I
Во изнамачениве уши непрестајно ми се гласи кошмарно првкање и пафтање и леко, далечно грохотење небаре на некој џиновски пес. Не е сон - не е, за жал, ниту лудило - зашто премногу веќе се има случено за да би си дозволил вакви милостиви сомнежи. Сен Џон е осакатен леш; саде јас знам зошто, а знаењето ми е такво што сега ќе си го истурам мозокот од страв да не и јас на ист начин бидам осакатен. По бессветли и безмерни ходници на устрелни мечти шиба црната, безоблична Немезида којашто ме тера да се саморазгромам.
Нека Небесата ни ја прости будалштината и морбидноста која и двајцата нѐ доведе до ваква чудовишна судбина! Одошто ни беше смачено од секојдневието на прозаичниот свет, каде дури и радостите на романсите и авантурите бргу ветреат, Сен Џон и јас занесено го следевме секое естетско и интелектуално движење кои ветуваше оддишка од нашата пустошна додеаност. И енигмите на симболистите и занесите на прерафаелитите ги откривме и проголтавме со тек на време, но секое ново настроение беше прерано исцедено од неговата игрива новост и привлечност. Само трезвената филозофија на декадентите можеше да нѐ докрепи, а и таа ни беше достатна единствено со постепено зголемување на длабините и дијаболизмот на нашите продирања. Возбудите на Бодлер и Уисманс бргу беа исцрпени, за најпосле да ни останат само подиректните дразнења на неприродните лични доживувања и авантури. Ваквата стравотна чувствена потреба беше она што најнакрај нѐ поведе по тој презрив пат кој дури и во мојот сегашен уплав си го споменувам со срам и страшливост - таа одвратна крајност на човечко злодело, ненавистниот подвиг на гробосквернавење.
Не можам да ги откријам подробностите на нашите потресни походи или да направам дури и делумен попис на најлошите трофеи кои го китеа безимениот музеј кој го бевме подготвиле во големата камена куќа каде што здружено домувавме, сами и без слуги. Музејот ни беше богохулно, незамисливо место, каде што со сатански вкус на невротични виртуози имавме збрано универзум од стравотии и распад за да си ги распалиме отрпнатите осетливости. Беше тајна соба, длабоко, длабоко подземи; кај што огромни крилати демони изрезбарени од базалт и оникс блуеја зелена и портокалова светлина од широки, исцерени усти и тајни пневматски цевки ги набираа во калеидоскопски мртовечки танци линиите на црвените костурничарски нешта вплотено извезени врз обилни црни завеси. Низ овие цевки кога ќе нѐ фатеше ќефот ги пропуштавме миризбите по кои копнеевме во нашите настројства; понекогаш миризбата на бледи погребни кринови, понекогаш опојниот темјан на замислени источни светилишта на кралски мртовци, а понекогаш - какви само морници ми лазат кога ќе се сетам - стравотните, душопревирачки смрдеи на отпретаниот гроб.
По ѕидовите на одбивната одаја имаше витрини со антички мумии поставени наизменично со услупни, живолики тела совршено полнети и исушени преку уметноста на препарирање и со надгробни плочи истргнати од најстарите црковни гробишта на светот. Ниши поставени ваму-таму содржеа черепи со најразлични облици и глави зачувани во различни етапи на распад. Таму човек можеше да ги најде гнилите, ќелави чомаци на славни благородници и пресните и златно-зрачни глави на новозакопани деца. Имаше и статуи и слики, сите со вражја тематика, а некои изработени од Сен Џон и од мене. Заклучен портфељ повезан со штавена човечка кожа, содржеше извесни непознати и неименливи цртежи за кои се зборуваше дека Гоја ги извршил, но не се осудил да ги признае. Имаше гадни музички инструменти, жичани и дувачки лимени и дувачки дрвени на кои Сен Џон и јас понекогаш произведувавме дисонанции со префинета морбидност и какодемонијачка грозотија; додека во мноштво вградени абоносови шкафови почиваа најневеројатните и најнезамисливи разноврсности на гробнички плен кој човечкото лудило и перверзија некогаш ги беа собрале. Баш за овој плен особено не смеам да зборувам - фала Богу што имав храброст да го уништам долго време пред да помислам да се уништам себеси.
Грабливите екскурзии при коишто ги собиравме нашите неспоменливи богатства секогаш беа уметничко впечатливи настани. Не бевме саде вулгарни гробождери, туку работевме само под извесни услови на настројство, пејсаж, средина, време, сезона и месечина. Овие разоноди за нас беа најпрефинета форма на естетско изразување и на нивните подробности им посветувавме пeдантнa техничка грижа. Несоодветен час, нападен светлосен ефект или несмасно ракување со мократа тревна рогозина, скоро потполно можеше да ни ја уништи онаа занесна еуфорија која следеше со откопувањето на некоја кобна, исцерена тајна од земјата. Нашата потрага по невидени сцени и пикантни услови беше трескава и ненаситна - Сен Џон секогаш беше на чело и тој беше оној кој на крај ме одведе до тоа потсмешливо, тоа проколнато место кое нѐ доведе до одвратна и неизбежна пропаст.
Од каква ли злоќудна фаталност бевме намамени до таа ужасна холандска црква? Мислам дека беше од мрачните гласини и легенди, сказните за некој кој бил закопан пред пет века, а кој и самиот во свое време бил гробождер и беше украл некоја моќна ствар од некоја грамадна гробница. Си ја споменувам сцената на овие конечни мигови - бледата есенска месечина над гробовите кај фрла долги, ужасни сенки; гротескните дрвја мрко клапнати дофаќајќи ја запоставената трева и сронетите плочи; огромните свити на чудно гигантски лилјаци кај летаат наспроти месечината; античката обршленета црква која со огромен призрачен прст покажува кон модрото небо; светлозрачните инсекти кај играат небаре аветни светла под тисите во еден далечен ќош; миризбите на мувла, зеленило и понеобјасниви нешта кај снемоштено се мешаат со ноќниот ветер од преку далечни мочуришта и мориња; и најлошо до сѐ, лекото длабокотонско грохотење на некој џиновски пес кој ниту можевме да го видиме ниту со точност да го определиме. Кога го чувме овој намек на грохот, нѐ полазија морници, сеќавајќи се на сказните на селската раја; зашто оној по кој трагавме, пред долги векови токму тука на ова место го беа нашле расчеречен и осакатен од канџите и забите на некој неизустлив ѕвер.
Се сеќавав како почнавме да го длабиме гробот на овој гробождер со мотиките и како се дивевме од сликата на самите ние, гробот, бледата зјапната месечина, ужасните сенки, гротескните дрвја, титанските лилјаци, античката црква, разиграните аветни светла, одбивните миризби, нежно застенканиот ноќен ветер и чудното, получујно, безнасочно грохотење за чие непристрастно постоење едвај можевме да сме сигурни. Наеднаш удривме врз површина потврда од мократа мувла и наѕревме скапана издолжена кутија закоравена со минерални наслаги од долго невознемирената земја. Беше неверојатно крута и дебела, но толку стара што најпосле ја проваливме и си ги наполнивме очите со она што го содржеше.
Многу - зачудувачки многу - беше останато од предметот и покрај минењето на петстотини години. Костурот, макар здробен на некои места од челуста на нештото коешто го беше убило, изненадувачки си ја имаше одржано цврстината и се ситевме над чистиот бел череп и неговите долги цврсти заби и безочни вдлабнатини кои на времето беа светеле со костурничарска треска како нашата. Во ковчегот имаше амајлија со своевиден и егзотичен дезен, којашто навидум беше била носена околу вратот на заспаниот. Беше несекојдневно установена фигура на укутарен, крилат пес или сфинга со полукучешко лице и беше префинето изрезбарена по античко-ориентален тертип од парченце зелен жад. Изразот на ликата му беше неугоден вон секаква крајност и наеднаш препасаше на смрт, ѕверство и злокоба. Околу постаментот имаше натпис во знаци кои ни Сен Џон ни јас не можевме да ги препознаеме, а на дното, како печат на уметникот, имаше врежано гротескен и извонреден череп.
Веднаш штом ја погледнавме оваа амајлија знаевме дека мора да стане наша; дека саде ова благо ќе е нашиот логичен печал од вековниот гроб. Ќе го посакувавме дури и контурите да му беа непознати, но како што го испитувавме поподробно, увидовме дека не ни е целосно непознато. Навистина беше туѓо за секоја уметност и книжевност која им е позната на здраворазумните и урамнотежени читачи, но ние го препознавме како нештото за коешто беше загатнато во забранетиот „Некрономикон“ на лудиот Арап Абдул Алхазред: грозоморниот душовен симбол на лешождерниот култ на непристапната Ленг во Централна Азија. Мошне добро можевме да ги препознаеме зловестните чизии опишани од стариот арапски демонолог; чизии, беше пишал тој, изведени од некоја маглива натприродна пројава на душите на оние кои ги сакалдисувале и гризеле мртвите.
Зграбувајќи го зелениот предмет од жад, за последен пат се испуливме кон избеленото и пештерооко лице на неговиот стопан и го запретавме гробот како што го бевме нашле. Како што итавме од тоа ненавистно место со украдената амајлија во џебот на Сен Џон, ни се пристори како да ги гледаме лилјаците како во целина се спуштаат до земјата којашто до пред скоро ја бевме разорувале, небаре трагаат по некоја проклета и несвета прехрана. Но есенската месечина светеше бледо и слабо, па не можевме да сме сигурни. Исто така и како што наредниот ден пловевме од Холандија за дома, ни се пристори како во позадина да го слушаме лекото, далечно грохотење на некој џиновски пес. Но есенскиот ветер стенкаше тажно и жулаво, па не можевме да сме сигурни.
II
За помалку од недела по нашето враќање во Англија, почнаа да се случуваат чудни нешта. Живеевме како самотници; лишени од пријатели, сами и без слуги во неколку соби на еден древен велепоседнички имот на еден тмурен и непрометен батак; па вратите ретко ни беа вознемирени од гостинско чукање. Но сега бевме налегнати од нешто што се чинеше како често паркање во ноќта, не само околу вратите туку и околу прозорците, и горните и долните. Еднаш ни се пристори како некое големо непровидно тело да го затемни прозорецот од библиотеката кога месечината сјаеше врз него, а друг пат ни се причини како од некаде недалеку да слушаме звук на првкање или пафтање. Истражувањата по секоја пригода не откриваа ништо и почнавме да ги припишуваме ваквите случки строго на нашата фантазија - истата таа своевидно извитоперена фантазија која сѐ уште ни го должеше во ушите лекото, далечно грохотење кое ни се пристори дека го слушнавме во холандските гробишта. Амајлијата од жад сега почиваше во една ниша во нашиот музеј и понекогаш ѝ палевме свеќи со чудни миризби. Многу читавме во Некрономиконот на Алхазред за нејзините својства и за врската на гробождерните души со предметите чиј симбол беше; и се вознемиривме од она што го прочитавме. Тогаш стаса страшилиштето.
Вечерта на 24 септември, 19--, чув тропање на вратата од мојата одаја. Мислејќи си дека е Сен Џон, му свикав на тропачот да влезе, но како одговор добив само продорно смеење. Во ходникот немаше никој. Кога го скорнав, Сен Џон зајави дека ни му се видело ни му се чуло нешто и се загрижи колку и јас. Таа вечер бидна да лекото, далечно грохотење над батакот ни се претвори во сигурна и стравотна вистина. Четири дена покасно, додека и двајцата бевме во скришниот музеј, настапи тивко, внимателно гребење на единствената врата која водеше до тајното скалиште кон библиотеката. Тревогата сега ни се подели, зашто покрај стравот од непознатото, отсекогаш негувавме и страв да не ни ја откријат грозоморната збирка. Гасејќи ги сите светла, се упативме кон вратата и наеднаш ја разотворивме; при што осетивме необјаснив налет на воздух и чувме како одалеку да исчезнува некој настран спој на шушкање, кркотење и приемчиво брборење. Дали бевме полудени, заспани или токму во умот, не се обидовме да одредиме. Само сфативме, низ најцрна растревоженост, дека навидум бестелесното брборење несомнено беше на холандски јазик.
Потоа живеевме во сѐ поголем ужас и занес. Во најголем дел се држевме до теоријата дека заеднички полудуваме од живот на неприродни возбуди, но понекогаш повеќе ни се правеше ќеф да си претставуваме дека сме жртви на некоја ползечка и одбивна пропаст. На бизарните пројави сега веќе бројот не им се знаеше. Осамената куќа се чинеше дека ни е оживеана од присуството на некое злоќудно создание чија природа не можевме да ја одгатнеме и секоја вечер тоа демонијачко грохотење се распостилаше низ од ветер збришаниот батак, станувајќи сѐ погласно и погласно. На 29 октомври врз меката земја под прозорецот на библиотеката пронајдовме редица отпечатоци крајно невозможни за опис. Беа исто онолку обезглавувачки колку и ордите на големи лилјаци кои го опседнуваа стариот велепоседнички имот во дотогаш невиден и сѐ поголем број.
Ужасот достигна апогеј на 18 ноември, кога Сен Џон, враќајќи се дома од далечната железничка станица среде ноќ, беше зграбен и фаша по фаша растргнат од некое стравотно, месојадно нешто. Врисоците му имаа стигнато до куќата и поитав до страшната сцена токму навреме за да чујам првкање на крилја и да видам некое нејасно облаковидно нешто како се оцртува наспроти вишната месечина. Пријателот ми умираше кога му прозборев и не можеше разбирливо да ми одговори. Можеше само да прошепоти, „Амајлијата - проклетото нешто -.“ Потоа се сруши во инертна маса од осакатено месо.
Наредната полноќ го погребав во една од нашите запоставени бавчи и му промрморев над телото еден од ѓаволските обреди кои најмногу ги милуваше во животта. И како што ја зајавував последната демонијачка реченица надалеку од батакот го чув лекото грохотење на некој џиновски пес. Месечината беше излезена, но не се осудив да ѝ се испулам. И кога во притулениот батак здогледав една широка небулозна сенка како шиба од рид до рид, ги затворив очите и се фрлив ничкум наземи. Кога станав тресејќи се, не знам колку време потоа, се дотетеравив до куќата и фатив да правам потресни метании пред амајлијата од жад во светилиштето.
Одошто веќе ми беше страв да живеам сам во древната куќа на батакот, наредниот ден заминав за Лондон, земајќи ја со себе амајлијата откако го уништив, опожарувајќи и закопувајќи го, остатокот од огрешената збирка во музејот. Но по три вечери пак го чув грохотењето и не помина ни недела пред да почнам да сеќавам чудни очи како ме гледаат кога ќе се замрачеше. Една квечерина додека се шетав по кејот „Викторија“ за да ме фати малку воздух, видов некаков црн облик како го затемнува одблесокот на една ламба врз водата. Пројури виор посилен од ноќниот ветер и знаев дека она што го беше спопаднало Сен Џон сега е ред и мене да ме спопадне.
Наредниот ден внимателно ја завиткав амајлијата од зелен жад и отпловив за Холандија. Што милост ќе спечалам со тоа што ќе му го вратам нештото на неговиот тивок, заспан стопан, не знаев; но верував дека морам барем да се обидам да го преземам секој замисливо логичен чекор. Што беше песот и зошто ме гонеше, беа сѐ уште магливи прашања; но грохотењето за првпат го бев чул во таа древна црква и секој нареден настан вклучувајќи го и претсмртниот шепот на Сен Џон ми беше послужил за да ја поврзам клетвата со пљачката на амајлијата. Па затоа и потонав во најдолни понори на очај кога, во еден ан во Ротердам, открив дека разбојници ме имаа лишено од овој единствен начин за спас.
Грохотењето таа квечерина беше гласно и изутрината прочитав за некое безимено дело во најпоганиот кварт на градот. Рајата беше преплашена зашто едно врло жилиште го беше сотрела црвена смрт побетер од најподлото дотогашно злодело во соседството. Во некое оскудно разбојничко дувло цело едно семејство било раскинато на парчиња од некое непознато нешто кое не оставило ни трага ни глас и оние одоколу цела ноќ беа слушале, над вообичаениот џагор на пијани гласови, лека, длабока, настојчива нота небаре на џиновски пес.
И така најпосле пак се најдов во таа неугодна црква каде што бледата зимска месечина фрлаше одвратни сенки и безлистните дрвја беа мрко клапнати дофаќајќи ја овенатата, подмрзната трева и распукани плочи и обршленетата црква со подбивен прст покажуваше кон непријателското небо и ноќниот ветер манијачки виеше од преку смрзнати мочуришта и ледени мориња. Грохотењето сега беше многу леко и целосно замре кога му пријдов на древниот гроб кој претходно го бев испоганил и исплашив една абнормално голема орда на лилјаци кои своевидно се имаа провиснато околу него.
Не знам зошто појдов таму освен за да се молам или да тептавам луди риџи и извинувања кон мирното, бело нешто коешто лежеше закопано; но која и да ми беше причината, ѝ се нафрлив на полусмрзнатата тревна рогозина со очај кој беше делумно мој, а делумно на некоја надвладувачка волја вон мене. Ископот беше многу полесен одошто очекував, иако во еден момент наидов на еден настран застој; кога еден ковчест мршојадец се втурна прудолу од студеното небо и трескавично се расколва низ гробната земја додека не го убив со удар на мотиката. Најпосле стигнав до гнилата издолжена кутија и го отстранив мокриот, сладникав капак. Ова е последниот разумен чин којшто го изведов.
Зашто укутарено во тој вековен ковчег, загрлено од густо нагнетена кошмарна свита на огромни, жилави, заспани лилјаци, беше ковчестото нешто коешто јас и мојот пријател го бевме ограбиле; не беше чисто и недвижно како што тогаш го бевме виделе, туку прекриено со засирена крв и партали туѓо месо и влакна и сознателно ми се вргалеше со светлозрачни очни вдлабнатини и остри исрквавени песјаци извитоперено зјајнати во потсмев на мојата неизбежна пропаст. И кога од таа исцерена челуст испушти длабоко, зајадливо грохотење небаре на некој џиновски пес и видов дека во своите од чкембе искашкани, гнасни канџи ја држи изгубената и кобна амајлија од зелен жад, само вреснав и идиотски побегнав, а врисоците набргу ми се разложија во ѕвекоти на хистерична смеа.
Лудило кај јава на ѕвездениот ветер… канџи и заби вековно острени од лешеви… раскапена смрт долж баханалија на лилјаци од црно-ноќни рушевини на закопани белиалски храмови… Сега, кога грохотењето на тоа мртво, безмесно страшилиште станува сѐ погласно и погласно и сталоженото првкање и пафтање на тие проклети ципести крилја надоаѓа сѐ поблизу и поблизу, со револверов ќе си го побарам заборавот кој ми е единствено прибежиште од неименуваното и неименливото.