Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.
(Најдено меѓу документите на покојниот Франсис Вејленд Турстон, од Бостон)
„Од такви големи сили и створови возможно е да има живи останки... живи останки од неверојатно далечен период кога... совеста се олицетворувала, можеби, во облици и форми кои одамна се повлекле пред плимата на прогресивното човештво... форми чии спомени единствено поезијата и легендите ги наѕреле и ги нарекле богови, чудовишта, митски суштества од секој вид и тип...“
- Алгернон Блеквуд
I
Ужасот во глина
Најмилосливото нешто на светот, според мене, е неспособноста на човечкиот ум да наоѓа соодноси во сопствената содржина. Живееме на сталожен остров на неукост сред црни мориња на бесконечност и не ни е судено до далеку да пловиме. Науките, секоја напрегајќи се во сопствена насока, досега малку нѐ повредиле; но еден ден сложувањето на неповрзани знаења ќе отвори такви застрашувачки видици на стварноста и на нашата страшна положба во неа, што или ќе полудиме од откровенијата, или ќе избегаме од светлината кон мирот и сигурноста на нова мрачна доба.
Теософистите го имаат наѕрено стравотното големство на космичкиот циклус во којшто нашиот свет и човечка раса претставуваат само минливи збиднувања. Загатнале чудни живи останки кои би ја смрзнале крвта да не се маскирани со бескрвен оптимизам. Но не дојде од нив единичното наѕирање на забранети раздобја кое ме смрзнува кога го мислам и ме излудува кога го сонувам. Тоа наѕирање, како и сите страшни наѕирања на вистина, блесна од случајното сложување на одделени работи - во случајов, стара колумна од весник и белешките на еден мртов професор. Се надевам дека никој друг нема да го постигне ова сложување; а јас додека сум жив сигурно нема знајно да разоткријам ниту една верига од тој одвратен синџир. Мислам дека и професорот мислеше да молчи за делот што го знаеше и дека ќе ги уништеше белешките да не го најдеше ненадејна смрт.
Моето запознавање со работата настана во зимата во 1926-1927 година со смртта на мојот чичко Џорџ Гамел Ангел, пензиониран професор по семитски јазици на универзитетот „Браун“ во Провиденс, Род Ајленд. Професор Ангел беше надалеку познат како стручњак за древни записи и често беше баран од челниците на престижни музеи; така што неговото починување на деведесет и две-годишна возраст беше забележано од многумина. Дома, интересот беше засилен од засенетоста на причината за смртта на професорот. Смртта го беше снашла додека се враќаше од бродот за Њупорт; ненадејно паѓајќи, како што кажаа сведоците, откако бил кошнат од некој навидум поморски црнец кој излегол од една од настраните темни авлии на стрмниот рид кој служеше како скратен пат од крајбрежјето до домот на починатиот на улица „Вилијамс“. Лекарите не можеа да најдат никаква видлива тегобија и по долга и збунета дебата заклучија дека некое потајно срцево напрегање, предизвикано од бодрото и за некој на негови години напорно искачување на мошне стрмниот рид, било причина за крајот. Тогаш немав причина да се разидувам со ваквото воспоставување, но во последно време почнав да се сомневам - и не само да се сомневам.
Како единствен наследник и извршител на чичко ми, кој умре вдовец и без деца, од мене се очекуваше мошне темелно да му ги прегледам документите, па затоа ја преместив целата негова збирка на досиеја и кутии во мојот стан во Бостон. Голем дел од материјалите меѓу коишто најдов сооднос подоцна беа објавени од страна на „Американското археолошко друштво“, но имаше една кутија која ми беше крајно загадочна и за којашто чувствував извесна одбивност да ја покажам пред туѓи очи. Беше заклучена и не го најдов клучот сѐ додека не ми текна да го разгледам личниот обрач кој професорот го носеше во џебот. Тогаш навистина успеав да ја отворам, но со тоа се соочив со уште поголема и поцврсто заклучена препрека. Кое ли беше значењето на сперливиот глинен барелјеф и неповрзаните белешки, чкртаници и исечоци кои ги најдов? Зар чичко ми во староста беше станал лековерен и подложен на најповршни натрапништва? Се решив да го пронајдам ексцентричниот скулптор одговорен за ваквото воочливо рушење на спокојството на еден кроток старец.
Барелјефот беше груб правоаголник, не подебел од инч и со плоштина од околу пет до шест инчи; и јасно беше дека е современа ракотворба. Меѓутоа неговиот приказ беше далеку од современ во атмосфера и укажување, бидејќи и покрај тоа што текнежите на кубизмот и футуризмот се многубројни и разуздани, ретко кога ја изнудуваат загадочната правилност која тлее во праисториското писмо. А се чинеше дека некакво писмо и е поголемиот дел на приказот; иако на никаков начин и покрај запознатоста со сите документи и збирки на чичко ми, не успеав да му го утврдам конкретниот вид ниту пак барем од далеку да му ја загатнам припадноста.
Над ваквите, навидум, хиероглифи имаше фигура од очигледно претставителен крој, но нејзината импресионистичка изведба забрануваше јасна слика за нејзината природа. Личеше на некакво чудовиште, или симболичка претстава на чудовиште, со форма каква што само нечија пореметена памет би можела да зачне. Ако кажам дека мојата мошне широкограда фантазија вроди истовремени слики на октопод, змеј и човечка карикатура, нема да му бидам неверен на духот на нештото. Пулпава глава со пипала го надвиснуваше гротескното и крлушкаво тело со ембрионални крила; меѓутоа општиот контур на целината беше она што ја правеше потресно страшна. Зад фигурата се чувствуваа бледи укажувања кон некаква киклопејска архитектонска позадина.
Натписот кој го придружуваше куриозитетот беше, со исклучок на еден врзоп исечоци од весник, напишан во ракописот на професор Ангел и воопшто не тежнееше кон литературно дело. Она што се чинеше дека е главниот документ беше насловено „КУЛТОТ НА КТХУЛХУ“ со макотрпно напишани букви, за да се избегне неточното читање на еден толку атипичен збор. Ракописот беше поделен на два дела, од коишто првиот беше насловен „1925 - Сонови и соновни дела на Х.А. Вилкокс, ул. „Томас“ бр. 7, Провиденс, Р.А.“, а вториот, „Исказ на инспектор Џон Р. Леграс, ул. „Бјенвил“ бр. 121, Њу Орлеанс, Ла., на сред. на А.А.Д. во 1908 - Белешки за истата и изјв. на проф. Веб.“ Другите листови од ракописот беа кратки белешки, некои беа записи на сперливи соништа на различни личности, некои беа цитати од теософски книги и списанија (особено „Атлантида и изгубената Лемурија“ на В. Скот Елиот), а остатокот беа коментари за прастари тајни општества и скриени култови, со фусноти до пасуси од митолошки и антрополошки стручни книги како „Златната гранка“ на Фрејзер и „Вештерски култови во западна Европа“ на г-ца Мари. Исечоците во најголема мера укажуваа на фрапантни душевни болести и избиви на групно безумие или манија во пролетта во 1925.
Првата половина на основниот ракопис раскажуваше мошне особена сказна. Пишуваше дека на 1 март 1925, некое слабо, црномуресто момче со невротичен и возбуден израз, го беше посетило професор Ангел носејќи го своеобразниот глинен барелјеф, кој тогаш бил мошне влажен и пресен. На картичката го пишувало името Хенри Антони Вилкокс и чичко ми го беше препознал како најмладиот син од некоја многу угледна фамилија којашто му била донекаде позната, кој неодамна се имал запишано на студии за скулптура на Школата за дизајн на Роуд Ајленд и живеел сам во зградата Флор-де-ли која била близу до установата. Вилкокс бил ранозрело момче познато по неговата генијалност, но и голема ексцентричност и од мал беше предизвикувал внимание со чудните приказни и несекојдневни соништа кои имал навика да ги прераскажува. Се нарекувал „психички хиперчувствителен“, но трезвените жители на древниот трговски град само го сметале за „левтерен“. Никогаш не дружејќи се со своите врсници, постепено отпаднал од општествена видливост и сега бил познат само меѓу мала група на естети од други градови. Дури и Уметничкиот клуб на Провиденс, стремејќи се да си го задржи конзерватизмот, го назначил за мошне безнадежен.
За време на посетата, пишуваше во ракописот на професорот, скулпторот нагло го побарал на помош археолошкото знаење на домаќинот за да ги утврди хиероглифите на барелјефот. Зборувал со сонлив, извештачен глас кој укажувал на преправање и отуѓувал сочувство, па чичко ми бил доста остар со одговорите, бидејќи упадливата пресност на плочата налагала сродност со сѐ, само не со археологија. Одветот на младиот Вилкокс кој толку го воодушевил чичко ми за подоцна да го натера да си го приспомене и да го забележи од збор до збор, имал такви поетски одбележја кои сигурно го карактеризирале целиот разговор и кои потоа започнав да ги поистоветувам со неговиот карактер. Рекол: „Вистина е нов, зашто синоќа кај го направив во сон за чудни градови; а сништата се постари и од смуртениот Тиреј, или задуманата сфинга, или со градини опашаниот Вавилон.“
И тука ја започнуваше збрканата приказна која наеднаш му раздвижила некои заспани спомени и го спечалила трескавиот интерес на чичко ми. Претходната вечер имало потрес на земјотрес, највпечатливиот во последните години во Нова Англија и фантазијата на Вилкокс била остро погодена. Откако си легнал, беше имал беспримерен сон за големи киклопејски градови од титански блокови и небопарачки монолити, кои капеле од зелена слуз и се чинеле зловестни од притаен ужас. Хиероглифи ги прекривале ѕидовите и столбовите и од некоја неодредена точка одоздола се слушало глас што не бил глас; хаотичен впечаток кој само фантазијата би можела да го преобрази во звук, но кој тој се обидел да го претстави со скоро неизговорливата мешаница на букви: „Ктхулху фхтагн“.
Оваа зборовна мешаница била клучот на присетувањето кое го возбудило и вознемирило професор Ангел. Го испрашувал скулпторот со научна подробност и со скоро избезумена напнатост го прочувал барелјефот на кое момчето се беше зафатило да работи, смрзнато и облечено само во ноќница, кога будноста ококорувачки го беше обзела. Чичко ми си ја обвинувал староста, ми кажа подоцна Вилкокс, за спороста со која ги препознал хиероглифите и пиктографскиот приказ. Многу од прашањата му се виделе несоодветни на гостинот, особено оние кои се обидувале да го поврзат со чудни култови или општества и Вилкокс не можел да ги разбере повеќекратните ветувања на молк кои му биле понудени во замена за дозвола за членство во некаков распространет мистичен или пагански религиозен округ. Кога професор Ангел бил најпосле убеден дека скулпторот навистина не знае ништо за никакви култови или системи на загадочни преданија, почнал да го опсипува гостинот со барања за идни пријави на соништата. Ова почнало редовно да вродува плод, бидејќи по првиот разговор ракописот содржи секојдневни записи за посетите на момчето, за време на коишто споделувал потресни одломки на ноќни слики чиешто бреме секогаш било некој ужасен киклопејски пејсаж на темни и накиснати камења со некој подземен глас или сознателност која еднолично вика низ загадочни сетилни дразнења запишливи единствено преку чкрапаници. Двата најчесто повторувани звуци беа претставени преку буквите „Ктхулху“ и „Р’лјех“.
На 23 март, продолжуваше ракописот, Вилкокс не се појавил и по распрашување во неговото сместувалиште, се дознало дека го налегнала некаква непозната треска и бил одведен во куќата на неговите на улица „Вотерман“. Претходната вечер викал, разбудувајќи некои од другите уметници во зградата и оттогаш пројавувал само наизменични мигови на несознание и бунило. Чичко ми веднаш му се јавил на семејството и од тогаш внимателно го имал случајот под око, често посетувајќи ја праксата на д-р Тобеј на улица „Тејер“, за кој дознал дека е одговорен. Грозничавиот ум на момчето, очигледно, бил сосредоточен на чудни работи и докторот повремено се стресувал кога ќе ги спомнел. Вклучувале не само повторување на она што претходно го имал сонувано, туку растроено се освртнувале и на нешто џиновско, „високо којзнае колку милји“, што чекорело или се влечело. Никогаш во потполност не го опишал нештото, но повремените избезумени зборови, повторени од д-р Тобеј, го убедиле професорот дека мора да е идентично на онаа безимена чудовишност којашто се имаше обидено да ја претстави со сонишната скулптура. Споменување на тој предмет, додаваше докторот, секојпат било прелудиум за да момчето потоне во летаргија. Температурата, за чудо, не му била многу над нормала, но општата состојба му била таква како да би укажувала на вистинска треска наместо на душевно пореметување.
На 2 април во околу 3 часот попладне, секоја трага од болеста на Вилкокс наеднаш прекинала. Се исправил во креветот, вчудовиден што е дома и целосно несвесен за она што му се беше случувало во соништата или во стварноста од ноќта на 22 март. Докторот го прогласил за здрав и по три дена си се вратил во станот, но на професор Ангел веќе не му бил од помош. Сите траги на чудни сонувања му беа исчезнале со опоравувањето и по една недела бесцелни и неважни приказни за крајно обични визии, чичко ми престанал да му ги забележува ноќните мисли.
Тука завршуваше првиот дел на ракописот, но наводите кон некои од другите раштркани белешки ме снабдија со многу материјал за размислување - всушност, со толку многу што само вкоренетата скептичност која тогаш ми ја обликуваше филозофијата можеше да биде причина за мојата понатамошна недоверба во уметникот. Овие белешки беа оние кои ги опишуваа соништата на различни личности за време на истиот период кога младиот Вилкокс ги беше имал неговите чудни откровенија. Се чинеше дека чичко ми за брзо време беше воспоставил далекуопсежен и широкоопфатен корпус на истрага меѓу скоро сите пријатели кои можел без приговор да ги испрашува, барајќи им секојвечерни извештаи за нивните соништа и датуми за сите повпечатливи визии од минатото. Одзивот на ваквите барања се чинеше дека бил разноличен, но во секој случај мора да беше примил повеќе дописки отколку со што би можел да се справи некој без помош на секретар. Оригиналните дописки не беа сочувани, но белешките градеа темелен и доста значителен преглед. Просечните луѓе од општеството и трговијата - традиционалните „домаќини луѓе“ на Нова Англија - даваа скоро целосно негативен резултат, но сепак раштркани случаи на немирни, макар неоформени ноќни впечатоци се појавуваат овде-онде, секогаш помеѓу 23 март и 2 април - периодот на бунилото на младиот Вилкокс. И меѓу научниците погоденоста не беше многу повпечатлива, иако четири случаи на недефинирани описи укажуваа кон миговни слики на чудни пејсажи, а во еден случај се споменуваше закана од нешто абнормално.
Уметниците и поетите беа оние од коишто доаѓаа најцелесообразни одговори и знам дека со сигурност ќе избиела паника ако им текнело да си ги споделат белешките. Тогаш, без оригиналните писма, по малку и се сомневав да не збирачот имал поставувано наведувачки прашања или ги имал изменето дописите во сооднос со она што потсвесно бил решен да го види. Поради ова и понатаму чувствував дека Вилкокс, на некој начин упатен во старите информации кои ги беше поседувал чичко ми, му се беше натрапил на научниот ветеран. Одговорите од естетите составуваа вознемирувачка сказна. Од 28 февруари до 2 април голем дел од нив имаа сонувано многу бизарни работи, со тоа што јачината на соништата била неизмерно посилна во периодот на бунило на скулпторот. Преку четвртина од оние кои нешто имаа пријавено, пријавуваа сцени и полузвуци кои не беа многу далеку од она што Вилкокс го имаше опишано; а некои од сонувачите признаваа пренагласен страв од некое џиновското безимено нешто видливо кон крајот. Еден случај, кој белешката нагласено го опишуваше, беше многу тажен. Човекот, мошне познат архитект со интереси во теософија и окултизам, здивено полудел на датумот на растројството на Вилкокс и починал неколку месеци покасно, по непрекинати врескања за да го спасат од некој избеган мештанин на пеколот. Да ги имаше чичко ми запишано случаите по име наместо по број, ќе се обидев да им најдам поткрепа и ќе спроведев лична истрага, но како што стоеја работите успеав да изнајдам само неколку. Меѓутоа сите од нив во целост ги поткрепија белешките. Често се прашував дали сите дописници на чичко ми беа збунети колку и овој тараф. Добро е што до нив никогаш нема да стигне објаснување.
Исечоците од весници, како што споделив, зборуваа за случаи на паника, манија и ексцентричност за време на дадениот период. Професор Ангел мора да имал вработено цел оддел за исечоци, бидејќи бројот на извадоци беше извонредно голем и изворите раштркани низ целата планета. Имаше ноќно самоубиство во Лондон, каде што еден осамен спијач беше скокнал од прозорец откако потресно се издрал. Имаше и збркано писмо до уредник на весник во Јужна Америка, каде што некој фанатик претскажувал злокобна иднина од визии кои ги беше видел. Дописка од Калифорнија опишуваше теософска колонија како масовно се облекува во бела руба спремајќи се за некое „возвишено остварување“ кое никогаш не стигнало, додека содржини од Индија претпазливо зборуваа за сериозни немири меѓу мештаните кон крајот на 22 и 23 март. Вуду оргии се множеа на Хаити и африкански колонии известуваа за кобни мрморења. Американски офицери на Филипините ги опишуваа некои од племињата како проблематични во тоа време, а во Њу Јорк имаше полицајци кои беа нападнати од толпа хистерични леванти ноќта спрема 22 и 23 март. Западот на Ирска, исто така беше полн со диви гласини и легенди, а еден фантастичен сликар по име Ардо-Боно имаше обесено богохулен „Сонишен пејсаж“ во пролетниот салон во Париз во 1926. И толку беа бројни пријавените проблеми во лудниците, што само чудно ја беше спречило медицинската заедница да забележи чудни паралелности и да дојде до саштисани заклучоци. Сѐ на сѐ, чуден куп исечоци; и денес едвај можам да си го претставам непокорниот рационализам со којшто ги тргнав настрана. Но во тоа време бев убеден дека младиот Вилкокс знае за постарите работи кои професорот ги имаше споменато.
II
Сказната на инспектор Леграс
Постарите работи кои ги направија сонот и барелјефот на скулпторот толку значајни за чичко ми ја сочинуваа втората половина на долгиот ракопис. Се чини дека професор Ангел и претходно ги беше видел пеколните контури на безимената чудовишност, се беше думал за непознатите хиероглифи и ги беше слушнал кобните слогови кои можат да се запишат само како „Ктхулху“; и сето ова проследено со толку обеспокојувачка и ужасна поврзаност што воопшто не е чудно што го опсипуваше младиот Вилкокс со прашања и изнудување на податоци.
Ова претходно искуство беше дошло во 1908, седумнаесет години претходно, кога „Американското археолошко друштво“ ја одржувало годишната средба во Сент Луис. Професор Ангел, како што му доликувало на некој со неговиот авторитет и дострел, имал изразен удел во сите советувања; и бил првиот на којшто му пришле неколкуте странци кои ја користеле приликата на собирот за да поддадат прашања за точно одговарање и проблеми за стручно решавање.
Главниот меѓу овие странци и за кратко центарот на вниманието на целиот состанок, бил некој невпечатлив, средовечен човек кој имал допатувано дури од Њу Орлеанс во потрага по извесни посебни информации недостапни преку тамошните локални извори. Името му било Џон Рејмонд Леграс и по професија бил инспектор во полицијата. Со него го носел и предметот на посетата, една гротескна, одбивна и навидум многу древна камена статуетка чиешто потекло никако не можел да го одреди. Не смее да се мисли дека инспектор Леграс бил ни најмалку заинтересиран за археологија. Напротив, желбата да е просветлен му била поттикната од чисто професионални причини. Статуетката, идолот, фетишот или што и да била, била пред неколку месеци запленета во шумовитите мочуришта јужно од Њу Орлеанс за време на упад врз наводен вуду собир и толку извонредни и одвратни биле обредите поврзани со неа што полицијата не можела, а да не заклучи дека налетала на темен култ кој им бил потполно непознат и бил бескрајно позлокобен дури и од најцрните африкански вуду кругови. За неговото потекло, освен од неповрзаните и неверојатни приказни изнудени од заробените членови, не можело ништо да се открие, па оттаму доаѓала настојноста на полицијата кон антикварно знаење кое би можело да помогне во воспоставување на страшниот симбол, за да низ тоа се поткопа врутокот на култот.
Инспектор Леграс воопшто не бил подготвен за воодушевувањето кое го предизвикало неговиот прилог. Само еден поглед кон нештото бил доволен да ги турне насобраните научници во состојба на напната возбуда, па уште веднаш почнале да се туркаат околу него и да зјапаат во дробната фигура чија крајна необичност и впечаток на вистинска безгазерна древност толку јако загатнувала неотворени и архаични видици. Ниту едно од познатите школи на скулптура не го беше изнедрило страшниот предмет, а сепак како векови, па дури и илјадници години да се имале зачувано во неговата бессјајна и зеленкаста површина од неопределив камен.
Фигурата, која напосле полека била подавана од човек до човек за детално и внимателно проучување, била висока помеѓу седум и осум инчи и изработена со извонредно уметничко мајсторство. Претставувала чудовиште со грубо антропоидна силуета, но со глава како октопод чие лице било збир од пипалки, со крлушесто и гуменесто тело, истакнати канџи на задните и предните нозе и долги тесни крила одзади. Нештото, кое изгледало небаре вдахнато со стравотна и неприродна злоќудност, поседувала некакава подуена вгоеност и злобно клечело на еден правоаголен блок или постамент прекриен со неодгатливи знаци. Врвовите на крилата го допирале задниот раб на блокот, седиштето ја заземало средината, а долгите, закривени канџи на превитканите клекнати задни нозе го стискале предниот раб и се протегале една четвртина надолу кон дното на постаментот. Кефалоидната глава била наведната нанапред, така што краевите на пипалките на лицето паѓале врз предната страна на огромни предни шепи кои ги стискале подигнатите колена на клечачот. Севкупниот изглед му бил абнормално живописен и притаено пострашен поради потполната незнајноста на неговиот извор. Огромната, стравотна, непресметлива старост била неоспорлива; но ниту најмала алка не го спојувала со некоја позната уметност од младоста на цивилизацијата - или пак воопшто со некое друго време. Потполно одделен и засебен, самиот материјал му претставувал мистерија; бидејќи сапунестиот, зелено-црн камен со златни или светулкави флеки и стрии не личел на ништо познато во геологијата или минералогијата. Буквите долж основата биле исто толку обезглавувачки и ниту еден присутен член и покрај присуството на половина од најпочитуваните светски експерти на тоа поле, не можел да оформи ни најмала идеја за дури и нивното најдалечно лингвистичко сродство. Тие, како и приказот и материјалот, припаѓале на нешто ужасно оддалечено и одделено од познатото човештвото; нешто што страшно укажувало на стари и неосветени животни циклуси во кои нашиот свет и нашите замисли немаат удел.
А сепак, додека членовите поединечно нишале со главите и признавале пораз пред проблемот на инспекторот, имало еден човек во собирот во којшто се појавило трошка запознатост со чудовишната форма и писмо и кој почнал со доза резервираност да ја раскажува несекојдневната ситница која ја знаел. Тој човек бил покојниот Вилијам Ченинг Веб, професор по антропологија на универзитетот „Принстон“ и немалку истакнат истражувач. Професор Веб бил вклучен, пред четириесет и осум години, во посета на Гренланд и Исланд во потрага по некакви рунски записи кои не успеал да ги развидели; и додека бил високо на брегот во западен Гренланд беше сретнал некое своеобразно племе или култ на уназадени Ескими чија религија, некој чуден вид на ѓаволопоклонување, го смрзнала со својата намерна крвожедност и одбивност. Била вера за којашто останатите Ескими знаеле малку и којашто ја споменувале со наежување, велејќи дека доаѓала од страшно древни раздобја, уште од пред светот да се оформи. Покрај безимените обреди и човечки жртви, имало и извесни настрани наследни ритуали упатени до некој врховен архиѓавол или торнасук; и за него професор Веб беше направил внимателен фонетски запис од еден прастар ангекок или врач, изразувајќи ги звуците на латиница најдобро што умеел. Но во моментот од најголема важност бил фетишот кој бил уважен од култот и околу кој играле кога аурората високо прескокнувала над смрзнатите гребени. Претставувал, изјавуваше професорот, многу груб барелјеф од камен, сочинет од одвратна слика и загадочен натпис. И колку што можел да воочи, бил груба паралела во сите клучни
особености на ѕверското нешто кое сега стоело пред собранието.
Овие податоци, примени со напнатост и вчудовидување од страна на насобраните членови, се покажале како двојно поинтересни за инспектор Леграс, кој веднаш почнал да го опсипува известителот со прашања. Бидејќи и самиот беше запишал и препишал устен опис на ритуалот на идолопоклониците од мочуриштето кои неговите луѓе ги имале уапсено, го измолил професорот да се сети колку што може поточно на слоговите кои ги запишал помеѓу ѓаволјанските Ескими. Потоа следело исцрпна споредба на подробности и момент на стравопочитна тишина кога и детективот и научникот се согласиле за суштинската идентичност на фразата заедничка за двата пеколни ритуали, со светови оддалечени еден од друг. Она што всушност и ескимските маѓепсници и луизијанските свештеници од мочуриштето им баеле на сродните идоли било нешто како ова - со поделбата на зборовите претпоставена од вообичаените паузи во извикувањето на изразот:
„Ф’нглуи мглв’нафх Ктхулху Р’лјех вгах’нагл фхтагн.“
Леграс имал предност пред професор Веб во една точка, затоа што неколку од заробените мелези му го имале повторено она што постарите прославувачи им кажале дека е значењето на зборовите. Напишаниот текст беше отприлика следниот:
„Во куќата своја во Р’лјех, мртвиот Ктхулху чека сонувајќи.“
И тогаш како одговор на општите и нетрпеливи побарувања, инспектор Леграс колку што можел поопширно раскажал за својата средба со идолопоклониците во мочуриштето; раскажувајќи приказна на којашто, како што увидов, чичко ми ѝ имаше дадено неизмерно значење. Ги наквасуваше налудите соништа на митоткајачите и теософистите и откриваше запрепастувачки степен на космичка фантазија кај такви блатокрвци и парии од коишто најмалку би се очекувало да ја поседуваат.
На 1 ноември 1907, во полицијата во Њу Орлеанс пристигнала избезумена покана од мочуришниот и лагунскиот предел на југ. Тамошните распосланици, во најголем дел примитивни, но добродушни потомци на луѓето на Лафит, се наоѓале во канџите на чист фрас од некој непознат створ кој им се беше прикрадил во ноќта. Навидум било некакво вуду, но толку ужасно вуду какво што дотогаш не беа чуле и дел од жените и децата им исчезнале откако злокобниот там-там тапан започнал со непрестајното чукање далеку под црните опседнати шуми каде што никој жив не влегувал. Имало луди викотници и пореметувачки вресоци, душосмраморувачки пеења и разиграни ѓаволски пламени и, додал исплашениот гласник, луѓето веќе не можеле да трпат.
Така, група од дваесет полицајци качени во две коли и автомобил касно попладнето тргнале кон местото водени од растреперениот распосланик. На крајот од проодниот пат се истовариле и со милји шлапотеле во тишина низ ужасната корија од чемпреси каде што никогаш ден не доаѓал. Грди корења и злоќудни јамки од шпанска мов ги заградувале, а одвреме-навреме купови од немливи камења или по некоја одломка на гнил ѕид ја засилувала со својот намек на морбидна населеност депресијата која секое унаказано дрво и секој габест израсток се имале збрано да ја создадат. Најнакрај населбата на распосланиците, една сирота камара од колиби, излегла на видело и хистеричните жители истрчале и ја опколиле групата разиграни фенери. Придушениот звук на там-там тапани започнал да е слабо воочлив од многу далеку и некаков смраморувачки крик допирал во повремени интервали со промената на ветрот. Исто и некој црвенкав сјај како да се промолкнувал низ бледите грмушки од зад бескрајните друмови на шумска ноќ. Одбивајќи дури и да се насамо, секој еден од стутулените распосланици остро одбил да се приближи макар и стапка поблиску до сцената на несвето обожување, па инспектор Леграс и неговите деветнаесет колеги непредводени се нурнале во црните аркади на ужас кои никој од нив дотогаш ги немал прегазено.
Пределот во којшто тогаш навлегла полицијата бил уште од дамнина злогласен и значително непознат и неистражен од белите доселеници. Имало легенди за подземно езеро, невидено од смртни очи, во коешто живеел некој огромен, безобличен, бел, полипест створ со светливи очи и распосланиците шепотеле дека лилјакокрилни ѓаволи се разлетувале од подземни пештери на полноќ за да го обожуваат. Велат дека таму бил уште пред Д’Илбервил, пред Ла Сал, пред индијанците и дури и пред арните ѕверки и птици од шумата. Бил чисто олицетворение на кошмар и смрт го снаоѓало оној кој ќе го погледнел. Но ги терал луѓето да сонуваат, па така знаеле доволно за да се држат понастрана. Тековната вуду оргија всушност била на самоти раб на ненавистната област, но и тоа било доволно лошо; и можеби самото место на обожавање ги беше имало преплашено распосланиците повеќе од потресните звуци и случувања.
Единствено поезијата или лудилото би можеле вистински да ги доловат звуците кои Леграс и останатите ги слушале додека се пробивале низ црното блато кон црвениот сјај и придушените там-там тапани. Има звучни особености типични за луѓе и звучни особености типични за ѕверки и ужасно е да се чујат едните кога изворот би требало да се другите. Животинска разјареност и оргијастична слобода тука вишнееле до демонијачки висини низ виежи и разгракани занеси кои ја цепеле и одекнувале низ свечерената шума како поморни олуји од бездните на пеколот. Одвреме-навреме похаотичните коледања ќе престанеле и низ нешто што личело на добро извежбан хор на зарипнати гласови, ќе се кренело распеаното баење на онаа одвратна фраза или обред:
„Ф’нглуи мглв’нафх Ктхулху Р’лјех вгах’нагл фхтагн.“
Тогаш полицајците, откако стигнале до место каде што дрвата биле поретки, наеднаш излегле во видик на пирот. Четворица се затетеравиле, еден се онесвестил и двајца потресено испуштиле избезумен крик кој лудото неблагозвучје на оргијата за среќа го потиснало. Леграс му заплискал барска вода врз лицето на онесвестениот и сите застанале треперејќи и скоро хипнотизирани од ужас.
На една мочуришна чистинка имало тревен остров голем околу еден акр, обездрвен и подносливо сув. На ова место скокала и се извитоперувала толку неопислива хорда на човечка абнормалност каква што никој освен Сим или Ангарола не би можел да наслика. Угул голи, хибридните накоти рикале, се дереле и претале околу чудовишна, кружна клада во чиј центар, откриван од повремените распарувања на пламената завеса, стоел голем гранитен монолит висок околу осум стапки на чиј врв, неподобна поради нејзината дробност, стоела дегутантната изрезбарена статуетка. Од широк круг од десет скелиња правилно распоредени околу од пламен овенчаниот монолит главечки виселе извонредно обезличените тела на беспомошните распосланици кои имале исчезнато. Во овој круг скокале и врескале идолопоклониците, при што општата насока на движењето на масата било од лево кон десно во бескрајна баханалија помеѓу обрачот на тела и обрачот на оган.
Можеби било фантазијата, или можеби биле одекнувањата она што го натерало еден од луѓето, некој раздразлив шпанец, да помисли дека слуша антифони одговори на обредот од некое далечно и неосветлено место подлабоко во шумата на древни преданија и ужаси. Тој човек, Џозеф Д. Галвез, покасно го сретнав и распрашав; и се покажа како занесно креативен. Појде дотаму да загатне некакво далечно павтање на големи крила и поглед од сјајни очи и некоја грамадна бела маса од зад најдалечните дрва - но најверојатно премногу ги беше слушал народните суеверија.
Всушност, ужаснатата пауза меѓу луѓето била со мошне кратко времетраење. Должноста била на прво место и и покрај тоа што сигурно имало околу сто мелезни славители во пирот, полицијата, потпирајќи се на оружјето решително се нурнала кон гадното стадо. Цели пет минути му немало опис на предизвиканото безредие и хаос. Паѓале диви удари, имало пукотници, а и бегства; но на крајот Леграс успеал да прибере четириесет и седум мрки пленици, кои ги натерал бргу да се облечат и да се постројат помеѓу две полициски редици. Петмина идолопоклоници лежеле мртви и двајца лошо ранети биле однесени на импровизирани носила од страна на останатите затвореници. Приказот на монолитот, се разбира, Леграс внимателно го отстранил и го зел со себе.
Испитани во штабот по жестоко напорен и исцрпувачки пат, се покажало дека затворениците се луѓе од многу ниска, мешанокрвна и ментално презрива сорта. Повеќето биле морепловци, со по некој црнец и мулат, во главно западно Индијци и Брава-португалци од Зелено‘ртските Острови кои му давале вудуистична обоеност на разноличниот култ. Но пред да бидат поставени многу прашања, се воспоставило дека се работи за нешто многу подлабоко и постаро од црнечки фетешизам. Иако биле уназадени и неуки, суштествата сепак со изненадувачка доследност се држеле до централните идеи на нивната погана вера.
Велеле дека ги обожаваат Старите Великани кои живееле долги ери пред да се појават луѓето и кои на младиот свет се спуштиле од небото. Тие Стари Великани сега се имале повлечено во земјата и под морето; но нивните мртви тела им ги кажале своите тајни низ соништа на првите луѓе, кои оформиле култ кој никогаш не умрел. Ова бил тој култ и затворениците велеле дека отсекогаш постоел и засекогаш ќе постои, скриен во далечни пустелии и мрачни места низ целиот свет сѐ до времето кога големиот свештеник Ктхулху, од неговата темна куќа во грамадниот град Р’лјех под водите, ќе се воздигне и повторно ќе ја потчини земјата. Еден ден ќе ги повика, кога ѕвездите ќе се спремни, а тајниот култ вечно ќе чека за да го ослободи.
Во меѓувреме, повеќе не смее се кажува. Имало тајна која дури ни мачење не можело да ја извлече. Човештвото не било само помеѓу свесните нешта на земјата, бидејќи од темнината излегувале облици за да ги посетат верните малкумина. Но тоа не биле Старите Великани. Никој ги немал видено Старите Великани. Изрезбарениот идол бил големиот Ктхулху, но никој не можел да знае дали и другите се исти како него. Веќе никој не можел да го прочита старото писмо, но се пренесувале нешта од уста на уста. Баењето од обредот не било тајната - таа никогаш не се изустувала гласно, туку само низ шепоти. Баењето значело само ова: „Во куќата своја во Р’лјех, мртвиот Ктхулху чека сонувајќи.“
Само двајца од затворениците биле прогласени дека се при доволно здрав разум за да бидат обесени, а останатите биле префрлени по различни установи. Сите го одрекувале нивниот удел во обредните убиства и настојувале дека убиствата биле извршени од Црнокрилните кои им дошле од исконското собиралиште во опседнатата шума. Но за тие мистериозни сојузници никако не можело да се добие доследен опис. Она што полицијата успеала да го извлече доаѓало главно од еден престар метис по има Кастро, кој тврдел дека имал допловено до чудни пристаништа и зборувано со бесмртните водачи на култот во планините во Кина.
Стариот Кастро се сеќавал на ронки од одвратната легенда која ги засенувала нагаѓањата на теософистите и правела човекот и светот да се чинат небаре неодамни и минливи. Постоеле раздобја кога други нешта владееле на земјата и имале големи градови. Нивните останки, рекол дека му кажал бесмртниот кинез, сѐ уште можеле да Им се најдат како киклопејски камења на острови во Тихиот Океан. Сите беа изумреле неброени временски епохи пред доаѓањето на луѓето, но постоеле чинови кои можеле да ги оживеат кога ѕвездите повторно ќе се свртеле во соодветните положби во кругот на вечноста. И самите Тие беа дошле од ѕвездите и ги донесле Своите прикази со Нив.
Овие Стари Великани, продолжуваше Кастро, не се состоеле целосно од крв и месо. Имале форма - зар не служел тој приказ од ѕвездите како доказ? - но формата не Им била составена од материја. Кога ѕвездите биле како што треба, можеле да се нурнуваат од свет во свет низ небото; но кога ѕвездите не биле како што треба, не можеле да живеат. Но и покрај тоа што веќе не живееле, никогаш не можеле вистински да умрат. Сите лежеле во камени куќи во Нивниот голем град Р’лјех, зачувани од маѓиите на моќниот Ктхулху за величенствено воскресение кога ѕвездите и земјата повторно ќе се спремни да ги пречекаат. Но тогаш морало да има некоја надворешна сила што ќе Им ги ослободи телата. Маѓиите кои ги чувале нераспаднати, истовремено и ги спречувале да самите го направат почетниот потег и можеле само будно да лежат во мракот и да мислат, додека небројни милиони години се ределе. Знаеле за сѐ што се случува во универзумот, а начинот на говор Им бил со пренесување мисли. Дури и сега зборувале во гробовите. Кога, по бесконечности на хаос, првите луѓе беа дошле, Старите Великани им прозбореле на чувствителните меѓу нив обликувајќи им ги соништата; бидејќи само така нивниот јазик можел да проникне до телесната памет на цицачите.
Тогаш, прошепотил Кастро, тие први луѓе го оформиле култот околу мали идоли кои Старите Великани им ги покажале; идоли донесени во сенишни ери од темни ѕвезди. Култот немало никогаш да умре сѐ додека ѕвездите не дојдат пак како што треба, кога тајните свештеници ќе го кренат големиот Ктхулху од гробот за да ги оживее неговите поданици и да го продолжи господарењето со земјата. Времето лесно ќе се познаело, бидејќи човештвото тогаш ќе било станато како Старите Великани, слободно и диво и вон синорот на доброто и злото, со отфрлени закони и морал и сите кај ќе се дерат и убиваат и веселат. Тогаш ослободените Стари Великани ќе ги научат на нови начини да се дерат и да убиваат и да се веселат и да уживаат и сета земја ќе пламне во погром на занес и слобода. Дотогаш, култот морал со соодветни обреди да го чува сеќавањето на тие древни обичаи и да го предвестува пророштвото за нивното враќање.
Во дамнина, избраните низ соништа зборувале со закопаните Стари Великани, но тогаш нешто се случило. Големиот камен град Р’лјех со своите монолити и гробници потонал под брановите; и длабоките води, полни со најпрвобитната мистерија низ којашто ни мислите не можат да поминат, ги прекинале призрачните односи. Но сеќавањата никогаш не умреле и врховните свештеници велеле дека градот повторно ќе се воздигне кога ѕвездите ќе се како што треба. Тогаш од земјата ќе излезат црните духови на земјата, мувлосани и сенишни и полни со притулени гласини наслушнати од пештери под заборавените морски дна. Но за нив стариот Кастро не се осмелувал многу да зборува. Отсечно се пресекол и со никаква вештина или убедување не можеле да му извлечат повеќе на оваа тема. Големината на Старите Великани исто така, за чудо, беше одбил да ја спомене. За култот рекол дека центарот му се наоѓа некаде во непроодните пустини на Арабија, каде што Ирем, Градот на Столбови, сонува скриен и недопрен. Не бил поврзан со европскиот култ на вештерки и бил речиси непознат надвор од членството. Ниедна книга вистински не го загатнала, но бесмртниот кинез беше рекол дека има двозначности во Некрономиконот на лудиот арап Абдул Алхазред, кои воведените можат да ги протолкуваат како што сакаат, а особено спорниот куплет:
„Не е мртво она што да лежи вечно знае
и во раздобја чудни и смртта мртва може да е.“
Леграс, длабоко погоден и немалку збунет, залудно се распрашувал за историската поврзаност на култот. Кастро очигледно ја беше кажувал вистината кога рекол дека бил потполно скришен. Стручњаците од универзитетот „Тулен“ не можеле да го развиделат ни култот ни приказот, па сега детективот беше дошол кај највисоките стручњаци во земјата каде што единствено бил пречекан од гренландската приказна на професор Веб.
Грозничавиот интерес разбуден на средбата од приказната на Леграс, додатно потврден од статуетката, одекнуваше и во следбените дописки на присутните и покрај тоа што белешки во формалните билтени на друштвото скоро и да нема. Внимателноста им е прва грижа на оние навикнати да се соочуваат со повремени шарлатанства и измамништва. Леграс на некое време му го позајмил приказот на професор Веб, но по неговата смрт му бил вратен и сѐ уште е во негова сопственост каде што и јас неодамна го погледнав. Навистина е нешто ужасно и е непогрешливо сроден со сонишната скулптура на Вилкокс.
Тоа што чичко ми бил возбуден од приказата на скулпторот воопшто не ме зачуди, бидејќи какви ли мисли мора да му избиле откако слушнал, знаејќи го она што Леграс го беше дознал од култот, за осетливото момче кое не само што ја сонувало фигурата и точните хиероглифи од мочуришниот приказ и гренландската ѓаволска плоча, туку во соништата беше налетало на најмалку три точни зборови од формулата изустена од ескимските ѓаволјани и луизијанските мелези? Неодложниот почеток на крајно темелната истрага на професор Ангел беше потполно оправдан и покрај тоа што во себе се сомневав дека Вилкокс на некој индиректен начин имал чуено за култот и имал измислено ред соништа за да ја потхрани и продолжи мистеријата на сметка на чичко ми. Сонишните приказни и исечоци собрани од професорот беа, се разбира, силна потврда, но рационалноста на мојот ум и спектакуларноста на целиот случај ме приморуваа да ги присвојам заклучоците кои во тоа време ми се чинеа како најразумни. И така, по уште едно темелно проучување на ракописот и поврзување на теософиските и антрополошките белешки со окултниот расказ на Леграс, тргнав на пат за Провиденс за да го видам скулпторот и заслужено да го прекорам за дрското наведување на еден учен човек во години.
Вилкокс сѐ уште живееше сам во зградата Флор-де-ли на улица „Томас“, една одвратна викторијанска имитација на бретонска архитектура од седумнесеттиот век која го перчи штукатираното лице сред личните колонијални куќи на древниот рид и тоа под самата сенка на најубавата џорџиска кула во Америка. Го најдов како работи во собата и веднаш заклучив, од раштрканите примероци, дека генијалноста му е навистина длабока и вистинита. Верувам дека еден ден ќе е прочуен како еден од великаните на декаденцијата, бидејќи ги беше избистрил во глина и еден ден ќе ги одрази во мермер, оние кошмари и фантазии кои Артур Макен ги пробудува низ проза, а Кларк Ештон Смит ги олицетворува низ стих и слика.
Црн, кревок и по изглед малку несреден, мрзоволно се заврте кога тропнав и без да стане ме праша што сакам. Кога му кажав кој сум се подзаинтересира, бидејќи чичко ми му ја беше разбудил љубопитноста со распитите за неговите чудни соништа, но никогаш му ја немаше објаснато причината за проучувањето. Не му го збогатив знаењето на ова поле, туку внимателно се обидев да го разоткријам. За кратко време се убедив во неговата потполна искреност, бидејќи за соништата зборуваше на начин во којшто никој не би можел да не верува. Тие и нивните потсвесно засирени талози длабоко му беа повлијаеле на неговата уметност и ми покажа една грозоморна статуа чии контури скоро ме стресоа со силата на нивното црно укажување. Не можеше да се сети дали го имаше видено оригиналот на нештото, освен во сопствениот сонишен барелјеф, но фигурите сами од себе несвесно му се беа оформиле под прстите. Без сомнение беше џиновската форма за којашто беше бладал за време на бунилото. Дека навистина не знаеше ништо за скриениот култ, освен она што му се имаше испуштено на чичко ми за време на неговите непокорни катихизиси, набрзо успеа да ми докаже и повторно фатив да го барам начинот преку којшто беше можно да ги има добиено чудните впечатоци.
За соништата зборуваше на необично поетски начин, овозможувајќи ми со ужасна живописност да го видам влажниот киклопејски град од лигав зелен камен - чија геометрија, сперливо рече, била потполно погрешна - и со страшно исчекување да го слушнам непрестајното, полу-душевно повикување од подземјето: „Ктхулху фхтагн“, „Ктхулху фхтагн“. Овие зборови беа дел од страшниот ритуал кој зборуваше за сонишното бдеење на мртвиот Ктхулху во камениот темник во Р’лјех и бев длабоко трогнат и покрај рационалните верувања. Бев сигурен дека Вилкокс за култот има слушнато од некаде низ разговор и дека потоа го има заборавено сред неговите купови на подеднакво чудна литература и замисли. Покасно, поради неговата чиста неспорна впечатливост, сеќавањето потсвесно му се беше одразило преку соништата, преку барелјефот и преку ужасната статуа која сега ја гледав пред мене; па така, макар несакано, го беше навел чичко ми. Момчето беше од оние ем по малку упадливи ем по малку неучтиви личности кои никогаш не можев да ги сакам, но сепак бев спремен да му ги признаам и генијалноста и искреноста. Се разделивме пријателски и му го посакав сиот успех кој му го ветуваше талентот.
Случајот со култот и понатаму остана да ме фасцинира и повремено си замислував дека ќе се прославам со истражувањето на неговото потекло и поврзаност. Го посетив Њу Орлеанс, зборував со Леграс и други кои беа дел од упадот на времето, го видов страшниот приказ и дури испрашав некои од затворените мелези кои уште беа живи. За жал, стариот Кастро веќе неколку години беше бил мртов. Она што сега толку графички и од прва рака го чув и покрај тоа што беше само детална потврда на она што чичко ми го имаше запишано ме вдахна со свежа возбуда, бидејќи бев сигурен дека сум ѝ влезен во трагата на некоја мошне вистинска, мошне тајна и мошне древна религија чие откривање би ме направило истакнат антрополог. Ставот сѐ уште ми беше оној на целосен материјализам и камо сѐ уште да беше така, па со необјаснива тврдокорност ги занемарував случајностите во сонишните белешки и чудните исечоци собрани од професор Ангел.
Во едно нешто почнав да се сомневам, во коешто сега ми е страв дека сум сигурен: во тоа дека смртта на чичко ми беше далеку од природна. Беше паднал по стрмната ридска улица која водеше од древното пристаниште преплавено со странски мелези, по немарно туркање од некој црн морнар. Не ја заборавив мешаната крв и морските походи на членовите на култистите од Луизијана и не би се изненадил ако дознаам за извесни тајни методи и отровни игли, немилосрдни и древни колку и загадочните обреди и верувања. Навистина, Леграс и неговите биле оставени на мира, но во Норвешка еден морнар кој беше видел некои работи е мртов. Зар не е можно подлабоките распити на чичко ми по неговото соочување со информациите на склупторот да имаа стигнато до злокобни уши? Мислам дека професор Ангел умре затоа што знаеше премногу, или затоа што беше на пат да научи премногу. Дали и мене ќе ме снајде истото останува да се види, бидејќи сега и јас многу научив.
III
Лудилото од морето
Ако небесата некогаш сака да ме дарува, целосно ќе го избрише исходот од најобичната случајност поради којашто фрлив око кон едно зафрлено парче рафт-хартија. Не беше нешто на што можев да налетам низ секојдневните истражувања, бидејќи беше стар број на австралискиот весник „Сиднеј булетин“ од 18 април, 1925. Му се имаше промолкнато дури и на одделот за исечоци кој за време на неговото издавање пламенито беше собирал материјал за истражувањето на чичко ми.
Во најголем дел се имав откажано од распитите за она што професор Ангел го имаше наречено „Култот на Ктхулху“ и бев во посета на еден учен пријател во Патерсон, Њу Џерси; кустос во локалниот музеј и истакнат минеролог. Разгледувајќи ги еден ден резервните примероци грубо наредени на гондола во една од задните простории на музејот, в око ми падна една несекојдневна слика од хартиите спрострени под камењата. Беше листот од „Сиднеј булетин“ којшто го споменав, одошто мојот пријател нашироко соработуваше со најразлични странски органи, а сликата беше полутонска фотографија на еден одвратен камен приказ кој беше скоро идентичен на оној кој Леграс го имаше најдено во мочуриштето.
Нестрпливо расчистувајќи го листот од вредностите кои беа наредени врз него, подробно ја испитав статијата и се разочарав кога видов дека е доста куса. Меѓутоа, укажуваше кон нешто што беше од предзначна вредност за мојата делумно овената потрага и внимателно ја скинав, решен уште веднаш да делувам. Го пишуваше следново:
ПРОНАЈДЕН МИСТЕРИОЗЕН ПОМОРСКИ КРШ
„Вигилант“ пристигна влечејќи беспомошна воена јахта од Нов Зеланд.
Пронајдени еден преживеан и еден мртовец. Сказна за очајна битка и смрт на море. Спасениот морнар одбива да сподели подробности за чудното искуството.
Чуден идол пронајден во негова сопственост. Следува распит.
Товарниот брод „Вигилант“ на компанијата „Морисон“ патувајќи од Валпараисо, утрово пристигна на докот на пристаништето „Дарлинг“ влечејќи ја оштетената и онеспособена, но тешко вооружена парна јахта „Алерт“ од Данидин, Н.З. која била пронајдена на 12 април на ЈГШ 34°21’, ЗГД 152°17’, носејќи еден преживеан и еден мртовец.
„Вигилант“ тргнал од Валпараисо на 25 март и на 2 април значително скршнал од курсот по исклучително тешка олуја и чудовишни бранови. На 12 април кршот бил забележан и иако навидум напуштен, по прекачувањето на него бил пронајден еден преживеан во состојба на полу-бунило и еден човек кој очевидно бил мртов повеќе од една недела. Живиот во рацете стискал некаков ужасен камен идол од непознато потекло, висок околу една стапка, за чија природа сите стручњаци од универзитетот во Сиднеј, Кралското друштво и музејот на „Колеџ стрит“ признаваат дека немаат ни најмала претстава и кој преживеаниот вели дека го нашол во една од просториите на бродот, во мало изрезбарено светилиште од сличен крој.
Човекот, откако си дошол при себе, раскажал крајно чудна приказна за гусарство и колеж. Се викал Густав Јохансен и бил немалку интелигентен норвежанец и втор офицер на двојарболниот шкунер „Ема“ од Окланд, кој отпловил за Каљао на 20 февруари со екипаж од единаесет луѓе. „Ема“, вели морнарот, бил исфрлен и значително изместен јужно од курсот по големата бура од 1 март и на 22 март на ЈГШ 49°51’, ЗГД 128°34’, се сретнал со „Алерт“ кој бил екипиран од необична и сомнителна група на канакавци и мелези. Кога заканувачки им било наредено да се вратат, капетан Колинс одбил при што чудниот екипаж почал дивјачки и без предупредување да пука кон шкунерот со изненадувачки силната артилерија од месингови топови кои биле дел од опремата на јахтата. Луѓето на „Ема“ се спремиле за борба, изјавува преживеаниот и и покрај тоа што шкунерот почнал да тоне од истрели под водната површина, успеале да се довлечат до непријателот и да се прекачат, борејќи се со дивјачкиот екипаж врз бродската палуба каде што биле приморани да ги убијат сите до еден, иако бројот им бил малку поголем, поради грозниот и очаен, но мошне несмасен начин на борба.
Тројца од луѓето на „Ема“, вклучувајќи го капетан Колинс и првиот офицер Грин биле убиени, а останатите осуммина предводени од вториот офицер Јохансен, продолжиле да ја управуваат запленетата јахта кон нивната првична насока, за да видат дали постоела некаква причина за нивното наредување да се вратат. Следниот ден, како што се кажува, се закотвиле и се истовариле на мал остров, иако не е познато дека има таков остров во тој дел на океанот; при што шестмина од луѓето поради некоја причина умреле додека биле на копното, меѓутоа Јохансен одбива да зборува за овој дел од приказната и само вели дека пропаднале во некоја камена провалија. Покасно, тој и уште еден од екипажот се качиле на јахтата и се обиделе сами да се справат, но на 2 април биле одвеани од бурата. Оттогаш, сѐ до спасувањето на 12ти, човекот не се сеќава на ништо и не може да се сети ниту кога умрел Вилијам Брајден, неговиот придружник. Смртта на Брајден е без видлива причина и најверојатно настапила како резултат од претерана возбуда или премаленост. Телеграфски извештаи од Данидин пријавуваат дека „Алерт“ таму бил добро познат како трговски брод и имал лош углед по крајбрежјето. Бил во сопственост на сперлива група мелези, чии чести средби и ноќни посети на шумата предизвикувале немала љубопитност; и со голема брзина испловил веднаш по бурата и потресите од 1 март. Нашиот дописник од Окланд ни јавува дека „Ема“ и екипажот имале одличен углед, а Јохансен е опишан како трезвен и способен човек. Капетанијата од утре ќе спроведе истрага за целиот настан, при што ќе бидат направени сите напори да Јохансен се наговори да го опише случајот поопширно од досега.
Тоа беше сѐ, заедно со сликата на пеколниот приказ, но каков само проток на идеи ми придвижи низ умот! Пред мене имав нова ризница на податоци за Култот на Ктхулху и доказ дека корените му се протегаа и на море, а не само на земја. Каков мотив го беше натерал мешанокрвниот екипаж да им нареди на „Ема“ да се вратат, додека тие самите пловеле со одвратниот идол? Кој бил непознатиот остров на којшто умреле шестмина од екипажот на „Ема“ и за којшто офицерот Јохансен одбиваше да зборува? Што имаше разоткриено истрагата на поткапетанијата и што се знаеше за дегутантниот култ во Данидин? И најчудесно од сѐ, каква беше оваа длабока и далеку од природна поврзаност на датуми која им даваше злокобна и сега веќе непореклива важност на различните случки кои чичко ми толку внимателно ги имаше забележано?
На 1 март - или 28 февруари според Меѓународната датумска граница - беа настапиле земјотресот и бурата. Од Данидин, „Алерт“ со неговиот опор екипаж забрзано се беше втурнал како заповеднички да е повикан, а на другата страна од Земјата поети и уметници беа почнале да сонуваат за необичен, немлив, киклопејски град, додека еден млад скулптор в сон ја беше извајал формата на стравотниот Ктхулху. На 23 март екипажот на „Ема“ се закотвил на непознат остров и оставил шестмина мртви, а на тој ден соништата на осетливите добиле засилена живописност и се замрачиле со страв од злокобното прогонување на некое џиновско чудовиште, додека еден архитект полудел, а еден скулптор наеднаш беше паднал во бунило! И што значеше бурата на 2 април - денот кога сите соништа за немливиот град престануваа и Вилкокс неповреден се беше извлекол од јаремот на необичната треска? Што значеше сето ова - и сите тие намеци на стариот Кастро, за потонатите, ѕвездородни Стари Великани и нивното претстојно владеење; нивниот верен култ и нивното господарење над соништата? Висев ли над космички ужаси неподносливи за човечкиот разум? Ако беше така, тогаш сигурно беа ужаси само на умот, бидејќи на некој начин втори април ѝ беше ставил крај на каква и чудовишна закана да беше почнала да ја опсадува душата на човештвото.
Таа вечер, по ден на брзи телеграфирања и припреми, се збогував со домаќинот и фатив воз за Сан Франциско. За помалку од месец бев во Данидин, каде што, за жал, дознав дека малку се знае за чудните членови на култот кои се имаа војвано низ старите морнарски крчми. Поморскиот џган беше презастапен за да заслужува посебно внимание; иако се шепотеше за некакво копнено патување на коешто споменатите мелези беа пошле и за време на коешто биле забележани придушени тапани и црвен пламен на далечните ридови. Во Окланд дознав дека Јохансен се беше вратил со русата коса целосно побелена, од површното и незаклучно испрашување во Сиднеј, по што ја продал куќарката на „Вест стрит“ и заедно со жена си, отпловил за стариот дом во Осло. За обеспокојувачкото искуство на пријателите им кажал исто онолку колку што им кажал и на претставниците на капетанијата, па сѐ што можеа беше да ми ја дадат неговата адреса во Осло.
Потоа појдов во Сиднеј и бесплодно зборував со морепловци и членови на поткапетанијата. Го видов „Алерт“, кој сега беше продаден и пуштен во употреба во „Циркулар ки“ во Сиднеј Ков, но не дознав ништо од невпечатливиот труп. Клекнатиот приказ со глава на лигна, тело на змеј, крлушкави крила и хиероглифиран постамент беше зачуван во музејот во „Хајд парк“ и долго и добро го проучив, заклучувајќи дека е од стравотно мајсторска изработка и ја содржи истата неодгатлива мистерија, ужасна дамнина и неземска необичност на материјалот којашто ја забележав кај помалиот примерок на Леграс. За геолозите, ми кажа кустосот, се беше покажала како чудовишна загатка колнејќи дека светот не содржи таков камен. Тогаш стресувајќи се помислив на она што стариот Кастро му го имаше кажано на Леграс за првобитните Великани: „...беа дошле од ѕвездите и ги донесле Своите прикази со Нив.“
Потресен од душевен пресврт каков што дотогаш не бев искусил, се решив да го посетам офицерот Јохансен во Осло. Пловејќи до Лондон, веднаш се прекачив за норвешката престолнина и еден есенски ден пристигнав на педантните докови во сенката на „Егеберг“. Адресата на Јохансен, како што открив, се наоѓаше во Стариот град на крал Харолд Хардроде кој го имаше задржано името Осло низ сите векови кога другиот дел од градот се преправаше како „Кристијана“. Допатував со такси и со расчукано срце тропнав на вратата на една средена и древна градба со малтерисана фасада. На тропањето ми одговори нажалена жена во црно и бев убоден од разочараност кога, низ испрекинат англиски јазик, ми кажа дека Густав Јохансен веќе го нема.
Не поживеал долго по враќањето, рече жена му, бидејќи морската случка од 1925 го скршила. Неа ѝ немаше кажано повеќе одошто ѝ имаше кажано на јавноста, но имаше оставено долг ракопис - со „стручни работи“ како што рекол - напишан на англиски, веројатно со цел да ја заштити од опасноста на случајно разлистување. За време на една прошетка по некоја тесна уличка крај докот кај Готенбург го удрил врзоп хартии што паднал од некој тавански прозорец. Двајца ласкарски морнари веднаш го кренале, но умрел уште пред да стигне амбулантната кола. Лекарите на крајот не нашле задоволителна причина за смртта, па истата ја препишале на срцеви проблеми и нарушено здравје.
На тоа, во цревата го почувствував темниот фрас кој никогаш нема да ме напушти сѐ додека и мене не ме снема, „случајно“ или не. Убедувајќи ја вдовицата дека мојата поврзаност со „стручните работи“ на мажот ѝ е доволна за да ми го отстапи ракописот, го однесов документот и почнав да го читам на бродот за Лондон. Беше едноставно, збркано дело - обид на наивен морнар за пост фактум дневник - и се стремеше да ден по ден го опише тоа последно, ужасно патување. Не можам да се пробам да го запишам од збор до збор, во целата негова магливост и излишност, но доволно ќе ја раскажам сржта, за да покажам зошто звукот на водата врз страните на пловилото ми стана толку неподнослив што си ги затнав ушите со памук.
Јохансен, фала му на Бога, не знаеше баш сѐ и покрај тоа што ги имаше видено и градот и Тоа, но јас веќе никогаш нема мирно да спијам кога мислам на ужасите што непрестајно демнат зад животот во времето и во просторот и на тие неосветени богохулија од исконски ѕвезди кои сонуваат под морето, познати и обожувани од кошмарен култ спремен и желен да ги отпушти врз светот, штом друг земјотрес повторно ќе им го дигне чудовишниот камен град кон сонцето и воздухот.
Патувањето на Јохансен беше започнало исто како што ѝ кажа на поткапетанијата. „Ема“, растоварен, го поминал Окланд на 20 февруари и ја почувствувал полната сила на земјотресната олуја којашто сигурно ги беше подигнала од морското дно ужасите кои ги исполнуваа соништата на луѓето. Кога екипажот повторно завладеал со бродот, напредувале добро сѐ додека не биле пресретнати од „Алерт“ на 22 март и можев да ја почувствувам жалоста на морнарот додека пишуваше за бомбардирањето и тонењето на коработ. За мургавите расипници од култот зборува со значителна ужаснатост. Имало некоја необично одбивна карактеристика кај нив, што нивното уништување се чинело скоро како должност и Јохнасен покажува вистинско вчудовидување кон обвинувањата за безмилосрдие коишто биле насочени кон неговата група за време на процесот на судското испрашување. Потоа, водени од љубопитност во запленетата јахта под команда на Јохансен, луѓето забележале голем камен столб како стрчи од морето и на ЈГШ 47°9’, ЗГД 126°43’ дошле до прибрежје од измешана кал, слуз и обраснат киклопејски каменорез што не може да е ништо друго, туку пипливата маса на најврховниот земски фрас - кошмарниот мршоград Р’лјех, изграден во неизмерливи раздобја зад историјата од огромните, гадливи форми кои имаа протечено од темните ѕвезди. Таму лежи големиот Ктхулху со неговите ордии, скриен во зелени, лигави темници кој конечно, по непресметливи циклуси, ги беше испуштил мислите кои сеат страв во соништата на осетливите и заповедно ги повикуваше верниците да дојдат на аџилак на ослободување и обновување. Јохансен не го претпоставуваше сево ова, но Бог знае дека скоро потоа доволно се изнагледа!
Најверојатно само еден единствен планински врв - одвратната тврдина крунисана со монолит, каде што големиот Ктхулху беше закопан - всушност се имаше издигнато над водите. Кога ќе помислам на обемот на сето она што можеби таму чмае, ми доаѓа уште веднаш да се убијам. Јохансен и останатите биле вчудовидени од космичкото величество на тој наквасен Вавилон на дамни демони и бездруго претпоставувале дека не е нешто што потекнува од оваа или која и да било друга здраворазумна планета. Стравопочитта кон неверојатната големина на зеленкавите камени блокови, кон вртоглавата височина на големиот изрезбарен монолит и кон замајувачката еднаквост на титанските статуи и барелјефи со сперливиот приказ најден во светилиштето на „Алерт“ е трогателно видлива во секој ред од преплашениот опис на морнарот.
Без да знае каков е футуризмот, Јохансен успеваше да долови нешто многу слично кога зборуваше за градот; бидејќи наместо да опише одредена структура или градба, се задржуваше само на општи впечатоци на огромни агли и камени површини - површини преголеми за да припаѓаат на нешто правилно или арно на земјава и огрешени со ужасни слики и хиероглифи. Споменувам дека зборуваше за агли, бидејќи тоа укажува на нешто што Вилкокс ми го имаше кажано за неговите ужасни соништа. Рече дека геометријата на сонишното место коешто го видел била абнормална, нееуклидова и одвратно препсала на сфери и димензии одделени од нашите. А еве сега и еден необразован морнар го чувствуваше истото додека гледаше во ужасната вистинитост.
Јохансен и екипажот се истовариле на еден навален каллив брег на чудовишниот акропол и лизгаво почнале да се јазат по титански слузави блокови коишто не можеле да се смртнички скалила. Самото сонце на небесата се чинело како да е изобличено кога го гледале низ поларизирачката миазма што извирала од морсконаквасената изопаченост и извитоперена закана и неизвесност зјапнато демнеле од лудачко недофатните агли на изделкан камен, кои на втор поглед покажувале конкавност, откако на прв ќе покажеле конвексност.
Чувство слично на страв ги беше обзело сите истражувачи уште пред да здогледаат нешто поопределено од камен и слуз и треви. Секој ќе избегал да не му било срам од презирот на другите и само малодушно барале - залудно, како што се покажало - некој сувенир кој ќе можат да го одведат со нив.
Родригез португалецот бил оној кој се искачил по подножјето на монолитот и им свикал дека нашол нешто. Останатите пошле по него и љубопитно се загледале во огромната изрезбарена врата со сега познатиот барелјеф на лигна-змеј. Била, велеше Јохансен, како голема врата од штала и сите се сложиле дека е врата поради украсениот надвратник, праг и довратници одоколу, иако не можеле да одлучат дали била легната како врата на под или навалена како надворешна врата од подрум. Како што Вилкокс ќе речеше, геометријата на местото била целосно погрешна. Не било сигурно ни дека морето и земјата се хоризонтални, па затоа заемната поставеност на сѐ се чинела призрачно променлива.
Брајден се обидел на неколку места да го турне каменот, без резултат. Тогаш Донован претпазливо напипал по работ, притиснувајќи ја секоја точка одделно како што одел. Непрекинато се искачил по грозната камена рамка - поточно, би се рекло дека се качува ако каменот сепак не бил хоризонтален - и сите се прашувале како некоја врата во универзумот може да е толку грамадна. Тогаш, многу нежно и споро, плочата голема еден акр, почнала да се придвижува навнатре при врвот и виделе дека е урамнотежена. Донован се лизнал или се придвижил некако по, или долж, довратникот и им се придружил на останатите и сите го гледале необичното повлекување на чудовишно изрезбарената порта. Во таа фантастичност на призмично извртување аномално се придвижила дијагонално, при што сите правила на материја и перспектива се чинеле нарушени.
Процепот бил црн со темнина која како да била отелесена. Сурноста всушност и била позитивна одлика, бидејќи ги криела деловите на внатрешните ѕидови кои инаку би се откриле и се втурнала небаре чад од долгораздобното затвореништво, видливо затемнувајќи го сонцето, измушнувајќи се кон набрчканото и испапчено небо на распафтани ципести крилја. Миризбата која се кренала од новоотворените длабини била неподнослива и остроувиот Хокинс најнакрај како да чул некакво гнасно шлапање одоздола. Сите се заслушале и сѐ уште слушале кога разлигавено се довлекло на виделина и грабејќи се ја истиснало огромната пивтиеста снага низ црната врата, на наглотениот воздух во тој отровен град на лудила.
Ракописот на кутриот Јохансен едвај беше истраал додека пишуваше за ова. Од шесте луѓе кои не стигнале до бродот, мисли дека двајца останале наместо од чист страв во тој проклет момент. А Тоа не можеше да го опише - нема јазик за такви амбиси на врискаво и исконско безумие, за такви устрелни противречности на сета материја, сила и космички ред. Планина проодела или се растетеравела. Боже! Ништо чудно што на другиот крај на светот познат архитект полудел, а кутриот Вилкокс грознично бладал во тој телепатски миг. Тоа од идолите, зелената, леплива, ѕвездена накот се беше пробудила за да си го бара своето. Ѕвездите повторно биле како што треба и она што прастариот култ не беше успеал да го направи сосила, група невини морнари го направиле несакајќи. По вигинтилиони години големиот Ктхулху повторно беше пуштен и рикаше од сласт.
Тројца биле збришани од млитавите канџи пред некој да се сврти. Бог да ги прости, ако постои прошка во универзумот. Имињата им биле Донован, Герера и Енгстром. Паркер се лизнал, додека останатите тројца избезумено се нурнале преку бескрајни видици на зелено-закоравен камен кон чамецот и Јохансен се колнеше дека бил проголтан од агол на каменорезот кој не требало да постои; агол кој бил остар, но се однесувал како да е тап. Така, само Брајден и Јохансен стигнале до чамецот и очајнички завеслале кон „Алерт“ додека планинестата чудовишност доклапала по лигавите камења и се заколебала, кашкајќи се по работ на водата.
Пареата не била оставена потполно да се испразни и покрај заминувањето на сите души од бродот; па само неколку мигови грозничаво трчање помеѓу кормилото и моторите биле доволно за да бродот се придвижи. Споро, среде извитоперените ужаси на таа неопислива сцена, почнал да ги сече смртоносните води; додека на каменорезот на тој костурничарски брег што не бил од Земјава, титанското нешто од ѕвездите се разлигушило и размумлало како Полифем кога го колнел избеганиот брод на Одисеј. Тогаш, посмел од митскиот киклоп, големиот Ктхулху мрсно се лизнал во водите и се втурнал во потера, со грамадни далговоздигачки замави на космичка јакост. Брајден се свртел и полудел, продорно смеејќи се, како што и понатаму повремено се смеел сѐ додека смртта не го зела една вечер, додека Јохансен замаено лутал.
Но Јохансен сѐ уште не бил истрошен. Знаејќи дека Нештото сигурно ќе успее да го претекне „Алерт“ пред пареата да може целосно да се поврати, се одлучил за очајнички потег; и поставувајќи го моторот во полна брзина, молскавично се стрчал по палубата и го свртил кормилото. Се чуло моќно клокотење и пенење во опората јува и како што пареата сѐ повеќе се кревала храбриот норвежанец главечки го спотнал пловилото кон забрзаната пивтија што се издигнала над нечистата пена како носот на некоја демонска галија. Ужасната лигнеста глава со распретани пипала скоро стигнала до носот на цврстата јахта, но Јохансен продолжил непокорно да јури. Се чуло прскање како на распукан меур, раскашкана гнасотија како од расцепена сончева риба, смрдеа како од илјада отворени гробови и звук кој писарот не можел да го запише на хартија. За момент бродот бил испоганет од резлив и заслепувачки зелен облак, а потоа зад крмата се чуло само отровно вриење; додека - Господе Боже! - раштрканото месиште на тој безимен небесен накот почнало небулозно да се составува во првичната клета форма, како што „Алерт“ сѐ повеќе го зголемувал растојанието, добивајќи залет од засилената пареа.
Тоа беше сѐ. Потоа Јохансен само клинчел над идолот во кабината и повремено се потхранувал и себе и расмеаниот умоболник крај него. Не се обидел да навигира по првото смело бегство, бидејќи чинот му беше откорнал некој дел од душата. Тогаш дошла бурата од 2 април, заедно со заоблачувањето на неговата свест. Има чувство на призрачно превртување низ течни бездни на бесконечност, на вртоглави возења низ разлулани универзуми на опашка од комета и на хистерични нурнувања од јамата до месечината и од месечината назад до јамата и сето тоа оживеано од расклештениот хор на искривените, улави врховни богови и зелените, лилјакокрилни, потсмешливи устрели на Тартар.
По тој сон најпосле дошол и спас - „Вигилант“, поткапетанијата, улиците на Данидин и долгото патување до дома, до старата куќа крај „Егеберг“. Не можел да каже - ќе го помислеле за луд. Ќе го запишел она што го знаел пред смртта да го наваса, но жена му не смее да дознае. Смртта би била благодет ако би можела да му ги затне сеќавањата.
Тоа беше документот којшто го прочитав и кој сега го имам ставено во металната кутија крај барелјефот и белешките на професор Ангел. Заедно со нив ќе го оставам и овој мој запис - оваа проверка на мојот сопствен здрав разум, каде што е составено она што се надевам дека никогаш веќе нема да се состави. Го погледнав најголемиот ужас кој може да го збере во универзумот и и пролетното небо и летните цвеќиња отсега за мене ќе се отров. Но не мислам дека долго ќе живеам. Како што си замина чичко ми, како што си замина кутриот Јохансен, така и јас ќе си заминам. Премногу знам, а култот сѐ уште живее.
И Ктхулху несомнено сѐ уште живее, пак во таа камена провалија што го штити уште од кога сонцето било младо. Клетиот град повторно му е потонат, бидејќи „Вигилант“ го пројде местото по априлската бура, но неговите земни свештеници сѐ уште се дерат и рипаат и колат околу идолоовенчани монолити по осамените места. Мора да бил заробен во својот црн амбис при потонувањето, инаку светот досега ќе врескаше од страв и ‘ршум. Кој ли го знае крајот? Она што се кренало може да потоне, а она што потонало може да се крене. Гадосии чекаат и сонуваат во длабините и гнилеж се шири низ климавите човечки градови. Ќе дојде време - но не смеам и не можам да мислам! Да се помолам дека ако не го надживеам ракописов, кај моите извршители на тестаментот ќе надвладее разумот над смелоста и дека ќе се погрижат да ничие око веќе не го види.