Предизвикот во македонската транскрипција на еден од најпознатите и најконтроверзни зборови во бизарната фантастика
Ако има еден збор што го доловува лавкрафтскиот концепт на непоимливото и незнајнливото, еден единствен збор којшто е небаре лична карта на целото творештво на Лавкрафт и еден збор којшто им е познат и на луѓе коишто никогаш не ги читале неговите приказни, тоа е зборот Ктху… Кту… Кхл… тоа е зборот Cthulhu.
Правилното транскрибирање на овој збор во преводот е од најсуштинско значење за да се долови вистинскиот дух на творештвото на Лавкрафт, да се насликаат вистинските поетски слики, и да се остави правиот талог во главата на читателот. Ако се пренесе правилно, духот е доловен. Ако не, преводот ќе е само мекушава, анемична, јалова сенка на вистинската умисла на авторот. Бидејќи, ако ти е јасен „вистинскиот“ изговор на овој збор, во голем дел ти е јасна и суштината на концептите што ги проникнуваат делата на Лавкрафт.
Што е Cthulhu?
Cthulhu е името на најпознатото суштество од приказните на Лавкрафт, и е дел од насловот на неговиот најславен расказ, „The Call of Cthulhu“ издаден во 1928. Созданието Cthulhu е дел од група на прастари и чудовишни битија познати како Старите Великани (The Great Old Ones). Иако во однос на хиерархијата на овие битија местото на Cthulhu е релативно скромно (свештеник) и над него има многу помоќни ентитети, сепак важи за неприкосновената маскота на Лавкрафт, па носечките раскази на делото на Лавкрафт дури и се познати под збирното име „The Cthulhu Mythos“. Но, тука нема да зборуваме за фрасниот Cthulhu, туку само за неговото бизарно име.
Умислата на Лавкрафт
Една од главните одлики на Лавкрафт како писател е тоа што посветува далеку повеќе внимание на описите на нештата одошто на самите дејствија во приказните. Така е бидејќи е многу позаинтересиран да наталожи чувства и атмосфера во умот на читателот, одошто да раскаже што всушност се случува во приказната. Поради ова, неговата проза е исполнета со безброј придавки, прилози, апозиции и други описи за нештата за коишто тој смета дека читателот мора да ја добие вистинската претстава. Акрибијата којашто ја посветува на ова ни ја открива неговата стрвност за микроменаџирање на чувствата и впечатоците на читателот.
Истовремено, една од најпроникливите тематики низ прозата на Лавкрафт е тоа дека во универзумот постојат работи кои не се спознатливи за луѓето, во ниту една смисла. Ниту можеме вистински да ги разбереме со умот ниту можеме да ги видиме, осетиме, искажеме или искусиме на било кој начин со било кои наши сетила. Затоа, кога Лавкрафт опишува нешто, често го обдарува со особини на неспознатливото, непоимливото, неискажливото, неизговорливото итн. Градбите имаат невозможни агли и следат парадоксална „неевклидова“ геометрија:
„…Johansen swears he was swallowed up by an angle of masonry which shouldn’t have been there; an angle which was acute, but behaved as if it were obtuse.“
„…Јохансен се колнеше дека бил проголтан од агол на каменорезот кој не требало да постои; агол кој бил остар, но се однесувал како да е тап.“- H. P. Lovecraft. „The Call of Cthulhu“. 1928.
Чувствата доаѓаат од непознати мадеми на душата:
„Urged on by an impulse which I cannot definitely analyse,...“
„Бодрен од импулс кој не можам со точност да го проследам, “- H. P. Lovecraft. „Dagon“. 1919.
Боите се восприемени од нашите очи како бои само одошто нема друга човечка аналогија:
„The colour, which resembled some of the bands in the meteor’s strange spectrum, was almost impossible to describe; and it was only by analogy that they called it colour at all.“
„Бојата, којашто личела на некои од лентите на чудниот спектар на метеорот, била скоро невозможна да се опише; и само по аналогија ја нарекле боја.“- H. P. Lovecraft. „The Colour out of Space“. 1927.
Така, кога одлучуваме како ќе го транскрибираме зборот „Cthulhu“ мора да го земеме предвид овој нагон кон непоимливост и крајна бизарност кој проникнува низ делото на Лавкрафт, и да разгледаме која е сликата којашто Лавкрафт наумил да ја наслика во умот кај читателот во однос на јазичната природа на овој збор. Притоа, не смееме да се водиме само по сувопарни јазични правила за транскрипција, бидејќи тоа може да доведе до пропуштање до она што е најважно во секој текст: јазичната вредност којашто авторот ја наумил и јазичните отстапки коишто ги вовел, а коишто се клучни за создавање на вистинската слика, впечаток и слуз во умот на читателот.
За среќа, мошне е лесно да се види која е умислата на Лавкрафт за звучната природа на овој збор, а и на многу други како него, бидејќи истата ја искажува доста јасо, низ описи како:
„…almost unpronounceable jumble of letters…“
„…скоро неизговорливата мешаница на букви…“- H. P. Lovecraft. „The Call of Cthulhu“. 1928.
„This verbal jumble was the key…“
„Оваа зборовна мешаница била клучот…“- H. P. Lovecraft. „The Call of Cthulhu“. 1928.
„It is almost erroneous to call them sounds at all, since so much of their ghastly, infra-bass timbre spoke to dim seats of consciousness and terror far subtler than the ear;...“
„Скоро и е неточно да се наречат звуци, бидејќи најголемиот дел од нивниот грозоморен, инфрабасов тембр беше регистриран од затскриени седишта на свеста и ужасот далеку почувствителни од увото;...“- H. P. Lovecraft. „The Dunwich Horror“. 1929.
“From what black wells of Acherontic fear or feeling, from what unplumbed gulfs of extra-cosmic consciousness or obscure, long-latent heredity, were those half-articulate thunder-croakings drawn?”
„Од какви црни бунари на ахеронски стравови или чувства, од какви неиздлабени бездни на надкосмичка свест или замрачена, долгозаспана наследност ли беа извлечени тие полуартикулирани громогласни крекања?“- H. P. Lovecraft. „The Dunwich Horror“. 1929.
„…characters painstakingly printed to avoid the erroneous reading of a word so unheard-of.“
„…макотрпно напишани букви, за да се избегне неточното читање на еден толку атипичен збор.“- H. P. Lovecraft. „The Call of Cthulhu“. 1928.
Овој последен пример е особено важен бидејќи нѐ става во главата на ликот „професор Ангел“, стариот лингвист чијашто животна цел била да го разоткрие култот посветен на ова суштество. Начинот на којшто еден толку знаменит лингвист како професор Ангел би го напишал ова име, е со најголема можна прецизност, занемарувајќи ги сите граматички правила, за по секоја цена да се долови вонземната звучност на овој „толку атипичен збор“, бидејќи сепак, кога некој го посветува животот на нешто, сигурно нема да се задоволи со „отприлика“.
Понатаму, Лавкрафт зборува за звучната природа на „Cthulhu“ дури и надвор од расказите. Во писмо испратено до Двејн В. Римел (Duane W. Rimel), на 12 јули, 1934, пишува:
„...the word is supposed to represent the fumbling human attempt to catch the phonetics of an absolutely non-human word. The name of the hellish entity was invented by beings whose vocal organs were not like man's, hence it has no relation to the human speech equipment. The syllables were determined by a physiological equipment wholly unlike ours, hence could never be uttered perfectly by human throats ... The actual sound -- as nearly as any human organs could imitate it or human letters record it -- may be taken as something like Khlûl'-hloo, with the first syllable pronounced gutturally and very thickly. The u is about like that in full; and the first syllable is not unlike klul in sound, hence the h represents the guttural thickness.“
„...зборот е наумен да претставува неумешен човечки обид да се долови фонетиката на потполно нечовечки збор. Името на пеколниот етитет било измислена од созданија чии гласовни органи не се како на човекот, па затоа нема сродност со човечката говорна опрема. Слоговите биле утврдени од физиолошка опрема потполно поинква од нашата, па затоа никогаш не можат совршено да се изустат од човечки грклани… Звукот - колку што најблиску може да е подражаван од човечки органи или забележан од човечки букви - може да се опише отприлика како „Khlûl'-hloo“, (б.п. „Кхлул’-хлу“) со тоа што првиот слог се изговара грлено и многу длабоко. „u“-то е донекаде слично како во full (б.п. „фул“), а првиот слог не е многу далеку од „klul“ (б.п. „клул)“ по звучност, при што „h“-то ја претставува грлената длабочина.“- Howard Phillips Lovecraft, S. T. Joshi. „The Call of Cthulhu and Other Weird Stories“. Penguin Classics, 1999, 395.
Сето ова ни покажува дека овој збор е наквасен во истите оние епитети на неискажливото коишто ги спомнавме погоре. Лавкрафт никогаш немал наумено овој збор да биде изговорен со следење на стандардните правила на изговор на англискиот јазик, бидејќи тие не го доловуваат звук на зборот онака како што Лавкрафт го наумил. Ова е причина за и ние не ги следиме стандардните правила за транскрипција од англиски јазик, бидејќи тие, исто така, нема да го доловат вистинскиот звук на зборот онака како што Лавкрафт го наумил. Наместо тоа, целта треба да ни е изнедрување збор кој ќе го остави гореопишаниот звучен впечаток, а кој би го натерал читателот да се запраша „Од која планета ли е паднат зборов?“, „Како е возможно да го кажам ова чудо?“, итн. Односно, ни треба збор што:
Визуелно ќе изгледа како бизарен збор,
Ќе е скоро неискажлив за човечкото грло,
Ќе звучи грлено, загушено, искашлано,
Како појдовна точна ќе го има англискиот спелинг на зборот, бидејќи, сепак мора да од некаде да се почне.
Ако ова значи дека мора да ги скршиме правилата на транскрипција или на пишување на македонски, тоа и ќе го направиме, за да ја доловиме умислата на авторот во главата на читателот, бидејќи тоа е далеку поважно од слепо следење на правила.
Доловување на умислата на Лавкрафт на македонски
Сега, кога знаеме што треба да постигнеме, следи прашањето „како?“. Како, користејќи македонски јазик и кирилица, да ги доловиме овие звуци-незвуци?
Одговорот е едноставен: со помош на правилото „читај како што пишуваш“ т.е „пишувај како што изговараш“.
Ова просто правило, што можеби на прв поглед е најголемата пречка за постигнување на целта, е всушност светиот грал кој ќе ни помогне да го решиме проблемот, туку и да го надмашиме учинокот врз читателот постигнат во оригиналниот, англиски текст и со тоа да се приближиме уште поблиску до умислата на Лавкрафт, не само на писмен, туку и на звучен план. Слабоста, ја претвораме во сила.
Бидејќи, истите оние правила на изговор кои на англискиот јазик му овозможуваат поголемо богатство на фонеми во споредба со македонскиот, се и причината поради којашто е многу лесно да овој збор се прочита неправилно на англиски, како резултат на следење на стандардните правила за читање, притоа занемарувајќи ги неопходните одлики кои ги споменавме погоре и со тоа, измрдувајќи од умислата на авторот.
Од друга страна, на македонски, нема бегање. Нема каде да се скриеш од буквите кои ти се врголат од страницата не давајќи ни пет пари за твојата биолошка неспособност да ги изговориш. Ќе го кажеш како што е напишан и оро и ќе играш. Бидејќи, сепак, правилото е „читај како што пишуваш“, нели?
Затоа, вонземната бизарност на овие зборови е далеку поочигледна на македонски, одошто е на англиски јазик, а со тоа и умислата на авторот. Англискиот јазик ти дава место да ја скротиш, но македонскиот не. Ти се пули в лице и те чека да ја одважиш. А читањето на глас на една толку нетипична комбинација на букви неизбежно ќе доведе до произведување гласови коишто се потполно неприродни за македонскиот говор, пришто и звучно ќе ја доловиме онаа умисла на Лавкрафт за скоро неизговорливата природа на овој збор. Затоа, македонскиот јазик, заедно со сите други фонетски јазици каде што важи правилото „читај како што пишуваш“, е совршен јазик за доловување на бизарноста на делото на Лавкрафт.
Така, ослободени од прангите на правилата на транскрипција за атер на доловување на вистинската умисла на авторот и имајќи на ум дека читателите ќе мора да го прочитаат зборот токму онака како што ќе го напишеме, решаваме да го транскрибираме „Cthulhu“ на македонски со тоа што едноставно ќе напишеме по една буква за секој глас којшто треба да биде огласен при изговорот на зборот.
Пред да преминеме на главниот дел кај што ќе зборуваме за како всушност треба да изгледа плодот на сета оваа лингвистичка фискултура, добро е да се каже до каде треба да се носи оваа крајност на кршење на нормите на транскрипција? Во приказните на Лавкрафт има безброј чудни зборови и имиња, па дали сите тие треба да се транскрибираат вака?
Методологијата којашто јас ја следев во изработката на преводите беше: ако зборот или реченицата се децидно опишани како бизарни во расказот, одев со кршење на јазичните норми, но ако никаде нема таков дециден опис, особено ако неколку пати е употребен истиот збор или реченица без да се спомне нивната бизарност, одев со следење на нормите. Значи, секојпат ја следев волјата на авторот, водејќи се од сведенијата коишто ги имаме црно на бело во текстот.
Затоа имаме засркнувачки транскрипции како:
Р’лјех (R’lyeh)
Ф’нглуи мглв’нафх … вгах’нагл фхтагн. (“Ph’nglui mglw’nafh … wgah’nagl fhtagn.”) итн.
но и нормални, како:
Јог-Сотот (Yog-Sothoth)
Шуб-Нигурат (Shub-Niggurath)
Ултар (Ulthar)
бол (bhole) итн.
Транскрипција на Cthulhu
Сега најпосле знаеме што треба да направиме и како. Но кој би бил крајниот исход? Која би била најточната транскрипција на „Cthulhu“ на македонски која ќе биде доследна на сето она што го кажавме досега? Кои се конкретните букви и гласови кои треба да ги исползуваме?
Постојат неколку решенија.
Но пред да зборуваме за нив, да ги споменеме транскрипциите кои јас ги сметам за неприфатливи бидејќи не ја доловуваат горенаведената умисла во умот на читателот.
Забелешка: Бидејќи македонската транскрипција треба да одговара на изговорот на зборот, во текстот подолу ќе го користиме терминот „изговор“ мислејќи ем на изговорот ем на македонската транскрипција за истиот, одошто, поради фонетската природа на македонскиот јазик, т.е. правилото „читај како што пишуваш“, тие две работи се исти.
Неприфатливи транскрипции
Ктулу и Катулу (со или без апострофи)
Ова се најчестите и најраспространети изговори на „Cthulhu“ и како такви се најочигледни кандидати за употреба при преведување и транскрипција. Меѓутоа, истовремено се и најнеточни.
Причината за широката употреба на „Ктулу“ или „Катулу“ е тоа што, според стандардните правила на изговор на англискиот јазик, овој изговор е мошне соодветен (горе-долу) за спелингот „Cthulhu“, лесен е за кажување и не бара никакво напрегање од страна на говорителот. Односно, говорителот не мора да изигрува вонземјанин кога го изговара. Ова е типичен пример за нескротливоста на јазикот како жива материја и е случај каде што пречестата употреба на погрешната форма на еден збор, со тек на време доведува до нејзино стандардизирање.
Меѓутоа, причината поради којашто „Ктулу“ или „Катулу“ се неприфатливи е тоа што, едноставно, со нив зборот вооопшто не остава впечаток на збор доследен на звучната природа врз којашто Лавкрафт инсистира, а која ја наведовме погоре во „Умислата на Лавкрафт“ и како таков не ја слика потребната поетска слика во главата на читателот. Користење на „Ктулу“ би било исто како да кажеш дека имаш другар со многу „своеобразно, бизарно и неизговорливо име“, за потоа да кажеш дека тоа име е: Никола. Нема ништо „своеобразно, бизарно и неизговорливо“ во „Никола“. Описот на името не одговара со самото име. На ист начин, „Ктулу“ не одговара на описите на Лавкрафт споменати во „Умислата на Лавкрафт“.
Но сепак, треба да нагласиме дека, иако се најпогрешни за употреба како официјален изговор, „Ктулу“ или „Катулу“, поради нивната стандардизација, се сосема прифатливи во секојдневен, неофицијален муабет. Нема ништо лошо во користење полесно сварливи изговори за имиња кои се тешки, долги или досадни за кажување, доколку само си правиме муабет. Не мора секој разговор да е лингивистича беседа. Јас и самиот, и покрај тоа што сум преведувач кој секогаш инсистира на точност и прецизност, често го користам „Ктулу“ низ муабет. На крајот на краиштата, ако се викаш „Харалампие“ ќе те викаат „Хари“, а ако си Индиец дојден во Македонија и се викаш „Jawaharlal“, најверојатно ќе те викат „Јане“. Што е сосема во ред. Ама исто како што во матичните изводи на дотичните од погоре не им стои ниту „Хари“ ниту „Јане,“, туку „Харалампие“ и „„Jawaharlal“, така и во „матичниот извод“ (т.е. расказите и другите официјални материјали) на нашиот Cthulhu не може да стои „Ктулу“ или „Катулу“.
Пред да продолжиме, мора да го додадеме следното:
Имајќи предвид дека „Ктулу“ или „Катулу“ е најраспространет изговор, се поставува прашањето: зар не треба преведувачот да се задоволи со користење на стандардизираниот збор, макар бил несоодветен, и да потклекне, бидејќи, „ете, сите го знаат и го користат“. Одговорот на секој сериозен преведувач ќе биде: не. Преведувачот никогаш не смее да си дозволи да потклекне под она што потамина и набавтана станало стандард, бидејќи со својот нов превод тој има можност да постави нови, подобри стандарди, кои ќе се поблиску до умислата на авторот, и со тоа да го донесе и вистинскиот дух на делото поблиску до читателот, со што поефективно ќе го поттикне оној бериќет којшто само правилно и прецизно изработен превод може да го вроди во уметноста на земјата на преводот. Со секој превод оригиналнниот текст мора да се проучи одново и откорен, да се изнајдат сите јазични одлики и јазични отстапки што треба да се доловат, да се преведува храбро и, ако треба, да се оди наспроти струјата на минатото (се разбира, користејќи аргументи). Без тоа, не може да има напредок.
Ктулху (со или без апострофи)
Овој изговори е подобар од „Ктулу“ и „Катулу“, бидејќи, со воведувањето на „х“ при крајот, веќе имаме намек на мала чудност, но изговор и понатаму е премногу лесен и невонземен. Зборот и понатаму не звучи доволно како збор којшто е складен со одликите кои ги наброивме во „Умислата на Лавкрафт“. Затоа, мора да се нурнеме подлабоко.
Прифатливи транскрипции
Ова е интересно решение бидејќи е најблиску до описот кој Лавкрафт го дава во писмото на Двејн В. Римел кое го спомнавме и погоре:
„…The actual sound -- as nearly as any human organs could imitate it or human letters record it -- may be taken as something like Khlûl'-hloo, with the first syllable pronounced gutturally and very thickly. The u is about like that in full; and the first syllable is not unlike klul in sound, hence the h represents the guttural thickness.“
„…Звукот - колку што најблиску може да е подражаван од човечки органи или забележан од човечки букви - може да се опише отприлика како „Khlûl'-hloo“, (б.п. „Кхлул’-хлу“) со тоа што првиот слог се изговара грлено и многу длабоко. „u“-то е донекаде слично како во full (б.п. „фул“), а првиот слог не е многу далеку од „klul“ (б.п. „клул)“ по звучност, додека „h“-то ја претставува грлената длабочина.“
Првата причина поради којашто јас се решив да не одам со оваа варијанта е тоа што избегнувам потполно да ги основам преводите на вонканонски податоци, односно податоци коишто не доаѓаат од самите дела на авторот, туку од надвор (писма, интервјуа, објави на социјални мрежи од страна на авторот, итн). Таквите сведенија ги земам предвид и ги додавам во смесата, но секогаш со мукает. За главна основа секогаш ги земам сведенијата достапни во самите дела, а вонканонските сведенија ги користам само како зачини.
Втор фактор за мојата неволност да одам со оваа варијатна е следната забелешка на S. T. Joshi, најголемиот светски авторитет за Лавкрафт:
„9. On the pronunciation of Cthulhu Lovecraft has left several accounts, all slightly differing; his associates have also supplied contradictory testimonies...“
„9. За изговорот на Cthulhu Лавкрафт има оставено неколку прикази, од коишто сите се донекаде различни; неговите соработници исто така ни прибавуваат противречни сведоштва...“- Howard Phillips Lovecraft, S. T. Joshi. „The Call of Cthulhu and Other Weird Stories“. Penguin Classics, 1999, 395.
Трет фактор е практичното непостоење на гласот „т“ во овој предложен изговор, а којшто се наоѓа во зборот во самиот расказ, како и недоследната местоположба на гласовите „л“ и „х“ во споредба со нивните местоположба со зборот во самиот расказ.
Така, од писмото на Лавкрафт, го асимилирам само описот за „длабока грленост“ на зборот, и пред сѐ, очигледната слобода која Лавкрафт си ја зема за кршење на правилата на прописиите на англиски изговор.
На крајот, пристигнуваме до решение коешто јас го имам избрано за најсоодветно и го пишувам во моите преводи или изговарам кога сакам да го изговорам ова име во неговата „вистинска“ форма.
Ова решение е кимера од сѐ што знаеме за звучната природа на овој збор.
Најпрво, како појдовна точка го земаме зборот основан врз транскрипцијата што би ја имале доколку би ги следеле стандардните правила - „Ктулу“. Бидејќи, како што кажавме, мора да се почне од некаде.
Потоа, на „Ктулу“, му ги додаваме елементите коишто ги спомнавме во „Умислата на Лавкрафт“, односно го правиме да:
Визуелно изгледа како бизарен збор,
Е скоро неискажлив за човечкото грло,
Звучи грлено, загушено, искашлано.
Тоа го постигнуваме со вметнување на буквата „х“ којашто, како што вели Лавкрафт, ќе ја „претставува грлената длабочина“. А местото каде што ќе ја вметнеме „х“, пак, е предодредено од местото на „h“-то во зборот во оригиналниот текст: Cthulhu.
И со тоа, го имаме македонското име за едно од најпознатите суштества во светот на бизарната фантастика - Ктхулху.
Тука го достигаме крајот на оваа преведувачко приклучение, барем засега.
Би сакал да напоменам дека овој есеј е само дел од поголем текст на којшто моментално работам, а којшто ќе биде посветен на целото мое искуство во преведувањето на целосното прозно творештво на Лавкрафт, кое се состои од околу 2000 страници ужасно сложена проза полна архаизми, нестандардни зборови, извитоперени синтакси и сите можни јазични отстапки и предизвици кои сноваат низ најадските соништа на преведувачот. Во тој текст ќе зборувам повеќе за акрибијата и маката којашто се обидов да ги вложам во нивно одважување, за да можам во најдобро македонско руво да го доловам творештвото на еден од моите најсакани автори, а со тоа и да ја покажам имашливоста, растегливоста и безгазерните можности на македонскиот јазик. Планот ми е тоа поголемо дело да го објавам откако потполно ќе раскрстам со сите преводи (моментално сум до ± 60%), со издавањето на четвртата книга. Дотогаш, можеби ќе го проширам и овој дел.
Додуша, планот ми е да има и петта книга, но таа ќе е посветена на расказите кои Лавкрафт ги напишал во соработка со други автори, раскази коишто не се дел од лавкрафтскиот канон, ама коишто сепак сакам да ги преведам за да може македонската книжевност да се пофали дека е една од малкуте светски книжевности коишто го содржат целосното прозно творештво на таткото на космичкиот хорор и еден од најреволуционерните основоположници на модерната фантастика, „господинот од Провиденс“, Хауард Филипс Лавкрафт.
За крај, мојот целосен превод на расказот „The Call of Cthulhu“, може да се прочита тука.
Никола Кузманоски