Безимениот град - Полиграматон

Безимениот град


Еј! Овој расказ го има во книгата „Сенката над Инсмот и други грозотии“.
Купи си ја тука.


Кога доближив до безимениот град знаев дека е проколнат. Патував во сушна и ужасна долина под месечината и оддалеку го видов како необјасниво се издава над песоците како делови од труп што се издаваат од лошо направен гроб. За страв се беседеше од излижаните камења на овој ветов преживеан од потопот, оваа прабаба на најстарата пирамида; и невидна аура ме одбиваше и ме тераше да се повлечам од античките и зловестни тајни кои никој не треба да ги види и никој друг не се беше осмелил да ги види.

Далеку во пустината арапска лежи безимениот град, сронет и занемен, со ниски ѕидови скоро сокриени од песоците на небројни доби. Сигурно беше бил ваков пред да се постават првите камења на Мемфис и кога циглите на Вавилон уште не биле испечени. Нема легенда толку стара за да би му дала име, или за да спомене дека некогаш бил жив; но се раскажува за него низ шепоти околу логорски огништа и се мрмори за него меѓу стари баби во шатори на шеици, та сите племиња бегаат од него без да знаат зошто. За ова место беше сонувал лудиот поет Абдул Алхазред ноќта пред да го испее неговиот необјаснив куплет:


„Не е мртво она што да лежи вечно знае

и во раздобја чудни и смртта мртва може да е.“


Требаше да знам дека Арапите имаат добра причина за да бегаат од безимениот град, градот споменуван во чудни сказни, но невиден од жив човек, ама им попркосив и заминав со камилата во нестапнатите пустелии. Саде јас го имам видено и затоа ничие друго лице не носи вакви одвратни црти на страв како моето; затоа никој друг не трепери толку ужасно кога ноќниот ветер ќе ги заѕвечка прозорите. Кога наидов на него во грозоморниот мир на непрекинлив сон, ме погледна, истинат од зраците на ладна месечина среде пустинската жештина. И како што му возвратив со поглед си го заборавив тржеството дека го бев нашол и сопрев со камилата да почекам да се зазори.

Со часови чекав, додека истокот не посиве и ѕвездите не избледоа и сивината не се претвори во каранфилна светлина порабена со злато. Чув стенкање и видов бура од песок како се готви меѓу античките камења макар што небото беше ведро и огромните пространства на пустината мирни. Потоа одненадеж над далечниот пустински синор дојде распламтениот раб на Сонцето, забележлив низ малечката песочна бура која одминуваше и во мојата трескава состојба ми се пристори дека од некоја далечна длабина настапи тресок на музички метал во поздрав на огнениот диск како што Мемнон го поздравува од бреговите на Нил. Ушите ми ѕвонеа и мечтите ми превираа како што споро ја водев камилата преку песокот до тоа неглаголиво камено место; тоа место престаро за Египет и Мерој да го паметат; тоа место коешто саде јас од сите живи луѓе сум го видел.

Де внатре де надвор талкав низ безобличните темели на куќи и палати, не наоѓајќи ни резба ни запис да споменат нешто за оние луѓе, ако биле луѓе, кои толку одамна го изградиле градот и домувале во него. Дамнината на местото беше неугодна и копнеев да сретнам некој знак или нишан да докаже дека градот навистина беше бил изнедрен од човештвото. Имаше извесни размери и димензии на рушевините кои не ми се допаднаа. Со себе носев многу алати и многу копав среде ѕидовите на разгромените зданија; но бавно ми одеше и ништо значително не разоткрив. Кога се вратија ноќта и месечината осетив ладен ветер кој ми донесе нов страв, та не се осмелив да останам во градот. И како што излегував од античките ѕидови за да легнам да спијам, една мала издишната песочна бура се размрда зад мене, дувајќи преку сивите камења, макар што месечината беше светла и поголемиот дел од пустината мирен.

Се разбудив во првите мугри од врвулица на ужасни сништа, а ушите ми ѕвонеа небаре од некои метални ѕвекоти. Го видов Сонцето како црвено се џари низ последните налети на една малечка песочна бура која лебдеше над безимениот град и ја забележав тивкоста на останатиот пејсаж. Повторно влегов во тие намрштени рушевини кои се дуеја под песокот небаре џин под рогозина и повторно залудно копав по реликвии од заборавената раса. Напладне се одморив, а попладне поминав многу време минејќи ги ѕидовите и некогашните улици и контурите на скоро исчезнатите градби. Увидов дека градот навистина беше бил велик и се чудев што ќе да било изворот на неговата великост. Си го замислував во главата сиот раскош на една доба толку далечна што Халдеја не би можела да си ја спомене и помислив на Осудениот Сарнет, кој се издигал во земјата Мнар кога човештвото било младо и на Иб, кој бил издлабен од сив камен пред човештвото да постои.

Наеднаш наидов на место каде што камената подлога голо се издигаше низ песокот и обликуваше низок гребен; и тука радосно здогледав нешто што ветуваше додатни траги од претпотопниот народ. Грубо изделкани врз страната на гребенот беа непогрешливите фасади на неколку мали, куси камени куќи или храмови, чии внатрешности можеби зачувале многу тајни на доби предалечни за пресметка, макар што песочни бури одамна ги беа истружиле резбите кои можеби постоеле однадвор.

Многу ниски и задушени со песок беа мрачните окна крај мене, но расчистив едно со мотиката и исползив низ него, носејќи факел за да ми ги открие мистериите кои можеби ги содржи. Кога влегов внатре видов дека пештерата навистина беше храм и здогледав јасни знаци на расата којашто беше живеела и обожавала пред пустината да е пустина. Не фалеа ни примитивни олтари, столбови и камари, сите своевидно ниски; и иако не видов ни скулптури ни фрески, имаше многу своеобразни камења јасно обликувани во симболи на вештачки начин. Нискоста на издлабената одаја беше многу чудна, зашто можев да се исправам само клекнат на коленици; но површината беше толку голема што факелот ми ја покажуваше само дел по дел. Сперливо затреперив во некои од подалечните ќошиња; зашто извесни олтари и камења укажуваа на заборавени обреди со ужасна, одбивна и необјаснива природа и се зачудив каква сорта луѓе можеле да направат и посетуваат ваков храм. Кога догледав сѐ што содржеше местото, исползив надвор, пламенит да видам што би можело да произлезе од другите храмови.

Ноќта веќе беше почнала да ближи, но сепак допирливите нешта кои ги бев видел правеа да љубопитството е посилно од стравот, така што не избегав од долгите месечеви сенки кој ме беа ветросале кога за првпат го видов безимениот град. На самрак расчистив друго окно и исползив внатре со нов факел, пак наоѓајќи нејасни камења и симболи, макар што ништо поутврдливо од она што го содржеше другиот храм. Собата беше исто толку ниска, но многу понеширока, завршувајќи со многу тесен премин посеан со магливи и загадочни светилишта. Се имав расшуркано меѓу овие светилишта кога звук на ветер и на мојата камила од надвор го скршија мирот и ме извлекоа да видам што ја беше исплашило ѕверката.

Месечината живописно светкаше над исконските рушевини, осветлувајќи густ облак песок кој се чинеше како да е донесен од силен, но стивнат ветер од некоја точка долж гребенот пред мене. Знаев дека овој студен, песочен ветер ја беше вознемирил камилата и сакав да ја поводам до место со подобар завет кога се погоди да се испулам нагоре и да видам дека нема ветер по врвот на гребенот. Ова ме вчудовиде и пак ми влеја страв, но веднаш си ги споменав ненадејните околни ветрови кои претходно ги бев видел и чул на зајдисонце и изгрејсонце и расудив дека е нормална работа. Одлучив дека има дојдено од некој карпест процеп кој води во некоја пештера и се распулив по обеспокоениот песок за да му го изнајдам изворот; воочувајќи наскоро дека беше дошол од црниот отвор на еден храм на големо растојание јужно од мене, скоро надвор од видик. Наспроти задушливиот песочен облак се заганѕав кон овој храм, кој како што се ближев демнеше поголем од другите и покажуваше порта многу помалку запушена од згрутчен песок. Ќе влезев ако страшната јачина на ледениот ветер за малку не ми го изгасеше факелот. Лудо се истураше од црната врата, необјасниво збивтајќи како што го набираше песокот и се размотуваше низ бизарните рушевини. Наскоро се стиши и песокот стана сѐ помирен и помирен додека најпосле сѐ повторно не се успокои; но некое присуство се чинеше како да војва меѓу призрачните камења на градот и кога се испулив кон месечината ми се причини како да трпнее небаре одразена во немирни води. Ми беше повеќе страв одошто можев да објаснам, но не доволно за да ми се затапи жедта за чудесии; па штом ветерот целосно го снема пречекорив во мрачната одаја од каде што беше доаѓал.

Овој храм, како што ми се виде однадвор, беше поголем од обата кои претходно ги имав посетено; и личеше како да е природна пештера, одошто носеше ветрови од некој предел од другата страна. Тука можев целосно да се исправам, но видов дека камењата и олтарите беа ниски исто како и кај другите храмови. На ѕидовите и таванот за првпат здогледав траги од пиктографската уметност на древната раса, своевидни извртени пруги на боја кои беа скоро избледени или изронети; и на два од олтарите со растечка возбуда видов лавиринт од убаво изработени криволинеарни резби. Како што го држев факелот високо во воздух ми се чинеше како формата на таванот да е прерамна за да би била природна и се запрашав врз што првично имале работено преисториските каменорезци. Инженерската вештина мора да им била масивна.

Тогаш еден посветол блесок на фантастичниот пламен ми го покажа она по коешто бев трагал, отворот кон тие подалечни понори од кај што беше дувал ненадејниот ветер; и се снемоштив кога видов дека е мала и јасно вештачка врата издлабена во самата карпа. Го втурнав факелот внатре, здогледувајќи црн тунел со покрив кој ниско беше засводен над грубо скалиште со многу мали, многубројни и стрмни скали кои се спуштаа надолу. Секогаш ќе ги гледам тие скали во соништата, зашто научив што значат. Во тоа време не знаев дали да ги викам скали или издадености при стрмоглав спуст. Луди мисли ми виореа низ умот и зборовите и предупредувањата на арапските пророци се чинеа како да долебдуваат преку пустината од земји кои луѓето ги познаваат, до безимениот град кој луѓето не се осмелуваат да го спознаат. Но сепак само за миг се поколебав пред да тргнам низ порталот и да започнам внимателно да слегувам прудолу стрмниот премин, со нозете напред небаре одам по скала.

Само преку ужасните привиденија на дрога или бунило би можел некој друг човек да искуси спуст како мојот. Тесниот премин водеше бескрајно прудолу како некој одвратен опседнат бунар и факелот кој го држев над глава не можеше да ги осветли непознатите длабини кон коишто ползев. Изгубив осет за саатот и заборавив да си го проверам часовникот, иако ме фати страв кога помислив на растојанието кое сигурно го имав изодено. Имаше промени во насока и во стрмност и еднаш дојдов до долг, низок, рамен премин каде што морав да врголам по карпестиот под со нозете напред, држејќи си го пламенот над самоти глава. Местото не беше доволно високо за клечење. Потоа повторно фатија стрмни скали и сѐ уште бескрајно се прпелкав надолу кога слабиот факел ми замре. Мислам дека не го забележав веднаш, зашто кога најпосле го забележав сѐ уште го држев високо над мене небаре уште гори. Мошне бев неурамнотежен од тој нагон кон чудното и непознатото кој ме беше претворил во талкач по земјата и опседнувач на далечни, древни и забранети места.

Во темнината, низ умот ми блескаа одломки од мојата ценета ризница на демонијачки преданија; реченици од лудиот Арап Алхазред, параграфи од апокрифните кошмари на Дамаскиј и злогласни стихови од грозничавиот „Имаж де монд“ од Готје де Мец. Повторував настрани извадоци и мрморев за Афразиаб и демоните кои пловеле со него по Окс; покасно непрекинато баејќи фраза од една од сказните на лорд Дансени - „неодекливата црнина на понорот“. Еднаш кога спустот стана неверојатно стрмен изрецитирав низ песна нешто од Томас Мур додека не ме фати страв да продолжам да рецитирам:


„Бунар од темнина, целиот црн

ко вештерски казан што е полно рамен

со месечев пелин под еклипса варен.

Клекнат да видам дал’ нозе ќе цапнат

низ амбисот долен, ги видов под мене

до кај што ми фаќаше поглед мој секој,

ќумур-црните страни мазни ко стакла,

небаре пресно ги лустросал некој

со темниот катран кој Адското Море

го блуе врз своите лигави брегој.“


Времето сосема беше престанало да постои кога нозете пак ми сетија рамен под и се најдов во место што беше малку повисоко од собите во двата помали храмови кои сега ми беа толку непресметливо далеку над главата. Не можев баш да застанам, но можев клекнато да се исправам и во мракот се влечкав и лазев наваму-натаму потамина. Наскоро сфатив дека сум во тесен премин чии ѕидови беа обложени со дрвени сандаци кои имаа стаклени предници. Додека во тоа палеозоично и опоро место опипував работи како исполирано дрво и стакло, треперев од можните гатнувања. Сандаците беа навидум подредени долж секоја страна на преминот во рамномерни интервали и беа издолжени и водорамни, одвратно потсеќавајќи на мртовечки ковчези по облик и големина. Кога се обидов да поместам два-три за додатно да ги испитам, увидов дека се здраво прицврстени.

Видов дека преминот е долг, па забрзано се залетав напред со ползечко трчање кое ќе изгледаше ужасно да имаше нечие око да ме види во црнината; преминувајќи повремено од една до друга страна за да си го опипам опкружувањето и да се осигурам дека ѕидовите и редиците на сандаци сѐ уште се протегаат. Човек е толку навикнат да мисли сликовито што скоро и ја заборавив темницата и си го претставував бескрајниот коридор на дрво и стакло со неговата нископорабена едноличност небаре можам да го видам. И тогаш во миг на неописливо чувство и го видов.

Кога точно мечтата ми се имаше споено со вистинската глетка, не можам да одредам; но од напред дојде постепена светливост и одненадеж знаев дека ги гледам притулените контури на коридорот и сандаците, откриени од некаква непозната подземна светлозрачност. На еден краток миг сѐ беше онака како што си замислував, бидејќи светливоста беше многу бледа; но како што продолжив механички да се движам сопнувајќи се нанапред кон посилната светлина сфатив колку мекушава ми беше била мечтата. Овој ходник не беше груба останка како храмовите во градот над мене, туку споменик на највеличествена и егзотична уметност. Богати, живописни и смело фантастични дезени и сцени обликуваа непрекината шара на мурални слики чии црти и бои беа вон секаков опис. Сандаците беа од чудно златно дрво, со предници од префинето стакло и ги содржеа мумифицираните форми на суштества со гротескност што ги надмашуваше и најхаотичните човечки сништа.

Да се пренесе каква било идеја за чудовиштата е невозможно. Беа од сортата на рептилите, со телесни црти кои некогаш укажуваа на крокодил, некогаш на фока, но најчесто на ништо за што натуралистите или палеонтолозите имаат чуено. Во големина беа приближно колку мал човек и предните нозе им содржеа деликатни и очевидно свитливи стапала своевидно слични на човечки раце и прсти. Но најчудни од сѐ им беа главите, кои покажуваа контур кој ги нарушуваше сите познати биолошки принципи. Со ништо не можат такви работи да се споредат - во еден блесок помислив на споредби разновидни како со мачка, булдог, митскиот сатир и човечко суштество. Ни самиот Јов не беше имал толку масивно и испапчено чело, но роговите и безносноста и алигаторската вилица ги ставаа нештата надвор од сите воспоставени категории. Извесно време ја одмерував вистинитоста на мумиите, полусомневајќи се дека се вештачки идоли; но наскоро решив дека навистина се некој палеоген вид кој беше живеел кога безимениот град бил жив. Како круна на нивната гротескност, повеќето од нив беа велелепно зарубени во најскапа ткаенина и луксузно натоварени со китила од злато, џеваири и непознати сјајни метали.

Важноста на овие ползечки суштества мора да била масивна, зашто беа ставени на чело помеѓу разузданите дезени на фрескосаните ѕидови и таван. Со ненадмашлива вештина уметникот ги беше нацртал во некој нивен сопствен свет, кај што имаа градови и градини изработени да прилегаат на нивните димензии; и не можев да не помислам дека нивната насликана историја е алегорична, можеби покажувајќи го напредокот на расата која ги беше обожавала. Суштествава, си реков, им биле на луѓето од безимениот град она што волчицата му била на Рим, или што некој ѕверски тотем му бил на племе Индијанци.

Од ова гледиште, помислив дека можам грубо да ја проследам чудесната епопеја на безимениот град; сказна за моќен крајморски метропол кој владеел со светот пред Африка да се издигне од брановите и за неговите маки кога морето се повлекло и пустината долазила до плодната долина којашто го беше содржела. Ги видов неговите војни и тржества, неговите неволји и порази, а потоа неговата ужасна борба против пустината кога иладници од неговите луѓе - тука претставени алегорично преку гротескните рептили - биле приморани да си го издлабат патот кон долу низ карпите на некој извонреден начин до друг свет за којшто им беа кажале нивните пророци. Сѐ беше живописно бизарно и веродостојно и поврзаноста со стравотниот спуст кој го бев направил беше непогрешлива. Ги препознав дури и премините.

Како што лазев по коридорот кон посјајната светлина ги видов покасните етапи на насликаната епопеја - раскревањето на расата којашто десет милиони години беше домувала во безимениот град и околната долина; расата чии души стрпнале од оставање на местата кои телата толку долго им ги беа познавале, каде што се беа населиле како номади во земјината младост, делкајќи ги во девствените карпи тие првобитни светилишта во коишто никогаш не прекинале да обожаваат. Сега кога светлината беше подобра, поподробно ги разгледав сликите и споменувајќи си дека чудните рептили мора да ги претставуваа непознатите луѓе, се задумав за обичаите на безимениот град. Многу нешта беа сперливи и необјасниви. Цивилизацијата, која вклучуваше и пишана азбука, очевидно се беше издигнала до повисок ред од оние непресметливо покасни цивилизации на Египет и Халдеја, но сепак имаше своевидни изоставки. На пример, не можев да најдам слики кои ја претставуваа смртта или погребните обичаи, освен оние поврзани со војна, насилство и чуми; и се чудев на покажаната воздржливост во врска со природната смрт. Беше небаре некој идеал за земна бесмртност да бил негуван како ведра илузија.

Уште поблиску до крајот на преминот имаше насликани сцени со крајна сликовитост и одвишност; спротивставени погледи за безимениот град среде неговата напуштеност и растечки пустош и за чудното ново царство или рај до коешто расата си беше изделкала пат низ каменот. Во овие видици градот и пустинската долина секогаш беа претставени на месечина, со златен облак кој лебдеше над паднатите ѕидови откривајќи ја до некаде сјајната совршеност на дамните времиња, призрачно и недофатливо претставена од уметникот. Рајските сцени беа скоро преодвишни за верување; отсликувајќи скриен свет на вечен ден полн со величествени градови и неземни ридови и долини. При самиот крај како да видов знаци на уметнички антиклимакс. Сликите беа поневешти и многу побизарни од дури и најразузданите претходни сцени. Се чинеше дека бележат споро пропаѓање на древната лоза, споено со растечка јарост кон надворешниот свет од којшто пустината ја беше отерала. Формите на луѓето - секогаш претставени преку светите рептили - се чинеа дека постепено линеат, макар што нивниот дух прикажан како лебди над рушевините под месечината растеше во сооднос. Мршави свештеници, прикажани како рептили во накитена руба, го колнеа горниот воздух и сите кои го дишат; и една ужасна конечна сцена покажуваше навидум примитивен човек, можеби првенец од древниот Ирем, Градот на Столбови, расчеречен од членови на дамната раса. Се сетив дека Арапите се плашат од безимениот град и ми беше мило што надвор од просторијава сивите ѕидови и таван беа голи.

Како што ја гледав врвулицата на мурална историја се имав мошне приближено до крајот на нискотаванскиот ходник и станав свесен за голема порта низ којашто доаѓаше целата осветлувачка светлозрачност. Лазејќи до неа, извикав со надземна вчудовиденост од она што лежеше на другата страна; зашто наместо други и посветли одаи имаше само една безмерна небиднина од еднородна зрачност, како онаа која на човек би можела да му се пристори кога од Монт Еверест се испулува врз море од сончева магла. Зад мене имаше премин толку збиен што не можев да се исправам; пред мене имаше бесконечност на подземен болскот.

Протегајќи се прудолу од преминот кон понорот беше челото на стрмни скали - мали многубројни скали како оние на црните премини кои ги бев изодел - но по неколку стапки светлечките чуреи сѐ сокриваа. Широко очепатена врз ѕидот од левата страна на преминот беше една масивна врата од месинг, неверојатно дебела и украсена со фантастични барејлефи, која ако се затвореше можеше сиот внатрешен свет на светлина да го запечати од карпестите визби и премини. Ги погледнав скалите и не се осмелив уште одма да зачекорам по нив. Ја допрев отворената месингова врата и не можев да ја помрднам. Тогаш потонав спружувајќи се врз камениот под, а умот ми пламтеше со грамадни промислувања кои ни мртовечката премаленост не можеше да ги избрка.

Додека мирно лежев со затворени очи, слободно думајќи се, многу работи кои ги бев пропратно забележал во фреските ми се повратија со нова и ужасна значајност - сцени кои го претставуваа безимениот град во неговиот процут, зеленилото на долините одоколу и далечните земји со коишто тргувале неговите трговци. Алегоријата на ползечките суштества ме бунеше со нејзината универзална истакнатост и се чудев зошто е толку подробно проследена во една ваква сликовита историја од толкава значајност. Во фреските безимениот град беше покажан со размери складни за рептилите. Се прашував кои му биле вистинските размери и величественост и промислив на миг за извесни несекојдневности кои ги бев забележал во рушевините. Љубопитно помислив на нискоста на првобитните храмови и на подземниот коридор, кои несомнено така беа изделкани од сајгилак кон рептилските божества уважени таму; иако сосила ги тераа обожавачите да ползат. Можеби самите обреди беа содржеле ползења во подражавање на суштествата. Меѓутоа, никаква религиозна теорија не можеше лесно да објасни зошто рамниот премин во тој стравотен спуст беше низок колку и храмовите - или понизок, зашто во него човек не можеше ни да клекне на коленици. Додека мислев на ползечките суштества чии одвратни мумифицирани форми ми беа толку блиску, почувствував ново жегање на страв. Умствените поистоветувања знаат да бидат своевидни и се стресов од идејата дека освен кутриот прачовек расчеречен во последната слика, мојата беше единствената човечка форма среде многуте реликвии и симболи на првобитен живот.

Но како и секогаш во моето чудно и скитничко постоење, чудењето наскоро го истера стравот; зашто светлечкиот понор и она што би можел да го содржи претставуваше проблем достоен за најголемите истражувачи. Во тоа дека бизарен свет на мистерии се протега длабоко после тоа скалиште со сперливо мали скали воопшто не се сомневав и се надевав дека таму ќе ги најдам оние човечки паметници кои насликаниот коридор не беше успеал да ги приложи. Фреските отсликуваа неверојатни градови, ридови и долини од ова долно царство и мечтата ми се имаше задржано на богатите и масивни рушевини кои ме очекуваа.

Всушност, моите стравови беа во врска со минатото, наместо со иднината. Ниту телесниот ужас на мојата положба во тој збиен коридор на мртви рептили и претпотопни фрески, со милји под светот кој го знаев и соочен со друг свет на морничава светлина и маглина, не можеше да се мери со смртната закана која ја чувствував од безгазерната дамнина на сцената и нејзината душа. Древност толку масивна што мерење би било немоќно се чинеше дека се вргали од првобитните камења на во карпи издлабените храмови на безимениот град, додека најскорешните од запрепастувачките карти во фреските покажуваа океани и континенти кои човекот ги заборавил, со само ваму-таму по некој бледо познат контур. За што се беше случило во геолошките раздобја откако прекинуваа сликите и смртомразната раса огорчено му се беше потчинила на распадот, никој не би можел да каже. Вриело од живот на времето во овие пештери и во светлечкото царство по нив; а сега бев сам со живописни реликвии и треперев од помислата на небројните доби низ коишто реликвиите тивко и напуштено беа бдееле.

Одненадеж дојде уште еден налет на тој преизразен страв кој повремено ме беше обземал уште откако за првпат ја здогледав ужасната долина и безимениот град под ладната месечина и и покрај исцрпеноста трескавично срипав во седечка положба и зјапнав наназад низ црниот коридор кон тунелите кои се издигаа до надворешниот свет. Осетите ми беа налик оние кои ме имаа натерано да го одбегнам безимениот град навечер и беа необјасниви колку што беа и остри. Меѓутоа, во наредниот миг доживеав уште поголем потрес во форма на категоричен звук - првиот кој ја беше скршил немата тишина на овие гробнички длабини. Беше длабоко, тивко стенкање, како од далечен калабалак на осудени духови и доаѓаше од насоката кон којашто зјапав. Гласот забрзано му растеше и наскоро страшно одекнуваше низ нискиот премин, а истовремено станав свесен и за некаков растечки провев од ладен воздух, кој исто така протекуваше од тунелите и градот над мене. Допирот на овој воздух како да ми ја поврати рамнотежата, зашто веднаш си споменав за ненадејните налети кои надоаѓаа околу устието на понорот на зајдисонце и изгрејсонце, еден од коишто всушност и ми послужи да ми ги открие скриените тунели. Погледнав кон часовникот и видов дека ближи изгрејсонце, па се спремив да го искрепам орканот кој бришеше надолу кон својот пештерски дом како што беше бришел во приквечерината. Стравот повторно ми се намали, зашто природните појави обично ги растеруваат намрштените мисли за непознатото.

Сѐ полудо и полудо се истураше крескавиот, стенкав ноќен ветер во таа бездна на земјината внатрешност. Пак се спружив и попусто се счипчив за подот од страв да не сум изподуван низ отворената порта кон светлозрачниот понор. Не очекував таква јарост и како што почнував да сфаќам дека снагата всушност ми се лизга кон понорот ме кајдисаа илјада нови стравови на растревоженост и мечта. Злоќудноста на бранот разбуди неверојатни замисли; повторно трепетливо се споредив со единствениот друг човечки лик во тој стравотен коридор, човекот кој беше расчеречен од безимената раса, зашто во вражјото гребење на развителените струи се чинеше дека домува одмаздољубив бес уште позајачан од тоа дека во суштина беше бессилен. Мислам дека при крајот избезумено врескав - бев скоро полуден - но ако врескав, вресоците ми се изгубија среде пеколородниот џагор на разгрохотените ветерни ветроштини. Се обидов да ползам наспроти крвничкиот невидлив порој, но не можев ни на место да се додржам како што споро и неумоливо бев туркан кон непознатиот свет. Најпосле разумот мора да ми беше пукнал зашто фатив непрестајно да го бладам оној необјаснив куплет на лудиот Арап Алхазред, кој сонувал за безимениот град:


„Не е мртво она што да лежи вечно знае

и во раздобја чудни и смртта мртва може да е.“


Само смуртените, намрштени пустински богови знаат што навистина бидна - какво неописливо претање и пентерење во мракот бев преживеал или кој Абадон ме беше довел назад во живот, каде што морам секогаш да се сеќавам и треперам од ноќниот ветер додека заборав - или нешто полошо - не ме земе. Чудовишно, неприродно, титанско, беше нештото - преоддалечено од сите човечки идеји за да е веродостојно било кога освен во тивките, проклети ситни саати кога човек не може да заспие.

Реков дека јароста на силниот бран беше пеколна - какодемонијачка - и дека гласовите му беа одвратни со потиснатата свирепост на пусти вечности. Одеднаш тие гласови, иако сѐ уште хаотични пред мене, му се причинија на мојот оптоварен мозок дека зад мене заземаат разбирлив облик; и таму долу во гробот на дамнини мртви небројни раздобја, милји под зороосветлениот човечки свет, го чув грозоморното колнење и ‘ржење на чуднојазични врагови. Вртејќи се, го видов оцртано наспроти светлечкиот етер на понорот она што не можеше да се види наспроти примракот на коридорот - кошмарна орда на затрчани ѓаволи; омразоизобличени, во гротескна паноплија, полупровидни; ѓаволи од раса којашто никој не би ја погрешил - ползечките рептили на безимениот град.

И како што ветерот замре бев нурнат во гробождеронаселената црнина на земјината утроба; зашто зад последното од суштествата великата месингова врата ждринготна затворајќи се со заглушувачки ѕвекот на метална музика чии одеци се подуја кон далечниот свет во поздрав на изгрејното Сонце како што Мемнон го поздравува од бреговите на Нил.