Злобниот духовник - Полиграматон

Злобниот духовник

Во таванската одаја ме внесе трезвен, бистролик човек со ненаметлива облека и темносива брада, кој ми прозборе на следниот начин:

„Да, тој живееше тука - но не би те советувал да правиш нешто. Љубопитноста те прави неодговорен. Ние никогаш не доаѓаме тука навечер и само поради неговата волја ја имаме оставено вака како што е. Знаеш што има направено. Тоа грозно здружение најпосле ги презеде уздите и не знаеме каде го закопаа. Немаше шанси да законот или нешто друго го стигне здружението.

Се надевам дека нема да останеш откако ќе се замрачи. И ти се молам да не го гибаш тоа на масата - тоа што изгледа како кутија кибрит. Не знаеме што е, но се сомневаме дека е поврзано со она што тој го направи. Одбегнуваме дури и да му се пулиме на подолго време.“

По некое време човекот ме остави сам во таванската соба. Беше многу запуштена и правлива и со само примитивна покуќнина, но имаше некоја уредност којашто покажуваше дека не е ќумезот на мештанин на гето. Имаше полици полни со теолошки и класични книги и додатна библиотека која содржеше трактати за магија - Парацелзус, Алберт Велики, Тритемиј, Хермес Трисмегист, Борел и други во чудни азбуки чии наслови не можев да ги дешифрирам. Покуќнината беше многу скромна. Имаше врата, но водеше само кон плакар. Единствениот испад беше зјајот во подот до којшто водеше самоделското, стрмно скалиште. Прозорците беа со кружни витражни окна и гредите од црн даб упатуваа на неверојатна антика. Накратко, куќава беше од стариот свет. Како да знаев каде се наоѓам, но не можам да си го споменам она што во тоа време го знаев. Бездруго, градот не беше Лондон. Впечатокот ми е како на некое мало пристаниште.

Малиот предмет на масата силно ме воодушеви. Како да знаев што да правам со него, зашто од џебот извадив џебна електрична батерија - или нешто налик на тоа - и беспокојно ѝ го испробав блесокот. Светлината не беше бела, туку виолетова и не се чинеше како вистинска светлина, туку повеќе како некое радиоактивно бомбардирање. Си споменувам дека не ја сметав за обична батерија - всушност имав обична батерија во другиот џеб.

Се замрачуваше и древните покриви и оџачни капи однадвор изгледаа многу настрано низ кружните витражни окна. Најпосле собрав храброст и го потпрев малиот предмет на масата врз една книга - а потоа ги свртев зраците на сперливата виолетова светлина кон него. Светлината сега повеќе се чинеше како дожд или град од мали виолетови честички одошто како непрекинат сноп. Како што честичките удираа врз стаклестата површина во средината на чудната направа, се чинеше дека произведуваат звук на потпукнување како пропорење на вакумска цевка низ којашто се пропуштаат искри. Мрачната стаклеста површина прикажуваше розикава светлост и во средината како да се создаваше некој нејасен бел облик. Тогаш забележав дека не сум сам во собата - и го вратив зрачниот проектор во џебот.

Но новодојденецот не прозборе - ниту чув каков и да било звук за време на непосредно следбените мигови. Сѐ беше како сенишна пантомима, небаре видено од огромна далечина низ некоја посредна магличавост - макар што, од друга страна, новодојденецот и сите последователни дојденци се чинеа огромни и блиски, небаре се ем близу ем далеку, според некоја абнормална геометрија. 

Новодојденецот беше слаб, темен човек со средна висина облечен во духовничка одежда на Англиканската црква. Очевидно беше на околу триесет години, со бледожолт, маслинест тен и мошне убави црти, но абнормално високо чело. Црната коса му беше убаво потстрижена и уредно исчешлана и беше пресно бричен, но од под кожата сепак му се гледаше дека имал густа брада. Носеше безоквирни ѕрцала со челични рачки. Градбата и долните црти на лицето му беа како на други духовници коишто ги имав видено, но имаше драстично повисоко чело и беше потемен и побистролик - а и попрефригано и поприкриено злобнолик. Во тој момент - откако само што беше запалил една бледа газиена ламба - изгледаше беспокоен и пред да сфатам што се случува почна да ги фрла сите магични книги во каминот на страната од собата со прозорецот (каде што ѕидот остро се навалуваше) којшто претходно го немав забележано. Пламените јазици лакомо ги проголтаа томовите - рипајки во чудни бои и оддавајќи неописливо одвратни миризби како што чудно хиероглифисаните листови и црвјосани повези подлегнуваа под опустошувачкиот елемент. Наеднаш видов дека во собата има и други - трезвенолики луѓе во духовничка носија, од коишто еден ги носеше лентите и брич пантолоните на бискуп. Иако не можев ништо да чујам, можев да видам дека му соопштуваат одлука од голема важност на прводојденецот. Се чинеше како истовремено да го мразат и да му се плашат, а и тој се чинеше како да им возвраќа на таквиот став. Лицето му се здрви во намуртен израз, но можев да видам како му трепери десната рака додека се обидуваше да се фати за потпирачот на еден стол. Бискупот покажа со прстот кон празниот сандак и кон каминот (каде што пламените јазици имаа замрено среде гламносаната неодредлива маса) и се чинеше исполнет со сперлива ненавидност. Прводојденецот тогаш цинично се насмевна и посигна со левата рака кон малиот предмет на масата. Тогаш како сите да се исплашија. Поворката клерици почна да се симнува по стрмните скали низ подната врата, вртејќи се и правејќи заканувачки гестови како што си одеа. Бискупот си отиде најпоследен.

Прводојденецот тогаш појде до еден креденец во внатрешната страна на собата и извлече макара јаже. Поткачувајќи се на еден стол, го прицврсти едниот крај на јажето за кука во големата откриена средишна греда од црн даб, а со другиот крај почна да прави јамка. Сфаќајќи дека е со план да се обеси, скокнав нанапред за да го разубедам или спасам. Ме виде и запре со подготовките, гледајќи ме со некакво тржество коешто ме збуни и вознемири. Полека слезе од столот и почна да се лизга кон мене со вистинска волчја насмевка на мрачното тесноусно лице.

Некако почувствував како да сум во смртна опасност и го извлеков сперливиот зрачен проектор како оружје за самоодбрана. Зошто мислев дека може да ми помогне, не знам. Му го пуштив право в лице и видов како бледожолтите црти засветуваат прво со виолетова, а потоа со розикава светлина. Изразот на волчјо ликување му беше разреден од поглед на најдлабок страв - којшто сепак не го истисна ликувањето во целост. Застана в место - а потоа, бесно мавтајќи со рацете низ воздухот, почна да се тетерави наназад. Видов дека полека се приближува до отвореното скалиште во подот и се обидов да му викнам и да го опоменам, но не ме слушна. Уште истиот миг се запорева наназад низ отворот и се изгуби од видик.

Ми падна тешко да се придвижам кон скалиштето, но кога најпосле стигнав дотаму не пронајдов здробено тело врз подот одоздола. Наместо тоа, се чу клопот од луѓе кои се качуваа со фенери, зашто вражбата на призрачна тишина беше разбиена и повторно слушав звуци и гледав фигури во нормална тродимензионалност. Нешто очевидно беше привлекло толпа до местово. Да не се расчула врева којашто ја немав слушнато? Одеднаш двајцата (навидум обични селани) најнапред во поворката ме видоа - и застанаа дамлосани. Еден од нив се издра гласно и одекливо.

„Лелеее! … Ти ли че си бре? Пак ли?“

Потоа сите се свртија и поулавено побегнаа. То ест, сите освен еден. Кога толпата си замина го видов трезвенобрадиот човек кој ме беше довел до местото - како стои сам со фенер. Ми се пулеше безздивно и опчинето, но не се чинеше како да му е страв. Тогаш почна да се качува по скалите и ми се придружи на таванот. Кажа:

„Значи сепак го гибна! Жал ми е. Знам што се има случено. И претходно си има случено, но човекот се исплаши и се застрела. Не требаше да му дадеш да се врати. Знаеш што сака. Но не смееш да се исплашиш како другиот човек кој го искористи. Нешто многу чудно и стравотно ти се има случено, но не стигна да ти го повреди умот или личноста. Ако останеш сталожен и ја прифатиш потребата да направиш извесни коренити прилагодувања во животот, можеш слободно да продолжиш да си уживаш во светот и плодовите на твоето учење. Но не можеше да живееш тука - и ми се чини дека ни во Лондон нема да сакаш да се вратиш. Би ти ја предложил Америка.

Не смееш пак да си играш со - онаа работа. Ништо веќе не може да се поврати. Само ќе ја влошиш работата ако сториш - или ако повикаш - нешто. Не помина толку лошо колку што можеше да поминеш - но мораш уште веднаш да излезеш оттука и да не се враќаш. Благодари му на Бога што не отиде подалеку…

Ќе те подготвам колку што можам поотворено. Настаната е извесна промена - во твојата телесна појава. Со него секогаш е така. Но во нова земја би можел да се навикнеш. На другата страна на собава има огледало и ќе те одведам пред него. Ќе се потресеш - макар што нема да видиш ништо одбивно.“

Сега се тресев од смртен страв и брадатиот човек мораше да ме придржува додека ме водеше низ собата до огледалото, со бледата ламба (т.е. онаа што беше била на масата, а не уште побледиот фенер кој го имаше донесено) во другата рака. Ова го видов во огледалото:

Слаб, темен човек со среден раст облечен во духовничка одежда на Англиканската црква, очевидно на околу триесет години и со очила без оквири, со челични рачки кои сјаеја под бледожолто, маслинесто чело со абнормална висина.

Беше тивкиот прводојденец којшто си ги беше изгорел книгите.

До крајот на животот, надворешната форма ќе ми е онаа на тој човек!