Шепкачот во темница - Полиграматон

Шепкачот во темница


I


Добро имајте на ум дека на крајот и не видов никаков вистински визуелен ужас. Да се каже дека ментален потрес беше причината за она што го констатирав - последната капка која ме натера да се втурнам надвор од напуштената куќа на фармата на Ејкли низ дивите засводени ридови на Вермонт во запленет автомобил среде ноќ - би значело занемарување на најосновните факти на моето последно доживување. И покрај длабокиот степен до кој ги делев податоците и умувањата на Хенри Ејкли, работите кои ги видов и чув и признатата живописност на впечатокот кој тие работи ми го оставија, дури и сега не можам да докажам дали бев во право со мојата одвратна констатација или не. Бидејќи сепак, исчезнувањето на Ејкли не воспоставува ништо. Луѓето не најдоа ништо да фали во неговата куќа и покрај дупките од куршуми однадвор и одвнатре. Изгледаше како најнормално да има излезено на шетање по ридиштата и да се нема вратено. Немаше ниту знак дека имало гостин или дека во работната соба биле чувани тие ужасни цилиндри и машини. Тоа дека смртно се плашел од густите зелени ридови и бескрајното жуборење на поточињата среде кои бил роден и израснат, исто така не значи ништо; зашто илјадници се подложни на исти такви морбидни стравови. А и некаква карактерна ексцентричност лесно би можела да ги оправда неговите чудни чинови и тревожења кон крајот.

Целата работа започна, што се однесува на мене, со историските и беспримерни поплави во Вермонт на 3 ноември, 1927. Во тоа време бев, како што сум и сега, инструктор по литература на Мискатонскиот универзитет во Аркам, Масачусетс и аматерски занесеник во новоанглиски фолклор. Веднаш по поплавата, среде разноразни извештаи за тешкотии, страдања и организирана помош кои го исполнуваа печатот, се појавија извесни несекојдневни приказни за нешта кои испливале во некои од надојдените реки; при што многу од моите пријатели се зафатија со љубопитни дискусии и ми се обратија мене за да им ги развиделам, колку што можам, ваквите тематики. Ми поласка тоа колку сериозно ми го сфаќаат моето фолклорно изучување и направив што можев за да ги омаловажам разузданите, магливи сказни кои толку јасно се чинеа како израсток на стари селски суеверија. Ме поднасмеа кога дознав дека има неколку високо образовани личности кои настојуваа дека под ваквите гласини би можел да се крие пласт на помрачени, извитоперени факти.

Сказните кои на овој начин стигнаа до мене најмногу беа во форма на исечоци од весник; макар што една наврзалка имаше орален извор и му беше раскажана на еден мој пријател во писмо од мајка му од Хардвик во Вермонт. Нештата што се опишуваа во принцип беа исти во сите случаи, макар што се чинеше дека станува збор за три одделни примери - еден поврзан со реката Винуски близу Монтпилиер, друг врзан за реката Вест во округот Виндам веднаш по Њуфејн и трет со средиште околу реката Пасумпсик во округот Каледонија над Линдонвил. Се разбира, многу од разноликите статии споменуваа и други примери, но по расчленување се чинеше дека секогаш се навраќаат на овие три. Во секој од случаите селскиот народ известуваше дека виделе еден или повеќе многу бизарни и вознемирувачки предмети во распенетите реки кои се истураа од нечесто посетуваните ридови и имаше општа склоност да овие глетки се поврзуваат со еден примитивен, полузаборавен циклус на прошепотени легенди кои старците го беа воскреснале токму за оваа пригода.

Она што на луѓето им се присторуваше дека го гледаат, беа органски облици налик на ништо што дотогаш го беа виделе. Се разбира, имаше многу човечки тела однесени од потоците во тој трагичен период; но оние кои ги опишуваа овие чудни облици беа мошне сигурни дека не биле човечки и покрај некакви површни сличности во големина и општ контур. Ниту пак, велеа сведоците, можело да се било какви животни кои се познати во Вермонт. Беа розовкасти нешта долги околу пет стапки; со раковидни тела кои имаа масивен чифт грбни перки или ципести крилја и неколку збирки артикулирани краци и со некаков спирален елипсоид, покриен со мноштво многу куси антени, на местото каде што обично би имало глава. Навистина беше исклучително колку тесно се совпаѓаа извештаите од различни извори; макар што чудото беше поднамалено од фактот што старите легенди, кои на времето ги делела сета ридска околија, снабдуваа морбидно живописна слика која би можела да ги има обоено мечтите на сите засегнати сведоци. Мојот заклучок беше дека таквите сведоци - во секој случај наивни и прости горјани - ги имаа наѕрено исчуканите и подуени тела на човечки суштества или домашни животни во развителените струи; и имаа дозволено да полузапаметениот фолклор ги обдари овие сироти предмети со фантастични особини.

Древниот фолклор, макар маглив, затаен и во најголема мера заборавен од сегашната генерација, имаше врвно своеобразен нарав и очигледно го отсликуваше влијанието на уште порани индијански сказни. Добро го познавав, иако никогаш немав појдено во Вермонт, преку прекумерно реткиот монограф на Илај Давенпорт, кој опфаќа материјал добиен орално пред 1839 од најстарите жители на сојузната држава. И овој материјал тесно се совпаѓаше со сказните кои лично ги имав чуено од стари селани во планините на Њу Хемпшир. Накратко резимиран, загатнуваше за некоја скриена раса на чудовишни созданија кои демнеле некаде меѓу поотсечените ридови - во длабоките кории на највисоките врвови и мрачните долини каде што потоци се сипеле од непознати врутоци. Овие созданија ретко кога биле наѕрени, но имало пријавено докази за нивното присуство од страна на оние кои пропатувале подалеку од вообичаено низ падините на извесни планини или извесни длабоки, стрмнострани кланци од кои дури и волците бегале.

Имало настрани отпечатоци од стапала или канџи во калта на поточните брегови или пусти чистинки и своевидни камени кругови, со тревата околу нив целата излижана, кои како да не биле поставени или во целост обликувани од природата. Исто така имало и извесни пештери со проблематична длабочина по страните на ридовите; со устија затворени од карпи на непара случаен начин и со повеќе од вообичаената норма на настрани отпечатоци кои воделе и од и до нив - ако насоката на тие отпечатоци воопшто можела правилно да се процени. И најлошо од сѐ, постоеле нешта кои срчовни луѓе ги имале видено на самрак при ретки наврати во најотсечените долини и густите кории кои под прав агол се сечеле со границите на обичните ридски планинарења.

Ќе беше помалку неудобно ако раштрканите пријави за ваквите гласини не беа толку добро усогласени. Вака, скоро сите гласини имаа по неколку заеднички точки; настојувањето дека суштествата биле некакви огромни, светло-црвени ракови со многу чифтови нозе и со две големи лилјаковидни крилја среде грбот. Некогаш оделе на сите нозе, а некогаш само на најзадниот чифт, користејќи ги другите за пренесување големи предмети од неодредлива природа. Во една пригода биле соѕрени во значителен број, еден цел одред како цапоти долж некој плиток горски водотек, тројца по тројца во навидум построена формација. Еднаш еден примерок бил виден како лета - фрлајќи се среде ноќ од врвот на некој гол, осамен рид и исчезнувајќи во небото откако големите распафтани крилја миговно му се оцртале наспроти полната месечина.

Овие нешта, во принцип, се чинеле желни да го остават човештвото намира; макар што повремено биле сметани за одговорни за исчезнувањето на некои љубопитни поединци - особено лица кои граделе куќи преблиску до извесни долини или превисоко на извесни планини. За многу месности се сметало дека се непрепорачливи за населување, углед кој се задржувал дури и откако причината за него ќе се заборавела. Луѓето погледнувале кон некои од соседните планински врлини и им лазеле морници, дури и без да си споменат колку доселеници снемало и колку фарми изгореле до темели на пониските падини на тие намуртени, зелени вардачи.

И иако според пораните легенди се чинеше дека суштествата им штетеле само на оние кои им ја загрозувале интимноста; имаше покасни пријави за нивната љубопитност поврзана со луѓето и за нивните обиди да воспостават тајни колонии во човечкиот свет. Имаше сказни за настрани отпечатоци од канџи забележани околу прозорци на куќи во мугрите и за повремени исчезнувања низ предели надвор од очигледно опседнатите области. А освен тоа и сказни за брмчави гласови кои подражавале човечки говор и им давале изненадувачки понуди на осамени патници по патиштата и запрежните патеки во длабоката корија и за деца извадени од памет од видени или наслушнати нешта кај што првобитната шума густо им притискала врз двориштата. Во последниот слој на легенди - слојот кои му претходеше на опаѓањето на суеверието и напуштањето на близок допир со стравотните места - постојат потресни упати кон пустиници и отсечени земјоделци кои се чинело дека во некој период од својот живот пројавиле некаква одбивна умствена промена и од кои народот бегал и шепотел дека се смртници кои им се продале на чудните созданија. Во еден од северо-источните окрузи се чинеше дека во деветнаесеттиот век било обичај да се обвинуваат ексцентричните и неславни самотници дека се сојузници или претставници на ненавистните нешта.

А во однос на тоа што всушност се суштествата - се разбира имаше разноразни објаснувања. Општиот назив кој се користеше за нив беше „оние“ или „старите“, макар што имаше и други термини во околна или привремена употреба. Можеби грото од пуританските населеници просто ги слагаа како послушници на ѓаволот и ги користеа како основа за стравопочитни теолошки умувања. Оние со келтски преданија во своето фолклорно наследство - во главно шкотско-ирскиот елемент на Њу Хемпшир и нивните роднини кои се имаа населено во Вермонт преку колонијалните доделувања земјиште на гувернерот Вентворт - магливо ги поврзуваа со злоќудните самовили и „човечиња“ од тресетиштата и кружните бедеми и се штитеа со одломки од вражби кои долги времиња биле предавани од колено на колено. Но Индијанците имаа најфантастични теории. Иако различните племенски легенди се разликуваа една со друга, постоеше одбележан концензус на верување во особености од главна важност; при што едногласно се тврдеше дека суштествата не биле домородни на нашава Земја.

 Митовите на Пенакукците, кои беа најдоследни и најсликовити, говорат дека Крилатите дошле од Големата Мечка на небото и имале рудници во нашите земни ридови од каде што ваделе некаков камен кој не можеле да го најдат на никој друг свет. Не живееле тука, раскажуваа митовите, туку само имале колонии и летајќи се враќале до нивните ѕвезди на север носејќи огромни товари камен. Ги повредувале само оние Земјани кои премногу им се приближувале или ги шпионирале. Животни бегале од нив од природен нагон на омраза, а не одошто биле ловени. Не можеле да јадат работи и животни од Земјата, туку сами си носеле храна од ѕвездите. Не чинело човек да им приближува и понекогаш млади ловци кои ќе заминеле во нивните ридови никогаш не се враќале. Не чинело ни да се слуша она што навечер го шепотеле во шумата со гласови како на пчели што се обидуваат да звучат како гласови на луѓе. Го познавале говорот на сите човечки народи - Пенакукци, Хурони, луѓе од Петте нации - но се чинело дека немале и не им требал нивен сопствен говор. Зборувале со главите, кои менувале бои на различен начин за да означат различни нешта.

Се разбира, сите преданија, и на белците и на Индијанците, замираа за време на деветнаесеттиот век, освен при повремени атавистични изблици. Верувањата на Вермонтчани беа станати закоравени; и штом вообичаените патишта и жилишта им беа воспоставени според извесен предодреден план, сѐ помалку и помалку се сеќаваа какви стравови и избегнувања го беа одредиле тој план и дури и дека некогаш воопшто имало стравови и избегнувања. Повеќето луѓе едноставно знаеја дека извесни ридски предели се сметани за многу нездрави, недоходни и општо несреќни за живеење и дека колку подалеку човек се држи од нив, толку порано ќе си помине. Со тек на време, рутината на обичаите и економскиот интерес беше станала толку длабоко забраздена во одобрените места што веќе немаше никаква причина да се излегува од нив, па опседнатите ридови беа арнисани повеќе од случајност одошто од намерност. Освен за време на нечести околни тревоги, само чудесољубиви баби и ретроспективни деведесетгодишници шепотеа за нешта кои домувале во тие ридови; и дури и тие шепкачи признаваа дека нема од што да се плаши човек сега кога нештата беа навикнати на присуството на куќи и населби и кога сите човечки суштества драстично ја оставаа на мира нивната избрана територија.

Сето ова уште од одамна го имав научено од читање и од извесни народни приказни кои ги имав слушано низ Њу Хемпшир; па кога гласините за време на поплавата почнаа да се шират, лесно можев да погодам каква мечтава позадина ги беше еволуирала. Вложив многу грижа во објаснување на овие работи на пријателите и соодветно се поднасмеав кога неколку противречни души продолжија да настојуваат на можен елемент на вистина во извештаите. Таквите лица се обидуваа да посочат дека раните легенди имаат значителна настојчивост и еднородност и дека практично неистражената природа на вермонтските ридови налага дека е неуко да се биде догматичен за тоа што би можело или не би можело да домува во нив; ниту можеа да бидат замолчени од моето настојување дека сите митови беа со добропознат шаблон заеднички за најголемиот дел на човештвото и предодреден од рани стадиуми на мечтави доживувања кои секогаш го изнедруваа истиот тип на заблуда.

Бесцелно беше да им се демонстрира на ваквите противници дека вермонтските митови саде малку се разликуваа во суштина од оние универзални легенди за природни олицетворенија кои го имаа исполнето древниот свет со фауни и дријади и сатири, укажуваа на каликанзаросите на модерна Грција и на дивите предели на Велс и Ирска им ги имаа дадено мрачните намеци за чудни, малечки и ужасни раси на триглодити и ровачи. Немаше фајде да се наведува ни потресно сличното верување на непалските ридски племиња во стравотното Ми-Го или „Грозните снежни луѓе“ кои одвратно демнеле среде смрзнатите и карпести запци на хималајските врвови. Кога го приложив овој доказ, моите противници го свртеа против мене тврдејќи дека истиот мора да наведува на некоја суштинска историчност на древните сказни; дека го поддржува вистинското постоење на некаква настрана старинска земна раса, приморана да се крие по пристигањето и завладувањето на човештвото, која е доста возможно да има преживеано во намалена бројка сѐ до недамнешни времиња - или дури и до ден-денес.

Колку повеќе им се смеев на овие теории, толку повеќе овие тврдоглави пријатели се припнуваа за нив; додавајќи дека дури и без наследните легенди неодамнешните изјави се премногу јасни, доследни, подробни и разумно прозаични во начинот на раскажување за да се целосно пренебрегнати. Двајца или тројца фанатични екстремисти отидоа дотаму да би ги загатнале можните значења на древните индијански сказни кои им придодаваа на скриените созданија неземско потекло; налагајќи ги екстравагантните книги на Чарлс Форт со нивните тврдења дека патници од други светови и надворешниот семир често ја посетувале Земјата. Меѓутоа, повеќето од моите конкуренти беа само романтичари кои настојуваа во обидите да ги префрлат фантастичните преданија за демнечките „човечиња“ прославени од величенствената хорор литература на Артур Мекен, во вистинскиот живот.



II

Како што можеше и да се очекува со оглед на околностите, ваквото пикантно дебатирање најпосле се појави и во печат во форма на писма до „Аркам адвертајзер“, од коишто некои беа ископирани во весниците од оние предели на Вермонт од каде што доаѓаа приказните. „Рутланд хералд“ објави пола страница извадоци од писма од обете страни, а „Брателборо реформер“ во целост препечати еден од моите долги историски и митолошки конспекти, со неколку пропратни коментари во љубезната колумна во рубриката „Пендрифтер“ која ги поддржуваше и фалеше моите скептични заклучоци. До пролетта 1928 скоро бев станат позната фигура во Вермонт и покрај фактот што никогаш немав ни стапнато во таа сојузна држава. А потоа се појавија предизвикувачките писма на Хенри Ејкли кои ми оставија толку темелен впечаток; и кои за прв и последен пат ме одведоа до тоа занесно царство на обраснати зелени врлини и размрморени шумски потоци.

Повеќето од она што денес го знам за Хенри Вентворт Ејкли го собрав од преписки со неговите соседи и со неговиот син единец во Калифорнија, по моето искуство во неговата осамена куќа. Беше, како што открив, последниот претставник врз домашна почва на долга, околно истакната лоза на правници, управници и имашливи земјоделци. Меѓутоа, во него семејниот менталитет беше скршнал од практични работи кон чиста интелектуалност; па беше знаменит изучувач на математика, астрономија, биологија, антропологија и фолклор при Вермонтскиот универзитет. Никогаш дотогаш немав чуено за него, а тој самиот не вклучуваше многу автобиографски подробности во неговите пораки; но уште од прва видов дека е човек со трезвен нарав, образован и интелигентен, макар самотник со многу малку световна префинетост.

И покрај неверојатната природа на она што Ејкли го тврдеше, не можев, а уште веднаш да не го сфатам посериозно одошто ги имав сфатено другите предизвикувачи на моето гледиште. Како прво, беше многу близу до самите феномени - видливи и опипливи - за кои толку гротескно умуваше; а како второ, беше зачудувачки спремен да ги остави своите заклучоци во провизорна состојба како вистински научник. Немаше никаков личен став кој сакаше да го наметне и секогаш беше воден од она што го сметаше за јасен доказ. Се разбира, тргнав од мислењето дека греши, макар што му признавав дека грешката не му е неинтелигентна и ни за миг не ги поимитирав некои од неговите пријатели со препишување на неговите идеи и стравови од осамените зелени ридови, на лудило. Се гледаше дека човекот си го знае занаетот и знаев дека она што го пријавува сигурно доаѓа од чудни околности заслужни за истрага, колку малку и да би имало врска со фантастичните причинители кои тој ги наведуваше. Покасно од него добив и извесни материјални докази кои ја поставија целата работа на една мошне поинаква и обезглавувачки бизарна скала.

Најмногу што можам е да го препишам, во колку што е можно поголема целост, долгото писмо со кое Ејкли ми се претстави и кое претставуваше толку важен пресврт во мојата сопствена интелектуална историја. Веќе не е во моја сопственост, но во спомените го чувам скоро секој збор од неговата предзначна порака; и повторно ја потврдувам мојата доверба во здраворазумноста на човекот кој го напиша. Еве го текстот - текст кој стигна до мене во начичканите, архаичнолики чкртаници на некој кој очевидно не се беше мешал многу низ светот за време на својот питом, академски живот.


Р.Ф.Д. #2

Таунсенд, Окр. Виндам,

Вермонт

5 мај, 1928

Г-дин Алберт Н. Вилмарт,

Ул. „Салтонстол“ бр. 118,

Аркам. Мас.,


Драг господине,

Со голем интерес го прочитав препечатувањето на Вашето писмо во „Брателборо реформер“ (23 апр. ‘28) во врска со неодамнешните приказни за чудни тела кои биле забележани како испливуваат во нашите поплавени потоци минатата есен и со своевидниот фолклор со кој толку складно се усогласени. Лесно е да се воочи зошто туѓинец би зазел гледиште како Вашето и дури и зошто „Пендрифтер“ се согласува со Вас. Тој е ставот кој обично го заземаат образовани лица во и надвор од Вермонт и беше и мојот личен став кога бев млад (сега имам 57 години) пред моите проучувања, општите, како и оние од книгата на Давенпорт, да ме доведоа до иследување на делови од тукашните ридови кои се нечесто посетувани.

Кон тие проучувања бев насочен од настраните стари сказни кои ги слушав од прастари земјоделци од понеука сорта, но сега посакувам да ја оставев на мира целата оваа работа. Можам да кажам, со соодветна скромност, дека темите на антропологијата и фолклорот воопшто не ми се непознати. Мошне исцрпно ги слушав на факултет и сум запознат со повеќето од вообичаените стручњаци како Тајлор, Лабок, Фрејзер, Катрфаж, Мари, Осборн, Кит, Бул, Г. Елиот Смит и така натаму. Не ми е непознато тоа дека сказните за скриени раси се стари колку и самото човештво. Ги имам видено препечатувањата на Вашите писма и на од оние кои се расправаат со Вас во „Рутланд хералд“ и слутам дека знам на која страна од спорот стоите во моментов.

Она што сега сакам да го кажам, е тоа дека за жал Вашите противници се повеќе во право од Вас, иако се чини дека разумот е потполно на Ваша страна. Повеќе се во право дури и одошто самите разбираат - зашто, се разбира, одат само по теорија и не можат да го знаат она што јас го знам. Јас да знаев толку малку колку и нив, немаше да се чувствувам оправдан да би верувал како нив. Потполно ќе бев на Ваша страна.

Забележувате дека ми е малку тешко да преминам на главното, најверојатно поради тоа што навистина ми е страв да преминам на главното; но происходот од целата работа е дека имам извесни докази дека чудивишни нешта навистина живеат во кориите на високите ридови кои никој не ги посетува. Не сум ги видел нештата кои испливале во реките како што се пријавува, но сум видел нешта како нив под околности кои ми е страв да ги повторам. Сум видел стапалки, а во последно време ги гледам и поблиску до мојата куќа (живеам на стариот имот на Ејклиеви јужно од селото Таунсенд, врз страната на планината Дарк) одошто би се осмелил да Ви кажам во моментов. И имам наслушнато гласови во коријата на одредени места кои нема ни да почнам да ги опишувам на хартија.

На едно место ги слушав толку често што дотаму однесов фонограф - со диктафонски приклучок и празен цилиндар - и ќе се обидам да организирам да ја чуете снимката што ја направив. Им ја пуштив преку апаратот на некои од старците во местово и еден од гласовите скоро ги скамени од страв одошто личел на некој извесен глас (тој брмчав глас во коријата кој го спомнува Давенпорт) за кој им раскажувале бабите имитирајќи им го. Знам што мислат повеќето луѓе за човек кој раскажува дека „му се слушаат гласови“ - но пред да донесете било каков заклучок само слушнете го цилиндаров и прашајте ги некои од постарите горјани што мислат за неа. Ако може да ѝ го најдете чарето, арно; ама мора да има нешто позади сета работа. Екс нихило нихил фит, како што се вели.

Е сега, целта на моево писмо до Вас не е да почнувам расправија, туку да Ви дадам податоци кои мислам дека на човек со Вашиот порив ќе му бидат крајно интересни. Ова е меѓу нас. Пред јавноста сум на Ваша страна, зашто извесни работи ми покажале дека не е на арно да човек премногу знае за овие работи. Моите сопствени изучувања сега се потполно приватни и не би ни помислил да кажам нешто што би им привлекло внимание на луѓето и би ги натерало да ги посетат местата кои ги имам истражено. Вистина е - ужасна вистина - дека има нечовечки суштества кои цело време нѐ гледаат; со шпиони меѓу нас кои собираат информации. Од еден клет човек кој, ако беше здраворазумен (а мислам дека беше), бил еден од таквите шпиони, всушност и го добив поголемиот дел од трагите за работава. Покасно се самоуби, но имам причини да се сомневам дека сега има други.

Нештата се дојдени од друга планета, одошто се способни да живеат во меѓуѕвездениот семир и да летаат низ него на несмасни моќни крилја способни да пружат отпор спрема етерот, но кои се недоволно кадри за управување за да би им корисетеле за движење на Земјата. Ќе Ви кажам за ова покасно ако уште веднаш не ме отпишете како лудак. Доаѓаат тука за да најдат метали од рудници кои се протегаат длабоко под ридовите и мислам дека знам од каде се дојдени. Нема да нѐ повредат ако ги оставиме на мира, но никој не би можел да каже што би се случило ако станеме прељубознајни за нив. Се разбира, една здрава војска од луѓе би можела да им ја збрише рударската колонија. Од тоа и се плашат. Но ако се случи такво нешто, ќе дојдат други од надвор - којзнае во колкав број. Лесно би можеле да ја освојат Земјата, но досега не се обиделе бидејќи немале потреба. Порадо би ги оставиле нештата како што се, за да не си отвораат работа.

Мислам дека намераваат да се отарасат од мене поради она што го имам откриено. Има еден голем црн камен со полуизлижани непознати хиероглифи што го најдов во коријата на Раунд Хил, источно оттука; и откако го зедов дома сѐ се смени. Ако мислат дека се сомневам во премногу работи или ќе ме убијат или ќе ме одведат од Земјава до онаму од кај што се дојдени. Навика им е да земаат учени луѓе одвреме-навреме, за да останат информирани за тоа како стојат работите во човечкиот свет.

Ова ме доведува до вторичната цел поради којашто Ви се обраќам - имено, за да Ве замолам да ја заташката моменталната дебата наместо да продолжувате да ја рекламирате. Луѓето мора да се држат понастрана од ридовиве и за да се стори ова, не смее да се продолжи со разгорување на нивната љубопитност. Бог знае дека и без тоа може да фати некоја беља, со промоториве и продавачиве на недвижнини кои го преплавуваат Вермонт со стада летувачи кои ги запоседнуваат дивите места и ги прекриваат ридовите со ефтини бунгалови.

Би ми било мило ако добијам абер од Вас и ќе се обидам да Ви го пратам фонографскиот цилиндар и црн камен (кој е толку излижан што не се гледа убаво на фотографии) по експресна пошта ако сакате. Велам „ќе се обидам“ бидејќи мислам дека суштествата имаат начин да се плеткаат во работи низ местово. Има еден мрк, стаен човек кој го викаат Браун, од една фарма близу селото, кој мислам дека им е шпион. Малку по малку се обидуваат да ме отсечат од нашиот свет бидејќи знам премногу за нивниот свет.

Имаат најневеројатни начини за дознавање што правам. Можеби и нема да го добиете писмово. Мислам дека ќе морам да го напуштам овој дел од земјава и да отидам да живеам со син ми во Сан Диего, Калиф., ако се влошат работите, но не е лесно да се откаже човек од местото кај што се родил и кај што шест поколенија му живеело семејството. А и тешко дека би се осмелил да му ја продадам куќава на некој сега кога знам дека суштествата ѝ го имаат фрлено пикот. Се чини дека се обидуваат да го повратат црниот камен и да ја уништат фонографскиот цилиндар, ама нема да им дадам. Големите полициски кучиња кои ги чувам секогаш ги одбиваат, зашто сѐ уште ги нема многу на број во околинава и се несмасни во движењето. Како што кажав, крилјата не им се многу корисни за кратки летови на Земјата. На самоти праг сум да го дешифрирам каменот - на многу ужасен начин - и со Вашето познавање на фолклор можеби ќе можете да ме снабдите со доволен број на спојките кои ми фалат за да би ми помогнале. Претпоставувам знаете за стравотните митови кои го преддатираат доаѓањето на човекот на Земјава - циклусите за Јог-Сотот и Ктхулху - за кои има намеци во Некрономиконот. Еднаш имав пристап до копија од него и слушам дека и Вие сте имале една во факултетската библиотека под клуч.

За на крај г-дине Вилмарт, би сакал да кажам дека мислам дека со нашите поединечни изучувања можеме да сме си многу корисни еден на друг. Не сакам да Ве ставам во беља и можеби и треба да Ве предупредам дека поседувањето на каменот и цилиндарот нема да е најбезбедно; но чинам дека сносувањето на сите можни ризици ќе Ви се види прифатливо за атер на науката. Ќе се спуштам до Њуфејн или Брателборо да Ви го испратам она што ќе ми дадете изим да го испратам, зашто на тамошните експресни пошти може повеќе да им се верува. Можам да споменам дека во моментов живеам сосема сам, бидејќи веќе не можам да држам слуги. Не сакаат да останат поради нештата кои навечер се обидуваат да се доближат до куќата и заради кои кучињата непрестајно лаат. Мило ми е што немав олку длабоко загазено во работава додека жена ми уште беше жива, зашто ќе се мрдеше од умот.

Се надевам дека не Ви додевам ненужно и дека ќе се одлучите да стапите во контакт со мене наместо да го фрлите писмово во канта како бладање на лудак.

Искрено Ваш.

ХЕНРИ В. ЕЈКЛИ

П.С. Ќе извадам повеќе примероци од едни извесни фотографии кои ги имам сликано, кои мислам дека ќе помогнат во докажување на доста од точките кои ги споменав. Старите луѓе мислат дека се чудовишно вистинити. За скоро ќе можам да Ви ги испратам, ако сте заинтересиран. Х. В. А.


Тешко би било да си го опишам ставот откако за првпат го прочитав тој чуден документ. Според сите правила, требаше на овие прекумерности да им се изнасмеам уште погласно од на далеку позаузданите теории кои дотогаш ме беа скокоткале; но сепак нешто во тонот на писмото парадоксално ме натера да го сфатам сериозно. Не дека ми падна на памет да поверувам во скриената раса од ѕвездите за којашто зборуваше мојот дописник; ама, по првичните сериозни сомнежи, почнав да станувам некако несекојдневно сигурен во неговиот здрав разум и искреност и неговото соочување со некаков вистински, макар што своеобразен и абнормален феномен кој не можеше да го објасни на никаков друг, освен на ваквиот фантастичен начин. Не може да е како што мисли, промислив, но од друга страна и не може да не е достојно за истрага. Човекот се чинеше ненужно возбуден и растревожен од нешто, но тешко беше да се замисли дека е без никаква причина. Беше толку конкретен и логичен во извесни погледи - а и после сѐ, наврзалката толку обезумувачки добро му се вклопуваше со некои од старите митови - дури и со најразузданите индијански легенди.

Тоа дека навистина има начуено вознемирувачки гласови во ридовите и дека навистина го има најдено црниот камен кој го спомна, беше потполно возможно и покрај лудите изводи кои ги имаше направено - изводи најверојатно наложени од човекот кој тврдел дека е шпион на надворешните созданија и кој потоа се самоубил. Лесно беше да се изведе мислење дека човекот мора да бил потполно луд, но и дека најверојатно имал некаква нишка на извитоперена логика која го натерала лековерниот Ејкли - кој веќе бил подготвен за такви работи од неговите фолклорни истражувања - да му поверува во сказната. А во врска со најскорешните случувања - од неговата неможност да држи послуга се чинеше дека попростите селски соседи на Ејкли се исто толку убедени колку и тој дека куќата навечер му е опсадена од необјасниви нешта. А можеби и кучињата навистина лаеле.

А и работата со фонографскиот цилиндар, за кој не можев, а да не верувам дека го има набавено на начинот којшто го опиша. Сигурно беше нешто; било животински звуци лажливо слични на човечки говор, било говорот на некое скриено ноќоопседнувачко човечко суштество уназадено до состојба не многу над онаа на пониските животни. Од ова мислите пак ми отидоа до црниот камен со хиероглифи и до умување за што би можел да значи. А што беше работата и со фотографиите кои Ејкли рече дека ќе ми ги прател и кои за старите луѓе биле толку убедливо ужасни?

Како што го препрочитував начичканиот ракопис почувствував како никогаш дотогаш дека моите лековерни противници имаат повеќе работи на нивна страна одошто им признавав. Сепак, можно беше да постојат некакви настрани и можеби наследно изобличени отпадници во тие одбегнувани ридови, макар што не од раса како ѕвездородните чудовишта кои ги тврдеше фолклорот. И ако беше така, тогаш присуството на чудни тела во надојдените потоци не би било до толку неверодостојно. Беше ли премногу безобѕирно да се претпостави дека и старите легенди и неодамнешните извештаи во себе содржат исто олку вистинитост? Но како што ги развртував во себе ваквите сомнежи, осетив и како ме фаќа срам дека едно толку фантастично дело на бизарии како разузданото писмо на Хенри Ејкли ми ги има пробудено.

На крајот одговорив на писмото на Ејкли, заземајќи тон на пријателска заинтересираност и замолувајќи го за повеќе поединечности. Одговорот му пристигна небаре по повратна пошта; и содржеше, како што и вети, неколку кадра со сцени и предмети кои го отсликуваа она што ми го имаше раскажано. Гледајќи ги овие слики додека ги вадев од пликот, почувствував своевиден осет на уплав и блискост до забранети нешта; зашто и покрај магливоста на повеќето од нив, имаа проклето укажувачка моќ која беше засилена од фактот што беа вистински фотографии - реални оптички спојки до она што го претставуваа и производ на објективен процес на префрлање, без прерасуди, погрешливост или фалшливост.

Колку повеќе ги гледав толку повеќе сфаќав дека мојата сериозна проценка на Ејкли и неговата приказна не беше неоправдана. Јасно беше дека овие слики содржеа заклучни докази за нешто во вермонтските ридови што, во најмала мера, е потполно надвор од радиусот на нашите општи познавања и верувања. Најлош од сѐ беше отпечатокот од стапало - кадро сликано на место каде што сонцето сјаеше врз лочка кал некаде во напуштените гори. Уште на прв поглед се гледаше дека не станува збор за ефтино фалсификувана работа; зашто остро оцртаните камчиња и тревни лисја во видното поле даваа јасен индекс на сразмер и не оставаа можност за измамничка двојна експонажа. Нештото го нареков „отпечаток од стапало“, ама „отпечаток од канџа“ ќе беше подобар термин. Дури и сега едвај можам да го опишам освен да кажам дека одвратно потсетуваше на морски рак и дека се чинеше дека има извесна повеќезначност во однос на неговата насока. Не беше многу длабок или пресен отпечаток, но се чинеше дека е голем колку стапало на просечен човек. Од средишно перниче се издаваа чифтови на назабени штипалки во спротивна насока еден со друг - мошне обезглавувачки во однос на нивната намена, ако целиот орган воопшто и беше исклучиво орган за придвижување.

 Друга фотографија - навидум долга експонажа сликана во длабока сенка - беше од устието на горска пештера, со карпа со рамномерна заобленост која го загушуваше окното. На самата земја пред неа со малку мака можеше да се воочи густа мрежа од своевидни стапки и кога ја проучив сликата со лупа се почувствував немирно сигурен дека стапките се како оние од другото кадро. Трета слика прикажуваше друидски круг од исправени камења на врвот на некој див рид. Околу загадочниот круг тревата беше доста согазена и искорната, иако не можев да уочам никакви отпечатоци, дури и со лупата. Крајната отсеченост на местото беше очевидна од вистинското море на ненаселени планини кои ја сочинуваа позадината и се протегаа надалеку кон магливиот хоризонт.

Но ако највознемирувачко од сите кадра беше тоа со отпечатокот, најсвоевидно укажувачко беше она со големиот црн камен најден во кориите на Рауд Хил. Ејкли го имаше сликано навидум врз неговото работо биро, зашто можев да видам полици книги и биста на Милтон во позадина. Нештото, колку што можеше да се претпостави, беше вертикално свртено кон камерата со малку неправилно свиена површина од една или две стапки; но да се каже нешто конкретно за површината или за општиот облик на целата маса, скоро ѝ пркоси на моќта на јазикот. Кои егзотични геометриски принципи го беа воделе неговото сечење - зашто со сигурност беше вештачки пресечен - не можев ни од далеку да погодам; и никогаш дотогаш не бев видел нешто што ми имаше паднато толку чудно и непогрешливо вонземно за овој свет. Од хиероглифите на површината можев многу малку да распознаам, но неколкуте кои ги видов мошне ме потресоа. Се разбира, можеби беа лажни, зашто имаше и други освен мене кои го имаа прочитано чудовиштниот и ненавистен „Некрономикон“ на лудиот Арап Абдул Алхазред; но и покрај тоа ме полазија морници кога препознав извесни идеографи кои моите изучувања ме имаа научено да ги поврзувам со најкрвозмрзнувачките и богохулни шепоти на нешта кои беа поседувале некакво лудо полупостоење пред да се створат Земјата и другите внатрешни светови во Сончевиот Систем.

Од петте останати слики, три беа од мочуришни и ридски сцени кои се чинеа како да покажуваат траги на скриена и неугодна населеност. Друга беше од една настрана трага во земјата многу близу до куќата на Ејкли, која рече дека ја фотографирал некое сабајле по ноќ за време на којашто кучињата лаеле побесно од вообичаено. Беше многу замаглена и не можеа да се донесат сигурни заклучоци од неа, но вражјо потсеќаше на другите траги или отпечатоци од канџи фотографирани во напуштените гори. Последната слика беше од самиот имот на Ејкли; уредна бела куќа на два спрата и таван, стара околу век и четврт, со добро одржан тревник и каменооградена патека која водеше до префинето изрезбарена џорџиска влезна врата. На тревникот имаше неколку огромни полициски кучиња; чучнати до еден милолик човек со кусо поткастрена сива брада кој претпоставив дека е самиот Ејкли - сам свој фотограф, како што можеше да се констатира од прекинувачот поврзан со гајтан во неговата десна рака.

По сликите, му се свртев на дебелото, густо изнапишано писмо; и во наредните три часа потонав во бездна на неизустлив ужас. Онаму каде што Ејкли претходно имаше дадено само главни точки, сега се впушташе во најситни подробности; приложувајќи долги преписки на зборови кои ги начул во кориите навечер, долги извештаи за чудовишни розовкасти форми кои ги наѕрел во честаци во ридовите на самрак и ужасен космички расказ произлезен од примената на длабока и разноврсна начитаност врз бескрајните дамнешни разговори со лудиот самонаречен шпион кој се беше самоубил. Се најдов соочен со имиња и термини кои ги имав чуено на други места во најодвратни конотации - Јогот, Големиот Ктхулху, Тсатогуа, Јог-Сотот, Р’лјех, Нјарлатотеп, Азатот, Хастур, Јиан, Ленг, езерото Хали, Бетмура, Жолтиот знак, Л’мур-Катулос, Бран и Магнум Иноминандум - и бев повлечен низ безимени раздобја и несфатливи димензии до светови на дамно, надворешно битисување коешто излудениот автор на Некрономиконот го беше имал само загатнато на најмаглив начин. Ми беше кажано за јамите на првобитен живот и за потоците кои од нив беа прокапеле; и најпосле, за дребната браздичка од еден од тие потоци која се беше заплеткала со судбината на нашата Земја.

Мозокот ми виореше; и ако претходно се бев обидувал да си ги објаснам нештата, сега почнав да верувам во најабнормалните и најневеројатни чудесии. Збирката на витални докази беше ѓаволски огромна и непобитна; и ладнокрвниот, научен став на Ејкли - став колку што е можно поодалечен од мрднатото, фанатичното, хистеричното, или дури и одвишно спекулативното - имаше неизмерлив учинок на моите мисли и расудувања. Кога дојде време да го ставам настрана стравотното писмо веќе можев да ги разберам стравовите кои му беа на ум и бев спремен да сторам сѐ што беше во моја моќ да ги одвратам луѓето од тие диви, опседнати ридови. Дури и сега, откако времето го има отапено впечатокот и ме има донекаде натерано да се запрашам во сопственото доживување и ужасни сомнежи, постојат нешта во тоа писмо на Ејкли кои не можам да ги цитирам, ниту да ги обликувам во зборови на хартија. Скоро и ми е мило што писмото и цилиндарот и фотографиите веќе ги нема - и посакувам, од причини кои наскоро ќе ги развиделам, да не се откриеше онаа нова планета по Нептун.

Со читањето на тоа писмо моите јавни дебати за вермонскиот ужас трајно завршија. Аргументи од противници останаа неодговорени или одложени со ветувања и на крајот спорот спласна во заборав. За време на касен мај и јуни бев во постојана преписка со Ејкли; макар што одвреме-навреме по некое писмо ќе се изгубеше, па моравме да се навраќаме кај што сме застанале и да вршиме значително и макотрпно препишување. Она што во принцип се обидувавме да го направиме беше да си размениме белешки во врска со незнајни митолошки учења и да воспоставиме појасен сооднос меѓу вермонтските ужасии и општиот збир на легенди од примитивниот свет.

Една работа која ја заклучивме беше тоа дека овие морбидитети и пеколното хималајско Ми-Го, се еден и ист ред на отелотворен кошмар. Имаше и замрсени зоолошки претполагања, кои ќе ги упатев кон професор Декстер од мојот факултет да не беше непорекливата заповед на Ејкли да не му кажувам на никој за работата пред нас. Ако се чини како сега да ја прекршувам таа заповед, правам така само одошто мислам дека во оваа етапа предупредувањето за тие далечни вермонтски ридови - и за тие хималајски врвови кои смели истражувачи се сѐ порешени и порешени да ги искачат - е покорисно за јавната безбедност одошто би било молчење. Една конкретна работа кон којашто се стремевме беше дешифрирање на хиероглифите врз тој злогласен црн камен - дешифрирање кое можеби би нѐ снабдило со тајни подлабоки и повртоглави од сите кои на човек досега му биле познати.



III

Кон крајот на јуни пристигна фонографскиот цилиндар - испорачан од Брателборо, бидејќи Ејкли не сакаше да верува во условите на подружната линија северно оттаму. Беше почнал да чувствува зголемен усет на шпионажа, влошен од загубата на некои од нашите писма; и зборуваше многу за подмолните дела на извесни луѓе кои ги сметаше за орудија и посредници на скриените созданија. Најмногу се сомневаше во намќорестиот земјоделец Волтер Браун, кој живеел сам на некој запуштен имот на ридската падина близу длабоката корија и кој често бил гледан како се шлае по ќошеви во Брателборо, Белоус Фолс, Њуфејн и Саут Лондондери на најнеобјаснив и навидум непоттикнат начин. Беше убеден дека гласот на Браун бил еден од оние кои ги беше наслушнал во некоја извесна прилика среде многу страшен разговор; и еднаш нашол отпечаток од стапало или канџа близу куќата на Браун кој би можел да поседува многу кобно значење. Беше бил своевидно близу до отпечатоците на самиот Браун - отпечатоци кои биле свртени кон него.

И така цилиндарот бил испорачан од Брателборо, до кај што Ејкли извозел со неговиот Форд по осамените вермонтски селски патишта. Во една придружна белешка ми признаваше дека почнало да му е страв од тие патишта и дека веќе не сакал да оди ни до Таунсенд по залихи, освен среден бел ден. Не било на арно, постојано повторуваше, да се знае премногу освен ако не си многу оддалечен од тие тивки и проблематични ридови. За мошне скоро ќе одел во Калифорнија да живее со сина си, макар што тешко било да се остави место кое било тежиште на сите негови спомени и родски чувства.

Пред да го пробам цилиндарот на комерцијалната машина која ја позајмив од административната зграда на факултетот, внимателно ја поминав сета објаснителна твар во различните писма на Ејкли. Овој цилиндар, велеше, бил направена во околу 1 часот по полноќ, на први мај, 1915, близу затвореното устие на некоја пештера каде што шумовитата западна падина на планината Дарк се издигала од Лис Свомп. Местото било невообичаено кајдисано од чудни гласови, поради којашто причина и ги беше повел фонографот, диктафонот и празниот цилиндар очекувајќи резултати. Претходни искуства го поучиле дека вечерта спрема Еремиовден - одвратната Шабатска вечер од подземните европски легенди - најверојатно ќе е поплодна од било кој друг датум и не останал разочаран. Макар што, бележито беше тоа што оттогаш веќе никогаш повторно не чул гласови баш на тоа место.

За разлика од повеќето наслушани шумски гласови, тварта на цилиндарот била квазиобредна и вклучувала еден опипливо човечки глас кој Ејкли никако не можел да го одреди. Не бил на Браун, туку се чинел како да е на човек со повисоко школување. Меѓутоа вториот глас бил сржта на целата работа - зашто ова било тоа клето брмчење кое немало ни најмала човечка особина и покрај човечките зборови кои ги изустувало со добра англиска граматика и академски акцент.

Пуштениот фонограф и диктафонот не беа работеле подеднакво добро и, се разбира, биле во незавидна положба поради далечната и пригушена природа на наслушнатиот обред; па говорот кој на крајот бил обезбеден испаднал мошне расцепкан. Ејкли ми даде транскрипт на она што мислеше дека го велат кажаните зборови, кон којшто повторно фрлив брз поглед, додека ја спремав машината за погон. Текстот повеќе беше мрачно мистериозен одошто отворено ужасен, макар што познавањето на неговото потекло и начин на создавање му го даваше сиот асоцијативен ужас кој би можела да го поседува една група на зборови. Го излагам тука во целост онака како што го паметам - и сум доста убеден дека точно го знам напамет, не само одошто го имам прочитано транскриптот, туку и одошто безброј пати го имав ислушано цилиндарот. Не е работа која човек туку-така би можел да ја заборави!


(НЕРАЗБИРЛИВИ ЗВУЦИ)


(ШКОЛУВАН МАШКИ ЧОВЕЧКИ ГЛАС)


… е Владар на кориите, сѐ до … и поклоните на народот од Ленг … и од бунарите на ноќ до бездните на семирот и од бездните на семирот до бунарите на ноќ, вечна Им слава на Големиот Ктхулху, на Тсатогуа и на Оној Кој не се Именува. Вечна Им слава и бериќет на Црната Коза од Коријата. Иа! Шуб-Нигурат! Козата со Илјада Млади!


(БРМЧАВО ПОДРАЖАВАЊЕ НА ЧОВЕЧКИ ГОВОР)


Иа! Шуб-Нигурат! Црната Коза од Коријата со Илјада Млади!


(ЧОВЕЧКИ ГЛАС)


И бидна да Владарот на кориите, кој е … седум и девет, по скалилата од оникс … (ку)рбан за Оној во Бездната, Азатот, Тој за чии чуде(сии) си нѐ учел Ти … на крилја на ноќта од отаде семир, од отад … до Она чиешто најмладо чедо е Јогот, кој грвали сам во црниот етер на работ …


(БРМЧАВ ГЛАС)


… појдете меѓу луѓето и научете им ги табиетите, за Тој Од Бездната да знае. На Нјарлатотеп, Моќниот Гласник, мора сите нешта да му се кажат. И ќе си стави човечка лика, восочната маска и одеждата што крие и ќе се спушти од светот на Седумте Сонца да се подбива со …


(ЧОВЕЧКИ ГЛАС)


(Нјарл)атотеп, Великиот Гласник, носач на чудна радост до Јогот низ небиднината, Татко на Милионите Миленици, Демнач среде …


(ГОВОРОТ Е ПРЕКИНАТ ОД КРАЈОТ НА СНИМКАТА)


Вакви зборови требаше да чујам кога го ќе пуштев фонографот. Со вистинско чувство на фрас и колебливост ја спуштив рачката и го чув уводното гребење на сафирната игла и ми беше мило што првите бледи, расцепкани зборови беа од човечки глас - мек, образован глас кој оддалеку се чинеше како бостонски по нагласок и кој со сигурност не беше на мештанин на вермонтските ридови. Како што ја слушав тормозливо бессилната снимка, говорот ми се виде идентичен со внимателно подготвениот транскрипт на Ејкли. „Иа! Шуб-Нигурат! Козата со Илјада Млади! ...“ се слушаше кај бае тој мек бостонски глас.

И тогаш го чув другиот глас. До денес ми се враќаат морници кога ќе помислам како ме погоди, колку и да бев подготвен од изјавите на Ејкли. Оние на кои оттогаш им го имам опишано цилиндарот тврдат дека во него гледаат саде ефтина измама или лудило; но да можеа сами да го чујат тоа проклето нешто или да го прочитаат мноштвото преписки на Ејкли (особено тоа ужасно и енциклопедиско второ писмо) знам дека поинаку ќе мислеа. Сепак е огромна штета што го послушав Ејкли и што не им ја пуштив снимката на други - а огромна штета е и што сите негови писма сега веќе ги нема. За мене, со моите впечатоци од прва рака за тие звуци и со моето познавања на позадинските и подружни околности, гласот беше чудовишна работа. Бргу го проследуваше човечкиот глас во обреден одговор, но во мојата фантазија беше морбиден одек кој раскрилено минеше преку незамисливи понори од незамисливи надворешни пеколи. Повеќе од две години кај имаат поминато откако за последен пат го огласив тој богохулен восочен цилиндар, но и во овој миг и во сите дури мигови, уште можам да го чујам тоа бессилно, вражјо брмчење како за првпат ми достигнува до ушите.

„Иа! Шуб-Нигурат! Црната Коза од Коријата со Илјада Млади!“

Но иако тој глас ми е секогаш во ушите, сѐ уште не ми успеало да го испитам доволно добро за сликовит опис. Беше како зуење на некој поган, џиновски инсект гломазно обликувано во разбирливот говор на туѓа раса и сум потполно сигурен дека органите кои го произведуваа не можеа да имаат никаква сличност со гласните органи на човекот или со оние на било кои меѓу цицачите. Постоеја своеобразности на тембр, распон и тоналитет кои го ставаа овој феномен потполно надвор од сферата на човештвото и земниот живот. Неговото ненадејно пришествие првиот пат за малку не ме вкочани, а остатокот од снимката го ислушав во некаква занесена замаеност. Кога дојде подолгиот пасус на брмчење, настапи остро појачување на тоа чувство на богохулна бесконечност кое ме имаше погодено за време на претходниот пократок пасус. На крајот снимката нагло завршуваше, за време на необично јасниот говор на човечкиот бостонски глас; но јас останав глупаво да зјапам дури и откако апаратот автоматски запре.

Се подразбира дека уште едночудо пати ја ислушав таа потресна снимка и дека направив исцрпни напори за испит и коментари за време на споредувањето белешки со Ејкли. Би било ем бескорисно ем вознемирувачки да тука се повтори сѐ она што заклучивме; но можам да дадам намек дека се согласивме во вербата дека бевме обезбедиле трага до изворот на некои од најодбивните првобитни обичаи од криптичните старински религии на човештвото. Исто така ни се чинеше јасно тоа дека постојат древни и разврзани сојузништва помеѓу скриените надворешни суштества и извесни членови на човечката раса. Колку беа обемни овие сојузништва и како би се споредила нивната денешна состојба со нивната состојба во претходните доби, немавме како да дознаеме; но во најмала рака имаше простор за безгранична количина на ужаснати умувања. Се чинеше дека има некоја страшна, исконска спојка од неколку посебни етапи помеѓу човекот и безимената бесконечност. Богохулијата кои се имаа појавено на Земјата, се загатнуваше, доаѓаа од мрачната планета Јогот, на работ на Сончевиот Систем; но таа беше само густо населената колонија на застрашувачка меѓуѕвездена раса чиј првичен извор мора да се наоѓа некаде надвор дури и од ајнштајновиот просторно-временски континуум или најширокиот познат космос.

Во меѓувреме продолживме да дискутираме за црниот камен и за најдобриот начин да се испрати до Аркам - одошто Ејкли слутеше дека не е паметно да отидам да го посетам на сцената на неговите кошмарни изучувања. Поради некоја чудна причина, на Ејкли му беше страв да го довери нештото на било кој обичен или очекуван превозен пат. Крајната идеја му беше да го однесе до соседниот округ Белоус Фолс и да го испрати преку системот на „Бостон и Мејн“ преку Кин и Винчендон и Фичбург, иако ова би му наложило да вози по мошне поосамени и шумопреодни ридски патишта од главниот автопат до Брателборо. Рече дека забележал некој човек околу канцеларијата на експресната пошта во Брателборо кога го праќал фонографскиот цилиндар, чии постапки и израз на лице биле далеку од успокојувачки. Човекот се чинел пренетрпелив да зборува со службениците и се беше качил на возот со којшто бил испратен цилиндарот. Ејкли ми призна дека не престанало да му е шубе за цилиндарот сѐ додека не чул од мене дека ми е доставен без проблеми.

Околу ова време - втората недела на јули - уште едно мое писмо го снема, како што дознав од еден неспокоен пусул на Ејкли. Потоа ми кажа веќе да не му пишувам во Таунсенд, туку сета пошта да ја предавам во грижа на пост-рестант одделот во Брателборо; до каде што ќе правел редовни посети или со колата или со реисот кој неодамна ја заменил патничката служба на запоставената железничка подружница. Забележував дека станува сѐ понеспокоен и понеспокоен, зашто подробно ми расправаше за зголеменото лаење на кучињата во вечерите без месечина и за пресните отпечатоци од канџи кои понекогаш ги наоѓал на патот и во калта зад куќи кога ќе осамнело утро. Еднаш ми раскажа за цела војска на отпечатоци исцртани во редица и насочена кон подеднакво густа и непопустлива редица на кучешки траги и ми испрати едно погано вознемирувачко кадро како доказ. Тоа било по некоја вечер кога кучињата се надминале во лаење и завивање.

Изутрината на 18 јули, во среда, добив телеграма од Белоус Фолс во која Ејкли велеше дека ми го праќа црниот камен по експресна пошта преку „БиМ“ на воз број 5508, кој тргал од Белоус Фолс во 12:15 часот попладне, стандардно време, и требало да пристигне во „Норт стејшн“ во Бостон во 4:12 часот попладне. Би требало, пресметав, да дојде до Аркам барем до наредното пладне; па според тоа, цело четврточно утро останав дома за да го пречекам. Но пладнето дојде и си појде без негово пришествие и кога телефонирав во експресната пошта ми кажаа дека немало пристигнато пратка за мене. Следниот мој чин, направен среде сѐ поголема растревоженост, беше да му се јавам по меѓуградска телефонска линија на посредникот за експресна пошта во „Норт стејшн“ во Бостон; и непара бев изненаден кога дознав дека мојата доставка се немала појавено. Возот број 5508 пристигнал со закаснување од само 35 минути претходниот ден, но не содржел кутија адресирана до мене. Меѓутоа, посредникот ми вети дека ќе покрене истрага за изнаоѓање; и го завршив денот со тоа што му пратив ноќно писмо на Ејкли сумирајќи ја ситуацијата.

Со пофална ажурност наредното попладне добив извештај од бостонската пошта преку посредникот кој ми телефонирал штом ги дознал фактите за случајот. Се чинеше дека службеникот на експресната железница на воз број 5508 успеал да се сети на случка којашто можеби била значајна за мојата загуба - расправа со некој многу своевидноглас човек, мршав, со светло костенлива коса и со селски изглед, кога возот правел пауза во Кин, Н.Х., веднаш по еден часот попладне, стандардно време.

Човекот, рекол, бил многу возбуден во врска со некоја тешка кутија којашто тврдел дека ја очекува, но којашто ниту била на возот ниту била запишана во записите на претпријатието. Се беше претставил како Стенли Адамс и беше имал толку настран брмчав глас, што службеникот постанал абнормално замелушен и поспан слушајќи го. Службеникот не можел баш да се сети како завршил разговорот, но си приспомнал дека се сепнал во потполна будност штом возот почнал да се движи. Бостонскиот посредник додаваше дека службеникот бил младо момче со потполно неприкосновена веродостојност и доверливост, со знајно семселе и одамна вработено во претпријатието.

Таа вечер појдов до Бостон за лично да го испрашам службеникот, откако ги добив неговото име и адреса од поштата. Беше искрен, симпатичен човек, но увидов дека не може да додаде ништо на неговата првична изјава. Тоа што не беше најсигурен дали воопшто би можел да го препознае чудниот испрашувач ако го види пак, беше мошне несекојдневно. Сфаќајќи дека нема што друго да ми каже, се вратив во Аркам и останав буден до изутрина пишувајќи писма до Ејкли, до експресната пошта и до полицискиот оддел и посредникот од станицата во Кин. Чувствував дека човекот со чуден глас кој на толку настран начин му беше повлијаел на службеникот мора да игра клучна улога во кобната работа и се надевав дека вработените и телеграфските записи во Кин ќе можат да откријат нешто за него и за тоа како, каде и кога се случило да го побара она што го побарал.

Меѓутоа, морам да признаам дека сите истраги ми се изјаловија. Човекот со настран глас навистина беше бил забележан околу станицата во Кин во раното попладне на 18 јули и се чинеше дека некој лежилеб нејасно го поврзал со некоја тешка кутија; но бил потполно непознат и не бил видел ни дотогаш ни оттогаш. Колку што можеше да се потврди, ја немал посетено телеграфската канцеларија ниту имал примено некаква порака, ниту пак некаква порака која можеше со право да се смета како потврда за присуството на црниот камен на воз број 5508 имаше пристигнато во канцеларијата наменета за било кој. Се разбира, Ејкли ми се придружи во спроведувањето на овие истраги и дури и лично отпатува до Кин за да ги испраша луѓето околу станицата; но неговиот став кон оваа работа беше пофаталистички од мојот. Се чинеше дека за него загубата на кутијата претставува предзначно и заканувачко исполнување на неизбежни тежнеења и немаше никаква надеж за нејзино повраќање. Зборуваше за несомнената телепатска и хипнотичка моќ на ридските суштества и нивните посредници и во едно друго писмо загатна дека не мисли дека каменот е сѐ уште на нашава Земја. Јас самиот бев разбирливо бесен, зашто слутев дека постоеше барем шанса да би се научиле длабоки и зачудувачки нешта од старите, размачкани хиероглифи. Работата и ќе продолжеше горко да ме копка ако неодложните непосредни писма на Ејкли не отворија нова етапа во целиот ужасен ридски проблем којашто уште веднаш ми го зграби целото внимание.



IV

Непознатите нешта, пишуваше Ејкли со ракопис кој беше станат жалосно трепетлив, почнале да му се приближуваат со потполно нов степен на решителност. Ноќното лаење на кучињата кога и месечината да била притулена или отсутна сега било одвратно и имало обиди да го малтретираат по осамените патишта по кои морал да врви преку ден. На втори август, додека бил на пат кон селото со колата, наишол на стебло од дрво кое било поставено на патот на некоја точка каде што автопатот минел низ длабок коријски честак; а дивјачкото лаење на двете големи кучиња кои ги носел со себе многу јасно му ги навестиле нештата кои сигурно демнеле во близина. Што ќе биднело ако кучињата не биле со него, не се осмелуваше да претпостави - и сега веќе никогаш не излегувал без најмалку две од неговата верна и силна глутница. Додатни патни настани се случиле на 5 и 6 август; истрел му ја драснал колата во една пригода, а кучињата лаеле со јарост која зборувала за несвети коријски присуства во друга.

На 15 август добив трескаво писмо кое силно ме вознемири и кое ме натера да посакам да Ејкли ја заборави својата самотна воздржливост и да го викне законот на помош. Имало стравотни случувања ноќта на 12 спрема 13 август, куршуми летале околу куќата и три од дванаесетте големи кучиња изутрината биле пронајдени смртно застрелани. По патот имало цела свита отпечатоци од канџи, со човечките отпечатоци на Волтер Браун меѓу нив. Ејкли се фатил за телефонот да се јави во Брателборо и да набави повеќе кучиња, но врската прекинала пред да стигне да каже нешто. Покасно пошол во Брателборо со колата и дознал дека телефонските екипи ја нашле телефонската жица начисто пресечена на некоја точка каде што врвела низ напуштените ридови северно од Њуфејн. А сега се спремал да тргне за дома со четири нови кучиња и неколку кутии муниција за ловечката репетирна пушка. Писмото беше напишано во поштата во Брателборо и ми беше уште веднаш доставено.

Мојот став кон работава сега веќе брзо се видоизменуваше од научен до тревожно приватен. Ми беше страв да не му се случи нешто на Ејкли во таа негова отсечена, осамена куќа, а до некаде ми беше страв и за себеси поради мојата јасна врска со чудниот ридски проблем. Работата се чинеше како со рака да посега. Зар би можело и мене да ме вовлече и проголта? Во одговор на неговото писмо го бодрев да бара помош и му дадов намек дека јас ќе преземам нешто ако тој не преземе. Му спомнав за лично да го посетам Вермонт и покрај неговите желби и да му помогнам да ја објасни ситуацијата пред соодветните власти. Меѓутоа, за возврат добив само телеграма од Белоус Фолс којашто го велеше следново:


ЈА ЦЕНАМ НАМЕРАТА АМА НЕ МОЖАМ. НЕ ПРАВИ НИШТО САМ ОТИ МОЖЕ НА ДВАЈЦАТА ДА НИ НАШТЕТИ. ЧЕКАЈ ОБЈАСНУВАЊЕ.

ХЕНРИ ЕКЛИ


Но работата продолжи да се продлабочува. Откако одговорив на телеграмата добив растреперена порака од Ејкли со зачудувачки вести дека не само што никогаш не ја пратил депешата, туку дека не го добил ни моето писмо на коешто таа очигледно беше одговор. Итни прашања во Белоус Фолс му откриле дека пораката била уплатена од некој чуден човек со светло костенлива коса и своевидно дебел, брмчав глас, но повеќе од ова не можел да научи. Службеникот му го покажал оригиналниот текст начкртан со молив од праќачот, но ракописот му бил потполно непознат. Забележливо беше дека потписот беше погрешно напишан - Е-К-Л-И, без „Ј“. Извесни претполагања биле неизбежни, но среде очигледната криза не фати да ги образложува.

Заборуваше за смртта на нови кучиња и повторното купување на други и за размените на пукотници кои веќе станале редовна одлика на секоја безмесечева ноќ. Стапалките на Браун и стапалките на барем уште една или две обуени човечки фигури, сега редовно можеле да се најдат среде отпечатоците од канџи на патот и зад куќи на фармата. Многу голема беља било, признаваше Ејкли; и за скоро ќе морал да оди да живее со син му во Калифорнија без разлика дали ќе успее да ја продаде старата куќа или не. Но не било лесно да се напушти едиственото место кое човек можел да го смета за дом. Морал да се обиде да издржи уште малку; можеби ќе можел да ги исплаши натрапниците - особено ако отворено се откаже од сите намери да им ги пробие тајните.

Пишувајќи му уште веднаш, ја обновив понудата за припомош и пак му спомнав да дојдам да му помогнам да ги убеди властите во страшната беља. Во одговорот на ова се чинеше помалку настроен против таквиот план одошто можеше да се превиди судејќи по неговиот претходен став, но велеше дека сака уште малку да почека - доволно за да си ги среди домашните работи и да се помири со идејата на заминување од скоро морбидно љубеното родно место. Луѓето гледале напреку кон неговите изучувања и умувања и подобро ќе било ако тивко си се тргне без да ја втурнува цела околија во недоумица и да создаде нашироко сомнеж кон неговиот здрав разум. Доста му е, признаваше, но сакаше, ако може, достоинствено да се повлече.

Ова писмо ми стигна на дваесет и осми август и спремив и испратив колку што можев поохрабрувачки одговор. Охрабрувањето навидум пројави исход, зашто Ејкли пријавуваше помалку ужаси при потврдата за примањето на мојата порака. Но сепак не беше премногу оптимист и изјави верување дека единствено сезоната на полна месечина е она што ги одбива суштествата. Се надеваше дека нема да има многу густо заоблачени ноќи и неодлучно зборуваше за преселба во Брателборо кога месечината ќе се намалела. Пак му испратив охрабрување, но на 5 септември пристигна пресен пусул кој очигледно се имаше вкрстено со моето писмо во поштата; и на него не можев да дадам слично надежен одговор. Со оглед на неговата важност, мислам дека најдобро е да го изложам во целост - сеќавајќи се колку што можам подобро на тој трепетлив ракопис. Во принцип го содржеше следново:


Понеделник.

Драг Вилмарт-

Еден моше обесхрабрувачки пост скруптум на она што ти пишав последно. Сношти имаше густи облаци - макар што не заврна - па не се проби ни трунка месечина. Многу беше лошо и мислам дека крајот ми се ближи и покрај сите наши надежи. По полноќ нешто слета на покривот на куќата и сите кучиња се загнаа да видат што е. Можев да ги слушнам како штракаат со забите и јуришаат наоколу и на едно му успеа да се качи на покрив со скок од ниското странично крило на куќата. Настапи страшна борба и чув застрашувачко брмчење кое никогаш нема да го заборавам. А потоа се рашири потресна миризба. Скоро во истиот миг низ прозорот влетаа куршуми и за малку не ме поткачија. Мислам дека главната чета на ридските суштества се имаше приближено до куќата кога кучињата се поделија заради тоа со покривот. Уште не знам што е тоа горе, но се плашам дека суштествата се учат подобро да управуваат со семирските крилја. Изгасив светло и користејќи ги прозорците за амбразури го изрешетив сиот двор околу куќата со пушката, нишанејќи доволно високо за да не ги погодам кучињата. Тоа како да ја оконча работата, но изутрината најдов големи лочки крв во дворот, до лочки од зелена леплива течност која го имаше најлошиот мирис што го имам помирисано. Се качив на покрив и и таму најдов од лепливата течност. Пет кучиња имаа загинато, за жал и јас самиот имав застрелано едно од прениско нишанење, зашто беше застрелано в грб. Сега ги поправам окната што се скршија од истрелите и ќе појдам до Брателборо по нови кучиња. Луѓето од кучкарницата сигурно ме мислат за нетокму. Ќе ти пишам пак покасно. Анџак ќе бидам спремен за преселба за недела-две, макар што срце ми се кине кога ќе помислам.

Брз поздрав-

Ејкли


Но ова не беше единственото писмо од Ејкли кое се вкрсти со моето. Наредното утро - 6 септември - дојде уште едно; овој пат во трескавични чкртаници кои крајно ме обеспокоија и ме обезглавија за што да правам и што да речам следно. Повторно можам само да го цитирам текстот онолку верно колку што ми дозволува сеќавањето.


Вторник.

Облаците не се расчистија, па пак нема месечина - ама и онака почнува да се намалува. Ќе спроведев струја во куќава за да ставам рефлектор ако не бев сигурен дека ќе ги пресечат каблите побрзо одошто ќе можам да пријавам да ги поправат.

Како да полудувам. Може и сѐ што досега ти имам напишано е саде сон или лудило. И претходно беше страшно, ама веќе не се издржува. Ми прозбореа сношти - ми прозбореа во тој клет брмчав глас и ми кажаа нешта кои не се осмелувам да ти ги повторам. Јасно ги чув низ лаежите на кучињата и еднаш кога беа надвикани се јави човечки глас за да им помогне. Држи се настрана од ова Вилмарт - полошо е одошто и двајцата си мислевме. Веќе нема да ме остават да заминам во Калифорнија - сакаат да ме одведат жив, или во состојба којашто теоретски или ментално би се сметала за жив - не само до Јогот, туку и понатаму - надвор од галаксијата и можеби надвор од последниот заоблен раб на вселената. Им кажав дека нема да појдам кај што сакаат или на ужасниот начин на којшто сакаат да ме одведат, но се плашам дека ќе е залудно. Куќава ми е толку оддалечена од сѐ, што можат и денски да фатат да дојдат, а не само навечер. Уште шест кучиња ми се убиени и осетив присуства по целиот шумовит дел на патот денес кога возев за Брателборо.

Згрешив што ти ги пратив фонографскиот цилиндар и црниот камен. Најарно здроби го цилиндарот пред да е касно. Утре пак ќе ти пишам по некој збор, ако уште сум тука. Барем да можев да средам да ми ги однесат книгите и другите работи во Брателборо и да се преселам таму. Ќе избегав без ништо ако можев, но нешто во паметта ме спречува. Можам да се мушнам до Брателборо, каде што би требало да сум на сигурно, ама и таму би се чувствувал како заробеник колку и во куќава. А и како да знам дека не можам до далеку да стасам дури и ако оставам сѐ зад себе и се обидам. Ужасно е - не се вмешувај во работава.

Твојот - ЕЈКЛИ


Око на око не склопив ноќта откако го добив ова стравотно нешто и бев крајно обезглавен во однос на преостанатиот степен на здраворазумност на Ејкли. Тварта на пораката беше потполно луда, но начинот на изразување - со оглед на сѐ што дотогаш претходеше - имаше жестоко моќна особина на убедливост. Не пробав да одговорам, мислејќи дека е подобро да почекам додека Ејкли не најде време да ми одговори на последен пусул. Таквиот одговор и пристигна наредниот ден, макар што пресниот материјал во него мошне ги засенуваше сите точки кои беа изнесени во писмото на коешто во принцип беше одговор. Еве на што се сеќавам од текстот, начкрапан и исфлекан небаре во текот на очигледно трескавично и избрзано составување.


Среда.

В-

Твоето писмо стаса, ама веќе џабе е да се зборува. Се помирив. Којзнае дали веќе имам и волја за да ги одвратам. Не можам да избегам дури и да сакав да се откажам од сѐ и да му ја спраштам. Ќе ме најдат.

Вчера добив писмо од нив - човек од Р.Ф.Д. го донел додека бев во Брателборо. Напишано на машина за пишување и со поштерска марка од Белоус Фолс. Зборува за што сакале да ми прават - не можам да ти повторам. И ти пази се! Здроби го цилиндарот. Облачните ноќи продолжуваат, а месечината постојано се намалува. Камо да можев да се осмелам да побарам помош - можеби ќе ми се поттикнеше и волја - но сите кои воопшто би се осмелиле да дојдат би ме нарекле луд освен ако нема некој доказ. Не можам само туку-така да им кажам да дојдат - веќе со години кај со никој не сум во контакт.

Но ти го немам кажано најлошото Вилмарт. Спреми се да го прочиташ ова, зашто ќе те потресе. Ама вистината ти ја кажувам. Значи вака - Видов и допрев едно од нештата или барем дел од нештата. Господе Боже ама беше ужасно! Мртво беше, се разбира. Едно од кучињата го средило и утрово го најдов близу кучкарникот. Пробав да го зачувам во шупата за да можам да убедам некој во целава работа, но по неколку часа потполно испари. Ништо не остана. Знаеш, сите оние нешта во реките можеа да се видат само на првото утро по поплавата. А ова е најлошата работа. Се обидов да ти го сликам, но кога го развив филмот немаше ништо видливо освен шупата. Од што ли ќе да беше составено нештото? Го видов и го почувствував и сите оставаат отпечатоци. Сигурно беше составено од материја - ама каква материја? Формата не може да му се опише. Беше голем рак со многу пирамидни месести прстени или чворови од дебели јажести делови прекриени со пипала на местото каде што би му била главата на човек. Таа зелена леплива течност им е крв или сок. И кај да е и други ќе дојдат на Земјава.

Волтер Браун го нема - го немаат видено да џаболебари околу вообичаените ќошиња по околниве села. Сигурно го имам погодено со истрелите, макар што се чини дека суштествава секогаш си ги прибираат мртвите и ранетите.

Попладнево влегов в град без незгоди, но се плашам дека почнуваат да попуштаат бидејќи сум им сигурен. Ова го пишувам во поштата во Брателборо. Ова можеби е збогум - ако е, пиши му на син ми Џорџ Гуденаф Ејкли, „Плезент стрит“ 176, Сан Диего, Кал., но не доаѓај тука. Пиши му на малиот ако не чуеш ништо од мене по една недела и следи ги весниците за новости.

Сега ќе ги изиграм последните две карти - ако ми останала волја. Прво да пробам отровен гас против нештата (ги имам потребните хемикалии и имам направено маски за мене и за кучињата), а потоа ако тоа не успее, да му кажам на шерифот. Нека ме заклучат во лудница ако сакаат - ќе биде поарно од што другине суштества би ми направиле. Можеби ќе можам да ги натерам да обрнат внимание на отпечатоците околу куќата - бледи се, но секое утро ги наоѓам. Макар што, чинам полицијата ќе рече дека некако сум ги излажирал; зашто сите ме мислат за лефтерен.

Морам да натерам некој од државната полиција да преноќи тука и да се увери - ама како што ми стојат суштествава, сигурно би научиле за тоа и би се воздржале таа вечер. Ми ги сечат жиците секојпат кога ќе се обидам да телефонирам навечер - телефонските екипи мислат дека е многу настрано и можеби би сведочеле во моја полза, ако не си мислат дека самиот си ги сечам. Веќе недела дена се немам обидено да пријавам да ги поправат.

Можам да натерам некои од попростите луѓе да сведочат во моја полза во врска со вистинитоста на ужасииве, но сите им се смеат на нештата кои тие ги раскажуваат, а и освен тоа, толку долго кај се држат понастрана од мојава куќа што не знаат за ништо од новиве збиднувања. Не можеш ни со пиштол да натераш некој од отепанине земјоделци да се приближи ни на милја од куќава. Курирот ги слуша што зборуваат и ме задева - Господи! Камо да се осмелував да му кажам колку е сѐ вистина! Чинам ќе се обидам да го натерам да ги загледа стапалките, ама доаѓа попладне и дотогаш обично веќе ги нема. Ако ставам кутија или некое тенџере врз една за да ја зачувам, сигурно ќе ја помисли дека е лажна или дека е некоја шега.

Камо да немав станато толкав самотник, луѓе веќе не наминуваат како порано. Никогаш се немав осмелено да му го покажам црниот камен или кадрата или да му ја пуштам снимката на никој освен на прости луѓе. Другите ќе речат дека сум ја излажирал цела работа и само ќе ми се смеат. Ама допрва можам да се обидам да им ги покажам сликите. Јасно ги прикажуваат отпечатоците од канџи, иако нештата кои ги оставаат не можат да се фотографираат. Штета што никој не го виде нештото од утрово пред да испари до последно!

Ама не знам ни дали ми е гајле. По сѐ што ми случи и во лудница да ме затворат нема да се пожалам. Докторите ќе ми помогнат да се одлучам да ја напуштам куќава и само тоа може да ме спаси.

Пиши му на син ми Џорџ ако не ме чуеш за скоро. Збогум, здроби го тој цилиндар и не се вмешувај во работава.

Твојот - ЕЈКЛИ


Писмово искрено ме нурна во најцрни страшилишта. Не знаев што да кажам како одговор, па начкрапав неколку неразбирливи парчиња совет и охрабрување и ги испратив по препорачана пошта. Си споменувам дека го бодрев Ејкли уште веднаш да се пресели во Брателборо и да се стави под заштита на властите; додавајќи дека ќе дојдам до градот со фонографскиот цилиндар и ќе му помогнам да ги убеди судовите дека е со здрав разум. Време е и, мислам дека напишав, општо да се предупредат луѓето за оваа опасност во нивните редови. Ќе се забележи дека во тој напнат миг мојата верба во сѐ што Ејкли ми имаше кажано беше практично потполна, макар што не мислев дека неговиот неуспех да го слика мртвото чудовиште се должи на некој изрод на природата, туку на некое негово потфрлање од возбуда.



V

Тогаш, очевидно вкрстувајќи се со мојата неразбирлива порака и стигајќи во сабота попладне на 8 септември, го добив тоа своевидно поинакво и смирувачко писмо уредно напишано на нова машина за пишување; тоа чудно писмо полно уверувања и покани кое мораше да означува навистина грамаден пресврт во целата кошмарна драма во осамените ридови. Повторно ќе цитирам од памет - намерувајќи поради посебни причини да зачувам колку што можам повеќе од одличијата на стилот. Поштенската марка беше од Белоус Фолс и потписот, заедно со целата содржина на писмото беше напишан на машина - како што е обично случај кај почетници на машина за пишување. Меѓутоа, текстот беше чудесно прецизен за работа на аџамија; и заклучив дека Ејкли мора да беше имал користено машина во некој претходен период - можеби на факултет. Би било право да се каже дека ми олесна од писмото, ама под олеснувањето ми остана пласт на немир. Ако Ејкли беше здраворазумен во ужаснатоста, дали сега беше здраворазумен во спасот? И оваа „подобрена слога“ којашто ја споменуваше… што ли значеше? Целата работа наведуваше на еден толку дијаметрален пресврт на претходниот став на Ејкли! Ама еве ја тварта на текстот, внимателно запишана од сеќавање на коешто сум немалку горд.


Таунсенд, Вермонт,

Четврток, 6 септ. 1928.

Драг Вилмарт: -

Ми претставува особено задоволство тоа што можам да те смирам во врска со сите смешни работи кои ти ги пишував. Велам „смешни“, но со тоа мислам на мојот исплашен став, а не на моите описи на извесни феномени. Тие феномени се вистински и мошне важни; грешката ми беше во тоа што кон нив имав воспоставено аномален став.

Мислам дека споменав дека моите чудни посетители почнуваа да комуницираат со мене и да се обидуваат да воспостават комуникација. Сношти оваа размена на говор се овоплоти. Како одговор на извесни сигнали, во куќата примив еден гласник од оние од надвор - човек, како нас, чисто да знаеш. Ми кажа многу нешта кои ни ти ни јас не можевме ни оддалеку да ги претпоставиме и јасно ми покажа колку потполно сме згрешиле во проценката и толкувањето на целта на Надворешните во нивното одржување на тајна колонија на оваа планета.

Се чини дека злобните легенди за тоа што им го нуделе на луѓето и тоа што го сакаат во врска со Земјата, се потполен происход на неуките недоразбирања на алегоричниот говор - говор кој, се разбира, бил обликуван од културна позадина и мисловни навики драстично поразлични од сѐ што може да си замислиме. Моите сопствени претполагања, слободно признавам, ја промашија целта исто толку потполно колку и нагаѓањата на неписмените земјоделци и дивјачки Индијанци. Она што го мислев за морбидно и срамно и за резил, всушност е восхитувачко и умопроширувачко и дури и величествено - со тоа што претходната проценка ми беше само фаза на вечната човечка склоност да го мрази и да се плаши и да бега од крајно различното.

Сега ми е мака за штетата која им ја нанесов на овие вонземни и неверојатни созданија во текот на нашите вечерни престрелки. Камо уште од прва да прифатев мирно и разумно да разговарам со нив! Но не ми се лутат, одошто чувствата им се организирани многу поинаку од нашите. Немале среќа во тоа што им се погодило да земат некои мошне инфериорни примероци за посредници во Вермонт - покојниот Волтер Браун на пример. Тој ме имаше направено претерано пристрасен против нив. Всушност, тие никогаш не повредиле човек намерно, а често биле сурово злоупотребувани и шпионирани од страна на нашиот вид. Постои еден цел таен култ на злобни луѓе (човек со твојата начитаност во мистика ќе ме разбере ако би го поврзал со Хастур и Жолтиот знак) посветени на целта да ги изнајдат и повредат во име на чудовишни сили од други димензии. Драстичните мерки на Надворешните биле упатени против овие угнетувачи - a не против нормалното човештво. Патем, дознав дека многу од нашите изгубени писма не биле украдени од Надворешните, туку од пратеници на овој злоќуден култ.

Сѐ што Надворешните сакаат од луѓето е мир и немалтретирање и зголемување на интелектуалната слога. Последново е апсолутно неопходно сега кога нашите пронајдоци и направи ни го прошириле знаењето и движењето и направиле да е сѐ поневозможно да неопходните колонии на Надворешните постојат во тајност на оваа планета. Вонземните созданија сакаат поцелосно да го запознаат човештвото и да му дадат на неколку од човечките филозофски и научни челници да дознаат повеќе за нив. Со ваквата размена на знаење сите бељи ќе се решат и ќе се воспостави задоволителен модус вивенди. Секоја идеја дека сакаат да го поробат или обезвреднат човештвото е апсурдна.

Како за почеток на оваа подобрена слога, Надворешните ме избраа мене, се разбира - чие знаење за нив е веќе толку значително - за нивен главен толкувач на Земјата. Сношти ми беше кажано многу - едночудо факти од најимпозантна и видикопроширувачка природа - а последователно ќе ми се кажат и други работи, усно, како и писмено. Засега нема да морам да отпатувам надвор, макар што понатаму најверојатно ќе сакам да појдам - преку употреба на посебни мерки и излегувајќи од синорот на сѐ што досега сме се навикнале да го сметаме за човечко искуство. Куќата веќе нема да ми е опсадена. Сѐ ќе си се врати по старо и кучињата веќе ќе нема со што да се занимаваат. Наместо ужас, дадено ми е богат благодет на знаење и интелектуално доживување кое само мал број смртници го имаат искусено.

Надворешните созданија се можеби најчудесните органски нешта во или надвор од сиот простор и време - членови на космички распространета раса од којашто сите други живи суштества се само уназадени варијанти. Повеќе се растенија одошто животни, ако овие термини воопшто можат да се применат за видот на материјата од која се составени и до некаде имаат габеста структура; макар што присуството на хлорофилновидна супстанција и многу своеобразен систем за исхрана ги прават да се потполно одделни од вистинските кормофитни габи. Всушност, видот е составен од материска форма која е потполно вонземна за нашиот дел од семирот - чиишто електрони имаат целосно поинаква вибрациона стапка. Ова е причината поради којашто созданијата не можат да се фотографираат со обичен фотографски филм и плочи од нашиот познат универзум, иако можеме да ги видиме со очи. Меѓутоа со соодветно знаење, секој добар хемичар би можел да направи фотографска емулзија која би можела да ја отслика нивната појава.

Родот е исклучителен во својата способност да патува низ бестоплинската и безвоздушната меѓуѕвездена небиднина во целосно телесна форма, но некои од неговите варијанти не можат да го направат ова без механичка помош или своевидни хируршки разместувања. Само неколку видови ги поседуваат етероотпорните крилја карактеристични за вермонтската сорта. Оние кои населуваат извесни далечни врвови во Стариот свет биле доведени на слични начини. Нивната надворешна сличност со животинскиот живот и со онаа структура која ние ја разбираме како материјална, е случај на паралелна еволуција, а не на блиска сродност. Нивната мозочна способност ја надминува онаа на било кое друго постоечко живо суштество, иако крилатите видови од нашите ридови во никој случај не се најразвиените меѓу нив. Вообичаениот начин на разговор им е преку телепатија, макар што имаат елементарни гласни органи кои, по мала интервенција (бидејќи операциите се неверојатно стручна и секојдневна работа кај нив), можат грубо да го копираат говорот на оние типови на организми кои сѐ уште користат говор.

Најблиското главно жилиште им е една сѐ уште неоткриена и скоро неосветлена планета на самиот раб на нашиот Сончев Систем - по Нептун и деветта по растојание од Сонцето. Тоа е, како што и констатиравме, телото кое мистично е загатнато како „Јогот“ во извесни древни и забранети ракописи; и кое наскоро ќе е сцена на чудно сосредоточување на мисли кон нашиот свет во напор да се овозможи ментална спојка. Не би се изненадил ако астрономите станат доволно чувствителни на овие мисловни струи за да го откријат Јогот кога Надворешните ќе им дозволат да го сторат тоа. Но, се разбира, Јогот е само отскочна штица. Главната толпа на созданијата е населена во чудно организирани понори потполно надвор од најкрајниот дострел на секоја човечка мечта. Просторно-временската куглица која ние ја препознаваме како целосност на сето космичко битисување е само еден атом во вистинската бесконечност којашто е нивна. И онолку колку што може еден човечки мозок да содржи од оваа бесконечност на крајот ќе ми се отвори и мене, како што им се отворило на не повеќе од педесет други луѓе откако постои човечката раса.

Сигурно прво ќе си речеш дека бладам лудости Вилмарт, но со тек на време ќе ја разбереш титанската можност на којашто имам налетано. Сакам колку што можам повеќе да ја споделам со тебе, па имам да ти изнакажам илјадници работи што не се ставаат на хартија. Претходно те предупредував да не доаѓаш да ме видиш. Сега кога сѐ е безбедно ми претставува задоволство да го повлечам предупредувањето и да те поканам да ми дојдеш на гости.

Можеш да дојдеш до тука пред да ти започне сесијата на факултет? Многу ќе ми се стори ќефот ако можеш. Донеси го фонографскиот цилиндар и сите мои писма за консултантски податоци - ќе ни требаат за да ја составиме целата извонредна приказна. А може да ги донесеш и кадрата, оти се чини дека сум ги изгубил негативите и моите копии во целава скорешна возбуда. Но какво богатство од факти само имам да додадам на тој наслепо составен и непотполен материјал - и каква импозантна направа само имам за да ми потпомогне во додавањето!

Не двоуми се - сега сум слободен од шпионажа и нема да сретнеш ништо неприродно или вознемирувачко. Само дојди и ќе те пречекам со кола на станицата во Брателборо - спреми се да останеш колку што можеш подолго и очекувај редица вечери полни со разговори за нешта надвор од сите човечки претполагања. Се разбира, не му кажувај на никој - зашто непребирливата јавност не смее да дознае за работава.

Патот со воз до Брателборо не е лош - во Бостон можеш да го видиш возниот ред. Качи се на линијата на „БиМ“ за до Гринфилд и потоа прекачи се за краткиот остаток од патот. За да ти е најзгодно, ти предлагам да се качиш на возот во 4:10 попладне - стандардно време - од Бостон. Стига во Гринфилд во 7:35 и во 9:19 има воз што трга оттаму и што стига во Брателборо во 10:01. Ова е за во делник. Кажи ми го само датумот и ќе ја спремам колата да те чека на станица.

Ќе ми просиш што писмово ми е напишано на машина, ама, како што знаеш, ракописот во последно време ми има станато трепетлив и не се чувствувам баш кадар за пишување долги реферати. Вчера во Брателборо ја купив новава „Корона“ - се чини дека врши работа.

Чекам абер и се надевам дека набрзо ќе те видам со фонографскиот цилиндар и сите мои писма - и кадрата -

Останувам твој во исчекување,

ХЕНРИ В. ЕЈКЛИ

До г-дин Алберт Н. Вилмарт

„Мискатонски унивезитет“

Аркам, Мас.


Сложеноста на моите чувства по читањето, препрочитувањето и думањето за ова чудно и неочекувано писмо е вон секаков соодветен опис. Реков дека наеднаш ем ми олесна ем ме фати немир, но ова само грубо ги искажува нотите на разновидни и во најголема мера потсвесни чувства кои ги сочинуваа и олеснувањето и немирот. Како прво, работата беше толку дијаметрално спротивна со сиот синџир на ужасии кои ѝ претходеа - промената на расположение од чист ужас до опуштена незагриженост и дури и ликување беше толку ненајавена, молскавична и потполна! Тешко ми беше да поверувам дека еден единствен ден би можел толку да ја смени психолошката перспектива на некој кој ми го беше напишал она последно трескаво соопштение во средата, без разлика какви олеснителни разоткривања можеби беше донел денот. Во извесни моменти чувство на спротивставена нереалност ме натера да се запрашам дали сета оваа од далеку пријавена драма на фантастични сили не беше некој полуилузорен сон во најголем дел создаден во мојот сопствен ум. Потоа помислив на фонографскиот цилиндар и ме налегна уште поголема обезглавеност.

Писмото се чинеше толку различно од сѐ што можеше да се очекува! Кога фатив да си го испитувам впечатокот, увидов дека се состои од две посебни етапи. Прво, ако би се прифатило дека Ејкли беше бил здраворазумен и сѐ уште е здраворазумен, укажаната промена на ситуацијата беше многу нагла и незамислива. И второ, промената во самиот начин на однесување, став и јазик на Ејкли беше толку драстично надвор од нормалното или предвидливото. Се чинеше како целата личност на човекот да има претрпено подмолна мутација - толку длабока мутација што човек непара можеше да ги усогласи неговите две страни со хипотезата дека и двете претставуваат еднаква здраворазумност. Речникот на зборови, начинот на пишување - сѐ беше за нијасна поинакво. И со мојата академска чувствителност за прозен стил, можев да изнајдам длабоки разидувања во неговите најобични реакции и ритмички одговори. Јасно беше дека чувствената катаклизма или откровение кои би можеле да произведат еден волку коренит пресврт се и тоа како прекумерни! А сепак од друга страна писмото се чинеше мошне својствено за Ејкли. Истата таа страст за бесконечното - истата таа академска љубознајност. Не можев ни за миг - или за повеќе од миг - да ја оправдам мислата на злоќудност или потемкинова размена. Зар поканата - подготвеноста да ми даде во живо да ја испитам вистинитоста на писмото - не ја докажуваше неговата искреност?

Не си легнав во саботата, туку преседов мислејќи на сенките и чудесиите зад писмото кое го бев добил. Умот, преоптоварен од брзата низа на чудовишни замисли со кои ми беше приморан да се соочи за време на последните четири месеци, ми го разработуваше овој нов потресен материјал низ циклуси на сомнеж и прифаќање кои ги повторуваа повеќето чекори кои ги бев искусил кога се соочував со претходните чудесии; сѐ додека уште пред првите мугри, разгорен интерес и љубопитност не почна да ја одменува првичната бура на обезуменост и немир. Луд или здраворазумен, метаморфозиран или само успокоен, имаше шанса да Ејкли навистина има пронајдено некоја светопоместувачка промена на гледиште низ неговите опасни истражувања; некоја промена што ем му ја намалила опасноста - вистинска или замислена - ем му отворила вртоглави нови видици на космичко и суперчовечко знаење. Мојата сопствена ревност кон непознатото се распали не помалку од неговата и се почувствував допрен од заразата на морбидното кршење на препреките. Да се биде ослободен од излудувачките и заморни ограничувања на времето и просторот и природните закони - да се биде споен со огромната надворешност - да се биде близу до заноќените и безгазерни тајни на бесконечното и врвното - сигурно такво нешто вредеше за да човек си ги ризикува животот, душата и разумот! А и Ејкли велеше дека веќе нема опасност - ме канеше да го посетам наместо да ме предупредува да не одам како претходно. Се намовнав од помислата на што би можел да ми раскаже - имаше скоро вкочанувачка воодушевеност во помислата да седам во таа осамена и до пред скоро сардисана фарма со човек кој беше зборувал со вистински пратеници од семирот, да седам со тој ужасен цилиндар и куп писма во кои Ејкли ги имаше сумирано неговите дотогашни заклучоци.

Така, рано наутро неделата му телеграфирав на Ејкли дека наредната среда ќе го чекам во Брателборо - 12 септември - ако му одговара датумот. Само во еден поглед решив да не му го послушам советот, а тоа беше во однос на избирањето воз. Искрено, не ми се пристигаше касно навечер во тој опседнат предел на Вермонт; па наместо да го прифатам возот кој ми го имаше предложено телефонирав во станицата и скроив друг распоред. Станувајќи рано и качувајќи се на возот од 8:07 наутро (стандардно време) во Бостон, можев да го фатам тој во 9:25 во Гринфилд; пристигајќи таму во 12:22 напладне. Ова точно се поврзуваше со возот кој стигаше во Брателборо во 1:08 попладне - доста поудобен час од 10:01 за среќавање со Ејкли и возење со него до неговите збиени, тајносодржајни ридови.

Го спомнав мојот избор во телеграмата и ми беше мило да дознаам во одговорот кој пристигна во квечерината дека истиот е поткрепен од мојот претстоен домаќин. Депешата го велеше следново:


ЗАДОВОЛИТЕЛЕН РАСПОРЕД. ЌЕ ГО ПРЕЧЕКАМ ВОЗОТ ВО 1:08 В СРЕДА. НЕ ГИ ЗБОРАВАЈ ЦИЛИНДАРОТ И ПИСМАТА И КАДРАТА. ДРЖИ ГО ОДРЕДИШТЕТО ВО ТАЈНОСТ. ОЧЕКУВАЈ ГОЛЕМИ ОТКРОВЕНИЈА.

ЕЈКЛИ


Примањето на оваа порака како директен одговор на таа која му ја пратив на Ејкли - и која соодветно беше испорачана до неговата куќа од станицата во Таунсенд или по официјален курир или преку поправената телефонска врска - ми ги отстрани сите притаени потсвесни сомнежи кои можеби ги имав во врска со авторството на обезумувачкото писмо. Олеснувањето ми беше бележито - всушност, беше поголемо одошто во тоа време можев да си објаснам; бидејќи сите такви сомнежи ми беа биле доста длабоко закопани. Но таа вечер спиев цврсто и долго и низ претстојните два дена нетрпеливо се зафатив со подготовки.



VI

Во средата тргнав како што се договоривме, земајќи со себе куфер полн со едноставни неопходни работи и научни податоци, вклучувајќи го одвратниот фонографски цилиндар, кадрата и целата папка со преписки од Ејкли. Како што ми беше наложено, на никој не му кажав каде одам; зашто ми беше јасно дека работата бара крајна приватност, дури и ако сѐ испадне како што треба. Помислата на вистински умствен контакт со вонземни, надворешни ентитети беше немалку вџашувачка и за мојот извежбан и до некаде припремен ум; па според тоа, можеше ли воопшто да се замисли нејзиниот ефект врз широките маси на неинформирани лаици? Не знам дали уплав или авантуристичко исчекување диригираше со мене додека менував возови во Бостон и го започнав долгото западно возење надвор од познати предели, кон оние кои не ги познавав толку темелно. Волтем - Конкорд - Ејер - Фичбург - Гарднер - Атол -

Возот стигна во Гринфилд со закаснување од седум минути, но експресниот за север со чија линија се поврзуваше беше задржан на перонот. Префрлајќи се со вјасање ме фати своевидна задишаност како што вагоните татнеа под раното пладневно сонце кон територии за кои отсекогаш имав читано, ама никогаш дотогаш ги немав посетено. Знаев дека влегувам во една сосема постаромодна и попримитивна Нова Англија од механизираните, урбанизирани крајбрежни и јужни области каде што го бев минал сиот живот; нерасипана, дедовинска Нова Англија без странците и фабричкиот чад, билбордите и асфалтираните патишта од деловите кои модерноста ги имаше допрено. Ме чекаа несекојдневни останки од оној непрекинат домороден живот чии длабоки корени го прават да е единствениот автентичен израсток во пејсажот - непрекинатиот домороден живот кој одржува во живот чудни древни спомени и ја прави почвата плодна за сенишни, чудесни и ретко-споменувани верувања.

Одвреме навреме ја гледав сината река Конетикат како светка под сонцето и штом излеговме од Нортфилд, ја преминавме. Пред нас се издигнаа зелени и загадочни ридови и кога дојде кондуктерот дознав дека најпосле сум во Вермонт. Ми кажа да си го вратам часовникот еден саат наназад зашто околијата во северните ридови си немала работа со помодарско летно сметање на време и такви ми ти глупости. Додека го правев ова ми се виде небаре го враќам и календарот еден век наназад.

Возот врвеше веднаш крај реката и од другата страна, во Њу Хемпшир, можев да ја видам блиската падина на стрмната Вантастикет, за којашто се гроздат своеобразни стари легенди. Тогаш од мојата лева страна излегоа улици, а една зелена ада се покажа во потокот од десно. Луѓето станаа и се наредија до вратата, а јас тргнав по нив. Вагонот запре и се истоварив во долгата перонска хала на станицата во Брателборо.

Разгледувајќи ја накратко редицата паркирани автомобили, се запрашав кој би можел да е Фордот на Ејкли, но мојот идентитет беше разгатнат пред да стигнам да го преземам првиот чекор. Меѓутоа, јасно беше дека оној кој ми пристапуваше да ме пречека со испружена рака и меко изговорено прашање за дали јас сум г-дин Алберт Н. Вилмарт од Аркам, не е самиот Ејкли. Овој човек ни најмалку не личеше на забрадениот, сед Ејкли од фотографијата; туку беше помлад и поградски човек, модерно облечен и само со мали, црни мустаќи. Школованиот глас му содржеше некој несекојдневен и скоро вознемирувачки намек на маглива познатост, макар што не можев со сигурност да го одредам во сеќавањата.

Како што го меркав го чув како ми објаснува дека е пријател на мојот претстоен домаќин кој се спушил од Таунсенд наместо него. Ејкли, ми зајави, доживеал ненадеен напад од некоја астматична мака што ја имал и не се чувствувал кадар да патува надвор по ладното. Меѓутоа не било ништо сериозно и немало да има промена на планот во врска со мојата посета. Не можев да оценам до која мера овој г-дин Нојс - како што се претстави - е запознат со истражувањата и откритијата на Ејкли, макар што ми се чинеше дека неговиот опуштен нарав му даваше жиг на релативен туѓинец. Сеќавајќи се каков пустиник беше Ејкли, бев по малку изненаден од лесната достапност на еден ваков пријател; но не дадов збунетоста да ме одврати од влегување во автомобилот кон кој ми мавна. Не беше малата древна кола којашто ја очекував од описите на Ејкли, туку голем и беспрекорен примерок од неодамна мостра - навидум на Нојс и со сообраќајни таблички од Масачусетс со интересниот амблем со „светиот бакалар“ од таа година. Мојот водич, заклучив, мора да е привремен летувач во пределот на Таунсенд.

Нојс се качи до мене во колата и веднаш ја запали. Мило ми беше што не претекуваше од теми на разговор, зашто некоја сперлива атмосферска напнатост ме имаше онерасположено за правење муабет. Градот се чинеше многу привлечен под попладневното сонце како што се издигавме по една угорница и свртевме десно кон главниот булевар. Дремеше како постарите новоанглиски градови кои го потсетуваат човек на момчештвото и нешто во уредбата на покривите и кулите и оџаците и циглените ѕидови обликуваше контури кои задираа длабоки виолски жици на прародовски чувства. Јасно ми беше дека сум пред прагот на предел кој е полустијосан од трупањето на нескршени временски талози; предел каде што стари, чудни нешта беа имале можност да растат и тлеат бидејќи никогаш не биле раздвижени.

Како што излегувавме од Брателборо осетот на напир и јанѕа ми се засили, зашто некоја маглива особина на ридоначипчената околија со нејзините надвиснати, заканувачки, интимно притиснати зелено-гранитни падини загатнуваше помрачени тајни и исконски останки кои можеби се или можеби не се непријателски настроени кон човештвото. Патеката извесно време ни врвеше крај една широка, плитка река која дотекуваше од високи, непознати ридови на север и затреперив кога сопатникот ми кажа дека е реката Вест. Во овој поток, си споменав од новинарските статии, беше било видено едно од морбидните созданија кои потсетувале на морски ракови како плови по поплавите.

Постепено, околијата околу нас стана подива и понапуштена. Архаични прекриени мостови стравотно тлееја од минатото во џебови низ ридовите и полунапуштената железничка пруга напоредна со реката се чинеше како да издишува небулозно видлив дих на пустош. Имаше стравотни пространства на живописни долини каде се издигаа големи гребени, додека девствениот гранит на Нова Англија ѕиркаше сив и крут низ зелеништето кое се искачуваше по сртовите. Имаше кланци каде што прерипнуваа нескротени потоци, одливајќи ги прудолу кон реката незамислените тајни на илјада беспатни врвови. Разгранувајќи се наваму-натаму врвеа тесни полусокриени друмови кои ја пробушуваа заѕиданата, луксузна маса на шума среде чиишто исконски дрвја цели војски на елементални духови би можеле да демнат. Како што ги гледав, се сетив како Ејкли беше бил малтретиран од невидени воздејства при возењето по токму овој друм и не ми падна чудно од возможноста на такви нешта.

Живописното, лично селце Њуфејн, до кое втасавме за помалку од час, ни беше последната спојка со оној свет кој човек може со сигурност да го нарече свој како резултат на освојување и потполно населување. Потоа ја отфрливме секоја приврзаност со непосредни, допирливи и од време излитени нешта и влеговме во мечтав свет на стишена невистинитост во кој тесната патна лента се издигаше и паѓаше и се свиваше небаре лента со скоро сознателен и намерен хир среде бескуќните зелени врвови и полунапуштени долини. Со исклучок на звукот на автомобилот и лекото вревење на неколкуте осамени фарми кои ги поминувавме на нередовни интервали, единствениот звук кој ми го слушаа ушите беше клокотливото, подмолно жуборење на чудни води од безбројни скришни шадрвани во сенишните кории.

Близината и интимноста со џуџестите, засводени ридови сега вистински почна да ми го зема здивот. Стрмноста и наглоста беа уште поголеми одошто си ги замислував од муабети и не укажуваа на ништо заедничко со прозаичниот објективен свет кој го знаеме. Густата, непосетена корија на тие непристапни падини се чинеше небаре сидриште за вонземни и неверојатни нешта и чувствував како самиот контур на ридовите да содржи некое чудно и со раздобја заборавено значење, како да се огромни хиероглифи оставени од титанска раса од сказните чија слава живее само во ретки, длабоки соништа. Сите легенди од минатото и сите вџашувачки бедења од писмата и прилозите на Хенри Ејкли, ми излија во сеќавањето за да ја заострат атмосферата на напнатост и растечка закана. Целта на мојата посета и страшните абнормалности кои ги постулираше наеднаш ме погоди со ладен осет кој за малку не ми го расклима куветот за чудни длабења.

Мојот водач сигурно ми го имаше забележано вознемиренот став; зашто како што патот стануваше сѐ поширок и понеправилен и нашиот автомобил поспор и подрмолив, повремените пријатни коментари му се проширија во поумерен разговорен тек. Зборуваше за убавината и бизарноста на околијата и откри извесна запознатост со фолклорните проучувања на мојот претстоен домаќин. Од неговите учтиви прашања беше очигледно дека знае дека сум дојден со научна цел и дека носам податоци од извесна важност, но не оддаде знак дека ја сфаќа длабината и стравотноста на знаењето кое Ејкли најпосле го имаше достигнато.

Настроението му беше толку весело, нормално и учтиво што неговите коментари требаше да ме смират и утешат; но за некое чудо, се почувствував само повознемирен додека се тумбавме и скршнувавме лево-десно низ непознатата дивина на ридовите и коријата. Повремено се чинеше како да ме распипува да види што знам за чудовишните тајни на местото и со секој пресен слог таа маглива, жеглива, обезглавувачка познатост на неговиот глас ми растеше. Не беше обична или здрава познатост и покрај потполно угодната и школувана природа на гласот. Некако го поврзував со заборавени кошмари и чувствував како да ќе полудам ако би го препознал. Ако постоеше некаков добар изговор, мислам дека ќе се одвратев од посетата. Ама немаше и не можев - а и ми текна дека белки еден ладен, научен разговор со самиот Ејкли по моето пристигање многу ќе ми помогне за да се приберам.

Освен тоа, имаше и чудно смирувачки елемент на космичка убавина во хипнотичниот пејсаж низ кој фантастично се искачувавме и нуркавме. Времето се имаше загубено во лавиринтите зад нас и околу нас се протегаа само расцветаните бранови на вилосветот и повратената личотија на исчезнатите векови - ветви шумјаци, ненаглотени пасишта порабени со жизнерадосни есенки цутови и на огромни интервали, мали кафеави фарми вгнездени среде огромни дрва под вертикалните врлини со миризливи драги и ливадна трева. Дури и сончевата светлина имаше заземено натприродна чар, како некоја посебна атмосфера или испарување да се имаше наметнато врз сиот предел. Дотогаш немав видено ништо слично освен во волшебните видици кои некогаш им служеа како позадина на италијанските предренесанци. Содома и Леонардо зачнале такви пространства, но само од далеку и низ сводовите на ренесансните аркади. Сега здраво риевме низ средиштето на сликата и во нејзината некромантија ми се чинеше како да пронаоѓам нешто што ми е познато одошто ми е вродено или одошто го имам наследено, а по коешто отсекогаш залудно сум трагал.

Наеднаш, откако го заобиколивме тапиот агол на врвот на едно остро искачување, колата запре. На мојата лева страна, преку добро одржан тревник кој се протегаше до патот перчејќи се со удут од варосани камења, се издигаше бела куќа на два и пол спрата со необична големина и елеганција за пределот, со бучкуруш од гранични или аркадно поврзани штали, шупи и една ветерница одзади и кон десно. Веднаш ја препознав од фотографијата која ја имав добиено и не се изненадив кога го видов името на Хенри Ејкли на поштенското сандаче од поцинковано железо близу патот. На извесно растојание зад куќата се протегаше рамномерно пространство на мочурлива и слабо шумовита земја, зад којашто рееше стрмна, густо пошумена ридска падина завршувајќи во назабен зелен срт. Последново, знаев, беше врвот на планината Дарк, до чијашто половина сигурно веќе се бевме искачиле.

Истоварувајќи се од колата и земајќи ми го куферот, Нојс ме замоли да почекам додека да отиде да го извести Ејкли дека сум стасал. Самиот тој, додаде, имал некоја важна работа на друго место и не можел да поседи. Како што поита по патеката кон куќата и јас слегов од колата, сакајќи малку да си ги протегнам нозете пред да се впуштам во заседнат разговор. Чувството на нервоза и напнатост пак ми се имаше кренато до највисок степен сега кога бев на самата сцена на морбидното сардисување толку трогателно опишаноа во писмата на Ејкли и искрено стравував од доаѓањето на дискусиите кои требаше да ме спојат со такви вонземни и забранети светови.

Блискиот допир со крајни бизарности почесто е позастрашувачки одошто вдахновен и не ме развеселуваше помислата дека токму овој правлив пат е местото каде што биле пронајдени тие чудовишни стапалки и таа реава зелена излачотина по безмесечевите ноќи на страв и смрт. Пропратно забележав дека нема ниту едно од кучињата на Ејкли да војва низ дворот. Сите ли ги имаше продадено откако Надворешните склопиле мир со него? Колку и да се трудев, не можев да ја имам истата верба во длабината и искреноста на тој мир кој се споменуваше во последното и настрано поинакво писмо на Ејкли. Сепак, беше мошне едноставен човек со многу малку световно искуство. Да не можеби сепак имаше некоја длабока и зловестна притаеност под површината на новото сојузништво?

Воден од мислите, очите ми паднаа надолу кон прашкавата патна површина која беше содржела толку одвратни сведоштва. Последните неколку денови беа биле сушни и разноразни траги беа распослани низ избраздениот, нерамен друм и покрај непрометната природа на реонот. Со маглива љубопитност почнав да ги проследувам контурите на некои од разнородните отисоци, обидувајќи се во меѓувреме да си ги зауздам налетите на сенишна мечта кои тоа место и неговите спомени ми ги укажуваа. Имаше нешто заканувачко и неудобно во гробната мирнотија, во придушениот, затаен жубор на далечните поточиња и во потисните зелени врвови и црнодрвни врлини кои го гушеа тесниот хоризонт.

И тогаш во свеста ми прсна една слика којашто ги направи сите тие магливи закани и налети на мечта да се чинат благи и незначајни. Реков дека ги испитував разноразните отпечатоци на патот со некаква несосредоточена љубопитност - но наеднаш таа љубопитност беше потресно згасната од ненадеен и смраморувачки наплив на активен терор. Зашто иако правливите траги во главно беа збркани и се преклопуваа и тешко дека ќе заинтригираа нечиј обичен поглед, моето неспокојно зјапање беше фатило извесни подробности близу местото каде што патеката од куќата се спојуваше со друмот; и беше го препознало вон секаков сомнеж или надеж застрашувачкото значење на тие подробности. Не попусто бев бил, како за беља, претурал низ кадрата на отпечатоците од канџите на Надворешните кои Ејкли ми ги имаше испратено. Предобро ги познавав знаците на тие погани штипалки и тој намек на повеќезначна насока кој ги жигосуваше ужасиите како суштества што не се од оваа планета. Немаше останато прилика за милослива грешка. Вистина беше дека тука, во објективна форма пред моите очи и со сигурност направени не подолго од пред неколку часа, имаше најмалку три траги кои богохулно се издвојуваа среде изненадувачкото мноштво замачкани отпечатоци до и од куќата на Ејкли. Беа пеколните траги на живите габи од Јогот.

Се прибрав баш навреме за да си го придушам вресокот. Сепак, каква друга работа можев да очекувам, со оглед на тоа што навистина им верував на писмата на Ејкли? Ми имаше кажано дека склучил мир со нештата. Зошто, тогаш, да е чудно тоа што дошле да му ја посетат куќата? Но теророт беше посилен од уверувањата. Зар можеше да се очекува да човек за прв пат се испули нетрогнат кон трагите од канџи на подвижни созданија од надворешните семирски длабини? Токму тогаш го видов Нојс како излегува од вратата и ми приоѓа со брзи чекори. Морам, промислив, да се држам под контрола, зашто имаше можност да овој срдечен пријател не знае ништо за најдлабоките и најимпозантни проникнувања на Ејкли во забранетото.

На Ејкли, поита да ме извести Нојс, му било ќеф и мило што ќе ме видел; макар што ненадејниот напад на астма ќе го спречел на некој ден да е домаќин како што доликува. Овие болки тешко го погодувале кога ќе го фателе и секогаш доаѓале со премалувачка треска и општа омалаксаност. За ништо не го бивало додека бил ваков - морал да зборува со шепот и бил многу несмасен и снемоштен во движењето. Му потекувале и зглобовите и стапалата, па морал да ги преврзува небаре некој стар подагричен изедник. Дента бил во мошне лоша состојба, па ќе сум морал во најголема мера сам да си ги бркам работите; но сепак бил желен за разговор. Ќе сум го најдел во работната соба лево од главниот салон - собата каде што биле затворени ролетните. Морал да се штити од сонце кога бил болен, зашто очите му биле многу чувствителни.

Како што Нојс ме остави со здравје и замина кон север со колата почнав споро да чекорам кон куќата. Вратата беше оставена подотворена; но пред да ѝ пријдам и да влезам фрлив еден испитувачки поглед околу целиот имот, обидувајќи се да одлучам што ми имаше паднато толку неопипливо настрано за местото. Шталите и шупите изгледаа доста уредно прозаични и го забележав исчуканиот Форд на Ејкли во неговото пространо, невардено засолниште. И тогаш ја дофатив тајната на настраноста. Беше потполната тишина. Обично фармите се барем умерено мрморливи од различните видови стока, но тука недостасуваа сите траги на живот. Кај беа кокошките и прасињата? Кравите, за кои Ејкли ми имаше кажано дека има неколку, можеби и да беа некаде по пасиштата, а кучињата можеби и да беа продадени; но отсуството на било какви траги на кокодакање или гровтање беше навистина своеобразно.

Не стоев долго на патеката, туку решително влегов низ отворената влезна врата и ја затворив зад себе. Ми требаше јасен психолошки напор за да го сторам ова и сега кога бев затворен внатре добив миговен копнеж за неодложно повлекување. Не дека местото имаше некакво зловестно визуелно укажување во било кој поглед; токму напротив, помислив дека елегантниот касноколонијален салон е убаво дуздисан и угоден и му се повосхитував на очигледната култивираност на човекот кој го беше опремил. Она што ме тераше да сакам да избегам беше нешто многу разредено и неодредливо. Можеби беше некоја извесна несекојдневна миризба која ми се пристори дека ја осетив - макар што знаев колку се чести немливите миризби дури и во најубавите древни фарми.



VII

Одбивајќи да дозволам да ме надвладее ова нејасно шубе, се сетив на инструкциите на Нојс и ја турнав шестпанелната бела врата со месингова квака од мојата лева страна. Внатрешната соба беше затемнета, како што веќе и знаев; и како што влегував забележав дека настраната миризба тука е посилна. А како да имаше и некој тих, полузамислен ритам или вибрација во воздухот. Првично, затворените ролетни ми овозможуваа многу слаб вид, но тогаш некаков звук на молежливо раскашлување или шепотење ми го привлече вниманието кон една огромна фотелја во далечниот, мрачен ќош на собата. Во неговите сенишни длабини здогледав бел размачкан привид на човечко лице и раце и за миг тргнав да ја поздравам фигурата којашто се обидуваше да зборува. Колку и да беше притулено светлото, увидов дека тоа навистина е мојот домаќин. Многупати го бев имал проучувано кадрото и немаше грешка дека е истото трезвено, од години излитено лице со подкастрена, седа брада.

Но кога повторно погледнав, препознавањето ми се помеша со тага и неспокој; бидејќи ова лице навистина беше лице на многу болен човек. Ми се виде како да мора да има нешто повеќе од астма зад тој напнат, вкочанет, неподвижен израз и неклепливо стаклен поглед; и сфатив колку ужасно го имаше погодено товарот на неговите застрашувачки искуства. Зар не беше доволен да го скрши било кое човечко суштество - дури и помлад човек од овој куражен длабач во забранетото? Чудното и ненадејно олеснување, за жал, беше дошло прекасно за да го спаси од нешто налик на општ нервен слом. Имаше ронка патетичност во млитавиот, безживотен начин на којшто витките раце му беа ставени в скут. Имаше наметнато широка роба и беше повиен околу главата и високо околу вратот со дречливо жолт шал или качулка.

А потоа сфатив дека се обидува да зборува со истиот раскашлан шепот со којшто ме беше поздравил. Шепотот беше претивок за да се дочуе од прва, бидејќи сивите мустаќи ги сокриваа сите движења на усните и нешто во неговиот тембр значително ме вознемири; но со сосредоточување на вниманието наскоро можев изненадувачки добро да му ја распознаам функцијата. Нагласокот не беше во никој случај селски и јазикот беше уште попрефинет одошто очекував од преписките.

„Г-дин Вилмарт, мило ми е. Прости ми те молам што не станувам. Мошне сум болен, како што г-дин Нојс сигурно ти кажа; ама сепак не можев да одолеам да те викам да ми дојдеш. Знаеш што напишав во последното писмо - имам еден куп работи да ти раскажам утре кога малку ќе се накренам. Не можам да ти опишам колку ми е мило што те гледам во живо по сите наши многубројни писма. Ја донесе папката нели? И кадрата и цилиндарот? Нојс ти го стави куферот во салонот - белким го забележа. За вечерва, за жал ќе мораш сам да си одиш по себе за повеќето работи. Собата ти е горе - таа над оваа - и ќе ја видиш вратата на купатилото отворена на крајот на скалиштето. Имаш спремено оброк во трпезаријата - веднаш низ вратата од десно - па седни да каснеш кога ќе ти се присака. Утре ќе сум поарен домаќин - ама сега вака слабоста целосно ме има оснемоштено.

Раскомоти се како да си дома - можеш да ги извадиш писмата и сликите и цилиндарот и да ги ставиш таму на масата пред тебе пред да се качиш горе со торбата. Тука ќе ги дискутираме - ене ми го фонографот на наткасната во ќошот.

Не фала - нема како да ми помогнеш. Си ги знам макиве од одамна. Само врати се да си поседиме малку на мира пред да заноќи, па потоа кога сакаш легни си. Јас тука ќе се одморам - можеби и цела ноќ ќе ја преспијам тука како по обичај. Изутрина ќе сум многу покадар да навлезам во работите во коишто треба да навлеземе. Се разбира, ја сфаќаш крајно импозантната природа на она што нѐ чека. Ќе ни се отворат, како што им се отвориле на само малкумина низ историјата, бездни на време и простор и знаење надвор од сѐ што е во замислата на човечката наука и филозофија.

Знаеш ли дека Ајнштајн не е во право и дека извесни предмети и сили можат да се движат со брзина поголема од онаа на светлината? Со соодветна помош очекувам да одам напред и назад низ времето и всушност да ја видам и почувстувам Земјата од далечните епохи на минатото и иднината. Не можеш да си замислиш до кој степен овие созданија ја имаат донесено науката. Нема што не можат да направат со умот и телото на живите организми. Очекувам да посетам други планети и дури и други ѕвезди и галаксии. Првиот пат ќе биде до Јогот, најблискиот свет целосно населен од созданијата. Чудна, темна кугла е на самиот крај на нашиот Сончев Систем - сѐ уште непозната за земјините астрономи. Но сигурно сум ти пишувал за ова. Штом дојде време, созданијата оттаму ќе насочат мисловни струи кон нас и ќе направат да е откриена - или можеби ќе му дозволат на некој од нивните човечки сојузници да им даде по некој намек на научниците.

Има восхитни градови на Јогот - огромни нивоа на кули со тераси изградени од црн камен како примерокот кој се обидов да ти го испратам. И тој беше од Јогот. Сонцето таму свети не посветло од ѕвезда, но на созданијата не им треба светлина. Имаат други, попроникливи сетила и не ставаат прозори на големите куќи и храмови. Светлината дури и ги повредува и успорува и збунува, зашто воошто не постои во црниот космос надвор од времето и просторот од каде што првично се дојдени. Посета на Јогот би го полудела секој слаб човек - ама јас ќе појдам. Црните реки на катран кои течат под тие таинствени киклопејски мостови - нешта изградени од некоја дамна раса истребена и заборавена пред нештата да дојдат на Јогот од врвните небиднини - се доволни за од секој човек да би направиле Данте или По ако може да си го додржи здравиот разум доволно долго за да раскаже што видел.

Но запамети - мрачниот свет на габести градини и беспрозорни градови всушност не е ужасен. Само нас така би ни се чинел. Најверојатно и овој свет им се видел ужасен на созданијата кога за прв пат го истражувале во првобитните доби. Знаеш, тука биле долги години пред да заврши баснословната епоха на Ктхулху и се сеќаваат на сѐ за потонатиот Р’лјех кога бил над брановите. Биле и во внатрешноста на Земјата - постојат процепи за кои луѓето не знаат - некои се токму во овие вермонтски ридови - кај што има велики светови на непознат живот; синоосветлениот К’н-јан, црвеноосветлениот Јот и црниот, неосветлен Н’каи. Од Н’каи е дојден стравотниот Тсатогуа - го знаеш, бесформното жаболико суштество-бог споменато во Фанкотските ракописи и Некрономиконот и комориомскиот циклус митови зачуван од атлантидискиот врховен свештеник Кларкаш-Тон.

Но покасно ќе зборуваме за сѐ ова. Сигурно има фатено четири или пет часот. Порано извади ги работите од торбата, касни некој залак, а потоа врати се да си помуабетиме поналезет.

Многу споро се завртев и го послушав домаќинот; доведувајќи си го куферот, извлекувајќи и положувајќи ги посакуваните предмети и најпосле качувајќи се до собата назначена за мене. Со споменот на тој отпечаток од канџа крај патот пресен во умот, прошепотените параграфи на Ејкли настрано ми повлијаеја; и намеците кон запознатост со тој непознат свет на габест живот - забранетиот Јогот - ми ја стрпнаа кожата повеќе одошто би сакал да признаам. Извонредно многу ми беше жал за болеста на Ејкли, но морав да признаам дека тој негов раскашлан шепот имаше и некоја ненавистна, а не само кутра особина. Зошто толку се ситеше со Јогот и нејзините црни тајни?

Собата ми испадна мошне пријатна и убаво уредена, лишена и од немливата миризба и од вознемирувачкиот осет на вибрации; и откако го ставив таму куферот, пак се спуштив да го поздравам Ејкли и да каснам од ручекот што ми беше спремен. Трпезаријата беше веднаш по работната соба и видов дека понатаму во истата насока се протега кујнско крило. На трепезариската маса ме чекаше обилна збирка на сендвичи, колачи и сирење, а термос шишето до шољата и чинијата мартирисаше дека не беше изоставено ни жешко кафе. По доста сластниот ручек си ја наполнив до рам шољата со кафе, но увидов дека угостителскиот стандард имаше претрпено пад во однос на оваа една подробност. Уште првата лажичка ми откри бледо непријатен и горчлив вкус, па не го пробав уште еднаш. Додека ручав умот цело време ми беше во тоа како Ејкли тивко седи во огромната фотелја во затемнетата соседна соба. Еднаш влегов да го измолам да ја споделиме синијата, но ми прошепоти дека сѐ уште не можел ништо да јаде. Покасно, пред да си легне, ќе се напиел млеко со слад - само тоа смеел да јаде тој ден.

По ручекот се запнав да ги раскревам чиниите и да ги измијам во кујнскиот мијалник - истурајќи го истовремено и кафето кое не успеа да ми го направи ќефот. Потоа, враќајќи се во затемнетата работна соба приближив стол до ќошот на мојот домаќин и се спремив за каков и да е разговор да му се присака да отпочне. Писмата, сликите и цилиндарот сѐ уште беа на големата средишна маса, но сега за сега не ни требаа за консултација. Набрзо ја заборавив дури и бизарната миризба и своевидното укажување на вибрации.

Веќе кажав дека имаше работи во некои од писмата на Ејкли - особено во второто и најобемно - кои не би се осмелил да ги цитирам или дури и да ги оформам како зборови на хартија. Оваа колебливост важи со уште поголема јачина и за прошепотените нешта кои ги чув таа квечерина во затемнетата соба среде осамените опседнати ридови. За опсегот на космичките ужаси кои ги распосла тој крескав глас, не можам ниту да загатнам. Ејкли и претходно беше знаел одвратни нешта, но она што го научил откако го склопил пактот со Надворешните нешта беше скоро премногу за здрав разум да може да го содржи. Дури и сега потполно одбивам да верувам во она кон коешто наведуваше во врска со устројството на врвната бесконечност, јукстапозицијата на димензиите и застрашувачката положба на нашиот познат космос на простор и време во недогледниот синџир на поврзани космосни атоми коишто го сочинуваат непосредниот суперкосмос на кривини, агли и материјални и полуматеријални електронски подредености.

Никогаш никој здраворазумен човек не бил толку опасно близу до мистиките на основите на битисување - никогаш никој органски мозок не бил толку близу до краен разгром среде хаосот кој надминува форми и сили и симетрија. Научив од каде првично беше дошол Ктхулху и зошто пола од големите привремени ѕвезди од историјата се имаа распламтено. Почнав да ги нагаѓам - од намеци кои дури и мојот известител го натераа страшливо да подзапре - тајните зад Магеланските Облаци и глобуларни небули и црната вистина прекриена со исконските алегории на Таоизмот. Природата на Доелите беше јасно разоткриена и ми беше кажана суштината (макар што не и изворот) на Песовите на Тиндалос. Легендата за Јиг, Татко на Змиите, веќе не беше фигуративна и се стресов од ненавидност кога ми беше кажано за чудовиштниот јадрен хаос зад закривената вселена кој Некрономиконот милостиво го затскриваше под името Азатот. Потресно беше да ги видам најпоганите кошмари на скришен мит објаснати преку јасна слика чија чиста, морбидна ненавистност ги надминува и најсмелите намеци на древните и средовековните мистици. Неминовно бев убеден дека првите шепкачи на овие проколнати сказни мора да имале правено муабет со Надворешните на Ејкли и можеби имале посетувано надворешни космички царства како што Ејкли сега се готвеше да посети.

Ми беше кажано за Црниот камен и на што тој наведуваше и ми падна мило што ми немаше стигнато. Точни ми беа биле претпоставките за тие хиероглифи! А сепак Ејкли сега се чинеше помирен со сиот вражји систем на којшто беше налетал; помирен и желен да сондира подлабоко во чудовиштниот понор. Се прашував со какви ли созданија има зборувано откако последно ми пиша и дали повеќето од нив биле човечки колку и оној прв емисар кој ми го спомена. Напнатоста во главата ми стана неподнослива и изградив најразлични разуздани теории за настраната, настојчива миризба и за тие подмолни намеци на вибрација во затемнетата соба.

Веќе паѓаше ноќ и како што си споменував за она што Ејкли ми го имаше пишано за тие претходни ноќи затреперив кога ми текна дека нема да има месечина. Ниту пак, ми се допаѓаше како фармата беше вгнездена во заветрината на таа масивна пошумена падина која водеше до непосетениот срт на планината Дарк. Со дозвола на Ејкли запалив мала газиена ламба, ја намалив на најслабо и ја поставив на една далечна полица за книги крај аветната биста на Милтон; но потоа зажалив што сторив вака, одошто ги направи напнатото, неподвижно лице и млитавите раце на мојот домаќин да изгледаат проклето абнормални и лешовити. Се чинеше полунеспособен за движење, макар што го гледав како вкочането климнува одвреме-навреме.

По она што ми го раскажа, едвај можев да замислам какви подлабоки тајни би можел да чува за изутрина, но на крај се воспостави дека неговиот пат до Јогот и подалеку - и моето можно учество во него - ќе е тема за наредниот ден. Сигурно го поднасмеа тоа што се сепнав од ужас кога чув дека се предлага космичко патешествие од моја страна, зашто главата силно му се заклати кога го покажав стравот. Последователно почна многу нежно да ми зборува за тоа како човечки суштества можеле да го изведат - и неколку пати и го имале изведено - навидум невозможниот лет преку меѓуѕвездената небиднина. Се чинеше дека човечките тела не патувале во целост, туку дека грамадната хируршка, биолошка, хемиска и механичка вештина на Надворешните имала изнајдено начин да пренесува човечки мозоци без нивната колатерална телесна структура.

Постоел безопасен начин да се извади мозокот и начин да органскиот остаток се одржи во живот за време на неговото отсуство. Одделената, компактна мозочна материја потоа се потопувала во повремено надополнувана течност во запечатен етероотпорен цилиндар од метал кој се ископувал на Јогот, со извесни електроди кои се протегале и се поврзувале по потреба со сложени инструменти способни за копирање на трите витални способности за вид, слух и говор. Лесна работа било за крилатите габести созданија да ги пренесат мозочните цилиндри недопрени низ семирот. Потоа, на секоја планета вклучена во нивната цивилизација, можеле да најдат доста прилагодливи инструменти за способности кои можеле да бидат поврзани со врамените мозоци; па по кратко подесување на овие патнички сознателности можело да им се даде потполен сетилен и приемчив живот - макар бестелесен и механички - при секоја етапа на нивното патување низ и надвор од просторно-временскиот континуум. Не било посложено од пренесување на фонографски цилиндар, пуштајќи го онаму каде што постоел соодветен модел на фонограф. Успехот на ваквиот пристап бил неоспорен. На Ејкли не му било страв. Зар не бил веќе совршено достигнат безброј пати претходно?

За првпат една од инертните, исушени раце се подигна и покажа кон една висока полица на другата страна на собата. Таму, уредно подредени, беа поставени повеќе од дузина цилиндри од некој метал кој дотогаш го немав видено - цилиндри високи околу една стапка и со малку помал дијаметар, со по три своевидни приклучоци подредени во рамнокрак тријаголник врз предната испапчена површина на секој од нив. Еден беше споен за два од ваквите приклучоци со чифт своеобразнолики машини кои стоеја во позадина. Не мораше да ми се каже која им беше функцијата и затреперив небаре од јанѕа. Потоа ја видов раката како покажува кон еден многу поблизок ќош каде што некакви компликовани инструменти со поврзани жици и утикачи, некои од нив мошне слични на двете направи на полицата зад цилиндрите, беа збрани заедно.

„Тука има четири типа на инструменти Вилмарт,“ прошепоти гласот. „Четири типа - секој со по три способности - значи дванаесет делови сѐ на сѐ. Има четири посебни видови созданија застапени во цилиндрите горе. Тројца луѓе, шест габести созданија кои не можат телесно да управуваат низ просторот, две созданија од Нептун (Боже, да можеш само да видиш што тело имаат овие на нивната планета!), а остатокот се ентитети од централните пештери на една особено интересна мрачна ѕвезда надвор од нашата галаксија. Во примарната колонија во внатрешноста на Раунд Хил ваму-таму може да се најдат и други цилиндри и машини - цилиндри со вонкосмички мозоци со сетила поразлични од сите оние кои ги знаеме - сојузници и истражувачи од најкрајната Надворешност - и посебни машини за да им се даде импресија и експресија на неколку начини соодветни ем за нив ем за сфатливост на различните видови на слушачи. Раунд Хил, како и повеќето главни колонии на созданијата низ сите различни универзуми, е многу велеградско место! Се разбира, мене досега за екпериментирање ми биле отстапени само најобичните видови.

Ајде - земи ги трите машини кон коишто покажувам и постави ги на масата. Онаа високата со двете стаклени леќи однапред - па кутијата со вакумски цевки и резонатор - а сега таа со металниот диск одозгора. И сега цилиндарот со етикетата „Б-67“ залепена на него. Слободно качи се на виндзорската столица за да ја досигнеш полицата. Тежок е? Немај гајле! Провери го бројот - Б-67. Не го гибај пресниот, сјаен цилиндар приклучен за двата пробни инструменти - тој што е обележан со моето име. Стави го Б-67 на масата близу кај што ги стави машините - и погрижи се да броилото на сите три машини е потполно свртено кон самоти лево.

Сега поврзи ја жицата од машината со леќите за горниот приклучок на цилиндарот - ете така! Врзи ја машината со цевката за приклучокот долу лево, а апаратот со дискот за надворешниот приклучок. Сега помести ги сите броила на машините кон самоти десно - прво на таа со леќите, па на таа со дискот, па на таа со цевката. Ете така. Можеби треба да ти кажам дека ова е човечко суштество - исто како јас и ти. Утре ќе ги начнеме и некои од другите.“

До ден-денес не знам зошто толку ропски ги следев тие шепоти или дали мислев дека Ејкли е луд или здраворазумен. По сѐ што се имаше случено претходно, требаше да сум спремен на сѐ; но оваа механичка маскарада се чинеше толку налик на типичните текнежи на излудени пронаоѓачи и научници што ми допре жица на сомнеж која дури и претходната расправа ми ја немаше надразнето. Она на коешто наведуваше шепкачот беше надвор од секаква човечка верба - но зар не беа сите други работи уште понадвор и понеапсурдни само поради нивната оддалеченост од опипливи, конкретени докази?

Како што ми се лулаше умот среде ваквиот хаос, станав свесен за измешано гребење и брмчење од сите три машини до пред скоро споени со цилиндарот - гребење и брмчење кое наскоро се намали до практична бесшумност. Што требаше да се случи? Требаше ли да чујам некој глас? И ако беше така, каков доказ ќе имам дека нема да е некој лукаво изготвен радио уред низ којшто зборува некој сокриен и внимателен набљудувач? Дури и сега нерадо би се заколнал што точно чув, или каков точно феномен настапи пред мене. Но во секој случај нешто настапи.

Кратко и јасно кажано, машината со цевки и резонатор почна да зборува и тоа со намера и интелигенција кои не оставија сомнеж во тоа дека говорителот е навистина присутен и нѐ набљудува. Гласот беше гласен, метален, безживотен и јасно механички во секоја подробност на неговото произведување. Беше неспособен за модулација или изразитост, туку само драскаше и ѕвечкаше со смртоносна прецизност и намерност.

„Г-дине Вилмарт“, рече. „Се надевам дека не Ве штрекнав. Јас сум човечко суштество како и Вие, макар што моето тело во моментов е на сигурно под соодветен витализирачки третман во внатрешноста на Раунд Хил, на околу милја и пол источно оттука. Јас самиот сум тука со Вас - мозокот ми е во оној цилиндар и гледам, слушам и зборувам низ овие електронски вибратори. За една недела ќе преминам преку небиднината како што сум преминал и многупати досега и очекувам да го имам задоволството на друштвото на г-дин Ејкли. Многу ќе ми беше драго да го имав и Вашето друштво; зашто Ве знам одошто сум Ве гледал и сум слушал за Вас и внимателно ги имам следено Вашите преписки со нашиот пријател. Јас сум, се разбира, еден од луѓето коишто се во сојузништво со надворешните созданија кои ја имаат посетено нашата планета. За прв пат ги сретнав на Хималаите и сум им помагал на различни начини. За возврат ми овозможиле искуства какви што саде малкумина имале.

Сфаќате ли што значи ако Ви кажам дека сум бил на триесет и седум различни небесни тела - планети, темни ѕвезди и помалку одредливи објекти - вклучувајќи осум надвор од нашата галаксија и две надвор од закривениот космос на простор и време? Сѐ ова ме нема ни најмалку повредено. Мозокот ми беше изваден од телото со толку умешни разединувања што би било невкусно интервенцијата да се нарече операција. Суштествата гости имаат методи кои ги прават овие вадења лесни и скоро вообичаени - и телото на човек не старее додека мозокот е надвор од него. Мозокот, би можел да додадам, е практично бесмртен со неговите механички способности и ограничена исхрана достапна со повремена промена на течноста за зачувување.

Сѐ на сѐ, најискрено се надевам дека ќе се одлучите да дојдете со г-дин Ејкли и со мене. Посетителите со нетрпение чекаат да запознаат учени луѓе како Вас и да им ги покажат великите понори кои повеќето од нас можат само да ги сонуваат во мечтава неукост. Можеби прво ќе Ви се види чудно кога ќе ги запознаете, но знам дека ќе надвладеете над такви работи. Мислам дека ќе дојде и г-дин Нојс - човекот кој чинам Ве донесе дотука со колата. Тој веќе со години е еден од нас - препоставувам дека му го препознавте гласот дека е еден од оние на снимката којашто Ви ја прати г-дин Ејкли.“

Кога насилно се сепнав говорителот застана накратко пред да продолжи.

„И така, г-дине Вилмарт, работава ја оставам на Вас; додавајќи само дека човек со Вашата љубов кон чудното и фолклорот никако не треба да пропушти ваква шанса. Нема од што да се плашите. Сите премини се безболни и има доста уживање во потполно механизираната состојба на осети. Кога електродите ќе се откачат, само се потонува во особено живописен и фантастичен сон.

А сега, ако немате ништо против, би го прекинале нашето заседание до утре. Добра Ви ноќ - вратете ги само сите прекинувачи кон лево, распоредот не е важен, но би можеле да ја оставите машината со леќите за крај. Добра ноќ г-дина Ејкли - убаво да ни го гледате гостин! Спремни сте со прекинувачите?“

Тоа беше сѐ. Механички послушав и ги изгасив сите три прекинувачи, макар замајан од сомнеж кон сѐ што се беше случило. Умот уште ми се лулаше кога го чув шепотливиот глас на Ејкли како ми вели дека можам да ја оставам целата апаратура на масата како што си беше. Не понуди коментар за она што штотуку се случи, а всушност и никаков појаснителен коментар ни ќе стигнеше до моите обременети сетила. Го чув како ми кажува дека можам да ја земам ламбата со себе за да ми свети во собата и од тоа изведов дека сака да се одмори сам во мракот. Сигурно му имаше дојдено време за одмор зашто дискусиите од попладнето и квечерината беа биле такви да би исцрпиле дури и човек полн со елан. Сѐ уште замајан, му посакав добра ноќ на домаќинот и заминав горе со ламбата, иако со себе носев одлична џебна батерија.

Мило ми беше кога излегов од таа работна соба на долниот спрат со настраната миризба и магливо укажување на вибрации, но се разбира дека не можев да избегам од одвратното чувство на фрас и беља и космичка абнормалност додека мислев на местото каде што се наоѓав и на силите со кои се среќавав. Дивиот, осамен предел, црната, таинствена пошумена падина која се вишеше толку близу до куќата, отпечатоците на патот, болниот неподвижен шепкач во мракот, пеколните цилиндри и машини и над сѐ, поканата за чудна операција и почудни патешествија - ваквите нешта, толку нови и со толку нагла последователност, ме налегнаа со таква намножена сила што ми ја секнаа волјата и скоро ми ја поткопаа телесната сила.

Тоа што открив дека Нојс, мојот водич, беше човечкиот пирувач во тој дамнешен чудовиштен шабатски обред на фонографскиот цилиндар ми предизвика особен потрес; макар што и претходно бев осетил некоја притулена, неугодна познатост во неговиот глас. Друг посебен потрес ми доаѓаше од мојот сопствен став кон домаќинот секој пат кога ќе фатев да го испитувам; зашто колку и да ми се допаѓаше оној Ејкли кој ми се имаше откриено во преписките, сега увидов дека ме исполнува со впечатлива одбивност. Неговата болест требаше да ми изнуди сочувство; но наместо тоа, ми направи да ми лазат морници. Беше толку крут и инертен и лешовит - и тоа непрестајно шепотење беше толку ненавистно и нечовечко!

Ми дојде мисла дека ова шепотење беше поинакво од секое друго кое дотогаш го бев чул; дека и покрај своевидната неподвижност на од мустаќи затскриените усни на говорителот, имаше извонредна притаена сила и дослушна јачина за бревтање на астматичар. Можев да го разберам говорителот кога бев на сосема спротивната страна на собата и два-три пати ми се причини како тихите, но продорни звуци да не означуваат баш слабост, туку повеќе намерно потиснување - ама не ми текнуваше причина зошто би било вака. Уште од прво бев почувствувал некаква вознемирувачка особина во нивниот тембр. Сега кога се обидував да ја ставам работата на кантар, ми дојде како да можам да го проследам овој впечаток до некаква потсвесна запознатост како онаа што ми го имаше направено и гласот на Нојс толку нејасно кобен. Но каде или како го имав сретнато она коешто ми се загатнуваше, никако не ми паѓаше на памет.

Едно беше сигурно - нема да преноќам по втор пат во куќава. Научната ревност ми згасна среде страв и презир и сега веќе не чувствував ништо освен желба да избегам од оваа мрежа на морбидитет и неприродни откровенија. Доволно научив. Сигурно беше точно тоа дека постојат космички спојки - но во никој случај не е пишано да човек си игра играчки со такви нешта.

Се чинеше како богохулни влијанија да ме опкружуваат и задушливо да ми притискаат врз сетилата. Одлучив дека не доаѓа предвид да заспијам, па само ја изгасив ламбата и се фрлив врз креветот сосе алишта. Несомнено беше апсурдно, ама се држев спремен за некаква непозната вонредна ситуација; стискајќи го револверот што го имав понесено во десната рака и држејќи ја џебната батерија во левата. Одоздола не доаѓаше ни звук и можев да го замислам домаќинот како таму седи со мртовечка вкочанетост во мракот.

Од некаде дочув чукање на часовник и ми беше неразбирливо драго за нормалноста на тој звук. Меѓутоа, ме потсети на една друга работа во врска со пределот којашто ме имаше вознемирано - потполното отсуство на животински живот. Јасно беше дека наоколу нема домашни животни, а сега сфатив дека дури и обичните ноќни звуци на дивите живи нешта се отсутни. Со исклучок на зловестното жуборење на далечни невидени води, мирнотијата беше аномална - меѓупланетарна - и се прашував каков ѕвездоиспилен, недофатлив понор можеби виси над пределот. Си спомнав дека во старите легенди кучињата и другите ѕверки секогаш ги мразеле Надворешните и помислив што би можеле да значат тие траги на патот.



VIII

Не ме прашувајте колку долго ми траеше неочекуваното потонување во дремка, или колку од она што следеше беше чист сон. Ако ви кажам дека се разбудив во одредено време и чув и видов одредени работи, само ќе ми речете дека не сум се разбудил тогаш; и дека сѐ било само сон до мигот кога се втурнав од куќата, се испосопинав до шупата каде што го имав видено стариот Форд и го грабнав древното возило во лудо, бесцелно јурење преку опседнатите ридови по кое најпосле ме доведе - по долгочасовно дрмолење и вртење низ шумосардисани лавиринти - во едно село кое испадна дека е Таунсенд.

Исто така, се разбира, ќе обезвредните сѐ друго во мојот извештај; и зајавите дека сите слики, звуци на снимки, звуци од цилиндри и машини и сродни докази биле парчиња чиста измама изведена врз мене од страна на исчезнатиот Хенри Ејкли. Може и ќе загатнете дека заговарал со други ексцентрици да изврши смешна и разврзана патка - дека порачал да ја отстранат експресната пратка во Кин и дека му рекол на Нојс да го изготви тој застрашувачка восочен цилиндар. Ама чудно е што Нојс досега воопшто не е ни идентификуван; дека не го познаваат во ниедно од селата близу имотот на Ејкли, макар што морал да е чест посетител на пределот. Камо да ми текнеше да му го запаметам бројот на сообраќајните таблички на колата - или можеби е сепак подобро што не му ги запаметив. Зашто јас, и покрај сѐ што ми велите и и покрај сѐ што и самиот понекогаш се обидувам да си кажам, знам дека погани надворешни влијанија сигурно демнат таму во полунепознатите ридови - и дека тие влијанија имаат шпиони и пратеници низ човечкиот свет. Да се држам колку што е можно понастрана од такви влијанија и такви пратеници е сѐ што барам од животот во иднина.

Кога мојата трескава приказна ја испрати шерифската тајфа до фармата, од Ејкли немаше ни трага. Широката роба, жолтиот шал и завои од нозете лежеа на подот во работната соба близу неговата фотелја во ќошот и не можеше да се заклучи дали и останатата дреа ја беше снемало заедно со него. Кучињата и стоката навистина ги немаше и имаше некакви своевидни дупки од куршуми и на фасадата на куќата и на внатрешните ѕидови; но освен ова не можеше да се открие ништо невообичаено. Немаше ниту цилиндри ниту машини, ништо од доказот кој го бев донел во куферот, никави настрани миризби или чувства на вибрации, никакви отпечатоци на патот и ниедно од проблематичните нешта кои ги соѕрев на самоти крај.

По бегството останав една недела во Брателборо, распрашувајќи се меѓу најразлични луѓе кои го беа знаеле Ејкли; и происходот ме убеди дека работата не е плод на сон или заблуда. Ејклиевото настрано купување на кучиња и хемикалии и сечењата на неговите телефонски жици се јавно познати; додека сите кои го познаваа - вклучувајќи го и син му во Калифорнија - признаваат дека повремените примедби за чудни проучувања имале извесна доследност. Почитуваните граѓани мислат дека бил луд и незаинтересирано изјавуваат дека сите пријавени докази се само патки скроени со лудачка препреденост и можеби потпомогнати од ексцентрични соработници; но попростиот народ од селската околија ги поддржува неговите изјави до последна подробност. Им ги беше покажал фотографиите и црниот камен на некои од ваквите селани и им ја имаше пуштено одвратната снимка; и сите велеа дека отпечатоците и брмчавиот глас биле исти како оние опишани во прародовските легенди.

Велеа и дека сомнителни глетки и звуци сѐ повеќе биле забележувани околу куќата на Ејкли откако го нашол црниот камен и дека секој го одбегнувал местото, освен поштарот и некои други повремени, цврстоумни луѓе. Планината Дарк и Раунд Хил беа злогласно опседнати места и не можев да најдам никој кој некогаш ги имал истражено во целост. Имаше многубројни сведоштва за повремени исчезнувања на домородци низ целата историја на околијата, кои сега го вклучуваа и полускитникот Волтер Браун, кој го споменуваа писмата на Ејкли. Дури наидов и на еден земјоделец кој мислеше дека лично има наѕрено едно од настраните тела во времето на поплавите во надојдената река Вест, но сказната му беше премногу збркана за да биде од вредност.

Кога го напуштив Брателборо се решив веќе никогаш да не се вратам во Вермонт и сум мошне сигурен дека ќе си достојам на решеноста. Тие диви ридови апсолутно се колонии на застрашувачка космичка раса - во што сѐ помалку се сомневам откако прочитав дека е соѕрена нова, деветта планета по Нептун, баш како што тие влијанија рекоа дека ќе е соѕрена. Астрономите ја крстиле, со одвратна соодветност која не можат ни да си ја замислат, „Плутон“. Мислам, без ронка сомнеж, дека не е ни помалку ни повеќе, туку заноќената Јогот - и треперам кога ќе се обидам да сфатам зошто нејзините чудовишни населеници сакаат да е позната баш под ова име, во баш ова време. Залудно се обидувам да се уверам дека овие демонијачки суштества не се движат постепено кон некое ново начело штетно за Земјата и нејзините нормални жители.

Но допрва треба да раскажам за свршетокот на таа страшна ноќ во куќата. Како што веќе реков, успеав да потонам во неспокојна дремка; дремка полна со сонишни одломки кои вклучуваа чудовишни пејзажни глетки. Сѐ уште не можам да одлучам што точно ме разбуди, но мошне сум сигурен во дека навистина се разбудив во тој момент. Првиот збунет впечаток ми беше на споро крцкање на паркетот во салонот пред мојата врата и на несмасно, придушено паркање на кваката. Ама ова уште веднаш престана; па моите вистински јасни впечатоци започнуваат со гласовите кои се расчуја од работната соба долу. Се чинеше дека има неколку говорители и заклучив дека се во расправителен чин.

Откако послушав само неколку секунди, бев потполно ококорен, зашто природата на гласовите беше таква за да би ги направила апсурдни сите мисли за сон. Тоновите беа своевидно разноврсни и никој кој го беше чул тој проклет фонографски цилиндар не можеше да негува сомнеж за природата на барем два од нив. Колку и да беше одвратна идејата, знаев дека сум под ист покрив со безимени нешта од безгазената вселена; зашто тие два гласа непогрешливо беа богохулното брмчење кое Надворешните созданија го користеја за да комуницираат со луѓето. Двата беа засебно различни - различни по висина, нагласок и темпо - но и двата беа од истиот проклет општ тип.

Третиот глас неспорно беше од една од механичките говорни машини поврзана со еден од извадените мозоци во цилиндрите. Сомнежот за тоа беше исто онолку мал колку и за брмчењето; зашто гласниот, метален, безживотен глас од претходната вечер, со безмодуларното, безизразно драскање и ѕвечкање и безличната прецизност и намерност, беше бил крајно незаборавен. На почетокот не ми текна да се запрашам дали сознателноста зад драскањето е идентична со онаа која претходно ми беше зборувала; но веднаш потоа ми текна дека секој мозок би оддавал гласовни звуци со истите особини ако е поврзан со истиот механички произведувач на говор и единствените можни разлики би биле јазикот, ритамот, брзината и изговорот. Капак на устрелниот муабет беа двата човечки гласови - еден со грубиот говор на некој непознат и навидум селски човек, а другиот со шармантните бостонски тонови на мојот доскорешен водич Нојс.

Додека се обидував да дофатам по некој од зборовите кои цврсто изработениот под толку обезглавувачки ги пресретнуваше, бев исто свесен и за едночудо претање и гребење и влечкање во собата под мене; па не можев да избегам од впечатокот дека е полна со живи созданија - со многу повеќе од неколкуте чии говор можев да го издвојам. Точната природа на ова претање е претерано тешко да се опише, зашто постојат многу малку соодветни тертипи за споредба. Понекогаш се чинеше како предмети да се движат наваму-натаму низ собата како свесни ентитети; со звук на стапалки сличен на некакво лабаво клопотење на тврда површина - како од допир на лошо усогласени површини од рог или тврда гума. Беше, ако би употребил поконкретна, иако понеточна споредба, небаре луѓе со лабави, рапави кломпи да шантраат и ѕвечкаат по исполираниот паркет. За природата и изгледот на оние одговорни за звуците, не сакав многу да умувам.

За скоро увидов дека ќе е невозможно да се распознае било каков поврзан разговор. Отсечени зборови - вклучувајќи го и моето име и она на Ејкли - повремено долебдуваа до мене, особено кога беа изустени од механичкиот произведувач на говор; но вистинското значење им беше изгубено од недостиг на доследен контекст. Денес одбивам да обликувам било какви крајни изведувања од нив и дури и нивниот застрашувачки учинок врз мене повеќе беше учинок на укажување, одошто на откровение. Сигурен бев дека под мене се има збрано некој ужасен и абнормален собор; но не можев да оценам со каков потресен ниет. Своевидно беше како ваквото неприкосновено чувство на злоќудност и богохулност ме проникнуваше и покрај убедувањата на Ејкли за пријателството на Надворешните.

Со трпеливо наслушување почнав јасно да ги разликувам гласовите, иако не можев да дослушам голем дел од она што секој глас го кажуваше. Како да можев да доловам некои извесни типични чувства зад некои од говорителите. На пример, еден од брмчавите гласови содржеше непогрешлива нота на авторитет; додека механичкиоте глас, и покрај неговата вештачка гласност и рамномерност, како да беше во потчинета и молежлива положба. Тоновите на Нојс зрачеа со некаква помирувачка атмосфера. За другите не можев да направам ни обид да ги протолкувам. Не го чув познатиот шепот на Ејкли, ама добро знаев дека таков звук во никој случај не можеше да го пробие цврстиот под на мојата соба.

Ќе се обидам да ги забележам некои од расцепканите зборови и други звуци кои ги дочув, означувајќи ги говорителите на тие зборови колку што можам подобро. Првите неколку препознатливи фази ги дослушнав од говорната машина.


(ГОВОРНАТА МАШИНА)


„… само сум си крив … ги врати писмата и цилиндарот … да се сврши … одведен во … гледајќи и слушајќи … проклети да сте … безлична сила, после сѐ … пресен, сјаен цилиндар … Боже Господе …“


(ПРВИОТ БРМЧАВ ГЛАС)


„… време да престанеме … мал и човечки … Ејкли ... мозок … вели …“


(ВТОРИОТ БРМЧАВ ГЛАС)


„… Нјарлатотеп … Вилмарт … плочите и писмата … евтин натрапник …“


(НОЈС)


„… (неизговорлив збор или име, можеби Н’гах-Ктхун) … безопасен … мир … некоја недела … театрално … имам и претходно речено …“


(ПРВИОТ БРМЧЛИВ ГЛАС)


„… без причина … првичниот план … учинци … Нојс може да варди … Раунд Хил … пресен цилиндар … колата на Нојс …“


(НОЈС)


„… епа … е ваша … тука долу … одмор … место …“


(НЕКОЛКУ ГЛАСОВИ НАЕДНАШ ВО НЕРАЗБИРЛИВ ГОВОР)


(МНОГУ СТАПАЛКИ, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГО И СПЕРЛИВОТО ЛАБАВО ПРЕТАЊЕ ИЛИ SВЕЧКАЊЕ)


(НЕКАКОВ СВОЕВИДЕН ЗВУК НА ПАФТАЊЕ)


(ЗВУК НА АВТОМОБИЛ КАКО ПАЛИ И ОДВОЗУВА)


(ТИШИНА)


Тоа е тварта на она што ми го воспримија ушите додека вкочането лежев врз чудниот кревет на горниот спрат во опседнатата куќа среде демонијачките ридови - додека лежев сосе алишта, цврсто чипчејќи се за револверот во десната и стегајќи ја џебната батерија во левата рака. Бев, како што кажав, потполно расонет; но сепак некаква помрачена парализа ме држеше инертен долго време откако последните одеци на звуците имаа замрено. Од некаде одоздола го чув дрвеното, одмерено чукање на древниот конетикатски часовник и најпосле го распознав нерамномерното грчење на некој спијач. Ејкли мора да задремал по чудното заседание и сигурен бев дека и тоа како му е потребно одмор.

Ни од далеку не ми паѓаше на ум што точно да помислам или што да направам. Сепак, што чув повеќе од она што претходно знаење веќе ме тераше да очекувам? Зар не знаев дека безимените Надворешни сега слободно се примани во куќата? Несомнено го беа изненадиле Ејкли со неочекувана посета. А сепак нешто во тој расцепкан разговор неизмерно ме беше смраморило, ми беше покренало најгротескни и најужасни сомнежи и ме беше натерало ревносно да посакам да се разбудам и да си докажам дека сѐ е само сон. Мислам дека мојот потсвесен ум беше начнал нешто што мојата свест сѐ уште го немаше препознаено. А Ејкли? Зар не ми беше пријател и зар не би приговарал ако ми се спремаше некоја опасност? Спокојното грчење одоздола како да фрлаше подбив кон сите мои ненадејно засилени стравови.

Возможно ли беше да му се имаат наметнато на Ејкли и да го имаат искористено како мамка за да ме доведе во ридовите со писмата и сликите и фонографскиот цилиндар? Намераваа ли тие созданија и двајцата да нѐ проголтаат во заедничко уништување бидејќи премногу имавме научено? Повторно помислив на наглоста и неприродноста на таа промена во состојбата која мораше да има настапено помеѓу претпоследното и последното писмо на Ејкли. Нешто навистина не е како што треба, ми велеше инстинктот. Работите не се како што се чинат. Тоа горчливо кафе кое го одбив - да не се беше обидел некој скриен, непознат ентитет да стави дрога во него? Морам уште веднаш да зборувам со Ејкли и да му ја повратам смислата за сразмерност. Го имаа хипнотизирано со ветувања за космички откровенија, но сега мора да се вразуми. Мора да се извлечеме од работава пред да стане касно. Ако му фали волја за да се втрча кон слобода, јас ќе му прибавам. А ако не можам да го убедам да избега, барем јас самиот ќе избегам. Сигурно ќе ми дозволи да го земам Фордот и да го оставам во некоја гаража во Брателборо. Го имав забележано во шупата - вратата му беше отклучена и отворена, сега кога бељата наводно беше поминала - и верував дека има добра шанса да е спремен за моментална употреба. Онаа миговна одбивност кон Ејкли која ја имав почувствувано за време на и по вечерниот разговор сега целосно ми имаше поминато. И тој беше во иста положба како и јас и мораше да се држиме заедно. Знаејќи го колку е неарен, мака ми беше да го будам баш во тој момент, но знаев дека морам. Не можев да останам во местово до изутрина, со оглед на сѐ.

Најпосле се почувствував способен да делувам и силно се истегнав да си ја повратам командата над мускулите. Станувајќи со внимателност што беше повеќе импулсивна одошто намерна, си ја најдов и ставив капата, си го зедов куферот и тргнав да слегувам по скали со помош на батеријата. Во нервозата, останав да го чипчам револверот во десната рака, можејќи да се справам и со куферот и со батеријата во левата. Навистина не знам зошто ги спроведов овие мерки на претпазливост, зашто сепак бев тргнат да го разбудам единствениот друг станар во куќата.

Како што слегував полунапрсти по крцкавите скали до долниот салон, можев појасно да го чујам спијачот и забележав дека мора да е во собата од мојата лева страна - дневната соба каде што немав влезено. Од десно ми беше зјајнатата црнина на работната соба во којашто ги бев чул гласовите. Туркајќи ја незатворената врата од дневната, исцртав пат до изворот на грчењето со батеријата и најпосле го насочив зракот кон лицето на спијачот. Но уште во наредниот миг бргу го тргнав настрана и почнав да се повлекувам кон салонот небаре мачка, со внимателност која овој пат ми извираше од разумност, а не само од инстинкт. Зашто спијачот на каучот воопшто не беше Ејкли, туку мојот екс-водич Нојс.

Која е вистинската состојба на нештата не можев да погодам; но разумот ми велеше дека најбезбедно ќе е ако дознаам колку што можам повеќе пред да разбудам некој. Достигајќи го салонот, тивко ја повлеков и затворив вратата од дневната зад себе; намалувајќи ги притоа шансите да го разбудам Нојс. Потоа внимателно влегов во мрачната работна соба каде што очекував да го најдам Ејкли, било буден, било заспан, во огромната фотелја во ќошот која очевидно му беше омилено место за почивка. Како што одев нанапред зракот од батеријата падна врз големата средишна маса, откривајќи еден од пеколните цилиндри со прикачени машини за вид и слух и со машина за говор во близина, спремна да биде поврзана во секој момент. Ова, промислив, мора да е врамениот мозок кој го чув како зборува за време на стравотниот состанок; и накратко ми дојде некој извитоперен нагон да ја поврзам машината за говор и да чујам што ќе рече.

 Мора да е, помислив, свесен за моето присуство во моментов; зашто приклучоците за вид и слух не можеа да го имаат пропуштено снопот светлина од мојата батерија и тихото крцкање на подот под моите нозе. Но на крајот не се осудив да си играм играчки со нештото. Пропратно забележав дека беше пресниот, сјаен цилиндар обележан со името на Ејкли, кој претходно истата вечер го имав видено на полицата и кој домаќинот ми рече да не го гибам. Кога ќе си спомнам на тој миг, можам само да си ја оплакувам страшливоста и да посакувам да храбро го спотнев апаратот да прозборува. Бог знае какви мистерии и ужасни сомнежи и прашања за идентитет можеше да расчисти! Но, можеби е и милост тоа што го оставив на мира.

Од масата, ја насочив батеријата кон ќошот каде што мислев дека е Ејкли, но обезумувајќи се видов дека огромната фотелја не содржи никаков човечко присуство, ни заспано ни будно. Од седиштето до подот обемно беше распослана познатата стара роба и веднаш до неа на подот лежеше жолтиот шал и огромните завои за нозе кои ми имаа паднато толку несекојдневни. Како што се двоумев, стремејќи се да претположам каде би можел да е Ејкли и зошто толку нагло ја беше отфрлил неопходната болничка оправа, забележав дека во собата веќе ги нема настраната миризба и чувство на вибрации. Од каде беа доаѓале? Своевидно се сетив дека ги имав забележано само во близина на Ејкли. Беа најсилни онаму кај што седеше и потполно отсутни освен во неговата соба или веднаш до вратата на таа соба. Застанав, отсутно талкајќи со батеријата низ мрачната работна соба и чукајќи си ја главата за објаснување на пресвртот на нештата кој имаше настапено.

Господе, зошто не се заминав тивко од местото пред да ѝ дозволам на светлината пак да падне врз празната фотелја? Бидејќи потоа не си заминав тивко; туку со придушено дерење коешто сигурно го размрда, макар што не го доразбуди, заспаниот вардач од другата страна на салонот. Тоа дерење, заедно со сѐ уште непрекинатото грчење на Нојс се последните звуци кои ги чув во таа од морбидност загушена куќа под црнокоријскиот срт на опседнатата планина - тоа средиште на транскосмички ужасии среде осамените зелени ридови и клетвомрморни потоци на призрачната селска околија.

Чудо е што не ми паднаа и батеријата и куферот и револверот во бесното спрепинање, но доспеав некако ништо да не ми се изгуби. Ми успеа да излезам од таа соба и таа куќа без пак да кренам додатна врева, безбедно да се довлечкам со багажот до стариот Форд во шупата и да го спотнам архаичното возило кон некоја непозната точка на безбедност во црната безмесечева ноќ. Возењето што следеше беше некое бунило од делата на По или Рембо или цртежите на Доре, но најпосле стигнав до Таунсенд. Тоа е сѐ. Ако здравиот разум ми е сѐ уште непотресен, сум имал среќа. Понекогаш ме фаќа страв од што би можеле да донесат годините, особено по своевидното откривање на таа нова планета Плутон.

Како што наведов, отсутно ја повратив батеријата кон празната фотелја по обиколката на собата, забележувајќи го за првпат присуството на извесни предмети на седиштето, неупадливи поради растресените дипли на празната роба одма до нив. Ова се предметите, три на број, кои инспекторите не ги најдоа кога дојдоа потоа. Како што кажав на самоти почеток, не содржеа никаков вистински визуелен ужас. Проблемот беше во констатацијата кон којашто го наведуваа човек. Дури и сега имам мигови на полусомнеж - мигови кога дополу и ја прифаќам скепсата на оние кои го препишуваат целото мое доживување на сон и живци и заблуда.

Трите нешта беа едни ѓаволски итри конструкции и беа снабдени со генијални метални стеги за да можат да се прицврстат за органски израстоци коишто не би се осудил да ги претположам. Се надевам - побожно се надевам - дека беа восочни дела на некој велемајсторски уметник и покрај она што ми го кажуваат најдлабоките стравови. Боже Господе! Тој шепкач во темница со таа негова морбидна миризба и вибрација! Маѓепсник, емисар, одменче, туѓинец… тоа одвратно пригушено брмчење… а цело време во пресниот, сјаен цилиндар на полицата… сирот човек… „грамадна хируршка, биолошка, хемиска и механичка вештина“...

Зашто нештата на фотелјата, совршени до последна најситна подробност на микроскопска еднаквост - или идентитет - беа лицето и рацете на Хенри Вентворт Ејкли.