На сон на Куран му се видоа градот во долината и морското крајбрежје од другата страна и снежниот врв кој гледаше накај морето и шенливо обоените галии кои отпловуваат од пристаништето кон далечните предели каде што морето се среќава со небото. На сон го имаше и добиено името Куран, зашто на јаве го викаа поинаку. Можеби и природно беше да сонува за ново име; зашто беше последниот од неговото семејство и сам среде рамнодушните милиони во Лондон, па немаше многумина да би му направиле муабет, та да му кажат кој беше бил. Пари и имот веќе немаше и не му беше гајле за табиетот на луѓето околу него, туку претпочиташе да сонува и пишува за своите соништа. Она што го пишуваше беше исмевано од оние на коишто ќе им го покажеше, па по некое време почна на никој да не му ги покажува написите, а најпосле и престана да пишува. Колку повеќе се повлекуваше од светот околу него толку почудесни му стануваа соништата; и мошне залудно ќе беше да се обиде да ги опише на хартија. Куран не беше современ и не размислуваше како другите кои пишуваа. Додека тие се стремеа да му ја собујат на животот извезената руба на мит и да ја покажат во гола грдотија поганоста којашто ја сочинува вистинитоста, Куран трагаше саде по убавина. Кога вистината и доживувањата ќе потфрлеа да ја откријат, трагаше по неа во мечтите и привидите и ја пронајде токму пред својот праг, среде небулозните спомени на детските сказни и соништа.
Нема многу лица кои знаат какви чудесии им се отворале во приказните и привиденијата на нивната младост; зашто кога слушаме и сонуваме како деца, мислиме само полуобликувани мисли и кога се обидуваме да се сетиме како возрасни, сме отапени и прозаични од отровот на животта. Но некои од нас се будат во ноќта со чудни призраци на маѓепсани ридови и градини, на шадрвани кои пејат на сонце, на златни гребени надвиснати над размрморени мориња, на рамнини кои се протегаат до заспани градови од бронза и камен и на сенишни тебабии на херои кои јаваат на искипрени бели коњи по рабовите на густи шуми; и потоа ни е јасно дека сме се испулиле низ филдишните порти кон оној свет на чудеса кој бил наш пред да станеме мудри и несреќни.
Куран многу нагло наиде на неговиот стар свет од детството. Сонуваше за куќата каде што се беше родил; големата камена куќа прекриена со бршлени, каде што беа живееле тринаесет поколенија на неговите предци и каде што се надеваше дека ќе умре. Имаше месечина и се беше прикрал во миризливата летна вечер, низ градините, прудолу по терасите, крај големите дабови во паркот и долж белиот пат за до селото. Селото се чинеше многу старо, изедено по работ како месечината којашто беше почнала да се намалува и Куран се запраша дали шилестите покриви на куќичките криеја сон или смрт. По улиците имаше копја од долги треви и прозорските канати на обете страни беа или искршени или провидно зјапнати. Куран не се маеше, туку прусаше по патот небаре послушува теклиф за некаква цел. Не се осудуваше да не го пориза теклифот од страв да не испадне дека е привид како и нагоните и стремежите на будниот живот, коишто не водат до никаква цел. Тогаш беше бил привлечен од сокак кој водеше настрана од селската улица кон гребените на каналот и беше стигнал до крајот на сите нешта - до врлината на понорот каде што сето село и сиот свет нагло пропаѓаше во неодекливата празнотија на бесконечноста и каде што дури и небото пред него беше празно и неосветлено од разронетата месечина и оџарените ѕвезди. Вербата го бодреше да не запира, преку врлината и во бездната каде што беше се беше спуштил лебдејќи, надолу, надолу; минејќи низ мрачни, безоблични, несонувани соништа, бледо светливи сфери кои можеби беа делумно сонувани соништа и раскикотени крилати нешта кои се чинеа како да се подбиваат со сонувачите од сите светови. Тогаш расцеп како да се отвори во темницата пред него и го виде градот на долината, како зрачно сјае далеку, далеку под него, врз позадина на море и небо и снегокрунисана планина близу брегот.
Куран се пробуди во истиот момент кога го здогледа градот, а сепак од мигновниот поглед знаеше дека може да биде само Селефаида, во долината Ут-Наргаи зад Танарските Ридови, каде што душата му беше домувала цела вечност за време на еден час во едно летно попладне многу одамна, кога ѝ се беше искубнал на дадилката и му беше дал на топлиот морски развигор нежно да го успие додека ги гледаше облаците од гребенот близу селото. Негодуваше тогаш кога го најдоа, го пробудија и го однесоа дома, зашто токму кога го скорнаа се спремаше да отплови во златна галија кон оние примамливи предели каде што морето се среќава со небото. И сега беше подеднакво огорчен од будењето, зашто по четириесет мачни години си го беше пронашол баснословниот град.
Но три вечери потоа Куран пак појде во Селефаида. Како и претходно, прво сонуваше за селото кое беше заспано или мртво и за понорот во кој човек мора тивко лебдејќи да се спушти; потоа расцепот пак се појави и ги здогледа светкавите минариња на градот и ги виде кибарните галии со паламари врзани за синото сидриште и ги гледаше гинковите дрва на Аран Планина како се лулаат на морскиот развигор. Но овој пат не беше истргнат и како крилато создание постепено се спушти кон една тревна ридска косина сѐ додека нозете најпосле нежно не му го допреа тревникот. Навистина се беше вратил во долината Ут-Наргаи и велелепниот град Селефаида.
Прудолу по ридот среде треви полни мисковина и блескави цвеќиња чекореше Куран, над разжуборената Наракса по малиот дрвен мост каде што си го беше врежал името пред толку многу години и низ расшепотениот шумјак до големиот камен мост крај градската порта. Сѐ беше како по старо, ниту мермерните ѕидови беа обезбоени ниту изгланцаните бронзени статуи врз нив беа потемнети. И Куран виде дека не мора да стрепи за да не нештата кои ги знае ги снема; зашто дури и гавазите на бедемите беа истите и сѐ уште онолку млади колку што ги паметеше. Кога влезе во градот низ бронзените порти и преку ониксните плочници, трговците и камилџиите го поздравија небаре никогаш си нема заминато; и исто беше и во тиркизниот храм Нат-Хортат, каде што од орхидеи овенчаните свештеници му кажаа дека во Ут-Наргаи не постои време, туку само непрестајна младост. Потоа Куран зачекори по Улицата од Столбови кон крајморскиот ѕид, кај што се береа пазарџиските бродови и морнарите и чудните луѓе од пределите каде што морето се среќава со небото. Таму долго време остана, пулејќи се преку светлото сидриште каде што жуборкањата блескаа под непознато сонце и каде што преку водата лесно се лизгаа галиите од далечни места. А се пулеше и кон Аран Планина која кралски се издигаше од брегот, со пониските падини позеленети од разлулани дрвја, а белиот капец допирајќи ѝ го небото.
Како никогаш дотогаш на Куран му се присака да отплови во галија до далечните места за коишто толку чудни скази беше имал чуено, па пак го побара реисот кој пред толку време се беше кандисал да го земе со него. Го најде човекот, Атиб, како седи на истиот сандак со мирудии на којшто и пред тоа беше седел и Атиб како да не беше свесен дека баеги време има поминато. Тогаш двајцата довеслаа до една галија во сидриштето и издавајќи им наредби на веслачите, отпочнаа пловидба кон Серенерското Море кое се далгуваше и водеше кон небото. Неколку денови таласно се лизгаа преку водата, додека најпосле не пристигнаа до хоризонтот каде што морето се среќава со небото. Тука галиите не застанаа ни за миг, туку лесно одлебдија кон небесното синило среде рунести облаци вапсани со розово. И далеку под кобилицата Куран можеше да види чудни земји и реки и градови на чијашто убавина рамен ѝ немаше, мрзоволно спрострени под сончевината која се чинеше како никогаш да не се намалува или исчезнува. Најнакрај Атиб му кажа дека на нивното патување му се ближи крајот и дека наскоро ќе влезат во сидриштето на Серанијан, розево-мермерниот град во облаците, кој е изграден на оној неземен брег каде што западниот ветер се влива во небото; но како што највисоката од изрезбарените кули на градот се појави на видело некаде во семирот се чу звук и Куран пак се разбуди во мансардата во Лондон.
Многу месеци потоа Куран залудно трагаше по чудесниот град Селефаида и неговите небопловни галии; и иако соништата го носеа до многу преубави и нечуени места, никој од оние кои ги среќаваше не можеше да му каже како да ја најде Ут-Наргаи, зад Танарските Ридови. Една вечер прелета преку мрачни планини каде што имаше бледи, осамени логорски огништа на големо растојание еден од друг и чудни, рунтави стада со ѕвонливи клопотарци на предводниците; и во најдивиот дел на оваа ридска земја, толку отсечен од светот што малкумина ќе да го беа виделе, пронајде одвратно древен ѕид или насип од камен како во цикцак врви долж сртови и долини; преџиновски за да беше бил издигнат од човечки раце и со толкава должина што ниеден крај не можеше да му се догледа. Од другата страна на тој ѕид во сивата зора стигна до земја на живописни градини и цреши и кога изгреа сонцето здогледа таква убавина од црвени и бели цвеќиња, зелено лисје и тревници, бели патеки, билјурни потоци, сини езерца, изрезбарени мостови и црвенокровни пагоди, што за момент ја заборави Селефаида од чиста наслада. Но пак се сети на неа кога зачекори по една бела патека кон една црвенокровна пагода и ќе ги потпрашаше луѓето од таа земја дали чуле за неа, да не увидеше дека таму нема луѓе, туку само птици и пчели и пеперутки. Една друга вечер Куран се искачи до бескрај по едно спирално скалиште од накиснат камен и стига до прозорец од кула кој гледаше кон една грамадна рамнина и река осветлена од полната месечина; и во тивкиот град кој се протегаше од речниот брег му се виде како да здогледува некои црти или подредености коишто од претходно му беа познати. Ќе се спуштеше и ќе прашаше за патот до Ут-Наргаи да не запрпори од некое далечно место зад хоризонтот една стравотна аурора, покажувајќи го пустошот и антиката на градот и застојаноста на реката со трски и смртта која се протегаше низ таа земја, како што се беше протегала уште од кога крал Кинаратолид се врати дома од освојувањата и ја затекна одмаздата на боговите.
Така Куран напразно трагаше по чудесниот град Селефаида и неговите галии кои пловат до Серанијан во небото, изнагледувајќи се во меѓувреме едночудо чудесии и еднаш едвај спасувајќи жива глава од врховниот свештеник кој не смее да се опишува, кој носи жолта свилена маска врз лицето и домува сам во праисториски камен манастир на студената и пуста висорамнина Ленг. Со тек на време толку му збоктисаа тмурните отсеци на ден, што почна да купува дрога за да си ги издолжи периодите на сон. Хашишот баеги помагаше и еднаш го испрати во дел од семирот каде што не постојат облици, туку каде што светливи гасови ги проучуваат тајните на постоењето. И еден лилаво обоен гас му кажа дека овој дел од семирот бил надвор од она што тој го нарекува бесконечност. Гасот дотогаш немал чуено за планети и организми, туку го распознаваше Куран само како некој од онаа бесконечност кај што постојат материја, енергија и гравитација. Куран сега беше мошне нетрпелив да се врати до со минариња натаврената Селефаида и ги зголемуваше дозите на дрога; но најпосле не му остана ни денар и веќе не можеше да купува дрога. Тогаш еден летен ден беше набркан од мансардата и бесцелно талкаше низ улиците, талнувајќи преку еден мост до место каде што куќите сѐ повеќе и повеќе се ретчеа. И таму бидна да најде наситка и наиде на разбуд од витези дојдени од Селефаида за засекогаш да го одведат дотаму.
Стројни витези беа, качени на пепелави коњи и зарубени во сјајен оклоп со табарди од златен плат и своевидно нагиздени. Толку многу ги имаше, што Куран скоро ги помисли за војска, но главатарот му кажа дека се пратени во негова чест; зашто тој бил оној кој ја беше создал Ут-Наргаи во соништата, поради што сега беше ред да за навек е назначен за нејзин врховен бог. Потоа на Куран му дадоа коњ и го ставија на чело на кавалкадата и сите тржествено одјаваа низ баирите на Сари и право кон пределот каде што Куран и неговите предци беа родени. Многу беше чудно, но како што јавачите врвеа, како да галопираа назад низ времето; зашто кога и да поминеа низ некое село во самракот гледаа само онакви куќи и села какви што Чосер или оние пред него сигурно беа гледале и понекогаш гледаа витези на коњи со мали тебабии послуга. Кога се стемни повјасаа по патот, додека наскоро не фатија необјасниво да летаат небаре низ воздухот. Во притулената зора наидоа на селото кое Куран го беше видел живо во детството, а заспано или мртво во соништата. Сега беше живо и ранобудните селани правеа метании како што коњаниците тупотеа по улицата и скршнуваа кон сокакот кој завршува со сонишниот понор. Куран во тој понор дотогаш имаше појдено само навечер и се прашуваше како ли ќе изгледа денски; па неспокојно гледаше додека колоната се приближуваше до работ. Токму кога загалопираа по извишената земја кон врлината, златен блесок дојде од некаде на исток и го скри сиот пејсаж со своите блештиви драперии. Понорот сега беше распревиран хаос од величественост ем пембелија ем небесносина и невидливи гласови пееја ликувајќи како што витешката придружба кремниса преку работ и елегантно се спушти лебдејќи крај светкави облаци и срмени проблесоци. Прудолу до бескрај се спуштија лебдејќи коњаниците додека нивните атови го дрпаа етерот небаре галопираат преку златни песоци; и тогаш светлечките чуреи се разделија откривајќи поголема светлина, светлината на градот Селефаида и морското крајбрежје од другата страна и снежниот врв кој гледаше накај морето и шенливо обоените галии кои отпловуваат од сидриштето кон далечните предели каде што морето се среќава со небото.
И Куран оттогаш натаму владееше со Ут-Наргаи и сите соседни предели на сон и наизменично повелаше и од Селефаида и од облакостворениот Серанијан. Уште таму владее и засекогаш среќно ќе владее, иако под гребените на Инсмот приливите потсмешливо си играа со телото на еден скитник кој се беше протетеравил низ полунапуштеното село в зори; потсмешливо си играа и го удираа врз карпите крај забршленетата Тревор Тауерс, каде што еден бележито дебел и особено одбивен милионер пивар ужива во купениот амбиент на едно истребено благородништво.