Глас на разумот II - Полиграматон

Глас на разумот II

 

I

 

„Гералт.“

Ја крена главата, скорнат од сон. Сонцето веќе беше издигнато и силно пушташе заслепувачки златни зраци низ капакот на прозорот, продирајќи до одајата со пипци на светлина. Ведарот си ја стави раката над очи во непотребен, инстинктивен рефлекс од кој никогаш не беше успеал да се одучи – сепак, сѐ што требаше да направи е да си ги собере зениците во вертикални засеци.

„Касно е,“ рече Ненеке, отворајќи го капакот на прозорецот. „Си се успала Иола, ајде заминувај. Да те нема.“

Девојката наеднаш стана и се навали од креветот да си ја земе мантијата од подот. На рамото каде што ѝ беше била устата, Гералт почувствува линија ладна плунка.

„Чекај...“ несигурно рече. Таа го погледна и бргу се сврте.

Се имаше сменето. Во неа веќе немаше останато ништо од русалката, ништо од блескавото сениште со мирис на боливач коешто беше била во мугрите. Очите ѝ беа сини, не црни. И имаше пеги – на носот, по вратот, на рамената. Пегите мошне добро ѝ стоеја; и ѝ прилегаа на тенот и на црвеникавата коса. Но не ги беше видел во мугрите кога му се јави како сон. Со срам и жалост, сфати дека чувствува презир кон неа, презир дека не беше останала само сон, и дека никогаш нема да си прости за таа жалост.

„Чекај,“ повтори. „Иола... Сакав...“

„Не ѝ зборувај Гералт,“ рече Ненеке. „И бездруго нема да ти одговори. Ајде оди, Иола. Поитај ќерко.“

Девојката, завиткана во мантијата, се затетерави кон вратата, плескајќи со голите нозе врз подот – насекирана, вцрвенета, несмасна. Веќе со  ништо не го потсеќаше на...

Јенифер.

„Ненеке,“ рече, посигајќи по кошулата. „Се надевам дека не ѝ си лута што... Нема да ја казниш, нели?“

„Будала,“ фркна свештеничката доближувајќи се до креветот. „Си заборавил каде си. Ова ниту е дом на испосници ниту е манастир. Храмот на Мелителе е. Нашата божица не им брани на свештеничките... ништо. Скоро ништо.“

„Ми забрани да зборувам со неа.“

„Не ти забранив. Само ја посочив бесцелноста на тоа поради молкот на Иола.“

„Што?“

„Не зборува зашто има земено завет. Тој ѝ е како жртва низ којашто... ах, зошто да ти објаснувам и онака нема да разбереш. Нема ниту да се обидеш да разбереш. Ти го знам погледот кон религиите. Не, не се облекувај. Сакам да видам како ти заздравува вратот.“

Таа седна на работ на креветот и вешто го одвитка ленениот завој цврсто завиткан околу вратот на ведарот. Усните му се смрштија од болка.

Штом беше пристигнал во Еландер, Ненеке ги извади грубите дебели конци од коноп со кој го имаа зашиено во Визим, ја отвори раната и повторно ја преврза. Исходот беше јасен: пристигна во храмот скоро излечен, макар малку вкочанет. Сега повторно беше болен и во болки. Но не се бунеше. Ја знаеше свештеничката со години и знаеше колку многу се разбира во екимлак, колку богата и сеопфатна ѝ е спицаријата. Лекувањето во храмот на Мелителе можеше да биде само од корист.

Ненеке ја опипа раната, ја изми и почна да пцуе. Тој веќе напамет ја имаше научено, зашто почна уште од првиот ден и никогаш не пропушташе да се туфка кога ќе ги видеше спомените оставени од ноктите на принцезата на Визим.

„Страшна работа! Да дадам една обична стрига да ме расече! Мускули, тетиви – за влакно и картоидната артерија ќе ти ја закачела! Мелителе да брани, Гералт, што се случува со тебе? Како успеа толку да ти се доближи? Што сакаше да ѝ правиш? Да ѝ се качиш?“

 Тој не одговори, туку само се поднасмевна.

„Не туку се клешти како недоветен.“ Свештеничката стана и зеде торба со завои од ковчегот со прегради. И покрај нејзината тежина и низок раст, се движеше спретно и грациозно. „Ваква работа не е за смеење. Ги губиш рефлексите, Гералт.“

„Претеруваш.“

„Воопшто не претерувам.“ Ненеке размачка зеленикава кал што остро мирисаше на еукалиптус врз раната. „Не требало да си дозволиш да те рани, но си дозволил, и тоа многу тешко. Дури и смртно. И дури и со твоите исклучителни моќи на заздравување ќе поминат месеци пред вратот да ти е целосно подвижен. Те опоменувам, не покушувај да се бориш против пргави противници за тоа време.“

„Фала за опомената. Можеби можеш да ми дадеш и совет: од што да живеам јас во меѓувреме? Да соберам неколку девојки, да купам кочија и да отпочнам патувачка куќа на разврат?“

Ненеке ги крена рамената, преврзувајќи му го вратот со брзи, умешни движења на нејзините полнички раце. „А треба да ти давам совети и да те учам како да живееш? Да не сум ти мајка? Ете така. Може да се облечеш. Те чека појадок во маѓерницата. Побрзај или ќе останеш сам. Не мислам до пладне да ми седат девојките в кујна.“

„Каде да те најдам покасно? Во светилиштето?“

„Не.“ Ненеке стана. „Не во светилиштето. Добредојден гостин си тука, ведару, но немаш работа во светилиштето. Прошетај се. А за наоѓање, јас сама ќе те најдам.“

„Арно.“

 

II

 

Гералт по четврти пат се прошета по алеата со тополи која водеше од портата на жилиштата до светилиштето и кругот на главниот храм кој се претопуваше во остри карпи. По кратко двоумење се реши да не се врати под стреата и се сврте кон градините и плевните, нивите. Едночудо свештенички, облечени во сиви работни престилки ‘рмбаа корнејќи плевели и хранејќи ги птиците во кокошарниците. Повеќето беа млади или многу млади, уште деца. Некои го поздравија климајќи со глава или насмевнувајќи му се како што минеа. Им одговараше на поздравите, но не препознаваши ниедна од нив. Иако често го посетуваше храмот, еднаш, понекогаш дури и двапати годишно, никогаш не гледаше повеќе од три или четири познати лица. Девојките доаѓаа и си одеа, станувајќи пророчици во други храмови, бабици и екимки кадри во болести на жени и деца, скитачки друиди, учителки или воспитувачки на деца. Но никогаш немаше недостиг на нови свештенички кои пристигаа од секаде, дури и од најдалечните предели. Храмот на Мелителе во Еландер беше добро познат и прославен, а и со право.

Култот на Мелителе беше еден од најстарите и на времето, еден од најраспространетите култови уште од памтивек, од пред човечки времиња. Скоро сите предчовечки раси и сите првобитни номадски човечки племиња уважуваа божици на жетвата и плодноста, заштитнички на земјоделците и бавчанџиите, свети покровители на љубовта и бракот. Многу од овие религии се сплотуваа и се спојуваа во култот на Мелителе.

Времето, коешто беше мошне безмилосно кон останатите религии и култови, скоро целосно заградувајќи ги во заборавени, ретко посетувани храмови и светилишта закопани помеѓу градските градби, се беше покажало како милостиво кон Мелителе. Не ѝ фалеа ниту следбеници ниту мецени. Учените луѓе кои го проучуваа овој феномен ја објаснуваа популарноста на божицата преку старите првобитни култови на Големата Мајка, Мајката Природа, и посочуваа кон врски со циклусите на природата, со преродбата на животот и други високопарно именувани феномени. Пријателот на Гералт, трубадурот Јастребин, кој сакаше да го знаат како познавач на секое можно поле, бараше поедноставно објаснување. Култот на Мелителе, слутеше тој, беше типичен женски култ. Сепак, Мелителе беше свет покровител на плодноста и раѓањето, и заштитничка на бабиците. А жена што се пораѓа мора да вика. Настрана од вообичаените врисоци, чијашто содржина обично се жолчни ветувања дека веќе никогаш во животот нема да му се даде на ниту еден простак, жена што се пораѓа мора да повика и некоја божица напомош, и Мелителе беше баш како по мерка. И бидејќи жените раѓале, раѓаат и ќе продолжат да раѓаат, божицата Мелителе, докажуваше поетот, не мора да се грижи за својата популарност.

„Гералт.“

„Ти си била, Ненеке. Те барав.“

„Мене?“ Свештеничката го погледна потсмешливо. „Не Иола?“

„И Иола,“ призна. „Имаш нешто против?“

„Во моментов, да. Не сакам да ѝ пречиш и да ѝ го одвлечеш вниманието. Мора да се спреми и да се моли ако сакаме да бидне нешто од трансот.“

„Веќе ти кажав,“ рече тој ладно. „Не сакам транс. Мислам дека таков транс нема никако да ми помогне.“

„А јас пак“, се подискриви Ненеке, „мислам дека таков транс нема никако да ти наштети.“

„Не можете да ме хипнотизирате, отпорен сум. Страв ми е за Иола. Може да е преголем напор за духопосредник.“

„Иола не е духопосредник ниту умоболен јасновидец. Тоа девојче ја има наклонетоста на божицата. Не туку ми се криви со лицето. Ти кажав дека познати ми се твoите погледи кон религијата, никогаш не ми пречеле многу и несомнено ни во иднина нема да ми пречат. Не сум фанатик. Твое право си е да веруваш дека над нас владее Природата и Силата скриена во неа. Можеш да мислиш дека боговите, вклучувајќи ја и мојата Мелителе, се само олицетворение на оваа сила измислени од малоумници за да можат подобро ја разберат и да го прифатат нејзиното постоење. Според тебе, таа сила е слепа сила. А мене, Гералт, верата ми дозволува да го очекувам од природата она што мојата божица го олицетворува: ред, закон, добрина. И надеж.“

„Знам.“

„Ако знаеш, зошто толку си се стрелушил од трансот? Од што се плашиш? Дека ќе те натерам да си ја чукаш главата врз подот пред некоја статуа и да пееш свети распеви? Гералт, само ќе поседиме на некое време заедно, ти, јас и Иола, и ќе видиме дали дарбата на девојката ќе ѝ даде да прогледа во вителот на сили кој те опкружува. Можеби ќе откриеме нешто што вреди да се знае. Или можеби ништо нема да откриеме. Можеби моќите на судбината кои те опкружуваат нема да сакаат да ни се покажат, ќе останат скриени и неразбирливи. Не знам. Но зошто да не се обидеме?“

„Затоа што нема смисла. Не сум опкружен од вители на судбина. А и да бев, за кој ѓавол да ги чепкам?“

„Гералт, болен си.“

„Сакаш да кажеш повреден.“

„Знам што сакам да кажам. Нешто не е во ред со тебе, можам да почувствувам. Сепак, те знам уше од малечок, кога те запознав, до појасот ми беше. А сега ми се чини како да се вртиш во некој проклет вртлог, заплеткан, врзан во јамка која полека се стега. Сакам да знам што се случува. Сама не можам, морам да се потпрам на дарбата на Иола.“

„Зар не сакаш предлабоко да чепкаш? Чуму ти метафизика? Ако сакаш, ќе ти се доверам. Ќе ти ги исполнам вечерите со сказни од сѐ повчудовидувачки случки од изминативе години. Дај еден бокал пиво за да не ми се исуши устава и може уште денес да почнеме. Но се плашам дека ќе ти здодеам зашто во нив нема да најдеш јамки и вители. Само обични ведарски сказни.“

„Радо ќе ги послушам. Но трансот, пак ќе ти кажам, нема да ти наштети.“

„А не мислиш,“ се насмевна тој, „дека мојот недостиг на вера во трансот ќе ја поништи неговата цел?“

„Не, не мислам. А знаеш зошто?“

„Не.“

Ненеке се навали и го погледна в очи, со чудна насмевка врз бледите усни.

„Затоа што би било прв доказ за којшто сум чула дека недостигот на вера може да има некаква моќ.“