Она што Месечината го носи - Полиграматон

Она што Месечината го носи

Ја мразам Месечината - ѝ се плашам - зашто кога сјае над извесни сцени што се познати и сакани, понекогаш ги прави непознати и одвратни.

Во призрачното лето бидна да месечината светне врз старата градина кај што талкав; призрачното лето на опојни цвеќиња и спарни мориња од лисје кои носат разуздани и многушарни соништа. И како што чекорев крај плиткиот билјурен поток видов бамбашка бранчиња со врвови украсени со жолта светлина, небаре сталожените води беа влечени од нескротливи струи кон чудни океани кои не се од светов. Безгласни и блескави, прозрачни и пакосни тие од месечина проколнати води вјасаа кон којзнае каде, додека од потслонети брегови бели лотосови цветови првкаа еден по еден на опијатниот ноќен ветер и очајувачки отпаѓаа во потокот, ужасно вителејќи се под засводениот, изрезбарен мост и ме зјапаа со зловесно препуштање на мирни, мртви лица.

И како што трчав по брегот, нагнетувајќи заспани цвеќиња со небрежни стапала и непрестајно излудуван од страв од непознати нешта и мамецот на мртвите лица, видов дека градината нема крај под таа месечина; зашто каде што денски имаше ѕидишта, сега се протегаа само нови видици на дрва и патеки, цвеќиња и џбунови, камени идоли и пагоди и кривулици на жолтоосветлениот поток крај тревни брегови и под гротескни мостови од мермер. И усните на мртвите лотосови лица тажно шепотеа и ми повелаа да ги следам, ниту, пак, го сопрев чекорот додека потокот не прерасна во река и не му се приклучи среде блата и разнишани трски и плажи од светкав песок на брегот на едно колосално и безимено море.

Врз тоа море светеше ненависната месечина и бизарни ароми се мрштеа врз неговите неглаголиви бранови. И како што ги гледав лотосовите лица во него како ги снемува, копнеев по мрежи за да би ги запленил и да би ги научил од нив тајните кои месечината ги беше донела во ноќта. Но кога месечината се префрли на запад и мирниот наплив се одливаше од мркиот брег, видов, во тоа светло, стари кули кои брановите скоро ги откриваа и бели диреци шенливо овенчани со зелен балган. И знаејќи дека до ова удавено место беа дошле сите мртви, затреперив и веќе не посакував да зборувам со лотосовите лица.

А сепак, кога оддалеку во морето здогледав црн кондор како се спушта од небото барајќи починка на еден колосален гребен, радо ќе го испрашав да ми каже за оние кои ги бев знаел додека беа живи. Ќе го прашав да ми каже да не беше толку далеку, но беше многу далеку и воопшто не можеше да се види кога наближа до тој гигантски гребен.

Така го гледав напливот како се повлекува под таа месечина што паѓаше и ги гледав кај светкаат кубињата, кулите и покривите на тој мртов, прокиснат град. И како што гледав, ноздрите пробаа да ми се затворат наспроти мисковинопоразувачката смрдеа на мртвите на светот; зашто вистина, во ова ненамерено и заборавено место сето месо од црковните гробишта се беше збрало за подуените морски црвје да го глодаат и да се гојат.

Над тие ужасии месечината сега многу ниско се надвиснуваше, но на подуените црвје од морето не им е требна месечина за да се хранат. И додека ги гледав бранчињата кои зборуваа за врголењето на црвје под површината, осетив ново студенило од надалеку кај што кондорот беше одлетал, небаре месото ми беше напипало некој ужас пред да го видам со око.

Ниту пак месото ми беше затреперило без причина, зашто кога ги кренав очите видов дека водата се имаше многу одлиено, покажувајќи голем дел од колосалниот гребен чиј раб претходно го бев видел. И кога видов дека овој гребен беше саде црната базалтна круна на една потресна икона чие чудовишно чело сега светеше во притулената месечина и чии погани копита сигурно ја дрпаа пеколната слуз долги милји под површината, фатив да се дерам и да се дерам за да не скриеното лице се издигне над водите и да не скриените очи ми се испулат по шмугнувањето на таа извргалена и предавничка жолта месечина.

И за да му избегам на ова непокорно нешто своеволно и не двоумејќи се се нурнав во смрдливиот плитак кај што среде забалганети зданија и удавени улици дебели морски црвје се гостат со мртвите на светот.