Низ северниот прозорец на одајата ми свети Северницата со необјаснива светлина. Непрестајно низ долгите пеколни часови на црнина кај таму сјае. И во есента на годината, кога ветриштата од север колнат и кенкаат и црвенолисните дрвја на мочуриштето си мрморат нешта меѓу себе во ситните саати на утрината под рогатата завенеена месечина, седам крај пенџере и ја гледам таа ѕвезда. Надолу од височините се вала светкавата Касиопеја како што се нижат часовите, додека Големата Кола тромаво се влечка од зад со пареа накиснатите мочуришни дрвја кои се лулаат на ноќниот ветер. Во раните мугри Арктур румено намигнува од над гробиштата на ниското ритче и Береникината Коса бизарно мижурка оддалеку на загадочниот исток; но Северницата сѐ уште кај се вргали надолу од истото место во црниот свод, одвратно намигнувајќи како лудо испулено око кое се стреми да пренесе некоја чудна порака, а сепак не се сеќава на ништо освен на тоа дека некогаш имало некаква порака да пренесе. Понекогаш, кога е облачно, можам и да спијам.
Убаво се сеќавам на ноќта на големата Аурора, кога над мочуриштето си играа потресните проблесоци на демонската светлина. По зраците дојдоа облаци и тогаш поспав.
И под рогата завенеена месечина се случи да за првпат го видам градот. Смирен и сонлив кај лежеше, на чудна висорамнина во еден дол измеѓу чудни врвови. Од грозоморен мермер му беа ѕидовите и кулите, диреците, куполите и плочниците. На мермерните улици имаше мермерни столбови, чии горни делови беа изрезбарени во ликови на трезвени брадати луѓе. Воздухот беше топол и мируваше. И одозгора, едвај десет степени од зенитот, светеше таа испулена Северница. Долго зјапав кон градот, ама денот го немаше да дојде. Кога црвената Алдебаран, која трепкаше ниско на небото, но никогаш не се гасеше, беше излазила еден четврт од патот по хоризонтот, видов светлина и движење во куќите и улиците. Облици, чудно зарубени, но наеднаш ем благородни ем познати, се рашетуваа наваму-натаму и под рогатата завенеена месечина говореа мудрост во говор кој го разбирав, но кој не беше како ниеден јазик кој некогаш сум го знаел. И кога црвената Алдебаран имаше излазено повеќе од половина од патот по хоризонтот, пак фатија темница и тишина.
Кога се разбудив, не бев каков што бев бил. Врз сеќавањата ми беше врежана сликата на градот и во душата ми се беше воздигнал еден друг и помаглив спомен, за чијашто природа тогаш не бев сигурен. Потем, во облачните ноќи кога можев да спијам, често го гледав градот; понекогаш под таа рогата завенеена месечина, а понекогаш под жешките жолти зраци на сонце кое не заоѓаше, туку кое се крталаше ниско околу хоризонтот. А при ведри ноќи Северницата се вргалеше како никогаш дотогаш.
Постепено фатив да се запрашувам што служба и место имам јас во тој град на чудната висорамнина измеѓу чудни врвови. Отпрво задоволен само да ја гледам сцената како сегледачко нетелесно присуство, сега посакував да си го утврдам односот со неа и да зборувам за работи што ми лежат на срце со трезвените луѓе кои катаден чинеа муабет на градските плоштади. Се реков, „Ова не е сон, зашто како ли би можел да ја докажам поголемата вистинитост на оној друг живот во куќата од камен и цигла јужно од зловесното мочуриште и гробиштата на ниското ритче, кај што Северницата секоја ноќ ми се џари низ северниот прозорец?“
Една ноќ како што го слушав муабетот на големиот плоштад кој содржеше многу статуи, почувствував промена; и воочив дека најпосле имам телесен облик. Ниту веќе бев туѓинец на улиците на Олатое, кој лежи на висорамнината Саркид, измеѓу врвовите Нотон и Кадифонек. Пријателот ми Алос беше оној кој говореше и од неговиот говор ќеф ми дојде на душата, одошто беше говор на прав маж и родољуб. Таа ноќ беа дошле вестите за падот на Дајкос и за походот на Инутосите; куси, пеколни, жолти врагови кои пред пет години се беа појавиле од непознатиот запад за да ни ги хараат синорите на кралството и најнакрај да ни ги сардисуваат паланките. Заземајќи ги утврдените места на подножјето на планините, патот сега им беше отворен до висорамнината, освен ако секој еден жител не можеше да им се спротивстави со сила на десет души. Зашто кусите суштества беа отракани во војничкиот занает и не знаеја за совесностите на честа кои им бранеа на нашите високи, сивооки луѓе од Ломар свирепо да освојуваат.
Алос, пријателот ми, беше командирот на сета војска на висорамнината и на него се потпираше последната надеж за нашата земја. Во оваа пригода зборуваше за бељите кои нѐ чекаат и ги кандардисуваше луѓето од Олатое, најхрабрите од сите ломарци, да ги крепат адетите на нивните предци, кои кога биле присилени да се поместат јужно од Зобна поради приближувањето на големата ледена плоча (како што и нашите потомци еден ден ќе мора да пребегнат од земјата ломарска), јуначки и тржествено ги збришале влакнестите, долгораки, човекојадни Нофкеси кои им биле на патот. Алос не се кандиса и мене да ми даде војничка улога, одошто бев клекав и имав чудна навика да се онесвестувам кога бев подложен на напор и мака. Но очите ми беа најострите во градот и покрај долгите часови кои ги минував во проучување на Пнакотските ракописи и мудроста на зобнарските татковци; па така пријателот ми, не сакајќи да ме осуди на бездејство, ме награди со онаа должност на којашто рамен ѝ немаше по важност. Во караулата Тапнен ме испрати, за оттаму да ѝ сум очи на војската. Ако бидне да Инутосите се пробаат да го заземат кастелот преку тесната пресека зад врвот Нотон и оттаму да го изненадат гарнизонот, јас требаше да го дадам огнениот знак кој ќе ги предупреди спремните војници и ќе го спаси градот од непосредна катастрофа.
Сам се качив на кулата, зашто секој човек со цврста снага беше потребен во долните пресеки. Мозокот замајано ме клукаше од возбуда и умор, зашто многу денови не бев спиен; но сепак останав непокорен во задачата, зашто си ја сакав ломарската татковина и мермерниот град Олатое кој лежи измеѓу врвовите Нотон и Кадифонек.
Но како што стоев во највисоката одаја на кулата, се испулив кон рогатата завенеена месечина, алова и зловесна, што трпнееше низ чуреите кои лебдеа над далечната долина Баноф. И низ еден отвор во покривот светкаше бледата Северница, првкајќи небаре е жива и вргалејќи се како враг и искушувач. Чинев духот нејзин ми шепоти зли совети, успокојувајќи ме кон предавничка сонливост со клето ритмичко ветување кое непрестајно го повторуваше:
„Пазачу, спиј си, дур’ сферите в небо,
дваж по стотриесет векови не го
извртат сводот и јас не се вратам
до местото кај што во овој миг пламтам.
Инакви ѕвезди ќе прореат скоро
до оските кои го крстосат сводот;
ѕвезди на благослов, ѕвезди на спокој
заборавот кај што е најсладок опој:
тек кога колото ќе ми се сврши
минатото раатот ќе ти го скрши.“
Залудно се борев со дремката, пробувајќи да си ги поврзам овие чудни зборови со некое од преданијата за небото кои ги бев научил од Пнакотските ракописи. Главата, тешка и развалана ми клапна на градите и кога повторно ја кренав, веќе бев потонат во сон; со Северницата како ми се цери низ прозорецот од над ужасните разлулани дрвја во сонишното мочуриште. И сѐ уште сонувам.
Од срам и очај, понекогаш поулавено врескам, преколнувајќи ги сонишните суштества околу мене да ме разбудат пред Инутосите да се прикрадат по пресеката зад врвот Нотон и изненадно да го заземат кастелот; но овие суштества се демони, зашто ми се смејат и ми велат дека не сонувам. Си тераат мајтап со мене додека спијам и додека кусиот жолт душман можеби тивко ни се прикрадува. Потфрлив во должноста и го предадов мермерниот град Олатое; му испаднав неверен на Алос, пријателот и командирот ми. Но и понатаму овие сенки на моите соништа ме ругаат. Велат дека земјата Ломар не постои, освен во моите вечерни измислици; дека во тие царства кај што Северницата свети високо и црвената Алдебаран ползи ниско околу хоризонтот, веќе илајдници години било саде мраз и снег и немало луѓе освен кусите жолти суштества, поморени од студот, кои ги викале „Ескими“.
И додека претам од виновно теглило, поулавен за да го спасам градот чијашто беља со секој миг расте и залудно се стремам да се измолкнам од овој неприроден сон на куќа од камен и цигла јужно од зловесното мочуриште и гробиштата на ниското ритче; Северницата, злобна и чудовишна, се вргали надолу од црниот свод, одвратно намигнувајќи како лудо испулено око кое се стреми да пренесе некоја чудна порака, а сепак не се сеќава на ништо освен на тоа дека некогаш имало некаква порака да пренесе.