XXI<br></br>За Турин Турамбар - Полиграматон

XXI

За Турин Турамбар


Риан, ќерката на Белaгунд, му беше жена на Хуор, синот на Галдор; и се венча со него два месеци пред тој да замине со брат му Хурин во Нирнеит Арноидиадот. Кога не стигна никаков абер за домаќинот ѝ, таа избега во дивината, но на помош ѝ дојдоа Сивите Вили од Митрим и кога ѝ се роди синот Туор, тие го посинија. Тогаш Риан си замина од Хитлум и одејќи до Hауд-ен-Нденгин легна врз него и умре.

Морвен, ќерката на Барагунд, му беше жена на Хурин, Владарот на Дор-ломин; и нив син им беше Турин, кој се роди во годината кога Берен Ерхамион наиде на Лутиен во Шумата Нелдорет. Имаа и ќерка која се викаше Лалаит, што значи Смеа и брат ѝ Турин многу ја сакаше, но кога наполни три години, во Хитлум фати помор носен од зли ветришта од Ангбанд и таа умре.

После Нирнеит Арноидиадот пак, Морвен сѐ уште домуваше во Дор-ломин, зашто Турин имаше само осум години, а таа пак беше тешка со дете. Црни беа тие дни, зашто Источниците кои имаа дојдено во Хитлум го презираа остатокот од народот на Хадор и ги угнетуваа и им ја зедоа земјата и стоката и им ги поробија децата. Но толку голема беше убавината и величественоста на Дамата од Дор-ломин што Источниците се плашеа и не се осмелуваа да ја допрат неа или нејзините дворјани; и шепотеа меѓу себе велејќи дека е опасна и дека е вештерка која знае маѓии и дека е здружена со Вилите. Но таа сега беше сиромашна и без помошници, освен една од роднините на Хурин по име Еирин, која Бродда, еден Источник, ја имаше земено за жена и којашто потајно ѝ подаваше по нешто; и Морвен многу се плашеше дека ќе ѝ го земат Турин и дека ќе го поробат. Затоа во срцето ѝ дојде мисла скришно да го испрати оттаму и да го измоли Крал Тингол да го прибере, зашто Берен, синот на Барахир, беше роднина на татко ѝ, а и му беше бил пријател на Хурин, пред злото да наваса. Затоа во есента во Годината на Плачот Морвен го испрати Турин преку планините со двајца стари слуги, порачувајќи им да пробаат ако можат да најдат влез во кралството Дориат. Така почна да се ткае судбината на Турин раскажана во целост во епопејата наречена Нарн и хин Хурин, Сказна за чедата на Хурин и е најдолгата од сите епопеи кои зборуваат за тие дни. Тука оваа сказна е раскажана накратко, зашто е проткајана со судбината на Силмарилите и на Вилите; и е наречена Сказна на Јадот, зашто е жалосна и во неа се откриваат најзлобните дела на Моргот Бауглир.

На самоти почеток на новата година Морвен роди девојче, ќерката на Хурин и ја крсти Ниенор, што значи Ужаленост. Но Турин со придужниците минејќи низ големи бељи стигнаа најпосле до границите на Дориат; и таму ги најде Белег Силнолак, првиот каракол на марките на Крал Тингол, кој ги одведе во Менегрот. Таму Тингол го пречека Турин и дури се реши и да го посини, во чест на Хурин Тврдокорниот; зашто Тингол сега поинаку гледаше на лозите на Вило-побратимите. Тогаш гласници беа пратени на север до Хитлум, порачувајќи ѝ на Морвен да го напушти Дор-ломин и да се врати со нив во Дориат, но таа сепак не сакаше да ја напушти куќата каде што беше домувала со Хурин. И кога Вилите си заминаа, го испрати по нив Змејскиот Шлем на Дор-ломин, најголемото од сите наследија на лозата на Хадор.

Турин израсна во лично и јако момче во Дориат, но жалоста го имаше бележано. Девет години домуваше во дворот на Тингол и во тоа време јадот му се поднамали; зашто гласници напати одеа до Хитлум и кога ќе се вратеа му носеа по некој добар збор за Морвен и Ниенор.

Но дојде ден кога гласниците веќе не се враќаа од север и Тингол веќе не сакаше да пушти други. Тогаш Турин го фати страв за мајка му и сестра му и со смуртено срце појде пред Кралот и побара спрема и меч и го стави Змејскиот Шлем на Дор-ломин и замина во бој на марките на Дориат и му стана соборник на Белег Куталион.

И кога изминаа три години, Турин пак се врати во Менегрот; но зашто доаѓаше од дивина беше недуздисан и спремата и оправата му беа ветви. Во Дориат пак, имаше еден од народот на Нандор кој беше мошне близок до Кралот; Саирос му беше името. Тој одамна му завидуваше на Турин за честа која Тингол му ја направи кога го посини; и еднаш седнат спроти него на маса фати да го подбуцнува, велејќи:

„Ако мажите од Хитлум се толку диви и свирепи, какви ли ќе да им се жените? Да не трчаат како срни, наметнати само со косите?“ Тогаш Турин сиот возлен зграби еден пехар и го фрли кон Саирос; и за малку што не го отепа.

Наредниот ден Саирос го зачека Турин како што заминуваше од Менегрот за да се врати на марките; но Турин го совлада и го пушти да бега гол како дива ѕверка низ коријата. Тогаш Саирос бегајќи од страв пред него падна во провалијата на еден поток и телото му се разби врз една голема карпа во водата. Но кога другите стигнаа, видоа што биднало и меѓу нив беше и Маблунг и тој го замоли Турин да се врати со него во Менегрот и да застане пред Кралот барајќи прошка за стореното. Но Турин, сметајќи се сега за одметник и од страв да не го заточат, ја одби молбата на Маблунг и бргу се заврте и замина; и минејќи преку Појасот на Мелиан влезе во кориите западно од Сирион. Таму ѝ се приклучи на една од тајфите на бескуќни и очајни луѓе какви што имаше доста низ дивината во тие зли дни, чии раце беа свртени против сите кои ќе ги сретнеа по пат и Вили и Луѓе и Орки.

Но кога на Тингол му раскажаа сѐ по ред онака како што беше, Кралот го помилува Турин прогласувајќи дека е без кабает. Во тоа време Белег Силнолак се врати од северните марки и дојде до Менегрот барајќи го; и Тингол прозборе со Белег, велејќи: „Многу ми е мака Куталионе, зашто го гледав синот на Хурин како да е мој; и така и ќе остане, освен ако самиот Хурин не се врати од сенките да си го побара она што е негово. Не сакам да се кажува дека Турин на правдина бил истеран в дивина и од сѐ срце би го пречекал ако се врати, зашто многу си го милував.“

А Белег одговори: „Ќе го барам Турин додека не го најдам и ако можам ќе го вратам во Менегрот, зашто и јас го милувам.“

Тогаш Белег замина од Менегрот и преку сиот Белерианд залудно бараше некаков абер за Турин и многу бељи го снајдоа.

Но Турин долго време живееше со одметниците и им страна војвода; и се крсти Неитан, Некабаетлијата. Многу претпазливо домуваа во коријските краишта јужно од Теиглин, но кога измина година од времето кога Турин пребегна од Дориат, Белег една вечер им го најде упориштето. Се погоди да во тоа време Турин биде излезен од логорот; и одметниците го зграпчија Белег и го врзаа и беа сурови кон него, зашто им беше страв да не е некој ушак на Кралот на Дориат. Но кога Турин се врати и виде што биднало, камен на срце му падна за сите злодела и беззаконија кои ги беше направил со дружината и го ослободи Белег и си го возобновија пријателството и Турин оттогаш се зарече дека веќе нема да пљачка и да војува, освен против слугите на Ангбанд.

Тогаш Белег му кажа на Турин за тоа како Крал Тингол го помилувал и зеде како што знаеше и умееше да го наговора да се врати со него во Дориат, велејќи дека има голема иктиза од неговата сила и јунаштво на северните марки на кралството. „Орките неодамна најдоа патека по која се спуштаат од Таур-ну-Фуин,“ му рече; „и имаат направено пат низ Преминот Анах.“

„Не си спомнувам за такво нешто.“ рече Турин.

„Никогаш не сме било толку далеку од границите,“ рече Белег. „Но си ги видел оддалеку врвовите на Криссеигрим и на исток темните ѕидини на Горгорот. Анах лежи во средината, над високиот кладенец на Миндеб и е тежок и опасен пат, но сега многумина врват по него и Димбар, каде порано владееше мир, сега потпаѓа под Црната Рака и Луѓето од Бретил се насекирани. Им требаме таму.“

Но одошто имаше гордо срце, Турин го одби помилувањето на Кралот и зборовите на Белег не успеаа да го премислат. А и тој самиот кај го тераше Белег да остане со него во земјите западно од Сирион; но Белег тоа не сакаше да го стори и рече: „Тежок човек си Турине, а и тврдоглав. Но и јас не сум покусо. Ако вистина сакаш да го имаш Силнолак крај себе, барај ме во Димбар; зашто јас натаму се враќам.“

Наредниот ден Белег тргна да си оди и Турин појде со него да го подиспрати од логорот; но ништо не му рече. „Се разделуваме ли, сине на Хурин?“ рече Белег. Тогаш Турин погледна кон запад и оддалеку ги виде големите висини на Амон Руд; и не знаејќи што сѐ го чека, одговори: „Ми рече барај ме во Димбар. Но јас ти велам, ти барај ме мене на Амон Руд! Инаку, веќе нема да се видиме.“ И пријателски, макар тажно се разделија.

Белег пак, се врати во Илјадните Пештери и доаѓајќи пред Тингол и Мелиан им кажа за сѐ што се беше случило, освен за лошиот пречек од другарите на Турин. Тогаш Тингол воздивна и рече:

„Што уште сака Турин од мене?“

„Дај ми изим, господару,“ рече Белег, „и ќе го вардам и ќе го водам како што знам и умеам; та сите да видат колку тежи вилинскиот збор. А и не сакам некој толку арен за ништо да си ги остави коските в дивина.“

Тогаш Тингол му даде на Белег изим да прави што сака; и рече: „Белег Куталион! За многу дела треба да ти благодарам; а најмногу за што ми го најде посинокот. Затоа на оваа разделба барај од мене сѐ што ти душа сака и ништо нема да ти бранам.“

„Дајте ми тогаш некој саглам меч,“ рече Белег; „зашто Оркиве премногу се накотиле за да се оди против нив само со лак, а сечилото што го имам не е кадро за нивниот оклоп.“

„Бирај од сите што ги имам,“ рече Тингол, „освен мојот Аранрут.“

Тогаш Белег го избра Англахел, а тоа беше баш саглам меч и така беше крстен затоа што беше направен од железо што беше паднало од небесата како усвитена ѕвезда; и можеше да го пресече железото извадено од земјата. Само еден друг меч во Меѓуземјето беше како него. Во оваа сказна за тој меч не се зборува, но беше направен од истата руда и од истиот мајстор; а тој мајстор беше Еол Темната Вила, кој ја зеде Аредел сестрата на Тингол за жена. Англахел му го даде на Тингол, макар нерадо, како отплата за изимот да домува во Нан Елмот; но близнакот на Англахел, Ангуирел, го задржа и го чуваше сѐ додека Меиглин, син му, не му го украде.

Но кога Тингол го сврти балчакот на Англахел кон Белег Мелиан го погледна сечилото и рече: „Лошотилук има во мечов. Темното срце на мајсторот што го исковал сѐ уште тлее во него. Нема да ја сака раката која го повела ниту ќе те служи за долго.“

„Сепак, ќе го носам додека можам,“ - рече Белег.

„Уште еден дар ќе ти дадам Куталион,“ рече Мелиан, „што во дивината ќе ти се најде и тебе и на оние на кои ќе сакаш.“ И му даде еден товар лембас, друмскот леб на Вилите, завиткан во сребрени лисја и врвките со кои беше врзан на чворовите беа запечатени со мурот на Кралицата, тенок лист од бел восок во облик на цветот на Телперион; зашто според адетот на Елдалиите само Кралицата можеше да го чува лембасот и да го дава на други. Дури тогаш се виде колку Турин ѝ е мил на Мелиан; зашто Елдарите дотогаш никогаш им немаа дадено на Луѓето да земат од овој друмски леб, а и оттогаш ретко кај им дале.

Тогаш Белег си замина со овие дарови од Менегрот и се врати на северните марки каде што му беа жилиштето и пријателите. Тогаш во Димбар Орките беа истерани и Англахел ликуваше одошто беше исукан; но кога дојде зима и војната се потсмири, одненадеж другарите видоа дека Белег веќе не е меѓу нив и никогаш веќе не им се врати.

Кога Белег пак, си замина од кај одметниците и се врати во Дориат, Турин нив ги одведе кон запад надвор од долот на Сирион; зашто се беа измориле од таквиот живот без почивка, севезден да се на готово од страв да не ги гони некој; и сакаа да најдат посигурно упориште. И се погоди една квечерина да начекаат три Џуџиња, кои избегаа кога ги видоа, но тоа што остана последно го фатија и го кутнаа наземи и еден од дружината го зеде лакот и отпушти стрела кон другите како што ги снемуваше во самракот. Џуџето што го фатија пак, се викаше Мим; и го молеше Турин да не го тепа, а како отплата се понуди да ги одведе до неговиот скриен дворец кој никој не можел да го најде без негова помош. Тогаш на Турин му падна жал за Мим и го поштеди; и рече: “Кај ти е куќата?“

Тогаш Мим одговори: „Далеку над земјата е куќата на Мим, на големиот рид; Амон Руд го викаат сега ридот, откако Вилите ги сменија сите имиња.“

Тогаш Турин не рече ништо и долго време го гледаше џуџето; и најпосле рече: „Ајде одведи нѐ таму.“

Наредниот ден тргнаа да одат, следејќи го Мим, до Амон Руд. Тој рид пак, беше на работ на батаците кои се издигаа помеѓу долините на Сирион и Нарог и високо над камената пустара се издигаше со шпицот; но стрмниот сив капец му беше гол и врз него не растеше ништо освен црвениот серегон кој го прекриваше каменот. И како што тајфата на Турин се ближеше, сонцето пловејќи кон запад ги проби облаците и падна врз капецот и врз расцветаниот серегон. Тогаш еден од нив рече: „Крв има на ридот.“

Но Мим ги поведе по тајни патеки низ стрмните падини на Амон Руд; и пред отворот на пештерата се поклони пред Турин, велејќи: „Влези во Бар-ен-Данвед, Куќата на Откупот; зашто така ќе се вика отсега.“

И тогаш дојде уште едно џуџе носејќи светло и го поздрави и позборуваа заедно и бргу слегоа во мракот на пештерата; но Турин тргна по нив и најнакрај дојде до една многу длабока одаја осветлена од притулени фенери обесени на синџири. Таму го најде Мим како клечи до еден камен диван крај ѕидот и како си ја корне брадата и лелека, непрестајно извикувајќи едно име; и на диванот лежеше трето џуџе. Но Турин влезе и застана крај Мим и се понуди да му помогне. Тогаш Мим го погледна и рече: „Нема што да ми помогнеш. Зашто ова е син ми Ким; и е мртов, погоден од стрела. Умрел на зајдисонце. Син ми Ибун ми кажа.“

Тогаш на Турин многу му падна мака и му рече на Мим: „Ах беља работа! Камо да можев да ја повратам стрелата. Вистина кажа кога рече дека куќава отсега ќе се вика Бар-ен-Данвед; и ако некогаш се збогатам, ќе ти исплатам откуп во злато за сина ти за да видиш колку ми е мака, иако не ќе ти го разведри срцето.“

Тогаш Мим стана и долго гледаше во Турин. „Те слушам кај зборуваш,“ рече, „и како да слушам некој од нашите големци од дамнина; и не можам да ти се изначудам. Знај дека ми го ублажи срцето, иако не ми го разведри; па ако сакаш можеш да домуваш во куќава, зашто јас сепак ќе си го отплатам откупот.“

Така започна живеачката на Турин во скриената куќа на Мим врз Амон Руд; и се шеташе по ливадата пред отворот на пештерата и гледаше кон исток и кон запад и кон север. Кога ќе погледнеше кон север, го соѕреваше зеленилото на Шумата Бретил како се искачува по Амон Обел околу кој се простираше; и секојпат очите натаму му одеа без да знае зошто; зашто срцето повеќе му беше на северо-запад каде што милја по милја зад работ на небото му се чинеше како да може да ги наѕре Планините на Сенка, ѕидините на неговиот дом. Но навечер Турин гледаше на запад кон зајдисонцето, како што сонцето црвено се слеваше во маглините над далечните брегови и каде што Долот на Нарог лежеше длабоко во сенките на средина.

Во времето што следеше Турин често чинеше муабет со Мим и седејќи сам со него ги слушаше преданијата и сказните за неговиот живот. Зашто Мим потекнуваше од Џуџиња кои во древните денови биле прогонети од големите џуџеви градови од исток и долги години пред Моргот да се врати заталкале кон запад во Белерианд; но опаднале и во став и во мајсторија и почнале да живеат таинствено, чекорејќи со наведнати рамена и крадешкум. Пред Џуџињата на Ногрод и Белегост да дојдат на запад преку планините, Вилите од Белеринад не ги знаеле што се и ги ловеле и ги тепале; но потоа ги оставиле на мира и ги нарекле Ноигјит Нибин, Ситни Џуџиња, на синдаринскиот јазик. Не сакале никој освен самите себеси и макар што ги мразеле и се плашеле од Орките, исто толку ги мразеле и Елдарите, а најмногу од сите Сургунџиите, зашто велеле дека Нолдорите им ја беа украле земјата и домовите. Долги години пред Крал Финрод Фелагунд да дојде од преку Морето, пештерите на Нарготронд биле откриени од нив и тие го беа започнале нивното длабење; и под капецот на Амон Руд, Ќелавиот Рид, спорите раце на Ситните Џуџиња ги беа продупиле и продлабочиле пештерите низ долгите години додека таму домувале, на раат од Сивите Вили од кориите. Но сега се имаа изретчено и изумрено низ Меѓуземјето, сите освен Мим и неговите двајца синови; а Мим беше стар дури и по слагањето на Џуџињата, стар и заборавен. И во неговите дворови вигните дремеа и секирите ’рѓосуваа и името им се памтеше само во древните сказни на Дориат и Нарготронд.

Но кога задлабочи зимата, од север надојде снег каков што дотогаш не беа виделе во речните долови и Амон Руд беше затрупан; и велеа дека зимите во Белерианд се влошуват како што расне моќта на Ангбанд. Тогаш само најтврдокорните се осудуваа да шетаат по земјата и некои паѓаа болни и сите беа страдни за храна. Но, во притулениот самрак на еден зимски ден одненадеж меѓу нив се појави човек кој им се виде како да е многу снажен и јадар, наметнат во бело и со качулка; и се приближи до огнот без да изусти ни збор. А кога луѓето срипаа од страв, тој се засмеа и ја симна качулката и под широката наметка носеше голем врзоп; и на светлината на огнот Турин повторно погледна во лицето на Белег Куталион.

Така Белег повторно се врати кај Турин и кога се сретнаа и двајцата се израдуваа; и Белег со него од Димбар го носеше Змејскиот Шлем на Дор-ломин, мислејќи дека можеби така ќе му ја поведе мислата на Турин да го остави животот во дивина како водач на таа ситна дружина. Но Турин повторно не сакаше да се врати во Дориат; и Белег попуштајќи од љубов и наспроти разумот остана со него и не си замина и во тоа време многу труд оддаде за доброто на дружината на Турин. Бдееше над тие што беа ранети или болни и им даваше од лембасот на Мелиан; и бргу оздравееја, зашто иако мајсторијата и марифетите на Сивите Вили беа помали од Сургунџиите од Валинор, во мајсториите на живиот свет на Меѓуземјето имаа мудрост која беше недостижна за Луѓето. И зашто Белег беше силен и истраен, долгоглед и во око и во ум, одметниците почнаа да му прават чест; но омразата на Мим за Вилата која беше дошла во Бар-ен-Данвед сѐ повеќе растеше; и седеше со син му Ибун во најдлабоките сенки на куќата, не зборувајќи со никого. Но Турин веќе не му го береше многу гајлето на Џуџето; а кога помина зимата и дојде пролет, ги чекаше потешка работа.

Кој да ти ги знае умиштата на Моргот? Кој може да го измери дофатот на мислите на оној кој беше бил Мелкор, моќник меѓу Аинурите од Големата Песна и кој сега седеше како темен владар врз темен престол на Север, вткајувајќи го во својот лошотилук секој абер што ќе му стигнеше и догледувајќи повеќе од делата и умислите на неговите непријатели одошто и најмудите меѓу нив стравуаа, освен Мелиан Кралицата? Често посегаше мислата на Моргот по неа, но таму и се разбиваше.

И сега моќта на Ангбанд повторно се придвижи; и како долги прсти на алчна рака, претходниците на неговите војски пробуваа да си отворат пат во Белерианд. Преку Анах дојдоа и Димбар беше заземен и сите северни марки на Дориат. По древниот пат имаа дојдено, кој водеше низ долгиот дервен на Сирион крај островото каде што порано беше Минас Тирит на Финрод и така врвеше преку земјите помеѓу Малдуин и Сирион и преку стреите на Бретил, сѐ до Раскрсницата на Теиглин. Оттаму патот продолжуваше кон Вардената Рамнина; но Орките сѐ уште не одеа по него, зашто во дивината сега се беше вдомил некој скриен ужас и врз црвениот рид имаше будни очи за коишто дотогаш никој ги немаше предупредено. Зашто Турин повторно го стави Шлемот на Хадор; и во Белерианд надалеку и нашироко се рашири шепот, под дрвја и над потоци и низ ридските премини, велејќи дека Шлемот и Лакот кој беа паднале во Димбар повторно се воскреснале, наспроти сета надеж. Тогаш многумина кои шетаа без водач, лишени, но бестрашни, повторно се окуражија и дојдоа да ги бараат Двајцата Војводи. Дор-Куартол, Земјата на Лакот и Шлемот, во тоа време беше наречен сиот тој предел помеѓу Теиглин и западната марка на Дориат; и Турин се прекрсти во Гортол, Страшношлем и срцето пак му се воздигна. Во Менегрот и во длабоките дворови на Нарготронд и дури и во скриеното кралство Гондолин, се расчу славата за делата на Двајцата Војводи, а и во Ангбанд ги дознаа. Тогаш Моргот се засмеа, зашто сега по Змејскиот Шлем најпосле позна дека тоа е синот на Хурин; и Амон Руд набрзо беше опколен од ушаци.

Еднаш, пред истекот на годината, Мим Џуџето и син му Ибун излегоа од Бар-ен-Данвед за да соберат диви корени за зимница; но ги фатија Орки и ги заробија. Тогаш Мим по втор пат вети да го одведе непријателот по тајните патеки до неговиот дом на Амон Руд; но сега проба да го одложи исполнувањето на ветеното и побара да не го тепаат Гортол. Тогаш војводата на Орките се засмеа и му рече на Мим: „Не бери гајле, Турин, синот на Хурин, нема да го отепаме.“

Така беше предадена Бар-ен-Данвед, зашто Орките, предводени од Мим, стигнаа навечер и ги фатија сите неспремни. Многу од дружината на Турин така ги испотепаа на спиење; но некои бегајќи по внатрешните скалила излегоа на ридскиот врв и таму се бореа сѐ додека не погинаа и крвта им се разлеа врз серегонот кој го прекриваше каменот. Но врз Турин фрлија мрежа како што се бореше и тој се замрежи во неа и го совладаа и го одведоа.

И најнакрај кога сѐ беше тишина, Мим крадешкум излезе од сенките на куќата; и како што сонцето изгреваше над маглите на Сирион застана крај мртвите на ридскиот врв. Но осозна дека не сите што таму лежат се мртви, зашто еден му го возврати погледот, па се најде очи в очи со Белег Вилата. Тогаш со долго збирана омраза Мим му пријде на Белег и го извлече мечот Англахел кој лежеше под телото на еден кој беше паднат до него; но Белег, подигајќи се едвај некако, го зграби мечот и го збодна кон Џуџето и Мим преплашено избега од ридскиот врв, лелекајќи. И Белег му свика: „Допрва ќе те снајде осветата на лозата на Хадор!“

Белег пак, беше луто ранет, но беше јак меѓу Вилите во Меѓуземјето, а уште беше и мајстор за иљачи. Затоа не умре и силата полека му се поврати; и залудно почна да го бара Турин меѓу мртвите за да го закопа. Но не го најде; и тогаш созна дека синот на Хурин е сѐ уште жив и дека е одведен во Ангбанд.

Без многу надеж, Белег го напушти Амон Руд и тргна на север кон Раскрсницата на Теиглин следејќи ги трагите на Орките; и го премина Бритиах и пропатува преку Димбар кон Преминот Анах. И така успеа да ги стигне, зашто тој одеше без починка, а тие се маеја по патот, ловејќи низ земјата и не плашејќи се од потера како што се ближеа до север; и дури ни во страшната корија на Таур-ну-Фуин не скршна од патеката, зашто вештината на Белег беше поголема од сите што ги имало во Меѓуземјето. Но една вечер како што минеше низ таа зла земја, наиде на еден кој беше легнат и заспан под едно големо мртво дрво; и Белег, запирајќи си го чекорот крај заспаниот, виде дека е Вила. Тогаш му прозборе и му даде лембас и го праша што ампа го беше фатило во тоа ужасно место; и тој му кажа дека се вика Гвиндор, син на Гуилин.

На Белег многу му падна жал кога го виде каков е; зашто Гвиндор сега беше како наведната и преплашена сенка на неговата некогашна снага и ум; кога во Нирнеит Арноидиадот тој големец од Нарготронд дојава со непромислена храброст до самоти врата на Ангбанд, каде беше заробен. Зашто малку од Нолдорите кои Моргот ќе ги фатеше беа погубени, поради нивната вештина во ковање и копање метали и бесценети камења; и така Гвиндор не го отепаа туку го ставија да аргатува во рудниците на Север. Низ тајни тунели кои само нив им беа познати, Вилите од рудниците понекогаш успеваа да избегаат; па така бидна да Белег го најде, премален и счудовиден среде лавиринтите на Таур-ну-Фуин.

И Гвиндор му кажа дека додека лежел и демнел меѓу дрвјата видел голема чета Орки како врви кон север и со нив имало и волци; и меѓу нив имало некој Човек чии раце биле оковани и кој го терале пред нив со камшици. „Многу беше висок,“ рече Гвиндор, „колку што се високи Луѓето од магливите ридови на Хитлум.“ Тогаш Белег му кажа за неговата задача во Таур-ну-Фуин; и Гвиндор фати да го одвраќа од намерата, велејќи дека може само да му се придружи на Турин во страдот кој го чека. Но Белег не сакаше да го напушти Турин и одошто беше ожесточен, повторно му распали надеж во срцето на Гвиндор; па така продолжија заедно следејќи ги Орките, додека не излегоа од шумата доаѓајќи до високите падини кои се спуштаа до јаловите дини на Анфауглит. Таму во доглед на врвовите на Тангородрим Орките имаа кренато бивак во еден гол дол како што замираше светлината на денот; и откако поставија волчји чувари насекаде околу нив, седнаа и фатија да локаат. Голема бура се крена од запад и громови заблескаа над Сеништните Планини надалеку, кога Белег и Гвиндор се прикрадoa до долот.

Кога сите во логорот заспаа, Белег го зеде лакот и во мракот бесчујно ги потепа волчјите чувари еден по еден. Тогаш, ставајќи си ги главите в торба и двајцата слегоа и го најдоа Турин со оковани раце и нозе и врзан за едно исушено дрво; и околу него беше сето ножеви искозакачени во стеблото кои Орките ги беа фрлале кон него, а тој беше потонат во мачен сон, од толку што беше капнат. Но Белег и Гвиндор ги пресекоа јажињата со кои беше врзан и кревајќи го, го изнесоа од долот, но не можеа да го однесат подалеку од еден честак трнливи грмушки кои растеа малку погоре. Таму го положија; и бурата беше готова да се истури. Белег го извлече својот меч Англахел и со него ги пресече синџирите со кои беше врзан Турин, но тој ден судбината надвладеа, зашто сечилото се лизна како што ги сечеше прангите и му го драсна стапалото на Турин. Одненадеш тој се сепна од спиење, збеснат и исплашен и гледајќи како некој се надвиснал над него со исукано сечило, срипа викајќи гласно, мислејќи дека Орките пак дошле да му ја вадат душата; и натегајќи се во мракот го зграби Англахел и го отепа Белег Куталион, мислејќи го дека е душман.

Но како што стоеше, гледајќи дека е слободен и спремен скапо да си го продаде животот на замислениот душман, над нив силно засвети молња и на светлината го здогледа лицето на Белег. Тогаш Турин застана смраморен и занемен, зјапајќи кон таа ужасна смрт и му текна што сторил; и толку ужасно му беше лицето осветлено од молњите кои болскотеа околу нив, што Гвиндор се стутули од страв врз земјата и не се осмели да го крене погледот.

Но во долот под нив Орките се разбудија и мешаница фати низ логорот; зашто се плашеа од грмежите што доаѓаа од запад, мислејќи си дека се пратени против нив од големите Непријатели од преку Морето. Тогаш фати ветер и фатија силни дождови и порои се истурија од висините на Таур-ну-Фуин; и иако Гвиндор му свика на Турин за да го опомене за смртната беља во која се наоѓаа, тој ништо не одговори, туку продолжи да седи сред луњата скаменет и со суви очи крај телото на Белег Куталион.

Кога осамна утрото бурата замина кон исток преку Лотлан и есенското сонце се издигна, жешко и сјајно; но мислејќи дека Турин сигурно избегал далеку од местото и дека сите траги на неговото бегство се однесени од дождот, Орките бргу си заминаа без многу да го бараат и Гвиндор оддалеку ги виде како си одат марширајќи преку парливите песоци на Анфауглит. И така бидна да Орките се вратат кај Моргот со празни раце и да го остават зад себе синот на Хурин, кој седеше излуден и зашеметен на падините на Таур-ну-Фуин потиснат од бреме потешко од нивните пранги.

Тогаш Гвиндор го скорна Турин за да му помогне да го закопаат Белег и тој стана како некој кој шета во сон и заедно го положија Белег во плиток гроб и го ставија крај него Белтрондинг, неговиот голем лак што беше направен од црно тисово дрво. Но страшниот меч Англахел го зеде Гвиндор, велејќи дека е поарно да им се освети на слугите на Моргот отколку да лежи бескорисен во земјата; и го зеде и лембасот на Мелиан за да има со што да се заголнат во дивината.

Така битиса Белег Силнолак, најверниот пријател и највештиот меѓу сите оние чие прибежиште беа кориите на Белерианд во Дамните Дни, од раката на оној кој најмногу го милуваше; и тој јад беше врежан во лицето на Турин и никогаш не избледе. Но храброст и сила се возобновија во срцето на Вилата од Нарготронд и заминувајќи од Таур-ну-Фуин, го одведе Турин на далечен пат. Ниту еднаш, додека одеа заедно по долгите и мачни патеки, Турин не прозборе и чекореше како без ќеф и без цел, како што годината врвеше и зима наближуваше во северните земји. Но Гвиндор секогаш беше крај него да го варди и да го води; и така преминаа на запад преку Сирион и најнакрај стигнаа до Еител Иврин, кладенецот од кој извираше Нарог под Планините на Сенка. Таму Гвиндор му прозборе на Турин велејќи му: „Пробуди се Турине, сину на Хурин Талион! Крај Ивриново езеро бескрајна смеа има. Билјурни кладенци непресушни го појат, а од поганштини го варди Улмо, Владарот на Водите, кој во деновите исконски ја изнедрил неговата убавина.“ Тогаш Турин клекна и се напи од водата; и наеднаш се фрли наземи и најпосле ги отпушти солзите и оздравеа од лудоста.

Таму испеа песна за Белег и ја крсти Леир ку Белег, Песна за Големиот Лак, пеејќи ја на цел глас не водејќи сметка каква беља може да го снајде. И Гвиндор му го стави мечот Англахел в рака и Турин позна дека е тежок и јак и дека има голема моќ; но сечилото му беше црно и матно, а остриците тапи. Тогаш Гвиндор рече: „Чуден е овој меч, каков што немам видено во Меѓуземјево. Жали за Белег исто како тебе. Но не бој се; зашто јас сум тргнат да се вратам во Нарготронд во дворот на Финарфин, а ти ќе дојдеш со мене и ќе оздравееш и ќе се накренеш.“

„Кој си ти?“ рече Турин.

„Заталкана Вила и избеган ргач, кој Белег го сретна и го утеши,“ рече Гвинор. „А еднаш бев Гвиндор, син на Гуилин, големец од Нарготронд, додека не заминав во Нирнеит Арноидиадот и не ме поробија во Ангбанд.“

„Си го видел ли тогаш Хурин, синот на Галдор, воинот од Дор-ломин?“ рече Турин.

„Не сум го видел,“ рече Гвиндор. „Но гласини за него вртеа низ Ангбанд дека сѐ уште му пркоси на Моргот; и дека Моргот фрлил клетва врз него и врз целата негова рода.“

„Така ќе да е,“ рече Турин.

И потоа станаа и заминувајќи од Еител Иврин пропатуваа кон југ по брегот на Нарог, сѐ додека не беа фатени од вилинските извидници и одведени како заробеници во скриената крепост. Така Турин стигна до Нарготронд.

Отпрво народот не можеа да го познаат Гвиндор, кој замина млад и силен, а сега им се враќаше навидум небаре старец од смртните Луѓе од толкуте страданија и ’ргачења; но Финдуилас, ќерката на Кралот Ородрет, го позна и го пречека, зашто го милуваше пред Нирнеитот, а Гвиндор толку многу ја милуваше нејзината убавина што ја крсти Феиливрин, како што го викаа сјајот на сонцето врз басените на Иврин. За атер на Гвиндор, Турин беше примен со него во Нарготронд и му дадоа таму во чест да домува. Но кога Гвиндор сакаше да каже како се вика, Турин го запре велејќи: „Јас сум Агарвеин син на Умарт (што значи Крвјосанот, син на Нек’сметот), ловец од коријата“; и Вилите на Нарготронд веќе не го распрашуваа.

Во времето што следеше, Турин ја придоби благонаклонетоста на Ородрет и скоро сите срца во Нарготронд се свртија кон него. Зашто беше млад и токму тогаш се имаше целосно замажено; и не напразно беше син на Морвен Еледвен: црнокос и со бледа кожа, со сиви очи и со лице поубаво од сите други меѓу смртните Луѓе во Дамните Дни. Говорот и држењето му беа како на некој од древното кралство Дориат и дури и Вилите можеа да го помислат дека е некој од големите нолдорски лози; и затоа многумина го викаа Аданедел, Човекот Вила. Мечот Англахел му беше прекован од очиклените ковачи на Нарготронд и иако вечно беше црн, остриците му блескаа со блед оган; и го крсти Гуртанг, Железо на Смртта. Толкав му беше бабаитлакот и војната вештина по синорот на Вардената Рамнина што го завикаа Мормегил, Црниот Меч и Вилите велеа. „Мормегил никој не може да го отепа, освен потамина или со злобна стрела од далеку.“ Затоа му дадоа железна кошула направена од џуџињата за да го штити; а кога ќе се ожесточеше носеше и една џуџева маска, целата позлатена, која ја најде во оружарницата, па кога ќе ја ставеше пред битка, сите непријатели усвет фаќаа пред него.

Така срцето на Финдуилас се сврте од Гвиндор и не по нејзина волја, го заљуби Турин; но Турин не осозна што се имаше случено. И одошто ѝ беше растргнато срцето, Финдуилас се ужалости и стана линеава и тивка. Но Гвиндор седеше задуман во мрачни мисли; и еднаш прозборе со Финдуилас, велејќи: „Ќерко од лозата на Финарфин, нека нема јад меѓу нас; зашто иако Моргот ми го испусти животот јас тебе уште те сакам. Оди таму кај што те води љубовта; но варди се! Не бива работа Постарите Чеда на Илуватар да се венчаваат со Помладите; и не е умно, зашто тие се кратки и брзо си одат оставајќи нѐ вдовци до крајот на светот. Ниту пак судбината дава тоа да се случи, освен еднаш или два пати поради некоја висока судба која ние не можеме да ја наѕреме. Но овој човек не е Берен. Навистина, некоја судба се има надвиснато над него како што лесно може со бистри очи да се прочита, но темна судба е. Не влегувај во неа! А ако така сториш, љубовта ќе ти донесе горчина и смрт. Зашто чуј ме сега што ќе ти кажам! Иако тој вистина е агарвеин син на умарт, правото име му е Турин, син на Хурин, кој Моргот го држи во Ангбанд и чија рода ја има проколнато. Не сомневај се во моќта на Моргот Бауглир! Не гледаш ли како и врз мене е запишана?“

Тогаш Финдуилас долго седеше и се думаше; и најпосле рече само: „Турин синот на Хурин ниту ме сака ниту ќе ме засака.“

Кога Турин пак, разбра од Финдуилас што се беше случило се разгневи и му рече на Гвиндор: „Како брат те милувам одошто ме спаси и ме вардеше. Но лошо си ми сторил, пријателе, што ми го издаде правото име и ја кажа судбата која ме следи и од која сакам да се сокријам.“

Но Гвиндор одговори: „Не ти е судбата врзана за името, туку за тебе самиот.“

Кога Ородрет научи дека Мормегил бил синот на Хурин Талион, почна да му прави уште поголема чест и Турин стана моќен меѓу народот во Нарготронд. Но не го сакаше начинот на кој војуваа, со заседи и сѐ крадешкум и со скришни стрели, зашто чезнееше по храбри мегдани и битки на отворено, а и кралот почна сѐ повеќе да му ги риза советите. Така, во тие денови Вилите на Нарготронд ја арнисаа тајноста и почнаа отворено да војуваат и едночудо оружје изнаправија; и по совет на Турин, Нолдорите изградија грамаден мост преку Нарог од Вратите на Фелагунд, за побрзо да им минат војските. Тогаш слугите на Ангбанд беа истерани од сите земји помеѓу Нарог и Сирион кон исток, а на запад до Неннинг и пустиот Фалас; и иако Гвиндор секогаш одеше против Турин во кралскиот совет, велејќи дека лошо им се пишува ако така продолжат, ја изгуби честа и некој не го есапеше, зашто беше слаб и веќе не го биваше за на мегдан. Така Нарготронд се откри пред гневот и омразата на Моргот; но по молба на Турин неговото право име не се споменуваше и иако славата за неговите дела стигна и до Дориат и до ушите на Тингол, гласините зборуваа само за Црниот Меч од Нарготронд.

Во тоа време на раат и надеж, кога поради делата на Мормегил моќта на Моргот беше зауздана западно од Сирион, Морвен најпосле избега од Дор-ломин со ќерка си Ниенор и го преброди долгото патешествие до дворовите на Тингол. Таму ја дочека нов јад, зашто дозна дека Турин заминал, а во Дориат не беше стигнало никаков абер откако Змејскиот Шлем исчезнал од земјите западно од Сирион; но Морвен остана во Дориат со Нианор како гостинка на Тингол и Мелиан, каде ѝ правеа чест.

Бидна да кога изминаа четиристотини и деведесет и пет години од изгревот на Месечината, една пролет во Нарготронд стигнаа две Вили по име Гелмир и Арминас; беа од народот на Ангрод, но од Дагор Браголлахот домуваа на југ со Кирдан Бродоградецот. Од далечниот пат донесоа абер за некое големо купчење на Орки и зли створови под стреите на Еред Ветрин и во Преминот на Сирион; и рекоа и дека Улмо му беше дошол на Кирдан и го опоменал дека некоја голема беља му се ближи на Нарготронд.

„Чуј ги зборовите на Владарот на Водите!“ му рекоа на Кралот. „Вака му рече на Кирдан Бродоградецот: „Злото од Север го испоганило кладенецот на Сирион и мојата моќ се повлекува од прстите на растечените води. Но нешто уште полошо се готви. Затоа речете му на Владарот на Нарготронд: Затвори си ги вратите на тврдината и не излегувај надвор. Фрли си го каменот на гордоста во гласната река, та да не може злото што ближи да ја најде портата.““

Мрачните зборови на гласниците го насекираа Ородрет, но Турин никако не сакаше да го пориза нивниот совет и за жива глава не даваше да се сруши големиот мост; зашто беше станат горд и груб и сакаше сѐ да е како тој што ќе каже.

Наскоро потоа Хандир, Владарот на Бретил загина, зашто Орките му упаднаа во земјата и Хандир излезе на мегдан со нив; но Луѓето од Бретил беа надмашени и истерани во кориите. А кога дојде есен, чекајќи го правиот час, Моргот ја испушти врз народот на Нарог големата свита која долго време ја беше спремал; и Глаурунг од Улуроките мина преку Анфауглит и оттаму стигна до северните долови на Сирион и големи зулуми изнаправи. Под сенките на Еред Ветрин го испогани Еитен Иврин и оттаму премина во царството Нарготронд и ја изгоре Талат Дирнен, Вардената Рамнина, помеѓу Нарог и Теиглин.

Тогаш воините на Нарготронд заминаа и висок и ужасен изгледаше Турин тој ден и срцето на свитата се воздигна кога го видоа како јава од десната страна на Ородрет. Но многу поголема беше свитата на Моргот одошто рекоа извидниците и никој освен Турин, штитен од маската што ја носеше, не можеше да го издржи доаѓањето на Глаурунг; и Вилите беа одвратени и притиснати од Орките во полето Тумхалад помеѓу Гинглит и Нарог и таму беа заклопени. На тој ден посиве сета гордост и сета свита на Нарготронд; и Ородрет загина на чело на битката и Гвиндор синот на Гуилин беше смртно ранет. Но Турин му дојде на помош и сите се разбегаа пред него; и го изнесе Гвиндор од грвалицата и бегајќи до една корија, го положи на тревата.

Тогаш Гвиндор му рече на Турин: „Носење со носење нека се отплати! Но несреќно беше моето, а залудно е твоето; зашто снагата ми е осакатена и иљач не ми помага и морам да го напуштам Меѓуземјето. И иако те милувам, сине на Хурин, сепак го жалам денот кога те зедов од Орките. Да не беше твојот бабаитлак и горделивост, сѐ уште ќе имав и љубов и живот, а и Нарготронд уште малку ќе искрепеше. А сега ако ме милуваш, остави ме! Итај до Нарготронд и спаси ја Финдуилас. И уште ова ќе ти го речам: само таа стои помеѓу тебе и твојата судба. Ако неа не ја куртулиш, ти од неа не ќе куртулиш. Збогум!“

Тогаш Турин поита кон Нарготронд, берејќи ги тие што ги сретна по патот сред грвалицата; и како што одеа, лисјата паѓаа од дрвјата од силниот ветар, зашто есента преминуваше во лута зима. Но свитата Орки и Глаурунг Ламјата стигнаа пред нив и се појавија наеднаш, пред тие што има останато да држат стража да дознаат што се беше случило на полето Тумхалад. Кобен беше мостот над Нарог тој ден; зашто беше голем и јако направен и не можеше брзо да се уништи и непријателот лесно премина преку длабоката река и Глаурунг почна да рига пламен на големо врз Вратите на Фелагунд и ги собори и влезе.

И кога Турин најпосле пристигна, страшниот обир во Нарготронд скоро беше завршен. Орките ги имаа потепано или истерано сите оние кои имаа останато да се борат и претураа низ големите дворови и одаи, пљачкајќи и уништувајќи; а оние жени и моми кои не беа изгорени или отепани ги имаа насобрано небаре стадо на терасите пред вратите, да ги одведат како робови под јаремот на Моргот. Ваков гибел и таксират начека Турин кога дојде и никој не можеше да му се спротивстави, или не се осмелуваше, кога фати да ги сотира сите пред него и премина преку мостот и со меч си проби пат кон заточениците.

И сега беше сам, зашто малкумината кои тргнаа по него имаа избегано. Но во тој миг Глаурунг се подаде од зјајнатите врати и легна зад нив помеѓу Турин и мостот. Тогаш наеднаш прозборе, преку силата на ветроштината која беше во него: „Здравоживо Хуринов сине. Добро ми дојде!“

Тогаш Турин срипа и се засили кон него и остриците на Гуртанг заблескаа како запалени; но Глаурунг си го задржа пламенот и широко ги отвори змијските очи и му се испули на Турин. Без страв Турин го возврати погледот како што го креваше мечот; и веднаш потпадна под мраморното маѓепство на ококореното око на ламјата и застана неподвижен. Долго време остана да стои како некој од камен изделкан; и стоеја само двајцата, тивки пред вратите на Нарготронд. Но Глаурунг повторно прозборе, подбуцнувајќи го Турин и рече: „Сѐ што со рака фати Хуринов сине, сѐ пеплоса. Неблагодарен посинок си, одметник, крвник на побратими, крадец на љубов, приграбувач на Нарготронд, лекоумен војвода и парасач на крвта родена. Како ’ргачки живеат мајка ти и сестра ти во Дол-ломин во ал и оскуда. Ти си се облекол небаре принц, а тие одат во крпи и чемреат по тебе, а ти гајле си немаш. Тешко на татко ти кога ќе дознае што син изгледал, а ќе дознае.“ И Турин одошто беше под маѓепството на Глаурунг му го послуша зборот и се виде себеси како во огледало, обезличен од лошотилук и го презре тоа што го виде.

И додека така го гледаа очите на ламјата и му ја мачеа паметта без да може да се помрдне, Орките го отераа стадото заточеници; и поминаа крај Турин и преминаа преку мостот. Меѓу нив беше и Финдуилас и му свика на Турин како што врвеше; но дури откако нејзиниот плач и лелекот на заточениците се изгубија на северниот пат Глаурунг го ослободи Турин, за да не може да си ги затне ушите и да не го слуша тој глас кој за навек остана да го прогонува.

 Тогаш наеднаш Глаурунг го повлече погледот и почека; и Турин полека се размрда, како некојшто се буди од одвратен сон. Тогаш доаѓајќи си на себе, срипа врз ламјата врескајќи. Но Глаурунг се засмеа и рече: „Ако сакаш да загинеш, со душа ќе те отепам. Но непара ќе им биде од корист тоа на Морвен и Ниенор. Пет пари не даде кога ја чу Вилана како плаче по тебе. Зар и родената ти крв ќе ја арнисаш?“

Но Турин земајќи засил со мечот замавна кон очите на ламјата; и Глаурунг бргу склопчувајќи се се истопори пред него и рече: „Не! Барем си појунак од сите што сум ги сретнал досега; и лажат оние кои велат дека ние не го почитуваме јунаштвото на нашите душмани. Слушај вака! Ти нудам слобода. Оди си при родата ти, ако можеш. Сиктер оттука! И ако останат Вили или Луѓе да раскажуваат за овие дни, бездруго луто ќе те кудат ако го котлосаш ваквиот дар.“

Тогаш Турин, одошто беше уште замајан од очите на ламјата, небаре чини муабет со душман кој знае за милост, поверува во зборовите на Глаурунг и се сврте и избега по мостот. Но како што одеше, Глаурунг прозборе од зад него велејќи му со свиреп глас: „Итај кон Дор-ломин, Хуринов сине! Само да не те претркаат пак Орките? И ако се маеш по Финдуилас, никогаш веќе не ќе ја видиш Морвен, а сестра ти Ниенор пак, уште помалку; и ќе те колнат.“

Но Турин замина по северниот пат и Глаурунг уште еднаш се засмеа, зашто ја исполни задачата што му ја беше дал Господарот. Тогаш се заврте сладејќи се и се разблуја пламен и изгоре сѐ околу него. Но сите Орки кои беа зафатени во обирот ги собра на куп и ги изгони и не им даде од пленот да земат ни една ронка од благото. Потоа го сруши мостот и го потопи во пената на Нарог; и откако така се отараса од сите, го собра сиот плен и азно на Фелагунд и го натрупа во куп и се спружи врз него во најсредишната одаја и си се почина.

А Турин иташе по патот кон север низ земјите помеѓу Нарог и Теиглин кои сега беа пусти и Свирепата Зима се спушти да го пречека; зашто таа година снег паѓаше уште пред есента да измине и пролетта доаѓаше касно и беше студена. Како што одеше сѐ му се чинеше дека го слуша плачот на Финдуилас како му довикува од кориите и ридовите и голем страд му тежеше на душа, но одошто срцето му беше усвитено од лагите на Глауринг и одошто во умот постојано гледаше како Орките ја палат куќата на Хурин или им ја вадат душата на Морвен и Ниенор, се држеше до патот и никако не скршна.

Најпосле, капнат од вјасање и од долгиот пат (зашто сто и двасет милји, па и повеќе беше пропатувал без починка) со првиот зимски мраз стигна до басените на Иврин, каде што претходно се беше исцелил. Но тие сега беа саде смрзнат ѓол и веќе не можеше да се напие од нив.

Така се довлече некако до премините на Дор-ломин низ лутите северни снегови и пак ја најде земјата од детството. Гола и тмурна беше, а Морвен ја немаше. Куќата ѝ беше празна, срушена и ладна; и ништо живо немаше во близина. Затоа Турин си замина и стигна до куќата на Бродда Источникот, оној кој за жена ја имаше земено Еирин, родата на Хурин; и таму дозна од еден стар измеќар дека Морвен одамна заминала, зашто беше избегала со Ниенор од Дор-ломин и никој освен Еирин не знаел каде е.

Тогаш Турин дочекори до масата на Бродда и зграпчувајќи го, го извлече мечот и му заповеда да му кажат каде заминала Морвен; и Еирин му зајави дека заминала во Дориат да си го бара синот. „Зашто земјите тогаш беа ослободени од зло,“ рече таа, „од Црниот Меч од југ, за кој сега велат дека погинал.“ Тогаш на Турин му се отворија очите и последните нишки од маѓепството на Глауринг се отпараа; и од страд и гнев од лагите кои го беа измамиле и од омраза кон угнетувачите на Морвен го фати црн бес и го отепа Бродда сред дворот, а и другите Источници кои му беа дојдени на гости. Потоа избега надвор во зимскиот студ како гонет човек, но му помогнаа оние од народот на Хадор кои имаа останато и ја познаваа дивината и со нив избега низ развеаниот снег и стигна до едно одметничко засолниште на јужните планини на Дор-ломин. Оттаму Турин повторно замина од земјата на неговото детство и се врати во долот на Сирион. Срцето му беше огорчено, зашто во Дор-ломин беше довел само уште поголем таксират врз остатокот од неговиот народ и нив им беше мило кога го испратија; и како утеха му остана само ова: преку бабаитлакот на Црниот Меч на Морвен ѝ се беше отворил патот до Дориат. И си рече во мислите: „Барем некој да види аир од тие дела. И кај ќе најдев поарно место за да си ја пратам родата, дури и порано да дојдев? Зашто ако Појасот на Мелиан се скине, значи веќе нема надеж за никого. Не, чинам поарно е вака; зашто каде и да одам, сѐ несреќа носам. Нека ги чува Мелиан! И ќе ги оставам да поживеат на некое време во незасенет мир.“

Потоа Турин се спушти од Еред Ветрин тргна да ја бара Финдуилас, макар напразно, лутајќи низ кориите под планините, див и накострешен како ѕвер; и ги претури сите патишта кои водеа на север кон Преминот на Сирион. Но касно беше дојден; зашто сите патеки беа обраснати или однесени од зимата. Но сепак бидна да, минејќи кон југ по Теиглин, Турин сретне неколку од Луѓето од Бретил опколени од Орки и ги избави, зашто Орките бегаа од Гуртанг. Им рече дека се вика Дивиот од Коријата и тие го помолија да остане и да домува со нив; но тој им рече дека има задача која допрва го чека: да ја најде Финдуилас, ќерката на Ородрет од Нарготронд. Тогаш Дорлас, челникот на тие горјани, му ги кажа јадните вести за нејзината смрт. Зашто Луѓето од Бретил ја беа зачекале на Раскрсницата на Теиглин свитата Орки која ги водеше заточениците од Нарготронд, сакајќи да ги спасат; но Орките веднаш сурово ги погубиле заробениците, а Финдуилас со копје ја закачиле за едно дрво. Така умрела, велејќи пред крајот: „Кажете му на Мормегил дека Финдуилас е тука.“ Затоа ја положиле во могила близу тоа место, која ја крстиле Хауд-ен-Еллет, Могилата на вилинската мома.

Турин ги замоли да го одведат дотаму и кога стигна потона во мрачнина на јад небаре смрт. Тогаш на Дорлас, по црниот меч чија слава беше стигнала дури и до длабините на Бретил, а и по тоа што беше тргнат да ја бара кралската ќерка, му текна дека тој див човек е Мормегил од Нарготронд, за кого гласините велеа дека е синот на Хурин од Дор-ломин. Затоа горјаните го кренаа и го одведоа кај нив в куќи. А тие пак, им беа поставени во еден пармаклак на едно високо место во шумата Ефел Брандир на Амон Обел; зашто Народот на Халет беа изретчени од војна и Брандир, синот на Хандир, кој владееше со нив беше човек со кроток табиет и сакат уште од дете и повеќе гледаше со тајност отколку со воени потфати да ги спаси од моќта на Северот. Затоа се исплаши од аберот кој Дорлас го донесе и кога му го виде лицето на Турин додека тој лежеше на носилото облак од јанѕа му се спушти на срце. Сепак, понесен од таксиратот кој го беше снашол, го прибра кај себе в куќа и започна да го лечи, зашто се разбираше од иљачи. И со почетокот на пролетта Турин се оттргна од темнината и пак зајакна; и стана на нозе и му дојде мисла да остане скриен во Бретил и да ја остави сенката зад себе, арнисувајќи го минатото. Затоа зеде ново име, Турамбар, што на говорот на Врховните Вили значи Владетел на Судбата; и ги измоли горјаните да заборават дека е туѓинец меѓу нив и дека некогаш имал друго име. Сепак, не сакаше целосно да го остави војничкиот занает; зашто не сакаше да даде да Орките дојдат до Раскрсницата на Теиглин или да се приближат до Хауд-ен-Еллет, та направи тоа место да е страв и трепет за нив и да бегаат од таму. Но црниот меч го остави и место него зеде лак и копје.

Во Дориат пак, стигна нов абер за Нарготронд, зашто некои кои имаа избегано од поразот и обирот и ја имаа преживеано Свирепата Зима во дивината најпосле дојдоа кај Тингол барајќи засолниште; и караколите на марките ги доведоа пред Кралот. И едни рекоа дека сите непријатели се беа повлекле кон север, а други дека Глаурунг сѐ уште живеел во дворовите на Фелагунд; и едни велеа дека Мормегил загинал, а други дека бил маѓепсан од ламјата и дека уште таму домува, како некој престорен во камен. Но сите зајавија дека на многумина во Нарготронд веќе им било познато дека Мормегил не бил никој друг, туку Турин, синот на Хурин од Дор-ломин.

Тогаш Морвен се растревожи и не слушајќи го советот на Мелиан одјава сама во дивината да си го најде синот или некој точен абер за него. Тингол затоа го прати Маблунг по неа, со многу бодри караколи од марките, за да ја најдат и да ја вардат и да дознаат што можат; но на Ниенор ѝ рекоа да остане и да не оди. Но бестрашноста на нејзината лоза вирееше во неа; па во еден зол час, од надеж дека Морвен ќе се врати ако види дека и ќерка ѝ тргнала да замине со неа в беља, Ниенор се преправи како една од дворјанките на Тингол и замина со таа тебабија нек’сметлии.

Морвен ја најдоа крај бреговите на Сирион и Маблунг ја замоли да се врати во Менегрот, но неа како умот да ѝ се имаше земено и не можеа да ја убедат. Тогаш се откри и дека Ниенор има дојдено и и покрај заповедта на Морвен не сакаше да се врати; и Маблунг сосила ги доведе до скриените сплавови крај Вировите на Самрак и ја преминаа Сирион. И по три дена патување стигнаа до Амон Етир, Ридот на Ушаци, кој пред многу години Фелагунд нареди да се крене со многу труд, три милји пред вратите на Нарготронд. Таму Маблунг постави стража на јавачи околу Морвен и ќерка ѝ и им забрани да продолжат. А тој, не гледајќи трага од непријателот од ридот, се спушти со извидници до Нарог, колку што можеа покрадешкум.

Но Глаурунг знаеше за сѐ што правеа и се подаде разгорен од гнев и легна во реката; и се крена огромна чуреа и гнасен кадеж од кој Маблунг и дружината се заслепија и се изгубија. Тогаш Глаурунг премина преку Нарог кон исток.

Гледајќи ја навалата на ламјата, стражарите на Амон Етил пробаа да ги одведат Морвен и Ниенор и вјасајќи да избегаат со нив назад кон исток, но ветерот ги донесе празните магли врз нив и коњите им збеснаа од аждерската смрдеа и се здивија и се растрчаа наваму-натаму, па едни се испоудрија во дрвјата и испозагинаа, а други беа однесени надалеку. Така момите се изгубија и за Морвен никогаш веќе не стигна сигурен абер до Дориат. Но Ниенор, одошто падна од атот, но сепак остана неповредена, успеа да се врати во Амон Етир за да го чека Маблунг и така излезе над кадежот на сонце; и фрлајќи поглед кон запад, се испули право во очите на Глаурунг чија глава лежеше врз ридскиот врв.

Нејзината волја се потегаше со неговата на некое време, но тој си ја спотна силата и одошто имаше научено која е ја присили да му погледне в очи и врз неа фрли маѓепство на црна темница и бунило, та да не може да се сети на ништо што дотогаш ја беше спопаднало; ниту на сопственото име нито на нечие друго име и со денови не можеше ни да слуша ни да гледа ни да се помрдне кога ќе сакаше. Тогаш Глаурунг ја остави да стои сама на Амон Етир и се врати во Нарготронд.

Маблунг пак, кој смело ги беше истражил дворовите на Фелагунд откако Глаурунг ги напушти, кога ја виде ламјата како иде, избега оттаму и се врати во Амон Етир. Сонцето потона и ноќ падна додека се качуваше по ридот и таму не најде никој освен Ниенор, како стои сама под ѕвездите како биста од камен. Ниту зборуваше ниту слушаше, но можеше да оди по него ако ја фатеше за рака. Затоа сиот јадосан ја поведе, иако му се виде залудно, зашто се чинеше дека и двајцата ќе витосаат во мракот сами како утки.

Но ги пронајдоа тројца од дружината на Маблунг и полека пропатуваа кон север и кон исток кон авлијата на земјата Дориат зад Сирион и вардениот мост близу до приливот на Есгалдуин. На Ниенор полека ѝ се поврати силата како што се ближеа до Дориат; но уште не можеше да зборува или да слуша и слепо одеше кај што ќе ја водеа. Но кога се доближија до авлијата најпосле ги затвори зјапнатите очи и заспа; и ја положија наземи и и самите легнаа да се починат, без да водат сметка за друго од толку што беа премалени. Така ги кајдиса една тајфа Орки, од оние кои тогаш често лутаа онолку колку што им даваше срце поблизу до авлијата на Дориат. Но на Ниенор во тој час ѝ се поврати слухот и виделото и разбудена од викотниците на Орките преплашено изрипа и избега пред да можат да стигнат до неа.

Тогаш Орките се вдадоа да ја бркаат, а Вилите по нив; и ги претекоа Орките и ги потепаа пред да можат да ја повредат; но Ниенор им избега. Зашто трчаше како избезумена од страв, побрза од срна и во трчањето си ги искина алиштата и остана гола; и им исчезна од пред очи трчајќи кон север и иако долго време ја бараа, не ѝ најдоа ни трага. Така најпосле Маблунг очаен се врати во Менегрот и им го однесе аберот. Тогаш Тингол и Мелиан се јадосаа, но Маблунг пак замина и долго и залудно бараше абер за Морвен и Ниенор.

Но Ниенор продолжи да трча низ коријата додека не премале, па падна и заспа и се разбуди; и утрото беше сончево и ѝ се израдува на светлината како да е нешто ново и сите нешта кои ги виде ѝ се видоа како нови и чудни, зашто не им ги знаеше имињата. На ништо не можеше да се сети, освен на некој мрак што лежеше зад неа и некоја сенка на страв; затоа одеше претпазливо како гонета ѕверка и така прегладне, зашто немаше храна и не знаеше како да ја најде. Но кога најпосле дојде до Раскрсницата на Теиглин, ја премина, барајќи си засолниште под големите дрвја на Бретил, зашто ѝ беше страв и ѝ се чинеше како пак да ја претекнува мракот од којшто беше избегала.

Но голема бура со грмежи кај се зададе од југ и таа стаписана се фрли врз могилата Хауд-ен-Еллет, затнувајќи си ги ушите од грмежите; но дождот ја сотре и до коски ја накисна, па остана да лежи како дива ѕверка пред умирање. Тогаш ја најде Турамбар, кој доаѓаше до Раскрсницата на Теиглин одошто имаше чуено гласини за Орки кои лутале во близина, па забележувајќи врз блесокот на една молња тело како на отепана мома како лежи врз могилата на Финдуилас, срцето му затрепери. Но горјаните ја подигнаа и Турамбар ја опаша со наметката и ја одведоа до една блиска колиба и ја згреаа и ѝ дадоа да јаде. И штом го погледна Турамбар таа веднаш се стиши, зашто ѝ се виде како најпосле да нашла нешто што беше барала низ мракот; и не сакаше да се одвои од него. Но кога тој ја запраша како се вика и чија е и каква ампа ја снашло, таа се онеспокои како кога дете гледа дека нешто се бара од него, но не може да разбере што; и заплака. Затоа Турамбар рече: „Не се секирај. Сказната може и да почека. Но ќе ти дадам име и ќе те викам Ниниел, Расолзената мома.“ И на тоа таа ја затресе главата и рече: Ниниел. Тоа беше првиот збор што го прозборе откако ја налегна мракот и за навек ѝ остана како име меѓу горјаните.

Наредниот ден ја одведоа кон Ефел Бранир; но кога стигнаа до Димрост, Дождливото Скалило, каде разиграниот поток Келеброс паѓаше кон Тиеглин, силен трепет ја налегна, одошто потоа тоа место го завикаа Нен Гирит, Растреперената Вода. Пред да стигне до домот на горјаните врз Амон Обел ја фати треска; и долго време лежеше болна, негувана од жените од Бретил и ја учеа да зборува небаре е дете годиначе. Но пред да дојде, есента преку вештината на Брандир се излече од болеста и можеше да зборува; но не се сеќаваше на ништо од времето пред да ја најде Турамбар на могилата Хауд-ен-Еллет. И Бранир ја засака; но таа целото свое срце му го подари на Турамбар.

Во тоа време горјаните беа на раат од Орките и Турамбар не одеше во бој и мир имаше во Бретил. Срцето му се сврте кон Нинел и ја побара за жена; но тогаш таа реши да почека, иако го милуваше. Зашто Брандир го мачеше некоја незнајна јанѕа и сакаше да ја спречи, повеќе за нејзин атер одошто од соперништво со Турамбар; и ѝ откри дека Турамбар е Турин, синот на Хурин и иако таа не го позна името, сенка ѝ падна врз паметта.

Но кога изминаа три години од обирот на Нарготронд, Турамбар пак ја побара Ниниел и се завети дека или ќе ја земе за жена тогаш, или ќе се врати да војува во дивината. И Ниниел со радост се согласи и се венчаа на средлето и горјаните на Бретил направија голема гозба. Но пред да измине годината, Глаурунг испрати Орки од неговата царштина против Бретил; и Турамбар седеше дома со скрстени раце, зашто ѝ беше ветил на Ниниел дека ќе замине во бој само ако им ги кајдисаат домовите. Но горјаните беа надмашени и Дорлас го укори дека не сака да им дојде на помош на луѓето кои ги беше зел да ги води. Тогаш Турамбар стана и пак го спреми црниот меч и собра голема чета на Луѓе од Бретил, па ги разгромија Орките до последен. Но Глаурунг чу абер дека Црниот Меч е во Бретил и се задума за тоа што го чу, кроејќи нови лошотии.

Во пролетта на следната година Ниниел зачна и стана линеава и тажна; и истовремено до Ефел Брандир стигнаа и првите гласини дека Глаурунг беше излегол од Нарготронд. Тогаш Турамбар испрати извидници надалеку и нашироко, зашто сега повелаше како што сакаше и малкумина одеа по умот на Брандир. Кога почна да наближува летото, Глауринг дојде до границите на Бретил и се смести близу западните брегови на Теиглин; и голем страв се рашири меѓу горјаните, зашто сега беше јасно дека Големиот Аждер се токми да ги кајдиса и да им ја опустоши земјата, а не само да ги одмине и да се врати во Ангбанд како што се надеваа. Затоа побараа од Турамбар да им даде ум; и тој им рече дека залудно е да застанат против Глаурунг, макар и со сета нивна сила, зашто само со очикленост и со добар к’смет можат да го поразат. Затоа се понуди тој самиот да појде и да ја побара ламјата на границите на земјата и им заповеда на другите да останат во Ефел Брандир, но да се спремат за бегање. Зашто ако Глаурунг излезе победник, прво ќе дојде до домовите на горјаните за да ги уништи и тие ќе не можат никако му се спротивстават; но ако се раштркаат на сите страни, многумина ќе можат да избегаат, зашто Глаурунг сетики нема да си направи жилиште во Бретил и за скоро ќе се врати во Нарготронд.

Тогаш Турамбар побара придружници кои ќе се нафатат да му помогнат низ бељата; и Дорлас стана, но никој друг не се јави. Затоа Дорлас ги укори луѓето и го презре Брандир како некојшто не е кадар да е наследник на лозата на Халет; и Брандир се засрами пред народот и срцето му се огорчи. Но Хунтор, кој му беше роднина на Брандир, побара изим тој да појде место него. Така Турамбар се збогува со Нинел, чие срце тогаш се исполни со страв и јанѕа и жалосно се раделија; но Турамбар тргна со двајцата другари и замина кон Нен Гирит.

Тогаш Ниниел, одошто не можеше да го издржи стравот и не сакаше да чека во Ефел абер за к’сметот на Турамбар, тргна по него и голема тебабија тргна со неа. Од ова Брандир уште повеќе се исполни со фрас и се обиде да ја одврати и неа и оние кои сакаа да одат со неа од ваквата непромисленост, но никој не го есапеше. Затоа се одрече од господството и од сета љубов за народот кој го беше презрел и одошто не му остана ништо друго освен љубовта за Нинел, се опаша со меч и тргна по неа; но одошто беше сакат, остана да оди последен.

Турамбар пак, пристигна до Нен Гирит на зајдисонце и таму дозна дека Глаурунг е на работ на високите брегови на Теиглин и дека сигурно ќе се тргне оттаму кога ќе падне ноќ. Таквиот абер тогаш му се виде како добар, зашто ламјата лежеше кај Кабед-ен-Арас каде што реката течеше низ еден длабок и тесен кланец кој елен во бег можеше да го прескокне, па Турамбар се реши да не оди понатаму, туку да премине преку кланецот. Затоа се реши кога ќе фати самрак да се прикраде надолу и да се спушти во пропаста засолнат од ноќта и да премине преку дивата вода; а потоа да се искачи по спротивниот гребен и така да дојде до ламјата без таа да го сети.

Како што реши така и направи, но срцето на Дорлас потфрли кога стигнаа до брзаците на Теиглин во мракот и не сакаше да мине преку опасниот премин, туку се врати и се пикна во коријата, подвиен од срам. Сепак, Турамбар и Хунтор безбедно преминаа, зашто гласниот татнеж на водата ги удави сите други звуци, а Глаурунг спиеше. Но пред да дојде полноќ ламјата стана и со голема бука и ршум се втури со предниот дел преку провалијата и ја завлече снагата натаму. Турамбар и Хунтор за малку што не липсаа од жештината и смрдеата, како што вјасајќи бараа да најдат пат нагоре за да му се приближат на Глаурунг; и Хунтор загина од еден голем камен кој се открши од високо од минењето на ламјата кој го удри по глава и го струполи во реката. Така битиса еден од големите јунаци од лозата на Халет.

Тогаш Турамбар си ја собра сета волја и храброст и сам се искачи по гребенот и излезе под ламјата. Тогаш го извлече Гуртанг и со сета сила што ја имаше во раката и со сета омраза, го зари до самоти балчак во мекиот мев на Аждерот. И кога Глаурунг го сети смртното жегање вресна и во страшната креч ја издигна снагата и се фрли преку провалијата и легна таму претајќи и клопчејќи се од теглилото. И сѐ околу него испозапали и срони до последен камен, сѐ дури огнот не му замре и остана да лежи на место.

А Гуртанг пак, во кречот на Глаурунг му се лизна од раката на Турамбар и остана закачен во мевот на ламјата. Затоа Турамбар уште еднаш ја премина водата, сакајќи да си го земе мечот и да го погледне душманот; и го најде испружен колку што е долг и завртен на страна и балчакот на Гуртанг му беше во мевот. Тогаш Турамбар го зграпчи балчакот и стапна врз мевот на ламјата и почна гласно да си тера мајтап со зборовите кои таа му ги кажа во Нарготронд: „Здравоживо Аждеру Морготски! Добро те најдов! Умри сега и мрак нека те проголта! Вака се осветува Турин синот на Хурин.“

Тогаш го искорна мечот, но заедно со него бликна и млаз црна крв и му прсна врз раката и отровот му ја изгоре. На тоа Глаурунг ги отвори очите и му се испули на Турамбар со толкав лошотилук што го сотре небаре удар и од тој удар и од отровното теглило Турамбар премре во темна бессознаница и падна како мртовец со мечот под него.

Врисоците на Глаурунг ѕунеа низ коријата и стигнаа до луѓето кои чекаа кај Нен Гирит; и кога оние кои гледаа натаму ги чуја и го видоа оддалеку пустошот и јанганот што го направи ламјата, си помислија дека победила и дека ги уништува оние кои ја кајдисале. И Ниниел седна и затрепери крај водопадот и кога го чу гласот на Глаурунг, мрак повторно ја наваса и веќе не можеше сама да се помрде од местото.

Брандир така и ја најде, зашто најпосле стигна до Нен Гирит, куцајќи изморено; и кога чу дека ламјата ја преминала реката и го срозала душманот срцето му зачемреа од жал за Ниниел. Но и си помисли: „Турамбар е мртов, но Ниниел е уште жива. Сега белки ќе дојде со мене и ќе ја одведам и така заедно ќе избегаме од ламјата.“ Затоа по некое време застана до Ниниел и рече: „Ајде! Време е да одиме. Ако сакаш, јас ќе те водам.“ И ја фати за рака и таа тивко стана и тргна по него; и во темнината никој не ги виде како заминуваат.

Но кога се спуштаа по патеката за кон Раскрсницата, месечината се издигна и фрли сива светлина врз земјата и Ниниел рече: „Наваму ли е патот?“ И Брандир одговори дека не гледа пат, туку само гледа да се спасат ако можат од Глаурунг и да избегаат во дивината. Но Ниниел рече: „Црниот Меч ми беше љубеник и маж. Одам само него да го барам. Ти што помисли?“ И повјаса пред него. Така стигна до Раскрсницата на Теиглин и ја здогледа Хауд-ен-Еллет на белата месечева светлина и голем фрас јас фати. Тогаш извика и се заврте отфрлајќи ја наметката и избега кон југ по реката и белата руба и блескаше врз месечината.

Тогаш Брандир ја виде од ридот и тргна да ѝ го пресече патот и уште беше зад неа кога таа стигна до скршената снага на Глаурунг близу работ на Кабед-ен-Арас. Таму ја виде ламјата како лежи, но не го поесапи, зашто таму лежеше и човек; и потрча до Турамбар и залудно почна да му го вика името. Тогаш гледајќи дека раката му е изгорена, ја изми со солзи и ја врза со едно парче од рубата и го бакна и пак почна да липа врз него за да го разбуди. На тоа Глаурунг за последен пат се помрдна пред да умре и со последниот здив прозборе, велејќи: „Здравоживо Ниенор, ќерко на Хурин. Пак се среќаваме, пред крајот. Аирлија нека ти е што најпосле си го најде брата ти. А сега ќе ти кажам и што човек е: прободувач во ноќта, превртлив кон душманите, неверен кон пријателите и клетва за родата му, Турин, синот на Хурин! Но најлошото од сите негови дела, самата во себе ќе го осетиш!“

Тогаш Глаурунг умре и превезот на неговиот лошотилук ѝ се тргна од пред очи и се сети на сите денови од животта. Гледајќи кон Турин, извика: „Збогум ти, кој на дваш те милував. А Турин Турамбар турун амбартанен: владетел на судбата од судбата надвладеан! Блазе ти што си мртов!“ Тогаш Брандир, кој слушна сѐ стоејќи смраморен на работ на гибелот, поита кон неа; но таа му избега избезумена од ужас и страд и стигајќи до работ на Кабед-ен-Арас се фрли прудолу и исчезна сред дивите води.

Тогаш Брандир дојде и погледна надолу и ужаснато се заврте; и иако не сакаше веќе да живее, не можеше да си ја побара смртта во развревената вода. И оттогаш никој жив не погледна кон Кабед-ен-Арас и ни птици ни ѕверки не одеа таму ниту дрвја раснеа; и го крстија Кабед Неирамарт, Скокот на Страшната Судба.

Но Брандир се врати до Нен Гирит за да им однесе абер на народот; и го сретна Дорлас во коријата и го отепа: првата капка крв која тој ја имаше пролеано, а и последната. И стигна до Нен Гирит и луѓето му свикаа: „Си ја видел ли? Зашто Ниниел ја нема.“

А тој одговори: „Ниниел за навек ја нема. Ламјата е мртва и Турамбар е мртов; и поарен абер од тоа немало.“ Луѓето почнаа да мрморат кога ги чуја овие зборови, велејќи дека е нетокму; но Брандир рече: „Ислушајте ме до крај! Саканата Ниниел е исто така мртва. Се фрли во Теиглин не сакајќи веќе да живее; зашто дозна дека била Ниенор, ќерката на Хурин од Дор-ломин, пред бунило да ја обеземе и дека Турамбар ѝ беше бил брат ѝ Турин, синот на Хурин.“

Но како што докажа и луѓето почнаа да липаат, самиот Турин излезе пред нив. Зашто кога ламјата умре, бессознаницата му помина и потона во длабок сон од премаленост. Но студот на ноќта почна да го мачи и балчакот на Гуртанг почна да го дупи во слабината и се разбуди. Тогаш виде дека некој му ја преврзал раката и се зачуди зошто сепак така го оставиле да лежи врз ладната земја и викна и одошто не слушна одговор тргна да бара помош, зашто беше капнат и болен.

Но кога луѓето го видоа исплашено се повлекоа мислејќи дека тоа е неговиот немирен дух; и тој рече: „Не, нека ви е мило; зашто Ламјата е мртва, а јас жив. Но чуму не ме послушавте кога ви реков да не ми доаѓате на помош? И каде е Ниниел? Зашто неа сакам да ја видам. Сетики не сте ја довеле и неа од дома?“

Тогаш Брандир му кажа дека е така и дека Ниниел е мртва. Но жената на Дорлас извика: „Не господару, овој е нетокму. Зашто кога дојде рече дека и ти си бил мртов и дека поарен абер од тоа немало. Но ти си жив.“

Тогаш Турамбар се разгневи и помисли дека сѐ што Брандир рекол или сторил е од лошотилук кон него и Ниниел завидувајќи им на љубовта; и со злобни зборови го искуди Брандир, нарекувајќи го Крив-куц. Тогаш Брандир раскажа за сѐ што беше чул и рече дека Ниниел е Ниенор ќерката на Хурин и пред Турамбар ги извика последните зборови на Глаурунг, дека бил клетва за својата рода и за сите кои ќе го прибереле.

Тогаш Турамбар се разјари, зашто во тие зборови ги чу стапките на судбата како го довтасуваат; и го обвини Брандир дека ја турнал Ниниел в смрт и дека со сласт ги разгласува лагите на Глаурунг, ако и самиот не ги бил измислил. Тогаш го проколна Брандир и го отепа; и избега од луѓето во коријата. Но по некое време лудоста го напушти и појде до Хауд-ен-Еллет и седна врз неа и почна да мисли на сите негови дела. И на цел глас ја преколна Финдуилас да му даде ум; зашто не знаеше дали ќе е полошо ако сега појде во Дориат да си ги побара роднините, или ако засекогаш ги арниса и да појде да си ја бара смртта на мегдан.

И како што седеше таму, Маблунг со една чета Сиви Вили дојде од преку Раскрсницата на Теиглин и го позна Турин и го поздрави и многу се израдува што го најде уште жив; зашто имаше разбрано за минењето на Глаурунг и дека патот го носел до Бретил, а имаше чуено и вест дека Црниот Меч од Нарготронд сега таму домувал. Затоа доаѓаше да го предупреди Турин и да му пружи помош ако треба; но Турин рече: „Касно доаѓате. Ламјата е мртва.“

Тогаш сите се восхитја и го испофалија; но тој не ги ислуша и рече: „Само ова го барам: дајте ми вести за моите, зашто во Дор-ломин дознав дека пошле во Скриеното Кралство.“

Тогаш Маблунг се увили, но одошто мораше, му кажа на Турин како Морвен се загинала и како Ниенор потонала во маѓепство на немо бунило и како им избегала на границите на Дориат и пребегнала кон север. Тогаш Турин најпосле дозна дека судбата го беше претекла и дека на правдина го отепал Брандир, та самиот ги беше исполнил зборовите на Глаурунг. И се засмеа небаре некој на кој умот му се зел, извикувајќи: „Каква горка шака е ова?!“ И му рече на Маглунг да си оди и да се врати во Дориат, опсипувајќи го со клетви. „Арам нека ви е и задачата!“ извика. „Уште ова беше кусо. А сега еве ја ноќта.“

Тогаш избега од нив како ветер и тие се зачудија, чудејќи се каква лудост го беше обзела; и тргнаа по него. Но Турин ги наттрча и не можеа да го стигнат; и стигна до Кабед-ен-Арас и го чу татнежот на водата и виде дека сите лисја паѓаат спурни од дрвјата како зима да има дојдено. Таму го извлече мечот, кој од сета сермија саде му беше останал рече: „Здравоживо Гуртанг! Ниту стопан ниту верност признаваш, освен кон раката што те повела. Од сечија крв си спремен да пробаш. Ќе го земеш ли сега Турин Турамбар, ќе ме отепаш ли бргу?“

И од сечилото заѕуни ладен глас кој одговори: „Да, со душа ќе ти се напијам од крвта, та и јас да ја заборавам крвта на Белег стопанот ми и крвта на Брандир кој на правдина го отепаа. Бргу ќе те отепам.“

Тогаш Турин го постави балчакот наземи и се фрли врз врвот на Гуртанг и црното сечило му ја зеде душата. Но Маблунг и Вилите дојдоа и ја видоа мршата на Глаурунг и телото на Турин и заплакаа; а кога стигнаа и Луѓето од Бретил и ја научија причината за лудоста и смртта на Турин се вомјазија; и Маблунг горко рече: „Ете и јас се замрежив во судбата на Чедата на Хурин и со аберов што го донесов го отепав оној кој го милував.“

Тогаш го кренаа Турин и видоа дека Гуртанг се искршил на парчиња. Но Вилите и Луѓето таму насобраа едночудо дрва и завалија силен јанган и саде пепел остана од Ламјата. Турин го положија во една висока могила на местото кај што беше погинал и парчињата на Гуртанг ги положија крај него. И кога свршија со сѐ, Вилите запеаа тажачка за Чедата на Хурин и еден голем сив камен беше поставен врз могилата и врз него во руните на Дориат беше изрезбарено:


ТУРИН ТУРАМБАР ДАГНИР ГЛАУРУНГА


и под нив напишаа и:


НИЕНОР НИНИЕЛ


Но таа не беше таму ниту некогаш се дозна каде ладните води на Теиглин ја беа однеле.