Стравотниот Старец - Полиграматон

Стравотниот Старец

Анџело Ричи и Џо Чанек и Мануел Силва сторија ниет да му појдат на гости на Стравотниот Старец. Овој старец самотно домува во една многу древна куќа на „Вотер стрит“ близу морето и наводно е прекумерно богат и прекумерно снемоштен; што создава околност која е мошне привлечна за луѓе од занаетот на господата Ричи, Чанек и Силва, а тој преподобен занает е оној на арамилак.

Жителите на Кингспорт велат и мислат многу работи за Стравотниот Старец што обично го заштитуваат од вниманието на фахмани како г-дин Ричи и неговите колеги и покрај скоро сигурниот факт дека крие богатство од неопределен размер некаде во своето немливо и прастаро жилиште. Навистина е многу чудна личност, за кој се мисли дека во негово време бил капетан на источноиндијски клипери; толку стар што никој не може да се сети кога бил млад и толку ќутлив што малкумина му го знаат вистинското име. Среде вргавите дрва во дворот на неговиот престарен и запоставен дом чува чудна збирка големи камења, несекојдневно групирани и обоени така што потсеќаат на идоли од некој маглив источен храм. Оваа збирка ги плаши повеќето мали момчиња кои обожаваат да го задеваат Стравотниот Старец поради неговата долга бела коса и брада или да ги кршат прозорците со мали окна на неговото жилиште со пакосни проектили; но има други работи кои ги плашат постарите и пољубопитните меѓу народот кои понекогаш се прикрадуваат до куќата за да ѕирнат низ правливите окна. Овие велат дека на маса во некоја празна соба на приземјето има многу сперливи шишиња и во секое од нив парченце олово подврзано со конец небаре нишало. И велат дека Стравотниот Старец им зборува на овие шишиња, обраќајќи им се со имиња како Џек, Лузна, Том Долгиот, Џо Шпанец, Питерс и Елис Офицерот и дека кога ќе му се обрати на некое шише малечкото оловно нишало внатре произведува извесни категорични вибрации небаре во одговор. Оние кои го виделе високиот, жулав, Стравотен старец во овие сперливи разговори, не го гледаат по вторпат. Но Анџело Ричи и Џо Чанек и Мануел Силва не беа родум од Кингспорт; беа од оној нов разнороден туѓ сој кој се има распостелено надвор од магичниот круг на новоанглискиот живот и обичаи и во Стравотниот Старец гледаа само расклатен, скоро беспомошен сивобрадец, кој не може да оди без помош на журливиот бастун и чии тенки, слаби раце жалосно се тресат. По малку им беше и жал за осаменото, неугледно старче, од кое сите бегаа и кое сите кучиња своеобразно го лаеја. Но работа си е работа и за арамија кој си ја положил душата во занаетот, ем мамка ем предизвик се старите и многу снемоштени старци кои немаат банкарска сметка и кои плаќаат за малкуте неопходни работи во селската продавница со шпанско злато и сребро исковано пред два века.

Господата Ричи, Чанек и Силва ја избраа ноќта на 11 април за одење на гости. Г-дин Ричи и г-дин Силва требаше да помуабетат со сиротиот стар стопан, додека г-дин Чанек ги чекаше да излезат со најверојатно металниот товар во еден покриен автомобил на „Шип стрит“, крај портата во високиот заден ѕид на имотот на нивниот домаќин. Желбата да се избегнат беспотребни објаснувања во случај на неочекуван полициски натрап беше она што го поттикна ваквиот план за тивко и ненаметливо заминување.

По договор, тројцата патешественици тргнаа секој посебно со цел да спречат следствени зломислени сомнежи. Господата Ричи и Силва се сретнаа на „Вотер стрит“ крај предната порта на старецот и иако не им се допадна како месечината светеше врз бојосаните камења низ распупените гранки на вргавите дрва, на ум имаа поважни работи од празни суеверија. Им беше страв да не одврзувањето на јазикот на Стравотниот Старец во врска со накалапеното злато и сребро испадне непријатна работа, зашто престарените морски капетани се познати по тврдоглавоста и противречноста. Но сепак, човекот беше многу стар и многу снемоштен, а посетителите беа двајца. Господата Ричи и Силва беа искусни во мајсторијата на поттикнување устатост кај неволни лица и вресоците на еден слаб и исклучително прастар човек лесно може да се пригушат. Така се приближија до единствениот осветлен прозорец и го слушнаа Стравотниот Старец како детинесто им зборува на своите шишиња со нишала. Потоа си ставија маски и учтиво чукнаа на од години исфлеканата дабова врата.

Чекањето на г-дин Чанек му се виде мошне долго како што неспокојно жеравеше во покриениот автомобил крај задната порта на Стравотниот Старец на „Шип стрит“. Беше зазорлив повеќе одошто му прилегаше и не му се допаднаа одвратните вресоци кои ги беше чул од древната куќа веднаш по саатот назначен за делото. Зар не им беше кажал на колегите да бидат колку што е можно понежни со патетичниот стар морски капетан? Многу нервозно ѝ се пулеше на таа тесна дабова порта во високиот и забршленет камен ѕид. Често го проверуваше часовникот и се прашуваше што се стори работата. Да не умрел старецот пред да открие кај му е скриено богатството, па да станало неопходно темелно пребарување? Г-дин Чанек не сакаше толку долго да чека по темници на вакви места. Тогаш осети леко цапотење или тропкање врз патеката зад портата, чу нежно паркање на ‘рѓосаното резе и виде како тесната, тешка врата се очепатува навнатре. И на бескрвната светлост на единствената притулена улична светилка си ги напна очите да види што изнесуваат неговите колеги од таа зловесна куќа која демнеше толку блиску зад нив. Но кога погледна, не го виде она што го очекуваше; зашто му ги немаше колегите, туку само Стравотниот Старец како тивко се потпира на журливиот бастун и одвратно се смее. Г-дин Чанек дотогаш не ја беше забележал бојата на очите на тој човек; сега виде дека се жолти.

Малите работи предизвикуваат значителна возбуда во малите паланки, што е и причината што луѓето во Кингспорт цела пролет и лето зборуваа за трите неутврдливи тела, ужасно испосечени небаре од многу гусарски сабји и ужасно осакатени небаре од цапотите на многу сурови скорни, коишто ги донесе плимата. А некои луѓе зборуваа дури и за банални работи како напуштениот автомобил пронајден на „Шип стрит“ или извесни особено нечовечки крици, најверојатно од некое диво животно или птица преселница, чуени од будните граѓани во ноќта. Но ваквите празни селски гласини Стравотниот Старец воопшто не ги есапеше. По природа беше здржан, а кога човек е престарен и снемоштен здржаноста е двојно посилна. Освен тоа, еден толку древен морски капетан сигурно има посведочено купишта многу попотресни работи во далечните денови на неговата незапамтена младост.