XXII <br></br>За запустувањето на Дориат - Полиграматон

XXII

За запустувањето на Дориат


Така сврши сказната за Турин Турамбар; но Моргот ниту застана ниту се почина од правење лошотии и уште немаше завршено со работата која ја беше отпочнал со лозата на Хадор. Кон нив лошотилукот му беше незаситен, иако Хурин го имаше под око, а Морвен талкаше избезумена во дивината.

Несреќно беше речението на Хурин; зашто сѐ што Моргот знаеше за делата на неговиот лошотилук, Хурин исто така знаеше, но во вистината беа измешани и лаги, па така сѐ што беше на арно беше скриено или извртено. Најмногу од сѐ Моргот гледаше како да ги фрли во зла сенка оние работи кои Тингол и Мелиан ги имаа направено, зашто ги мразеше и им се плашеше. Затоа кога одлучи дека дошло време, го ослободи Хурин од робија велејќи му да оди каде што сака; правејќи се демек му се сожалил како на непријател кој е до последно разгромен. Но лажеше, зашто умислата му беше да на Хурин уште повеќе му се продлабочи омразата кон Вилите и Луѓето, пред да умре.

Тогаш, иако непара веруваше во зборовите на Моргот, добро знаејќи го дека е без жал, Хурин ја прифати слободата и си замина јадосан, огорчен од зборовите на Темниот Владар; а во тоа време една година имаше поминато од смртта на син му Турин. Дваесет и осум години беше бил заточен во Ангбанд и ликата му беше станата за стравота. Косата и брадата му беа бели и долги, но чекореше ненаведнат, носејќи голем црн стап; и беше опашан со меч. Така влезе во Хитлум и до главатарите на Источниците стигна абер дека доаѓала некоја голема коњаница војводи и црни војници од Ангбанд преку песоците на Анфауглит и дека со нив одел некој старец, кој како многу да го уважувале. Затоа го оставија Хурин на раат и му дадоа да шета каде сака низ тие земји; што им беше и мудро, зашто остатокот од неговиот народ бегаше од него, одошто доаѓаше од Ангбанд како некој здружен со Моргот и од него сајдисан.

Така слободата само му ја зголеми горчината во срцето на Хурин; и си замина од земјата Хитлум и тргна горе во планините. Оттаму, среде облаците ги соѕре оддалеку врвовите на Криссеигрим и си спомена за Тургон; и пак посака да појде во скриеното царство Гондолин. Затоа се спушти од Еред Ветрин без да знае дека створовите на Моргот му го пазат секој чекор; и минејќи преку Бритиах влезе во Димбар и стигна до темните корени на Ехориатите. Целата земја беше ладна и пуста и се разгледа наоколу обесхрабрен, стоејќи пред големата камена висина на еден стрмен карпест ѕид, без да знае дека тоа е сѐ што беше останало од стариот Пат на Бегство; Сувата Река беше попречена, а сводната порта беше закопана. Тогаш Хурин погледа кон сивото небо мислејќи дека пак ќе може да ги соѕрее орлите како што правеше порано во младоста; но ги виде само сенките кои дуваа од исток и облаците кои вртеа околу непристапните врвови и го чу само ветерот како саска преку камењата.

Но стражата на големите орли сега беше удвоена и добро го забележаа Хурин далеку под нив, залутан во замрената светлина; и уште веднаш самиот Торондор, зашто му се виде како важен абер, му однесе збор на Тургон. Но Тургон рече: „Зар спие ли Моргот? Си се излагал.“

„Не сме се излагале,“ рече Торондор. „Ако орлите на Манве толку лесно грешаваа, тебе уште одамна залудно ќе ти беше криењето.“

„Тогаш лош абер ми носиш,“ рече Тургон; „зашто може да значи само едно. Дури и Хурин Талион се предал на волјата на Моргот. Срцето ми е затворено.“

Но кога Торондор си замина, Тургон долго време се думаше и мисла почна да го мачи, сеќавајќи се на делата на Хурин од Дор-ломин; и си го отвори срцето и им рече на орлите да го побараат Хурин и ако можат да го доведат во Гондолин. Но веќе беше касно и веќе никогаш не го видоа, ни на светлина ни во сенка.

Зашто Хурин застана очаен пред тивките гребени на Ехориатите и сонцето кое пловеше кон запад бодејќи ги облаците му ја вапса белата коса со црвено. Тогаш гласно извика во дивината, не водејќи сметка дали некој ќе го чуе и ја проколна немилосрдната земја; и најпосле исправен врз една висока карпа погледна кон Гондолин и силно извика: „Тургоне, Тургоне, спомни си за Мртвакот Серех! Ах, Тургоне, зар не слушаш во скриените дворови?“ Но немаше никаков звук освен ветерот во сувите треви. „И во Серех вака саскаа на зајдисонце,“ рече; и како што зборуваше, сонцето се спушти зад Планините на Сенка и околу него фати темница и ветерот замре и сета пустелија се затиши.

Сепак се најдоа уши што ги чуја зборовите кои ги кажа Хурин и отчет за сето тоа наскоро стигна до Темниот Престол на север; и Моргот се насмеа, зашто сега јасно дозна во кој предел домува Тургон, затоа што поради орлите никој од неговите ушаци дотогаш не можеше да се приближи до земјата зад Опкружните Планини. Ова беше првото зло што го постигна слободата на Хурин.

Кога фати мрак, Хурин се сопна од карпата и потона во длабок сон полн јадови. Но во сонот го чу гласот на Морвен како жали и често му го извикуваше името; и му се чинеше како гласот да ѝ доаѓа од Бретил. Затоа штом се разбуди кога фати ден, стана и тргна назад кон Бритиах; и минејќи по стреите на Бретил една вечер стигна до Раскрсницата на Теиглин. Ноќните чувари го видоа и се исполнија со фрас, зашто помислија дека гледаат дух од некоја древна воена могила како шета сиот обвиен во темнина; и затоа Хурин помина незапрен и најпосле пристигна до местото каде што беше јанганот на Глаурунг и го виде високиот камен што стоеше на работ на Кабед Неирамарт.

Но Хурин не погледна кон каменот, зашто знаеше што има на него напишано; и зашто со очи виде дека не е сам. Седејќи под сенката на каменот имаше една жена свиена врз колената; и како што Хурин стоеше без да исусти ни збор, таа си ја симна искинатата качулка и го крена лицето. Беше седа и стара, но одненадеж нејзините очи погледнаа во неговите и ја позна; зашто иако беа диви и полни страв во нив сѐ уште сјаеше онаа светлина поради која пред толку време ја викаа Еледвен, најгордата и најубавата од сите смртни жени од дамнина.

„Најпосле стаса,“ рече таа. „Толку време те чекам.“

„Темен беше патот. Дојдов како што можев,“ одговори тој.

„Но касно доаѓаш,“ рече Морвен. „Ги нема веќе.“

„Знам“, рече тој. „Но ти си тука.“

Но Морвен рече: „Едвај. Премалена сум и ќе си заминам со сонцето. Уште малку време остана: ако знаеш, кажи ми! Како се најдоа?“

Но Хурин не одговори и останаа да седат крај каменот и веќе не прозбореа; и кога сонцето се спушти, Морвен воздивна и го стегна за рака и се стиши; и Хурин знаеше дека има умрено. Ја погледна во самракот и му се виде како линиите од јад и сурови страдања да ѝ бледеат од лицето. „Не ја надвија,“ рече тој; и ѝ ги затвори очите и седна небаре смраморен крај неа како што паѓаше ноќта. Водите на Кабед Неирамарт продолжија да татнат, но тој ниту слушаше ниту гледаше ниту чувствуваше, зашто срцето во него му беше како камен. Но дојде студен ветер и со остар дожд го заплиска по лицето; па се освести и лутина се поду во него како чад надвладувајќи над разумот и веќе не сакаше ништо друго освен да се освети за сите гревови сторени нему и на неговата рода, обвинувајќи ги во маката сите оние со кои некогаш си беше имал работа. Потоа стана и направи гроб за Морвен над Кабед Неирамарт на западната страна на каменот; и врз него ги врежа овие зборови: Овде лежи и Морвен Еледвен.

Се кажува дека еден гледач и свирач на харфа од Бретил по име Глирхуин испеал песна во која се вели дека Каменот на Страдалниците Моргот не можел да го испогани, ни некој некогаш да го сруши, дури и ако морето ја удави сета земја, како што потоа навистина и бидна и така Тол Морвен сѐ уште стои сам среде водите преку новите брегови направени во дните на гневот на Валарите. Но Хурин не почива таму, зашто судбата го тераше да продолжи по патот, а Сенката остана да го следи.

Така Хурин премина преку Теиглин и замина кон југ по древниот пат кој водеше до Нарготронд; и оддалеку на исток ги виде осамените висини на Амот Руд и знаеше што се имаше таму случено. Најнакрај стигна до бреговите на Нарог и успеа да ја прегазил дивата река по паднатите камења од мостот, како што Маблунг од Дориат пред него ја беше прегазил; и застана пред разбиените Врати на Фелагунд, потпирајќи се на стапот.

Тука мора да се раскаже за тоа дека по заминувањето на Глаурунг, Мим Ситното Џуџе го беше нашол патот до Нарготронд и се прикраде во испустените дворови и си ги присвои и седна таму да го милува златото и бесценетите камења, пуштајќи ги да му течат низ прстите, зашто немаше кој да дојде да му ги земе, од фрас од духот на Глаурунг и од самиот спомен за него. Но сега некој дојде и застана на прагот; и Мим излезе и му заповеда да каже што сака. Но Хурин рече: „Кој си ти, што ми браниш да влезам во куќата на Финрод Фелагунд?“

Тогаш Џуџето одговори: „Јас сум Мим; и пред гордите да дојдат од преку Морето, Џуџиња ги длабеа дворовите на Нулуккиздин. Јас само се вратив да го земам она што ми припаѓа; зашто од сиот мој народ само јас останав.“

„Тогаш веќе нема да уживаш во дедовината,“ рече Хурин; „зашто јас сум Хурин синот на Галдор и се враќам од Ангбанд и Турин Турамбар, кој ти го немаш заборавено, ми беше син; и тој беше оној кој ја отепа Ламјата Глаурунг која ги испусти дворовиве каде што сега седиш; и добро знам јас од чија уста беше предаден Змејскиот Шлем на Дор-ломин.“

Тогаш Мим сиот преплашен почна да го моли Хурин да земе сѐ што му душа сака, само да му го поштеди животот; но Хурин не му ја услиши молбата и го отепа таму пред вратите на Нарготронд. Тогаш влезе и остана на некое време во тоа страшно место, каде што азната на Валинор беа растурени по подот во мрак и гнилеж; но се вели дека кога Хурин излегол од рушевините на Нарготронд и повторно застанал под небото, од сето тоа азно неброено со него зел само едно нешто.

Хурин потоа пропатува кон исток и стигна до Вировите на Самрак над Водопадите на Сирион; и таму беше заробен од Вилите кои ги вардеа западните марки на Дориат и беше доведен пред крал Тингол во Илјадните Пештери. Тогаш Тингол се вчудовиде и се јадоса кога го погледна и веднаш позна дека тој смуртен и сед човек е Хурин Талион, заточеникот на Моргот; но го поздрави како што беше редот и му направи чест. Хурин не му одговори на Кралот, туку го извлече од под наметката она едно нешто кое го беше зел од Нарготронд; а тоа беше ни помалку ни повеќе туку Наугламир, Ѓерданот на Џуџињата, кој пред долги години беше направен за Финрод Фелагунд од занаетчиите од Ногрод и Белегост и беше нивна најславна творба од Дамните Дни и Финрод додека беше жив го ценеше повеќе од сите други скапоцености во Нарготронд. И Хурин го фрли пред нозете на Тингол со диви и горки зборови.

„Земи си ја отплатата,“ извика, „за толку убаво што ми ги изварди децата и жената! Зашто ова е Наугламир, чие име на многу Вили и Луѓе им е познато; и ти го носам од мракот на Нарготоронд кај што роднината ти Финрод го остави кога замина со Берен синот на Барахир да ја исполни задачата на Тингол од Дориат!“

Тогаш Тингол го погледна големото благо и позна дека вистина е Наугламир и добро му ја знаеше мислата на Хурин; но одошто толку го сожалуваше си го скроти гневот и истрпи додека Хурин го кудеше. А најнакрај прозборе и Мелиан и рече: „Хурин Талион, со црни маѓии Моргот те маѓепсал; зашто на оној кој гледа низ очите на Моргот, сакал или не, сѐ му се гледа накриво. Долго време син ти Турин растеше во дворовите на Менегрот во љубов и чест како кралски син; и не беше ниту по волја на Кралот, а ниту по моја да веќе не се врати во Дориат. А потоа жена ти и ќерка ти со чест и со добредојде ги прибравме тука; и како што знаевме и умеевме гледавме да ја одвратиме Морвен да не оди за Нарготронд. Со гласот на Моргот кај си ги кудиш пријателите.“

И кога ги чу зборовите на Мелиан Хурин застана неподвижен и долго време гледаше во очите на Кралицата; и таму во Менегрот, кој Појасот на Мелиан уште го бранеше од мракот на Непријателот, ја чу вистината за сѐ што се имаше случено и најпосле ја вкуси полната горчина на саклмата која Моргот Бауглир му ја беше наточил. И веќе не прозборе за она што беше поминало, туку се наведна и го крена Наугламир кај што лежеше пред столот на Тингол и му го подаде, велејќи: „Повели господару, земи го Ѓерданот на Џуџињата, како дар од оној кој нема ништо и за спомен од Хурин од Дор-ломин. Зашто сега судбината ми е исполнета и умислата на Моргот остварена; ама јас веќе ргач не сум му.“

Потоа се заврте и излезе од Илјадните пештери и сите што го видоа му се тргнаа од пред лице; и никој не проба да го спречи да си замине ниту некој знаеше накај оди. Но се вели дека на Хурин потоа веќе не му се живеело, одошто бил лишен и од цел и од желба и најпосле се фрлил во западното море; и така битисал најјакиот од сите воини меѓу смртните Луѓе.

Но кога Хурин си замина од Менегрот, Тингол долго време седеше во тишина, пулејќи се во големото благо кое му лежеше врз колена; и му дојде мисла да даде да му го преправат и во него да го постават Силмарилот. Зашто како што врвеа годините, мислата на Тингол непрестајно се вртеше кон џеваирот на Феанор и се врза за него и не сакаше да го остави на раат дури ни зад вратите на најдлабоката ризница; и сега беше со ум секогаш да го носи на себе и на шетање и на спиење.

Во тие денови Џуџињата сѐ уште врвеа низ Белерианд од нивните палати во Еред Линдон и минејќи преку Гелион кај Сарн Атрад, Бродот од Камења, одеа по древниот пат за Дориат; зашто нивната вештина во работа со метал и камен беше многу голема и голема иктиза имаше од нивната мајсторија во дворовите на Менегрот. Но веќе не доаѓаа во мали дружини како дотогаш, туку во големи чети и добро вооружени за да се одбранат од многуте бељи што демнеа во земјите помеѓу Арос и Гелион; и во Мененегрот седеа во одаи и вигни направени само за нив. Баш во тоа време во Дориат неодамна имаа дојдено големи мајстори од Ногрод, па Кралот ги повика и им ја зајави желбата за, ако се кадри, да го преправат Наугламир и да го постават во него Силмарилиот. Тогаш Џуџињата го погледнаа делото на нивните дедовци и вчудовидени зјапнаа во сјајниот џеваир на Феанор; и беа исполнети со голем ламтеж да си ги земат за себе и да ги одведат во далечните домови во планините. Но си го притулија ниетот и ја прифатија задачата.

 Долго време работеа; и Тингол слегуваше сам до нивните длабоки вигни и севезден седеше со нив додека коваа. Со време, желбата му беше исполнета и најголемите творби на Џуџињата и на Вилите беа здружени и споени во едно; и убавината му беше многу голема, зашто сега небројните џеваири на Наугламир ја отсајуваа и во чудесни шари ја раштркуваа светлината на Силмарилот поставен насреде. Тогаш Тингол, како што беше сам меѓу нив, посигна да го земе и да си го закачи околу вратот, но Џуџињата во тој миг не му го дадоа и побараа да им го остави, велејќи: „Какво право има Вилинскиот крал да го поседува Наугламир кој нашите дедовци го направија за Финрод Фелагунд, кој сега е мртов? До него стигнал само преку раката на Хурин, Човекот од Дор-ломин, кој како арамија го зеде од мракот на Нарготронд.“ Но Тингол им ги спозна срцата и добро виде дека, сакајќи го Силмарилот, бараат само изговор за да можат демек на правдина да си ја остварат намерата; и од гнев и гордост заборави на бељата која можеше да го снајде и жолчно им прозборе, велејќи: „Од каде ви волку сила бре копуци едни, та да барате нешто од мене, Елу Тингол, Владарот на Белерианд, чиј живот почна крај водите на Куивиенен, неброени години пред дедовците на грчавиот народ да се разбудат?“ И стоејќи висок и горд меѓу нив, со срамотни зборови им заповеда неотплатени да си одат од Дориат.

Тогаш ламтежот на Џуџињата од зборовите на Кралот се распали во бес; и навалија околу него и го зграпчија и на место го отепаа. Така умре, во длабоките места на Менегрот, Елве Синголло, Кралот на Дориат, кој единствен меѓу сите Чеда на Илуватар беше врзан со една од Аинурите; и така единствениот од Арнисаните Вили кој ја беше видел светлината на Дрвата на Валинор, со последниот поглед го погледна Силмарилот.

Тогаш Џуџињата земајќи го Наугламир излегоа од Менегрот и пребегнаа на исток низ Регион. Но аберот бргу се рашири низ шумата и малкумина од таа чета преминаа преку Арос, зашто крвнички беа гонети како што одеа по источниот пат; и Наугламир повторно беше повратен и во горка жалост одведен до Кралицата Мелиан. Но сепак имаше двајца од крвниците на Тингол што избегаа од потерата по источните марки и најпосле се вратија до нивниот далечен град во Сините Планини; и таму во Ногрод раскажаа онака како што им фати умот за сѐ беше биднало, велејќи дека Џуџињата биле отепани во Дориат по заповед на Вилинскиот крал кој сакал со тоа да ги измами и да не им плати.

Тогаш голем беше гневот и плачот на Џуџињата во Ногрод за смртта на нивните роднини и големите мајстори и фатија да си ги корнат брадите и да лелекаат; и долго време седеа мислејќи се како да се осветат. Се вели дека побарале помош од Белегост, но не добиле и дека Џуџињата од Белегост сакале да ги одвратат од намерата; но советот им бил залуден и така набрзо голема свита излезе од Ногрод и преминувајќи преку Гелион се упати кон запад низ Белерианд.

Грамадни промени имаа фатено во Дориат. Мелиан долго време седеше во тишина крај Крал Тингол и мислите ѝ минеа назад кон ѕвездените години на нивната прва средба меѓу славеите во Нан Елмот во дамнешното минато; и знаеше дека нејзината разделба од Тингол е само предвесник на една поголема разделба и дека ближи судбата на Дориат. Зашто Мелиан беше од божествената раса на Валарите и беше Маиа со голема моќ и мудрост; но од љубов за Елве Синголло го беше зазела обликот на Постарите Чеда на Илуватар и со тоа здружување се врза за синџирот и сертмето на месото на Арда. Во тој облик му ја роди Лутиен Тинувиел; и во тој облик се здоби со моќ над тварта на Арда и Појасот на Мелиан долги години го бранеше Дориат од лошотиите од надвор. Но сега Тингол лежеше мртов и душата му беше замината во дворовите на Мандос; и со неговата смрт и Мелиан се имаше сменето. Така бидна да во тоа време моќта ѝ се повлече од шумите Нелдорет и Регион и маѓепсаната река Есгалдуин прозборе со друг глас и Дориат беше отворен за непријателите.

Мелиан потоа не прозборе со никој освен со Маблунг, заповедувајќи му да го варди Силмарилот и веднаш да прати абер до Берен и Лутен во Оссирианд; и ја снема од Меѓуземјето и замина во земјата на Валарите преку западното море за да си ја негува тагата во градините на Лориен од каде што и беше дошла и за неа во оваа сказна веќе не се зборува.

Така бидна да свитата Нугрими преминувајќи преку Арос непопречено влезе во кориите на Дориат; и никој не можеше да им се спротистави, зашто беа многу и ожесточени и војводите на Сивите Вили беа паднати во очај и сомнеж и бесцелно сноваа наваму-натаму. Но Џуџињата се држеа до патот и преминаа преку големиот мост и влегоа во Менегрот; и таму се случи најјадното од сите жалосни дела во Дамните Дни. Зашто фатија битки во Илјадните Пештери и многу Вили и Џуџиња испозагинаа; и ништо од тоа не е заборавено. Но Џуџињата излегоа победници и дворовите на Тингол беа претурени и опљачкани. Таму погина Маблунг Тешкарака пред вратите на ризницата кај што беше Наугламир; и Силмарилот беше земен.

Во тоа време Берен и Лутиен сѐ уште домуваа во Тол Гален, Зелената Ада, во реката Адурант, најјужниот од потоците кои паѓајќи од Еред Линдон течеа надолу и се слеваа во Гелион; и син им Диор Елухил се ќердоса со Нимлот, роднината на Келеборн, принцот од Дориат, кој беше венчан за Дамата Галадриел. Синови на Диор и Нимлот им беа Елуред и Елурин, а им се роди и ќерка и неа ја крстија Елвинг што значи Ѕвезден плисок, зашто се роди во вечер на ѕвезди чија светлина блескаше врз плисокот на водопадот на Лантир Ламат крај куќата на татко ѝ.

Низ Вилите од Оссирианд пак, бргу се рашири глас дека голема свита Џуџиња во воена спрема се беше спуштила од планините и преминала преку Гелион кај Бродот од Камења.  Овој абер наскоро стигна и до Берен и Лутиен; и во тоа време исто така и гласник им дојде од Дориат кажувајќи им за она што таму се имаше случено. Тогаш Берен стана и замина од Тол Гален и свикувајќи го со него син му Диор заминаа на север до реката Аскар; а со нив заминаа и многу од Зелените Вили од Оссирианд.

Така бида да кога Џуџињата од Ногрод, враќајќи се од Менегрот со намалена свита, повторно стигнаа до Сарн Атрад, беа кајдисани од прикриени непријатели; зашто како што се качуваа по бреговите на Гелион натоварени со пленот од Дориат, наеднаш сета корија се исполни со звуци на вилински рогови и од сите страни им се зададоа стрели. Многу од Џуџињата таму погинаа во првата навала; но некои кои избегаа од заседата останаа заедно и побегнаа на исток кон планините. И како што се качуваа по долгите падини под планината Долмед, пред нив излегоа Овчарите на Дрвата и ги истераа Џуџињата до засенетите кории на Еред Линдон од каде што се вели дека ниту еден од нив не излегол врз високите премини кои воделе до нивните домови.

Во таа битка крај Сарн Атрад Берен се бореше за последен пат и самиот го отепа Владарот на Ногрод и му го истргна Ѓерданот на Џуџињата од раце; и како што испушташе душа, кралот фрли клетва врз целото азно. Тогаш Берен вчудовидено го погледна истиот оној џеваир на Феанор кој го беше исекол од железната круна на Моргот како блеска поставен среде злато и бесценети камења од очиклените раце на Џуџињата; и го изми од крв во водите на реката. И кога сѐ се сврши, азното на Дориат беше потопено во реката Аскар и од тоа време реката беше прекрстена во Ратлориел, Златокорито; но Берен го зеде Наугламир и се врати во Тол Гален. Не ѝ се намали јадот на Лутиен кога дозна дека Владарот на Ногрод загинал заедно со многу Џуџиња; но во приказни и песни се раскажува дека кога Лутиен го носела тој ѓердан и тој бесмртен џеваир била слика на најголемата убавина и величественост која некогаш ја имало надвор од царството Валинор; и на некое време Земјата на Мртвите што Живеат станала како слика на земјата на Валарите и ниедно друго место оттогаш не било толку лично, толку плодно, или толку полно со светлина.

Диор, Тинголовиот наследник пак, се збогува со Берен и Лутиен и заминувајќи од Лантир Ламат со жена си Нимлот стигна до Менегрот и се вдоми таму; а со нив појдоа и нивните млади синови Елуред и Елурин и ќерка им Елвинг. Таму Синдарите радосно ги пречекаа и се воскренаа од мрачниот јад од паднатиот им крал и роднини и од заминувањето на Мелиан; и Диор Елухил се закрена одново да ја воздигне славата на кралството Дориат.

 При една есенска вечер, кога фати касно, дојде еден кој се растропа врз портите на Менегрот барајќи да го примат пред Кралот. Беше бил некој големец од Зелените Вили кој вјасаше од Оссирианд и вратарите го доведоа до местото кај што Диор седеше сам во одајата; и без да изусти ни збор, му даде на Кралот едно ковчеже и си замина. И во тоа ковчеже беше Ѓерданот на Џуџињата врз којшто беше поставен Силмарилот; и Диор гледајќи го позна дека е знак дека Берен Ерхамион и Лутиен Тинувиел најпосле умреле и заминале таму каде што одат оние од човечката раса, до судбина која е надвор од светот.

Долго време гледаше Диор во Силмарилот, кој татко му и мајка му наспорти сета надеж го беа избавиле од ужасите на Моргот; и многу јад го мачеше што смртта толку брзо ги беше навасала. Но стари рекле дека Силмарилот им ја забрзал умирачката; зашто пламенот на убавината на Лутиен додека го носела бил пресветол за смртни земји.

Тогаш Диор стана и околу вратот си го закачи Наугламир и така личеше како да е најличниот од сите чеда на светот од сите три раси заедно: и Едаините и Елдарите и Маиарите од Блаженото Царство.

Но сега гласини почнаа да вртат помеѓу раштрканите Вили од Белерианд дека Диор, Тинголовиот наследник го носи Наугламир; и се велеше: „Силмарил на Феанор повторно гори во кориите на Дориат“ и заклетвата на синовите на Феанор повторно се разбуди од сон. Зашто додека Лутиен го носеше Ѓерданот на Џуџињата немаше Вила што се осмели да ја кајдиса; но сега слушајќи за возобновувањето на Дориат и за гордоста на Диор, седуммината повторно се собраа од кај што беа заталкани и пратија абер да си го бараат своето.

Но Диор не им пушти одговор на синовите на Феанор; и Келегорм ги спотна браќа му да подготват напад врз Дориат. Дојдоа крадешкум на сред зима и водеа бој со Диор во Илјадните Пештери; и така бидна втората крвнина на Вили од вилинска рака. Таму погина Келегорм од раката на Диор и загина и Куруфин и црниот Карантир; но и Диор загина, а и жена му Нимлот и суровите слуги на Келегорм му ги грабнаа малите синови и ги оставија да умрат од глад во шумата. Меидрос потоа се покаја за ова и долго време тргна да ги бара низ кориите на Дориат, но потрагата му беше залудна и за судбината на Елуред и Елурин во ниедна сказна не се раскажува.

Така Дорат беше уништен и никогаш не се возобнови.

Но синовите на Феанор не го добија она што го сакаа; зашто дел од луѓето им побегнаа и меѓу нив беше и Елвинг ќерката на Диор и се спасија и носејќи го со нив Силмарилот, со време стигнаа до устијата на реката Сирион крај морето.