Факти поврзани со покојниот Артур Џермин и неговото семејство - Полиграматон

Факти поврзани со покојниот Артур Џермин и неговото семејство

I


Животот е одвратна работа и од позадината на она што ни е познато за него се џараат демонијачки намеци за вистини кои понекогаш го прават илјадапати поодвратен. Науката, веќе потислива со потресните откровенија можеби ќе се покаже како крајниот истребувач на нашиот човечки род - ако воопшто и сме посебен род - зашто резервите на непогодени ужасии никогаш не би можеле да ѝ се издржани од смртни мозоци доколку се распуштат по светот. Ако знаевме што сме, ќе направеме како што сер Артур Џермин направи; а Артур Џермин се потури со масло една вечер и си ја запали облеката. Никој не ги стави гламносаните одломки во урна или постави споменик за оној кој беше бил; зашто најдени беа извесни документи и извесен предмет во кутија, кои ги натераа луѓето да сакаат да го заборават. Некои од оние кои го познаваа не признаваат ни дека некогаш постоел.

Артур Џермин замина во батакот и се самозапали откако го виде предметот во кутијата којашто имаше пристигнато од Африка. Овој предмет, а не неговиот сперлив личен изглед, беше она што го натера да си го одземе животот. Многумина не ќе имаа ќеф да живеат ако ги имаа сперливите одлики на Артур Џермин, но тој беше бил поет и учен човек и немаше гајле. Учењето му беше во крвта, зашто прадедо му баронетот сер Роберт Џермин беше бил бележит антрополог, додека чукунчукундедо му сер Вејд Џермин, бил еден од најраните истражувачи на конговскиот предел и проникливо беше пишувал за тамошните племиња, животни и претположена антика. Впрочем, стариот сер Вејд беше поседувал интелектуална ревност што достигала скоро и до манија; па со неговите бизарни шпекулации за некаква праисториска бела конговска цивилизација имаше спечалено доста потсмев кога ја беше издал книгата Забелешки за неколку делови на Африка. Во 1765 овој бестрашен истражувач бил затворен во лудница во Хантингдон.

Лудило вирееше во сите Џерминовци и на луѓето им беше мило што ги немаше многу на број. Лозата немаше ластари и Артур беше последниот. Ако не беше бил, којзнае што ќе направеше кога пристигна предметот. Џерминови никогаш не изгледаа како што треба - им фалеше нешто, макар што Артур беше најбетер, а старите семејни портрети во „Џермин хаус“ прикажуваа арни лица во времето пред сер Вејд. Лудилото бездруго имаше почнато со сер Вејд, чии разуздани приказни за Африка им правеле ем ќеф ем покосници на малкуте негови пријатели. Му се гледало во збирката трофеи и примероци, коишто не биле онакви какви што нормален човек би ги накалапил и зачувал и впечатливо било прикажано во ориенталната изолираност во којашто ја држел жена си. Таа, велел, била ќерка на некој португалски трговец кој го сретнал во Африка; и не ги сакала англиските адети. Го беше придружувала од Африка со синот новороденец, по вториот и најдолг негов пат и беше заминала со него на третиот и последен, никогаш не враќајќи се. Никој ја немал видено одблизу, ниту слугите; зашто табиетот ѝ бил насилен и своеобразен. За време на краткиот престој во „Џермин хаус“ била сместена во отсечено крило и служена единствено од мажот ѝ. Сер Вејд навистина бил многу сперлив во тоа колку берел гајле за семејството; зашто кога се вратил во Африка на никого не му дозволувал да се грижи за неговиот млад син освен на една намразена црнка од Гвинеја. Кога се вратил, по смртта на леди Џермин, тој самиот во целост ја презел грижата за момчето.

Но муабетите на сер Вејд, особено кога имал дрмнато по некоја, било она што во главно довело да пријателите го мислат за луд. Во рационален период како осумнаесеттиот век не било на арно начитан човек да прави муабети за диви глетки и чудни сцени под конговската месечина; за џиновски ѕидини и столбови на некој си заборавен град, сронети и обршленети, и за немливи, тивки, камени скалила кои безмерно водат прудолу во мракот на безгазерни темници со азно и несфатливи катакомби. Било особено неарно да се блада за живите нешта коишто можеби ги опседнуваат таквите места; за суштества полу од прашумата, а полу од огрешено престариот град - баснословни суштества кои дури и Плини би ги опишал со скепса; нешта коишто можеби изникнале откако големите човеколики мајмуни го беа запоседнале мртвиот град на ѕидини и столбови, темници и бизарни резби. А сепак откако си дошол дома за последен пат сер Вејд со морничаво необјаснива сласт зборувал за вакви работи, најчесто по третата чашка во меаната „Најтс хед“; фалејќи се за она што го беше нашол во џунглата и за како живеел меѓу стравотните урнатини кои никој друг освен него не ги знаел. И најпосле фатил на таков начин да зборува за живите нешта, што бил одведен во лудница. Како непара да му било жал кога го затвориле во собата со решетки во Хантингдон, зашто умот му работел на своевиден начин. Уште од времето кога син му почнал да излегува од рано детство сер Вејд почнал сѐ помалку и помалку да си ја сака куќата, додека најпосле се чинело како фрас да го фаќа од неа. „Најтс хед“ му била главно врталиште и кога го затвориле изразил некоја нејасна благодарност небаре за пружана заштита. Три години покасно, умрел.

Синот на Вејд Џермин, Филип, бил мошне сперлива личност. И покрај тоа што многу потсеќал на татко си во ликата, појавата и однесувањето во многу поединечности му биле толку груби што немало кој не бегал од него. Иако не го наследил лудилото како што се плашеле некои, бил претерано глупав и склон на кратки периоди на незауздано насилство. Во снагата бил мал, но претерано јак и поседувал неверојатна агилност. Дванаесет години по наследувањето на титулата се оженил со ќерката на неговиот ловочувар, лик за којшто се велело дека е од циганско потекло, но пред да му се роди синот заминал во морнарица како најобичен морнар, заклучувајќи ја општата гадливост којашто неговите навики и резил-венчило ја беа зачнале. По завршетокот на американската војна стасало абер дека е морнар на некој трговски брод во африканското пазариште и дека се прочул со дела на јачина и пентерење, но дека најпосле исчезнал некоја вечер додека бродот на којшто служел бил закотвен крај брегот на Конго.

Во синот на сер Филип Џермин, веќе општоприфатената семејна сперливост чудно и кобно се видоизменила. Висок и мошне личен, со некаква бизарна источна елеганција и покрај извесни мали несекојдневности во телесната сразмерност, Роберт Џермин го започнал животот како учен човек и испитувач. Тој бил оној кој за првпат научно ја проучил огромната збирка реликвии која неговиот луд дедо ја беше довел од Африка и кој го прославил семејното име во сферата на етнологијата, колку што било славно и по географските истражувања. Во 1815 сер Роберт се оженил со ќерката на седмиот виконт Брајтхолм по што бил благословен со три деца, од коишто најстарото и најмалото никогаш не биле видени во јавност поради некакви умствени и телесни изобличувања. Натажен од ваквата семејна несреќа, научникот си побарал пала во работата и пошол на две долги експедиции во внатрешноста на Африка. Во 1849 вториот син, Невил, своеобразно одбивна личност кај кого како да се спојувале намќорството на Филип Џермин и фодулот на Брајтхолмови, избегал со некоја вулгарна танчерка, но бил помилуван кога се вратил наредната година. Се вратил во „Џермин хаус“ како вдовец со новородениот син, Алфред, кој кога биднало време станал татко на Артур Џермин.

Меѓу пријатели се велело дека оваа низа жалости било она што го растроило умот на сер Роберт Џермин, но најверојатно некоја мала мрвка африкански фолклор било она што ја причинило катастрофата. Стариот стручњак беше собирал легенди од племињата Онга близу полето каде што дедо му, а и тој самиот, имале истражувано, надевајќи се на некој начин да ги оправда разузданите приказни на сер Вејд за изгубен град населен од чудни хибридни суштества. Некаква извесна доследност во бизарните документи на неговиот предок укажувала дека фантазијата на лудакот можеби била поттикната од домородни митови. На 19 октомври, 1852, истражувачот Семјуел Ситон пошол на гости во „Џермин хаус“ со ракопис белешки собрани од Онгите, убеден дека некои извесни легенди за сив град со бели мајмуни во кој владеел бел бог би можеле да му се најдат на етнологот. За време на тој разговор најверојатно споделил и многу додатни подробности; чијашто природа никогаш нема да се дознае, бидејќи одненадеж во живот избувнала одвратна низа трагедии. Кога сер Роберт Џермин испаднал од библиотеката, зад себе го оставил задавениот леш на истражувачот и пред да можат да го совладаат им го беше окончал животот на сите три свои деца; двете кои никогаш не биле видени и синот кој имал побегнато. Невил Џермин загинал во успешната одбрана на неговиот сопствен двегодишен син, кој очевидно бил вклучен во лудиот крвнички план на старецот. Самиот сер Роберт, по неколкукратни обиди за самоубиство и тврдоглаво одбивање да изусти било каков разбирлив збор, умрел од мозочна капка во втората година од затворањето.

Сер Алфред Џермин станал баронет пред да наполни четири години, но вкусовите никогаш не му се ускладиле со титулата. На дваесет години ѝ се беше придружил на група изведувачи на вариете претстави, а на триесет години ја напуштил жена си и детето приклучувајќи се во патувачки американски циркус. Кончината му била многу скрнава. Меѓу животните во изложбата со којашто патувал имало огромен горила мажјак со боја посветла од просечната; изненадувачки поводлив ѕвер мошне популарен меѓу изведувачите. Алфред Џермин од овој горила бил своеобразно воодушевен и при многу прилики двајцата долги периоди зјапале еден во друг низ разделните решетки. Џермин најпосле побарал и добил дозвола да го дресира животното, запрепастувајќи ја и публиката и колегите изведувачи со успехот. Едно утро во Чикаго, додека горилата и Алфред Џермин вежбале некој крајно занимлив боксерски меч, првонаведениот беше задал удар со јачина поголема од вообичаената, повредувајќи го и телото и достоинството на тренерот аматер. За она што следело, членовите на „Најголемата претстава на светот“ не сакаат да зборуваат. Не очекувале да го чујат сер Алфред Џермин како испушта продорен, нечовечки вресок или да го видат како со обете раце го зграпчува несмасниот противник, го треска врз подот на кафезот и вражјо го загризува за влакнестиот врат. Горилата бил фатен неспремен, но не за долго, и пред да може редовниот тренер нешто да направи, телото коешто му припаѓало на баронетот веќе било потполно непрепознатливо.



II


Артур Џермин беше син на сер Алфред Џермин и некоја изведувачка на вариете претстави од непознато потекло. Кога сопругот и таткото го напушти семејството, мајката го одведе детето во „Џермин хаус“; каде што немаше останато никој кој би приговарал за нејзиното присуство. Не беше без претстава за тоа што значи благородничко достоинство и се погрижи да син ѝ го добие најдоброто образование коешто ограничените пари можеа да го обезбедат. Семејните џебови дотогаш беа жалосно тенки и „Џермин хаус“ беше очајно запоставен, но младиот Артур го сакаше старото здание и сета негова содржина. Не наликуваше на никој друг Џермин кој дотогаш беше постоел, зашто беше поет и сонувач. Некои од соседните семејства кои имаа чуено приказни за невидената жена португалка на стариот сер Вејд Џермин зајавуваа дека сигурно тука игра улога нејзината латинска крв; но повеќето луѓе само му се потсмеваа на чувствителноста за убавина, велејќи дека ја наследил од мајка му, изведувачката на вариете претстави, која не беше прифатена во нивното општество. Поетската кревкост на Артур Џермин беше уште побележита заради неговиот трпок личен изглед. Повеќето Џерминови беа од стаено несекојдневен и неугоден терк, но случајот со Артур беше многу впечатлив. Тешко е да се каже на што всушност потсетуваше, но изразите, аглите на лицето и должината на рацете им причинуваа трпки на одбивност на оние коишто за првпат ќе го погледнеа.

Умот и наравот на Артур Џермин беше она што ја искупуваше неговата појава. Надарен и учен, беше првенец на генерацијата во Оксфорд и се чинеше дека ќе го оправи интелектуалниот углед на неговите. Макар имајќи повеќе поетско одошто научно настројство, планираше да ги продолжи проучувањата на африканска етнологија и антика на неговите дедовци користејќи ја навистина чудесната, макар чудна збирка на сер Вејд. Со мечтавиот ум често размислуваше за присториската цивилизација во којашто лудиот истражувач толку безрезервно беше верувал и ткаеше еден куп сказни за тивкиот град во прашумата споменат во Вејдовите поразуздани белешки и параграфи. За небулозните искази во врска со некоја безимена, непредвидена раса на прашумски хибриди имаше сперливо чувство на смешани терор и привлечност; умувајќи за можниот темел на една таква мечта и стремејќи се да ја развидели работата преку понеодамнешните податоци присобрани од прадедо му и Семјуел Ситон од меѓу Онгите.

Во 1911, по смртта на мајка му, сер Артур Џермин се одлучи да ја тера истрагата до самоти крај. Продавајќи дел од имотот за да се здобие со потребните пари, собра експедиција и отплови за Конго. Договарајќи со белгиските власти да му се даде трупа водичи, помина една година во пределот на племињата Онга и Калири, изнаоѓајќи податоци кои му ги надмашија најголемите очекувања. Меѓу Калирите имало еден престарен поглавар по име Мвану, којшто не само што имал многу досетлива меморија, туку и своеобразен степен на интелигенција и интерес за стари легенди. Овој бабалак ја потврдил секоја сказна која Џермин ја имал слушнато, придодавајќи го неговиот сопствен приказ за камениот град и белите човеколики мајмуни онака како што нему му бил раскажан.

Според Мвану, сивиот град и хибридните суштества веќе не постоеле, одошто пред многу години биле разнебитени од воинственото племе Н’бангу. Ова племе, откако ги уништиле повеќето зданија и ги убиле живите суштества, ја беа одвеле препарираната божица којашто била предмет на нивната потрага; белата човеколика мајмунка божица којашто чудните созданија ја обожувале и којашто според конговските верувања била сметана за фигурата на онаа којашто владеела како принцеза меѓу таквите битија. За тоа што точно биле суштествата налик на бели човеколики мајмуни, Мвану немал претстава, но мислел дека тие биле градителите на разурнатиот град. Џемин не можел ништо да претположи, но преку внимателно истражување се здобил со мошне сликовита легенда за препарираната божица.

Се велеше дека принцезата човеколика мајмунка му станала анама на некој велик бел бог кој беше дошол од запад. Долго време заедно владееле со градот, но кога им се родил син сите тројца си заминале. Покасно богот и принцезата се вратиле и по смртта на принцезата нејзиниот божествен маж ѝ го беше мумифицирал телото и го положил во огромна куќа од камен, каде што било обожувано. Потоа си заминал сам. Тука легендата се чинеше дека нуди три варијанти. Според една приказна, не се случило ништо дополнително освен тоа дека препарираната божица станала симбол на надмоќ на племето коешто ќе ја поседува. Заради оваа причина Н’бангусите ја беа одвеле. Втора приказна раскажуваше за повратокот на богот и неговата смрт крај нозете на закопаната му жена. Трета раскажуваше за повратокот на синот, пораснат и замажен - или замајмунет или забожен или како и да е - но несвесен за својот идентитет. Креативните црнци бездруго до последно ги беа искористиле настаните што можеби се криеле зад ваквите одвишни преданија.

Во вистинитоста на прашумскиот град опишан од стариот сер Вејд, Артур Џермин веќе не се сомневаше; и непара се зачуди кога рано во 1912 наиде на неговите остатоци. Приказните за колку бил голем беа претерани, но камењата раштркани низ местото докажуваа дека не станува збор за обично црнечко село. За жал, не можеа да се најдат никакви резби и малата големина на експедицијата спречуваше операција за расчистување на еден од видливите премини кој се чинеше дека води прудолу во системот темници кои сер Вејд ги имаше споменато. За белите човеколики мајмуни и препарираната божица беше дискутирано со сите домородни поглавари од пределот, но испадна да Европеец ги подобри податоците приложени од стариот Мвану. Месје Верхарен, белгиски посредник во еден трговски центар на Конго, мислеше дека не само што може да ја пронајде, туку и да ја отме препарираната божица, за којашто отприлика имаше чуено; зашто некогаш силните Н’бангуси сега биле понизни слуги на владата на крал Алберт и со само малку убедување можеле да се наговорат да се опростат со грозоморното божество кое си го беа присвоиле. Така, кога Џермин отплови за Англија, отплови ликувајќи од можноста дека за неколку месеци ќе добие бесценета етнолошка реликвија која ќе ги потврди најразузданите раскази на чукунчукундедо му - или барем, најразузданите раскази кои тој ги имаше чуено. Можеби имаше по некој селанин кој беше чул поразуздани сказни предадени од предци кои го беа слушале сер Вејд по масите во „Најтс хед“.

Артур Џермин многу трпеливо ја чекаше очекуваната кутија од месје Верхарен, прочувајќи ги во меѓувреме со засилена трудољубивост ракописите оставени од неговиот луд предок. Почна да се чувствува тесно поврзан со сер Вејд и да трага по реликвии од неговиот личен живот во Англија и од неговите африкански доживувања. Орални прикази за загадочната и повлечена жена имаше безброј, но во „Џермин хаус“ немаше останато никаква опиплива реликвија од неа. Џермин се прашуваше каква околност беше поттикнала или дозволила такво истружување и реши дека безумството на мажот ѝ беше било примарната причина. За чукунчукунбаба му, си споменуваше, се велело дека била ќерка на некој португалски трговец од Африка. Нејзината практична прадедовина и површно познавање на „темниот континент“ несомнено било причина за да си прави шаки со муабетите на сер Вејд во врска со внатрешните тамошни предели, нешто што човек како него сигурно не лесно би го опростил. Умрела во Африка, можеби довлечкана дотаму од сопруг решен да го докаже она што го беше раскажувал. Но како што Џермин беше оддаден на овие промислувања, не можеше да не им се поднасмее на залудноста, цел век и пол по смртта на обата негови чудни зачетници.

Во јуни, 1913, пристигна писмо од месје Верхарен, раскажувајќи за наоѓањето на препарираната божица. Била, настојуваше белгиецот, мошне исклучителен предмет; предмет надвор од моќта на лаик да го класира. Дали било човек или мајмун само научник можел да одреди, а процесот на одредување ќе бил доста отежнет од несовршената состојба. Времето и конговската клима не се милостиви кон мумиите; особено кога нивната подготовка е толку аматерска колку што се чинело во случајот. Околу вратот на суштеството било најдено златно синџирче со празен приврзок на којшто имало хералдички дезени; несомнено оставнината на некој несреќан патник, земена од Н’бангусите и обесена врз божицата како амајлија. Коментирајќи за контурот на лицето на мумијата, месје Верхарен укажуваше на некаква шеговита споредба; или поточно, изразуваше хумористична љубопитност за тоа на кого би го потсетило дописникот, но научниот интерес му беше преголем за да би трошел многу зборови на мајтапи. Препарираната божица, пишуваше, ќе пристигнела соодветно спакувана еден месец по приемот на писмото.

Предметот во кутијата беше доставен до „Џермин хаус“ попладнето на 3 август, 1913 и уште веднаш беше пренесен во големата одаја којашто беше дом на големата збирка африкански примероци подредени од сер Роберт и Артур. Тоа што следеше најдобро може да се дознае од сказните на слугите и од нештата и документите кои покасно беа испитани. Од разноврсните сказни, онаа на престарениот Сомс, семејниот батлер, е најобилна и најдоследна. Според овој веродостоен човек, сер Артур Џермин им наредил на сите да ја напуштат собата пред да ја отвори кутијата, но моменталниот звук на чекан и длето покажал дека воопшто не чекал да почне со операцијата. Извесно време не се слушало ништо; колку долго, Сомс не можеше баш точно да процени; но сигурно изминал помалку од четврт час кога се расчул ужасниот вресок, несомнено во гласот на Џермин. Веднаш потоа Џермин испаднал од собата, трескавично јурејќи кон предната страна на куќата небаре гонет од некој одвратен непријател. Изразот на лицето, лице кое и при спокој било немалку грозоморно, бил вон секаков опис. Кога се приближил до влезната врата, како да се сетил на нешто, па затрчано се вратил, исчезнувајќи најпосле прудолу по скалите од визбата. Слугите биле крајно саштисани и се пулеле кон врвот на скалите, но стопанот не им се враќал. Само некаква миризба на масло дошла од долните предели. Откако се стемнило, се чуло ѕвечкање на вратата која водела од подрумот до дворот; и некое коњушарче го видело Артур Џермин како од глава до пети сјае од масло и засирен од таа течност крадешкум се мушнува надвор и исчезнува во црниот батак кој ја опкружувал куќата. Тогаш, низ издишка на врвен ужас, сите го виделе крајот. На блатото се појавила искра, се разгорел пламен, и столб човечки оган достигнал до небесата. Лозата на Џерминови веќе не постоела.

Причината поради којашто гламносаните одломки на Артур Џермин не беа собрани и закопани лежи во она што потоа беше пронајдено, а пред сѐ, во нештото од кутијата. Препарираната божица била гадна глетка, посивеена и разјадена, но очигледно била мумифициран човеколик мајмун од некој непознат вид, помалку влакнест од било која позната сорта и бесконечно поблизок до човештвото - дури и до потресен степен. Да се опишува подробно би било мошне непријатно, но мора да се споменат две истакнати поединечности, зашто скрнаво се вклопуваат со извесни белешки од африканските експедиции на сер Вејд Џермин и со конговските легенди за белиот бог и принцезата човеколика мајмунка. Двете поединечности за кои станува збор се следните: семејниот грб на златниот приврзок околу вратот на суштеството бил грбот на Џерминови и шеретлачкото укажување на месје Верхарен за извесната сличност поврзана со збабареното лице, со живописна, грозорморна и неприродна ужасност се однесувала на самиот, чувствителен, Артур Џермин, чукунчукунвнукот на сер Вејд Џермин и неговата непозната жена. Членови на „Кралскиот антрополошки институт“ го запалија нештото и го фрлија приврзокот в бунар, а некои и не признаваат дека Артур Џермин некогаш постоел.