Дрвото - Полиграматон

Дрвото

„Fata viam invenient.“


Врз една раззелената падина на планината Меналон, во Аркадија, има маслинов шумјак којшто расте околу рушевините на една вила. Наблизу има гробница, на времето прекрасна со најкибарни скулптури, но сега навасана од истиот гнилеж како и куќата. На едниот крај на таа гробница, со своевидни корени кои ги разместуваат од време исфлеканите блокови пентелички мермер, расте едно неприродно големо маслиново дрво со несекојдневно одбивен облик; толку налик на гротескен човек или смртоизвитоперено човечко тело, што на народот од по селата му е страв да помине крај него навечер кога месечината бледо му сјае низ искривените ветки. Планината Меналон е избраното врталиште на фрасниот Пан, чии настрани придружници се едночудо, и простите селанчиња веруваат дека дрвото сигурно има некоја одвратна сродност со овие бизарни пановци; но еден стар пчелар кој живее во соседната куќарка ми раскажа поинаква приказна.

Пред многу години, кога вилата на ридската косина била нова и велелепна, во неа домувале двајцата скулптори Калос и Мусид. Од Лидија до Неапол била фалена убавината на нивните дела и никој не се осмелувал да рече дека едниот го надмашувал другиот во вештина. Статуата на Хермес на Калос била поставена во мермерно светилиште во Коринт, а статуата на Палант на Мусид крунисувала столб во Атина, близу Партенонот. Сите им правеле метании на Калос и Мусид и се чуделе како ни најмала сенка на уметничка љубомора не ја имала разладено топлината на нивното побратимство.

Но, иако Калос и Мусид домувале во ненарушена хармонија, наравите не им биле исти. Додека Мусид навечер пирувал среде градските веселништва во Тегеја, Калос седел дома; повлекувајќи се од погледот на робовите во ладните ниши на маслиновиот шумјак. Таму тонел во привиденијата коишто му го исполнувале умот и таму ги смислувал личните облици кои потоа биле обесмртени во мермер пол со џан. Впрочем, меѓу портарите се велело дека Калос чинел муабет со духовите на шумјакот и дека статуите биле саде прикази на фауните и дријадите кои таму ги среќавал - зашто никогаш не ги изработувал делата според живи модели.

Толку биле Калос и Мусид познати, што никој не се зачудил кога Тиранот од Сиракуза им испратил елечии да зборуваат за скапоцената статуа на Тиха којашто ја наумил за во градот. Огромна во големина и очиклена во мајсторлук морало да е статуата, зашто требало да е за народите чудо, а за патниците одредиште. Уважен од мерата надвор ќе бил оној чиј труд ќе е прифатен, па за ваквата чест биле поканети да се натпреваруваат Калос и Мусид. Братската љубов им била надалеку прочуена, па лукавиот Тиран претположил дека едниот, наместо да ја крие работата од другиот, ќе му понуди помош и совет; и оваа добротворност ќе произведе два прикази со невидена убавина, од коишто поличниот би ги засенил дури и соништата на поетите.

Радосни, скулпторите со мерак ја прифатиле понудата на Тиранот, па во деновите што следеле робовите им ги слушале непрестајните удари на длетата. Не си го криеле еден од друг Калос и Мусид сработеното, но глетката била само за нив двајца. Освен нивните, ничии други очи ги немале опулено двете божествени фигури со вешти удари ослободени од грубите блокови во коишто биле заточени уште од почетокот на светот.

Навечер, како и во дамнина, Мусид фаќал по салите за гозби во Тегеја, додека Калос талкал сам низ маслиновиот шумјак. Но како што врвело време, луѓето забележале кусок на веселништво кај дотогаш жизнерадосниот Мусид. Чудно било, си велеле меѓусебе, да таква нерасположеност го налегне некој кој има толку голема шанса да ја освои највозвишената награда во уметноста. Минеле месеци, а во скиселеното лице на Мусид не се појавило ни ронка од жестокото исчекување коешто околноста требало да го поттикне.

Потоа еден ден Мусид раскажал за болеста на Калос, по што веќе никој не му се чудел на тагата, зашто се знаело дека приврзаноста меѓу скулпторите е длабока и света. Следбено на тоа многумина отишле да го посетат Калос и навистина му го забележале бледилото на лицето; но тој самиот пројавувал некакво среќно спокојство коешто му го правело погледот помагичен од погледот на Мусид - кој очевидно бил саштисан од растревоженост и кој сите робови ги кошкал настрана од желност да со свои раце го храни и му прави измет на пријателот. Скриени зад дебели завеси стоеле двете незавршени фигури на Тиха, едвај гибнати во последно време од болниот и неговиот верен негувател.

Како што Калос необјасниво станувал сѐ послаб и послаб и покрај екимисувањето на зачудените лекари и неговиот прилежен пријател, често посакувал да го носат до шумјакот кој толку го милувал. Таму, барал да го остават насамо, небаре сака да зборува со невидени нешта. Мусид секојпат му ги исполнувал барањата, макар што очите му се полнеле со видливи солзи од помислата дека Калос повеќе бере гајле за фауните и дријадите одошто за него. Најпосле крајот бил на повидок и Калос фатил да говори за нешта од отаде свет. Мусид, липајќи, му ветил костурница полична од гробницата на Мавзол; но Калос го замолил да не му зборува веќе за мермерни салтанати. Само една желба го опседнувала сега умот на скулпторот пред умирање; да гранчиња од извесни маслинови дрва од шумјакот бидат закопани крај неговото вечно почивалиште - близу главата. И една вечер, седејќи сам во темнината на маслиновиот шумјак, Калос умрел.

Убава од мерата надвор била мермерната костурница којашто скршениот Мусид ја изрезбарил за саканиот пријател. Никој настрана од самиот Калос не ќе можел да изработи такви барелјефи, кај што биле прикажани сите величенствености на Елисеј. Ниту пак изумил Мусид да ги закопа близу главата на Калос маслиновите гранчиња од шумјакот.

Како што првичната жестина на жалоста на Мусид се претопувала во помир, вредно и трудно работел на фигурата на Тиха. Сета чест сега била негова, зашто Тиранот од Сиракуза не сакал ни да чуе за работата на други, освен за неговата или на Калос. Преку задачата, успеал да си ги стиши чувствувањата, па секој ден ‘рмбал сѐ повредно, бегајќи од веселништвата коишто на времето му беа биле наслада. Во меѓувреме квечерините ги минувал крај гробницата на пријателот, каде што младо маслиново дрвце беше изникнало близу главата на заспаниот. Толку бил пргав растот на тоа дрво и толку чуден му бил обликот, што сите што ќе му се опулеле изненадено воскликнувале; а Мусид, пак, се чинело како истовремено да е ем воодушевен ем одбиен.

Три години по смртта на Калос, Мусид испратил гласник до Тиранот и во агората во Тегеја се расшепотило дека баш-статуата е готова. Дотогаш дрвото крај гробницата достигнало неверојатен размер, надмашувајќи ги сите други сродни дрвја и пуштајќи една своеобразно тешка гранка над живеалиштето каде што Мусид трудно работел. Колку посетители доаѓале да ѝ се восхитуваат на уметноста на скулпторот, толку доаѓале и за да го погледнат грамадното дрво, па Мусид ретко кога бил насамо. Но мноштвото гости не му пречело; впрочем, како да стравувал да е сам сега кога завршил со занесната работа. Тмурниот планински ветер, воздивнувајќи низ маслиновиот честак и гробничарското дрво, имал некоја необјаснива навика да прави донекаде приемчиви звуци.

Небото било мрачно квечерината кога емисарите на Тиранот дошле во Тегеја. Со сигурност се знаело дека се дојдени да го одведат великиот приказ на Тиха и да му донесат вечна чест на Мусид, па приемот кај проксените им бил мошне срдечен. Како што врвела ноќта, бура со насилни ветришта избила над сртот на Меналон и на луѓето од далечната Сиракуза им било мило што се повиени на топло во паланката. Зборувале за нивниот виден Тиран, и за велелепноста на неговата престолнина; и ликувале на славата на статуата која Мусид ја беше изнедрил за него. А потоа луѓето од Тегеја зборувале за добрината на Мусид и за длабоката му жалост за пријателот; и за тоа како ни претстојниот ловоров лист на уметноста не можел да го утеши наспроти отсуството на Калос, којшто можеби место него ќе се закител со тој лист. За дрвото коешто растело крај гробницата, близу главата на Калос, исто така зборувале. Ветерот уште поужасно вриштел, па и Сиракузијците и Аркадијците му се молеле на Еол.

Со утринската сончевина проксените ги одвеле гласниците на Тиранот по падината до домовината на скулпторот, но ноќниот ветер беше сторил чудна работа. Робовски плач се кревал од пустошната сцена и среде маслиновиот шумјак веќе не се издигале светкавите колонади на масивниот двор кај што Мусид беше сонувал и ‘рмбал. Осамени и потресени жалеле скромните дворишта и долни ѕидови, зашто врз помпезниот главен перистил право и тешко беше паднала надвиснатата ветка на новото чудно дрво, а во чудна потполност сотирајќи ј отмената мермерна поема до куп грдомазни рушевини. Туѓинците и Тегејците се вџашиле, гледајќи де во кршот де во големото, зловесно дрво чијашто појава била толку бизарно човечка и чиишто корени толку настрано достигале до скулптурисаната костурница на Калос. А стравот и увиленоста им пораснале кога го пребарале срушеното живеалиште; зашто од нежниот Мусид и од чудесно изработениот приказ на Тиха, не можело да се пронајде ни трага. Саде хаос царувал среде сиот тој импозантен пустош и претставниците на два градови си заминале разочарани; Сиракузијците одошто немаат статуа да однесат за дома, Тегејците одошто немаат уметник да крунисаат. Меѓутоа, Сиракузијците по некое време се здобиле со една мошне велелепна статуа од Атина, а Тегејците се утешиле кревајќи во агората мермерен храм кој ги одбележувал дарбите, доблестите и братонаклонетоста на Мусид.

Но маслиновиот шумјак уште е таму, а и дрвото коешто расте од гробницата на Калос, и стариот пчелар ми рече дека понекогаш ветките си шепотат меѓу себе на ноќниот ветер, непрестајно повторувајќи, „Οἶδα! Οἶδα! - Знам! Знам!“