Кога
старост го наваса светот и занесот ги напушти умовите на луѓето; кога сиви
градови се креваа кон чадливо небо, високи кули намуртени и грди во чија сенка
никој не би можел да сонува за сонцето или за расцветаните ледини на пролетта;
кога уката ѝ ја соголе на земјата мантијата на убавина и поетите веќе
не опејуваа ништо, освен извитоперените авети видени со гурелави и зачаурени
очи; кога овие нешта беа биднале и детинската надеж засекогаш ја беше снемало,
живееше еден човек кој отпатува надвор од животот во потрага низ просторите каj што соништата на светот имаа пребегнато.
За
името и жилиштете на овој човек малку е запишано, зашто тие работи беа само од будниот
свет; но се вели дека и двете биле незнати. Доволно е да се знае дека домуваше
во град со високи ѕидови каде што штирниот самрак владееше и дека катаден 'рмбаше среде сенки и превирања, враќајќи се навечер дома во соба чиј единствен
прозорец гледаше не кон полиња и шумјаци, туку кон притулен плочник каде и
други прозорци зјапаа во отупен очај. Од тоа окно човек можеше да види само
ѕидови и прозорци, освен понекогаш кога силно ќе се навалеше и ќе се опулеше
нагоре кон малите ѕвезди кои минеа. И бидејќи јаловите ѕидови и прозорци бргу
би излудиле човек кој многу чита и сонува, домувачот во таа соба вечер за вечер
се навалуваше и зјапаше кон горе за да наѕре некој одлом од нештата позади
будниот свет и сивотијата на високите градови. По многу години започна да им се
обраќа на споропловните ѕвезди по име и да ги следи во мечтите кога жално ќе
проедреа надвор од видикот, додека најнакрај видот не му се отвори кон многу
тајни видици чие постоење обичните очи не го насетуваат. И една вечер премостена
беше грамадна бездна и од соништа опседнатото небо натежна до прозорецот на
осамениот гледач за да се спои со загушливиот воздух во неговата соба и да го
направи и него дел од своите волшебни чудесии.
Во
таа соба се спуштија диви потоци на виолетов полноќ блескајќи со златна прав,
вртлози на прав и оган, вителејќи се од врвни семири и заситени со мириси од позади
световите. Опојни океани се истураа таму, огреани од сонца кои очите никогаш нема да ги погледнат и кои имаат во своите водовртежи чудни делфини и
морски нимфи од незапамтливи длабочини. Бесчујна бесконечност се сукаше околу сонувачот
и го однесе без да го допре телото кое вкочането се навалуваше од осамениот
прозорец и со денови неброени од човечки календари плимите на далечни сфери
нежно го носеа да им се придружи на соништата по коишто копнееше; соништата кои
луѓето ги беа загубиле. И со текот на многу циклуси нежно го оставија заспан на
еден зелен изгревен брег; зелен брег намирисан од лотусни цветови и заѕвезден
од црвени водни зумбули.