За настаните што се случија во рудникот „Нортон“ на 18 и 19 октомври 1894, не сум желен да зборувам. Извесно чувство на должност кон науката е единственото нешто што ме поттикнува да, во овие последни години од животта, се потсетам на сцени и случувања обременети од уплав којшто е двојно поостар одошто не можам во целост да го определам. Но, чинам дека пред да умрам треба да го раскажам она што го знам за - па, да речеме, преминот - на Хуан Ромеро.
Моето име и потекло не мора да им се открива на идните поколенија, всушност, чинам и дека е поарно ако не им се открие, зашто кога човек од нигде никаде ќе се пресели во Америка или во колониите, си го остава минатото зад себе. Освен тоа, она што бев на времето воопшто не е значајно за мојов расказ; освен фактот што додека служев во Индија повеќе се вклопував меѓу белобрадите домородни учители одошто меѓу моите офицери побратими. Немалку имав длабено во несекојдневни источни преданија кога бев навасан од аловите коишто ми го изнедрија новиот живот во масивниот запад на Америка - живот во којшто увидов дека е паметно да си ставам име - сегашното - што е доста често и не содржи никакво значење.
Во летото и есента во 1892 домував во потиштените пространства на Кактус Планина, вработен како аргат во прославениот рудник „Нортон“; чиешто откривање од страна на еден престарен трагач по злато пред неколку години го беше претворило околниот предел од скоро обезлуѓена пустелија во превриен котел на скотски живот. Пештера со злато спрострена длабоко под едно планинско езеро, го беше обогатила нејзиниот сед откривач од мерата надвор и сега беше седиште на обемни ископни операции од страна на корпорацијата на којашто најпосле ѝ беше била продадена. Пронајдени беа додатни шуплини и приносот на жолт метал беше прекумерно голем; поради што велика и разнородна војска рудари и дење и ноќе ‘рмбаа низ многубројните премини и карпести ископини. Надзорникот, г-дин Артур, често расправаше за своеобразноста на месните геолошки формации; умувајќи за можните размери на синџирот на пештери и проценувајќи ја иднината на титанскиот рударски потфат. Златоносните каверни ги сметаше за происход на дејството на водата и чинеше дека наскоро ќе се разотвори и последната од нив.
Не многу долго по моето пристигање и вработување бидна да Хуан Ромеро дојде во рудникот „Нортон“. Како дел од големо стадо несредени Мексиканци привлечени дотаму од соседната земја, отпрво привлекуваше внимание само поради ликата; којашто иако очевидно беше од типот на црвените Индијанци, сепак беше бележита поради светлата боја и префинетиот строеж и одошто не беше ни приближно слична со онаа на просечниот немиен Мексиканец или Пајут од месноста. Своевидно е тоа што иако толку силно се разликуваше од купот хиспанизирани или племенски Индијанци, Ромеро не оставаше ни најмал впечаток на човек со бело потекло. Не беше ликот на кастилијански „конквистадор“ или американски „пионер“, туку на древен и благороден Ацтек, она што мечтата ти го свикуваше пред очи кога тивкиот надничар ќе станеше во раните мугри и воодушевено ќе се испулеше кон сонцето кое ѕиркаше од зад источните ридови, испружувајќи ги притоа рацете кон куглата небаре во изведба на некој обред чија природа и тој самиот не ја сфаќаше. Но освен во лицето, Ромеро на никој друг начин не оставаше впечаток на благородништво. Неук и нечист, потполно се вклопуваше меѓу другите кафенокожни Мексиканци; одошто потекнуваше (како што потоа ми беше кажано) од најниска можна средина. Бил пронајден како дете во некоја самоделска планинска колиба, единствениот преживеан од епидемија којашто смртоносно беше промарширала низ местото. Недалеку од колибата, близу до некој мошне необичен расцеп во карпите, лежеле два костури, пресно соголени од мршојадци и веројатно ги претставувале единствените останки од неговите родители. Никој не можел да си го припомне нивниот идентитет и наскоро биле заборавени од мнозинството. Впрочем, сронувањето на колибата од керпич и затворањето на расцепот во карпите од страна на следбената лавина беше помогнало да самата сцена се истружи од општите спомени. Одгледан од некој мексикански крадец на добиток којшто му го беше дал името, Хуан саде малку се разликуваше од врсниците.
Приврзаноста којашто Ромеро ја пројави кон мене несомнено отпочна поради старинскиот и древен хиндуски прстен којшто го носев кога не бев зафатен со аргатлукот. За неговата природа и за начинот на којшто стигнав да го поседувам, не можам да зборувам. Беше последната врска со едно мое засекогаш затворено животно поглавје и го вардев како очите. Наскоро забележав дека и несекојдневноликиот Mексиканец исто така е заинтересиран; пулејќи му се со израз којшто ги протеруваше сите сомнежи за проста лакомштија. Ветвите хиероглифи како да му скориваа бледи спомени во нешколуваниот, но жив ум, иако немаше шанси да претходно има видено нешто слично на нив. Само неколку недели по неговото пришествие, Ромеро ми беше небаре најверен слуга; дури и покрај фактот што јас самиот бев најобичен рудар. Разговорите ни беа разбирливо ограничени. Тој знаеше само по некој збор англиски, а јас увидов дека мојот оксфордски шпански јазик е мошне поинаков од аргото на надничарот од Нова Шпанија.
Настанот којшто ќе го прераскажам беше непредвестен од долги претчувства. Иако Ромеро ме интересираше и иако мојот прстен сперливо му влијаеше, мислам дека ниту еден од нас немаше никакви очекувања за она што ќе следи кога беше активирана големата експлозија. Земањето предвид на извесни геолошки фактори беше наложило продолжување на рудникот право прудолу од најдлабокиот дел на подземниот простор; и убеденоста на надзорникот дека ќе се копа само низ карпи, беше довело до поставување на грамаден полнеж динамит. Со оваа работа Ромеро и јас не бевме поврзани, поради што нашето прво сознание за вонредните услови дојде од други. Полнежот, можеби посилен одошто било проценето, како цела планина да ја протресе. Прозорците на колипките на падината однадвор се распрснаа од потресот, а рударите од сите поблиски премини беа соборени на земја. Езерото Џуел, коешто се наоѓаше над сцената на дејствието, фати да се далгува небаре среде луња. При истрагата се воспостави дека нов понор зјае до бескрај под седиштето на експлозијата; толку чудовиштен понор што ниедно прирачно јаже не можеше да го размери ниту некаква ламба да го осветли. Обезглавени, ископувачите побараа средба со надзорникот, којшто нареди голема должина јаже да се однесе до јамата и да се надоврзува и спушта без престан додека не се открие некакво дно.
Набрзо потоа бледоликите работници му го дојавија неуспехот на надзорникот. Одлучно, макар со почит, го огласија одбивањето да повторно го посетат амбисот или воопшто да продолжат да работат во рудникот додека истиот не се запечати. Очевидно беа соочени со нешто надвор од нивно искуство, зашто колку што можеа да проценат, небиднината под нив беше бесконечна. Надзорникот не ги прекори. Наместо тоа, длабоко се задума и подготви мноштво планови за наредниот дел. Ноќната смена не појде да работи таа вечер.
Во два часот наутро на планината стушено почна да завива којот. Од некаде во копот залаја куче како во одговор; дали на којотот - или на нешто друго. Бура почна да се готви околу врвовите на планинскиот венец и бизарно обликувани облаци ужасно проитаа низ заматеното парче небесна светлина коешто го означуваше обидот на испапчената месечина да светне низ многуте слоеви циростратусни чуреи. Гласот на Ромеро, кој доаѓаше од леглото над мене, беше она што ме разбуди; глас возбуден и напнат во некакво нејасно исчекување коешто не можев да го разберам:
„Мадре де Диос! - Ел сонидо - есе сонидо - ојга устед! Ло оје устед? - Сењор, ЗВУКОТ!“
Слушав, прашувајќи се на кој звук мисли. Којотот, кучето, бурата, сите се слушаа; а последноименуваната сега придобиваше надмоќ како што ветерот сѐ понеобуздано и понеобуздано врискаше. Секавици се гледаа низ прозорците на бараката со леглата. Го распрашав растревожениот Мексиканец, повторувајќи ги звуците коишто го бев чул:
„Ел којоте? - Ел перо? - Ел вјенто?“
Но Ромеро не ми возврати. А потоа фати да шепоти небаре во стравопочит:
„Ел ритмо, сењор - ел ритмо де ла тјера - ТУПАЊЕТО ДОЛУ ВО ЗЕМЈАТА!“
И тогаш и јас го чув; го чув и затреперив без да знам зошто. Длабоко, длабоко, под мене се слушаше звук - ритам, баш како што кажа надничарот - којшто, иако прекумерно лек, сепак преовладуваше дури и над кучето, којотот и засилената луња. Да се проба да се опише би било залудно - зашто беше нешто за коешто е невозможно да има опис. Можеби наликуваше на пулсирањето на моторите во длабините на голем прекуокеански брод, онака како што би се почувствувало од палубата, но не беше толку механички; не беше толку лишен од елеменот на живот и свест. Од сите негови особини, далечноста под земјата ми остави најголем впечаток. Во умот ми нагрвалија одломки од пасус на Џозеф Гленвил, којшто По го има цитирано, постигајќи извонреден учинок -
„- масивноста, понорноста и непребарливоста на Неговите дела, кои во себе содржат длабина поголема од бунарот на Демокрит.“
Одеднаш, Ромеро срипа од леглото; запирајќи пред мене и пулејќи се во чудниот прстен што ми беше на рака и којшто настрано сјаеше при секоја секавица, а потоа напнато зјапајќи во правец на окното на рудникот. И јас станав и двајцата извесно време стоевме неподвижни, напрегајќи си ги ушите додека необјаснивиот ритам се чинеше како сè повеќе да придобива некоја животна особина. Тогаш, во отсуство на очевидна сопствена волја почнавме да се движиме кон вратата, чие ѕвечкање среде орканот содржеше некое утешно укажување на земна стварност. Баењето во длабините - зашто звукот сега се чинеше дека е такво нешто - растеше во јачина и јасност; и се почувствувавме неодоливо присилени да излеземе среде бурата и оттаму да тргнеме кон зјајнатата црнина на окното.
Живо суштество не сретнавме, зашто луѓето од ноќната смена беа ослободени од должност и несомнено беа во селиштето Драј Гулч, сипејќи зловесни гласини во ушите на некој поспан меанџија. Меѓутоа, од куќарката на чуварот светкаше мал квадрат жолта светлина како стражарско око. Притулено се запрашав како ритмичниот звук има повлијаено врз чуварот; но Ромеро сега се движеше помолскавично, па одев по него без да запирам.
Додека се спуштавме низ окното, звукот одоздола постана категорично многуделен. Ужасно ми се виде како некое ориентално чинодејство, со биење на тапани и баење на многу гласови. Како што знаеш, многу време имам поминато во Индија. Ромеро и јас се движевме без опиплива колебливост низ наноси и прудолу по скали; постојано кон нештото што нè привлекуваше, но постојано со кутар, беспомошен страв и неволност. Во еден момент ми се пристори како да имам полудено - ова беше кога, прашувајќи се како ли ни е осветлен патот во отсуство на ламба или свеќа, сфатив дека древниот прстен на прстот ми свети со морничава зрачност, разлевајќи анемична блескавост низ немливиот, запурен воздух наоколу.
Без никакво предупредување бидна да Ромеро, откако несмасно се симна по една од многуте самоделски скали, се вдаде да трча и ме остави сам. Некој нов и разуздан тон во удирањето на тапаните и баењето, за мене едвај забележлив, му беше подејствувал на вџасувачки начин; и со див вик, непредводен јуреше нанапред низ мрачнината на пештерата. Му ги слушав повеќекратните вриштења од пред мене, додека несмасно се препинаше по рамните места и лудо иташе прудолу по климавите скали. И макар преплашен, сепак имав зачувано доволно восприемачка моќ за да забележам дека говорот, кога беше разбирлив, не му беше од за мене познат тип. Груби, но впечатливи повеќесложни зборови ја имаа заменето вообичаената мешавина од лош шпански и уште полош англиски јазик, и од нив само често исповторениот извик „Уицилопочтли“ ми се чинеше до некаде познат. Подоцна, непорекливо го намерив тој збор во делата на еден познат историчар - и морници ми поминаа кога го направив поистоветувањето.
Разгорот на таа стравотна ноќ беше многуделен, но доста кус, започнувајќи баш кога стигнав до последната пештера од патувањето. Во темнината веднаш пред мене од Мексиканецот избувна последен врисок, кој беше придружен од таков хор распуштени звуци какви што веќе никогаш не би можел да чујам и да преживеам. Во тој миг ми се чинеше како сите скриени стравотии и чудовишности на земјата да беа постанале говороспособни во обид да го повасаат човечкиот род. Истовремено згасната беше и светлината од мојот прстен и видов како нова светлина зрачи од долните простори на само неколку чекори од мене. Бев стигнал до понорот, којшто сега беше црвеносјаен и кој очевидно го имаше проголтано несреќниот Ромеро. Придвижувајќи се нанапред, се опулив преку работ на тој амбис којшто ниедно јаже не можеше да го размери и којшто сега беше сколободија од треперлив пламен и одвратни викотници. На почетокот не гледав ништо освен превирлива светлосна матнина; но потоа облици, сите бесконечно далечни, почнаа да се одвојуваат од шашармата, и видов - Хуан Ромеро ли беше? - но Боже! Не се осмелувам да ти кажам што видов! … Некоја сила од небесата, доаѓајќи ми напомош, ги разгроми и глетката и звуците со таков тресок каков што можеби би се чул кога два универзуми се судираат во семирот. Последува хаос и го осетив мирот на заборавот.
Едвај знам како да продолжам, бидејќи вмешани се толку своеобразни околности; но ќе се потрудам, не обидувајќи се да разграничам измеѓу вистинитото и привидното. Кога се разбудив, си бев во леглото, на сигурно, а низ прозорецот се гледаше црвената светлост на зората. На извесно растојание, на маса лежеше безживотното тело на Хуан Ромеро, опкружено од група луѓе, вклучувајќи го и логорскиот доктор. Луѓето разговараа за чудната смрт на Мексиканецот додека бил легнат да спие; смрт која навидум на некој начин била поврзана со стравотниот гром којшто ја беше удрил и затресол планината. Не беше воочлив никаков непосреден причинител, а обдукцијата не успеа да покаже некаква причина зошто Ромеро не би бил жив. Одломки разговор непобитно укажуваа дека ниту Ромеро, ниту јас сме ја немале напуштено бараката со леглата во текот на ноќта; дека ниту еден од нас не бил буден за време на застрашувачката бура која беше минала над венецот на Кактус Планина. Тaa бура, рекоа луѓе кои смело се имаа спуштено во окното на рудникот, беше предизвикала обемни одрони и целосно го беше затворила длабокиот понор којшто претходниот ден беше создал толкава растревоженост. Кога го прашав чуварот какви звуци беше чул пред да настапи силната ровја, ги спомена којотот, кучето и раз’ржаниот планински ветер - и ништо повеќе. Ниту, пак, му се сомневам во зборот.
Со продолжетокот на работата надзорникот Артур повика некои особено доверливи луѓе да направат неколку истражувања околу местото каде што се беше појавила бездната. Иако непара желни, направија како што им се повелаше; и беше изведено длабоко бушење. Происходот беше мошне своевиден. Плафонот на небиднината, онаков каков што се гледаше додека беше отворена, воопшто не беше дебел; ама сега дупчалките на истражувачите наидоа на нешто што се чинеше како бескрајно пространство од карпи. Не наоѓајќи ништо друго, дури ни злато, надзорникот крена раце; но обезумен израз повремено знае да му се провлече по лицето додека замислено седи на бирото.
Своевидна е и една друга работа. Набргу по будењето тоа утро по бурата, го забележав необјаснивото отсуство на хиндускиот прстен од прстот. Многу ми беше драгоцен, но сепак почувствував осет на олеснување по неговото исчезнување. Ако некој од колегите во рудниот си го имаше присвоено, мора да беше бил мошне вешт во прибирањето на пленот, зашто и покрај огласите и полициската потрага, прстенот веќе никогаш никој не го виде. Некако се сомневам дека е украден од смртни раце, зашто многу чудни нешта ми беа предадени во Индија.
Мислењето за целото искуство ми се менува со времето. Среде бел дел, или во повеќето годишни времиња, сум склoн да најголемиот дел го сметам за само сон; но понекогаш наесен, околу два часот наутро кога ветрови и животни стушено завиваат, од несфатливи длабини под мене доаѓа проклето укажување на ритмично тупање... и ми се чини дека преминот на Хуан Ромеро навистина бил стравотен.