Трагачите по ужас се врткаат низ чудни, далечни места. За нив се катакомбите на Птолемаида и изрезбарените мавзолеи на кошмарните земји. Се пентерат до од месечина осветлените кули на срушените замоци крај Рајна и се пореваат по црни запајажинети скалила под раштрканите камења на заборавените градови во Азија. Опседнатата корија и пустата планина им се светилишта и се маат околу зловестни монолити на ненаселени острови. Но вистинскиот сладокусец на ужасното, за кој новата еуфорија на некоја неизустлива грозоморност е челна цел и оправдание за сето битисување, најмногу од сѐ ги уважува древните, осамени куќи на зафрлените фарми во Нова Англија; зашто таму мрачните елемени на сила, самотија, гротескност и неукост се соединуваат во совршениот облик на одвратното.
Најужасни од сите се глетките на неваросани дрвени куќички отсечени од изгазени патишта, обично клекнати врз некоја мокра, тревна падина или навалени врз некој џиновски карпест издаток. Двесте години, па и повеќе кај се навалувале или клечеле, додека бршлените ползеле и дрвјата се дуеле и ширеле. Сега се скоро сокриени во безредни изобилства на зеленило и стражарски плаштови сенка; но прозорците со мали окна сѐ уште потресно зјапаат, небаре трепкајќи од смртоносна зашеметеност која го одбива лудилото со отапување на спомените за неизустливи нешта.
Во такви куќи домувале генерации чудни луѓе со табиети какви што светот нема ни видено ни чуено. Зафатени од мрки и фанатички верувања кои ги беа протерале од останатите од нивната сорта, нивните предци си ја побарале слободата во дивината. Таму, ластарите на една тржествена раса навистина процветале ослободени од ограничувањата на нивните врсници, но и се туткале под грозно ропство на стушените привиденија на своите умови. Развенчани од просветата на цивилизацијата, силата на овие пуританци зазела своеобразен тек; и во нивната одвоеност, морбиден самопотис и борба за живот против непокорната природа, им надошле мрачни, стаени особини од праисториските длабини на нивната студена северна прадедовина. Практични од нужда и строги од принцип, овој народ не бил личен во своите гревови. Грешејќи како што на сите смртници им е пишано, од нивното круто кредо биле приморани скришноста да ја ставаат пред сѐ друго; па почнале да имаат сѐ помалку и помалку исаф во она што го криеле. Само заќутените, заспани, зјапнати куќи во зафрлените предели би можеле да раскажат за сѐ што било запретано уште од раните дни; а нив не им се прави многу муабет, одошто непара би се оттргнале од дремливоста која им помага да заборават. Понекогаш на човек му доаѓа мисла дека би било милост ако овие куќи се разрушат, зашто сигурно често сонуваат.
До едно од години отепано здание со баш ваков опис бев изгонет едно попладне во ноември 1896, од дожд со толку ладна обилност што какво и да е засолниште ќе беше поарно од изложеност. Веќе извесно време бев патувал меѓу луѓето од мискатонската долина по потрага по извесни родописни податоци; и поради отсечената, заобиколна и проблематична природа на мојот пат, ми се виде згодно да се служам со велосипед и покрај касноста на годишното време. И така сега се најдов на навидум напуштен друм кој го бев избрал како најкусиот пат за Аркам, навасан од бурата на место оддалечено од секаква паланка и соочен со немање друго прибежиште освен античката и одбивна дрвена градба која со матни прозорци трепкаше од помеѓу два огромни безлисни брестови близу подножјето на еден карпест рид. Макар што беше далеку од останката од пат, куќата сепак ми остави немил впечаток уште од мигот кога ја здогледав. Чесни, угодни градби не зјапаат толку подло и потисно кон патници и низ родописните истражувања имав сретнато легенди од пред еден век кои ме направија пристрасен против вакви места. Но сепак силата на природата беше таква да би ми го совладала шубето, па не колебајќи се го потерав превозното средство по обраснатата височинка до затворената врата која се чинеше ем укажувачка ем таинствена.
Некако си бев зел здраво за готово дека куќата е напуштена, ама додека ѝ се приближував и не бев толку сигурен; зашто иако патеките навистина беа обраснати со плевели, се чинеше како малку предобро да си ја имаат задржано природата за да тврдат потполна парасаност. Затоа наместо да се обидам да влезам, зачукав, чувствувајќи истовремено некој беспокој кој непара можев да си го објаснам. Додека чекав на рапавиот, мовлест камен кој служеше како праг, се испулив кон соседните прозорци и окната на надвратникот над мене и забележав дека иако беа стари, расклапани и скоро непровидни од нечистотија, сепак не беа скршени. Значи, градбата мора да е населена и покрај нејзината отсеченост и општа запоставеност. Меѓутоа, моето тропање не побуди одговор, па откако го повторив повикот се фатив за ‘рѓосаното резе и увидов дека вратата е незамандалена. Внатре имаше малечко претсобје со ѕидови од коишто малтерот се лупеше и низ вратата се осеќаше некоја слаба, но сперливо ненавистна миризба. Влегов, водејќи го велосипедот со мене и ја затворив вратата зад себе. Пред мене се издигаше стрмно скалиште на чија страна имаше мала врата која најверојатно водеше до визбата, а од лево и десно имаше затворени врати кои водеа до соби на приземјето.
Потпирајќи си го точакот на ѕидот ја отворив вратата од лево и преминав во мала нискотаванска одаја саде притулено осветлена од два правливи прозорци и опремена на најскуден и најпримитивен можен начин. Се чинеше како да е некаква дневна соба, зашто имаше маса и неколку столови и огромен камин над којшто чукаше антички часовник врз наткаминската полица. Од книги и хартии имаше многу малку и во преовладувачката мрачнина не можев лесно да им ги распознаам насловите. Она што ме заинтересира беше еднородниот израз на архаичност кој беше прикажан во секоја видлива подробност. Кај повеќето куќи од овој предел бев затекнал богатства на реликвии од минатото, но тука антиката беше своевидно потполна; зашто во целата соба не можев да откријам ниту еден предмет од категорично постреволуционерен датум. Да беше покуќнината понескромна, местото ќе беше колекционерски рај.
Додека го иследував ова старовремско живеалиште, почувствував растење на онаа одбивност која за првпат ми се побуди од тмурната надворешност на куќата. Што точно беше она од коешто се плашев или коешто го презирав, во никој случај не можев да одредам; но нешто во севкупната атмосфера препсаше на неосветена старост, на непријатна вулгарност и на тајни кои треба да се заборават. Ми беше шубе да седнам и се рашетав испитувајќи ги разновидните предмети кои ги бев забележал. Прва мета на љубопитноста ми беше една книга со средна големина положена врз масата која оставаше толку претпотопен впечаток што се чудев дека ја гледам надвор од музеј или библиотека. Беше повезана со кожа со метален опков и беше во одлична состојба на зачуваност; при што изгледаше како некој том кој би било необично да се сретне во едно толку оскудно жилиште. Кога ја отворив на насловната страница зачуденоста уште повеќе ми се засили, зашто се покажа дека е ни помалку ни повеќе туку реткиот приказ на Пигафета за регионите во Конго, напишан на латински од белешките на морнарот Лопез и испечатен во Франкфурт во 1598. Често имав слушано за ова дело и неговите своевидни илустрации на браќата Де Бри, па така за миг си го заборавив немирот од желбата да ги разлистам страниците пред мене. Гравурите беа навистина интересни, нацртани единствено од сеќавања и непромислени описи и претставуваа црнци со бела кожа и кавкаски одлики; па не ќе ја затворев книгата за брзо, ако една прекумерно банална околност не ми ги вознемиреше изморените живци и не ми го оживееше осетот на растревоженост. Она што ме сакалдиса беше само настојниот начин на којшто томот тежнееше да се отвора самиот по себе на „Плоча XII“, која со грозна подробност прикажуваше касапница на човекојадните Анзикунци. Ми надојде малку срам од осетливоста кон една олку неважна работа, но цртежот сепак ме вознемири, особено во врска со некои гранични пасуси каде што се опишуваше анзикунската гастрономија.
Ѝ се имав свртено на една соседна полица и ја разгледував нејзината трошна книжевна содржина - Библија од осумнаесеттиот век, „Патот на христијанинот“ од истиот период илустрирана со гротескни дрворези и испечатена од издавачот на алманаси Исаија Томас, скапаната грамада на „Магналија кристи американа“ на Котон Мадер и уште неколку други книги со навидум иста старост - кога вниманието ми го привлече непогрешливот звук на чекорење во собата над мене. Најпрво вчудовиден и штрекнат, со оглед на недобивањето одговор на доскорешното чукање на вратата, веднаш потоа заклучив дека шетачот штотуку се има разбудено од цврст сон; и помалку изненаден слушав како стапките се гласеа врз крцкавите скали. Газењето беше тешко, но сепак како да содржеше некоја своевидна особина на претпазливост; особина која уште повеќе не ми се бендиса одошто газењето беше тешко. Кога влегував во собата ја бев затворил вратата зад себе. Сега, по миг тишина за време на којшто шетачот можеби ми го испитуваше велосипедот во ходникот, чув паркање на резето и видов како порталот со паноа повторно се очепатува.
На вратата стоеше личност со толку своеобразна појава што гласно ќе извикав да не бев зауздан од добро воспитување. Стар, белобрад и парталав, мојот домаќин имаше лика и снага кои подеднакво поттикнуваа и чудење и почит. Висината не можеше да му е помала од шест стапки и и покрај општиот израз на старост и сиромаштија беше цврст и снажен во пропорциите. Лицето, скоро сокриено од долга брада која му расеше од високо на образите, му се чинеше абнормално румено и понезбрчкано одошто човек би си помислил; а преку високото чело паѓаше клопче бела коса едвај проретчена од годините. Сините очи, макар што малку крвјосани, му се чинеа необјасниво остри и распламтени. Да ја немаше ужасната несреденост човекот ќе изгледаше угледно колку што изгледаше и впечатливо. Меѓутоа, таа несреденост го правеше одбивен и покрај лицето и фигурата. Од што му се состоеја алиштата едвај можев да препознаам, зашто ми се чинеа саде џбун партали квакнати над чифт високи, тешки чизми, а недостигот на чистота му надминуваше секаков опис.
Појавата на човеков и нагонот на страв кој го поттикнуваше, ме подготвија за некакво непријателство; па скоро и затреперив од изненаденост и чувство на необјаснив несклад кога ми мавна кон една столица и ми се обрати со тенок, слаб глас полн со понизна почит и умилкувачко гостопримство. Говорот му беше многу своевиден, една екстремна форма на јенкиски дијалект кој си мислев дека уште од одамна е искоренет; и внимателно го заслушав проучувајќи го додека седнуваше наспроти мене за муабет.
„Те вате дождо, а?“ ме поздрави. „Арно шо си се погодил близу кујчава и шо с’имал мукает да влејш. Анџак сум спијал инаку че те слушнеф - не сум млат ко шо беф на времето, па ми се присакуа да си дремнам чат-пат. За ка’ ојш? Не сум виѓавал ногу нарот наваке от ко ја запреја кочијата за Аркам.“
Му одговорив дека одам за Аркам и му се извинив за непоканетото влегување во неговата бина, при што продолжи.
„Добро ми дојде челеби - во местово ногу ноф нарот не гази, па одамна сум немал некој да дој да м’израдува. Санким од Бостон си, а? Не сум бил, ама одма се гле' грацки чоек ко че го видиш - имафме еден за даскал во санџакоф во осумдесфтора, ама наеднаш напушти и никој појче очи не му виде -“ Тука старецот потона во некакво кикотење и не се дообјасни кога го запрашав. Се чинеше дека е во изобилно добро расположение, но дека ги поседува ексцентричностите кој човек можеше да му ги претпостави од тоалетата. Извесно време дрдореше со скоро трескава друштвеност, кога ми текна да го прашам од каде му е една толку ретка книга како „Регнум Конго“ на Пигафета. Учинокот на тој том ме немаше напуштено и чувствував извесна колебливост да зборувам за него; но љубопитноста ми надвладеа над сите магливи стравови кои полека ми се имаа наталожено откако за првпат ја здогледав куќата. За среќа, прашањето не се покажа како незгодно; зашто старецот ми одговори слободно и зборливо.
„А, тој афричкио тефтер? Реисо наш Ебенизер Холт ми го даде во трампа во шеесосма - тој во војната шо загина.“ Нешто во името Ебенизер Холт ме натера секавично да го кренам погледот. Го имав сретнато низ родописната работа, но не и во записи по револуцијата. Се запрашав дали мојот домаќин може да ми помогне во задачата со којашто бев зафатен и се решив да го запрашам за ова малку покасно. Човекот продолжи.
„Ебенизер со годиње работеше на тргоечка гемија од Салем и од секо’ пристаниште имаше собрано по некој чуден шеј. Ова сетики му беше од Лондон - ќеф му беше да пазари по дујчани. Беф еднушка ојден кај него ф кујча, на ридо, да пазариме којни, па го видоф тефтероф. Сликиве ми го напраја мерако, па ми ја даде во трампа. Чуден тефтер е - чеј, да си клам ѕрцалата -“ Старецот потарашка низ парталите, вадејќи чифт нечисти и неверојатно антички очила со мали осмоаголни стакла и челични оквири. Ставајќи ги, посигна по томот на масата и милно ги разлиста страниците.
„Ебенизер моеше да пеј по нешчо од ова - латински е - ама ја не мом. Два-три даскали ми има’ читано по нешчо, а и парохо Кларк, тој шо велеа дека с’удајл в езеро - ти дан’ се разбираш?“ Му кажав дека се разбирам и му преведов еден параграф од почетокот. Ако промашив нешто, не беше доволно стручен да ме поправи; зашто се чинеше задоволен небаре дете од мојата англиска верзија. Блискоста веќе му стануваше мошне безобѕирна, но не најдов начин како да ја избегнам без да го навредам. Детската радост на овој неук старец од слики од книга која не може да ја прочита ме поднасмеа и се запрашав колку подобро ли може да ги прочита неколкуте книги на англиски што ја украсуваа собата. Ова откровение на простоумност ми го отстрани поголемиот дел од лошо оправданата растревоженост која ја бев почувствувал, па се насмевнав додека мојот домаќин дрдореше.
„Чудна работа е како мож чоек да се задума вака од слики гледајне. Еве глеј ја ова’ напрет. Си вишол некош такви дрвја - со толкај листој да се пафта’ угоре-удолу? И овие лујџево - не че да се црнчуги - види ги, шо ѕверки че да беа. Сетики ко некој индијанци - ама во Африка. Некој лича на мајмуни или пола мајмуни пола лујџе, ама не сум чул за неш’о ко ова овде.“ Тогаш покажа кон едно баснословно создание на уметникот, кое можеше да се опише како некој змеј со глава на алигатор.
„Ама чеј да ја ви’иш најубата - тука во срединава -“ Говорот на старецот стана малку подебел и очите му придобија посветол жар; но растарашканите раце, иако навидум понесмасни од претходно, беа потполно пригодни за задачата. Книгата се отвори, скоро сама по себе и како од често вртење на тоа место, на неугодната дванаесетта плоча која ја прикажуваше касапницата на анзикунските човекојадци. Чувството на беспокој ми се врати, иако не го изложив. Особено бизарно беше тоа што уметникот ги беше направил африканците да му личат на белци - краците и расчеречените трупови кои висеа по ѕидовите на дуќанот беа грозоморни, додека касапот со неговата секира беше одвратно нескладен. Но се чинеше дека на мојот домаќин му се прави мерак од глетката онолку колку што мене ми се гадеше.
„Шо че кажиш з’ова - не си вишол ваква работа кај нас, а? Ко го видоф, му рекоф на Ед Холт „Е ова е работа за чоек да го загаделичка крфцата!“ Ко че ја читаф Библијата кај шо се кажува за отепуејне - ко тие мидијанците шо ги отепале - ми идеја мисли во глата ама па немаф слика. Овде чоек мож да види сѐ шо е за гледање - сетики греф е, ама лели сите сме родени и живејме в греф? - Овој распарчениоф секош мe загаделичка ко че го загледам вака - не можам да му се изнагледам - глеш касапо како му ги има пресечено нојзте? Ете му ја и глата на тезгето, со едната рака до нејзе, а другата наземи до трупецо за сечејне.“
Како што човекот продолжи да мумла во потресен занес изразот на брадестото лице со ѕрцала му стана неопислив, но гласот му потона наместо да му се повиши. Мојот сопствен осет непара може да се запише. Сиот терор кој претходно помрачено го имав почувствувано, активно и живописно ми нагрвали и знаев дека со бесконечна јачина го презирам древното и ненавистно суштество толку блиску до мене. Неговото лудило или барем неговата делумна извитопереност, се чинеше вон секаков сомнеж. Сега скоро и шепотеше, со засипнатост пострашна од секој вресок, па треперев додека го слушав.
„И ти викам, чудна работа е како мојш од слики вака да си се задумаш. Да ти кажам право челеби, ова’ овде мене ногу ме аресва. Отк’о ја зедоф книгата од Еб севезден ја гледаф, а најмногу ко че го слушаф парохо Кларк кајтуку јачи секо' недела со то’ периката волка’ на него. Еднушка се пробав да сторам еден ниет шо не беше многу чешит - полека, челеби, не плаши се де - нието ми беше само да ја погледам сликава тро пред да заколам офца за на пазар - некако појче ќеф ми праеше колење офци отк’о че ја погледав сликава -“ Тонот на старецот сега потона многу ниско, понекогаш станувајќи толку слаб што едвај му се слушаа зборовите. Го слушав дождот и ѕвекотот на матните прозорци со мали окна и го приметив баботот на претстојни грмежи мошне невообичаени за тоа годишно време. Во еден наврат, стравотен блесок и татнеж до темели ја протресе кревката куќа, но шепкачот како ништо да не забележа.
„Појче ќеф ми праеше колење офци така - ама да ти кажам, не ме зајазуваше некако. Чудна работа е ко че те вати стрвос за нешчо - Жити Госпо челеби не му каж’вај на никој, ама во Бога со колнам дека сликава ме настрви за јадачка шо не мо’ев да ја изранам или пазарам - потро де, потро, шо те боди? - Нишчо не напрајф, само се задумаф како че беше да напраеф - Вела’ дека месото ја крепело крфта и снагата и ти давало ноф живот демек, па се запрашав јали чоек би живеел подолго и подолго ако е исто ко негото -.“ Но шепкачот не успеа да продолжи. Прекинот не беше предизвикан од мојот уплав ниту од брзото надоаѓање на бурата среде чија јарост потоа ги отворив очите кон зачадена самотија на саѓосани урнатини. Беше предизвикан од многу едноставна, но до некаде необична случка.
Отворената книга лежеше меѓу нас врз масата, со сликата одбивно зјапната нагоре. Како што старецот ги прошепоти зборовите „исто ко негото“ се чу удар на мал плисок и нешто се појави на пожолтената хартија од отворениот том. Помислив на дождот и на дупки во покривот, но дождот не е црвен. Врз касапницата на анзикунските човекојадци сликовито засјаа една мала црвена прсканица, придавајќи му живописност на ужасот на гравурата. Старецот ја виде и престана да шепоти дури и пред мојот израз на ужас неопходно да го натера на тоа; ја виде и бргу погледна кон подот на собата којашто еден час претходно ја беше напуштил. Му го проследов погледот и врз раздробениот малтер на древниот таван веднаш над нас здогледав голема неправилна дамка од мокар крмуз која како да се ширеше додека ја гледав. Ниту се издрав ниту се мрднав, туку само си ги затворив очите. Уште наредниот миг налета таа титанска ровја над ровјите; разнесувајќи ја таа клета куќа на неизустливи тајни и носејќи ми заборав кој единствено ми го спаси умот.