Ви повторувам господа, јалово ви е тормозењето. Чувајте ме
тука засекогаш ако сакате; затворете ме или погубете ме ако мора да имате жртва
за да го умилостите привидот кој го нарекувате правда; но не можам да ви кажам
повеќе одошто веќе ви кажав. Сѐ што се сеќавам, ви го кажав со совршена
непристрасност. Ништо не извртив или скрив, и ако има нешто што уште е нејасно,
така е поради темниот облак кој ми се има надвиснато над паметта – поради тој
облак и поради небулозниот карактер на ужасиите кои го создадоа.
Пак ви велам, не знам што стана со Харли Ворен, но мислам
– скоро и се надевам – дека се наоѓа во мирен заборав, ако има некаде нешто
толку блажено. Вистина дека пет години му бев најблизок пријател и делумен
сопатник во ужасните истражувања на непознатото. Нема да одречам и покрај тоа
што сеќавањето ми е несигурно и нејасно, дека сведокот кој ми го спомнувате
можеби навистина нѐ видел како што вели, на раскрсницата кај Гејнсвил, како
одиме кон мочуриштето Биг Сајпрес кај единаесет и пол таа страшна вечер. Дека
носевме електрични фенери, мотики и еден впечатлив навој жица со поврзани
инструменти, можам дури и да ви потврдам; бидејќи сиве овие работи играа улога
во онаа одвратна сцена што ми останува вжарена во потресените спомени. Но за тоа што
следеше потоа и за причината поради која изутрината ме најдоа сам и замаен на
работ на мочуриштето, морам да инсистирам дека не знам ништо повеќе од она што
веќе не знам колку пати ви го повторив. Вие ми велите дека во или близу до
мочуриштето нема ништо што би личело на местото на таа застрашувачка случка. Јас ви
велам дека не знам ништо повеќе од она што го видов. Привидение или кошмар можеби
и беше– усрдно се надевам дека беше привидение или кошмар – но сепак тоа е се
она што ми останува во умот од она што се случи во тие потресни часови
откако се тргнавме од секој човечки поглед. И зошто Харли Ворен не се врати,
само тој или неговото сениште– или некое безимено нешто што не можам да го опишам – може да каже.
Како што веќе ви кажав,
многу добро ми беа познати чудните проучувања на Харли Ворен, и до некоја мера
и самиот ги делев. Од неговата огромна збирка на чудни, ретки книги на
забранети теми, имав исчитано сѐ на оние јазици со кои повелам, но ова е малку во споредба со она на јазици кои не ги разбирам. Чинам дека повеќето беа на
арапски и демонородната книга што го донесе крајот – книгата која што ја однесе во
џебот надвор од светот – беше испишана со знаци какви што дотогаш не бев видел
на ниедно друго место. Ворен никако не сакаше да ми каже што всушност имаше во
книгата. А за карактерот на нашите проучувања – морам ли пак да ви повторам
дека не го паметам во целост? Ми се чини како милост, тоа што не ги паметам,
бидејќи беа ужасни, проучувања кои повеќе ги следев од колеблива
вчудоневиденост, отколку од некој љубопитен нагон. Ворен отсекогаш имаше власт
над мене и понекогаш му се плашев. Се сеќавам како се стресов кога му го видов
изразот на лицето ноќта пред страшниот настан, кога толку непрестајно зборуваше
за неговата теорија, зошто некои трупови никогаш не се распаѓаат, туку илјадници
години цврсти и дебели лежат во гробовите. Но сега не му се плашам, бидејќи
мислам дека има видено ужаси поголеми од оние коишто мене ми се познати. Сега за него ми е страв.
Уште еднаш ви велам дека немам јасна престава што ни
беше целта таа вечер. Се разбира, имаше некаква врска со нешто од книгата која
Ворен ја носеше со него – древната книга во неодгатливи знаци којашто му
стигна од Индија еден месец претходно– но се колам дека не знам што очекувавме
да најдеме. Сведокот кој го имате вели дека нѐ видел во 11 и пол на
раскрсницата кај Гејнсвил, како се упатуваме кон мочуриштето Биг Сајпрес.
Најверојатно е така, но јас не се можам да се сетам. Во умот ми е врежана сликата
на само една сцена, но часот сигурно беше доцна по полноќ; бидејќи бледата
полумесечина се имаше кренато високо на парливото небо.
Местото беше древни гробишта; толку древни што се
стресов од повеќекратните знаци на небројни години. Се наоѓаше во една длабока,
запурна долина, обрасната со смрдлива трева, мов и своевидни ползечки плевели
и исполнета со неодредена смрдеа која во разлутаната фантазија неразумно ја бев
поврзал со скапани камења. На секој чекор се гледаа знаци на запоставеност и
разнебитеност и бев опседнат од впечатокот дека Ворен и јас сме првите живи
суштества што ја нарушуваат смртната, вековна тишина. Над работ на долината, болежлива,
бледа полумесечина ѕиркаше низ опорите пареи кои како да изливаа од нечуени
катакомби и на нејзините снемоштени, колебливи зраци можев да воочам одбивен ред на
антички плочи, урни, сенотафи и мавзолејски фасади; целите разронети,
мовлосани и исфлекани од влага, и делумно скриени од одвратната раскошност на
нездравата вегетација.
Првиот јасен впечаток за сопственото присуство во
страшната некропола што го имам, е чинот за сопирање со Ворен пред една полуопустошена
гробница и отфрлање на дел од товарот кој го бевме носеле. Тогаш видов дека
со мене носам електричен фенер и две мотики, додека мојот придружник беше снабден со сличен фенер и преносен телефонски прибор.
Не изустивме ни збор, бидејќи местото и задачата како да ни беа познати и без
да должиме ги грабнавме мотиките и започнавме да ги расчистуваме тревите,
плевелите и растурената земја од рамната, прастара мртовечница. Откако ја расчистивме
целата површина, која се состоеше од три огромни гранитни плочи, се повлековме
на извесно растојание за да ја разгледаме костурската сцена, а Ворен како да пресметуваше
нешто во себе. Тогаш се врати до гробницата
и користејќи ја мотиката како лост, се обиде да ја отвори плочата што беше
близу до една камена урнатина што во свое време можеби беше била споменик. Не успеа,
па ми даде знак да му дојдам на помош. Најпосле, со здружени сили го олабавивме
каменот, кој го кренавме и наваливме настрана.
Отстранувањето на плочата откри црно окно, од каде што
профучи изобилие на трлави гасови, кои беа толку зашеметувачки што ужаснато отстапивме. Меѓутоа по краток период, повторно и пријдовме на јамата и видовме
дека издувувањата не се толку неподносливи. Фенерите ни го открија врвот на камени
скалила, кои капеа од некаква гнасна икор на подземјето и кои беа порабени од
влажни ѕидови закоравени со шалитра. И тука за прв пат во сеќавањето ми се
појавува говорна размена, како Ворен најпосле ми се обраќа во неговиот мек
тенор; глас своеобразно непогоден од исклучителното опкружување.
„Жал ми што ќе морам да те оставам горе на површина,“
рече, „но злосторство би било да се пушти некој со твоите кревки нерви да слезе
долу. Не можеш да си ги замислиш и покрај она што си прочитал и што сум ти
кажал, нештата што ќе морам да ги видам и направам. Ѓаволска работа е Картер и се сомневам дека на човек без железни живци би можел да ја заврши и да се врати
жив и нерастроен. Не сакам да те навредувам и Бог знае дека би ми било мило ако
те имам крај себе; но одговорноста, на некој начин, е моја и не би можел да
влечкам некој бојазлив како тебе кон веројатна смрт или лудило. Ти велам, не
можаш да замислиш какво е! Но,
ветувам дека ќе ти кажувам за секој потег преку телефон – гледаш, имам
доволно жица за до центарот на земјата и назад!“
Сеуште можам да ги слушнам, во сеќавањата, тие рамнодушно
изговорени зборови и сеуште ги паметам моите приговори. Како очајнички да настојував да
го придружувам пријателот во тие гробски длабини, но видов дека е непоместливo тврдокорен.
Дури и се закани дека ќе ја прекине експедицијата ако продолжам да настојувам;
закана која што се покажа како ефективна, бидејќи само го имаше клучот
од таму. На сето ова сеуште можам да
се сетам, но и веќе не знам што беше она што го баравме. Откако ја доби
мојата нерада согласност за неговата намера, Ворен ја крена макарата жица и ги прилагоди инструментите. Кога ми климна, зедов еден од апаратите
и седнав на еден древен, обезбоен гроб близу до новооткриеното окно. Потоа ми ја стисна раката, ја нарами макарата жица и исчезна во неописливата некропола.
За кратко го гледав блесокот на фенерот и слушав шушкањето
на жицата додека ја пушташе по него; но наскоро блесокот нагло исчезна, како да
наиде на свиок по каменото скалиште и исто толку бргу замре и звукот. Бев сам,
но врзан за непознатите длабини преку тие магични нишки чија изолирана површина
зелено лежеше под мачните зраци на таа бледа полумесечина.
Во осамената тишина на тој ветов и напуштен град на
мртвите, умот ми зачнуваше најгрозоморни фантазии и привиденија; и грозоморните
светилишта и монолити како да добиваа одвратен карактер –полу-сознателност. Бесформни
сенки како да дремеа во темните процепи на обраснатата долина, и да се протеруваа
како во некоја богохулна ритуална поворка, крај портите од мувлосаните гробови на ридот;
сенки кои не фрлени од зраците на таа млитава, зјапната полумесечина.
Постојано погледнував кон часовникот на светлото од
електричниот фенер и со грозничава напнатост слушав крај приемникот од
телефонот; но и после четврт час не чув ништо. Тогаш од инструментот се чу
слабо кликање и со напнат глас го побарав пријателот. И покрај тоа што бев вознемирен,
сепак бев неподготвен за зборовите што се огласија од тој необичен темник,
изговорени со нагласок толку крескав и растреперен каков што дотогаш немав чуено од Харли Ворен. Оној кој толку смирено ме напушти пред толку кратко време, сега ми се јави одозола низ растроен шепот, покобен од најгласниот врисок:
„Господе! Да можеш да го видиш она што го гледам!“
Не можев да одговорам. Занемен, можев само да чекам.
Потоа повторно дојдоа разузданите тонови:
„Картер, ужасно е – чудовишно – неверојатно!“
Овој пат гласот не ме издаде и во приемникот истурив
поплава возбудени прашања. Ужаснат, фатив да повторувам, „Ворен, што е? Што е?“.
Уште еднаш се чу гласот на мојот пријател, сеуште
зарипнат од страв, а сега навидум и прошаран со очај:
„Не можам да ти кажам Картер! Потполно е надвор од секоја можна мисла – не се осудувам да ти кажам – никој не може да го знае и да преживее – Боже
Господе! Не ни сонував за ВАКВО нешто!“
Повторно мир, освен мојот веќе неразбрилив порој од испелтечени
распити. Потоа гласот на Ворен во тон на бесна вџашеност:
„Картер! Жити Господ, врати ја плочата и бегај ако
можеш! Бргу! –остави сѐ друго и трчај кон излезот – само така ќе се спасиш!
Прави како што велам и не барај да ти објаснувам!“
Слушнав, но можев само да ги повторам избезумените
прашања. Околу мене беа гробовите и темнината и сенките, под мене, некоја
закана надвор од радиусот на човечката фантазија. Но пријателот ми беше во
поголема опасност од мене и низ стравот почувстував и бледа огорченост што ме
смета за способен да го напуштам под вакви околности. Повторно кликање и по
мала пауза, жалосен крик од Ворен:
„Бриши! Господе Боже, врати ја плочата и бриши Картер!“
Нешто во
детинестиот жаргон на мојот, јасно потресен, придружник ми ги откочи
способностите. Се решив и решено му викнав, „Ворен, држи се! Слегувам!“ Но на ова
тонот на слушателот се претвори во врисок на краен очај:
„НЕМОЈ! Не можеш да разбереш! Предоцна е – сам сум си
виновен. Врати ја плочата и бегај – ни ти ни некој друг веќе може да направи
нешто!“
Тонот повторно се смени, овој пат добивајќи на мекост,
како на безнадежно препуштање.
Но сепак остана напнат во грижата за мене.
„Бргу – пред да стане касно!“
Се обидов да не го слушам, се обидов да ја скршам
парализата што ме имаше приклештено и да го исполнам ветувањето дека ќе слезам
да му помогнам. Но и наредниот шепот ме најде смраморен во пранги на чист ужас.
„Картер – побргу! Не вреди – мора да одиш – подобро еден
отколку двајца – плочата-“
Пауза, повторно кликање, потоа слабиот глас на Ворен.
„Уште малку и готово – немој да ми отежнуваш – покриј ги
тие проклети скали и спасувај си го животот – губиш време – Збогум, Картер – нема
веќе да те видам.“
Тука шепотот на Ворен се поду во врисок, врисок кој
постепено се издигна до вриштење вкалемено со сите вековни стравотии—
„Проклети да се ѓаволштииве – цели свити – Господе!
Бриши! Бриши! БРИШИ!“
После тоа настапи тишина. Не знам колку безгранични раздобја седев запрепастен;
шепотејќи, мумлајќи, викајќи, вриштејќи во тој телефон. Непрестајно низ тие
раздобја шепотев и мумлав, викав, врескав и вриштев, „Ворен! Ворен! Одговори ми
– тука ли си?“.
И тогаш ме снајде круната на сиот ужас – неверојатното,
непомисливото, скоро неизустливото нешто. Реков дека како раздобја да изминаа откако Ворен
го списка последното очајничко предупредување и дека само моите крици сега ја кршеа
одвратната тишина. Но по некое време повторно се чу кликање од приемникот, па
ги напрегнав ушите да слушнам. Повторно викнав, „Ворен, таму си?“ и како
одговор го чув она што ми го постави овој облак над паметта. Не се обидувам,
господа, да го објаснам тоа нешто – тој глас – ниту, пак, можам да пробам детално да го опишам,
бидејќи првите зборови ми ја зедоа свеста и ми создадоа ментална празнина што
се протега сѐ до времето кога се разбудив во болницата. Да речам дека гласот
беше длабок; празен; желатинозен; далечен; неземен; нечовечки; бестелесен? Што
да речам? Му стави крај на моето доживување и мојата приказна. Го чув и се
ничкосав– го чув како што седев смраморен во тие непознати гробишта во
долината, сред разронетите камења и навалените гробови, смрдливата вегетација и
трлавите пареи. Го чув како надоаѓа од најкрајните длабочини на таа проклета гробница
додека гледав како бесформни, гробождерни сенки играат под клетата бледа
месечина.
И ова го кажа:
„БУДАЛО, ВОРЕН Е МРТОВ!“