Тоа на прагот - Полиграматон

Тоа на прагот


Еј! Овој расказ го има во книгата „Повикот на Ктхулху и други ужасии“.
Купи си ја тука.


I


Вистина е дека испратив шест куршуми низ главата на мојот најдобар пријател, а сепак со оваа изјава намеравам да покажам дека не сум неговиот убиец. Прво ќе ме наречат лудак - полуд од човекот што го застелав во неговата ќелија во Санаториумот „Аркам“. Потоа, некои од моите читатели ќе ја измерат секоја изјава, ќе ја поврзат со познатите факти и ќе се запрашаат како би можел да верувам во друго наместо во она во што верував, откако се соочив со доказот на тој ужас - со тоа на прагот.

Дотогаш и самиот гледав само лудило во дивите сказни врз коишто дејствував. Дури и сега се прашувам дали е можно да бев ставен во заблуда - или дали можеби сепак сум луд. Не знам - но и други раскажуваат чудни работи за Едвард и Асенат Дерби, а дури и сталожената полиција не може да излезе на крај со значењето на последната ужасна посета. Се обидоа да состават некоја плитка теорија за некаква грозоморна шега или опомена од отпуштени слуги, но и самите во срцата знаат дека вистината е бескрајно поужасна и поневеројатна.

И затоа велам дека не го убив Едвард Дерби. Не го убив, туку го одмаздив и со тоа ја прочистив земјата од ужас чијшто опстанок можеше да ослободи некажани стравотии врз целото човештво. Постојат црни зони на сенка близу до нашите секојдневни патеки и одвреме-навреме по некоја злобна душа успева да си избори пат и да премине. Кога тоа ќе се случи, оној што знае мора да удри пред да размислува за последиците.

Едвард Пикман Дерби го знаев цел живот. Осум години помал од мене, беше толку ранозреен што имавме многу заеднички работи уште кога тој имаше осум, а јас шеснаесет години. Беше најизвонредното дете интелектуалец што сум го знаел и на седум години пишуваше стихови од трезвен, фантастичен, дури и морбиден карактер коишто ги занемуваа туторите кои го опружуваа. Можеби приватното образование и галената повлеченост имаа некаква врска со неговото предвремено цветање. Беше единец и имаше органски слабости од коишто неговите родители се потресуваа и поради коишто постојано го думкаа закован крај нив. Никогаш не му даваа да излезе надвор без дадилката и ретко имаше шанса непречено да си игра со другите деца. Сето ова несомнено го поттикна чудниот, потаен внатрешен живот на момчето, имајќи ја фантазијата како единствена алеа на слобода.

Во секој случај, младешката начитаност му беше колосална и бизарна; а лежерните пишани дела му беа такви што ме пленеа и покрај мојата поголема возраст. Во тоа време тежнеев кон уметности од немалку гротескен тертип и во младото дете најдов ретка сродна душа. Она што стоеше зад нашата заедничка љубов за сенки и чудеса без сомнение беше древниот, загнилен и притаено стравотен град во којшто живеевме - од вештерки проколнатиот и од легенди опседнатиот Аркам, чиишто набиени, провиснати мансардни покриви и разронети џорџиски балустради им се мрштат на вековите крај мрачно размрморената Мискатоник.

Како што врвеше времето се свртив кон архитектурата и се откажав од намерата да ја илустирам книгата со демонијачки поеми на Едвард, но нашето другарство не опадна. Необичниот гениј на младиот Дерби извонредно се развиваше и кога наполни осумнаесет години неговите собрани кошмарни стихови направија вистинска сензиција кога беа издадени под насловот „Азатот и други ужаси“. Беше близок дописник на злогласниот бодлерски поет Џастин Џофри, кој ја имаше напишано „Луѓето на монолитот“ и кој умре врескајќи во лудница во 1926 по посета на едно мрачно, злогласно село во Унгарија.

Меѓутоа во самостојност и во практични работи Дерби беше многу уназаден поради разгаленото постоење. Здравјето му се подобри, но превнимателните родители му ги негуваа навиките на детска зависност, така што никогаш не патуваше сам ниту правеше самостојни одлуки или преземаше одговорности. Уште од рано се виде дека нема да е кадар за борбите во трговијата или професионалната сфера, но семејното богатство беше толку обилно што ова не беше некоја трагедија. Кога почна да се замажува, задржа измамнички израз на детинство. Рус и плавоок, го имаше свежиот тен на дете, а обидот да порасне мустаќи му беше едвај воочлив. Гласот му беше мек и лесен и неразгибаниот живот му даваше повеќе детска буцкавост, одошто шишкавост од предвремена средовечност. Беше висок и со убавото лице можеше да биде голем кавалер, срамежливоста да не го тераше кон повлеченост и зачитаност.

Родителите на Дерби го носеа на пат секое лето и многу лесно му беше да ги восприми површинските елементи на европската мисла и израз. Во талентот беше како По и како таков сѐ повеќе се вртеше кон декадентното, а другите уметнички чувства и стремежи поделумно му се будеа. Во тие денови имавме големи дискусии. Јас го бев завршил „Харвард“, бев учел во една архитектонска фирма во Бостон, се имав оженето и најпосле се имав вратено во Аркам за да работам на професијата - вдомувајќи се во семејната куќа на улица „Салтонстол“, зашто татко ми имаше заминато во Флорида поради здравјето. Едвард ме посетуваше скоро секоја вечер, па почнав да го сметам како еден од жителите на куќата. Имаше типичен начин на ѕвонење на ѕвончето или тропање со чукалото што прерасна во еден вид шифра за препознавање, па по секоја вечера наслушував да ги чујам трите брзи чукања проследени со уште две по мала пауза. Во поретки случаи и јас го посетував дома и му кажував колку му завидувам на сеништните томови во неговата постојано растечка библиотека.

Дерби учеше на Мискатонскиот универзитет во Аркам, зашто родителите не сакаа да го пуштат да живее одделен од нив. Се запиша на шеснаесет години и ги заврши студиите за три години, дипломирајќи англиска и француска литература, со високи оценки во сѐ освен математика и природните науки. Многу малку се мешаше со другите студенти, иако често со завист гледаше кон „смелите“ или „боемски“ друштва - чиишто површно „умен“ јазик и безначајно ироничен став го подражаваше и чиешто сомнително однесување посакуваше да се осмели да го присвои.

Она што успеа да направи беше да стане скоро фанатичен следбеник на подземни магични преданија по коишто библиотеката на „Мискатоник“ беше и е прочуена. Вечно тлеејќи над површините на фантазијата и чудноста, длабоко се нурна во оние руни и загатки оставени од легендарното минато за да ги водат или збркуваат идните поколенија. Читаше работи како страшната „Книга на Ибон“, „Унаусшпреклихен култен“ на фон Јунцт и забранетиот „Некрономикон“ на лудиот арап Абдул Алхазред, но не им кажуваше на родителите дека ги има видено. Едвард имаше дваесет години кога ми се роди синот единец и го израдува тоа што новороденчето го крстив Едвард Дерби Аптон, по него.

Кога наполни дваесет и пет години Едвард Дерби веќе беше колосално начитан човек и мошне добро познат поет и фантазист, иако недостигот на контакти и одговорности му го имаа успорено литературниот раст со тоа што му ги правеа делата деривативни и претерано книжевни. Јас му бев можеби најблискиот пријател и ми беше неисцрпен рудник за клучни теоретски прашања, а тој на мене сметаше за совет во сите работи за коишто не сакаше да им се обрати на родителите. Остана ерген - повеќе од срамежливост, безволност и родителска заштита отколку од настроение - и низ општеството се движеше само во најмала и најрутинска мера. Кога дојде војната, здравјето и вкоренетата страшливост го задржаа дома. Јас заминав во Платсбург на прераспределба, но никогаш не ме испратија на фронтот.

И така годините врвеа. Мајката на Едвард умре кога тој имаше триесет и четири години и со месеци беше онеспособен од некое необично психолошко пореметување. Меѓутоа татко му го однесе во Европа, па успеа да се оттргне од тагата без видливи последици. Потоа како да чувствуваше некој гротескен восторг, како да се имаше половично ослободено од некакви невидливи пранги. Почна да се меша со „понапредните“ студентски групи и покрај средовечноста и беше присутен при некои крајно разуздани чинови - во една пригода плаќајќи голема изнуда (што ја позајми од мене) за да спречи да татко му дознае за неговото присуство на еден извесен настан. Некои од гласините што се шепотеа за разузданото друштво од „Мискатоник“ беа извонредно своеобразни. Се зборуваше дури и за црна маѓија и за случувања надвор од секаква веродостојност.



II


Едвард имаше триест и осум години кога ја запозна Асенат Вејт. Таа во тоа време имаше, чинам, околу дваесет и три години и одеше на посебен курс по средовековна метафизика на „Мискатоник“. Ќерката на еден мој пријател ја беше имала сретнато претходно - во женското средно школо во Кингспорт - и имаше навика да бега од неа поради нејзиниот сперлив углед. Беше црна, не многу висока и многу убава со исклучок на преиздадените очи; но нешто во нејзиниот израз на лицето ги одбиваше почувствителните луѓе. Меѓутоа, нејзиното потекло и разговори беа најголемата причина за просечниот народ да ја избегнува. Беше една од Вејтовците од Инсмот, а темни легенди со генерации се имаа собирано околу разронетиот, полу-напуштен Инсмот и неговите жители. Има приказни за ужасни спогодби во времето од околу 1850 и за чуден „не баш човечки“ елемент во древните семејства на запуштеното рибарско пристаниште - приказни какви што само старите јенки можат да сплетат и повторат со соодветна стравотност.

Случајот на Асенат беше заострен од фактот што му беше ќерка на Ефрем Вејт - дете што на старост му го имаше родено неговата непозната жена која секогаш одеше со превез. Ефрем живееше во една полураспадната вила на улица „Вашингтон“ во Инсмот и оние кои го имаа видено местото (Аркамчани избегнуваат да одат во Инсмот секогаш кога можат) зајавуваа дека прозорците од таванот секогаш биле покриени со штици и дека чудни звуци понекогаш протекувале од внатре кога ќе фатело квечерина. За старецот се знаеше дека бил колосален изучувач на магија во младоста и легендите тврдеа дека можел да создава и смирува морски бури кога ќе му се посакало. Го имав видено еднаш или двапати, како помал, кога ќе дојдеше во Аркам да разлисти некои од забранетите древни книги во универзитетската библиотека и му го мразев волчјото, сатирско лице со врзопот железно-сива брада. Умре луд - под мошне загадочни околности - токму пред ќерка му (која според тестаментот беше титуларен наследник на оставнината) да се запише во средното женско школо, а и таа самата му беше била морбидно жарна ученичка и на моменти ѓаволски личеше на него.

Пријателот чија ќерка имаше одено на училиште со Асенат Вејт повторуваше многу своевидни работи кога почна да се шири веста за нејзиното пријателство со Едвард. Се чинеше дека Асенат на училиште се претставувала како некаква маѓепсничка; и се чинело дека навистина може да постигне некои многу необјасниви чудесии. Разгласувала дека може да предизвика олуи, но тој нејзин успех бил обично препишуван на некој несекојдневен осет за предвидување. Сите животни видно ја мразеле и можела секое куче да го натера да вие со извесни движења на десната рака. Имало времиња кога покажувала делчиња знаење и говор мошне своеобразни - и мошне потресни - за млада девојка; кога ги плашела соучениците со вргалења и намигнувања од необјаснив карактер; и како да извлекувала некаква непристојна и слатка иронија од ситуацијата во која се наоѓа.

Меѓутоа, најнеобични беа добро посведочените случаи за нејзината способност да влијае врз други. Била, без сомнение, вистински хипнотизер. Сперливо зјапајќи во некој од соучениците, често им давала јасно чувство на разменета личност - како избраникот за момент да се наоѓа во телото на маѓепсничката и да може од другата страна на собата да си го види вистинското тело, чии очи болскотеле и се вбрекнувале со туѓ израз. Асенат често давала диви изјави за природата на свеста и за нејзината независност од физичката рамка - или барем од животните процеси на физичката рамка. Меѓутоа нејзиниот врховен бес било фактот што не е маж; бидејќи верувала дека машкиот мозок има извесни единствени и далекусежни космичка сили. Да би имала машки мозок, тврдела, ќе можела не само да го стигне, туку и да го надмине татко ѝ во господарење со непознатите сили.

Едвард ја запозна Асенат на собир на „интелигенцијата“ што се одржувал во собата на некој од студентите и не можеше за ништо друго да зборува кога дојде да ме види наредниот ден. Ја опиша како исполнета со интересите и ерудициите кои и него најмногу го преокупирале, а освен тоа беше и силно трогнат од нејзиниот изглед. Јас никогаш ја немав видено девојката и само слабо се сеќавав на пропратните разговори за неа, но знаев која е. Не ми беше баш по мерак тоа што Дерби беше толку запрепастен од неа, но не реков ништо за да го обесхрабрам, зашто противењето само го храни занесот. Рече дека нема да му ја спомене на татка си.

Во следните неколку недели од младиот Дерби ретко слушав за нешто друго освен за Асенат. И другите почнаа да го забележуваат касноживотното кавалерство на Едвард, но сепак се согласуваа дека ни приближно не си личи на годините ниту дека изгледа како несоодветен придружник за неговата бизарна муза. Беше само малку шишкав и покрај неговата лежерност и немарност, додека лицето му беше целосно без линии. Асенат, од друга страна, имаше предвремени набори крај очите кои доаѓаат од примена на силна волја.

Во овој период Едвард ја донесе девојката кај мене на посета и веднаш забележав дека неговиот интерес воопшто не беше едностран. Постојано го имаше на око небаре некоја грабливка и увидов дека блискоста меѓу нив е крајно неразмрслива. Наскоро добив посета од стариот г-дин Дерби, на којшто отсекогаш му се восхитував и го почитував. Ги беше чул приказните за новото пријателство на сина си и ја беше издуднал целата вистина од „момчето“. Едвард намераваше да се ожени со Асенат и бил дури и да гледа куќи во предградието. Знаејќи го големото влијание кое обично го имав над син му, таткото ме запраша дали можам да помогнам во кршењето на непромислената врска, но со жалење му кажав дека тешко се сомневам. Овој пат не стануваше збор за слабата волја на Едвард, туку за силната волја на жената. Средовечното дете ја беше префрлило својата зависност од родителскиот член кон нов и посилен член и ништо не можеше да се направи.

Венчавката со одржа еден месец покасно - пред матичар, по желба на невестата. Г-дин Дерби, по мој совет, не се противеше и заедно со мене, жена ми и син ми присуствуваше на кратката свеченост - додека другите гости беа некои диви млади луѓе од факултетот. Асенат го беше купила стариот имот на Крауниншилд надвор од градот, на крајот на улицата „Хај стрит“ и беа во план таму да се вселат по кратка посета на Инсмот, од каде што требало да се доведат тројца слуги, некои книги и покуќнина. Веројатно не од обѕир кон Едвард и татко му, туку поради нејзината лична желба да е близу до факултетот, библиотеката и групата „софистици“, Асенат беше решила да остане во Аркам, наместо за стално да се врати дома.

Кога Едвард ме посети по медениот месец, ми се виде како подизменет. Асенат го имаше натерано да ги тргне слабите мустаќи, но имаше и нешто повеќе. Изгледаше потрезвен и позамислен, а карактеристичните воскликнувања на детска бунтовност како да му беа заменети со изглед на скоро вистинска и искрена тага. Тешко ми беше да одлучам дали ми се допаѓа или не ми се допаѓа ваквата промена. Ако ништо друго, барем сега се чинеше понормално возрасен од дотогаш. Можеби бракот беше корисен - зар не може промената на зависност да служи како почеток за целосна неутрализација доведувајќи на крај до одговорна независност? Дојде сам, бидејќи Асенат била многу зафатена. Донесла огромно количество на книги и апаратура од Инсмот (Дерби се стресе кога го изговори името) и привршувала со обновувањето на куќата и имотот на Крауниншилд.

Домот во - таа паланка - ѝ бил некое мошне одвратно место, но од некои извесни предмети таму беше научил изненадувачки работи. Бргу напредувал во езотеричните преданија сега кога го имал покровителството на Асенат. Некои од експериментите кои таа ги предлагала биле многу смели и радикални - не му беше згодно да ми ги опише - но имал доверба во нејзините моќи и намери. Трите слуги биле многу загадочни - некој неверојатно стар пар што биле со стариот Ефрем и што на енигматичен начин повремено го споменувале него и мртвата мајка на Асенат и некоја мургава чупа со воочливи телесни аномалии којашто како постојано да оддавала миризба на риба.



III


Во наредните две години Дерби го гледав се поретко и поретко. Понекогаш и две недели минуваа без познатите три-па-две чукања на влезната врата; а кога најпосле ќе ме посетеше, или кога, како што сѐ почесто беше случајот, јас ќе го посетев него - воопшто не беше расположен да разговара на клучни теми. Беше станал молчалив за истите оние окултни изучувања за коишто порано толку подробно дискутираше или ги опишуваше и претпочиташе да не зборува за жена си. Таа имаше извонредно остарено после венчавката и сега за чудо изгледаше како да е постарата од двајцата. На лицето го носеше најсосредоточено одлучниот израз што некогаш го имав видено и самата нејзина појава како да имаше придобиено некоја потајна, неопределива одбивност. Жена ми и син ми го забележаа истото, па со тек на време сите престанавме да ја посетуваме - за што, ми призна Едвард во еден од неговите детинесто безобѕирни моменти, била неизмерно благодарна. Повремено Дербиеви одеа на долги патувања - најмногу во Европа, но Едвард понекогаш загатнуваше и за посеништни одредишта.

По првата година луѓето веќе почнаа да зборуваат за промената кај Едвард Дерби. Беа само попратни муабети, бидејќи промената беше чисто психолошка; но сепак изнудуваа интересни прашања. Одвреме-навреме, Едвард беше забележан како носи израз и прави работи кои беа целосно несоодветни за неговиот вообичаен млитав табиет. На пример - и покрај тоа што претходно не знаеше да вози кола, сега повремено го забележуваа како пројурува од или во дворот на имотот на Крауниншилд во моќниот пакард на Асенат, ракувајќи го како мајстор и справувајќи се со сообраќајни плетканици со вештина и одлучност кои беа крајно туѓи за неговиот навикнат табиет. Во таквите случаи изгледаше како тукушто да се вратил од некој пат, или како да се спрема да тргне - на каков пат никој не знаеше, но најчесто одеше по патот за Инсмот.

За чудо, метаморфозата не изгледаше баш сѐ на сѐ пријатна. Луѓето велеа дека премногу личел на жена си, или на стариот Ефрем Вејт за време на овие моменти - или можеби овие моменти се чинеа неприродни бидејќи беа толку ретки. Понекогаш, со часови откако ќе тргнеше, ќе се вратеше безволно спружен врз задното седиште на колата, возен од очигледно најмен шофер или механичар. Исто така, превладувачкиот израз на лицето по улиците за време на сѐ поретките друштвени посети (меѓу кои, морам да кажам и посетите кај мене), сѐ уште му беше оној стар израз на неодлучност, со детинската неодговорност уште поизразена од дотогаш. Како што лицето на Асенат старееше, Едвард - освен во оние исклучителни пригоди - всушност се опушти во некаква пренагласена незрелост, освен кога некоја трага од новата тага или разбирање ќе го опсенеше. Навистина беше многу загатливо. Во меѓувреме Дербиеви скоро и се исклучија од веселничките факултетски кругови - но не поради гадење од нивна страна, како што разбравме, туку поради тоа што нешто во нивните тогашни проучувања ги беа потресле дури и најкоравите меѓу другите расипници.

Во третата година на бракот Едвард веќе почна отворено да ми загатнува за некаков страв и незадоволство. Ќе му се испуштеа коментари за тоа дека „отишле предалеку“ и мрачно ќе зборуваше за потребата да си го „поврати идентитетот“. На почетокот ги занемарував ваквите изјави, но со тек на време почнав претпазливо да го распрашувам, споменувајќи си како ќерката на мојот пријател зборуваше за хипнотичкото влијание на Асенат врз другите девојки на училиште - случаите кога на учениците им се чинело дека се во нејзиното тело и дека се гледаат себеси од другиот крај на собата. Овие распрашувања како да го правеа истовремено вознемирен и благодарен и еднаш промрморе како покасно сака сериозно да позборува со мене.

Во овој период почина стариот г-дин Дерби, за што подоцна бев многу благодарен. Едвард беше многу растревожен, но далеку од збркан. Откако се ожени претерано ретко се гледаше со родителот, бидејќи Асенат му ја имаше свртено кон себе целата витална потреба од семејна врска. Некои го нарекуваа и корав во загубата - особено откако неговите жизнерадосни и самонадеани настројства во колата почнаа да зачестуваат. Сега сакаше да се врати во старата вила на Дербиеви, но Асенат настојуваше да останат во имотот на Крауниншилд каде што добро се имаше прилагодено.

Недолго потоа жена ми слушна своевидна гласина од една пријателка - една од малкуте што ги немаа откажано Дербиеви. Била до крајот на „Хај стрит“ за да ја посети двојката и видела кола како бргу одлетува од дворот со одлучното и до некаде потсмешливо лице на Едвард зад воланот. Ѕвонејќи на ѕвончето одбивната слугинка ѝ кажала дека и Асенат била излезена, но на заминување успеала да погледне кон куќата. Таму, на еден од прозорците од библиотеката на Едвард, забележала некое бргу повлечено лице - лице чијшто израз на болка, пораз и меланхолична безнадежност бил неописливо жеглив. Лицето - неверојатно со оглед на вообичаениот властољубив израз - било на Асенат; но гостинката се заколна дека во тој миг од него гледале тажните, магливи очи на кутриот Едвард.

Посетите на Едвард сега малку позачестија, а неговите намеци повремено стануваа подецидни. Тоа што ми го кажуваше не беше за верување, дури ни во вековниот и од легенди прогонуван Аркам; но мрачните преданија ги издаваше со толкава искреност и убеденост што започав да се грижам за неговиот здрав разум. Зборуваше за ужасни средби на осамени места, за киклопејски урнатини во срцето на шумите во Мејн под коишто бескрајни скалишта воделе до понори на вечерни тајни, за сложени агли што низ невидливи ѕидови воделе до други предели на просторот и времето и за одвратни размени на личност што допуштале истражувања на далечни и забранети места на други светови и во други просторно-временски континууми.

Одвреме-навреме ќе поткрепеше некои од лудите намеци со прикажување на предмети кои ме оставаа замелушен - невозможно обоени и збркувачко текстурирани предмети за какви што се немаше чуено на земјава, чиишто луди кривини и површини не одговараа на никаква замислива намена и не следеа никаква замислива геометрија. Ваквите предмети, велеше, дошле „од надвор“ и жена му знаела како да ги донесе. Понекогаш - но секогаш низ преплашени и повеќесмислени шепотења - укажуваше работи за стариот Ефрем Вејт, којшто порано го имаше повремено гледано во универзитетската библиотека. Ваквите предвестувања никогаш не беа конкретни, но се чинеше дека се вртат околу некој особено ужасен сомнеж во тоа дека стариот маѓепсник е навистина мртов - во духовна, а и во телесна смисла.

Повремено Дерби нагло ќе прекинеше со откровенијата и се прашував дали беше можно да Асенат некако му го погодуваше говорот од далеку и го прекинуваше преку некој непознат вид на телепатски мезмеризам - некоја моќ слична на онаа што ја имаше покажано на училиште. Сигурно се сомневаше дека ми кажува работи, бидејќи како што минеа неделите се обидуваше да му ги прекине посетите низ зборови и погледи од просто необјаснива јачина. Многу му беше тешко да дојде да ме види, бидејќи иако се преправаше дека оди на друго место, некоја невидлива сила му ги затнуваше движењата или го тераше привремено да си го заборави одредиштето. Обично ме посетуваше кога Асенат беше излезена - „излезена во нејзиното тело“, како што еднаш чудно се изрази. На крајот секогаш дознавала - слугите го следеле каде оди и што прави - но очигледно сметала дека е нецелисходно да презема драстични чекори.



IV


Дерби веќе три години беше женет кога на тој августов ден ја добив телеграмата од Мејн. Два месеци го немав видено, но чув дека бил заминат „на пат“. Со него наводно била и Асенат, но будните гласини тврдеа дека имало некој горе во куќата, зад дупло завесените прозорци. Се гледало по пазарењето на слугите. И сега градскиот шериф на Чешенкук ме известуваше за раскалавениот лудак кој се истетеравил од шумата со замаено бладање и врескал по мене за да го заштитам. Едвард беше - и едвај беше можел да се сети на сопственото име и адреса.

Чешенкук е близу до најдивиот, најдлабок и најнеистражен шумски појас во Мејн и возењето со кола дотаму значеше целодневно трескавично дрмолење низ фантастични и непријателски предели. Го затекнав Дерби во една ќелија во градската фарма како се тегави помеѓу беснило и апатија. Веднаш ме позна и почна да истура беззначаен, полу-неразбирлив порој зборови во моја насока.

„Ден - Боже Господе! Јамата со шоготи! По шест илјадите скали... улиште над улиштата... никогаш не ја пуштав да ме одведе, а се најдов таму... Иа! Шуб-Нигурат!... Формата се крена од олтарот и петстотини кај виеја... Наметнатото нешто блееше „Камог! Камог!“ - тоа му беше тајното име на стариот Ефрем во кругот... Таму бев, кај што вети дека нема да ме одведе... Миг пред тоа бев заклучен во библиотеката, а потоа бев таму каде што таа појде со моето тело - во местото на крајно богохулие, несветата јама кај што почнува црното кралство и кај што пазачот ја варди портата... Видов шогот - си го промени обликот... Не можам да поднесам... Нема да поднесам... Ќе ја убијам ако уште еднаш ме прати таму... Ќе го убијам тој ентитет... таа, тој, тоа... Ќе го убијам! Со свои раце ќе го убијам!“

Саат време ми требаше за да го смирам, но конечно се стиши. Наредниот ден од селото му купив пристојни алишта и тргнавме за Аркам. Хистеричниот наплив му имаше поминато и беше станал тивок, макар што почна мрачно да си мрмори кога со колата поминавме низ Августа - како глетката на град да му разбуди непријатни спомени. Јасно беше дека не сака да си оди дома; и со оглед на фантастичните заблуди кои навидум ги имаше за жена си - заблуди кои несомнено му се имаа вродено од некое вистинско хипнотичко премреже на коешто бил подложен - сметав дека ќе биде подобро ако не оди. Се решив да го сместам кај мене на некое време, без разлика какви непријатности би си предизвикал со Асенат. Потоа ќе му помогнам да се разведе, зашто беше јасно дека има некакви душевни чинители што овој брак го правеа самоубиствен за него. Кога повторно излеговме на отворен пат, мрморењето на Дерби замре и го оставив да клима и дреме на седиштето до мене додека возев.

За време на нашето самрачно јурење низ Портланд мрморењето повторно започна, повпечатливо од претходно и како што слушав, успеав да наслушнам прилив на крајно растроени бладања за Асенат. Мерата до којашто ги имаше нарушено нервите на Едвард беше јасна, бидејќи околу неа тој имаше сплетено цела низа халуцинации. Тогашната неволја, мумлаше потајно, била само една од многуте. Таа го преземала и знаел дека еден ден нема никогаш да го пушти. Дури и сега го пуштала само кога ќе морала, бидејќи не можела на долго време да го додржи. Постојано му го земала телото и одела до безимени места на безимени обреди, оставајќи го него во нејзиното тело и заклучувајќи го горе - но понекогаш не можела да додржи и ненадејно ќе се најдел повторно во своето тело на некое далечно, ужасно и можеби непознато место. Некогаш пак ќе го преземела, а некогаш не можела. Често бил напуштен некаде, како кога го најдов... на многу наврати морал сам да си го најде патот до дома од страшни далечини и да најде некој да ја вози колата откако ќе ја пронајдел.

Најлошо било тоа што секојпат го држела сѐ подолго и подолго. Сакала да е маж - да биде потполно човек - затоа го преземала. Ја насетила мешавината од добро поткован мозок и слаба волја во него. Еден ден ќе го истуркала и ќе исчезнела со неговото тело - ќе исчезнела да стане голем маѓепсник како татко ѝ и ќе го оставела заглавен во таа женска чаура што не била ни потполно човечка. Да, најпосле дознал за Инсмотската крв. Имало размени со нешта од морето - ужасно било... И стариот Ефрем - ја знаел тајната, а кога остарел направил нешто одвратно за да остане жив... сакал да живее вечно... Асенат ќе успеела... еден успешен опит веќе се имал случено.

Како што Дерби мрмлаше се свртив да го видам одблизу, потврдувајќи го впечатокот на измена што претходната проверка ми го остави. Парадоксално, изгледаше како да е во подобра форма од обично - покрут, понормално развиен и без трага од болежливата млитавост предизвикана од немарните навики. Како за првпат да беше вистински активен и разгибан како што треба во сиот негов думкан живот; и проценив дека силата на Асенат мора да го има турнато во дотогаш незнајни навики на движење и будност. Но моментално паметот му беше во жалосна состојба; бидејќи мумлаше диви измислици за жена си, за црна магија, за стариот Ефрем и за некакви откровенија кои дури и мене ќе ме убеделе. Повторуваше имиња кои ги препознав од некогашните листања низ забранети томови и на моменти ме стресуваше со по некоја извесна нишка на митолошка согласност - или на убедлива трезвеност - што му се провлекуваше низ пелтечењата. На повеќе наврати ќе застанеше, како да собира храброст за некое крајно и ужасно исповедение.

„Ден, Ден, зар не го паметиш - дивите очи и запуштената брада што никогаш не му побеле? Еднаш ми се оѕвери и никогаш не го заборавив. Сега таа така се ѕвери. И знам зошто! Ја нашол во Некрономиконот - формулата. Уште не се осмелувам да ти ја кажам страната, но кога ќе ти ја кажам можеш и ти да прочиташ и да разбереш. Тогаш ќе дознаеш што ме има проголтано. Еднаш, двапати, трипати, четирипати - од тело, во тело, од тело, во тело - наумил никогаш да не умре. Животниот зрак - знае како да ја скрши врската... може да тлее дури и кога телото е мртво. Ќе ти дадам намеци, па можеби ќе погодиш. Слушај Ден - знаеш ли зошто жена ми толку се мачи со тој глупав обратнонавален ракопис? Си видел ли некогаш текст напишан од стариот Ефрем? Сакаш да знаеш зошто се стресов кога ги видов белешките кои Асенат еднаш ги имаше набрзина запишано?

Асенат... постои ли таква личност? Зошто како да се сомневаа дека имало отров во стомакот на стариот Ефрем? Зошто Гилманови шепотат за тоа како крикнал - како исплашено дете - кога полудел и кога Асенат го заклучила во ватираната таванска соба каде што било и - другото? Душата на Ефрeм ли била заклучена? Кој кого заклучил? Зошто со месеци барал некој со остар ум и слаба волја? Зошто колнел што ќерка му не била син? Кажи ми, Даниел Аптон - каква ѓаволска размена била извршена во таа куќа на ужасот каде што тоа богохулно чудовиште го имал своето наклонето, слабодушно, получовечко дете во канџите? Не направи ли да е трајно - како што на крајот и со мене ќе направи? Кажи ми зошто она што се нарекува Асенат пишува поинаку кога мисли дека никој не гледа, при што не можеш да му го разликуваш ракописот од...“

И тогаш се случи. Гласот на Дерби се искачуваше до тенок пискав вресок како што урлаше, кога наеднаш се прекина небаре со механички клик. Помислив на сите други прилики кај мене дома, кога доверувањата нагло ќе му секнеа - кога ми се чинеше како некој таинствен телепатски бран од умствената сила на Асенат да се вмешува за да го замолчи. Меѓутоа, ова беше нешто сосема поинакво - и се почувствував бескрајно поужасно. Лицето до мене за момент се искриви до непрепознатливост, додека низ целото тело му помина некакво тресење - како сите коски, органи, мускули, нерви и жлезди да се прилагодуваа на радикално различно држење, телесни нагласувања и општа личност.

Во што беше врховниот ужас, за жива глава не можев да одредам; но ме облеа таков блуткав бран на гадење и одбивност - едно такво смрзнувачко, смраморувачко чувство на крајна отуѓеност и абнормалност - што загработ на воланот ми стана снеможен и несигурен. Фигурата до мене веќе не личеше на другар од детството, туку на некој чудовиштен упад од најдалечната вселена - некое клето, крајно презриво жариште на непознати и злокобни космички сили.

Се поколебав само за момент, но уште веднаш сопатникот ми го зграпчи воланот и ме примора да се смениме со седиштата. Самракот сега беше многу густ, а светлата од Портланд далеку зад нас, па не можев добро да му го видам лицето. Меѓутоа пламенот во очите му беше извонреден; и знаев дека мора да е во таа сперливо енергична состојба - толку неналик на секојдневната - која толку многу луѓе ја имаа забележано. Беше необично и неверојатно тоа да безволниот Едвард Дерби - оној кој никогаш не можеше да се наметне и кој никогаш не научи да вози - сега ме команда и го презема воланот на мојата сопствена кола, но токму тоа се случи. Долго време не прозборе и во мојот необјаснив ужас, ми беше мило.

На светлата од Бидефорд и Сако му ја видов цврсто стегнатата уста и затреперев од пламенот во неговите очи. Луѓето беа во право - навистина ужасно личеше на жена си и на стариот Ефрем при ваквите настројства. Ништо чудно што ваквите настројства никој не ги сакаше - со сигурност имаше нешто неприродно и ѓаволско во нив, а мрачниот елемент го почувствував уште повеќе заради лудите бладања кои штотуку ги бев чул. Човеков, според сето мое долгогодишно познанство со Едвард Дерби, беше туѓинец - некаков упад од црниот понор.

Не прозборе додека не се најдовме на еден долг, прав пат и кога отвори уста гласот му беше крајно непознат. Беше подлабок, поцврст и поодлучен од кога и да го имав чуено; а акцентот и изговорот му беа целосно изменети - и бледо, потајно и вознемирувачки ми доловуваше нешто што не можев точно да го одредам. Ми дојде како да има некаква трага на многу длабока и вистинска иронија во гласот - не помодарската, безначајно жизнерадосна квази-иронија на голиштравите „софистици“ што Дерби често ја имитираше, туку нешто грубо, темелно, продорно и можеби и злобно. Се чудев на прибраноста која толку бргу најстапи по налетот на препалено мрморење.

„Се надевам ќе го заборавиш нападот од пред малку Аптон“ - рече. „Знаеш каков сум со нервите и знам дека можеш да ми извиниш. Се разбира, премногу сум ти благодарен за превозов до дома.

А треба да заборавиш и ако ти кажав некои луди работи за жена ми - или воопшто за некои други нешта. Тоа ти е кога човек претерано ќе се задлабочи во моето поле. Филозофијата ми е полна со бизарни концепти и кога умот ќе се истошти, изнајдува најразлични измислени конкретни примени. Ќе земам малку да се одморам засега - можеби нема да ме видиш на некое време, но немој да ја обвинуваш Асенат.

Патувањево беше малку настрано, но многу е едноставно. Има едни индијански реликвии во северната корија - исправени камења и такви работи - што имаат мошне големо фолклорно значење и Асенат и јас ги испитуваме. Истражувањето беше напорно и како да ме има малку збрложено. Ќе мора да пратам некој по колата кога ќе стигнам дома. По еден месец починка пак ќе си бидам стариот.“

Не се сеќавам баш на моите одговори за време на разговорот, бидејќи запрепастувачката отуѓеност на мојот сопатник целосно ми ја исполни свеста. Со секој момент чувството на недофатлив космички ужас растеше и најнакрај речиси паднав во бунило од копнеж за крајот на возењето. Дерби не се понуди да ми го препушти воланот и бев благодарен за брзината со која профучија Портсмот и Њуберипорт.

На крстосницата каде што главниот автопат скршнува, одбегнувајќи го Инсмот, се уплашив да не возачот сврти по пустиот крајбрежен пат што води низ тоа проклето место. Но не заврте и бргу пројури крај Раули и Ипсвич, кон целта. Во Аркам стигнавме пред полноќ и видов дека ламбите во старата куќа на Крауниншилд сѐ уште горат. Дерби излезе од колата, со набрзина повторено благодарење, а јас се упатив кон дома сам, при што поради некоја причина како камен да ми падна од срце. Возењето беше ужасно - уште поужасно поради тоа што не можев да одгатнам зошто - и не жалев за прогнозата на Дерби дека долго ќе отсуствува од мое друштво.



V


Наредните два месеци беа полни со гласини. Луѓето велеа дека го гледале Дерби сѐ повеќе и повеќе во неговата нова енергична состојба, а Асенат ретко кога била дома дури и за нејзините малкубројни посетители. Едвард ме посети само еднаш, кога дојде накратко и во колата на Асенат - најпосле вратена од кај што ја имаше оставено во Мејн - да земе некои книги што ми ги имаше позајмено. Беше во новата состојба и подзастана само колку да размени неколку заобиколни учтиви зборови. Јасно беше дека додека е ваков нема за што да разговара со мене - и забележав дека не му текна ни да го примени познатиот сигнал на три-па-две ѕвонења кога заѕвона на ѕвончето. Како и таа вечер во колата, почувствував некаков блед, бескрајно длабок ужас кој не можев да го објаснам, така што неговото брзо заминување ми дојде како колосално олеснување.

 Во средината на септември Дерби беше една недела на пат и дел од сектата расипници од факултетот зборуваа како да беа запознати со работата - загатнувајќи некаков состанок со некој злогласен водач на култ, неодамна прогонет од Англија, кој си имал направено седиште во Њујорк. Мене пак, сѐ уште од главата не ми излегуваше тоа чудно возење од Мејн. Преобразбата што ја бев посведочил длабоко ме имаше погодено и безброј пати се обидував да си ја објаснам - заедно со неподносливиот ужас кој го поттикна во мене.

Но најнеобични беа гласините за липање во старата куќа на Крауниншилд. Гласот се чинел како да е женски и некои од помладите мислеа дека звучи како Асенат. Се слушал само повремено и некогаш се чинел небаре сосила задушен. Се зборуваше дека ќе има истрага, но шансите за тоа беа разбиени кога еден ден Асенат се појави на улица и живо се расприкажа со неколку од нејзините познаници - извинувајќи се за дотогашното отсуство и пропратно зборувајќи за нервниот слом и хистеријата на некој гостин од Бостон. Гостинот никој не го виде, но по појавувањето на Асенат веќе немаше што да се каже. А потоа некој ја усложни работата со тоа што рече дека плачењето два-три пати било со машки глас.

Една вечер во средината на октомври, ги чув познатите три-па-две ѕвонења на влезната врата. Отварајќи самиот, на скалите ме пречека Едвард и за миг ја воочив старата личност, која ја немав видено уште од денот на растроените изјави при страшното возење од Чешенкук. Лицето му играше од мешавина на чудни чувства во кои како заеднички да преовладуваа страв и триумф и потајно си погледна преку рамено додека ја затворав вратата зад него.

Несмасно следејќи ме во работната соба, ме замоли да му дадам виски за да си ги смири нервите. Ми беше страв да го распрашувам, па почекав самиот да започне со тоа што имаше да ми го каже. Најнакрај, со зарипнат глас тргна да ми кажува.

„Асенат си замина, Ден. Долго разговаравме синоќа додека слугите беа излезени и ја натерав да вети дека ќе престане да ме плени. Се разбира имав извесни - извесни окултни одбрани за коишто никогаш не ти кажав. Мораше да попушти, но страшно се налути. Се спакува и замина за Њујорк - веднаш излезе да го фати возот во осум и дваесет за Бостон. Луѓето сигурно ќе зборуваат, но тоа е. Не мора да велиш дека сме имале проблеми - само кажи дека заминала на некое долго иследничко патување.

Најверојато ќе се всели кај некој од нејзините ужасни групи на посветеници. Се надевам ќе појде на запад и ќе побара развод - но најважно е што ја натерав да ми вети дека нема да ми се приближува и дека ќе ме остави на мира. Ужасно беше Ден - ми го крадеше телото - ме истиснуваше - ме претвораше во заробеник. Не се противев и се преправав дека ѝ допуштам, но морав да се вардам. Можев да планирам ако бев внимателен, бидејќи не може да ми ги чита мислите во буквална смисла и во детали. Сѐ што можеше да ми прочита од умислата беше само општо чувство на бунтовност - и секогаш мислеше дека сум беспомошен. Не претпоставуваше дека можам да излезам на крај со неа... но имав две-три вражби што успеаа.“

Дерби погледна зад себе и пак се напи од вискито.

„Ги потплатив проклетине слуги кога се вратија утрово. Незгодни беа и почнаа да се распрашуваат, но си заминаа. Нејзина сорта се - Инсмотчани - како грне и поклопче беа со неа. Се надевам ќе ме остават на мира - не ми се допадна како се смееја на заминување. Морам да вратам колку што можам повеќе од старите слуги на тато. И ќе си се преселам дома.

Сигурно мислиш дека сум луд Ден - но историјата на Аркам знае да загатне нешта кои ги поткрепуваат работите што ти ги кажав - и што ќе ти ги кажам. И самиот виде како се променив - во колата, дента кога ти кажував за Асенат кога се враќавме од Мејн. Тогаш ме фати - ме истера од телото. Последно што се сеќавам е кога бев сиот збрложен и ти кажував што е онаа ѓаволица. Тогаш ме фати и за миг се најдов назад во куќата - во библиотеката каде што ме заклучија тие проклети слуги - и во телото на тој клет устрел... што не е ни човечко... Знаеш дека со неа се возеше до дома... со тој граблив волк во моето тело... Барем ти можеш да ја сетиш разликата!“

Затреперив кога Дерби застана. Навистина ја бев сетив разликата - но можев ли да прифатам едно волку улаво објаснување? Меѓутоа замајаниот посетител сѐ повеќе здивуваше.

„Морав да се спасам - морав, Ден! Засекогаш ќе бев нејзин на Денот на сите светци - се берат горе после Чешенкук и жртвата сѐ ќе запечатеше. Засекогаш ќе бев нејзин... таа ќе беше јас, јас ќе бев таа... засекогаш... прекасно... Моето тело ќе беше засекогаш нејзино... Ќе беше маж и потполно човек како што сакаше да биде... Сигурно и од мене ќе се отарасеше - ќе си го убиеше старото тело со мене во него, исто како претходно, проклета - пролет - проклето да е...“

Лицето на Едвард сега беше свирепо искривено и го наведна непријатно близу до моето, како што гласот му се стиши до шепот.

„Сигурно се сети кога ти загатнав во колата - дека таа воопшто не е Асенат, туку стариот Ефрем. Се посомневав пред година и пол и сега знам. Ѝ се гледа по ракописот кога мисли дека никој не ја гледа - понекогаш чкртнува некои белешки кои се исти како текстовите на татко ѝ, до последна цртичка - и понекогаш кажува работи што никој освен стар човек како Ефрем не би можел да ги каже. Ја разменил формата со неа кога сетил дека смртта му се ближи - само неа можел да ја најде со доволно добар мозок и доволно слаба волја - трајно ѝ го зел телото, исто како што ќе ми го земеше и мене и потоа го отрул старото тело во коешто ја имал ставено. Зар не си ја видел душата на Ефрем десетици пати како зјапа од очите на таа ѓаволица... и од моите кога ќе ми го преземеше телото?“

Шепкачот бревташе и запре да земе здив. Не реков ништо; и кога продолжи гласот му беше понормален. Ова, си помислив, беше случај за во лудница, но нема да сум јас оној кој ќе го испрати таму. Можеби времето и слободата од Асенат ќе си го направат своето. Можев да видам дека никогаш веќе нема да му текне да се меша во морбиден окултизам.

„Покасно ќе ти кажам уште - сега морам добро да се одморам. Ќе ти кажам за некои од забранетите ужаси во кои таа ме замеша - нешто за прастарите ужаси кои и во овој момент гнојат во зафрлени ќошиња, одржувани во живот од неколку чудовишни свештеници. Некои луѓе знаат работи за семирот кои никој не треба да ги знае и можат да прават работи кои никој не треба да може да ги направи. Бев до гуша завлечен, но толку беше. Уште денес ќе го запалев тој проклет „Некрономикон“ и сите други, да бев библиотекар во „Мискатоник“.

Но сега не може да ме дофати. Морам да излезам од таа клета куќа колку што можам побргу и да си се вратам дома. Знам дека ќе ми помогнеш ако ми затреба помош. Знаеш, оние ѓаволски слуги... и во случај некој да почне да се распрашува за Асенат. Работата е што не можам да им ја дадам адресата каде што замина... А има и извесни групи на трагачи - знаеш, извесни култови - што можат погрешно да го сфатат тоа што се разделивме... некои од нив имаат проклето чудни идеи и пристапи. Знам дека ќе бидеш крај мене ако се случи нешто - дури и ако мора да ти кажам многу работи што ќе те потресат.“

Ноќта на Едвард му дадов да преспие во една од гостинските одаи и изутрината изгледаше посмирен. Разговаравме за можните припреми за враќањето во старата вила на Дербиеви и се надевав дека ќе ја направи промената без да губи време. Не ме посети наредната вечер, но следните неколку недели често го гледав. Зборувавме што е можно помалку за чудни и непријатни работи и разговаравме за реновирањето на старата куќа на Дербиеви и за патувањата на кои Едвард вети дека ќе ни се придружи мене и на син ми наредното лето.

Асенат воопшто не ја споменувавме, зашто видов дека таа тема особено го вознемирува. Гласините, се разбира, вирееја; но тоа не беше ништо ново во врска со чудните запоседници на старата куќа на Крауниншилд. Една работа што не ми се допадна беше нешто што му се испушти на банкарот на Дерби еднаш додека се имаше расприкажано во „Мискатонскиот клуб“ - за некакви чекови кои Едвард редовно ги испраќал до некои Мозес и Абигејл Сарџент и Јунис Бабсон во Инсмот. Изгледаше како тие злобнолики слуги да изнудуваа некаков намет од него - а тој мене ништо ми немаше споменато за ова.

Посакував да пристигне летото и одморот на син ми од „Харвард“, за да го однесеме Едвард во Европа. Набргу видов дека не се опоравува онолку брзо колку што се надевав; бидејќи имаше нешто по малку хистерично во неговиот повремен восторг, додека настроенијата на страв и депресија му беа премногу чести. Старата куќа на Дербиеви беше готова во декември, но Едвард постојано ја одложуваше преселбата. Иако ја мразеше и како да се плашеше од старата куќа на Крауниншилд, истовремено беше и настрано поробен од неа. Не можеше да почне да се раскрева и измислуваше најразлични изговори за да одложи. Кога ова му го посочив, како необјасниво да се исплаши. Стариот батлер на татко му - кој беше таму заедно со другите вратени од старата послуга - еден ден ми кажа дека повремените војвања на Едвард низ куќата, особено во визбата, му изгледале несекојдневни и неугодни. Си реков да не Асенат му праќа вознемирувачки писма, но батлерот рече дека немало пошта што би можела да е од неа.



VI


Беше близу Божик кога Дерби најпосле се растрои за време на една посета кај мене. Го насочував разговорот кон претстојните летни патувања, кога одненадеж крикна и скокна од столот со израз на потресен, нескротлив уплав - на космичка паника и презир какви што само адските кошмарни бездни би можеле да разбудат кај здравиот разум.

„Мозокот! Мозокот! Господе, Ден - трга - од другата страна - чука - граба - таа ѓаволица - дури и сега - Ефрем - Камог! Камог! - Јамата со шоготи - Иа! Шуб-Нигурат! Козата со Илјада Млади!

Пламенот - пламенот... надвор од телото, надвор од животот... во земјата... Боже Господе!“

Го спуштив на столот и му сипав вино во устата додека урлањето му се претопуваше во тапо безволие. Не се противеше, но и понатаму ги движеше усните како да си зборува. Одеднаш сфатив дека се обидува мене да ми каже нешто и го доближав увото до устата за да ги дочујам кревките зборови.

„...повторно, повторно... се обидува... требаше да знам... ништо не може да ја запре таа сила; ниту далечина ниту маѓија ниту смрт... доаѓа и доаѓа, најчесто во ноќта... не можам да заминам... ужасно е... Боже Господе, Ден, кога само би знаел како мене колку е ужасно...“

Кога клапна во несознание, го потпрев со перници и го оставив да потоне во сон. Не викнав доктор, бидејќи знаев што ќе каже за неговото ментално здравје и сакав, доколку можам, прво да ѝ дадам шанса на природата. На полноќ се разбуди и го легнав горе, но изутрината го немаше. Беше излегол тивко од куќата - и неговиот батлер, кој ми се јави на телефон, рече дека е дома и дека расшетува низ библиотеката.

Набргу потоа Едвард потполно се растрои. Ниеднаш веќе не ме посети, но јас секој ден одев да го видам. Секогаш го наоѓав како седи во библиотеката, зјапајќи во празно со абнормален израз на наслушување. Понекогаш зборуваше и разумно, но секогаш за банални работи. При најмалото споменување на она што го мачи, на претстојните планови или на Асенат, веднаш побеснуваше. Батлерот рече дека навечер имал страшни напади за време на коишто би можел да се повреди во иднина.

Долго разговарав со неговиот доктор, банкар и адвокат и најпосле го однесов докторот, со двајца колеги специјалисти, да го посети. Грчевите предизвикани од првите прашања беа насилни и јадни - и истата вечер во затворена кола го одведоа неговото кутро, распретано тело во Санаториумот „Аркам“. Ме назначија за негов старател и го посетував двапати неделно - со солзи во очите додека му ги слушав дивите крикови, стравотните шепотења и страшните, монотони тананикања на: „Морав - морав... ќе ме фати... ќе ме фати... долу... долу во мракот... Мамо, мамо! Ден! Спаси ме... спаси ме...“

Колку имаше надеж дека ќе се опорави, никој не знаеше, но давав сѐ од себе да бидам позитивен. Едвард мора да има дом ако некогаш излезе, па му ги префрлив слугите во вилата на Дербиеви, што сигурно би ја избрал ако се врати разумен. Што да правам со куќата на Крауниншилд и со сложените споеви и збирки на крајно необјасниви предмети, не можев да решам, па ја оставив како што ја најдов - ѝ реков на куќната помошничка од семејата куќа да оди и да брише прашина еднаш неделно по главните соби и на котларот да завалува оган на тие денови.

Крајниот кошмар дојде пред Сретение - предвестен, преку некоја сурова иронија, од лажна искра на надеж. Едно утро при крајот на јануари, од санаториумот се јавија да ми кажат дека на Едвард одненадеж му се вратил разумот. Сеќавањето му било доста нарушено, рекоа, но здраворазумноста била сигурна. Се разбира, ќе морало да остане извесно време на контрола, но исходот бил несомнен. Ако сѐ помине како што треба, за недела дена би требало да го пуштат.

Сиот пресреќен поитав да го видам, но останав счудовиден кога сестрата ме однесе во собата. Пациентот стана и ме поздрави, испружувајќи ја раката со учтива насмевка; но за миг видов дека ја поседува онаа чудно енергична личност што беше толку далечна од неговиот табиет - способната личност којашто ми се виде како потајно ужасна и којашто самиот Едвард еднаш ми се заколна дека е наметничката душа на жена му. Го гледав истиот пламен поглед - толку сличен на оној на Асенат и стариот Ефрем - и истата цврста уста; и кога прозборе можев да ја почувствувам истата смуртена, продорна иронија во гласот - длабоката иронија крајно презаситена со затаено зло. Ова беше личноста која ми ја возеше колата низ ноќта пред пет месеци - личноста која ја немав видено од онаа кратка посета кога го заборави стариот сигнал на ѕвончето и разбуди такви небулозни стравови во мене - и која сега ме исполнуваше со истото засенето чувство на богохулна отуѓеност и неизречива космичка одвратност.

 Пријатно зборуваше за тоа како ќе сме го организирале ослободувањето - и не ми преостана ништо друго освен да се согласам и покрај некои извонредни дупки во неговото сеќавање од неодамна. Но почувствував дека има нешто што, на некој ужасен, необјасниво погрешен и абнормален начин, не е во ред. Имаше ужаси во сево ова до коишто не можев да проникам. Ова беше здраворазумен човек - но дали беше оној Едвард Дерби кој го познавав? Ако не, кој, или што беше - и каде беше Едвард? Требаше ли да се ослободи или затвори... или можеби да се поништи од лицето на земјата? Имаше намек на презир во сѐ што створот ќе речеше - очите, исти како на Асенат, му придаваа посебен и загонетен потсмев на тоа кога рече нешто за „рана слобода заслужена поради особено тесното место на престој“. Сигурно се имав однесувано многу непријатно и ми беше мило кога изнудив да се повлечам.

Тој и наредниот ден ги поминав чукајќи си ја главата. Што се имаше случено? Каков ли ум гледаше низ тие туѓи очи во лицето на Едвард? Не можев да мислам на ништо друго освен на оваа сеништно ужасна загатка и се откажав од напорот да си ја вршам секојдневната работа. Второто утро од болницата се јавија да ми кажат дека закрепнатиот пациент останал неизменет и до вечерта бев близу до нервен слом - состојба којашто признавам, иако други би се заколнале, дека го обои моето следбено гледиште. Немам што да кажам по ова прашање, освен тоа дека никакво мое лудило не би можело да ги објасни сите докази.



VII


Во ноќта - по втората вечер - бидна да потполниот, чист ужас ме прелие и ми ја обремени душата со црна, вклештена паника од којашто никогаш не ќе може да се оттргне. Започна со телефонски повик токму пред полноќ. Само јас бев буден и поспано го кренав приемникот во библиотеката. Се чинеше дека на линијата нема никој и сакав да склопам и да си легнам, кога увото како да ми фати еден многу слаб сомнеж на звук од другиот крај. Се обидуваше ли некој, со голема потешкотија, да зборува? Како што наслушував, ми се стори како да чув некој полутечен клокотлив звук - „глуб... глуб... глуб...“ - кој чудно укажуваше на неартикулирани, неразбирливи поделби на зборови и слогови. Реков „Кој е?“ Но единствен одговор беше „глуб-глуб... глуб-глуб“. Можев само да претпоставам дека звукот е механички; но велејќи си дека можеби станува збор за расипан апарат способен да прима, но не и да испраќа, додадов, „Не те слушам. Пробај да склопиш и да се јавиш на информации.“ Веднаш чув како приемникот на другиот крај се затвори.

Реков дека ова беше токму пред полноќ. Кога покасно го проверија повикот, видоа дека дошол од старата куќа на Крауниншилд, иако имаше уште пола недела до денот кога куќната помошничка требаше да е таму. Само ќе загатнам за она што беше пронајдено во куќата - безредието во една стара остава во визбата, трагите, калта, немарно претурената гардероба, загонетните траги на телефонот, несмасно искористениот прибор за пишување и презривата смрдеа којашто врз сѐ се имаше надвиснато. Полицијата, кутрите будали, си ги имаат самодоволните теориички и сѐ уште ги бараат оние зловестни отпуштени слуги - кои ги снема сред збрката. Зборуваат за некаква морбидна одмазда за сторени работи и велат дека јас сум бил вклучен бидејќи сум му бил најдобар пријател и советник на Едвард.

Идиоти! - зар си мислат дека тие неуки цикрузанти би можеле да го фалсификуваат потписот? Зар си мислат дека можеа да го предизвикаат тоа што потоа дојде? Слепи ли се за промените во телото што еднаш му припаѓаше на Едвард? А јас, јас сега верувам во сѐ што Едвард Дерби ми кажа, до збор. Постојат ужаси зад работ на животот во коишто не се сомневаме и одвреме-навреме злобното ровење на човека знае да ги повика во наш домет. Ефрем - Асенат - тој ѓавол ги беше повикал, па го голтнаа Едвард, како што ме голтаат и мене.

Можам ли да бидам сигурен дека сум безбеден? Таквите сили го преживуваат животот на физичката форма. Наредниот ден - попладнето, кога се оттргнав од малаксаноста и бев способен да одам и да зборувам како што треба - појдов во лудницата и го застрелав на мртво, за атер на Едвард и на светот, но можам ли да сум сигурен додека не го кремираат? Го чуваат телото за некакви глупави обдукции од различни доктори - но јас велам дека мора да го кремираат. Мора да го кремираат - оној кој не беше Едвард Дерби кога го застрелав. Ќе полудам ако не го кремираат, бидејќи можеби јас ќе сум следен. Но мојата волја не е слаба - и нема да бидам потчинет од ужасите кои знам дека претекуваат од него. Еден живот - Ефрем, Асенат и Едвард - сега кој? Нема да сум истеран од сопственото тело... Нема да си ја заменам душата со таа изрешетена мрша во лудницата!

Но да се обидам разбирливо да раскажам за тој последен ужас. Нема да зборувам за она што полицијата инаетливо го занемари - приказните за тоа џуџесто, гротескно, смрдежливо нешто кое го сретнаа барем тројца минувачи на „Хај стрит“ токму пред два часот и карактерот на своеобразните стапалки на одредени места. Ќе кажам само дека кај околу два, ме разбудија ѕвончето и чукалото - двете заедно, применети наизменично и несигурно во некој слаб очај и секојпат трудејќи се да го задржат стариот сигнал на Едвард од три-па-два удари.

Станат од цврстиот сон, умот ми се преврте. Дерби на вратата - и ја памети старата шифра! Онаа нова личност не ја паметеше... зар Едвард одненадеж се вратил во старата состојба? Зошто беше дојден, толку очевидно вознемирен и нестрплив? Го ослободиле предвреме или избегал? Можеби, помислив додека ја нафрлив робата и се втурнав по скалите, враќањето на самиот себеси му побудило хистерија и насилство, поништувајќи му го отпуштањето и принудувајќи го на очајничко бегство кон слобода. Што и да се имаше случено, пак беше стариот добар Едвард и бев решен да му помогнам!

Кога ја отворив вратата кон со брестови засводената црнина, за малку што не ме спружи налет на некаков неподносливо баздлив ветер. За засркнав од згаденост и за момент не ја ни видов џуџестата грбава фигура на скалите. Повикот беше на Едвард, но каква беше оваа гнасна, спечена пародија? Кога стигна Едвард да замине? Ѕвонењето се огласи само секунда пред да ја отворам вратата.

Посетителот носеше еден од капутите на Едвард - долниот дел скоро му допираше до земјата и ракавите му беа засукани, а сепак му ги покриваа рацете. На главата имаше ниско навлечена паларија, а црн свилен шал му го криеше лицето. Како што зачекорев несигурно напред, фигурата испушти полутечен звук како оној што го чув на телефон - „глуб... глуб...“ - и ми тутна голем, ситно испишан лист хартија наденет на крајот на долг молив. Сѐ уште зашеметен од морбидната и необјаснива реа, ја зграпчив хартијата и се обидов да ја прочитам на светлината од вратата.

Немаше сомнение дека ракописот е на Едвард. Но зошто пишувал ако бил доволно близу за да заѕвони - и зошто ракописот беше толку несмасен, раштркан и расклатен? Не можев ништо да прочитам во темната полусветлина, па се повлеков кон ходникот, со џуџестата фигура клапајќи механички по мене, но запирајќи на прагот од влезната врата. Миризбата на необичниот гласник беше навистина неподнослива и се надевав (не залудно, фала му на Бога!) дека жена ми нема да се разбуди и да го начека.

Тогаш, како што го читав напишаното, почувствував како колената ми попуштаат и видот ми се зацрнува. Кога се освестив лежев на подот, сѐ уште стегајќи го тој проклет лист во раката здрвена од страв. Го пишуваше ова:


„Ден - појди во санаториумот и убиј го. Истреби го. Веќе не е Едвард Дерби. Ме фати - Асенат е - а веќе три и пол месеци кај беше мртва. Те излажав кога ти реков дека замина. Ја убив. Морав. Ненадејно беше, но бевме сами и си бев во вистинското тело. Видов еден свеќник и ѝ ја здробив главата. Ќе ме земеше засекогаш на Денот на сите светци.

Ја затрупав во внатрешната остава во визбата под едни стари кутии и ги исчистив трагите. Слугите се посомневаа изутрината, но и самите имаат такви тајни што не се осмелуваат да ѝ кажат на полицијата. Ги избркав, но Господ знае што ќе направат - заедно со другите од култот.

Едно време мислев дека сум во ред, но потоа повторно почнав да го чувствувам тргањето врз мозокот. Знаев што е - требаше да ми текне. Душа како нејзината - или на Ефрем - е полуоткачена и продолжува и по смртта, сѐ додека телото трае. Ме фаќаше - ме тераше да ги смениме телата - ми го грабаше телото и ме ставаше во оној нејзин труп кој лежеше закопан во визбата.

Знаев што ме чека - затоа спобудалев и мораа да ме однесат во лудница. И тогаш дојде - се најдов кај се гушам во темнината - во скапаниот леш на Асенат таму во визбата под кутиите каде што го ставив. И знаев дека таа мора да е во моето тело во санаториумот - за стално, бидејќи Денот на сите светци веќе беше поминат и жртвата би важела дури и без таа да е присутна - здрава и спремна да се отпушти како закана за светот. Очајував, но и покрај сѐ се изграбав од таму.

Веќе премногу сум заминат за да зборувам - не можев да телефонирам - но сѐ уште можам да пишувам. Ќе се потсредам некако и ќе ти го донесам овој последен абер и предупредување. Убиј го тој устрел ако ти се драги мирот и среќата на светот. Гледај да го кремираат. Зашто инако ќе продолжи да живее и да живее, од тело во тело засекогаш и не можам да ти кажам што ќе направи. Бегај понастрана од црна магија Ден, ѓаволска работа е. Збогум - ми беше прекрасен пријател. Кажи им на полицијата нешто во што ќе поверуваат - ужасно ми е жал што и тебе те вовлеков во ова. Уште малку и ќе се упокојам - ова нема уште долго да искрепи. Се надевам ќе можеш да го прочиташ ова. А она да го убиеш - убиј го.

Твојот Ед“


Последниот дел на писмото го прочитав дури потоа, бидејќи се онесвестив при крајот на третиот параграф. Повторно се онесвестив кога видов и помирисав што се има растурено низ прагот каде што го удри топлиот ветер. Гласникот веќе ниту се помрдна ниту се освести.

Батлерот, пожилав од мене, не се онесвести кога виде што го пречека во ходникот изутрината, туку се јави во полиција. Кога дојдоа, ме однесоа горе в кревет, но - смесата - лежеше каде што се имаше распаднато вечерта. Луѓето принесуваа шамивчиња пред носевите.

Она што потоа го најдоа во чудно нафрлените алишта на Едвард беше само некаква растечена ужасија. Имаше и коски и - здробен - череп. Забарскиот испит го идентификува черепот дека е на Асенат.