XIX<br></br>За Берен и Лутиен - Полиграматон

XIX

За Берен и Лутиен


Сред сказните за жалост и гибел кои ни останале од мракот на тие дни се наоѓаат и такви во кои сред плачот има и радост, а под смртната сенка истрајна светлина. И од сите овие приказни најлична за ушите на Вилите е сказната за Берен и Лутиен. За нивните животи е испеана Епопејата за Леитиан, Ослободување од робија, која е најдолгата, освен една, меѓу песните кои зборуваат за светот од дамнина; но тука сказната е раскажана во помалку зборови и без песна.

Се рекло дека Барахир не сакал да го остави Дортонион и таму Моргот крвнички го гонел сѐ додека на крајот не му останале само дванаесет другари. Шумата Дортонион пак, на југ се издигаше во планински батаци, а во источниот дел на тие балкани имаше езеро, Тарн Еилуин, целото опкружено со диви пустари и сета таа земја беше беспатна и нескротена, зашто дури и во дните на Долгиот Мир таму никој не живееше. Но водите на Тарн Еилуин беа уважени, зашто беа бистри и сини преку ден, а ноќе беа како огледало за ѕвездите; и се велеше дека самата Мелиан ги беше осветила тие води во дамнина. Дотука се повлекоа Барахир и неговите одметници и си направија упориште и Моргот не можеше да го најде. Но гласини за делата на Барахир и неговите другари се проширија надалеку и нашироко и Моргот му заповеда на Саурон да ги пронајде и да ги сотре.

Меѓу другарите на Барахир пак, беше и Горлим синот на Ангрим. Жена му се викаше Еилинел и нивната љубов беше голема пред злото да наваса. Но Горлим враќајќи се од војната на марките си ја најде куќата опљачкана и арнисана, а жена му ја немаше никаде; и не знаеше дали е отепана или заробена. Тогаш тој пребегна кај Барахир и од неговите другари стана најнепоштедниот и најжестокиот, но сомнеж му го глодаше срцето мислејќи дека можеби Еилинел и не е мртва. Напати ќе заминеше сам и потајно и ќе си ја посетеше куќата која сѐ уште стоеше сред полињата и кориите кои порано беа биле негови; и за ова научија слугите на Моргот.

Еднаш кога фати есен, Горлим излезе во самракот на квечерината и приближувајќи се, му се причини како да гледа светлина од прозорецот; и претпазливо доближувајќи се, погледна внатре. Таму ја виде Еилинел и лицето ѝ беше омалаксано од јад и глад и му се пристори како да ѝ го слуша гласот, како жали зошто ја беше арнисал. Но штотуку извика, ветерот ја дувна светлината, волци почнаа да вијат и на плеќите наеднаш ги осети тешките раце на ловците на Саурон. Така Горлим беше заптисан и одведен во нивниот логор каде што фатија да го мачат, барајќи му да им ги открие скривалиштето и врталиштата на Барахир. Но Горлим ништо не им кажа. Тогаш му ветија дека ќе го ослободат и ќе му ја вратат Еилинел, само ако попушти; и така најнакрај истрошен од маки и чемреејќи за жена си, Горлим потклекна. Тогаш веднаш го доведоа пред страшната лика на Саурон и Саурон рече: „Слушам си сакал да се пазариш со мене. Која ти е цената?“

И Горлим одговори дека сака пак да ја види Еилинел и да е ослободен заедно со неа; зашто мислеше дека и Еилинел ја имаат заточено.

Тогаш Саурон се насмеа, велејќи: „Мала цена е тоа за толку големо предавство. Ќе биде онака како што повелаш. Кажувај сега!“

Горлим ќе се поколебаше, но ветросан од очите на Саурон најпосле му кажа сѐ што знаеше. Тогаш Саурон се засмеа; и го исмеа Горлим и му откри дека беше видел само авет створен со маѓепство за да го намами; зашто Еилинел беше мртва. „Сепак, ќе ти ја услишам молбата,“ рече Саурон, „и ќе појдеш кај Еилинел ослободен од мојата служба.“ А потоа сурово го погуби.

Вака се откри скривалиштето на Барахир и Моргот ја фрли мрежата врз него; и Орките доаѓајќи во мирните часови пред зората ги изненадија луѓето од Доронион и ги потепаа сите, освен еден. Зашто Берен, синот на Барахир, беше испратен од татка си на опасна задача да го извиди Непријателот и беше доста оддалечен кога го спопаднаа упориштето. Но како што спиеше во шумата каде што го беше фатила ноќ, сонуваше како птици лешинари седат густо како лисја врз голите дрвја крај еден вир и како крв им капе од клуновите.

Тогаш на Берен во сонот му се виде некаков облик како доаѓа од преку реката, а тоа беше сеништето на Горлим кој му прозборе, кажувајќи му за неговото предавство и смрт и му порача да поита и да го предупреди татка си. Тогаш Берен се пробуди и се впушти во ноќта и на второто утро се врати во упориштето на одметниците. Но како што се приближи, птиците лешинари првнаа од земјата и испоседнаа врз евлите крај Тарн Еилуин и подбивно се разгракаа.

Берен таму ги закопа коските на татко си и над него крена могила од камења и врз неа зеде одмаздничка заклетва. Така, најпрво тргна по Орките што го беа отепале татко му и роднините и една ноќ им го најде логорот крај Ривилoв Извор над Мртвакот Серех и одошто многу го биваше за горски мајстории, незабележан им се приближи до огнот. Таму војводата се тагареше со делото што го беше сторил и ја крена раката на Барахир што му ја имаше отсечено како нишан за Саурон дека си ја завршиле задачата; и на таа рака беше прстенот на Фелагунд. Тогаш Берен срипа од зад карпите и го отепа војводата и земајќи ја раката и прстенот успеа да избега, одошто судбината го бранеше, зашто Орките беа увилени, а нивните стрели раштркани.

После тоа, уште четири години Берен талкаше низ Дортонион како осамен одметник; но стана пријател со птиците и ѕверките, кои му помагаа и не го предадоа, па од тоа време никогаш веќе не касна месо ниту отепа некое живо суштество кое не беше во служба на Моргот. Немаше страв од смрт, туку само од заточеништво и одошто беше смел и ожесточен не го снајде ни смрт ни ропство; и делата на осамена смелост кои ги направи се расчуја низ сиот Белерианд и сказни за нив стигнаа дури до Дориат. Најпосле, Моргот разгласи дека дава награда за оној кој ќе му ја донесе главата на Берен исто онолку колку што даваше и за главата на Фингон, Врховниот Крал на Нолдорите; но Орките повеќе бегаа кога ќе начуеа дека тој доаѓа, одошто што го гонеа. Затоа против него беше пратена војска на чело со Саурон; и Саурон поведе врколаци, свирепи ѕверови опседнати од страшни духови кои ги имаше заробено во нивните тела.

Така сета таа земја се исполни со зло и сите чисти дијании почнаа да си одат оттаму; и Берен беше потиснат толку силно што најпосле мораше да избега од Дортонион. Кога фати зима и падна снег, ја арниса земјата и гробот на татко си и качувајќи се до високите предели на Горгорот, Планините на Ужас, оддалеку ја соѕре земјата Дориат. Таму му дојде на ум да се спушти во Скриеното Кралство, каде што никој смртник дотогаш немаше стапнато. Ужасен му беше патот кон југ. Стрмни беа врлините на Еред Горгорот и под нивните нозе имаше сенки што таму беа поставени уште пред изгревот на Месечината. Од другата страна се простираше дивината Дунгортеб каде маѓепството на Саурон и моќта на Мелиан се спојуваа и ужасии и лудила војваа. Таму живееја пајаци од свирепата раса на Унголиант, плетејќи невидливи пајажини во кои се замрежуваа сите живи нешта; и талкаа чудовишта што се имаа родено во долгиот мрак пред Сонцето, ловејќи тивко и со многу очи. Немаше храна ни за Вили ни за Луѓе во таа опседната земја, саде смрт. Тоа патување се слага меѓу најголемите дела на Берен, но за него тој на никој не му раскажа, за да не му се врати ужасот во мислите; и никој не знаеше како пронашол пат и по патеки по кои ни Луѓе ни Вили не се осмелиле да зачекорат стигнал до границите на Дориат. Така ги помина лавиринтите кои Мелиан ги имаше проткајано околу кралството на Тингол, токму како што таа беше претскажала; зашто голема судба му беше назначена.

Во Епопејата за Леитиан се вели дека Берен дошол тетеравејќи се во Дориат, сед и подвиткан како од долги години таксират, од толку големо што му било страданието по патот. Но талкајќи едно лето во кориите на Нелдорет наишол на Лутиен, ќерката на Тингол и Мелиан, во една месечева квечерина како што таа играла врз вечно свежата трева на ледините крај Есгалдуин. Тогаш секој спомен на болка го напуштил и се маѓепсал; зашто Лутиен била најубавата од сите Чеда на Илуватар. Рубата и била сина како ведрото небо, а очите сиви како ѕвездената квечерина; наметката и била извезана со златни цвеќиња, а косата темна како сенките на самракот. Како светлината врз лисјата на дрвјата, како гласот на бистрите води, како ѕвездите над световните маглини, таква и беше била величественоста и личотијата; а врз лицето имала блескава светлина.

Но му исчезна од пред очи и тој занеме небаре налегнат од маѓепство и долго време лунѕаше низ кориите, див и накострешен како ѕвер, барајќи ја. Во срцето ја нарече Тинувиел што значи Славеј, Ќерка на Самракот на јазикот на Сивите Вили, зашто не знаеше какво друго име да ѝ даде. И на есен ја гледаше оддалеку како листови во ветерот, а зиме како ѕвезда на ридот, но нему синџир му ги имаше врзано нозете.

Еднаш, кога наближуваше зората во една пролетна вечер, Лутиен играше врз еден зелен рид; и наеднаш почна да пее. Чиста и срцепродорна ѝ беше песната како песна на чучулига која се издига од портите на ноќта и го истура својот глас сред згаснатите ѕвезди, гледајќи го сонцето зад ѕидините на светот; и песната на Лутиен ги скрши прангите на зимата и замрзнатите води прозбореа и цвеќиња изникнаа од ладната земја каде што таа врвеше со нозете.

Тогаш маѓијата на тишина се симна од Берен и тој ја викна, извикувајќи Тинувиел; и името одекна низ кориите. Тогаш таа застана вчудовидена и престана да бега и Берен и пријде. Но штом го здогледа и неа ѝ чукна часот и го засака; но сепак му се лизна од прегратката и исчезна од пред него баш како што зазоруваше утрото. Тогаш Берен легна наземи замајан како некој кој ем блаженство ем јад наеднаш го покосиле и потона во сон како сеништна бездна и кога се разбуди беше ладен како камен, а срцето му беше јалово и арнисано. И талкајќи во мислите, разбаруваше со рацете како некој на кој видот ненадејно му се зел и кој се обидува да ја дофати исчезнатата светлина. Така започна со страдната отплата за судбината која му беше препишана, а во неговата судбина беше фатена и Лутиен; и одошто беше бесмртна ја сподели неговата смртност и одошто беше слободна го сподели неговиот синџир; и нејзиот страд беше поголем од секој друг кој Еладалиите некогаш го беа знале.

Наспроти сета надеж му се врати како што тој седеше во мракот и во тоа далечно време во Скриеното Кралство ги положи нејзините раце врз неговите. Оттогаш почна често да му доаѓа и скришно одеа заедно низ кориите од пролет до лето; и никои други од Чедата на Илуватар не виделе поголема радост, иако кратко им беше времето.

Но Деирон певецот исто така ја милуваше Лутиен и ги откри нејзините средби со Берен и ги предаде на Тингол. Тогаш Кралот многу се разлути, зашто Лутиен ја сакаше повеќе од сѐ друго, воздигајќи ја над сите вилински принцеви, а Луѓето пак не сакаше ни за слуги да ги земе. Затоа прозборе со Лутиен јадосан и вчудовиден, но таа ништо не сакаше да открие, сѐ додека не ѝ се заколна дека нема ниту да го погуби Берен ниту да го затвори. Но прати слуги да го сурдисаат и да го доведат до Менегрот како злосторник; но Лутиен, претркувајќи ги, самата го доведе Берен пред престолот на Тингол, како да е почесен гостин.

Тогаш Тингол го погледна Берен со презир и гнев, но Мелиан молчеше. „Кој си ти,“ рече Кралот, „што доаѓаш тука како арамија и се осудуваш неповикан да ми дојдеш пред престолов?“

Но Берен, одошто беше исполнет со фрас, зашто раскошот на Менегрот и величественоста на Тингол беа многу големи, не рече ништо. Затоа Лутиен прозборе и рече: „Ова е Берен, синот на Барахир, големец меѓу Луѓето, силен душман на Моргот, за чии дела биднало песна дури и меѓу Вилите.“

„Остави го Берен нека зборува!“ рече Тингол. „Што бараш тука, смртнику несреќен и што те натерало да ја напуштиш твојата земја, та си влегол во оваа кај што на таквите како тебе им е забрането? Има ли зошто уште веднаш да не те срозам со моќта моја и да те казнам за дрскоста и безумието?“

Тогаш Берен кревајќи го погледот ги виде очите на Лутиен, а погледот му појде и до лицето на Мелиан и му се пристори како зборови да му дојдоа во устата. Стравот го напушти и му се врати гордоста на најстарата човечка лоза; и рече: „Судбината, пресветол Кралу, ме доведе овде, низ бељи какви што и Вилите едвај би се одважиле да минат. И тука навистина не го најдов она што го барав, но најденото за навек го сакам за свое. Зашто е поскапоцено од сето злато и сребро и од сите џеваири. Ни карпа ни челик ни огништата на Моргот ни сета сила на вилинските кралства не ќе можат да ми го бранат благото што го сакам. Зашто ќерка ти Лутиен е полична од сите Чеда на Светот.“

Тогаш тишина фати низ дворот, зашто тие што стоеја таму се стаписаа и исплашија и помислија дека Берен ќе ја загуби главата. Но Тингол полека прозборе, велејќи: „Смрт спечали со овие зборови; и смрт уште веднаш ќе те снајдеше ако немав дадено брзоплета заклетва за која сега се каам, калороден смртнику, кој во царството на Моргот научил саде да ползи во сенките со неговите ушаци и ргачи.“

Тогаш Берен одговори: „Дали сум спелачил смрт или не, ти си знаеш, но нема да дадам да ми качиш имиња како калороден или ушак или ргач. Прстенот на Фелагунд, кој тој му го даде на татко ми Барахир на мегданот на Север говори дека мојата лоза не заслужила такви имиња од устата на никоја Вила, па крал бил или не.“

Зборовите му беа горди и сите очи паднаа врз прстенот, зашто го имаше кренато и блескаа зелените џеваири кои Нолдорите ги беа направиле во Валинор. Зашто тој прстен беше налик на две змии близначки чии очи беа од смарагд, а главите им се допираа под круна од златни цвеќиња која едната ја креваше, а другата ја голташе; и тоа беше нишанот на Финарфин и неговата лоза. Тогаш Мелиан се навали кон Тингол и шепотејќи  го посоветува да си го заузда гневот. „Зашто Берен,“ рече таа, „нема да загине од твоја рака; и судбината која го чека е далечна и слободна, а сепак врзана за твојата. Бери ум!“

Но Тингол молчешкум ја погледна Лутиен и во срцето си помисли: „Несреќен Човек, чедо на ситни владари и кусоживни кралеви, зар некој таков со рака да те пофати, а да остане жив?“ Тогаш кршејќи го молкот рече: „Го гледам прстенот сине на Барахир и гледам дека си горд и чиниш дека си силен. Но татковите дела, дури и ако се направени во моја служба, не стигаат за да се заслужи ќерката на Тингол и Мелиан. Слушај ваму! И јас сакам едно благо што ми се брани. Зашто карпа и челик и огништата на Моргот го вардат џеваирот кој сакам да го имам наспроти силите на сите вилински кралства. Те слушам кај велиш дека ваквите препреки не те плашат. Тогаш оди! Донеси ми во раката еден Силмарил од круната на Моргот и тогаш, ако се кандиса, Лутиен ќе смее да ги положи нејзините раце во твоите. Така ти ќе го добиеш мојот џеваир; и иако судбината на Арда е втлеена во Силмарилите, сепак ќе ми останеш борчлија.“

Со тоа ја придвижи судбата на Дориат и се замрежи во клетвата на Мандос. И оние кои ги чуја зборовите осознаа дека Тингол сака ем да си достои на зборот ем да го испрати Берен да загине, зашто знаеја дека ни сета сила на Нолдорите, пред да се растури Опсадата, не им помогна за дури ни од далеку да ги видат блескавите Силмарили на Феанор. Зашто беа поставени во Железната Круна и во Ангбанд беа вардени повеќе од секое друго азно; и Балрози имаше околу нив и небројни мечеви и јаки решетки и непремостливи ѕидини и мрачното величество на Моргот.

Но Берен се засмеа. „За пет пари,“ рече, „си ги продаваат вилинските кралеви ќерките: за бесценети камења и нешта створени со занает. Но ако така повелаш Тинголе, така и ќе направам. И кога пак ќе се сретнеме во раката ќе држам Силмарил од Железната круна; зашто пак ќе го видиш Берен, синот на Барахир.“ Тогаш погледна во очите на Мелиан, која не рече ништо; и се збогува со Лутиен Тинувиел и поклонувајќи се пред Тингол и Мелиан се тргна од стражарите околу него и сам замина од Менегрот.

Тогаш Мелиан најпосле прозборе и му рече на Тингол: „Пресветол Кралу, лукава ти е мислата. Но освен ако виделината не ми ги напуштила очиве, лошо ќе минеш, било Берен да потфрли во задачата, било да ја постигне. Зашто или на ќерка ти, или самиот себе си пресуди со ова. И сега Дориат стана дел од судбината на едно поголемо царство.“ Но Тингол одговори: „Ни на Вили ни на Луѓе не ги продавам оние кои ги љубам и вардам како очите. И ако има надеж или страв да Берен жив се врати во Менегрот, нема да ја види уште еднаш светлината на небото, макар што се заколнав.“

Но Лутиен молчеше и од тој час веќе не запеа во Дориат. Стушена тишина се размота низ кориите и сенките во кралството на Тингол се издолжија.

Во Епопејата за Леитиан се вели дека Берен непречено минал низ Дориат и најнакрај стигнал до пределите на Самрачните Вирови и Мртваците на Сирион; и напуштајќи ја земјата на Тингол, се искачил по ридовите над Водопадите на Сирион каде што реката низ голема бука се нурнувала подземи. Оттаму погледнал кон запад и низ маглата и дождовите на ридовите ја видел Талат Дирнен, Вардената Рамнина како се протега помеѓу Сирион и Нарог, а зад неа оддалеку ги соѕрел балканите на Таур-ен-Фарот кои се издигале над Нарготронд. И така беден, немајќи ни надеж ни кој ум да му даде, се свртел и зачекорил натаму.

Преку целата таа рамнина Вилите од Нарготронд севезден чуваа стража и секој рид во нејзините граници беше крунисан со скриени караули и низ сите нејзини кории и полиња стрелци демнеа потајно и со голем мајсторлук. Стрелите им беа брзи и смртоносни и ништо не се приближуваше таму без тие да знаат. Така, уште кога Берен зачекори по патот тие го видоа, па црно му се пишуваше. Но тој, знаејќи во каква опасност се наоѓа, го джеше високо кренат прстенот на Фелагунд; и иако никој жив не можеше да види, поради вештината на ловците, му се чинеше како некој да го гледа и често извикуваше: „Јас сум Берен, синот на Барахир, пријателот на Фелагунд. Водете ме кај кралот!“ Така ловците не го отепаа, туку собирајќи се го зачекаа и му заповедаа да застане. Но кога го видоа прстенот се поклонија пред него, иако беше недуздисан и див и изветвен; и го поведоа кон север и кон запад, одејќи навечер за да не им ги дознае патеките. Зошто во тоа време немаше брод или мост преку поројот на Нарог пред портите на Нарготронд, но подалеку на север кај што Гинглит се влеваше во Нарог напливот беше послаб и минувајќи таму и повторно скршнувајќи кон југ, Вилите го поведоа Берен под светлината на месечината до темните порти на нивниот скриен двор.

Така Берен застана пред Крал Финрод Фелагунд и Фелагунд го позна, зашто нему не му требаше прстен за да го потсети на лозата на Беор и на Барахир. Па седнаа зад затворени врати и Берен му кажа за смртта на Барахир и за сѐ што го беше спопаднало во Дориат; и заплака присеќавајќи се на Лутиен и на нивната радост заедно. Но Фелагунд му ја ислуша сказната зачуден и неспокоен; и спозна дека заклетвата којашто ја беше дал дошла да му ја земе душата, онака како што во дамнина ѝ беше претскажал на Галадриел. Така, со камен на срце му прозборе на Берен. „Јасно е дека Тингол се зажелил да ти дојде до ак, но се чини дека оваа судба е посилна од неговата намера и дека тука Заклетвата на Феанор има замешано прсти. Зашто Силмарилите се проколнати со заклетва на омраза и оној кој макар и ќе ги спомене во копнеж разбудува од сон голема сила; и синовите на Феанор попрво сите вилински кралства ќе ги испустат отколку да им дадат на други да спечалат или да присвојат Силмарил, зашто Заклетвата ги тера. А сега Келегорм и Куруфин домуваат во мојов двор и иако јас, синот на Финарфин, сум Крал, имаат спечалено голема сила во царствово и предводат многу од нивниот народ. Досега во секоја иктиза ми се покажале верни, но чинам дека тебе ни љубов ни милост не ќе ти покажат ако разберат која ти е задачата. А јас пак, сум врзан за мојата заклетва, па така сме сите замрежени.“

Тогаш Крал Фелагунд прозборе пред својот народ, раскажувајќи за делата на Барахир и за неговиот завет и зајави дека се беше заколнал да му помогне на синот на Барахир во нужда; и ја побара помошта на неговите главатари. Тогаш Келегорм стана сред калабалакот и извлекувајќи го мечот извика: „Било пријател или душман, било демон на Моргот или Вила или Човечко чедо или која било друга дијанија на Арда ниту закон ни љубов ни адска војска ни Валарска сила ни маѓепсничка моќ не ќе го одбрани од неуморната омраза на синовите на Феанор ако земе или најде Силмарил и го задржи. Зашто Силмарилите се само наши, до смакот на светот.“

И многу други работи изнакажа, силни колку што беа во дамнина и зборовите на татко му во Тирион кои за првпат ги распалија Нолдорите во бунт. И по Келегорм прозборе и Куруфин, со повеќе дикат, но со исто толкава сила, сликајќи пред очите на Вилите слика на војна и на запустувањето на Нарготронд. Толку голем беше стравот што им го разбуди во срцата што потоа сѐ до времето на Турин, никоја Вила од тоа царство не се дрзна да излезе на отворен мегдан; туку само крадешкум и со заседи, со маѓепства и затруени стрели ги гонеа сите јабанџии, заборавајќи ги роднинските врски. Така се оддалечија од јунаштвото и слободата на Вилите од дамнина и земјата им се затемни.

И сега почнаа да мрморат дека синот на Финарфин не е Вала за да ги повела и му завртија грб. Но клетвата на Мандос се надвисна над браќата и мрачни мисли им се разбудија во срцата, мислејќи да го испратат Фелагунд сам за да умре, та да го приграбат престолот на Нарготронд, ако можат; зашто потекнуваа од најстарото колено на принцеви на Нолдорите.

И Фелагунд, гледајќи дека е арнисан, ја симна од главата сребрената круна на Нарготронд и ја фрли пред нозе, велејќи: „Вие заклетвите кон мене може да ги прекршите, но јас заветот мој не го кршам. Сепак, ако има некои врз коишто сенката на нашата клетва сѐ уште не паднала, ќе се најдат сетики неколкумина што ќе тргнат со мене, та да не одам како питач набркан од пред порти.“ Десетмина се јавија и застанаа крај него; и нивниот челник, кој се викаше Едрахил, наведнувајќи се ја крена круната и побара да му се даде на намесник додека Фелагунд не се врати. „Зашто ти и понатаму ќе си мој крај, а и нивни“, рече, „па што сака нека биде“.

Тогаш Фелагунд му ја даде круната на Нарготронд на брат му Ородрет за тој да господари место него; и Келегорм и Куруфин ништо не рекоа, туку само се насмевнаа и си заминаа од дворот.

Во една есенска квечерина Фелагунд и Берен тргнаа од Нарготронд со десетмината другари; и пропатуваа по Народ сѐ до неговиот вруток кај Водопадите на Иврин. Под Сеништните Планини наидоа на една чета Орки и кога падна ноќ ги испозаклаа сите во логорот и им ја зедоа спремата и оружјата. Со мајсторијата на Фелагунд облиците и лицата им се престорија како на Орки и вака преправени поминаа доста од северениот пат по којшто одеа и се упатија кон западниот премин помеѓу Еред Ветрин и балканите на Таур-ну-Фуин. Но Саурон ги здогледа од кулата и се задума зошто до толку да вјасаат без да застанат и да дадат отчет за задачата, како што им беше заповедано на сите слуги на Моргот кои минеа оттаму. Затоа прати да ги зачекаат и да ги доведат пред него.

Така започна мегданот помеѓу Саурон и Фелагунд кој е толку прославен. Зашто Фелагунд се натегаше со Саурон во песни на моќ и моќта на Кралот беше многу голема; но Саурон излезе помајстор, како што се кажува во Епопејата за Леитиан:


Се разбаја песна маѓепсничка,

да отвори, продре, предавничка,

што растајнува, открива, издава.

Но Фелагунд в часот се залула

и одзве песна што затрајува.

Против моќта да искрепи, трајна,

цврста ко кула, да зачува тајна

и не скрши верба, за слобода, бег,

да измени облик и промени тек,

да избегне пранги, раскрши замка

и раскине зандански синџир ко сламка.

Де ваму де таму се лулаа в песна,

батисувајќи, мотајќи се и саде побесна

бајачката се поду, Фелагунд се спотна,

ја донесе целата маѓија моќна

од Вилиндом во својот си збор.

Во темата тивко, наслушаа хор

на далечни птици од Нарготронд,

таа слика од отаде морето,

од отаде светот на запад, тој рај

на бисерна песок, во Вилинкрај.

Но темата згусна, мрак одново никна

во Валинор крвта црвена бликна

крај Морето кај што Нолдорите тепајќи

ги Пенојавачите отпловија, грабајќи

им бродови бели со белите едра

од пристани сјајни. Ветришта гребат.

Волкот вие. Гавранот бега.

Мрмори мразот од Морето, стега.

Плениците жалаат тажни во Ангбанд.

Грмежи татнат, огинот гори-

И верниот Финрод пред престолот падна.


Тогаш Саурон им ја симна ликата во која беа преправени и ги застана пред него, голи и исплашени. Но иако се откри што луѓе се, Саурон не можеше да им ги открие имињата или задачата.

Затоа ги фрли во една длабока јама, мрачна и тивка и им се закани дека сурово ќе ги погуби ако некој не му ја каже вистината. Одвреме-навреме гледаа две очи како се развалуваат во мракот и врколак јадеше по еден од другарите, но никој не си го предаде владарот.

Во мигот кога Саурон го фрли Берен во јамата, тежок ужас ѝ натежна на Лутиен на срце; и одејќи при Мелиан за совет, дозна дека Берен лежи во занданите на Тол-ин-Гаурот без надеж за спас. Тогаш Лутиен, осознавајќи дека помош нема да стигне од никој друг на светот, се реши да пребегне од Дориат и самата да му појде на помош; но ја побара помошта на Деирон, а тој ја издаде нејзината намера на кралот. Тогаш Тингол се исплаши и се вчудовиде и одошто не сакаше да ја лиши Лутиен од светлината на небото за да не замре и залинее, а сепак сакаше да ја сопре, нареди да се игради куќа од којашто нема да може да избега. Недалеку од портите на Менегрот стоеше најголемото од сите дрвја во Шумата Нелдорет која беше букова шума и северната половина на кралството. Оваа грамадна бука беше крстена Хирилорн и имаше три стебла со иста ширина, со мазна кора и прекумерно високи и на кои не раснеа гранки освен на највисоките делови. Високо помеѓу диреците на Хирилорн беше изградена дрвена куќа и таму Лутиен беше оставена да живее; и скалите беа тргнати и вардени, освен кога слугите на Тингол ѝ го носеа она што ќе ѝ затребаше.

Во Епопејата за Леитиан се раскажува како таа избегала од куќата во Хирилорн; како си ги спотнала маѓепсничките мајстории и направила косата многу да ѝ порасне и од неа исткаала темна наметка која ѝ ја обвиткала убавината како сенка и била исполнета со магија на сон. Од прамените кои и останале сплетила јаже и го спуштила од прозорецот и кога крајот на јажето се занишал над стражарите кои седеале под дрвото, сите потонале во длабок сон. Тогаш Лутиен слегла од затворот и загрната во сеништната наметка избегала од сечии очи и исчезнала од Дориат.

Се погоди да Келегорм и Куруфин заминат на лов во Вардената рамнина; а беа појдени затоа што Саурон, одошто беше исполет со сомнеж, испрати многу волци низ вилинските краеви. Затоа ги спремија загарите и одјаваа; и мислеа дека пред да тргнат за назад можеби ќе чујат и абер за Крал Фелагунд. Главатарот пак, на загарите волчјаци кои одеа по Келегорм се викаше Хуан. Тој не беше роден во Меѓуземјето, туку беше дојден од Блаженото Царство; зашто Ороме пред долги години му го беше дал на Келегорм во Валинор и уште таму го следеше рогот на својот стопан, пред злото да дојде. Хуан го следеше Келегорм в сургун и му остана верен; и така и тој беше вклучен во судбата на таксират која им беше пишана на Нолдорите; и беше прогласено дека ќе го снајде смрт, но не додека не се сретне со најсилниот волк кој некогаш шетал по светот.

И така Хуан ја најде Лутиен кај лета како сенка изненадена од дневната светлина под дрвата кога Келегорм и Куруфин беа легнати да се починат близу западните стреи на Дориат; зашто ништо не можеше да избега од видот и мирисот на Хуан ниту можеа маѓепства да го запрат и никогаш не спиеше ниту ноќе ниту денски. Ја доведе пред Келегорм и кога дозна дека тој е нолдорски принц и душман на Моргот на Лутиен ѝ падна мило; и се кажа која е, сметнувајќи си ја наметката. Толку голема ѝ беше убавината која одненадеж се откри под сонцето што Келегорм веднаш се заљуби во неа, па милно ѝ прозборе, ветувајќи дека ќе најде помош ако се врати со него во Нарготронд. Со ништо не откри дека веќе знае за Берен и неговата задача за којашто таа му кажа ниту дека тоа беше работа која и нему му е при срце.

Така го растурија ловот и се вратија во Нарготронд и Лутиен беше предадена; зашто ја зграбија и ѝ ја зедоа наметката и не ѝ беше дозволено да помине низ портите ниту да зборува со кој било освен со браќата Келегорм и Куруфин. Зашто сега тие, верувајќи дека Берен и Фелагунд се заробеници кои никогаш нема да се спасат, намераваа да го остават кралот да витоса и да ја задржат Лутиен и да го присилат Тингол да му ја даде нејзината рака на Келегорм, па така да си ја зголемат моќта и да постанат најсилни принцеви меѓу Нолдорите. И не намераваа да тргнат по Силмарилите со префриганост или војска или да му дадат на некој друг да тргне по нив сѐ додека не ја имаа в раце сета сила на вилинските кралства. Ородрет не беше кадар да им се спротивстави, зашто ги придобија срцата на народот во Нарготронд; и Келегорм испрати гласници до Тингол да му го однесат ваквиот харзувал.

Но загарот Хуан беше со чисто срце и љубовта кон Лутиен го имаше обеземено уште истиот час кога се сретнаа; и многу му беше мака поради нејзиното заточеништво. Затоа често одеше до нејзината одаја, а навечер ѝ лежеше пред врата, зашто чувствуваше дека зло беше дошло во Нарготронд. Лутиен, често зборуваше со Хуан одошто беше осамена, раскажувајќи му за Берен кој им беше пријател на сите птици и ѕверки кои не се во служба на Моргот; и Хуан разбираше сѐ што му се кажуваше. Зашто го познаваше говорот на сите дијании кои имаа глас, но нему му беше дозволено само трипати пред смртта да прозбори со зборови.

Така Хуан скрои план да ѝ помогне на Лутиен; и еднаш кога се замрачи дојде и ѝ ја донесе наметката и прозборе за првпат, давајќи ѝ совет. Потоа ја поведе по тајни патишта надвор од Нарготронд и заедно пребегнаа кон север; и си ја покори гордоста и ѝ даде да го јава небаре ат, како што Орките напати јаваа врз големите волци. Така бргу преминаа големи далечини, зашто Хуан беше брз и неуморен.

Берен и Фелагунд лежеа во јамите на Саурон и сега сите другари веќе им беа мртви, но Саурон намераваше да го чува Фелагунд за последен, зашто беше осознал дека е Нолдо со голема сила и мудрост и чинеше дека во него се крие тајната на нивната задача. Но кога волкот дојде по Берен, Фелагунд си ја спотна сета своја моќ, па ги скрши прангите и се фати во костец со врколакот и го отепа со раце и со заби, но и самиот беше смртно ранет. Тогаш му прозборе на Берен, велејќи: „Ми дојде време да појдам на долгата почивка во безвременските дворови преку морињата и Планините на Аман. Долго време ќе мине пред Нолдорите пак да ме видат; и можеби ние двајца по втор пат нема да се сретнеме по смртта или во животот, зашто судбините на нашите роди се разделени. Збогум!“ И така умре во мракот, во Тол-ин-Гаурот, чија велика кула самиот ја беше изградил. Така Крал Финрод Фелагунд, најличниот и најсакан од лозата на Финве си ја искупи заклетвата; а Берен залипа крај него од очај.

Во тој час пристигна Лутиен и стоејќи на мостот кој водеше до островото на Саурон запеа песна која ни ѕидините од камен не можеа да ја препречат. Берен ја слушна и му се стори како да сонува; зашто ѕвездите засветија над него и во дрвјата запеаа чучулиги. И како одговор запеа призивна песна која ја имаше испеано во чест на Седумте Ѕвезди, Српот на Валарите кој Варда го беше обесила над Северот како нишан на падот на Моргот. А потоа сета сила го напушти и потона во темница.

Но Лутиен му го чу гласот како ѝ одговара и запеа песна со уште поголема моќ. Волците фатија да вијат и островото затрепери. Саурон стоеше во високата кула, обвиен во црни мисли, но кога ѝ го чу гласот се насмеа, зашто знаеше дека е ќерката на Мелиан. Гласини за убавината на Лутиен и за чудесноста на нејзината песна уште одамна се имаа проширено од Дориат; и му падна на ум да ја заточи и да ја предаде на моќта на Моргот, зашто знаеше дека голема награда ќе добие. Затоа испрати волк на мостот. Но Хуан тивко го задави. Потоа Саурон испрати и други, еден по еден; и еден по еден Хуан ги фаќаше за грклан и ги давеше. Тогаш Саурон го испрати Драуглуин, страшен ѕвер старозлобен, владар и татко на врклоаците од Ангбанд. Голема му беше силата; и битката на Хуан и Драуглуин беше долга и жолчна. Но најнакрај Драуглуин избега и бегајќи назад во кулата умре пред нозете на Саурон и како што умираше му кажа на стопанот: „Хуан е дојден!“ Саурон пак, добро ја знаеше, како и сите во таа земја, судбината која беше прогласена за загарот од Валинор и му дојде мисла тој самиот да ја оствари. Затоа се престори во врколак и се направи да е најсилниот што некогаш шетал по светот; и излезе да го отвори преминот на мостот.

Толку голем беше ужасот на неговото доаѓање што Хуан скокна настрана. Тогаш Саурон ѝ се нафрли на Лутиен и таа премре од заканата на злокобиот дух во неговите очи и гнасната чуреа од неговиот здив. Но кога ѝ се приближи, таа паѓајќи му фрли едно крило од темната наметка пред очите и тој се затетерави, зашто го обзеде ненадејна сонливост. Тогаш Хуан срипа. Така започна битката на Хуан и Саурон-Волкот и виежи и грохотења одекнуваа низ ридовите и оние кои гледаа од ѕидините на Еред Ветрин преку долината ги чуја од далеку и се увилија.

Но ни маѓепство ни клетва ниту заб или отров, ни ѓаволштија или ѕверска сила не можеше да го собори Хуан од Валинор. Па го фати душманот за грклан и го приклешти. Тогаш Саурон почна да менува облици од волк во змија и од чудовиште во неговата катадневна лика, но не можеше да избега од стисот на Хуан без потполно да си ја арниса снагата. Пред поганата душа да му излезе од темната ѝ суграда, Лутиен му се приближи и му рече дека ќе е соголен од телесниот плашт и дека душата растреперена ќе му е испратена назад кај Моргот и рече: „Таму за навек гол ќе ги тргаш маките на неговиот презир прободуван од неговите очи, ако не ми го теслимиш господството на кулава твоја.“

Тогаш Саурон стори теслим и Лутиен го презеде господството на островото и на сѐ што беше таму; и Хуан го пушти. И веднаш се престори во вампир, голем како темен облак врз месечината и избега капејќи крв од гркланот врз дрвјата и стигна до Таур-ну-Фуин и се вдоми таму, исполнувајќи ја со ужас.

Тогаш Лутиен застана на мостот и си ја зајави моќта; и се распушти магијата која врзуваше камен за камен и портите се срушија и ѕидините се отворија и јамите се испразнија; и многу ргачи и заточеници излегоа саштисани и увилени, покривајќи си ги очите од бледата месечева светлина, зашто долго време беа лежеле во темниците на Саурон. Но Берен никаде го немаше. Затоа Хуан и Лутиен го побараа на островото; и Лутиен го најде ужален крај Фелагунд. Толку длабок му беше страдот што уште лежеше и не ѝ ги чу чекорите. Тогаш, мислејќи дека е мртов, таа го зеде во прегратка и потона во темно бунило. Но Берен, враќајќи се кон светлината од јамите на очај, ја крена и се погледнаа в очи; и денот кој се издигаше над темните ридови засвети врз нив.

Телото на Фелагунд го закопаа врз ридот на неговиот остров кој сега пак беше чист и зелениот гроб на Финрод, синот на Финарфин, најличниот од сите вилински принцеви, остана неизвалкан сѐ дури земјата не се измени и разби и батиса под погубните мориња. Но Финрод чекори со татко си Финарфин под дрвјата на Елдамар.

И така Берен и Лутиен Тинувиел повторно беа слободни и заедно шетаа низ кориите, возобновувајќи си ја на некое време радоста; и иако беше дошла зимата, ништо не им можеше, зашто цвеќињата не венееја кај што газеше Лутиен и птиците пееја под завеаните ридови. А Хуан, одошто беше верен, му се врати на Келегорм, стопанот му, но веќе не се сакаа како порано.

Превирања фатија низ Нарготронд. Зашто таму сега се враќаа многу Вили кои беа биле заробеници на островото на Саурон; и се крена џагор кој Келегорм со ништо не можеше да го затиши. Горко ја оплакуваа загубата на кралот им Фелагунд, велејќи дека мома се беше одважила да го стори она што синовите на Феанор не се беа дрзнале да го направат; но многумина осознаа дека не страв, туку предавство ги беше терало Келегорм и Куруфин. Така срцата на народот во Нарготронд се ослободија од нивното владение и пак се свртија кон лозата на Финарфин и се поклонија пред Ородрет. Но тој не даде да ги отепаат браќата, како што некои сакаа, зашто пролевањето на роднинска крв од роднинска рака уште повеќе би можела да ја стегне клетвата на Мандос врз сите нив. Но сепак реши ни леб ни одмор да не им пружи на Келегорм и Куруфин во неговото кралство и се заколна дека оттогаш ќе нема пријателство помеѓу Нарготронд и синовите на Феанор.

„Така нека биде!“ рече Келегорм и во очите му засвети закана; но Куруфин се насмевна. Тогаш зедоа по еден коњ и одјаваа како оган, со ум да пробаат да си ги најдат роднините од исток. Но никој не сакаше да појде со нив ниту оние кои беа од нивниот народ, зашто сите осознаа дека клетвата силно има натежнато над браќата и дека зло ги следи. Во тоа време Келебримбор, синот на Куруфин се одрече од делата на татка си и остана во Нарготронд; но Хуан сепак тргна по коњот на Келегорм, стопанот му.

Одјаваа кон север, зашто вјасајќи намераваа да поминат низ Димбар и долж северните марки на Дориат, одејќи по најбрзиот пат за Химринг, каде што домуваше брат им Меидрос; и мислеа дека ќе можат бргу да го поминат, зашто беше близу до границите на Дориат, оддалечен од Нан Дунгортеб и далечната закана на Планините на Ужас.

Се вели дека Берен и Лутиен талкајќи стигнале до Шумата Бретил и најпосле се приближиле до границите на Дориат. Тогаш Берен се замислил за заветот што го дал и наспроти срцето се решил, кога Лутиен ќе е повторно безбедна во нејзината земја, пак да замине. Но таа за ништо не сакала пак да се оддели од него, велејќи: „Мора да избереш, Берене, помеѓу овие две работи: да се одречеш од задачата и заклетвата и како скитник да талкаш низ белиот свет, или да си достоиш на зборот и да ја предизвикаш силата на мракот врз нејзиниот престол. Но каде и да тргнеш, јас ќе дојдам со тебе и иста судба ќе делиме.“

Како што зборуваа за овие работи немајќи на мукает ништо друго околу нив, Келегорм и Куруфин дојаваа вјасајќи низ шумата; и браќата ги догледаа и уште од далеку ги познаа. Тогаш Келегорм го сврте коњот и го збодна кон Берен, сакајќи да го согази; а Куруфин извртувајќи се се наведна и ја крена Лутиен на седло, зашто беше јак и очиклен јавач. Тогаш Берен се фрли од пред Келегорм право врз забрзаниот коњ на Куруфин кој помина крај него; и Скокот на Берен е прославен помеѓу Луѓето и Вилите. Го фати Куруфин за грклан одзади и го тргна наназад и заедно паднаа наземи. Коњот се исправи и падна, а Лутиен летна настрана и се стркала врз тревата.

Тогаш Берен фати да го дави Куруфин, но и самиот беше близу до смрт зашто Келегорм му се впушти со копје. Во тој час Хуан си ја арниса службата кај Келегорм и се нафрли врз него, при што коњот му се изврти и не сакаше да се приближи до Берен од страв од големиот загар. Келегорм ги опцу и загарот и коњот, но Хуан не се помрдна. Тогаш Лутиен, станувајќи, не му даде на Берен го отепа Куруфин, па Берен му ги симна спремата и оружјата и му го зеде ножот Ангрист. Тој нож беше направен од Телкар од Ногрод и без ножница му висеше на појасот; железо сечеше небаре ветка. Тогаш Берен кревајќи го Куруфин го турна од себеси и му свика да си се врати кај благородните роднини, та да го научат кај со право да си ја мери јунаштината. „А коњот,“ рече, „ќе ти го земам за да ѝ служи на Лутиен и чинам мило ќе му е што ќе се ослободи од ваков стопан.“

Тогаш Куруфин го проколна Берен под облак и под небо. „Да даде,“ рече, „брза и лута смрт да те снајде.“ Келегорм го качи со него на коњот и браќата се свртија како да ќе одјаваат; и Берен им сврти грб и им ги забатали зборовите. Но Куруфин, одошто беше исполнет со срам и лошотилук, го зеде лакот на Келегорм и се сврте и истрела како што одеа, целејќи со стрелата кон Лутиен. Хуан скокајќи ја фати стрелата в уста, но Куруфин истрела уште еднаш и Берен се фрли пред Лутиен и стрелата го удри в гради.

Се вели дека Хуан ги гонел синовите на Феанор и тие избегале исплашени; и враќајќи се ѝ довел на Лутиен една тревка од шумата. Со таа билка таа му ја запре раната на Берен и со нејзината вештина и љубов го исцели; и така најнакрај се вратија во Дориат. Таму Берен, одошто беше растргнат помеѓу заклетвата и љубовта и знаејќи дека Лутиен е сега на сигурно, се разбуди едно утро пред зори и му ја остави на Хуан да ја варди; и со страд во срцето замина додека таа спиеше врз тревата.

Потоа пак одјава вјасајќи кон север до Преминот на Сирион и доаѓајќи до работ на Таур-ну-Фуин погледна преку пустелијата Анфауглит и оддалеку ги догледа врвовите на Тангородрим. Таму го пушти коњот на Куруфин и му рече да ги остави зад себе фрасот и службата и на слобода да трча по зелената трева во краиштата на Сирион. Тогаш, одошто беше сам и пред прагот на последната беља, ја испеа Песната на Разделба, уважувајќи ја Лутиен и светлата на небото; зашто мислеше дека мора да се збогува и со љубовта и со светлината. Од таа песна дел беа овие зборови:


Збогум мила земјо и небесо сина,

блажени вечно од тука што мина,

со витките нозе од тука што згазна,

под Сонцето сјајно и Месечина јасна

Лутиен Тинувиел,

што полична ја нема на светов бел.

И целиот свет да се испусти,

да пајдоса и да се разгроми

до незнајни бездни од дамнина,

пак златен е штом дал убавина

ко самракот, зората, земјата

и што Лутиен ја извал од недрата.


И пееше на цел глас, не водејќи сметка чии уши ќе го слушнат, зашто беше очаен и не бараше спас.

Но Лутиен му ја чу песната и и самата запеа, како што доаѓаше неповикана од коријата. Зашто Хуан, повторно кандисувајќи да ѝ биде ат, брзо ја беше одвел по трагите на Берен. Долго време се мислеше каков совет да изнедри за да им го олесни таксиратот на овие двајца кои толку ги сакаше. Затоа, како што итаа на север, скршна кон островото на Саурон и го зеде оттаму скрнавото волчјо крзно на Драуглуин и лилјачката кожинка на Турингветил. Таа му беше гласник на Саурон и знаеше да долета до Ангбанд престорена во вампир; и на секој зглоб од големите крилати прсти имаше закачено по една железна канџа. Наметнати во тие страшни оправи, Хуан и Лутиен претрчаа преку Таур-ну-Фуин и сѐ живо бегаше пред нив.

Кога Берен ги виде како идат се увили и се зачуди, зашто го беше чул гласот на Тинувиел, па си рече да не е некој авет направен за да го заптиса. Но тие застанаа и ги сметнаа лажните наметки и Лутиен потрча кон него. Така Берен и Лутиен повторно се сретнаа помеѓу пустината и коријата. Тој прво не рече ништо и му беше мило, но по некое време повторно зеде да ја одвраќа Лутиен од патот.

„По трет пат кај ја проколнувам заклетвата што ја дадов пред Тингол,“ рече тој, „и поарно ќе беше уште во Менегрот да ме отепаше, одошто сега тебе да те ставам под сенката на Моргот.“

Тогаш Хуан прозборе по втор пат и го посоветува Берен, велејќи му: „Ти Лутиен веќе не можеш да ја спасиш од смртната сенка, зашто поради љубовта нејзина сега таа и над неа е надвисната. Можеш само да се оттргнеш од речението и да ја одведеш в сургун, залудно барајќи мир додека ви траат животите. Но ако не сакаш да ѝ свртиш грб на судбата, тогаш Лутиен, арнисана, или ќе мора да умре сама, или ќе мора заедно со тебе да се соочи со судбината што ве чека - безнадежна, но сепак незапишана. Друг совет не можам да ви дадам ниту можам да продолжам со вас по патот. Но во срцето слутам дека она што вие ќе го најдете пред Портата, јас и самиот ќе го видам. Повеќе од тоа не ми се гледа; но можеби патиштата на нас тројца пак ќе нѐ одведат назад до Дориат, та пак да се сретнеме пред крајот.“

Тогаш Берен сфати дека Лутиен не може да се одвои од судбата која се имаше надвиснато над нив двајцата и престана да ја одвраќа. По совет на Хуан и со мајсторијата на Лутиен сега тој се заруби во крзното на Драуглуин, а таа во крилатата кожинка на Турингветил. Берен во сѐ стана навидум како врколак, освен што во очите му сјаеше душата, смуртена, но чиста; и ужас му се виде во погледот кога виде како на слабината му се закачил некој створ како лилјак со набрани крилја. Тогаш, завивајќи под месечината, скокна прудолу по ридот, а лилјакот првна и се распавта над него.

Ги пребродија сите бељи и најпосле стигнаа, прекриени со правта на долгиот и мачен пат, до тмурната долина која се протегаше пред Портата на Ангбанд. Црни провалии се отворија крај патот, од каде што се подаваа облици како на распретани змии. На секоја страна се издигаа гребени како воени ѕидини и врз нив седеа птици лешинари кои крескаа со свирепи гласови. Пред нив беше несоборливата Порта, широк и темен свод на подножјето на планината; и над неа се вишеше врлина од илјада стапки.

Но кога стигнаа таму се увилија, зашто на портата имаше стражар за којшто дотогаш не беше дошол абер. Гласини за непознати умисли меѓу вилинските принцеви беа стигнале до Моргот и севезден низ шумските алеи се слушаше грохотот на Хуан, големиот воен загар кој Валарите во дамнина го имаа отпуштено. Тогаш Моргот се сети на судбата на Хуан, па избра едно од штенчињата од расата на Драуглуин; и со своја рака му даде да јаде живо месо и ја спотна својата моќ врз него. Бргу израсна волкот, до толку што веќе не можеше во ниедно дувло да го собере, па лежеше грамаден и гладен пред нозете на Моргот. Таму во него влезе пеколен оган и страд и се исполни со стрвен дух, измачен, ужасен и јак. Кархарот, Црвената Челуст, е наречен во сказните од тие денови и Анфауглир, Жедното Забало. И Моргот го испрати да лежи вечнобудно пред вратата на Ангбанд и да варди да не дојде Хуан.

Така Кархарот ги догледа оддалеку и се исполни со сомнеж, зашто во Ангбанд одамна беше стигнало абер дека Драуглуин е мртов. Затоа, кога се приближија не им даде да влезат и им заповеда да застанат; и намуртено им се приближи насетувајќи нешто чудно во воздухот околу нив. Но одненадеж, некоја моќ, уште од дамнина спуштена од боженствената раса, влезе во Лутиен, која отфрлајќи ја гнасната руба се исправи, ситна пред силата на Кархарот, но блескава и ужасна. Кревајќи ја раката, му заповеда да заспие велејќи: „Злозачнат духу, пропадни во мрачен заборав и остави ја накратко зад себе ужасната клетва на животот.“ И Кархарот се спружи на место, небаре гром го беше сотрел.

Тогаш Берен и Лутиен минаа низ Портата и слегоа по лавиринтските скали; и заедно се одважија да го сторат најголемиот потфат некогаш сторен меѓу Вилите и Луѓето. Зашто дојдоа до седиштето на Моргот во неговиот најдлабок двор крепен од ужасии, осветлен од оган и исполет со оружја на смрт и страдание. Тогаш Берен престорен во волк му се мушна под престолот; но волјата на Моргот ѝ ја симна лажната наметка на Лутиен и тој се надвисна над неа со погледот. Таа не се уплаши од неговите очи и си го кажа името и му се понуди да запее пред него како што пејат певците. Тогаш Моргот гледајќи ѝ ја убавината во мислите зачна злобен ламтеж и умисла потемна од сѐ што дотогаш му имаше дојдено на ум уште откако пребегна од Валинор. И така со сопствениот лошотилук се прелага, зашто се загледа во неа оставајќи ја некое време на слобода, скришно сладејќи се во мислите. Одненадеж, таа му избега од пред очи и од сенките почна песна со толкава ненадминлива личотија и со толкава заслепувачка моќ што тој мораше сосила да слуша; и слепило го обзеде додека шараше лево-десно со очите барајќи ја.

Целиот двор потона во длабок сон и сите огнови замреа и секнаа; но Силмарилите во круната на главата на Моргот ненадејно блеснаа како бело-сјаен пламен; и товарот на таа круна и на џеваирите му ја наведна главата, како небаре светот да беше поставен врз неа, натоварен со тежината на грижи, стравови и копнежи кои ни волјата на Моргот не можеше да ги додржи. Тогаш Лутиен фаќајќи се за својата крилата роба скокна во воздухот и гласот ѝ се истури одозгора како дожд во езера, длабоки и темни. Му ја фрли наметката врз очите и го потона во сон, темен како надворешната Небиднина каде што на времето осамено беше чекорел.

Одненадеж се навали, како рид што се рони со лавина и паѓајќи како грмотевица од престолот се ничкоса врз подот на адот. Железната круна му се стркала од главата, одекнувајќи. Сѐ беше во молк.

Како мртов ѕвер Берен лежеше наземи, но Лутиен допирајќи го со раката го разбуди и тој си го сметна волчјото крзно. Потоа го извлече ножот Ангрист и од железните канџи кои ги држеа, отсече еден Силмарил.

Како што го поклопи во раката, сјајот му пројде низ живото месо и раката му стана како блескав фенер; но џеваирот му даде да го допре и не го повреди. Тогаш на Берен му дојде мисла да го прекардаши заветот и од Ангбанд да ги изнесе сите три Џеваири на Феанор; но не беше таква судбата на Силмарилите. Ножот Ангрист пукна и едно парче од сечилото летајќи го погоди Моргот в образ. Тој застенка и се размрда и сите свити во Ангбанд се поместија во сонот.

Тогаш ужас влезе во Берен и Лутиен и се впуштија да бегаат, набавтана и незасолнати, сакајќи само повторно да ја видат светлината. Ниту некој ги запре ниту ги гонеше, но низ портата им беше забрането да поминат; зашто Кархарот беше станат од сон и стоеше разјарен на прагот на Ангбанд. Уште пред да го видат, тој ги здогледа и им се нафрли како што трчаа.

Лутиен беше премалена и немаше ни време ни сила да го заузда волкот. Но Берен појде пред неа и во десната рака го подигна Силмарилот. Кархарот застана и се исплаши на еден миг. „Сиктер бегај оттука!“ извика Берен; „зашто огнов може да те проголта и тебе и сите други лошотии.“ И му  го втурна Силмарилот пред очите на волкот.

Но Кархарот го погледна светиот џеваир и не се уплаши и стрвниот дух во него одненадеж се распламти; и зинувајќи наеднаш ја фати раката во челуста и ја прегриза кај зглобот. Уште во истиот миг сета утроба му се исполни со пламен страд и Силмарилот му го спржи поганото месиште. Завивајќи, избега од пред нив и ѕидините на долината на Портата ечеа од буката на неговото страдание. Толку ужасен стана од лудоста, што сите створови на Моргот кои домуваа во таа долина или беа на патот по кој се стигаше до неа, избегаа што подалеку; зашто ги сотре сите живи нешта што му се најдоа на патот и се втурна од Север да му дојде до ак на светот. Од сите ужасии кои дојдоа во Белерианд пред падот на Ангбанд, лудоста на Кархарот беше најстрашна; зашто моќта на Силмарилот беше скриена во него.

Берен пак, лежеше замајан зад опасната Порта и смрт му се ближеше, зашто отров имаше на забите на волкот. Лутиен го извлече отровот со усните и си ја спотна силата која едвај ја крепеше за да ја запре ужасната рана. Но зад неа во длабините на Ангбанд почна да се слуша глас на голем гнев штотуку расонет. Свитите на Моргот беа будни.

Така потрагата по Силмарилот ќе завршеше во гибел и очај; но во тој час над ѕидините на долината се појавија три силни птици, летајќи кон север со крила побрзи од ветерот. Меѓу сите птици и ѕверки се беше разгласила потрагата и иктизата на Берен и самиот Хуан им беше заповедал на сите дијании да отворат четири очи и да му пружат помош. Високо над царството на Моргот прорееја Торондор и неговите вазали и здогледувајќи ја лудоста на Волкот и падот на Берен, бргу се спуштија долу, токму кога силите на Ангбанд беа ослободени од прангите на сонот.

Па ги подигнаа Лутиен и Берен од земјата и ги одведоа високо во облаците. Под нив одненадеж зататнеа грмежи, се раскокаа громови и планините се затресоа. Оган и чад почна да рига од Тангородрим и пламени секавици се расфрлаа на широко и на далеку, гибелно паѓајќи врз земјата; и Нолдорите во Хитлум затрепереа. Но Торондор минеше високо над земјата, следејќи ги вишните небесни патеки каде сонцето севезден непрекриено сјае и месечината чекори сред ведрите ѕвезди. Така бргу минаа над Дор-ну-Фауглит и над Таур-ну-Фуин и стигнаа над скриената долина Тумладен. Таму немаше ни облаци ни магла и погледнувајќи долу Лутиен оддалеку го виде, како бела светлина што светка од зелен џеваир, сјајот на личниот Гондолин, кај што царуваше Тургон. Но таа заплака мислејќи си дека Берен сигурно ќе умре, зашто немаше кажано ни збор ниту ги имаше отворено очите ниту потоа знаеше нешто за летот. И најпосле орлите ги спуштија врз границите на Дориат и втасаа до истата таа долинка кај што Берен во очајот крадешкум ја остави Лутиен додека таа спиеше.

Таму орлите ја положија крај Берен и се вратија до врвовите на Криссеигрим и нивните високи гнезда; но Хуан дојде кај неа и заедно го негуваа Берен, исто како порано кога таа го исцели од раните кои Куруфин му ги зададе. Но оваа рана беше лута и отровна. Долго време Берен лежеше и душата му талкаше до мрачните граници на смртта, свесен за страдови што го гонеа од сон во сон. Тогаш одненадеж, кога таа веќе изгуби надеж, тој се разбуди и погледа нагоре, гледајќи лисја наспроти небото и под лисјата чу како тивко и споро крај него пее Лутиен Тинувиел. И пак дојде пролет.

Оттогаш Берен го завикаа Ерхамион, што значи Едно-ракиот; и страд имаше врежано врз лицето. Но најпосле беше оживеан од љубовта на Лутиен и стана и заедно повторно зачекорија низ коријата. И не брзаа да си заминат од тоа место, зашто им се виде лично. Лутиен беше спремна и да скита низ дивината и да не се врати дома, оставајќи си ги и куќата и народот и сета слава на вилинските кралства и едно време Берен беше задоволен; но не можеше за долго да ја заборави заклетвата дека ќе се врати во Менегрот ниту сакаше да ја одвои Лутиен од Тингол засекогаш. Зашто се држеше до законот на Луѓето, чинејќи дека не е на арно да се прегазува татковата волја, освен во најголема нужда; а му се чинеше и дека не бива некоја толку кралска и лична мома како Лутиен за навек да живее в корија, како скудните човечки ловци, без дом или чест или личните нешта кои им се мили на кралиците на Елдалиите. Затоа по некое време ја убеди и стапалките им ги арнисаа бескуќните земји; и влезе во Дориат, носејќи ја Лутиен дома. Таква судба им беше пишана.

Лоши дни го имаа спопаднато Дориат. Јад и тишина го имаа запоседнато сиот народ кога ја изгубија Лутиен. Долго време залудно ја бараа. И се вели дека во тоа време Деирон, певецот на Тиногл, заталкал од земјата и никој веќе не го видел. Тој беше оној кој свиреше за да може Лутиен да игра и да пее пред Берен да дојде во Дориат; и ја сакаше и во музиката ги ставаше сите свои мисли за неа. Така стана најголемиот певец од сите Вили источно од Морето, пославен дури и од Маглор, синот на Феанор. Но, барајќи ја Лутиен очајно, заталка по чудни патеки и преминувајќи преку планините дојде до Истокот на Меѓуземјето, каде што долги раздобја везеше тажалки крај темните води за Лутиен, ќерката на Тингол, најубавата од сите живи нешта на векот.

Во тоа време Тингол побара ум од Мелиан, но овој пат таа ништо не го посоветува, велејќи дека иљамот кој го беше изнедрил мора до крај да се оствари и дека сега мора да чека и да трае. Но Тингол научи дека Лутиен пропатувала далеку од Дориат, зашто потајно стигнаа пораки од Келегорм, како што веќе се кажа, велејќи дека Фелагунд е мртов и дека Берен е мртов, но дека Лутиен е во Нарготронд и дека Келегорм сака да ја земе за жена. Тогаш Тингол се разгневи и испрати ушаци мислејќи да отпочне војна против Нарготронд; и така научи дека Лутиен уште еднаш побегнала и дека Келегорм и Куруфин се истерани од Нарготронд. Тогаш се поколеба во ниетот, зашто немаше сила да ги кајдиса седумте синови на Феанор; но испрати гласници до Химринг за да ги свика на помош во потрага по Лутиен, зашто Келегорм не ја беше пратил во куќата на татко ѝ ниту пак успеал да ја изварди.

Но на север во неговото царство гласниците се сретнаа со ненадејна и неочекувана беља: налетот на Кархарот, Волкот од Ангбанд. Тој во лудоста дрчно се имаше зададено од север и минејќи најнакрај преку Таур-ну-Фуин, како погубен оган се спушти од врутоците на Есгалдуин на исток. Ништо не можеше да го сопре и силата на Мелиан на границите на земјата не го запре, зашто судбина го тераше, а и моќта на Силмарилот кој го носеше и од кој страдаше. Така се втурна во пречистите кории на Дориат и сите се разбегаа од страв. Од гласниците само Маблунг, првиот војвода на Кралот се спаси и му го однесе страшниот абер на Тингол.

Токму во тој темен час се вратија Берен и Лутиен вјасајќи од запад и веста за нивното пристигање одеше пред нив како звук на музика носен од ветерот во темни куќи кај што луѓето седат зажалени. Најпосле стигнаа до портите на Менегрот и голема свита тргна по нив. Тогаш Берен ја поведе Лутиен пред тронот на татко ѝ Тингол; и тој вчудовидено го погледна Берен кој го мислеше за мртов, но не го засака, поради таксиратот кој го беше довел врз Дориат. Но Берен клекна пред него и рече: „Се враќам како што ветив. Дојден сум да си го земам своето.“

И Тингол одговори: „А задачата и заветот?“

А Берен рече: „Исполнети се. И еве ме кај држам Силмарил во раката.“

Тогаш Тингол рече: „Покажи ми го!“

И Берен ја испружи левата рака, отворајќи ги полека прстите; но му беше празна. Тогаш ја крена и десната рака и во тој час се крсти Камлост, Празноракиот.

Тогаш срцето на Тингол омекна, па Берен седна пред неговиот престол од лево, а Лутиен од десно и ја раскажаа целата сказна за Задачата додека сите слушаа и не можеа да се изначудат. И на Тингол му се виде како овој Човек да не е како другите смртни Луѓе и дека е меѓу великаните на Арда и дека љубовта на Лутиен е нешто ново и чудно; и осозна дека ниедна сила на светот не може да се токми со нивната судба. Затоа најпосле попушти и Берен ја зеде раката на Лутиен пред престолот на татко ѝ.

Но сега сенка падна врз радоста на Дориат од враќањето на личната Лутиен; зашто дознавајќи ја причината за лудоста на Кархарот луѓето уште повеќе се исплашија, осознавајќи дека опасноста од него е помогната од страшна моќ од светиот џеваир и дека тешко ќе може да се собори. И Берен, слушајќи за налетот на Волкот, разбра дека Задачата сѐ уште не е исполнета.

Затоа, одошто Кархарот катаден се ближеше сѐ повеќе до Менегрот, се спремија за Ловот на Волкот: од сите походи против ѕверови за кои има сказна, најопасниот. Во таа потера се приклучи и Хуан Загарот од Валинор и Маблунг Тешкарака и Белег Силнолак и Берен Ерхамион и Тингол, Кралот на Дориат. Одјаваа рано наутро и минаа преку реката Есгалдуин, а Лутиен остана крај портите на Менегрот. Темна сенка неа ѝ падна на срце и ѝ се причини како сонцето да се затруло и поцрнело.

Ловците свртеа кон исток и кон север и следејќи го текот на реката најпосле го навасаа Волкот Кархарот во една темна долина на чија северна страна Есгалдуин поројно се спушташе во стрмен водопад. На подножјето на водопадот Кархарот пиеше вода за да си ја олесни лутата жед и виеше и така го сетија, но тој, соѕирувајќи ги како доаѓаат, не се втурна да ги нападне. Можеби во срцето му се разбуди ѓаволската препреденост, кога за кратко му се беше услишила болката од слатките води на Есгалдуин; и како што јаваа кон него се мушна настрана во еден длабок бујак и таму се сокри. Но ловците поставија стража околу целото место и чекаа и сенките почнаа да се должат во шумата.

Берен стоеше крај Тингол и наеднаш видоа дека Хуан веќе не е крај нив. Тогаш голем грохот се разбуди во честакот; зашто Хуан, кој беше станал нетрпелив и одошто сакаше да го види тој волк, беше заминал сам да го измолкне. Но Кархарот го избегна и прснувајќи од зад трњето одненадеж срипа врз Тингол. Берен веднаш застана пред него со копје, но Кархарот му го збриша и го покоси, касајќи го за гради. Во тој миг Хуан скокна од честакот врз грбот на Волкот и заедно паднаа жолчно да се борат; и немало битка помеѓу волк и загар како таа, зашто во грохотот на Хуан се слушаше гласот на рогот на Ороме и гневот на Валарите, а во виежите на Кархарот беше омразата на Моргот и лошотилук посуров од челични заби; и карпи се цепеа од букотот и паѓаа од високо и ги загушија водопадите на Есгалдуин. Таму се бореа до смрт; но Тингол ги остави и клекна крај Берен гледајќи го дека е луто ранет.

Хуан во тој час го удави Кархарот; но таму во сплетените кории на Дориат неговата сопствена судба, пред долго време изречена, се исполни и смртно беше ранет и отровот на Моргот влезе во него. Тогаш се приближи и паѓајќи крај Берен, по трет пат прозборе со зборови и се збогува со него пред да умре. Берен не рече ништо, туку ја положи раката врз главата на загарот и така се разделија.

Маблунг и Белег итајќи му дојдоа на помош на кралот, но кога видоа што се случило ги фрлија копјата и заплакаа. Тогаш Маблунг зеде нож и го расече мевот на Волкот; и внатре тој беше сиот изеден како од оган, но раката на Берен која го држеше џеваирот уште беше неисцрнета. Но кога Маблунг посигна да ја допре, раката ја снема и Силмарилот лежеше непрекриен и неговата светлина ги исполни сенките на целата шума околу нив. Тогаш бргу и со страв Маблунг го зеде и го постави во живата рака на Берен и Берен се пробуди од допирот на Силмарилот и високо го подигна и му го подаде на Тингол. „Сега Задачата е завршена,“ рече, „и судбата ми е исполнета,“ и веќе не прозборе.

Го вратија Берен Камлост, синот на Барахир, врз носило од гранки со Хуан загарот волчјак крај него; и ноќ ги фати пред да се вратат во Менегрот. Крај корените на Хирилорн, големата бука, Лутиен ги пречека како што одеа споро; и некои носеа факли крај носилото. Таму таа го зеде Берен в прегратка и го бакна порачувајќи му да ја чека зад Западното Море, а тој ја погледна во очите пред да ја испушти душата. И тогаш ѕвездите секнаа и мрак падна врз Лутиен Тинувиел. Така сврши Задачата за Силмарилот; но Епопејата за Леитиан, Ослободувањето од робија, не свршува.

Зашто како што таа му порача, душата на Берен се задржа во дворовите на Мандос, несакајќи да го напушти светот сѐ додека Лутиен не дојде за последен пат да се збогува крај притулените брегови на Надворешното Море, од каде што Луѓето што ќе умрат заминуваат во неповрат. Но душата на Лутиен потона во мрак и најпосле ѝ излезе и снагата ѝ остана како цвеќе скинато одненадеж, што накратко останува да лежи непосивеено врз тревата.

Тогаш зима како животниот сињак на смртните Луѓе се спушти врз Тингол. Но Лутиен замина во дворовите на Мандос каде што се назначените места на Елдалиите, преку палатите на Западот врз синорот на светот. Таму оние кои чекаат седат во сенките на нивните мисли. Но нејзината убавина беше поголема од нивната убавина и нејзината жалост подлабока од нивните жалости; и таа клекна пред Мандос и му запеа.

Песната на Лутиен пред Мандос беше најубавата песна која некогаш била со зборови исткаена и најжалосната песна која светот некогаш ќе ја чуе. Непроменета, непогинлива, сѐ уште се пее во Валинор далеку од ушите на светот и слушајќи ја Валарите жалаат. Зашто Лутиен со зборови проткаја два распева: за жалоста на Елдарите и за јадот на Луѓето, за Двете Роди кои Илуватар ги створи за да домуваат во Арда, Земното Кралство сред недобројните ѕвезди. Како што клечеше пред него солзите и паѓаа врз неговите стапала како дожд врз камења; и Мандос го понесе жал, оној кој ни дотогаш ни оттогаш не беше бил толку понесен.

Затоа го свика Берен и баш како што Лутиен му имаше кажано во часот на неговата смрт, повторно се сретнаа зад Западното Море. Но Мандос немаше сила да ги задржи душите на Луѓето кои умреле во синорот на светот откако ќе им заврши чекањето; ниту пак можеше да ја смени судбината на Чедата на Илуватар. Затоа појде при Манве, Владарот на Валарите кој повела со светот под раката на Илуватар; и Манве за задума во најдлабока мисла, каде што му се откри волјата на Илуватар.

Вака ѝ даде да избере на Лутиен: Поради сиот нејзин труд и жалост, да може да го напушти Мандос и да замине во Валимар и таму да домува до крајот на светот меѓу Валарите, заборавајќи ги ситe јадови кои во животта ги беше тргала. Таму Берен не можеше да појде. Зашто не им беше дозволено на Валарите да му ја бранат Смртта која им е дар од Илуватар на Луѓето. Но другиот избор беше ова: да може да се врати во Меѓуземјето и да си го земе Берен и пак таму да домуваат, но без сигурност дека ги чека живот и радост. Вака ќе стане смртна и ќе дочека втора смрт, исто како него; и кога ќе ѝ дојде време ќе го напушти светот засекогаш и нејзината убавина ќе остане само како спомен во песните.

Оваа судба ја избра таа, арнисувајќи го Блаженото Царство и прекинувајќи го роднинството со сите оние кои таму домуваа; за какви јадови и да ги чекаат, судбините на Берен и Лутиен да се споени и по истот пат заедно да заминат надвор од синорот на светот. И така бидна да таа, единствена меѓу Елдалиите, навистина умре и одамна го напушти светот. Но со нејзиниот избор Двете Роди се беа споиле; и им е претходничка на многу од оние во кои Елдарите сѐ уште ја гледаат, макар што светот е сменет, ликата на саканата Лутиен, која ја беа изгубиле.