долго време потоа ги измачуваше во соништата – врисок
кој не беше можно да доаѓа од суштество родено на земјата или од нешто потполно
земско.
Армитиџ, наврувајќи неколку парчиња облека и
итајќи преку улицата и тревникот до зградата на факултетот, забележа дека
другите го беа претекнале и ги чу одекнувањата на алармот за крадци кој сеуште
пиштеше од библиотеката. Еден отворен прозорец црно и зјајнато стоеше на месечевата светлина. Она што беше дошло веќе имаше успеано да влезе, бидејќи лаежите и
врескањата, кои сега бргу избледуваа во измешани длабоки ’ржења и стенкања, овој пат непогрешливо доаѓаа од внатрешноста. Некој
инстинкт го предупреди Армитиџ дека она што се случува не е глетка за
неприготвени очи, па строго ја одмавна толпата
додека ја отклучуваше вратата на претсобјето. Меѓу другите ги виде професор
Ворен Рајс и д-р Франсис Морган, луѓе на кои им ги имаше кажано некои од неговите претполагања и сомнежи и на нив двајца им даде знак да влезат по него.
Внатрешните звуци, со исклучок на будното, монотоно стенкање на кучето, дотогаш се имаа мошне стишено; но Армитиџ
тогаш сепнувајќи се забележа дека гласен хор на жалосни козодојки помеѓу грмушките беа
започнале со некакво ѓаволски
ритмичко свирење, како во созвучје со
последните водишки на некој кој е пред умирање.
Зградата беше исполнето со страшна смрдеа која д-р Армитиџ
многу добро ја познаваше и тројцата побрзаа низ
ходникот кон малата генеолошка читална од каде што доаѓаше слабото стенкање. За
момент, никој не се осмели да запали светло, но Армитиџ собра храброст и го
удри прекинувачот. Еден од тројцата – не е сигурно
кој – гласно вресна кога виде што се имаше спружено
пред нив меѓу растурените маси и превртените столови. Професор Рајс рече дека
за момент изгубил свест, но успеал да се додржи на нозе.
Она што полусвиткано лежеше настрана во реава локва на зелено-жолта излачотина и катранеста лепливост беше високо скоро девет стапки и кучето целосно му ги беше искинало
алиштата и дел од кожата. Не беше потполно мртво, туку тивко и грчовите преткаше додека градите му се креваа во чудовишно созвучје со лудото свирење на исчекувачките жалосни козодојки надвор. Низ собата имаше
разштркано делови од кожа за чевли и други партали, а до прозорецот лежеше празна
платнена торба, каде што очигледно и беше
фрлена. Близу до средното биро имаше
паднат револвер и еден набиен, но неиспукан
жаржер покасно објасна зошто не бил употребен. Меѓутоа, она што лежеше ги надмашуваше сите
други слики од тој момент. Би било банално и не баш точно да се каже дека
човечко пенкало не би можело да го
опише, но може јасно да се каже дека не можеше да биде живописно замислено од
некој чии идеи за перспектива и контур се прецврсто врзани за обичните форми на
живот на оваа планета и за трите познати димензии. Без сомнение беше делумно човечко, со мошне човечки раце и глава, а козестото, безбрадо лице
го носеше печатот на Вејтлиеви. Но трупот и долните делови на телото беа
тератолошки неверојатни, така што единствено обилна облека би можела да му овозможи да чекори по земјата непредизвикано
и неискоренето.
Над половината беше полу-антропоморфно; но
градите, каде што острата шепа на кучето сеуште внимателно притискаше, имаа корава, мрежеста кожа
како на крокодил или алигатор. Грбот му
беше исфлекан со жолто и црно и бледо
потсетуваше на крлушкастата покривка на некои змии. Меѓутоа под половината беше
најлошо; бидејќи тука прекинуваше секоја човечка сличност и започнуваше чистата фантазија. Кожата беше густо
покриена со грубо црно крзно, а од абдоменот млитаво се издолжуваше редица на долги зелено-сиви пипала со црвени цицачки усти. Распоредот им беше чуден и се чинеше како да ги следи симетриите на некоја космичка
геометрија непозната на Земјата или сончевиот систем. На секој колк, вдлабнат во некаква розовкаста, цилијарна орбита,
имаше нешто што личеше на закржлавено око; додека место опашка, висеше некаква
сурла или антена со виолетови прстенести шари, и со многу
други
показатели дека претставува всушност неразвиена уста или грло. Нозете, со
исклучок на црното крзно, грубо потсетуваа
на задните нозе на џиновските диносауруси од
праисториската земја и завршуваа во перничиња со забраздени вени кои не беа ни
копита ни канџи. Кога створот дишеше,
опашката и пипалата ритмички
ја менуваа бојата, како поради некој циркулаторна причина нормална за
нечовечката страна на неговото потекло. Во пипалата ова беше забележливо како продлабочување на зеленкастата нијанса, додека кај опашката се манифестираше како жолтеникава трага која со болежливо сиво-бела боја наизменично се менуваше во просторот помеѓу виолетовите
прстени. Од крв немаше ни трага; освен реавата зелено-жолта излачотина која течеше по обоениот под надвор од опсегот на
лепливоста, оставајќи зад себе своевидно обезбојување.
Присуството на тројцата наеднаш како да го освести полу-мртвото нешто и почна
на мрмори без да ја заврти или крене главата. Д-р Армитиџ немаше писмен
извештај за изустеното, но убедено тврдеше дека не било изустено ништо на англиски. На почетокот
слоговите и пркосеа на секоја врска со говорот на земјата, но при крајот се слушнаа некакви
неповрзани делови, очигледно земени од Некрономиконот, она чудовишно богохилие
по чија потрага загина створот.
Деловите, како што ги памети Армитиџ, беа
нешто како „Н’гаи, н’гн’гаа, буг-шогог, ј'а; Јог-Сотот, Јог-Сотот..." Се изгубија во небитие додека жалосните козодојки
врискаа во ритмички
крешенда на несвето
исчекување.
Тогаш настана прекин во збивтањето и кучето ја
крена главата во долго,
грозоморно завивање. Настана промена во жолтото, козесто лице на спруженото нешто и големите црни очи одбивно се опуштија.
Пред прозорецот пискањето на жалосните
козодојки ненадејно замре и над мрморењето од насобраната толпа се чу
звук на панично првкање
и разлетување. Огромни облаци од пердувестите набљудувачи се кренаа кон месечината и ги снема од видикот, избезумени од она што го беа сметале за плен.
Наеднаш кучето нагло се исправи, исплашено залаа и
нервозно скокна од прозорецот од којшто имаше влезено.
Од толпата се чуја крици и д-р Армитиџ им викна на оние од надвор дека никој
не смее да влезе додека не дојде полицијата или медицинските вештаци. Беше
благодарен што прозорците беа превисоки за да дозволат ѕиркање и внимателно ги
навлече темните завеси на секој прозорец. Дотогаш пристигнаа двајца полицајци и д-р Морган кој ги
пречека во претсобјето ги преколнуваше, за нивно добро, да не влегуваат во
смрдената читална додека не дојде вештакот и не биде покриено спруженото нешто.
Во меѓувреме на подот се случуваа страшни промени.
Не треба да се опише типот
и степенот на намалување и разградување што се случуваше
пред очите на д-р Армитиџ и проф. Рајс, но дозволиво е да се каже дека, освен
надворешниот изглед на лице и раце, вистинскиот човечки елемент на Вилбур
Вејтли мора да беше бил многу
мал. Кога пристигна медицинскиот вештак, на обоените штици имаше само леплива,
белузлава маса и чудовишната миризба беше скоро изветреана. Очевидно Вејтли беше немал ни череп, ни коскест скелет;
барем не во некоја вистинска и стабилна смисла. Во некои работи беше бил налик неговиот непознат татко.
VII
Но сепак сето ова беше
само пролог на вистинскиот данвички ужас. Збунетите власти ги направија сите
формалности, абнормалните детали беа внимателно сокриени од печатот и јавноста, а во Данвич и
Ејлсбери беа пратени луѓе кои требаше да го разгледаат имотот и да ги известат
оние кои би биле наследници на покојниот Вилбур Вејтли. Околијата ја затекнаа во многу нервозна состојба, поради сѐ погласните грмења од под заоблените ридови,
како и поради ненормалната смрдеа и
струечките звуци на шлапање кои сѐ погласно
доаѓаа од празната чаура од
запечатената фарма на Вејтлиеви. Ерл Соер, кој се грижеше за коњот и добитокот за
време на отсуството на Вилбур, беше
скоро при крај со нервите.
Властите измислуваа изговори за да не влезат во опорото запечатено место и се задоволија со вршење на попис на дневните простории на починатиот – ново поправените шупи – при
само
една посета. Поднесоа сувопарен извештај
во судот во Ејлсбери и се вели дека сеуште има спорови за наследството помеѓу
многубројните Вејтлиеви, пропаднати и непропаднати, од горната мискатонски
долина.
Еден скоро неопределив ракопис напишан во чудно писмо напишан со огромни букви кој потсетуваше
на некаков дневник поради проредите и разликите во мастилото и ракописот им
стана обезглавувачка загатка
на оние кои го пронајдоа во
старото биро што му служеше како работна маса на сопственикот. По еднонеделна
дебата, беше испратен во Мискатонскиот
универзитет, заедно
со збирката на чудни книги на починатиот, за разгледување и евентуален превод;
но и најдобрите лингвисти набрзо увидоа дека не е веројатно дека со леснотија ќе го одгатнат. За древното злато со кое
Вилбур и стариот Вејтли секогаш ги плаќаа долговите, ни до ден денес не е откриена трага.
Ужасот се ослободи во мракот на 9ти
септември. Ридските звуци таа
вечер беа силно
изразени, а кучињата цела вечер избезумено лаеа. Ранобудниците на 10ти забележаа чудна смрдеа во воздухот. Во околу
седум часот Лутер Браун, аргатчето на Џорџ Кори, помеѓу Кол
Спринг Глен и селото, растроено дотрча враќајќи се од утринскиот пат до Тен Ејкар Медоу со кравите. Беше скоро згрчен од страв кога се дотетерави до кујната; а надвор
во дворот не помалку исплашеното стадо жалосно преташе и мукаше, одошто го беа следеле момчето делејќи ја истата паника. Борејќи се да земе здив, Лутер се обиде да ѝ го пропелтечи она што го беше видел на г-ѓа
Кори.
„Онаму по патон над ливадана тето Кори – има
неш'о! Мириса на ровје и сите
грмушки и дрфца се испотиснати
околу пато 'ко некој кујча да поминала по нив. Ама то не е ништо. Има траги по пато тето Кори – округли
траги големи 'ко буре,
потонати длабоко 'ко некој
слон д'има поминато, само шо ич не лича 'ко четири нозе да ги'има напраено! С'испулиф кон неколку пред д’избегам и видоф дека
сите бе' покријани со лини' шо почнуваја од едно
место 'ко оние ладалана од лист от палма шо се, ама два
или три пати поголеми – и беа нагнетени во пато'. И смрдеше
корнеше,
'ко шо мириса кај старана кујча на Вејтли вештеро..."
Тука запре и како
одново да се затресе од стравот што го имаше
спотнато
да трча до дома колку што го држат нозете. Г-ѓа Кори, не можејќи да извлече повеќе информации, почна да
им ѕвони на соседите на телефон; започнувајќи ја обиколката на паничната увертира која ги навести главните
стравотии. Кога ја доби Сали Соер, куќната помошничка на Сет Бишоп, најблиската
куќа до Вејтлиеви, неа ѝ дојде
ред да слуша наместо да пренесува; бидејќи Шонси, синот на Сали, кој тешко
спиеше, беше бил на ридот кај Вејтлиеви и ужаснато беше дотрчал откако фрлил
само еден поглед кон местото и кон пасиштето каде што цела ноќ биле оставени кравите на г-дин Бишоп.
„Да тето
Кори," се чу потресениот глас на Сали низ приемникот, „Шонси само шо
дотрча да ми кажи и не мојше здиф да земи
от шо беше преплашен! Вели кујчана на старио Вејтли била целата разнесена со штиците расфрлани насекаде, 'ко динамит
д’имало внатре; само подо долу не бил разнесен, ама сио бил покриен 'ко со некој катран шо смрдел корнел и капел преку рабо на земи кај шо биле разнесени штиците от сстраните. И имало и страшни траги во дворо – големи округли траги поголеми от бочва и целите излепени со истото то од разнесената кујча шо било.
Шонси вели дека воделе кон ливајџено и праеле
откос широк колку штала, а тревјето насекаде било раштркано по пато 'ко шо оделе.
И вели, вака вели тето Кори, дека и покрај уплаво пак пробал да ги побара кравите на Сет и ги нашол
погоре на пасиштето до Џаоло’поле и
целите биле за нигде. Пола ич ги немало, а на пола 'ко цела крф да им била исцицана, со напорки 'ко шо имаја порано добитоко на Вејтли од 'ко го роди Лавинија црноно детиште. Сет појде да ги види, ама тешко дека че сака да се приближи многу до кујчата на Вејтли вештеро! Шонси не видел убо накај водел големио откос после пасиштето, ама мисли дека ватил по пато по доло' за ф село.
Ти велам тето Кори, се шета нешто шо не треба да се шета, ама јас сѐ си
мислам оној црнион Вилбур
Вејтли го има нешто лошо снајдено'ко шо си заслужува и дека тој има нешто праено. Секош на сите им велеф дека ни самио не е чоек ко шо треба и си мислам дека и тој и старио Вејтли има' нешто викнато во она' покријанана кујча шо не е чоечко исто 'ко тој шо не е. Отсекош имало невидени работи околу Данвич – живи работи – шо не се чоечки и шо не се арни за лујџето.
Сношти и земјата ко да зборуваше и сабајлево Шонси ги слушнал козодојкине толку гласно, шо не можел око на око да клај. Тогаш 'ко да слушал некој друг звук откај Вејтли вештеро –
некое кинејне и
кршејне на дрва, ко некоја
голема кутија или сандак да се
распарчува однатре. От сета работа не можел до сабајле да заспија и таман стана сабајлево, одма појде кај
Вејтлиевци да види шо е работата. Многу работи се изнагледал тето Кори, да ти кажам! Ова не че е на арно и ја мислам дека маживе
треба да се собера' и да појда да вида'. Нешто страшно 'ко да се спрема и 'ко да ми се ближи крајо, ама саде Госпо знај шо че е.
Видел ваш Лутер накај вода' трагите? Не? Па тето Кори ако биле на пато по доло од ова' страна, а
уште нема' стигнато до кај вас, сетики во доло' че д'ода. Сигурно натаму се појдени. Отсекош имам велено дека
Колд Сприн Глен не е арно и чоечко место. Козодојкине и светулкине никош не личеле како да се од Госпо напраени и има
лујџе шо вела' дека дека се слушале чуди работи кајшо војвале и зборувале низ воздухо, ако си застанел на правото место мејџу водопадо и Берс Ден."
До тоа пладне
цели три четвртини од мажите и момчињата од
Данвич маршираа по патиштата и меѓите помеѓу новосоздените урнатини кај
Вејтлиеви и Колд Спринг Глен, ужаснато испитувајќи ги огромните, чудовишни
стапки, осакатените говеда на Бишоп, чудниот, опор крш кај фармата и нагнетеното, налегнато зеленило по полињата
и патот. Што и да се излило врз светот, со сигурност се имаше спуштено кон големата зловестна клисура; бидејќи сите дрва на работ беа
свиткани и скршени и имаше изровано широк
проод во грмушките кои беа надвиснати над понорот. Изгледаше како куќа,
лансирана од лавина, да се има лизнато низ
заплетканите џбунови по скоро
вертикалната падина. Од долу не се слушаше никаков звук, туку само некоја
далечена, неопределена реа; па не беше чудно што на мажите им беше подобро да
стојат на работ и да се расправаат, отколку да му се спуштат во дувлото на непознатиот киклопејски
ужас и да се соочат со него. Трите
кучиња што беа со тајфата најпрво
бесно лаеа, но како да се ангелосаа и заколебаа кога се најдоа близу до
долината. Некој по телефон им ја соопшти веста на „Ејлсбери Транскрипт“, но уредникот, навикнат на диви приказни од
Данвич, само состави еден сатиричен параграф кој наскоро беше објавен и во „Асосијејтед Прес“.
Таа вечер сите си заминаа дома и секоја куќа и
штала беше забарикадирана колку што е можно поцврсто. На ниедно говедо, се
разбира, не му
беше допуштено да остане на отворено пасиште. Во околу два часот наутро, ужасна
смрдеа и дивјачкото лаење на кучињата ги разбуди домашните на Елмер Фрај на
источниот раб на Колд Спринг Глен и сите се согласија дека можат да слушнат
некакво пригушено фрчње или шлапање од некаде однадвор. Г-ѓа Фрај предложи да им
се јават на соседите и Елмер само што не се согласи, кога звук на расцепено дрво им ги пресече намерите. Се чинеше дека
доаѓа од шталата и набрзо беше проследено од одвратно врескање и тупотење меѓу
добитокот. Кучињата застенкаа и се мушнаа близу нозете на стрелушеното семејство. Фрај од
навика запали фенер, но знаеше дека црно му се пишува ако излезе и појде во
мрачната штала. Децата и жените зацимолкаа,
спречени да вриснат од некој мрачен, атрофиран одбрамбен инстинкт кој им велеше
дека животите им зависат од тишина. Најпосле, вревата на добитокот се затиша до жалосно стенкање и започна некаво гласно кршење, рушење и крцкање. Фрајови, склупчени во дневната, не се осмелија да мрднат додека не замреа и
последните далечни одекнувања
од долната страна на Колд Спринг Глен. Тогаш, сред
сиротите стенкања од шталата и демонијачкото свирење на закаснетите жалосни
козодојки во
долината, Селина Фрај доклапа до телефонот и го разнесе она што можеше за втората етапа на ужасот.
Следниот ден целата околија беше во паника и ангелосани, некомуникативни групи врвеа
до и од
местото каде што се случи грозоморноста. Два титански откоси на уништување се протегаа од долината
до фармата на Фрајеви, чудовишни стапки ги покриваа голите парчиња земја и
едната страна на старата црвена штала беше целосно срушена. Од добитокот, само
четвртина беа најдени и препознати. Некои од нив беа во необични парчиња и оние
што имаа преживеано морааа да се застрелаат. Ерл Соер предложи да се
побара помош од Ејлсбери или Аркам, но останатите настојуваа дека нема да им е
од корист. Стариот Зебулон Вејтли, од гранка која лебдеше на полпат меѓу свесност и расипаност, мрачно
и диво укажуваше за некои обреди кои требало да се извршат на ридските врвови. Доаѓаше од
семејство каде што традицијата силно се следеше и неговите сопствени спомени на бајачки изустени во големите камени ридови не беа во целост поврзани
со Вилбур и дедо му.
Темнина се спушти врз погодената околија која беше препасивна за да организира вистинска одбрана. Во неколку
случаи, неколку блиски семејства ќе се собереа заедно и ќе чмаеа во мракот под еден ист покрив; но кај
повеќето имаше само повторување на забарикадирањето од
предходната ноќ и залудниот и бесцелен гест на полнење пушки и поставување вили
при рака. Меѓутоа, не се случи ништо освен неколку ридски звуци и кога денот осамна имаше
многумина кои се надеваа дека новиот ужас си заминал онолку брзо колку што и дошол. Имаше дури и
неколку смели души кои
предлагаа офанзивна експедиција долу во долината, но не се помачија самите да
послужат како пример за уште понесогласното мнозинство.
Кога повторно дојде ноќта забарикадирањето беше
повторено, но имаше помалку собирање на семејства. Изутрината домашните
на Фрај и Бишоп пријавија
возбуденост меѓу кучињата и слаби звуци и смрдеи од далеку, додека раните истражувачи ужаснато
известија за нова група чудовични траги по патот што го обрабуваше Сентинел Хил. Како и порано, на страните на патот се гледаше нагнетување што ја
покажуваше богохулно гигантската снага на ужасот; додека усогласувањето на
трагите како да посочуваше на пат во
две насоки, како подвижната планина да беше слегла од Колд Спринг Глен и да се
беше вратила по истот пат. Во подножјето на ридот, откос од здробени грмушки од триесет стапки
водеше нагло нагоре и трагачите занемеа кога видоа дека и највертикалните места
не ја одвраќаа незапирливата патека. Што и да беше, ужасот можеше да се качува
по гол камен гребен со скоро целосна вертикалност и како што истражувачите се
качуваа одоколу кон ридскиот врв по побезбедни патишта, видоа дека трагата завршува, или се навраќа –
токму тука.
Тука беше месото каде што Вејтлиеви ги правеа пеколните огнови и ги пееа пеколните ритуали
до каменот налик на маса во
вечерите на Еремиовден и Ноќта
на вештерките. Сега истиот тој камен беше центарот на еден огромен простор растурен од планинестиот ужас, додека на благо конкавната површина имаше густ и реав талог од истата катранеста лепливост која беше
забележана на подот од разрушената фарма на
Вејтлиеви кога избегал ужасот. Мажите се погледнаа и промрмореа. Тогаш погледнаа
надолу по ридот. Ужасот очевидно слегол по пат ист како оној по којшто се беше качил. Залудно беше да се
нагаѓа. Разумот, логиката и нормалните идеи за мотивација беа обезглавени. Само стариот Зебулон кој не беше со групата ќе можеше соодветно да ја опише ситуацијата или да укаже на некое можно
објаснување.
Четврточната вечер почна исто како и другите, но
заврши понесреќно. Жалосните козодојки во долината врескаа со толку необична упорост, што многумина не можеа да
спијат и околу 3 часот наутро
сечиј телефон непрестајно ѕвонеше. Оние кои ги кренаа приемниците слушнаа
полуден вресок на страв, „Помош, Господи Боже!..." и на некои им се слушна
како некое кршење да го проследи прекинот на извикот. Тоа беше сѐ. Никој не се осмели да преземе нешто и никој не знаеше од каде дојде
повикот сѐ до
изутрината. Тогаш оние кои го имаа слушнато им се јавија на сите други на
линијата и за брзо беше утврдено дека единствено
Фрајеви не одговораат. Вистината излезе на видело еден час покасно кога една набрзина собрана група на вооружани мажи
допруса до куќата на Фрај на почетокот на долината. Беше ужасно, но ретко кој
беше изненаден. Имаше нови откоси и чудовишни стапки, но куќа веќе
немаше. Се имаше срушено како лушпа од јајце и меѓу урнатините не можеше да се најде
ни живо ни мртво. Само смрдеа и катранеста лепливост. Елмер Фрајеви беа избришани од
Данвич.
VIII
Во меѓувреме една потивка, но духовно попотресна етапа на хоророт црно се имаше
размотано зад затворените врати на една соба изредена со полици во Аркам.
Необичниот запис или дневник на Вилбур Вејтли испорачан до Мискатонскиот
Универзитет за да се преведе,
предизвика многу грижа и збунетост помеѓу експертите за древни, како и за современи јазици; самата азбука на јазикот,
немајќи никакви допирни точни ниту со најразмачканото арапско писмо користено во Месопотамија, беше апсолутно
непозната за сите достапни стручњаци. Крајниот заклучок на лингвистите беше
дека текстот претставуа вештачка азбука и има
особености на шифра; но ниту еден од вообичаените методи за криптографско решавање не вроди плод дури ни кога беше
применето врз основа
на секој можен јазик кој авторот би можел да го има користено. Древните книги
земени од собата на Вејтли и покрај тоа што беа задлабочувачко интересни и во
неколку случаи ветуваа дека би можеле да отворат нови и ужасни гранки на
истражување кај
филозофите и научниците, воопшто не беа од корист во оваа работа. Една од нив,
тешка книга со железна брава, беше напишана на друга непозната азбука – мошне
поразлична од претходната и која најмногу
потсетуваше на санскрипт. Стариот тефтер најпосле
целосно му беше препуштен на д-р Армитиџ, поради
неговите чудни интереси за случајот со Вејтли, но и поради неговото опширно
лингивистичко познавање и вештина во мистичните формули на антиквитетот и
средниот век.
Армитиџ претпоставуваше дека азбуката би можела да
биде нешто кое езотерично било користено од извесни забранети култови кои потекнуваа од прастари времиња и кои имаа наследено многу форми и традиции од
волшебниците од сараценскиот свет. Сепак, ова прашање за него не беше од клучна
важност; бидејќи непотребно беше да се знае потеклото на симболите ако, како
што се сомневаше, истите беа користени како шифра за современ јазик. Самиот веруваше дека, со оглед на
големото количесто текст за кое стануваше збор, писателот не би користел друг
јазик освен својот, освен во некои посебни формули и вражби. Според тоа, му пријде на текстот со првична претпоставка дека поголемиот дел е напишан на англиски.
Д-р Армитиџ знаеше, од последователните неуспеси
на колегите, дека загатката беше длабока и сложена и дека едноставни приоди за решавање не заслужуваат ни да бидат испробани.
Целиот касен август се вооружуваше со огромна маса на знаење од областа на
криптографија, влечејќи од целосниот каталог на неговата сопствена библиотека, ноќ за ноќ бдеејќи
над мистиките на Тритемијовата „Полиграфија“, „Де
Фуртивис Литерарум Нотис“ на
Жанбатиста Порта, „Трет де Шиф“ на Де
Виженер, Фалконеровата „Криптоменисис
Патефакта“,
трактатите на Девис и Тикнес од осумнаесеттиот век, како и на некои посовремени стручњаци како Блер, фон Мартен, и „Криптографик“ на Клибер. Го сплетуваше проучувањето на книгите со напади на самиот ракопис и со тек на време стана убеден дека си има работа со еден од оние
најсуптилни и најгенијални криптограми каде што многу различни листи на
соодветни букви се подредени како таблицата за множење, а пораката е изградена
од произволни клучни зборови кои им се
познати само на уведените. Постарите прирачници се покажаа како покорисни
од поновите и Армитиџ заклучи дека шифрата на ракописот е неверојатно стара и несомнено предавана од колено
на колено низ долги генерации на мистични
експериментатори. Неколку пати му се виде
како да е близу за да ја
развидели, само за потоа да биде запрен од
некоја непредвидена пречка. Тогаш, како што се ближеше септември, облаците
почнаа да се расчистуваат. Определени букви, користени во определени делови на
ракописот, крајно и непогрешливо испливаа на површина и стана очигледно дека
текстот навистина е на
англиски.
Вечерта на 2ри септември попушти и последната
голема пречка и д-р Армитиџ за прв пат прочита непрекинат пасус од летописите
на Вилбур Вејтли. Навистина беше дневник, како и што сите мислеа и беше
формулиран во стил кој јасно ја покажуваше мешаната окултна начитаност и
општата неписменост на чудното суштество кое го беше напишало. Скоро првиот долг пасус кој Армитиџ го дешифрира, запис од 26ти ноември, 1916та, се покажа како крајно застрашувачки и тревожен. Беше напишан, се потсети, од
дете на три и пол години кое изгледаше како момче на дванаесет или тринаесет
години.
„Денеска го научиф зборo на Акло за Сабато,“ пишуваше, „шо не ме
бендиса, оти требаше да се одговори от ридо, а не от воздухо. Она горе е
понапре од мене от шо си мислеф и не че да има ногу земен мозок. Го застрелаф офчарскио пес на
Елам Хатчинс ко се вдаде за да ме касни и Елам
рече че мотепал
ако му пцојсал. Белки
нема думри. Дедо ми сношти ме тераше да ја пофторувам формулата До и ми се
виде ко
да го видов внатрешнио грат на двата магнети полој. Че пом до полојте ко че е расчистена земјата ако не можам да се
пробијам со формулата До-Хна ко че ја
кажам. Тие од воздухо ми рекоја на Сабато дека уше многу години че ми требале пред да можам да ја
исчистам земјата и дедо ми сигурно чумри дотогаш, па че мора да ги изучам сите
агли на рамнините и сите формули мејџу Јр
и Нхнгр. Оние од надвор че ми
поможа, ама не можа
да се отелеса без чоечка крв. Она горе че да личи ко шо треба. Можам тро да го видам ко че го напрам Вуришкио знак или ко че ја дувнам прафта
на Ибн Гази накај него и беше скоро ко ниф на Еремиофден на ридо. Другоно лице можи че му се повлечи. Којзнај јас како чизгледам ко че ја
исчиста земјата и че нема
земски дијании. Тој шо дојде со Сабаото на Акло рече дека мож че ме преобразеле оти имало многу однадвор шо можело да се искористи."
Зората го затекна д-р Армитиџ облеан во ладна пот на терор и збрложен
од будна
концентрација. Цела ноќ го немаше
оставено
ракописот и седеше на масата под електричната светилка вртејќи страна по страна
со растреперени раце дешифрирајќи го криптичниот текст колку што можеше побргу.
Нервозно ѝ јави на жена му дека нема да си дојде дома и кога таа му донесе појадок од куќата,
едвај можеше да касне еден залак. Цел ден
продолжи да чита, излудено запирајќи одвреме-навреме кога ќе се јавеше потреба
од повторна примена на сложениот клуч на шифрата. Му
донесоа и ручек и вечера, но ги касна само најситните мрвки од двата оброци. Кон средината на
наредната ноќ задрема на столицата, но наскоро се разбуди од мрежа на кошмари одвратна
колку и вистините и заканите за човечкото
постоење кои ги беше открил.
Утрото на 4ти
септември професор Рајс и д-р Морган инсистираа да го видат на кратко и си
заминаа потресени и пеплосани. Таа вечер си легна да спие, но сонот му беше
немирен. Средата – наредниот ден – повторно се фати за ракописот и почна да
запишува изобилни белешки од новите делови и од оние кои веќе
ги имаше дефирирано. Вечерта во касните часови поспа малку на една фотеља во
работната соба, но уште пред да зазори повторно се фати за ракописот. Некаде
пред пладне, неговиот доктор, д-р
Хартвел, дојде да
го види и инсистираше да
прекине со работа. Одби, прикажувајќи му дека е од најголема важност
да го заврши читањето на дневникот и вети дека ќе му објасни сѐ кога ќе
дојде време.
Таа вечер,
како што се ближеше самракот, заврши со ужасното листање и исцрпено клапна.
Жена му, носејќи му вечера, го
најде во полукомирана состојба, но беше доволно свесен за со остар извик да ја предупреди кога забележа дека
очите и погледнаа кон забелешките кои ги имаше запишано. Полека станувајќи, ги
насобра начкртаните страници и сите ги
запечати во голем плик, кој веднаш го стави во внатрешниот џеб на палтото. Имаше доволно сила да стигне дома, но имаше
толку очигледна потреба од медицинска помош што д-р Хартвел уште веднаш беше
повикан. Додека докторот го легнуваше во креветот, можеше само да мумла повторувајќи: "Но, Господе Боже, што ни преостанува?"
Д-р Армитиџ отспа, но
наредниот ден беше во делумно бунило. На Хартвел не му понуди никакво
објаснување, но во посмирените мигови
зборуваше за неопходната потреба
од итна средба со Рајс и Морган. Подивите изјави му беа мошне застрашувачки и
вклучуваа избезумени апели дека нешто во некоја запечатена фарма мора да се
уништи, како и фантастични споменувања на некој план за ликвидирање на целата
човечка раса и сиот животински и растителен свет на земјата од страна на некоја
ужасна дамнешна раса на
суштества од друга димензија. Развикуваше дека светот е во опасност, бидејќи
Дамните Нешта сакаат да го
соголат и да го одвлечкаат од сончевиот систем и материјалниот космос во некоја
друга рамнина или фаза на ентитет од којашто во дамнина беше паднал, пред вигинтилиони раздобја.
Другпат ќе извикаше барајќи го стравотниот Некрономикон и Демонолатријата на
Ремигиус, во коишто гледаше надеж да најде
некои формули за да ја сопре заканата којашто ја беше замислил.
„Да ги запреме, да ги запреме!" викаше. „Вејтлиеви сакаа да ги пуштат и најлошото
допрва ќе дојде! Кажете им на Рајс и Морган дека
мора да преземеме нешто – на слепо ќе одиме, но знам да ја направам правта... Нема јадено од втори август, кога Вилбур
дојде тука и загина, а оттогаш..."
Но Армитиџ беше здрав и силен и покрај седумдесет
и трите години и го отспа пореметувањео таа вечер без да потоне во сериозна треска. Се разбуди касно во петокот, со
бистра глава, макар трезвен од некаков страв кој го гризеше, заедно со извонредно чувство на одговорност. Попладнето во саботата се чувствуваше способен да појде
во библиотеката и да ги повика Рајс и Морган на средба, па тројцата го поминаа остатокот
на денот и вечерта измачувајќи си ги мозоците со најразуздани нагаѓања и
најочајни дебати. Купишта чудни и страшни книги беа симнати од преполните полици и безбедни места на чување и најразлични
дијаграми и формули беа ископирани со трескавична брзина и обезумувачка обилност. Немаше ниту трага скептичност. Сите тројца го имаа видено
телото на Вилбур Вејтли како лежи врз подот на собата
во зградата во којашто во тој момент се наоѓаа и после тоа ниту еден од нив не се обиде да го отпише дневникот како
бесмислици на лудак.
Мислењата за тоа дали да ѝ се каже на Државната полиција на Масачусетс
беа поделени и на крајот победи негативната
одлука.
Се работеше за нешта во коишто не можеа
да поверуваат оние кои го немаа видено примерокот, како што
и се покажа за време на подоцнежните истраги. Касно вечерта собирот се распушти
без да се направи краен план, но во неделата Армитиџ беше цел ден зафатен споредувајќи формули и мешајќи хемикалии набавени од
факултетската лабораторија. Колку повеќе го промислуваше пеколниот дневник,
толку повеќе беше приморан да се сомнева во ефикасноста на кој и да е
материјален агенс во сузбивањето на ентитетот кој Вилбур Вејтли го имаше оставено зад себе – земјозаканувачкиот ентитет кој, без негово знаење, се изли по неколку
часови оттогаш и прерасна во незаборавниот
данвички ужас.
Понеделникот беше повторување на неделата за д-р Армитиџ,
бидејќи претстојната задача бараше
бескрајни истражувања и опити. Понатамошните консултации со чудовишниот дневник
предизвикаа извесни промени во планот и знаеше дека дури и на крајот ќе остане голема сума несигурност. До вторникот го
имаше зацртано крајниот ударен план и планираше да замине за Данвич пред крајот
на неделата. Тогаш, во средата, дојде големиот шок. Потајно мушната во еден агол на „Аркам Адвертајзер“, имаше една потсмешлива статија од „Асосијејтед Прес“ во која се зборуваше за тоа какво рекордно
чудовиште беше олицетворила домашната ракија на Данвич. Армитиџ,
полувкочанет, успеа само да им јави на Рајс и Морган. Дискутираа до доцна во
ноќта и наредниот ден беше виор на подготовки од сечија страна. Армитиџ знаеше
дека се вмешува во страшни работи, а сепак му беше јасно дека нема друг начин да се
поништат подлабоките и позлокобни вмешувања на други пред него.
IX
Петокот изутрина Армитиџ, Рајс и Морган се упатија
со автомобил кон Данвич,
пристигнувајќи во селото во околу еден часот попладне. Денот беше пријатен, но
дури и во најсјајната сончева светлина како да лебдеше некој тивок фрас и предвестување околу чудно заоблените ридови и длабоките, сенишни
клисури на погодениот регион. Одвреме-навреме на планинските врвови можеа да се
наѕрат ковчести кругови од камења
наспроти небото. Од впечатокот на премолчен страв во продавницата на Озборн, увидоа дека нешто грозно се има случено и набрзо
дознаа за разнебитувањето на куќата и семејството на Елмер Фрај. Тоа попладне
го поминаа возејќи се низ Данвич, распрашувајќи ги мештаните за сѐ што се
имаше случено и лично разгледувајќи го, низ сѐ посилни жегања на ужас, тмурниот крш на куќата на Фрајови со
останатите траги на катранестата лепливост, богохулните траги низ дворот на Фрајови, ранетиот
добиток на Сет Бишоп и огромните откосци во нарушеното зеленило на различните места. Вертикалните траги по Сетинел Хил за Армитиџ
како да беа од катаклизмичко значење и долго остана да гледа кон мрачниот олтаровиден камен
на врвот.
Најпосле посетителите, известени за група државни полицајци кои утрото
беше дошле од Ејлсбери во одговор на првите
телефонски известувања за трагедијата на Фрај, одлучија да ги побараат
полицајците и да ги споредат белешките со
нив онолку колку што ќе е
изводливо. Меѓутоа, открија
дека полесно беше да ја испланираат таквата
намера отколку да ја спроведат, бидејќи од групата немаше ни трага
ни глас во никоја насока. Ги имаше петмина во колата, но сега колата седеше празна близу
урнатините во дворот на Фрајеви. Жителите од кои сите имаа зборувано со полицајците
најпрво изгледаа исто онолку запрепастени колку и Армитиџ и придружниците.
Тогаш стариот Сем Хачинс се досети на нешто и пребледе, буцкајќи го Фред Фар и
покажувајќи кон немливата, длабока
долина која зјаеше во близина.
„Боже,"
прошепоте, „му реков да
не се спушта' во долината и си велев на никој нема да му текни да пој' таму ко че ги
види трагите и
миризбата и жалосните
козодојки шо с'имаја расквичено ко фати то темницата сред бел ден..."
Ладни морници им полазија по
вратот на
жителите и посетителите и секое уво како да беше напрегнато во некакво
инстинктивно, несвесно слушање. Армитиџ, сега кога најпосле се сретна со ужасот и
неговото чудовишно дело, затрепери од
одговорноста која ја чувстуваше како своја. Паѓањето на ноќта се ближеше и титанското
богохулие требаше да почне да се тетерави по својот
устрелен пат. Неготиум перамбуланс ин
тенебрис... Стариот библиотекар ја извежба формулата којашто ја имаше
запомнето и ја стискаше хартијата со помошната формула која ја немаше
запомнето. Ја провери електричната батерија и виде дека е во ред. Рајс, крај него, од чантата изваде метален прскач сличен на оние што се користат против инсекти; додека Морган ја отпакува ловечката пушка на којашто сметаше и покрај
предупредувањата на колегата дека материјални оружја нема да им се од помош.
Армитиџ, одошто
го имаше
прочитано грозниот дневник, многу добро
знаеше каква манифестација да очекува; но не им додаде на стравот на жителите на Данвич давајќи им детали или траги. Се надеваше
дека ќе успеат да го совладаат пред на
светот да му се отркови какво чудовишно нешто се беше ослободило. Како
што се згуснуваа сенките, мештаните почнаа да се прибираат за дома, нетрпеливи
да се заклучат в куќи и покрај постоечкиот доказ дека човечки брави и катанци се безкорисни пред силата која можеше да витка дрвја
и да руши куќи кога ќе ѝ се посака. Ги затресоа главите на планот на
посетителите да чуваат стража крај урнатините на домот на Фрајеви до долината и
како што си одеа, не се надеваа многу дека некогаш пак ќе ги видат чуварите.
Таа вечер имаше грмења под ридовите и жалосните козодојки заканувачки свиреа.
Одвреме-навреме ветер, косејќи од Колд Спринг Глин, ќе донесеше трага на
неподнослива реа низ вечерниот воздух; реа каква што сите тројца чувари и претходно ја имаа помирисано, додека
стоеа над мртвото нешто што петнаесет и пол години се беше претставувало
како
човечко суштество. Но бараната стравотија не се појави. Што и да имаше
долу во долината, трпеливо чекаше и Армитиџ им рече
на колегите дека би било самоубиство да се обидат и да го нападнат во мракот.
Утрото бледо пристигна и ноќните звуци прекинаа. Беше сив, тмурен ден, со повремени заросувања и сѐ потешки и потешки облаци како да се трупаа
далеку зад ридовите на
северо-запад. Дојденците од Аркам
не можеа да одлучат што да прават. Барајќи прибежиште од сѐ посилните врнежи под една од неколкуте неуништени градби на имотот на Фрајеви, дебатираа помеѓу мудроста
на трпеливоста или преземање офанзива и слегување во
долината во потрага по нивниот безимен,
чудовишен плен. Поројот сѐ повеќе отежнуваше и далечни татнења на
громови се гласеа од недогледни хоризонти. Реки од светкавици блескаа и една рогата молња блесна некаде во близина како да се
спушташе во самата проклета
долина. Небото силно се замрачи и чуварите се надеваа дека бурата ќе е кратка и остра и проследена со ведро време.
Сеуште беше одвратно темно кога, по не покасно од
час, збунета врева од гласови се огласи од патот. За неколку моменти се покажа преплашена група од повеќе од дузина мажи кои трчаа, викаа и дури и хистерично
цимолеа. Некој однапред почна да липа зборови и дојденците од Аркам силно се вџашија штом зборовите зазедоа разбирлива форма.
„Господи Боже, Господи Боже," крекна нечиј
глас. „Пак зеде да војва и то денски овој пат! Таму е, таму е ене го се рашетува и само Госпо знај кога че нѐ
наваса и нас!"
Говорителот замолче
збивтајќи, но друг ја подзеде пораката.
„Прет еден сат Зеб
Вејтли го слушна телефоно дека му ѕвони и било Кори, жената му на Џорџ, шо живеј подолу кај разделницана.
Вели дека Лутер аргатчено ги прибирал кравите от бурата после ровјето, кога наеднаш сите дрвја ги видел кај шо се витка’ по
устината на долината – на
спротивната страна одовде – и ја
помирисал истата страшна миризба, 'ко ко' ги најде тие големите
траги минатио понеделник. И вели дека рекол дека слушнал звук ’ко некое фрчејне и шлапајне, погласен от шо било виткајнето на дрвјето и
грмушките и наеднаш дрвјето крај пато почнале да се навалува' на една страна и имало ужасно тупотејне и плискајне во калта. Ама па Лутер па не видел ништо туку само свитканите дрвја и грмушки.
Тогаш напрет кај шо се спушта Бишоп Брук пот пато, слушнал страшно крцкајне и нишајне на мосто и вели дека
можел да ги слушни дрвјата кај шо пукале и кај шо се расцепувале. И цело време ништо не можел
да види, само дрвјата и грмушките кај што се
витка'.
И ко се оддалечило фрчејнето – накај Вејтли вештеро и Сентинел Хил –
Лутер се престрашил некако и пошол кај шо го слушнал прво виткањето за да ја види земјата. Сето било калојни и вода и небото било темно и дождо сите траги ги имал однесено, но кај устието на долината, кај шо се мрдале дрвјата, пак имало од тие страшните цапалки колку една бочва ко шо ги видел и во понеделнико."
Тука првиот возбуден говорител се вмеша.
„Ама не ни е сега
то маката – така само почна. Зеб
почна да се јавува по кујчи и сите слушаја и
наеднаш дојде повик откај Сет Бишоп. Чистачката Сали
беше сета побудалена – само шо
ги видела дрвата кај шо се витка' крај пато и рече дека имало некој звук 'ко шлапотејне, 'ко некој слон да бревтал и да тупотел и да одел
накај кујчата. Тогаш наеднаш спомна
неко' страшна миризба и рече дека син је Шонси зел да вришти, оти била истата миризба 'ко шо ја помирисал кај урнатините на Вејтлиевци сабајлето во понеделнико. А и кучината цело време саде лаеле и квичеле.
И тогаш с'издра
и
рече дека шупата подолу кај пато се срушила ко бурата да ја однесла, само шо ветро не бил доволно силен за да ја турни. Сите слушафме и многумина се
слушаја на линија
кај шо брефта'. И от нигде-никаде Сали пак свика и рече дека оградата од
дворо само шо се срушила, ама не се
видело от шо. Тогаш сите на линија ги слушнафме и Шонси
и старио Сет Бишоп кај шо вика', а Сали врескаше дека нешто тешко ја удрило кујчата – не некој гром или нешто, туку нешто тешко од напред и цело време 'ко да земало засил и да се удирало ф кујча,
а ништо не можеле да вида' од предните пенџерина. И
тогаш... и тогаш..."
Линии на страв се продлабочија на сечие лице и Армитиџ и самиот потресен, едвај си дојде на себе за да го допраша говорителот.
„И тогаш... Сали врисна, „Помагајте лујџе кујчата ни се руши" и на телефон се слушаше страшно кршење и еден
куп
врисоци... исто 'ко от кај
Фрајовци шо се слушаше тогаш, ама бетар..."
Човекот престана и друг од толпата прозборе.
„И толку беше – не се слушна ни звук ни глас отпосле. Само така, тишина. Тие шо слушавме зедовме
коли и приколки и се собравме колку шо можефме појче мажи кај Кори и одма дојдофме овде кај вас за да ни кажите шо да прајме. Ама јас пак че речам дека ова е некоја Божја казна заради толку шо имаме грешено и никој чоек не мож' да не спаси."
Армитиџ виде дека беше дошло време за неодложна
акција и одлучно им прозборе на колебливата група
исплашени селани.
„Момци, мора да
го следиме." Гласот си го направи
колку што можеше поуспокојувачки. „Мислам дека има шанса да му дојдеме до ак. Вие знаете дека
Вејтлиеви беа волшебници – така, ова нешто
е волшебничко масло и мора на ист начин и да се сопре. Го видов дневникот на Вилбур Вејтли и
прочитав некои од чудните стари книги кои тој ги имаше
читано и мислам дека ја знам правилната вражба што треба да се изговори за да го истерам. Се разбира, не можам да сум сигурен, но можеме да се
обидеме. Невидливо е – знаев дека ќе биде – но во прскалицава има прав што може
да го открие накратко. Подоцна ќе пробаме.
Ужасно е што го имаме да ни се шета, но не е
поужасно од она што Вилбур сакаше да ослободи ако поживееше уште малку. Никогаш
нема да дознаете од што се спаси светов. Сега треба само со ова да се справиме,
а и не може да се размножува. Но сепак може да направи голема штета, па мора
уште веднаш да ја
ослободиме околијата од него.
Мора да го следиме – и треба да почнеме со тоа што
ќе појдеме до местото што штотуку беше разрушено. Нека оди некој напред – не ви
ги знам добро патиштата, но чинам има некој скратен пат низ нивјето. Што
велите?"
Мажите се размрдаа за момент и Ерл Соер тивко
прозборе, покажувајќи со нечистиот прст низ дождот кој полека запираше.
„Ами вака, до
имото на Сет Бишоп најбрзо мож’ да се стаса одонаму, преку долнана мејџа, да го прегазиме
потоко долу кај шо е поплиток и да се искачиме низ гумното на Кариер до
дрварницата. Така ч'излезиме на горнио пат и че сме одма до кујќата на Сет – малце само от другата страна."
Армитиџ, со Рајс и Морган, тргнаа во тој правец и повеќето од селаните бавно тргнаа по нив. Небото се осветлуваше и имаше
знаци дека бурата се има истрошено. Кога Армитиџ
по грешка тргна во погрешниот пат, Џо Озборн го предупреди и тргна пред него за
да го води. Храброста и самодовербата почнаа да растат, но самракот на скоро
вертикалниот горски рид кој лежеше при крајот
на скратениот пат и помеѓу чии
фантастично древни дрва по кои мораа да се
пентерат
како по скала,
значително им ги искуши и обете особини.
Најпосле излегоа на калливиот пат и го видоа сонцето како се издига. Беа
малку погоре од фармата на Сет Бишоп, но свитканите дрва и ужасните
непогрешливи траги покажуваа што беше поминало. Само неколку моменти беа
потрошени во разгледување на рушевините веднаш
после
свиокот. Исто беше како случката кај
Фрајеви и ни живо ни мртво не можеше да се најде во срушените чаури кои порано беа куќата и
шталата на Бишопови. На никој не му се остануваше таму среде смрдеата и катранеста лепливост и
сите инстинктивно се свртеа кон линијата на ужасни стапки кои водеа кон
срушената фарма на Вејтли и со олтари
крунисаните падини на Сентинел Хил.
Кога мажите поминаа крај живеалиштето на Вилбур
Вејтли видливо се стресоа и ревноста како повторно да им се помеша со колебливост. Не беше шега да се следи
нешто што беше големо колку една куќа и што не можеше да се види, а што поседуваше
безмилосрдна злокобност како демон. Надвор од
подножјето на Сентинел Хил трагите се одделуваа од патот и имаше свежо виткање
и нагазување видливо долж широкиот
откос кој го обележуваше стариот пат на чудовиштето од и до врвот.
Армитиџ извади еден мошне моќен џебен телескоп и ја прочешла стрмната
зелена страна на ридот. Потоа му го подаде инструментот на Морган, чиј вид беше
поостар. По кратко гледање Морган нагло извика, подавајќи му ја дулбијата на Ерл
Соер и покажувајќи со прстот кон едно место на падината. Соер, несмасен како и
сите оние кои не користат оптички направи, малку се збуни;
но со помош на Артмитраж најпосле успеа да ги фокусира леќите. Кога го стори
ова, врисокот му беше поразуздан од
оној на Морган.
„Господи Боже, тревата и грмушките се мрда'! Се качува, полека, се влечи, онаму накај врво' токму
сега, Госпо знај шо сака да напрај!"
И тогаш вирус на паника почна да се шири помеѓу трагачите. Едно беше да го бркаат безимениот ентитет, но сосема друго да го најдат. Маѓиите можеби ќе помогнат – но што ако не помогнат? Гласови
почнаа да го испрашуваат Армитиџ за тоа што точно знае за створот и ниеден одговор како да не беше
задоволителен. Секој како да се чувствуваше во непосредна близина на фази на
природа и постоење кои се крајно забранети
и се надвор од сите разумни доживувања на човештвото.
X
Најпосле, тројцата од Аркам – стариот, белобрад
д-р Армитиџ, крупниот, сед
професор Рајс и виткиот, младолик д-р Морган, почнаа сами да се качуваат по планината. По долго и трпеливо објаснување за фокусирањето и употребата, го оставија
телескопот со исплашената група што остана на патот; и додека се качуваа беа
будно гледани од оние низ чиишто раце се подаваше
дулбијата.
Патеката не беше лесна за одење и на Армитиџ
мораше на неколку наврати да му се
помогне.
Високо над групата прусачи, големиот
откос трепереше додека неговиот пеколниот создавач повторно врвеше низ него со намерност на полжав. Тогаш стана
очигледно дека гонителите го стигнуваат.
Куртис Вејтли – од непропаднатата гранка – го
држеше телескопот кога трупата од Аркам остро скршна од откосот. Ѝ кажа на толпата дека групата очигледно се обидува да стигне до понискиот
врв којшто гледаше кон едно место на
откосот коешто беше
значително понапред од онаму каде што вегетацијата се виткаше во моментот. Се
покажа дека навистина е така, па ја видоа трупата како се искачува по малото издигнување, мошне брзо по поминувањето на невидливото богохулие.
Тогаш Весли Кори, кој ја имаше земено дулбијата, извика дека Армитиџ го
прилагодува прскачот кој беше во
рацете на Рајс и дека сигурно ќе се случи нешто. Толпата вознемирено се
раздвижи, споменувајќи си дека
прскачот требаше да му даде привремена видливост на невидениот ужас. Два-тројца
си ги затворија очите, но Куртис Вејтли го грабна телескопот и ги напна очите
колку што можеше повеќе. Виде дека Рајс, од местото каде што се наоѓаше трупата над и
позади ентитетот има одлична шанса со
исклучителна ефикасност да ја распрска моќната прав.
Оние без телескопот видоа само миговен блесок на сив облак – облак со големина на
средно голема зграда – близу врвот на планината. Куртис, кој го држеше инструментот, со
увопарателен врисок го испушти во до глужд длабоката кал на патот. Се залула и ќе треснеше наземи да не го фатеа и придржеа два-тројца од останатите. Можеше само полугласно да
стенка.
„Боже Господе.... какво... какво....“
Изби сколободија од прашања и само на Хенри Вилер
му текна да го спаси паднатиот телескоп и да го избрише од калта. Од Куртис
веќе не доаѓаше ништо разбирливо и дури и единични одговори му беа премногу за да може да ги склопи.
„Поголемо од штала... сето од распретани јажина...
сето има неко' форма 'ко
кокошкино јајце, поголемо од сѐ и со дузини нозе 'ко бочви шо до полојна пропајџа' ко че гази... нема никаква цврстина... целото е такво 'ко пача... напраено
од
одделни распретани јажина стегнати едно до
друго... сето со големи вбрекнати очи...
десет или двајсе устишта
или сурли му стрча' од по страните, големи колку бори' и целите се превртува' и
пра' отвори-затвори... целото сиво, со некој плави или виолетови
прстени... и Боже Господе – полу-лицето
одозгора!“
Ова последно
присеќавање, што и да
беше, беше премногу за кутриот Куритс, па се ничкоса пред може да се доискаже.
Фред Фар и Вил Хачинс го однесоа до работ на патот и го положија врз влажната трева. Хенри Вилер, тресејќи се, го
впери спасениот телескоп кон планината, за да види
што ќе може. Низ леќите воочливи беа три
ситни фигури кои очевидно трчаа кон
врвот брзо колку што им даваше
наслонот. Само нив – ништо друго. Тогаш сите увидоа некоја чудна, несезонска врева од
длабоката долина под нив и дури и од дрмата на Сентинел Хил. Беше свирење на неброени жалосни
козодојки и во нивниот пискав
хор како да тлееше нота на напнато и злобно исчекување.
Ерл Соер тогаш
го
зеде телескопот и соопшти дека трите фигури стојат на највискоиот раб, на исто
ниво со олтарскиот камен, но на
извесно растојание од него. Една фигура, рече, како да ги крева рацете над
главата во ритмички интервали и како што Соер ја спомена оваа околност, толпата како да чу некој слаб,
полу-музички звук од далечината, како гласно баење да ги придружува гестовите. Чудните силуети на тој далечен капец сигурно претставуваа бескрајно грозоморен и
импресивен спектакал, но ниту еден од набљудувачите не беше расположен за
естетско вреднување на сцената.
„Че да ја кажува вражбата“, прошепоти Вилер грабнувајќи го телескопот. Жалосните козодојки
побеснато свиреа; и тоа во своеобразно несекојдневен и неправилен
ритам кој не одговараше на видливиот
ритуал.
Наеднаш сончевата светлина како да се намали и
покрај отсуството на секаков воочлив облак. Беше многу чуден феномен и сите јасно го воочија.
Некое грмење како да клокотеше од под ридовите, измешано на чуден начин со
согласно грмење кое јасно доаѓаше од небото. Блесна молња во воздухот и збунетата толпа залудно гледаше да најде некој предзнак на бура. Баењето на дојдениците од Аркам
сега стана непогрешливо и Вилер
низ дулбијата виде дека сите ги креваат рацете во ритмичка вражба. Од
некоја далечна фарма се дочуја избезумените лаежи на кучиња.
Промената на особеноста на дневната светлина се засили и
толпата зачудено се распули по хоризонтот. Виолетова темнина, вродена единствено од призрачното продлабочување на синоста на небото, ги притисна разгрмените ридови. Тогаш повторно светна
молњата, малку посветло од претходно и на толпата и се пристори како да откри некоја магливост околу олтарскиот камен во далечната височина. Меѓутоа
во тој момент никој не го користеше телескопот. Жалосните козодојки продолжија
со неправилното пулсирање и луѓето од Данвич напнато се подготвија за некоја несмислена закана којашто
ја електризираше атмосферата.
Без предупредување се слушнаа тие длабоки,
распукани, крескави гласовни звуци коишто никогаш нема да им излезат од сеќавањето на потресената група која ги чу. Не ги беше вродил
човечки грклан, бидејќи човечките органи не можат да оддадат такви акустични
перверзии. Повеќе ќе речеше човек дека дошле од самата јама, да не им беше изворот толку непогрешливо од олтарскиот камен на врвот. Скоро и е неточно да се наречат звуци, бидејќи најголемиот дел од нивниот
грозоморен, инфрабасов тон беше регистриран од затскриени седишта на свеста и ужасот далеку
почувствителни од увото; но мора така да се наречат, бидејќи формата сепак и
покрај неодреденоста, неспорно им беше
онаа на полуартикулирани зборови. Беа гласни, гласни
колку грмењата и громовите над коишто одекнуваа – но не доаѓаа од никакво видливо суштество. И бидејќи фантазијата може да укаже на хипотетички извор од светот на невидените
нешта, збраната толпа на планинското подножје ушто повеќе се збра и се згрчи
како да очекува удар.
„Јгнаиих...
јгнаиих... тфлтк'нгха...
Јог-Сотот...“ се разѕуни одвратното вонвселенски гракање. „Ј'бтнк... х'еје – н’гркдл'лх...“
Говорниот поттик тука замре, како некоја страшна
ментална борба да се случуваше. Хенри Вилер ги напна очите низ телескопот, но ги виде само трите гротескно оцртани човечки фигури на врвот како сите бесно ги придвижуваат рацете во чудни гестови додека нивната вражба се ближеше до кулминација. Од какви црни
бунари на акеронски стравови или чувства, од какви неиздлабени бездни на надкосмичка свест или
замрачена, долгозаспана наследност ли извираа тие полуартикулирани громогласни
крекања? Одеднаш започнаа повторно да се засилуваат и избиструваат додека се креваа до чиста, крајна, врвна избезуменост.
„Е-ја-ја-ја-јахаа – е'јајајајаааа... нгх'ааааа...
нгх'аааа... х'јух... х'јух... ПОМОШ! ПОМОШ! Тт – тт – тт – ТАТКО! ТАТКО! ЈОГ-СОТОТ!...“
Но тоа беше
сѐ. Пребледената група на патот, сеуште обезумена од неспорно
англиските слогови кои густо и громогласно се беа истуриле од избезумената
празнина крај шокантниот олтарски
камен,
веќе никогаш не чу такви слогови. Наместо тоа, остро срипаа од страшниот
разглас кој како да ги параше ридовите; тоа заглушувачко,
катаклизминко ечење, чиј
извор, било земја
или небо, никој од слушачите не можеше да го одреди. Осамена молскавица светна од виолетовиот зенит
до олтарскиот камен и
голем прилив на негледна сила и неопислива смрдеа се разлеа од ридот низ целата
област. Дрвата, тревата и дрмата бесно се расшвркаа лево-десно и
исплашената толпа на подножјето на планината ослабена од смртоносната реа којашто за малку ќе ги задушеше, беше скоро покосена наземи. Кучиња виеја од далечините, зелените
треви и лисја овенаа до некаква,
болежливо жолто-сива боја
и низ полето и шумата беа раштркани телата на мртви
жалосни козодојки.
Смрдеата бргу помина, но зеленилото никогаш не се
опорави. До ден денес има нешто спреливо и
несвето во тревите на и околу стравотниот рид. Куртис Вејтли штотуку се имаше освестено, кога дојденците од Аркам бавно слегоа од
планината, заедно со зраците од повторно сјајната и неизвалкана сончева
светлина. Беа сериозни и тивки и личеа како да се потресени од сеќавања и восприемања уште поужасни од оние кои ја беа довеле групата на мештани до состојба
на ангелосано цимолкање. Како одговор
на поројот прашања само занишаа со главите и потврдија еден суштествен факт.
„Си замина засекогаш,“ рече Армитиџ. „Се подели на она од што изворно потекнуваше и веќе не може да постои. Беше невозможност за еден нормален свет. Само
најмалиот дел му беше
материја во онаа смисла којашто нас ни е позната. Беше како татка си – и поголемиот дел си замина кај него во некое
неодредено царство или димензија надвор од нашиот материјален универзум;
некој неодреден понор од каде што само најклетите обреди на човечко богохулие
можеа за момент да го повикаат на
ридовите.“
Имаше кратка тишина и во паузата збрканите сетила на кутриот Куртис Вејтли
започнаа да се сплетуваат во некава полуповрзаност;
па ги стави рацете на главата и застенка. Сеќавањата му се враќаа на местата од каде што му се имаа изместено и ужасот од глетката којашто го беше
спружила
повторно му се излеа.
„Господи,
Господи, полу-лицето –полу-лицето одозгора... лицето со црвени очи и раштркана албино коса и без брада, исто 'ко Вејтлиевци... беше нешто ’ко октопот , стоногалка, 'ко пајак, ама имаше полуоформено чоечко
лице одозгора и личеше
на Вејтли вештеро само шо беше к'изнај колку јарди широко...“
Исцрпено запре, додека целата група на мештани
зјапаше со изглед на счудовиденост сеуште недоизбистрена во свеж терор. Само стариот Зебулон Вејтли кој
повремено се сеќаваше на древни работи, но кој дотогаш беше тивок, прозборе.
„Прет петнајсе години,“ се расприкажа, „го слушнаф старио Вејтли кај шо вели дека некој ден че сне го слушнеле малото на Лавинче кај шо си го вика
татко му на врво
на Сентинел
Хил...“
Но Џо Озборн го прекина за одново да ги распраша дојденците од Аркам.
„А шо испадна дека е на крајо' и како успеј помалио вештер Вејтли да го викни од небо откај шо дојде?“
Армитиџ внимателно ги одбра зборовите.
„Беше – па, во
главно беше сила којашто не припаѓа во нашиот дел од вселената; сила која
се однесува и расне и се обликува според
други закони од оние на нашата природа. Си немаме работа да повикуваме такви нешта однадвор и само
најлошите луѓе и најлошите култови пробуваат. И
Вилбур Вејтли имаше во себе дел од истото – доволно за да стане ѓавол и
ранозрејно чудовиште и за да му ја претвори смртта во ужасна глетка. Ќе му го изгорам проклетиот дневник, а вие
ако имате ум со динамит ќе го разнесете олтарскиот
камен
онаму горе и ќе ги турнете сите прстени од камења на другите ридови. Такви
нешта ги донесоа битијата кои им беа толку мили на Вејтлиеви – битијата коишто
сакаа отелотворени да ги пропуштат за да ја избришат човечката раса и да ја
одвлечат земјата до некое безимено место за некоја безимена цел.
Но ова што денес го
вративме – Вејтлиеви го спремаа за да
игра ужасна улога во збиднувањата што требаше да следат. Растеше толку од истата причина поради којашто и Вилбур растеше толку – но го превтаса
бидејќи во себе имаше поголем дел од надворешноста.
Не мора да прашувате како Вилбур го повика од небото. Не го повика. Му беше брат близнак, но многу повеќе личеше на татко си.“