Македонски поимник за Dungeons & Dragons - Полиграматон

Македонски поимник за Dungeons & Dragons

За поимникот

Овој поимник е создаден за да им овозможи на оние кои сакаат да играат Dungeons & Dragons на македонски јазик да можат да го направат тоа без да губат време ровајќи низ речници и енциклопедии во потрага по преводи на зборови кои досега ги среќавале само на англиски.

Меѓутоа, одошто скоро и да не постои термин од жанрот на фантастиката кој не е употребен во колосалната терминологија на Dungеons & Dragons, овој труд на некој начин претставува и најголемиот англиско-македонски речник на термини од фантастиката воопшто, па како таков би им користел и на сите преведувачи и писатели во овој жанр славен по преведувачките и зборообразувачките сопки кои им ги става на творците.

Моментално, поимникот содржи над 8200 термини.

За преводите
или
Solve et Coagula

„Solve et Coagula“ (Разложи и згрутчи) е алхемичарско гесло што значи дека за да се создаде нешто ново најнапред треба да се разгради старото и неговите прочистени делови потоа повторно да се згрутчат во нова целина. Ова е водечкото начело на секој добар превод.


Главниот пристап при одлучување кои поими ќе се преведат, а кои само ќе се транскрибираат беше: ако поимот е составен од елементи што значат нешто на англиски, дури ако истите се архаични или ретко употребувани, поимот се преведува на македонски, а ако поимот нема лесно одгатливо англиско значење или ако во неговиот состав се содржат неанглиски зборови или елементи, односно ако не е наумен да биде разбран на англиски од неговите составни елементи, поимот само се транскрибира. Примери за првиот тип поими се: „Dragonborn“ - „змејородец“, „Elemental“ - „стихиец“, „Lickspittle Kobold“ - „коболт лиживаган“, „Blackscale“ - „каракрлушкар“ итн, а за вториот: „Tiefling“ - „тифлинг“, „Slaad“ - „слаад“, Gremishka“ - „гремишка“ итн. Постојат и мал број поими кои се ниваму-нитаму, бидејќи се составени од повеќе елементи од коишто само некои имаат лесно препознатливо англиско значење. На пример, во „Shortholt“, значењето на „short“ е очигледно, но не и она на „holt“ (мала шумичка, шумјак). Овие термини најчесто ги преведував целосно само ако можам да најдам македонски збор кој е подеднакво необичен или опскурен колку и англискиот. Во спротивно, опскурните англиски елементи само ги транскрибирав. За среќа, скоро и да немаше случај каде што лексиконот на македонскиот јазик ме остави на цедило. На пример, за „Shortholt“, иако „шумјак“ го поседува истото значење како и „holt“, не ја поседува истата опскурност, односно е премногу секојдневен збор за да би бил соодветен, но затоа го имаме зборот „лаг“ кој не само што го поседува потребното значење туку и потребната опскурност, па имаме „Кусолаг“.

Така, стилот на преводите настојува да го пренесе не само значењето на англиските зборови (што е лесно), туку и нивната литературна вредност, звучност и тон (што е значително потешко). Особено е земено предвид и дали англискиот збор е секојдневен, ретко употребуван, двосмислен, архаичен, измислен итн. Кога за некој англиски поим подеднакво беше соодветeн и современиот и архаичниот македонски збор, често (иако не секогаш) го одбирав архаичниот, сметајќи дека со тоа ќе се зачува општиот тон и атмосфера на играта (пр. „ловџија“ наместо „ловец“, „арамија“ наместо „крадец“ итн). Истовремено настојував да ја намалам употребата на интернационализми во корист на „чисто македонски“ зборови (пр. „костур“ наместо „скелет“, „поход“ наместо „кампања“ итн.). Сепак, во ситуации каде сметав дека таквиот пристап би предизвикал непотребна забуна, се одлучував за интернационализмот (на пр. „акција“ наместо „чин“ или „делување“).

Особено внимание посветив и на тоа да се држам што е можно понастрана од описни преводи, обидувајќи се наместо тоа да го намерам единичниот збор за нештото. На пример во „Darkhaft“, елементот „haft“ е англиски архаизам за „дршка од секира“, па наместо да го преведам како „мрачна дршка од секира“ или да капитулирам со транскрипција, го употребив зборот „сап“, македонски архаизам кој исто така значи „дршка од секира“ и така имаме „мракосап“. Друг пример е „Beastmaster Conclave“, преведен како „Sверовладарски синод“ наместо „Синод на ѕверски владари“.

При пренесувањето на фолклорните суштествата, гледав дали суштеството постои во нашиот или поширокиот словенски фолклор или дали има друго суштество кое е доволно слично на него. Ако е така, употребен е тој термин. Меѓутоа, при ваквото прилагодување земено е предвид и тоа дека во светот на DnD има доста словенски суштества кои постојат и сами по себе, па поради ова не можат да се употребат како пандани, за да би се избегнала употребата на истиот збор за две (или повеќе) различни суштества. На пример, иако „ламја“ би бил сосема соодветен превод за „Dragon“, во случајов не може да се употреби, бидејќи во DnD постои и самото суштество „Lamia“ за кое треба да го резервираме зборот „ламја“. Друг пример е „караконџула“ што обично би било превод за „Hag“, но во случајот го имаме и суштеството „Kallikantzaros“, од каде што потекнува тој збор, па „караконџул“ го резервираме за него, додека „Hag“ го преведуваме како „џадија“ - злобна, грда жена, вештерка. Исклучок на ваквиот пристап направив единствено кај „Vila“ што е преведено како „стија“ - синоним за „самовила“, одошто одамна одлучив дека „вила“ е најсоодветниот превод за „elf“ (наскоро ќе објавам есеј на темава) па го резервирав за таму.

Од друга страна, во случаи каде суштеството ниту постои во нашиот или поширок словенски фолклор ниту има суштество кое би било соодветна замена и чије име може да се употреби, името е само транскрибирано (пр. „Goblin“ - „гоблин“, „Jack-in-Irons“ - „Џек-ин-ајронс“, „Kelpie“ - „келпи“ итн.). Треба да се има наум дека најголемиот број суштества во DnD не се фолклорни туку се измислени за играта и како такви најчесто спаѓаат во категорија на поими кои треба да се преведат. Интересен случај е „Hooden Horse“, суштество крстено по маска/реквизит која се користи во стариот јужноанглиски божиќен обичај со пагански корени, „hoodening“, што е многу сличен со нашето „василичарење“. Така, иако строго гледано не се работи за истата работа, сметав дека двата обичаи со толку слични, што преводот „василичарски коњ“ е соодветен за да се долови смислата. Исто така, при преводот на суштествата, за да ги направам да звучат „помакедонски“, се трудев најчесто да ја користам наставката „ник“ за сметка на „ач“, бидејќи истата е доста препознатлива како наставка во имињата на суштествата од словенскиот фолклор (водник, лесник, расковник итн). Па така „Aeorian Absorber“ е „ајориски впивник“ наместо „ајориски впивач“. Макар што користев и други наставки, како кај „Elemental“ - „стихиец“.

Во терминологијата на DnD се среќаваат и зборови кои начелно се синоними, но кои во играта означуваат експлицитно различни работи (пр. „spell“ наспроти „magic“, „wizard“ наспроти „sorcerer“, „force“ наспроти „compel“, „meremaid“ наспроти „siren“, „envocation“ наспроти „invocation“ итн), па истото е отсликано и во преводите (пр. „магија“ наспроти „волшепство“, „волшебник“ наспроти „маѓепсник“, „присили“ наспроти „принуди“, „морјанка“ наспроти „сирена“, „призивање“ наспроти „епиклеза“ итн). Еден од поинтересните случаи е „attercroppe“ наспроти „ettercap“, две ретки варијанти на „attercop“ (првата постара, втората дијалектална), збор кој и сам по себе е многу архаичен и значи „пајак“ (буквално „отровноглавец“). Друг случај се различните термини за змејови, односно „Dragon, Drake, Wyrm, Wyvern, Lamia, Ala, Zmey, Gorynych“ и подрасата „Draconian“, преведени како „змеј, дракон, аждер, виверн, ламја, ала, змев, горинич“ и „драконец“.

При преведувањето на ваквите (а и на сите други) термини постигната е скоро совршена доследност и зборовна моногамија, односно, секој англиски збор е преведен исто во сите наврати каде што е употребен (освен во неколку исклучоци каде што контекстот или звучноста налага поинаков пристап) и скоро и да нема македонски збор што е рециклиран и употребен како превод за два или повеќе англиски зборови. Ова особено го предочува богатството на македонскиот лексикон и моќта на македонското зборообразување. Оттаму, поимникот содржи мноштво зборови кои повеќето играчи за првпат ќе ги сретнат на македонски јазик, па за нив вклучив и забелешки со додатно објаснување.

Се трудев да сум доследен и на конструкцијата на сложените термини. На пример „Broom of Flying“, „Wall of Sand“ и „Protection from Balistics" се преведени како „Метла за летање“, „Sид од песок“ и „Заштита од балистика“ наместо „Летачка метла“ (што би било превод за конструкцијата „Flying Broom“), „Песочен ѕид“ (за „Sand Wall“) или „Балистичка заштита“ (за „Balistic Protection“). Исто и со „Level 1“ наспроти „1st Level“, односно „Ниво 1“ наспроти „1во ниво“. Исклучок направив во конструкцијата на термините што би испаднале претромави, како на пример оние кои содржат некое пресложено или неспретно име. Така, „Mordenkainen's Faithful Hound“ и „Rary's Telepathic Bond“ се преведени како „Верниот загар на Морденкејнен“ и „Телепатската спрега на Рери“ наместо „Морденкејненовиот верен загар“ или „Рериовата телепатска спрега“.

Истата доследност ја задржав и во термините кои означуваат припадност на некоја институција или ложа, како на пример „Prismari Student“ наспроти „Mage of Prismari“ кои се преведени како „призмариски ученик“ (наместо „ученик од Призмари“) и „Маг од Призмари“ (наместо „призмариски маг“). И тука направив исклучок кај термините кои би испаднале претромави, како на пример „Lorehold Initiate“ е „Новоизбраник од Хафисхисар“, а не „Хафисхисарски новоизбраник“. Истиот принцип го користев и за термини кои содржат име на некое божество означувајќи припадност на некој култ или вера, но за формирањето на придавките таму, најчесто ја користев наставката „ов“ наместо „ски“, по аналогија на придавката „господов“. На пример, „Rakdos Cultist“ е „Ракдосов култист“ наместо „Ракдоски култист“.

Кај сложените поими за предмети кои содржат придавки што означуваат припадност на некој народ, раса, вид на суштество итн. (пр. „Efreeti Bottle“, „Dragon Vessel“ итн), придавките се преведени на вообичаениот начин, односно со додавање на наставка (пр. „ифритско шише“, „аждерски сад“ итн.). Меѓутоа, кај сложените поими за живи суштества или лица кои содржат вакви придавки, најчесто избирав да не ги „македонизирам“ придавките со додавање наставки, туку да се водам по примерот на термини како „свахили воин“ (наместо „свахилски воин“), „банту јазик“ (наместо „бантуски јазик“) итн. Така, „Golgari Shaman“ е „голгари шаман“ наместо „голгарски шаман“, „Hadozee Warrior“ е „хадози воин“ наместо „хадозиски воин“, „Yuan-Ti Malison“ е „јуан-ти укориште“ наместо „јуан-тиско укориште“, „Kobold Alchemist“ е „коболт алхемичар“ наместо „коболтски алхемичар“ итн. Исклучок се придавките кои означуваат припадност на земји или географски подрачја, кои во повеќето случаи се со наставка: „Zendikar Vampire“ - „зандикарски вампир“.

Називите на предмети кои содржат лични имиња што означуваат сопственост, како на пример „Lamp of Alhazred“ илиKhrusor, Spear of Heliod“ најчесто се членувани за да звучат поприродно на македонски: „Ламбата на Алхазред“, „Крусор, копјето на Хелиод“ итн.

Се потрудив да ги задржам и игрите на зборови, пред сѐ, алитерацијата, секаде каде што можеше. На пример, „Bigby's Beneficent Bracelet“ - „Благотворната бразлетна на Бигби“, „Rotor of Return“ - „Вртало на враќање“, Rary's Rapid Replication“ - „Рапидното реплицирање на Рери“ итн. Кај некои од овие термини (како кај последниов пример) имам искористено зборови кои инаку не би ги искористил одошто се интернационализми, но сметам дека во случајов се оправдани поради алитеративниот впечаток кој треба да се постигне. Онаму каде што не можеше да се постигне целосна алитерација, се обидов да има барем делумна („Mordenkainen's Magnificent Mansion“ - „Величествената вила на Морденкејнен“).

При транскрипцијата често морав да одлучам дали ќе го користам најчестиот англиски изговор на зборовите или „објективно точниот“ изговор, бидејќи овие две работи не се секогаш усогласени. Пример за ова се имињата кои содржат графеми несвојствени за англискиот јазик, како „Skoraeus“, име кое меѓу играчите на DnD на англиски најчесто се изговара како „Скориус“, но кое поради присуството на графемата „ае“ би требало да е „Скорајус“. Сепак, обично избирав да одам со најчестиот англиски изговор, со многу мали адаптации ваму-таму. Исклучоци се имињата за кои веќе има стандардна македонска транскрипција (пр. имињата на грчките, египетските и нордиските богови) или воопшто зборови директно преземени од јазик со јасно воспоставена македонска транскрипција (пр. старогрчки зборови и елементи). За „Cthulhu“, ја користам транскрипцијата „Ктхулху“ употребена во моите македонски преводи на делата на Лавкрафт, која е официјалната македонска транскрипција и за чија употреба на долго и широко зборувам во овој есеј. Истото важи и за „R'lyeh“ (Р'лјех), како и за некои други термини што потекнуваат од лавкрафтскиот канон и како такви се замислени да се бизарни и неизговорливи.

Најголемиот дел на поимите се специфични за светот на фантастиката и DnD, но има и мал број секојдневни зборови (оган, мраз, сила, моќ итн) кои ги вклучив делумно за да се знае кој англиски збор одговара со точно кој македонски збор за да би се задржила доследноста во нивната употреба (особено поради гореспоменатата употреба на синоними за означување на експлицитно различни работи), но делумно и за да добијам колку што е можно посеопфатен речник кој би ја намалил потребата за додатна литература.

Поимникот содржи и доста придавки. Сите придавки се дадени во машки род, освен ако нема добра причина да не се (пр. придавки кои се однесуват исклучиво на тип на оружје [стрелачко, тешко, лесно итн.] кои се дадени во среден род). Онаму каде што сметав дека варијатите за останатите родови не се очигледни, имам оставено забелешка. Истото важи и за множините на зборовите.

Користени материјали

Ги опфатив сите поими кои го сретнав во овој и овој прирачник на официјалната веб-страница за Dungeons & Dragons, DnD Beyond, како и табелите од оваа и оваа Reddit објава. Вторава Reddit објава беше од особена корист бидејќи претставува наголемиот индекс на DnD термини (официјални и неофицијални) што постои.

Додавање нови поими и измени

Ако имаш идеја за додавање или изменување/подобрување на некој поим:

Зошто да се игра на македонски

Пред сѐ, да кажеме дека без разлика како играш, најважно е да се забавуваш. Ако ти е позабавно да играш Dungeons & Dragons на англиски, играј на англиски.

Сепак, играњето DnD на мајчин јазик, како и употребата на мајчиниот јазик воопшто, носи значителни предности. Иако одредени поими на почеток може да звучат чудно и непознато и притоа да го зголемат когнитивниот товар кај играчот, долгорочните придобивки се неоспорни. Бројни истражувања во областа на психолингвистиката јасно укажуваат дека емотивната тежина на зборовите е значително поголема кога тие се изговорени или слушнати на мајчин јазик.

На пример, студијата „The emotional weight of "I love you" in multilinguals’ languages“ на Жан-Марк Девале (Jean-Marc Dewaele) покажува дека фразата „те сакам“ има најсилно емоционално влијание кога е изречена на мајчин јазик, во споредба со на странски јазик. Истражувања од Институтот за психолингвистика „Макс Планкт“ откриваат дека дури и физиолошките реакции, како проширувањето на зениците, се поинтензивни кога пораката е изразена на мајчин јазик. Дополнително, трудот на Анастасија Јежижанска (Anastasiia Yezhyzhanska) „Languages and Emotions: How Languages Impact Different Emotional States for Bilingual Peoplе“ укажува дека токму поради оваа емоционална оддалеченост луѓето многу полесно пцујат или изговараат социјално неприфатливи фрази на странски јазик, дури и кога добро го знаат нивното значење, бидејќи тие зборови не предизвикуваат исто толку длабока емотивна реакција како нивните еквиваленти на мајчин јазик и како такви не се сфаќаат како „толку сериозни“.

Со други зборови, странскиот јазик претставува бариера за чувствата. Понекогаш таа бариера може да биде корисна, на пример, кога сакаме да изразиме нешто што на мајчин јазик е премногу болно, а на странски не толку, поради емотивната оддалеченост на зборовите. Но во повеќето случаи ова нѐ спречува целосно да ги доживееме нештата онака како што се наумени од нивните творци. Вистинската суштина на работите ја чувствуваме најсилно кога тие се изразени на мајчин јазик, дури и кога одлично владееме со странскиот, бидејќи тука не се работи за знаење, туку за емоција.

Оттаму, играњето DnD на македонски не е само начин да се научат нови македонски зборови, туку е и пат кон поемотивно, подлабоко и поискрено играчко искуство, со поголема поврзаност со суштината на играта.


Никола Кузманоски



Записник на промени

4.10.2025
    1. Brimstone Locusthound: Сменето од Коселен штуропес во Ќуќурен штуропес.

    18.9.2025
    1. Arcanist: Сменето од арканист во мистичар.
    2. Initiate: Сменето од новоизбраник во полетар.
    3. Додадена е „fuzzy search“ логика за прикажување предлози во случај на печатни грешки при пребарувањето.
    4. Shift: Сменето од шалта во преоѓа, во сите конструкции.
    5. Articifer: Сменето од вкалемувач во вештак, во сите конструкции.
    6. Blazebear: Сменето од жар-мечка во пламечка.
    7. Clockwork: Сменето од на навивање во чарклија.
    8. Assassin: Сменето од платен убиец во најмен убиец.
    9. Lieutenant: Сменето од мулазим во подвојвода.
    10. Rogue: Сменето од разбојник во ајдук.
    11. Bestow Curse: Сменето од додели клетва во врачи клетва.