Музиката на Ерих Цан - Полиграматон

Музиката на Ерих Цан


Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.


Со најголема грижа ги имам испитано картите на градот, но веќе никогаш не ја најдов Ру Дозеј. И тоа не само современи карти, бидејќи знам дека имињата се менуваат. Напротив, длабоко се имам нурнато во сета дамнина на местото; и лично го имам истражено секој предел, без разлика на името, што би можел да одговара на улицата којашто ја знаев како Ру Дозеј. Но и покрај сѐ што имам направено останува како понижувачки факт тоа дека не можам да ја најдам куќата, улицата, или барем месноста каде што, за време на последните месеци на мојот осиромашен живот како студент по метафизика на универзитетот, ја чув музиката на Ерих Цан.

Тоа дека сеќавањето ми е оштетено, воопшто не ме чуди; бидејќи здравјето, физичкото како и менталното, длабоко ми беше вознемирено за време на периодот на мојот престој на Ру Дозеј и се сеќавам дека таму не доведов ниту еден од малкуте познаници. Но тоа што не можам пак да го најдам местото е исклучително и конфузно; бидејќи беше на пола час одење од универзитетот и беше препознатливо по особености кои оние што биле таму тешко би ги заборавиле. Никогаш не сум сретнал човек што ја видел Ру Дозеј.

Ру Дозеј лежеше преку една темна река, оградена од стрмни циглени складишта со размачкани прозорци и надвисната од несмасен мост од темен камен. Текот на реката секогаш беше засенет, како чадот од соседните фабрики трајно да го беше затнал сонцето. Реката исто така корнеше од ужасни смрдеи кои никаде дотогаш ги немав помирисано и кои еден ден би можеле да ми помогнат да ја најдам, бидејќи веднаш би ги препознал. Преку мостот се протегаа тесни калдрмести улици со релси и потоа почнуваше угорнината, прво постепена, но неверојатно стрмна како што се доаѓаше до Ру Дозеј.

Никогаш немав видено улица тесна и стрмна како Ру Дозеј. Како да беше гребен, затворена за сите возила, на неколку места состоејќи се од скалила и на врвот завршувајќи во вишен забршленет ѕид. Беше нерамномерно поплочена, некаде со камени плочи, некаде со калдрма и некаде со гола земја и закржлавена зелено-сива вегетација. Куќите беа високи, со остри покриви, неверојатно стари и расеано испонавалени наназад, нанапред и настрана. На некои места, две спротивставени градби кои заедно се навалуваа нанапред, скоро се допираа над улицата како свод; и сигурно ја спречуваа светлината да продре до земјата под нив. Имаше и неколку високи мостови од куќа до куќа преку улицата.

Жителите на таа улица ми оставија сперлив впечаток. Најпрво мислев дека е поради тоа што сите беа тивки и повлечени, но покасно заклучив дека е поради тоа што сите беа многу стари. Не знам како се случи да и јас живеам на таква улица, но не личев на себеси кога се преселив таму. Имав живеено во многу оскудни места, вечно иселуван поради недостиг на пари, додека конечно не налетав на таа климава куќа на Ру Дозеј, држена од фатениот Бландо. Беше трета куќа од врвот на улицата и далеку повисока од сите други.

Собата ми беше на петтиот спрат; единствената зафатена соба на катот, бидејќи куќата беше скоро празна. Ноќта кога пристигнав чув чудна музика од шилестата мансарда над мене и наредниот ден го прашав стариот Бландо за неа. Ми рече дека било некој стар германски виолист, чуден нем човек што се потпишувал како Ерих Цан и кој навечер свирел во оркестарот на некој евтин вечерен театар; додавајќи дека желбата да свири навечер откако ќе се врател од театар било причина за да ја избере високата и изолирана мансарда чиј единствен прозорец од калканот бил единствената точка на улицата од каде што човек можел да погледне над граничниот ѕид кон стрмнината и панорамата зад неа.

Потоа, Цан го слушав секоја вечер и и покрај тоа што не ме оставаше да спијам, бев опседнат од бизарноста на неговата музика. Самиот знаев малку за музичката уметност, но сепак бев сигурен дека ни една од неговите хармонии нема никаква допирна точка со музика којашто претходно ја имав слушнато; и заклучив дека е композитор кој поседува крајно оригинална генијалност. Колку повеќе слушав толку бев пофасциниран, па најпосле, по една недела, се решив да се запознаам со старецот.

Една вечер, како што се враќаше од работа, го пресретнав Цан во ходникот и му кажав дека би сакал да го запознаам и да бидам крај него додека свири. Беше мал, слаб, подвиткан човек со ветва облека, плави очи, гротескно, сатирско лице и скоро ќелава глава и кога првпат му прозборев како да се налути и исплаши. Меѓутоа, мојата јасна добронамерност најпосле го омекна и нерадо ми мавна да го следам по темните, крцкави и разнишани тавански скали. Неговата соба, едната од само две во стрмно зашилената мансарда, беше на западната страна, свртена кон високиот ѕид којшто го сочинуваше горниот крај на улицата. Беше многу голема и се чинеше уште поголема поради неверојатната голост и запоставеност. Од мебел имаше само тесно железно легло, еден дотраен мијалник, мала маса, голем шкаф со книги, железен пулт за ноти и три старомодни столови. Листови со ноти беа неуредно натрупани низ подот. Ѕидовите беа од голи штици и најверојатно никогаш не беа виделе малтер, додека изобилството на прав и пајажини правеше местото да изгледа повеќе напуштено отколку населено. Очигледно беше дека светот на убавина на Ерих Цан лежи во некој далечен космос на фантазијата.

Мавнувајќи ми да седнам, немиот човек ја затвори вратата, го повлече големото дрвено резе и запали една свеќа да ја засили светлината на онаа која ја имаше донесено со него. Потоа ја изваде виолата од футролата која молци ја беа изеле и земајќи ја се смести на најмалку неудобниот од столовите. Не го искористи пултот за ноти, туку, не нудејќи избор и свирејќи од памет, повеќе од час време ме маѓепсуваше со музички нишки какви што дотогаш никаде немав чуено; нишки коишто сигурно тој самиот ги беше осмислил. Да се опише нивната точна природа е невозможно за некој незапознат во музика. Беа некаква фуга со попратни премини чија звучност го застануваше здивот, но мене ми беа воочливи поради отсуството на бизарните ноти коишто на другите наврати ги имав наслушано од мојата соба долу.

Тие опседнувачки ноти ги бев запаметил и често неточно си ги потпевнував или свиркав, па кога свирачот најнакрај го спушти гудалото го прашав дали ќе сака да ми отсвири некои од нив. Како што почнав да ја искажувам мојата желба, збрчканото сатирско лице ја изгуби рамнодушната сталоженост што ја имаше за време на свирењето и се чинеше дека повторно ја покажува истата необична мешавина на лутина и страв која претходно ја имав забележано кога за првпат го зачекав старецот. Се обидов некако да го наговорам, не земајќи си ги при срце хировите на сенилноста, па дури и пробав да го поттикнам бизарното настројство на мојот домаќин свиркајќи некои од нишките што ги бев слушал претходната вечер. Но уште истиот момент престанав со ваквото настојување; бидејќи кога немиот свирач ја препозна исвирканата мелодија, лицето ненадејно му се искриви во израз кој беше вон секакво толкување, а со долгата, ладна, ковчеста десна рака посигна да ми ја затне устата и да ја замолчи грубата имитација. Кога го направи ова повторно ја покажа својата ексцентричност фрлајќи треперелив поглед кон осамениот, прекриен прозорец, како да му беше страв од некој натрапник - поглед кој беше двократно апсурден, бидејќи мансардата беше висока и недостапна над сите соседни покриви, одошто беше единствена точка на стрмната улица, како што ми кажа домарот, од каде што можеше да се погледне над ѕидот на врвот.

Погледот на старецот ме потсети на забелешката на Бландо и со извесна своеглавост почувствував желба да погледнам над широката и вртоглава панорама на покриви на месечина и градски светла зад ридот којашто од сите жители на Ру Дозеј, само овој надурен свирач можеше да ја види. Се придвижив кон прозорецот и сакав да ги тргнам безобличните завеси, кога со преплашен гнев уште поголем од претходно, немиот станар повторно ми се нафрли; овој пат климајќи со главата кон вратата, додека нервозно пробуваше со двете раце да ме одвлечка дотаму. Тогаш, крајно згрозен од мојот домаќин, му наредив да ме пушти и му реков дека веднаш ќе си одам. Стисокот му се олабави и кога ми ја виде згрозеноста и навреденоста, како да подопадна неговиот сопствен гнев. Го потстегна олабавениот заграб, но овој пат пријателски, спуштајќи ме на еден стол; а потоа со израз на елегичност тргна кон растурената маса, каде што со молив напиша многу зборови на усилниот француски јазик на странец.

Изјавата којашто најпосле ми ја подаде беше молба за трпеливост и прошка. Цан рече дека бил стар, осамен и налегнат од чудни стравови и нервни растројства поврзани со неговата музика и со други нешта. Уживал во моето слушање на неговата музика и посакуваше повторно да го посетам и да не му замерувам на ексцентричноста. Но не можел да му ги свири на друг неговите бизарни хармонии и не можел да поднесе да ги слуша од друг; ниту можел да поднесе некој друг да му ги допира работите во собата. Пред да се сретнеме во ходникот не знаел дека можам да му го чујам свирењето од мојата соба и ме прашуваше дали ќе сакам да му кажам на Бландо да ми даде друга соба, подолу, каде што нема да можам да го слушам навечер. Имаше пишано дека тој самиот ќе ја доплати разликата во киријата.

Како што седев, дешифрирајќи го намачениот француски, станав попопустлив кон старецот. Беше жртва на физичко и нервно страдање исто како и јас; и метафизичките студии ме беа научиле на милост. Во тишината се чу некој мал звук од прозорецот - ролетните сигурно се имаа занишано на ноќниот ветер - и поради некоја причина и јас се стресов исто толку силно колку и Ерих Цан. Најпосле, кога завршив со читањето, му ја стиснав раката на домаќинот и си заминав како пријател. Наредниот ден Бландо ми даде поскапа соба на третиот кат, помеѓу апартманот на еден лихвар во години и собата на еден познат тапацер. На четвртиот кат немаше никој.

Не помина долго време пред да се уверам дека желбата на Цан да ме има за придружник не беше толку голема колку што се чинеше кога ме убедуваше да се преселам од петтиот спрат. Не ме покани да му дојдам на гости и кога ќе појдев се чинеше неспокоен и свиреше отсутно. Ова секогаш беше навечер - денски спиеше и не примаше никој. Мојата симпатија кон него не порасна, но таванската соба и бизарната музика и понатаму ме исполнуваа со некаков несекојдневен восхит. Имав необјаснива желба да погледам низ прозорецот, над ѕидот и прудолу кон невидената падина на светликави покриви и кули што таму сигурно се протегаа. Еднаш се качив до мансардата додека Цан беше во театарот, но вратата беше заклучена.

Меѓутоа, она што ми успеа беше да го наслушам ноќното свирење на немиот старец. Прво се прикрадував на прсти до старата соба на петтиот кат, а потоа собрав храброст да се искачам по последното крцкаво скалиште до шилестата мансарда. Таму, во тесниот ходник, од другата страна на замандалената врата со покриена клучалка, често слушав звуци што ме исполнуваа со неразбирлив фрас - фрас од нејасни чуда и тмурни мистерии. Не беше до тоа да звуците беа одвратни, бидејќи не беа, туку до тоа дека содржеа треперења кои не укажуваа на ништо од оваа округла планета и при одредени интервали добиваа симфонична особина која тешко можев да замислам дека потекнува од еден свирач. Сигурно беше дека Ерих Цан е гениј со разуздана моќ. Како што поминуваа неделите, свирењето стана сѐ подиво, додека стариот свирач почна да поприма сѐ поголема дрпавост и стаеност која беше жалосно да се гледа. Сега никогаш не сакаше да ме прими и бегаше од мене кога ќе се сретневме на скалите.

Но една вечер, додека наслушував крај вратата, слушнав како звукот на расписканата виола се дуе во хаотична бука од звуци; сколободија која ќе ме натераше да се посомневам во сопствениот потресен здрав разум, да не доаѓаше од зад тој заклучен портал патетична потврда дека ужасот беше вистински - страшниот, неразбирлив крик кој само немиот може да го гркне и кој надоаѓа само во моменти на најнеподнослив страв или страдание. Се расчукав врз вратата, но не добив одговор. Потоа чекав во црниот ходник, тресејќи се од студ и страв, сѐ додека не ги слушнав немоќните напори на кутриот свирач да стане од подот со помош на еден стол. Мислејќи дека се освестил по бесвестица повторно се расчукав, успокојувачки викајќи му дека сум јас. Чув како Цан се протетерави до прозорецот и ги затвори и ролетните и крилата, па се протетерави кон вратата, која трепереливо ја отклучи за да ме прими. Овој пат задоволството да ме има присутен му беше вистинско, бидејќи искривеното лице олеснато му засвети и ме зграби за палтото, како дете што го зграбува фустанот на мајка си.

Патетично тресејќи се, старецот ме седна на еден стол додека самиот потона врз друг, крај којшто немарно лежеа виолата и гудалото на подот. Извесно време седеше здрвен, чудно климајќи, но имајќи некое парадоксално укажување на напрегнато и уплашено наслушување. Најпосле се задоволи и преместувајќи се на друг стол до масата, напиша една кратка белешка, ми ја подаде и се врати на масата каде што почна забрзано и непрекинато да пишува. Пораката ме преколнуваше во име на милоста и за атер на мојата сопствена љубопитност да почекам кај што бев, додека тој спреми целосен запис, на германски, за сите чудесии и ужасии што го имаа спопаднато. Чекав, а моливот на немиот леташе.

Беше можеби еден час покасно додека сѐ уште чекав, а трескавично напишаните листови на стариот свирач се трупаа, кога го видов Цан како се сепна небаре од намек на ужасен потрес. Несомнено гледаше кон прекриениот прозорец и треперливо слушаше. Тогаш како да ми се пристори дека и јас чув некој звук; но не страшен звук, туку извонредно ниска и бесконечно далечна музичка нота, која укажуваше на свирач во една од соседните куќи или од некое жилиште преку оној вишен ѕид зад којшто никогаш не можев да погледнам. Врз Цан впечатокот беше ужасен, бидејќи испуштајќи го моливот, наеднаш стана, ја зграпчи виолата и започна да ја дере ноќта со најдивото свирење што дотогаш му го имав чуено од гудалото, освен кога слушав од зад замандалената врата.

Бескорисно би било да го опишам свирењето на Ерих Цан таа страшна ноќ. Беше поужасно од сѐ што дотогаш имав наслушнато, бидејќи сега можев да му го видам изразот на лицето и можев да сфатам дека овој пат беше поттикнат од чист страв. Се обидуваше да создаде врева; да набрка нешто или да надвика нешто - што, не можев да замислам, макар што чувствував дека е нешто стравотно. Свирењето постана фантастично, растроено и хистерично, но до последно ги задржа вредностите на врвна генијалност којашто знаев дека тој чуден старец ја поседува. Ја препознав мелодијата - беше див унгарски танц популарен во театрите и ми дојде мисла дека ова беше првпат кај слушам Цан да свири дело на друг композитор.

Сѐ погласно и погласно, сѐ подиво и подиво се креваше крикањето и цимолењето на таа очајна виола. Свирачот капеше од неверојатна пот и се виткаше како мајмун, секогаш избезумено гледајќи кон прекриениот прозорец. Во неговите збеснати напори можев да видам сеништни сатири и Баханали како лудо играат и се вртат низ надојдени понори од облаци и чад и молњи. Потоа како да чув некоја попискава, помирна нота што не беше од виолата; смирена, намерна, насочена, потсмешлива нота од далеку на запад.

При оваа разделница, ролетната почна да се тресе од развиениот ноќен ветер што беше изникнал надвор како во одговор на лудото свирење внатре. Развресканата виола на Цан се надмина себеси, оддавајќи звуци коишто не мислев дека виола може да ги оддаде. Ролетната затреска погласно, се откачи и почна да удира врз прозорецот. Потоа стаклото трескаво се распарчи од постојаните удари и ладниот ветер навлезе, развиорувајќи ги свеќите и шушкајќи ги листовите хартија на масата каде што Цан имаше почнато да ја запишува својата ужасна тајна. Го погледав Цан и видов дека беше вон секакво свесно набљудување. Плавите очи му беа вбрекнати, стаклести и празни, а избезуменото свирење му се имаше претворено во слепа, механичка, непрепознатлива оргија којашто нема пенкало што може ни да ја укаже.

Ненадеен налет, посилен од другите, ја потфати хартијата и ја одвеа кон прозорецот. Очајно се зададов по разлетаните листови, но ги снема уште пред да стигнам до распарченото окно. Тогаш се сетив на старата желба да погледнам низ тој прозорец, единствениот прозорец на Ру Дозеј од каде што можеше да се види падината зад ѕидот и градот што се простираше под неа. Беше многу темно, но градските светла секогаш гореа и очекував да ги видам среде дождот и ветерот. Но кога погледнав од тој највисок прозорец на мансардата, кога погледнав додека свеќите виореа и лудата виола виеше со ноќниот ветер, не видов град да се простира долу или пријателски светла да светкаат од запомнети улици, туку само црнината на вселенска безграничност; незамислена вселена оживеана низ движење и музика и туѓа за сѐ на земјава. И како што стоев ужаснато зјапнат, ветерот ги згасна двете свеќи во таа древна шилеста мансарда, оставајќи ме во дивјачка и непродорна темнина со хаос и сколободија пред мене и демонското лудило на таа кошмарно разгрохотена виола зад мене.

Се протетеравев назад во мракот, немајќи како да запалам светло, удирајќи се во масата, превртувајќи еден стол и најпосле распипувајќи си пат до местото кај што црнината врескаше со потресна музика. Да се спасам заедно со Ерих Цан, можев барем да се обидам, какви и моќи да се беа исправиле пред мене. Еднаш како да ме докачи некое студено нешто и вреснав, но вресокот не можеше да ми се чуе од таа одвратна виола. Одненадеж од црнината ме удри лудо распиленото гудало и знаев дека сум близу до свирачот. Ги подадов рацете, го допрев грбот на столот на Цан и му го најдов и затресов рамото во обид да го освестам.

Не одговори, а виолата и понатаму крикаше без да спласне. Ја преместив раката на неговата глава, чиешто механичко климање успеав да го запрам и му свикав во увото дека двајцата мора да бегаме од непознатите работи во ноќта. Но ниту ми одговори ниту ја ублажи збеснатоста на неопишливата музика, додека низ целата мансарда чудни воздушни струи како да играа во темнината и буката. Кога му го допрев увото со раката, се стресов, но не знаев зошто - не знаев зошто додека не му го почувствував неподвижното лице; смрзнатото, вкочането, безздивно лице чии стаклести очи бескорисно беа вбрекнати кон небиднината. И тогаш, за некое чудо, пронајдувајќи ја вратата и големото дрвено резе, диво се втурнав подалеку од тој стакленоок створ во мракот и од гробождерните завивање на таа проклета виола чиј бес се зголемуваше како што се залетував.

Како рипам, лебдам, летам прудолу по тие бескрајни скали низ темната куќа; избезумено истрчувајќи на тесната, стрмна и древна улица од скалила и климави куќи; струполувајќи се по скалите и по калдрмата до долните улици и гнилата обклисурена река; бревтајќи по големиот темен мост до пошироките, поздрави улици и сокаци што ги знаеме; ова се ужасните спомени кои тлеат во мене. И се сеќавам дека немаше ветер, дека месечината беше излезена и дека сите светла во градот мижуркаа.


И покрај моите најгрижливи потраги и истраги, веќе никогаш не успеав да ја најдам Ру Дозеј. Но не тагувам ниту за ова ниту за загубата во несонувани понори на ситно напишаните листови кои единствено можеа да ја објаснат музиката на Ерих Цан.