Еј! Овој расказ го има во книгата „Сенката над Инсмот и други грозотии“.
Купи си ја тука.
Бараш да ти објаснам зошто се плашам од провев од студен воздух; зошто треперам повеќе од други кога влегувам во ладна соба и се чинам згаден и одвратен кога вечерната свежина ќе се мушне низ жештината на умерените есенски дни. Има луѓе кои велат дека реагирам на студенило како што други реагираат на лоша миризба, а и јас прв би се согласил со таквиот впечаток. Она што ќе го сторам е да ја прераскажам најужасната околност во која некогаш се имам најдено и ќе оставам на тебе да пресудиш дали таа прибавува соодветно објаснување за ова мое сперливо одличие.
Грешка е да се мисли дека ужасот е нераскинливо поврзан со темница, тишина и самотија. Јас го најдов во сјајот на раното попладне, во метрополскиот жграмот и во струпаната средина во една неуредна и невпечатлива куќа со соби за изнајмување, со прозаичната газдарица и двајца јадри мажи крај мене. Во пролетта во 1923 најдов потиштувачка и недоходна работа за едно списание во Њу Јорк и одошто не бев во состојба да платам соодветно достојна кирија, почнав да талкам од една кираџиска куќа до друга во потрага по соба која би ги соединила одликите на пристојна чистота, поднослива покуќнина и доста разумна цена. Наскоро се воспостави дека можам само да избирам помеѓу различни зла, но по некое време наидов на една куќа на „Вест фортинт стрит“ која ми беше многу понеодвратна од другите кои ги бев искусил.
Местото беше четириспратна станбена зграда од кафен песочник, навидум датирајќи од касните четириесетти и опкована со дрвенарија и мермер чие исфлекано и нагрдено величество беседеше за пад од висок степен на префинета издашност. Во собите, големи и високи и украсени со неподносливи тапети и смешно накитени штукатирани корнизи, демнеше депресивна немливост и намек на незнајно готварство; но подовите беа чисти, постелнината подносливо редовна и жешката вода не пречесто ладна или изгасена, што почнав да го сметам за барем издржливо место за хибернација додека пак не пркнам како што рекол Господ. Газдарицата, сокината, скоро брадата Шпанка која се презиваше Хереро, не ми додеваше со празни муабети или критики за касното горење на електричните светла во мојата соба во првиот ходник на третиот кат; и состанарите ми беа како скроени за мене по тивкост и некомуникативност, а во главно беа Шпанци едвај над највулгарната и најпростачка класа. Единствено бучавата на трамваите од булеварот под мене се покажа како сериозна непријатност.
Веќе три недели бев сместен таму кога се случи првиот несекојдневен инцидент. Една вечер кај околу осум часот чув капење врз подот и наеднаш станав свесен дека веќе извесно време ја бев мирисал острата миризба на амонијак. Вртејќи се наоколу, видов дека таванот беше влажен и капеше; а прокиснатоста очевидно доаѓаше од еден ќош на страната кон улицата. Загрижено решен да ја расчистам работата од самоти извор, поитав до подрумот да ѝ кажам на газдарицата; која ме увери дека бељата брзо ќе се реши.
„Доктор Муњоз“, извика трчајќи пред мене по скалите, „му се истурува хемикалија. Самиот биде преболен за на доктор - сѐ поболен и поболен биде - ама не дава никаков друг да му помогне. Многу левтерен биде од болеста - по цел ден седува во када со чудна миризба - и никако не може да возбуди или стопли. Сѐ сам низ дома правел - маленкото собиче му бидеше полно со шишиња и машини и не работува веќе како доктор. Ама порано бидел славен - татко ми во Барселона слушеше за него - а пред скоро и го излекува раката на еден водоводџија што случајно се повреди. Никогаш не излегувал, освен на покрив и син ми Естебан му го носува јадењето и алиштата и лековите и хемикалиите. Боже, Боже, колку саламонијак тој човек користел за да му држел ладно!“
Г-ѓа Хереро исчезна по скалиштето до четвртиот кат, а јас си се вратив в соба. Амонијакот престана да капе и додека го чистев тоа што се имаше излеано и го отворав прозорецот за провев, ги чув тешките чекори на газдарицата над мене. Од д-р Муњоз дотогаш немав чуено ни глас, освен некакви звуци како на механизам на нафта; зашто чекорот му беше мек и нежен. На кратко се запрашав од каква чудна болештина би можел да пати човекот и дали непопустливото одбивање надворешна помош е последица на некоја сосема неоснована ексцентричност. Постои, банално промислив, бескрајно многу патос во состојбата кога истакната личност ќе падне на дереџе.
Можеби никогаш немаше да го запознаам д-р Муњоз да не беше срцевиот удар кој одненадеж ме снајде едно сабајле додека седев во собата и пишував. Лекарите ми имаа кажано за опасноста на таквите напади и знаев дека немам време за губење; па сеќавајќи се што ми имаше кажано газдарицата за помошта која инвалидот му ја пружил на повредениот работник, се довлечкав до горе и снемоштено чукнав на вратата над мојата. На чукањето ми беше одговорено со добар англиски јазик од своевиден глас на извесно растојание кон десно, прашувајќи ме кој сум и што сакам и откако ги наведов овие работи, настапи отворање на вратата веднаш до онаа на којашто затропав.
Ме пречека налет на студен воздух; и иако денот беше еден од најжешките во доцниот јунски месец, затреперив додека го пречекорував прагот на голем стан чија богата и отмена уреденост ме изненади во ова гнездо на беда и запуштеност. Кауч на расклопување си ја исполнуваше денската улога на диван и мебелот од махагон, помпезни завеси, стари слики и благолики полици со книги заедно упатуваа на работна соба на господин наместо на кираџиска спална. Сега увидов дека просторијата над мојата - „маленкото собиче“ со шишиња и машини кое г-ѓа Хереро ми го имаше споменато - просто беше лабораторијата на докторот; и дека главниот дневен престој му беше во пространата соседна соба чии корисни камари и голема допирна бања му дозволуваа да ги скрие сите гардеробери и наметливи практични уреди. Д-р Муњоз, несомнено, беше човек од добра лоза, култура и рафинираност.
Фигурата пред мене беше ниска, но префинето сразмерна и облечена во скоро свечена руба со совршена форма и кроеж. Високородното лице со заповеднички, но неарогантен израз беше закитено со кратка темносива брада, а старомодни цвикери ги штитеа големите, темни очи и надвиснуваа орлов нос кој ѝ даваше маварски црти на физиономијата која инаку беше претежно келтибериска. Густата, уредно потстрижена коса која тврдеше редовни посети на бербер елегантно беше разделена со патец над високото чело; и целосната слика беше на впечатлива интелигенција и врвна крв и педигре.
Но сепак, кога го здогледав д-р Муњоз при тој налет на студен воздух, почувствував одбивност која ништо во неговата појава не можеше да ја оправда. Само неговиот по малку модар тен и ладен допир можеа да понудат телесна основа за таквото чувство, а дури и тие можеа да се изговорат со оглед на познатиот инвалидизам на човекот. А можеби и своеобразниот студ беше она што ме отуѓуваше; зашто такво студенило беше абнормално за еден толку жежок ден, а абнормалното секогаш буди одбивност, недоверба и страв.
Но антипатијата набрзо беше заборавена низ восхит, зашто прекумерната вештина на чудниот лекар уште веднаш се манифестира и покрај камен-ладноста и трепетливоста на неговите навидум бескрвни раце. Уште на прв поглед јасно ми ја разбра потребата и со мајсторска спретност се зафати со неа; додека ме уверуваше со добро модулиран макар што несекојдневно пригушен и безбоен глас дека бил најлутиот и најжесток непријател на смртта и дека си го прокоцкал сето богатство и си ги изгубил сите пријатели во целоживотни бизарни опити посветени на нејзино обезглавување и затирање. Се чинеше дека во него има нешто како добронамерна фанатичност и думежливо ломотеше на долго и на широко додека ми ги наслушуваше градите и мешаше соодветен раствор од лекови земени од помалата лабораториска соба. Наводно, друштвото на човек од добра лоза го сметал за ретка појава во оваа запуштена околина и бил трогнат кон ненавикната зборливост одошто му нагрвалиле спомени за подобри дни.
Гласот, иако настран, барем беше лек; и не можев да воочам дали воопшто дише како што течните реченици културно се изливаа. Проба да ми го одвлече вниманието од нападот со раскажување на неговите теории и опити; и се сеќавам како обѕирно ме утешуваше за тоа што имав слабо срце настојувајќи дека волјата и свеста се посилни од самиот органски живот, така што доколку телесната граѓа остане здрава и внимателно е зачувана, би можела, низ научни унапредувања на овие особини, да задржи некој вид на нервна подвижност и покрај сериозни пречки, дефекти и дури и отсуства на можностите на одредени органи. Еден ден ќе можел, рече како на мајтап, да ме научи да живеам - или барем да поседувам некакво свесно постоење - воопшто без срце! А тој самиот пак, бил налегнат од сложен збир на болештини кои барале многу строг режим кој вклучувал постојан студ. Секој забележлив раст на температура, ако бил долгорочен, можело смртно да му повлијае; и фригидноста на неговото жилиште - од околу 55 или 56 степени фаренхајдови - била одржувана од апсорпциски систем за ладење со амонијак чии нафтени пумпи често ги бев слушал во мојата соба под неговата.
Излечен од нападот за вчудовидувачки кусо време, го напушив подмрзнатото место како пулен и приврзаник на овој надарен самотник. Потоа често му одев на гости во капут; и слушав додека ми раскажуваше за тајни истражувања и скоро грозоморни исходи и затреперував на моменти додека ги испитував необичните и запрепастувачки древни томови на неговите полици. На крајот, треба да додадам, бев скоро и за навек излечен од мојата болештина преку неговото вешто екимисување. Се чинеше дека вражбите на средновековието не му се под чест, зашто веруваше дека овие загадочни формули содржат ретки психолошки побуди кои било можно да имаат своеобразен учинок на тварта на нервниот систем од кој сите органски пулсирања си имаат отидено. Бев трогнат од неговиот приказ за престарениот д-р Торес од Валенсија, кој го беше придружувал во неговите некогашни опити за време на тешката болест пред осумнаесет години, од којашто и потекнувале неговите сегашни тегоби. Но токму кога опитниот еким го беше спасил својот колега, самиот тој потклекнал пред смуртениот непријател против кој се борел. Можеби премногу се беше напрегал; зашто д-р Муњоз беше шепотливо јасен - макар што не и подробен - дека методите на лечење биле крајно извонредни, вклучувајќи сцени и процеси кои не биле радо прифатени од постарите и конзервативни Галени.
Како што врвеа неделите, со жалење забележав дека мојот нов пријател споро, но несомнено телесно слабее, како што и г-ѓа Хереро ми беше укажала. Модрата појава на ликата му се засили, гласот му стана попригушен и понеразбирлив, мускулните движења му станаа понесовршено координирани и умот и волјата му покажуваа помалку жилавост и побуда. Во никој случај не се чинеше несвесен за оваа жална промена и малку по малку изразот на лицето и муабетите му придобија некаква грозоморна иронија која ми поврати дел од потајната одбивност која првично ја имав почувствувано.
Разви чудни хирови, пројавувајќи вкус за егзотични мирудии и египетски темјан, па собата му мирисаше како темникот на некој погребан фараон од Долината на кралевите. Истовремено, потребата за ладен воздух му се зголеми и со моја помош ги појача цевките за амонијак во собата и ги промени пумпите и доводот на машината за разладување за да може да ја донесе температурата до 34° или 40°, а најпосле дури и до 28° фаренхајдови, додека бањата и лабораторијата, се разбира, беа помалку ладни, за да не би смрзнала водата и да не би се попречиле хемиските процеси. Станарот со кој делеше ѕид се пожали од ледениот воздух од околу заедничката врата, па му помогнав да постави тешки завеси за да ја отклони таа потешкотија. Некаков растечки ужас од фрапантен и морбиден терк како да го опседнуваше. Непрестајно зборуваше за смрт, но пригушено се смееше кога нежно ќе се споменеа работи како закопни или погребни подготовки.
Сѐ на сѐ, стана обеспокојувачки и дури и грозоморен придружник; но сепак од благодарност за лечењето не можев да го оставам на туѓинците околу него и имав на мукает да му ја забришувам собата од прашина и секој ден да одам по него, повиен во дебело палто кое го купив само за оваа цел. Исто така најчесто и му пазарував и обезглавено збивав од некои од хемикалиите кои ги нарачуваше од спицариите и дуќаните за лабораториска опрема.
Растечка и необјаснива атмосфера на паника како да му се ширеше низ станот. Целата куќа, како што веќе кажав, имаше немлива миризба; но мирисот во неговата соба беше полош - дури и покрај сите мирудии и темјан и опори хемикалии на сега веќе непрестајните бањања кои настојуваше да ги врши сам и без ничија помош. Воочив дека мора да се поврзани со неговото боледување и затреперив кога се задумав какво би можело да е тоа боледување. Г-ѓа Хереро се крстеше кога ќе го видеше и безрезервно ми го отстапи мене; не пуштајќи го ни син ѝ Естебан да продолжи да му брка работи. Кога ќе предложев други лекари, паталецот избиваше во бес силен онолку колку што се осмелуваше да си допушти. Навидум се плашеше од телесниот учинок на силни чувства, но волјата и еланот му растеа наместо да му се намалат и одбиваше да е закован за кревет. Малаксаноста на претходните болни денови беше заменета со враќањето на неговата пламенита цел, при што се чинеше небаре дрско ќе му запркоси на смртниот демон токму кога тој древен непријател се готвеше да го зграпчи. Преправањето дека јаде, кое се чинеше дека го прави само колку да се каже зборот, веќе потполно го забатали; и се чинеше небаре само умствена моќ го брани од потполно срушување.
Пројави навика да пишува некакви си долги документи, кои внимателно ги запечатуваше и пополнуваше со налози да по неговата смрт ги пратам до извесни личности кои ми ги именува - кои во најголем дел беа учени источно-индијци, но вклучуваа и еден некогашно славен француски лекар за кој сега се мислеше дека е мртов и за кој се беа шепотеле најнезамисливи нешта. Сите овие листови јас зедов и ги запалив неиспратени и неотворени. Ликата и гласот му станаа крајно стравотни и неговото присуство скоро неподносливо. Еден септемвриски ден неочекуван поглед кон д-р Муњоз му предизвика епилептичен напад на еден човек кој беше дошол да му ја поправи електричната столна ламба; напад за којшто успешно препорачуваше лекување додека самиот се држеше понастрана од сечиј поглед. Чудно беше што тој човек ги беше пребродел стравовите на Големата војна без да доживее толку коренит уплав.
Тогаш, во средината на октомври, со стаписувачка ненадејност, настапи ужасијата над сите ужасии. Една ноќ кај околу единаесет часот пумпата на машината за разладување откажа, па за помалку од три часа процесот на ладење со амонијак стана невозможен. Д-р Муњоз ме свика со лупање на ѕидот и очајно се зафатив со работа да ја поправам штетата додека мојот домаќин пцуеше со тон чија безживотна, кркотлива пригушеност надминуваше секаков опис. Меѓутоа, моите лаички напори се покажаа како бескорисни; и кога доведов механичар од маалската гаража која работеше преку вечер, дознавме дека ништо не може да се направи до изутрина, кога ќе мора да се набави нов клип. Бесот и стравот на пустиникот кој мрееше се подуја до грозоморни размери и се чинеа како да ќе го здробат она што беше останало од неговата пропадната снага; и еднаш некаков грч го натера да ги плесне дланките врз очите и да се втурне во бањата. Излезе распипувајќи си го патот со цврсто завиено лице и веќе никогаш не му ги видов очите.
Фригидноста на станот сега осетливо опаѓаше и во околу 5 изутрината докторот се повлече во бањата, заповедувајќи ми да му го набавам сиот мраз што можеше да се најде од сите драгстори и кафетерии што работеа преку вечер. Кога ќе се вратев од понекогаш обесхрабрувачките маршрути и ќе го положев пленот пред затворената врата од бањата, одвнатре можев да чујам неспокојно плискање и загушен глас како креска наредби за „Уште-уште!“. Најнакрај пукна топол ден и продавниците отворија една по една. Го замолив Естебан или да ми помогне со носење мраз додека јас одам по клипот за пумпата или да го нарача клипот додека јас би продолжил со мразот; но поучен од мајка му, начисто ме одби.
На крајот главив еден парталав безделник кој го сретнав на аголот на улицата „Ејт авењу“ да му набавува мраз на пациентот од една мала продавница со којашто го запознав, а јас вредно се посветив на задачата да најдам клип за пумпата и да најмам мајстори способни да го монтираат. Задачата се чинеше несовладлива и беснеев скоро исто толку диво колку и пустиникот кога видов како времето ми бега во преморена, прегладнета низа залудни телефонирања и безглава потрага од место до место, де ваму де таму со метро и тролејбус. Околу пладне наидов на соодветен дуќан далеку во центарот и во приближно 1:30 попладне стигнав во куќата со потребниот прибор и двајца снажни и интелигентни механичари. Бев направил сѐ што можев и се надевав дека сум навреме.
Меѓутоа, црни стравотии ме имаа претекнато. Куќата беше во крајна дармадана и над ломотењето на вчудовидени гласови чув како некој човек се моли со длабок басест глас. Вражји нешта врвеа низ воздухот и станарите раскажуваа над монистата на нивните молитвени бројаници како ја насетиле миризбата од под затворената врата на докторот. Се чинеше дека лежилебот кој го имав главено избегал оџагарено врескајќи недолго по втората достава на мраз; можеби како исход на прекумерна љубопитност. Не можеше да ја има заклучено вратата зад него, се разбира; а таа сепак беше замандалена, најверојатно од внатре. Од внатрешноста не се слушаше ни звук, освен некакво безимено, споро, густо капење.
Советувајќи се на кратко со г-ѓа Хереро и со мајсторите и покрај стравот кој ми ја глодаше срцевината на душата, предложив да ја скршиме вратата; но газдарицата најде начин да го сврти клучот однадвор со некаква жичана направа. Претходно ги бевме отвориле сите врати од сите други соби на спратот и до самоти крај ги бевме расчепатиле прозорците. Сега, со носеви прекриени со шамивчиња, треперливо ја опсадивме проколнатата јужна соба која вриеше под топлото сонце на раното попладне.
Некаква темна, лигава трага водеше од отворената врата на бањата до вратата од салонот и оттаму до бирото каде што се имаше наталожено една стравотна мала локва. На истото место имаше нешто начкрапано со молив во ужасен, слеп ракапис на парче хартија одвратно размачкана небаре од самите канџи кои ги исцртале тие извјасани последни зборови. Потоа трагата водеше до каучот и неизустиво завршуваше.
За она што се наоѓаше или што се беше наоѓало на каучот, не можам и не се осмелувам тука да зборувам. Но ова беше она што растреперено го одгатнав од лепливо размачканата хартија пред да ѝ го удрам кибритот и да ја запалам да се саѓоса; она што стравотно го одгатнав додека газдарицата и двајцата механичари трескавично јурнаа од пеколното место за да ги избладаат неразбирливите им приказни во најблиската полициска станица. Гадните зборови се чинеа скоро неверојатни на таа жолта сончева светлина, со клопотот од коли и моторни камиони кој бучно се искачуваше од гужвата на „Фортинт стрит“, но признавам дека тогаш им верував. Дали сега им верувам, искрено не знам. Постојат нешта за кои е подобро да не се умува и сѐ што можам да кажам е дека го мразам мирисот на амонијак и нозе ми се сечат од провев на необично студен воздух.
„Крајот,“ пишуваа опорите чкртаници, „пристигна. Немам веќе мраз - човекот се испули и избега. Секоја минута е потопло и ткивата не можат да истраат. Белки знаеш - тоа што го реков за волјата и нервите и за зачувување на телото откако органите ќе престанат да работат. Добро беше во теорија, но не можеше да трае до бескрај. Настапи постепен распад кој не го предвидов. Д-р Торес знаеше, но потресот го уби. Не можеше да го поднесе она што мораше да го направи - мораше да ме стави во чудно, темно место додека ми го следи писмото и ме негува. А органите веќе немаше да проработат. Мораше да биде по мое - вештачко зачувување - затоа што умрев тогаш пред осумнаесет години.“