Стаорците во ѕидот - Полиграматон

Стаорците во ѕидот


На 16 јули 1923, се вселив во „Ексaм прајори“ откако и последниот мајстор заврши со работа. Реставрацијата беше била импозантна задача, зашто од напуштениот куп имаше останато саде една чауреста рушевина; но бидејќи тоа беше било престолнината на моите предци не дадов никаков трошок да ме одврати. Местото беше ненаселено уште од владеењето на Џејмс I, кога трагедија од исклучително одвратна, макар што во најголем дел необјаснета, природа го беше сотрела стопанот, пет негови деца и неколку слуги; и го беше истерала под облак на сомнеж и ужас третиот син, мојот директен предок и последниот преживеан од ненавистната лоза. Откако овој единствен наследник бил одречен како убиец, имотот ѝ припаднал на круната, ниту пак обвинетиот човек направил напори да се изоглави од вината или да си го поврати имотот. Потресен од некој ужас поголем од оној на совеста или законот и изразувајќи само трескава желба да го отфрли древното здание од видот и спомените, Волтер де ла Пор, единаесеттиот барон Ексам, пребегнал за Вирџинија и таму го отпочнал семејството кое до наредниот век станало познато како Делапор.

„Ексам прајори“ беше останал ненаселен, макар што покасно бил приклучен кон имотите на семејството Норис и доста изучуван поради неговата сперливо композитна архитектура; архитектура која вклучуваше готски кули исправени врз саксонска или романска подструктура, чии темели, пак, беа од уште поран ред или мешавина од редови - римска и дури и друидска или домородно камриска, ако беа вистинити легендите. Овие темели беа мошне своеобразна работа, одошто на едната страна беа споени со самиот варовник на врлината од чијшто раб приоратот надгледуваше една пуста долина три милји западно од селото Анчестер. Архитекти и антиквари обожаваа да ја испитуваат оваа чудна реликвија од заборавени векови, но народот од околијата ја мразеше. Ја беа мразеле стотици години претходно, кога таму живееле моите предци и ја мразеа и сега, со мовот и мувлата на арнисаност врз неа. Не бев ни еден цел ден во Анчестер пред да дознаам дека потекнувам од проколната лоза. А неделава работници го разнесоа „Ексам прајори“ и се зафатени со разгромување на трагите од неговите темели.

Најосновната статистика за мојот бабалак отсекогаш ми беше позната, заедно со фактот дека мојот прв американски предок беше дошол во колониите под чуден облак. Меѓутоа, со подробностите бев потполно незапознат поради начелата на воздржливост кои Делапорови отсекогаш ги негуваа. За разлика од нашите соседи плантажери, ние ретко се фалевме со крстоносни предци или други средовековни или ренесансни херои; ниту пак се предаваа некакви верувања освен она што можеби било запишано во запечатеното плико завештавано за посмртно отварање уште од пред Граѓанската војна од секој главатар на семејството на неговиот најстар син. Славата која ние ја воспевавме беше онаа стекната после преселбата; слава на горда и чесна, макар што по малку здржана и недружељубива вирџиниска лоза.

За време на војната богатството ни секна и целото постоење ни се измени со опожарувањето на Карфакс, нашиот дом на бреговите на реката Џејмс. Дедо ми, човек во години, беше витосал во јангановиот бес, а со него и пликото кои сите нѐ врзуваше за минатото. И денес можам да си го споменам тој оган исто како што го видов тогаш на седум години, со викотниците на федералните војници, вресоците на жените и завивањата и молитвите на црнците. Татко ми служеше војска бранејќи го Ричмонд и по многу формалности јас и мајка ми бевме пренесени преку борбените линии за да му се придружиме. Кога заврши војната сите се преселивме на север, од каде што потекнуваше мајка ми; а јас достигнав машкост, средовечност и најпосле богатство како сталожен Јенки. Ни јас ни татко ми не дознавме што беше содржело нашето наследничко плико и како што се втопував во сивотијата на трговскиот живот во Масачусетс изгубив секаков интерес за мистериите кои очевидно демнеа во дамнините на моето семејно дрво. Да ми успееше да се посомневам во нивната природа, од сѐ срце ќе им го оставев „Ексам прајори“ на мовта, лилјаците и пајажините!

Татко ми умре во 1904, без да ни остави некаква порака мене или на син ми, Алфред, момче на десет години без мајка. Ова момче беше оној кој го сврти протокот на семејни информации; зашто иако јас можев да му понудам само шеговити претполагања за минатото, тој мене ми пиша за некои многу интересни прародовски легенди кога покасната војна го однесе во Англија во 1917 како воздухопловен офицер. Делапорови наводно имале сликовита и можеби и зловестна историја, зашто некој другар на син ми, капетан Едвард Норис од Кралскиот летечки корпус, домувал близу семејната престолнина во Анчестер и му пренел некои селски суеверија кои малкумина романописци би можеле да ги надмашат во разузданост и неверојатност. Самиот Норис, се разбира, не ги сфаќал сериозно, но го забавуваа син ми и служеа како добар материјал за неговите писма до мене. Овие легенди и преданија беа она што конечно ми го заврте вниманието кон мојата трансатлантиска прадедовина и ме натера да се решам да ја купам и реставрирам семејната престолнина која Норис му ја покажал на Алфред со нејзината сликовита напуштеност и се понудил да му ја договори за изненадувачки разумна сума, зашто се погодило да тогашниот сопственик е баш неговиот чичко.

Го купив „Ексам прајори“ во 1918, но уште веднаш бев одвратен од плановите за реставрирање поради враќањето на син ми како осакатен инвалид. За време на двете години кои ги поживеа не мислев на ништо друго освен на грижата за него, ставајќи си ја дури и трговијата под водство на ортаци. Во 1921, наоѓајќи се ужален и без цел, пензиониран индустријалец кого младоста го одминала, се решив да си ги насочам преостанатите години кон новиот имот. Посетувајќи го Анчестер во декември, за домаќин го имав капетан Норис, полникаво, допадливо момче кое многу го беше почитувало син ми и ја обезбедив неговата помош во собирање на планови и анегдоти за да ме водат во претстојната реставрација. Самиот „Ексам прајори“ го гледав без некое посебно чувство, само како збрка на климави средовековни рушевини прекриени со лишаи и прошарани небаре саќе со вранови гнезда, опасно квакнати врз една стрмнина и соголени од подови или други внатрешни одлики освен камените ѕидови на одделните кули. 

Како што постепено го повраќав изгледот на зданието до онака како што бил кога мојот предок го напуштил пред повеќе од три векови, почнав да главам мајстори за обновата. Во секој наврат бев приморан да излегувам надвор од непосредната месност, одошто анчестерските селани имаа скоро неверојатен страв и омраза кон местото. Овој став беше толку проширен што понекогаш беше споделуван и со некои од работниците дојденци, предизвикувајќи многубројни дезертирања; а се чинеше дека во неговиот обем се вклучени и приоратот и неговото древно семејство.

Син ми ми имаше кажано дека бил дискретно изопштен за време на неговите посети, бидејќи бил де ла Пор, а сега и самиот се најдов тивко отфрлен од слична причина, сѐ додека не ги убедив селаните колку малку знам за мојата прадедовина. Дури и тогаш мрко не ми сакаа, па морав да ги собирам повеќето од селските верувања преку посредништво на Норис. Она што луѓето можеби не можеа да го простат беше тоа што бев дошол да повратам еден, за нив, толку ненавистен симбол, зашто, рационално или не, „Ексам прајори“ го сметаа за ништо помалку од врталиште на врагови и врколаци.

Склопувајќи ги сказните кои Норис ми ги собра и дополнувајќи ги со извештаи од неколку фахмани кои ги имаа проучувано рушевините, изведов заклучок дека „Ексам прајори“ се издига врз локалитет на праисториски храм; друидска или преддруидска градба која мора да беше била современик на Стоунхенџ. Во тоа дека неописливи обреди биле славени тука, малкумина се сомневаа; и имаше непријатни сказни за пренесувањето на ваквите обреди во обожавањето на Кибела кое Римјаните го имале воведено. Записи кои сѐ уште беа видливи во подподрумот содржеа непогрешливи букви како „ДИВ … ОПС … МАГНА. МАТ …“, знакот на Магна Матер чие мрачно обожавање некогаш било напразно забрането за римски граѓани. Анчестер беше бил логор на третата августинијанска легија, за што сведочат многу останки и се велеше дека храмот на Кибела бил сјајен и претекувал од идолопоклоници кои изведувале безимени чинодејства по заповед на фригиски свештеник. Сказните придодаваа и дека падот на старата религија не ги прекинал оргиите во храмот, туку дека свештениците и понатаму живееле во новата вера без вистински да се променат. Исто така се велеше и дека обредите не ги снемало заедно со римската моќ и дека некои од саксонците му придале на она што останало од храмот и му го дале основниот контур кој потоа го беше задржал, правејќи го средиште на култ од кој пола хептархија се плашела. Во околу 1000 н.е. местото се споменува во еден летопис како содржаен камен приорат и дом на чуден и моќен монашки ред, опкружен со пространи градини на коишто не им требале ѕидини за да ги одвратат преплашените мештани. Данците никогаш не го уништиле, макар што по норманското освојување сигурно извонредно опаднал; зашто немало никакви пречки кога Хенри Трети му го доделил имотот на мојот предок Жилбер де ла Пор, првиот барон Ексам, во 1261.

За моето семејство пред овој датум нема лоши муабети, но потоа нешто чудно мора да се случило. Во еден летопис има упат кон де ла Порови како „проколнати од Господ“ во 1307, а во селските легенди и преданија се зборуваше саде за злобен и трескав страв од замокот кој бил издигнат врз темелите на стариот храм и приорат. Вечерните приказни беа со најгрозоморен крој и беа уште позастрашувачки поради нивната исплашена воздржливост и маглива затаеност. Ги претставуваа моите предци како раса на наследни демони во споредба со коишто Жил де Ре и маркизот де Сад би испаднале баш-аџамии и шепотливо загатнуваа кон нивната одговорност за повремените исчезнувања на селани долж неколку поколенија.

Најлошите ликови наводно биле бароните и нивните директни наследници; или барем, најмногу се шепотеше за нив. Ако бил со поздрава наклонетост, се велеше, наследникот рано и мистериозно умирал за да направи место за друг потипичен ластар. Се чинеше дека има некаков внатрешен култ во семејството, со којшто заседаваше главата на куќата и кој понекогаш беше затворен освен за неколку членови. Нарав наместо бабалак очевидно била основата на овој култ, зашто во него беа примени и неколкумина што преку брак беа влегле во семејството. Леди Маргарет Тревор од Корнвол, жената на Годфри, вториот син на петтиот барон, беше станала омилена караконџулка за децата низ целата околија и демонската хероина на една особено ужасна балада што сѐ уште не е заборавена близу велшката граница. Исто така зачувана во баладна форма, макар што неотсликувајќи ја истата идеја, е одвратната сказна за леди Мери де ла Пор, која набрзо по венчавката со ерлот од Шрусфилд, била убиена од него и неговата мајка, по што и двајцата крвници биле искупени од гревот и благословени од свештеникот на којшто му го признале она што не се осмелиле да му го повторат на светот.

Овие митови и балади, колку и да беа типични за прости суеверија, ми причинуваа голема неугодност. Нивната настојчивост и нивната употреба за една толку долга низа на моите предци особено ме нервираше; додека бедењата за чудовишни навики непријатно потсеќаа на единствениот познат скандал на моите непосредни предци - случајот со мојот роднина, младиот Рендолф Делапор од Карфeкс, кој заминал меѓу црнците и станал вуду свештеник откако се вратил од Мексиканската војна.

Многу помалку бев вознемирен од помагливите сказни за лелеци и завивања во јаловата, ветровита долина под варовничкиот гребен; за гробарски смрдеи по пролетните дождови; за распретаното, цивкаво бело нешто врз коешто коњот на сер Џон Клејв згазнал некоја вечер во некое осамено поле; и за слугата кој полудел од нешто што видел во приоратот среде бел ден. Овие нешта беа излитени сенишни преданија, а јас во тоа време бев изразен скептик. Извештаите за исчезнати селани беа помалку занемарливи, макар што не беа особено значајни со оглед на обичаите на средовековието. Радознала љубопитност значело смрт и баеги отсечени глава биле јавно изложени на бастионите - сега истружени - околу „Ексам прајори“.

Неколку од сказните беа прекумерно сликовити и направија да ми е криво што немав учено повеќе компаративна митологија во младоста. Постоеше, на пример, верување дека свита лилјакокрилни ѓаволи секоја вечер одржувала вештерски шабати во приоратот - свита чија прехрана би можела да ја објасни несразмерната обилност на коренестиот зеленчук берен од масивните градини. И најживописна од сите, беше драматичната епопеја за стаорците - расприпканата војска на одбивни штетници којашто се беше излила од замокот три месеци по трагедијата која го осудила на напуштеност - мршавата, валкана, прегладнета војска којашто беше збришала сѐ пред себе и проголтала живина, мачки, пци, свињи, овци и дури и две страдни човечки суштества пред да ѝ се истроши јароста. Околу таа незаборавна глодарска војска кружеше цел засебен циклус на митови, зашто се беше раштркала низ селските домови и клетви и ужаси беше донесла како што врвела.

Вакви преданија ме имаа кајдисано додека туркав, со старечка непопустливост, да се заврши работата за реставрирање на мојот прародовски дом. Не смее ни за миг да се помисли дека овие сказни ја обликуваа мојата првична душевна околина. Од друга страна, постојано бев фален и охрабруван од капетан Норис и од антикварите кои ме опкружуваа и ми помагаа. Кога задачата беше исполнета, две години по нејзиниот почеток, се испулив кон големите соби, ламперисаните ѕидови, засводените тавани, прозорските шпросни и широките скалишта со гордост којашто целосно надоместуваше за грамадниот трошок на реставрацијата. Секоја особина на средниот век беше очиклено репродуцирана и новите делови совршено се претопуваа во првобитните ѕидови и темели. Престолнината на моите дедовци беше готова и со нетрпение чекав да најпосле го искупам околниот углед на лозата којашто завршуваше со мене. Намеравав трајно да се сместам тука и да докажам дека ако сум де ла Пор (зашто ја бев присвоил првичната форма на името) не значи дека сум и враг. Удобноста можеби ми беше ојачана од фактот што и покрај тоа што „Ексам прајори“ беше опремен средовековно, покуќнината всушност беше потполно нова и незаразена ни од стари штетници ни од стари духови.

Како што веќе кажав, се вселив на 16 јули, 1923. Домаќинството ми се состоеше од седум слуги и девет мачки, од коишто вториве ми се особено драги животинки. Мојот најстар мачор „Ѓуптин“, имаше седум години и беше дојден со мене од мојот дом во Болтон, Масачусетс; другите ги бев накалапил додека живеев со семејството на капетан Норис за време на реставрацијата на приоратот. Пет дена рутината ни врвеше во крајнo спокојство, а јас најчесто си го пополнував времето со узаконување на стари семeјни податоци. Дотогаш имав добиено некои доста подробни извештаи за последната трагедија и бегството на Волтер де ла Пор, за кои слутев дека се веројатната содржина на наследниот документ изгубен во пожарот во Карфакс. Се чинеше дека мојот предок ненапразно бил обвинет дека ги убил на спиење сите членови на неговото домаќинство, освен четири слуги соучесници, две недели по некое потресно откритие кое целосно му го променило однесувањето, но коешто, освен преку гатнувања, не го споделил со никој освен можеби со слугите кои му помогнале и потоа избегале надвор од дофат.

Овој умислен колеж, кој вклучуваше татко, тројца браќа и две сестри, во главно беше оправдан од селаните и толку ноншарлантно обработен од законот што престапникот избегал за Вирџинија уважен, неповреден и неприкриен; а општиот прошепотен став бил дека ја куртулисал земјата од клетва останата од памтивек. Какво откритие беше поттикнало еден толку страшен чин, едвај можев дури и да претположам. Волтер де ла Пор сигурно со години ги знаел зловестните сказни за своето семејство, така што овој материјал не би можел да му има разбудено некаков пресен порив. Дали можеби посведочил некаков одбивен древен обред или налетал на некој стравотен и разоткривачки симбол во приоратот или неговата непосредна близина? Во Англија имал углед на срамежлив и кроток млад човек. Во Вирџинија не се чинел отрпнат или огорчен, туку повеќе потиснат и растревожен. Во дневникот на еден друг благородник-авантурист, Франсис Харли од Белвју, беше споменат како човек со ненадмашена справедливост, чест и обѕир.

На 22 јули се случи првиот инцидент кој, иако тогаш лесно пренебрегнат, доби противприродно значење во однос на некои покасни настани. Беше толку едноставен да би бил скоро занемарлив и немаше шанса да биде забележан со оглед на околностите; зашто мора да си споменеме дека одошто бев во градба што беше сосема пресна и нова освен ѕидовите и опкружен со добро урамнотежена послуга на прислужници, ќе беше апсурдно да чувствувам растревоженост дури и покрај месноста. Она што покасно си го споменав беше само следново - дека мојот црн мачор чиј табиет ми е толку познат беше несомнено на штрек и немирен до степен кој беше сосема невообичаен за неговиот природен нарав. Луташе од соба до соба, неспокоен и вознемирен и постојано душкаше по ѕидовите кои претставуваа дел од старата готска структура. Сфаќам колку банално звучи ова - како задолжителното куче во приказните за духови, кое секогаш ‘рже пред стопанот да ја здогледа провидната фигура - а сепак не можам согласно да го потиснам.

Наредниот ден слуга ми се пожали од неспокојството на сите мачки во куќата. Ми пријде во работната соба, една високотаванска западна одаја на вториот спрат, со крстести сводови, паноа од црн даб и троен готски прозорец кој гледаше кон варовничкиот гребен и пустата долина; и дури и како што слугата зборуваше ја видов ќумур-црната форма на Ѓуптин како се прикрадува долж западниот ѕид и гребе по новите паноа кои го обложуваа древниот камен. Му кажав на човекот дека сигурно има некоја своеобразна миризба или излив од стариот каменорез, неосетлив за човечки сетила, но кој ги погодува префинетите органи на мачките дури и низ новата дрвенарија. Навистина верував дека беше така и кога човекот упати на присуство на глувци или стаорци, му споменав дека веќе триста години кај немало стаорци тука и дека дури ни полски глувци од околните ниви не би можеле да се најдат во овие високи ѕидови, каде што никој никогаш не ги видел да имаат залутано. Тоа попладне му појдов на гости на капетан Норис кој ме увери дека би било мошне неверојатно полски глувци да го имаат запоседнато приоратот на толку ненадеен и дотогаш нечуен начин.

Таа вечер, ослободувајќи го валетот како и секогаш, си легнав во одајата во западната кула која ја имав избрано за своја, до којашто од работната соба се стигаше преку едно камено скалиште и кратка галерија - едното делумно древно, другата целосно реставрирана. Собата беше кружна, многу висока и без ламперија, со обесен миндер кој лично го имав избрано во Лондон. Бидејќи Ѓуптин беше со мене, ја затворив тешката готска врата и си легнав под светлината на електричните светилки кои толку вешто имитираа свеќи, гасејќи го на крај светлото и потонувајќи во изрезбарениот кревет со балдахин, со стариот мачор на неговото навикнато место врз моите стапала. Не ги повлеков завесите, туку се испулив низ тесниот северен прозорец кој ми беше отспротива. На небото имаше навестување на аурора и деликатните орнаменти на прозорецот пријатно се оцртуваа.

Сигурно по некое време имав заспано без да сетам, зашто си приспомнувам за јасно чувство на излегување од чудни сништа, кога мачорот насилно срипа од спокојна положба. Го видов на бледата аурорна светливост, со глава испружена нанапред, предни нозе врз моите зглобови, а задни нозе истегнати наназад. Напнато гледаше во некоја точка на ѕидот малку поназапад од прозорецот, точка која за моето око со ништо не беше впечатлива, но кон којашто сега ми беше насочено целото внимание. И како што гледав, знаев дека Ѓуптин не е попусто возбуден. Дали миндерот навистина се помрдна, не би можел да кажам. Мислам дека се помрдна, многу малку. Но она во коешто можам да се заколнам е дека зад него чув тивко, јасно растрчување небаре на стаорци или глувци. Уште истиот миг мачорот бодро срипа фрлајќи се врз провиснатата таписерија, симнувајќи го со својата тежина погодениот дел врз подот и откривајќи влажен, древен камен ѕид, закрпен ваму-таму од мајсторите и без никакви траги од глодарски напасници. Ѓуптин се растрчуваше нагоре-надолу по подот крај овој дел од ѕидот, гребејќи го паднатиот миндер и чинејќи се напати како да сака да ја протне шепата помеѓу ѕидот и дабовиот под. Не пронајде ништо и по некое време изморено се врати на своето место врз моите стапала. Не се помрднав, но вечерта веќе не заспав.

Изутрината ги испрашав сите слуги и дознав дека никој немаше забележано нешто необично, освен тоа што готвачката се сеќаваше на постапките на некој мачор што ѝ лежел на прозорец. Мачорот вреснал во некој непознат час на ноќта будејќи ја готвачката токму навреме за да го види како одлучно се втурнува низ отворената врата прудолу по скалите. Пладнето ми помина во дремка, а попладне повторно му појдов на гости на капетан Норис, кој стана прекумерно заинтересиран за она што му го кажав. Несекојдневните случки - толку мали, а толку своевидни - му го потхранија осетот за сликовитост и му изнудија неколку присеќавања на околни преданија за духови. Бевме искрено обезумени од присуството на стаорци и Норис ми позајми неколку стапици и бакарен ацетоарсен, кои кога се вратив им ги дадов на слугите да ги постават на стратешки места.

Си легнав порано, одошто многу ми се спиеше, но бев тормозен од соништа од најужасен тип. Се чинеше како од огромна височина да гледам прудолу кон самрачна шуплина, полна до колена со гнасотилук, каде што еден белобрад демонски свињар со стап тераше стадо од габосани, млитави ѕверки чиј изглед ме исполни со неизустлив презир. Тогаш, кога свињарот подзапре и задрема среде работа, од смрдливиот понор се истури грамаден рој стаорци кои фатија да ги јадат и ѕверките и човекот.

Од оваа стравотна глетка бев нагло разбуден од движењата на Ѓуптин, кој беше спиел врз моите стапала како и обично. Овој пат не морав да се запрашам кој е врутокот на неговото ‘ржење и саскање и на стравот кој го имаше натерано да ми ги зарие канџите во зглобот, несвесен за нивниот учинок; зашто на секоја страна на одајата ѕидовите беа оживеани од гаден звук - штетничкото влечкање на прегладнети, џиновски стаорци. Сега немаше аурора за да ја покаже состојбата на миндерот - чијшто паднат дел повторно беше поставен на место - но не ми беше страв до толку за да не би пуштил светло.

Штом жарулките бликнаа во сјај видов одвратно тресење по целата таписерија, кое правеше да немалку сперливите дезени изведуваат своеобразен танц на смртта. Ова движење исчезна скоро веднаш, а со него и звукот. Рипајќи од кревет, го збрцав миндерот со долгата рачка на мангалот за греење постела кој ми беше потпрен во близина и подигнав еден дел да видам што има одзади. Немаше ништо освен закрпениот камен ѕид и дури и мачорот го имаше изгубено напнатото согледување на абнормални присуства. Кога ја испитав кружната стапица која беше ставена во собата, видов дека сите врати се спуштени, макар што немаше ни трага од она што се фатило и што избегало.

Понатамошно спиење не доаѓаше предвид, па така, палејќи свеќа, ја отворив вратата и излегов во галеријата упатувајќи се кон скалите на мојата работна соба, со Ѓуптин зад петите. Меѓутоа пред да стигнеме до камените скали мачорот се втурна пред мене и го снема прудолу по древното скалиште. Додека јас самиот слегував по скалите, одеднаш станав свесен за звуци од големата соба под мене; звуци чија природа беше непогрешлива. Sидовите со дабови паноа беа оживеани од стаорци, припкајќи се и валајќи се, додека Ѓуптин јуреше наоколу со јарост на обезглавен ловец. Кога стигнав до дното приклучив светло, кое овој пат не направи да вревата стивне. Стаорците продолжија да се бунтуваат во стампедо со толкава сила и одредливост што најпосле на нивните движења можев да им доделам конкретна насока. Овие суштества, во навидум неисцрпен број, беа зафатени со некаква импозантна преселба од незамисливи височини до длабочини замисливо или незамисливо под мене.

Потоа слушнав стапалки во ходникот и уште истиот миг двајца слуги влегоа туркајќи ја масивната врата. Ја пребаруваа куќата да најдат некој непознат извор на вознемирување кој ги беше втурнал сите мачки во раз’ржана паника и ги натерал стрмоглаво да се нурнат прудолу по неколку скалишта и да чучнат, кенкајќи, пред затворената врата на подподрумот. Ги прашав дали ги беа чуле стаорците, но одговорот им беше одречен. И кога се завртев да им го насочам вниманието кон звуците во паноата, сфатив дека вревата беше прекинала. Заедно со двајцата слуги, слегов долу до вратата од подподрумот, но мачките веќе се имаа раштркано. Се решив да покасно ја истражам костурницата под мене, но дотогаш направив само обиколка на стапиците. Сите беа спуштени, но сите беа незафатени. Откако се уверив дека никој не ги беше чул стаорците освен мачките и јас, преседов во работната соба до утрото; длабоко замислен и споменувајќи си ја секоја одломка на легендите кои ги имав обелоденето во врска со градбата во која се имав вселено.

Претпладнето поспав малку, спружен во единствениот удобен стол во библиотеката којшто мојот средовековен стил на покуќнина дозволуваше да се пренебрегне. Покасно му телефонирав на капетан Норис, кој дојде и ми помогна да го истражам подподрумот. Апсолутно ништо неумесно не беше пронајдено, макар што не можевме да си ја потиснеме еуфоријата од сознанието дека овој темник бил изграден од римски раце. Секој низок свод и масивен столб беше римски - не унакажаниот романски стил на неспретните Саксонци, туку трезвениот и складен класицизам на добата на Цезарите; и навистина, ѕидовите изобилуваа со записи познати за антикварите кои повеќекратно го имаа истражувано местото - работи како „П.ГЕТАЈ. ПРОП … ТЕМП … ДОНА …“ и „Л. ПРАЈК … ВС … ПОНТИФИ … АТИС …“

Од упатот кон Атис ми полазија морници, зашто го имав читано Катул и знаев по нешто од одвратните обреди на Источниот бог, чие обожавање беше толку смешано со она на Кибела. Норис и јас, под светлината на фенерите, се обидевме да ги протолкуваме несекојдневните и скоро истружени дезени врз извесни неправилно правоаголни камени блокови кои во главно личеа како олтари, но не можевме да излеземе на крај со нив. Се сеќававме дека за една од шарите, некакво сонце со зраци, познавачите сметаа дека наведува на неримско потекло, укажувајќи дека овие олтари биле само наследени од римските свештеници од некој постар и можеби домороден храм на истиот локалитет. На некои од овие блокови имаше кафеави флеки кои ме задумаа. Најголемиот, во средината на собата, имаше извесни одлики на горната површина кои наведуваа на поврзаност со оган - најверојатно горење на жртви.

Такви глетки нѐ чекаа во таа костурница пред чија врата мачките виеја и каде што јас и Норис одлучивме да ја поминеме ноќта. Дивани беа донесени од слугите, на кои им беше кажано да ги занемарат можните ноќни постапки на мачките и на Ѓуптин му беше дадено да остане колку за помош толку и за друштво. Решивме цврсто да ја затвориме големата дабова врата - современа реплика со зарези за провев - и откако ја завршивме таа работа, си легнавме со сѐ уште запалени фенери да чекаме да видиме што ќе бидне.

Темникот беше многу длабоко под темелите на приоратот и несомнено се протегаше до срцето на свиснатиот варовнички гребен кој ја надгледуваше пустата долина. Во тоа дека беше бил одредиштето на гунгулата необјасниви стаорци воопшто не се сомневав, макар што зошто, не можев да одгатнам. Како што лежевме во исчекување, бдеењето повремено ми беше измешано со полуоблични соништа од коишто немирните движења на мачката врз моите стапала ме скориваа. Тие соништа не беа угодни, туку ужасно слични со оние кои ги имав претходната вечер. Повторно ја видов самрачната шуплина и свињарот со неговите неспоменливи габосани ѕверки кои се кашкаа во гнасотилук и како што ги гледав тие створови, се чинеа сѐ поблизу и појасни - толку јасни што можев скоро да им ги забележам и одликите. И потоа навистина ги забележав млитавите одлики на една од нив - и се разбудив со таков вресок што Ѓуптин срипа, а капетан Норис кој немаше заспано, слатко се изнасмеа. Норис може и повеќе ќе се засмееше - или можеби помалку - ако знаеше што ме беше натерало да вреснам. Но и самиот не се сеќавав, сѐ до покасно. Врховниот ужас често го вкочанува сеќавањето во чин на милост.

Норис ме разбуди кога започна феноменот. Од истиот тој стравотен сон бев свикан од неговото нежно тресење и настојување да ги заслушам мачките. А имаше и што да се чуе, зашто зад затворената врата на челото на камените скали се збиднуваше опиплив кошмар на мачкино врескање и гребење, додека Ѓуптин, не водејќи сметка за неговите роднини надвор, возбудено трчаше околу голите камени ѕидови во коишто го слушав истиот оној џагор на растрчани стаорци кој ме беше измачувал претходната вечер.

Преизразен ужас ми надојде тогаш во душата зашто ова беа аномалии кои со ништо обично не можеа јасно да се објаснат. Стаорците, ако не беа суштества на некое лудило кое го делев само со мачките, сигурно копаа и се лизгаа во римските ѕидови кои ги мислев дека се од чисти варовнички блокови… освен ако влијанието на водата низ повеќе од седумнаесет векови не беше разјало змијулести тунели кои глодарските тела ги беа разрониле и рашириле… Но дури и со тоа, призрачниот ужас не беше помал; затоа што ако ова беа живи штетници, зошто Норис не го слушаше нивното одвратно вревење? Зошто настојуваше да го следам Ѓуптин и да ги слушам мачките надвор и зошто нашироко и напразно нагаѓаше што би можело да ги дразни?

Додека стигнав да му раскажам, колку што можев порационално, што ми се чинеше дека слушам, ушите ми го дофатија последниот едвај чуен впечаток на растрчувањето; кое се имаше повлечено уште подолу, длабоко под овој најдлабок подподрум додека не ми се виде како сиот гребен под нас да е продупен од заџбурани стаорци. Норис не беше толку скептичен колку што очекував, туку се чинеше длабоко трогнат. Ми даде знак да забележам како мачките пред вратата беа престанале да галамат, небаре се помириле со тоа дека стаорците ги снемало; додека на Ѓуптин му дојде налет на обновен немир и трескавично гребеше по дното на големиот камен олтар во центарот на собата, кој беше поблиску до диванот на Норис отколку до мојот.

Сега веќе стравот од непознатото ми беше многу голем. Нешто запрепастувачко се имаше случено и видов дека капетан Норис, помлад, погарабитен и несомнено поматеријалистички човек, беше погоден исто онолку колку и јас - можеби поради неговата животна и интимна запознатост со околните легенди. Во тој момент не можевме да направиме ништо освен да гледаме во црниот мачор кој со опаѓачки жар гребеше по основата на олтарот, погледнувајќи повремено нагоре и мјаукајќи ми на оној убедлив начин кој го користеше кога сакаше да му завршам некоја работа.

Норис сега принесе фенер близу олтарот и го испита местото каде што Ѓуптин се гребеше; тивко клечејќи и стружејќи ги вековните лишаи кои го спојуваа масивниот предримски блок со подот поплочен со мозаици. Не најде ништо и сакаше да ја напушти задачата кога забележав една банална околност од која ме полазија морници и покрај тоа што не наведуваше на ништо повеќе од она што дотогаш веќе си го имав замислено. Му кажав на Норис и и двајцата погледнавме кон таа скоро незабележлива пројава со втренченост на восхитено откритие и признание. Беше само ова - пламенот на фенерот поставен близу олтарот леко, но непогрешливо трепереше од воздушен провев под чие влијание дотогаш не беше изложен и кој неспорно доаѓаше од процепот помеѓу подот и олтарот каде што Норис ги стружеше лишаите.

Остатокот од ноќта го поминавме во болскотливо осветлената работна соба, беспокојно разговарајќи за што да правиме следно. Откритието дека некој темник подлабок од најдлабокиот познат римски каменорез лежи под овој проколнат куп - некој темник непредвиден од љубопитните антиквари на три векови - ќе беше доволно да нѐ возбуди и без позадината на зловесност. Но со оглед на работите, восхитот беше двоен; и седевме думајќи се дали да ја напуштиме истрагата и засекогаш да го арнисаме приоратот од суеверна претпазливост или да му угодиме на поривот за доживување и да се одважиме против какви и да било ужасии кои би нѐ чекале во непознатите длабини. До изутрината направивме компромис и решивме да појдеме во Лондон и да собереме група археолози и научници кадри да се справат со мистеријата. Треба да се спомене дека пред да го напуштиме подподрумот залудно се обидовме да го помрднеме средишниот олтар кој сега го сметавме за порта до нова јама на безимен страв. Какви тајни би разотворила таа порта, помудри луѓе од нас ќе мораа да откријат.

За време на многуте денови во Лондон капетан Норис и јас им ги претставивме нашите факти, претполагања и анегдотни легенди на пет престижни стручњаци, од коишто сите беа луѓе на кои можеше да им се верува дека ќе ги почитуваат семејните откритија кои можните идни истражувања би можеле да ги разоткријат. Увидовме дека повеќето од нив не беа склони на подбив, туку силно заинтересирани и искрено сочувствителни. Нема никаква потреба да се именуваат сите, но можам да кажам дека го вклучуваа сер Вилијам Бринтон, чии ископи во Троада во нивно време го имаа возбудено поголемиот дел од светот. Додека се качувавме на возот за Анчестер се почувствував исправен пред работ на стравотни откровенија, осет означен од расположението на ужаленост меѓу многуте американци поради неочекуваната смрт на претседателот на другата страна на светот.

Вечерта на 7 август стигнавме во „Ексам прајори“ каде што слугите ме уверија дека ништо невообичаено се немаше случено. Мачките, дури и стариот Ѓуптин, биле совршено сталожени; и сите стапици во куќата биле невознемирени. Истрагата требаше да започне наредниот ден, во претстојност на којшто на сите мои гости им доделив лагодни соби. Јас самиот си легнав во мојата стара одаја во кулата, со Ѓуптин врз моите стапала. Бргу заспав, но одвратни сништа ме кајдисаа. Ми се виде слика на римска гозба како онаа на Трималхион, со некаква ужасија во покриен послужавник. Тогаш дојде таа клета, повторена сцена со свињарот и неговиот валкан крдак во самрачната шуплина. Но кога се разбудив веќе беше сосема разденето и обични звуци се слушаа од долните спратови на куќата. Стаорците, живи или призрачни, не ме беа измачувале; а Ѓуптин мирно спиеше. Кога се симнав, увидов дека истото спокојство владее насекаде; состојба којашто еден од собраните фахмани - човек по име Торнтон, посветен на душевното - мошне апсурдно ја препиша на фактот дека сега ми било покажано она што некои извесни сили сакале да ми го покажат.

Сега сѐ беше спремно, и во 11 часот претпладне, цела група од седум души, носејќи јаки електрични рефлектори и орудија за ископ, се спуштиме до подподрумот и ја замандаливме вратата зад нас. Ѓуптин беше со нас, зашто истражувачите не најдоа разлог да му ја кудат раздразливоста, а всушност беа и настојчиви да биде присутен во случај на незнајни глодарски пројави. Римските записи и дезените на непознатиот олтар ги испитавме само накратко, зашто тројца од фахманите веќе ги имаа видено и сите ги знаеја нивните особености. Врховно внимание му беше посветено на средишниот олтар и за помалку од час сер Вилијам Бринтон го навали на задната страна, урамнотежен од некој непознат вид противтежа.

Пред нас тогаш се разоткри еден таков ужас што ќе нѐ совладаше да не бевме подготвени. Низ еден скоро квадратен отвор во поплочениот под, врз камено скалиште чија излижаност беше толку грамадна што по средината беше едвај повеќе од навалена рамнина, беше спрострен грозоморен збир на човечки или получовечки коски. Тие што си ја имаа задржано уредбата на костури покажуваа став на паничен страв и врз сите имаше траги од глодарско гризење. Черепите покажуваа кон ништо помалку од краен идиотизам, кретенизам или првобитно полумајмунство. Над пеколно натрупаните скали се свиваше премин кон долу, кој беше навидум издлабен во самата карпа и спроведуваше некаква воздушна струја. Струјата не беше ненадеен и дегутантен налет како од затворен темник, туку студено ветре со мала свежина. Не запревме за долго, туку треперејќи започнавме да си расчистуваме пат по скалите. Тогаш се случи да сер Вилијам, испитувајќи ги изделканите ѕидови, го донесе несекојдневниот заклучок дека преминот, според насоката на длабежите, мора да бил издлабен одоздола.

Сега веќе мора да сум многу одмерен и да си припазам на зборот.

Откако пооравме неколку чекори низ изглоданите коски видовме дека пред нас има светлина; не мистична светлозрачност, туку пропуштена дневна светлина која не можеше да доаѓа од друго место освен од непознати расцепи во гребенот кој ја надгледуваше пустата долина. Тоа што такви расцепи го беа избегнале надворешното внимание и не беше баш бележито, зашто не само што долината беше потполно ненаселена, туку и гребенот беше толку висок и свиснат што само аеронаут би можел подробно да ги проучи неговите страни. По само неколку чекори здивовите ни беа буквално од грло грабнати од она што го видовме, толку буквално што Торнтон, душевниот истражувач, се онесвести во рацете на замајаниот човек кој стоеше зад него. Норис, чие полникаво лице беше потполно бело и млитаво, само испушти неразбирлив крик; а она што јас го направив мислам дека беше да збивнам или просаскам и да си ги покријам очите. Човекот зад мене - единствениот во трупата кој беше постар од мене - крекна едно излитено „Господе!“ со најраспуканиот глас што го имав чуено. Од седумте образовани мажи, само сер Вилијам Бринтон остана прибран; што уште повеќе беше за пофалба одошто тој ја водеше трупата и сигурно прв ја имаше видено глетката.

Беше самрачна шуплина со огромна висина, која се протегаше подалеку одошто ни гледаа очите; подземен свет на безгранична мистерија и ужасно укажување. Имаше градби и други архитектонски останки - со еден ужаснат поглед видов бизарен распоред на хумки, дивјачки круг на монолити, нискокуполна римска рушевина, распослан саксонски куп и раноанглиско здание од дрво - но сите овие беа засенети од гробождерната приредба приготвена од општата површина на земјата. Околу скалите се простираа далечни јарди на луд русвај од човечки коски или барем коски онолку човечки колку и оние на скалите. Небаре пенливо море саде се протегаа, едни распаднати, а други цели и делумно препознатливи како костури; вториве секојпат во положби на демонијачки 'ршум или бранејќи се од некоја закана или чипчејќи се за други форми со човекојадна намера.

Кога д-р Траск, антропологот, се наведна да ги класира черепите, најде уназадена мешавина која потполно го обезглави. Во главно беа пониско од пилтдаунскиот човек на скалата на еволуција, но во секој случај беа категорично човечки. Многу беа од повисок ред и многу малку беа черепи на врвно и осетно развиени видови. Сите коски беа изглодани, најмногу од стаорци, но некогаш и од другите од получовечкиот крдак. Помешани со нив беа и едночудо дробни коски од стаорци - загинати членови на смртоносната војска која ја заокружуваше древната епопеја.

Се чудам како му успеа на било кој од нас да преживее и да си го задржи здравиот разум по тој одвратен ден на откритија. Ни Хофман ни Уисманс не би можеле да зачнат поживописно неверојатна сцена, потрескаво одбивна или поготско гротескна од самрачната шуплина низ којашто седуммината се тетеравевме; секој од нас спрепнувајќи се од откровение до откровение и обидувајќи се миговно да не размислува за збиднувањата што пред триста години или илјада или две или десет илјади години сигурно тука се случувале. Беше претсобјето на пеколот и кутриот Торнтон пак се онесвести кога Траск му кажа дека некои од костурните нешта сигурно се имале уназадено до четвороношци низ последните дваесет или повеќе поколенија.

Ужас врз ужас се трупаше како што полека почнавме да ги толкуваме архитектонските останки. Четвороножните нешта - со повремени подмладоци земени од двоножната класа - биле чувани во камени трла, од коишто сигурно се пробиле во нивното последно бунило на глад или страв од стаорци. Ги имало во огромни стада, очевидно угоени од коренестиот зеленчук чии останки можеа да се видат како некаква си отровна силажа на дното на големи камени корита постари од Рим. Сега знаев зошто моите предци имале толку прекумерни градини - душа би дал да можам да заборавам! За целта на стадата не морав да се запрашувам.

Сер Вилијам стоејќи со рефлекторот среде римските рушевини, на глас го преведе најпотресниот ритуал кој го имам чуено во животот; и раскажа за исхраната на претпотопниот култ кој свештениците на Кибела го затекнале и го сплотиле со својот. Норис, макар навикнат на воените ровови, не можеше исправен да оди кога излезе од англиската градба. Беше касапница и кујна - тоа и го очекуваше - но премногу беше да во такво место се видат познати англиски орудија и да се прочитаат графити на познат англиски јазик, некои од коишто беа не постари од 1610. Јас не можев да влезам во таа градба - таа градба чии демонски збиднувања беа сопрени единствено од камата на мојот предок Волтер де ла Пор.

Местото каде што се одважив да влезам беше една ниска саксонска градба чии дабови врати имаа паднато и таму пронајдов ужасна редица од десет камени ќелии со ‘рѓосани решетки. Три од нив имаа населеници, костури од висок ред и на ковчестиот показалец на еден од нив најдов прстен со мојот семеен грб. Сер Вилијам под римската капела најде темник со далеку постари ќелии, но тие ќелии беа празни. Под нив имаше ниска костурница со сандаци со некогашно подредени коски, од коишто некои врз себе содржеа ужасни напоредни записи изрезбарени на латински, грчки и на јазикот на Фригија. Во меѓувреме, д-р Траск имаше отворено една од праисториските хумки и развидели черепи кои беа само малку почовечки од оние на горила и кои врз себе содржеа неописливи идеографски резби. Низ сиот овој ужас мојот мачор нетрогнато се војваше. Еднаш го видов чудовишно квакнат врз планина од коски и се запрашав какви тајни ли се кријат зад неговите жолти очи.

Откако до некој степен се бевме помириле со стравотните откровенија на оваа самрачна област - област толку одвратно предвестена од мојот повторен сон - се свртевме кон таа навидум безгранична длабина во полноќната пештера до каде што ни зрак светлина од гребенот не можеше да пробие. Никогаш не ќе дознаеме какви безгледни адски светови зјаат потаму од краткото растојание што го изодевме, зашто беше решено дека такви тајни не се добри за човештвото. Но и веднаш до нас имаше што да нѐ обземе, зашто не бевме изоделе многу кога рефлекторите ја покажаа таа проколната бесконечност од јами во која стаорците се беа гостеле и чиј ненадеен недостиг на надополнување ја беа приморале прегладнетата глодарска војска прво да им се заврти на живите стада од ненахранети нешта, а потоа да избие од приоратот во таа историска оргија на пустош која селаните никогаш нема да ја заборават.

Боже, тие лешинарски црни јами со пресечени, истребени коски и отворени черепи! Тие кошмарни амбиси запушени со питекантропски, келтски, римски и англиски коски од небројни неосветени векови! Некои беа полни, а никој не би можел да каже колку биле длабоки на времето. Други сѐ уште беа безгазерни под нашите рефлектори и населени од неименливи мечти. Што ли биднало, помислив, со страдните стаорци кои паднале во ваквите стапици среде црнината при нивните трагања низ овој грозоморен Тартар?

Еднаш стапалото ми се лизна близу еден ужасно зјајнат раб и ме снајде миг на вртоглав страв. Сигурно долго време бев дремел думајќи се, бидејќи не можев да видам никој од трупата освен полникавиот капетан Норис. Тогаш се чу звук од таа мастилна, безбрежна, најнедогледна далечина, кој ми се пристори како да го знам; и видов како мојот стар црн мачор претрчува крај мене небаре крилат египетски бог, право кон безмерната бездна на непознатото. Но и јас не заостанав, зашто во наредниот миг веќе немаше сомнеж. Беше устрелното растрчување на тие врагородни стаорци, секогаш во потрага по нови ужасии и решени да ми го водат патот сѐ до исцерените пештери при земјиното средиште кај што Нјарлатотеп, лудиот безличен бог, слепо завива во мракот на пиштењето на двајца бесформни идиотски свирачи на флејта.

Рефлекторот ми замре, но и понатаму трчав. Чув гласови и кенкања и одеци, но над сѐ споро се издигаше тоа профано, подмолно растрчување, споро се издигаше, се издигаше како што вкочанет подуен труп споро се издига над мрсна река која тече под бескрајни ониксни мостови кон црно, гнојно море. Нешто ме удри - нешто меко и полникаво. Сигурно беа стаорците; вискозната, пивтиеста, прегладнета војска која се гости со мртвите и живите… А зашто па стаорци да не изедат некој од де ла Порови како што де ла Порови јадат забранети нешта? … Војната ми го изеде синчето, проклети да останат … и Јенките го изедоа Карфакс со пламен и го изгореа прадедо Делапор и неговата тајна … Не, не кога велам, не сум јас тој демонски свињар во самрачната шуплина! Не се појави дебелото лице на Едвард Норис врз тоа млитаво, габосано нешто! Кој вели дека сум де ла Пор? Тој преживеа, а син ми умре! … Зар Норисови да ја држат земјата на де ла Порови? … Вуду е кога велам … таа пегава змија … Бог би те сотрел Торнтон, ќе ти кажам да се онесвестуваш од што правеле моите! … Лебами, крмак еден, че ми те научам как’ се прај зијавет! Хощешь ли ты да ме измамишь по тоя начинъ? Магна Матер! Магна Матер! … Атис … Да Богъ будь на противѣ тебѣ и твоему образъ ... и да обрьшьше смьрть мучительною … Ⰴⰰ ⰸⰾⱁ ⰻ ⱄⰽⱏⱃⰱⱏ ⱀⰰⰹⰴⱆ ⱅⰵⰱⱑ ⰻ ⱅⰲⱁⰼⰵ ⱂⰾⰵⰿⰵ!

Ова ми кажаа дека сум го рекол кога по три часа ме нашле во црнината, кога ме нашле укутарен во црнината над полникавото, полуизедено тело на капетан Норис, со мојот мачор кај разрипува врз мене и ми го дере грлото. Сега го разнесоа „Ексам прајори“, ми го зедоа Ѓуптин и ме затворија во оваа соба со решетки во „Ханвел“ низ стравотни шепотења поврзани за моето потекло и доживување. Торнтон е во соседната соба, но не ми даваат да зборувам со него. Се обидуваат и да ги потиснат повеќето факти во врска со приоратот. Кога зборувам за кутриот Норис ме товарат за одвратен чин, но сигурно знаат дека не бев јас. Сигурно знаат дека стаорците беа; влечкавите, растрчани стаорци чие припкање никогаш не ме остава да спијам; демонските стаорци кои итаат зад облогите во собава и ме викаат да се спуштам до ужасии поголеми од сите оние кои ги знам, стаорците кои никогаш не можат да ги чујат, стаорците, стаорците во ѕидот.