Аредел Ар-Феиниел, Белата Нолдорска Дама, ќерката на Финголфин, домуваше во Невраст со брат ѝ Тургон и замина со него во Скриеното Кралство. Но ѝ стана мака од вардениот град Гондолин, чезнеејќи сѐ повеќе и повеќе повторно да јава низ широките земји и да шета низ шумите како што ѝ беше мерак да прави во Валинор; и кога поминаа двесте години откако Гондолин беше целосно соѕидан појде кај Тургон и побара да си оди. На Тургон не му беше по ќеф да ја пушти и долго време ја одбиваше, но најпосле попушти, велејќи: „Оди тогаш ако си решила, но наспроти мудроста моја заминуваш и слутам дека лошо ќе нѐ снајде и тебе и мене од ова. Но ќе одиш само до кај брата ни Фингон; а тие што ќе ги испратам со тебе ќе се вратат во Гондолин најбрзо што можат.“
Но Аредел рече: „Јас сум ти сестра, а не слугинка и надвор од твоите меѓници ќе одам кај што ми се сака. И ако ми браниш да појдам со придружба, ќе заминам сама.“
Тогаш Тургон одговори: „Ништо што е мое не ти бранам. Но не сакам никој кој го знае патот дотука да живее надвор од моите ѕидини: и иако ти верувам тебе оти си ми сестра, во другите имам помалку верба дека ќе си ги врзат јазикот.“
И Тургон назначи тројца големци од неговиот двор да одјаваат со Аредел и им заповеда да ја одведат до Фингон во Хитлум, ако успеат да ја кандисаат. „И отворете очи,“ им рече, „зашто иако Моргот е опточен на Север, низ Меѓуземјето има многу бељи за кои Дамата ништо не знае.“ Тогаш Аредел си замина од Гондолин и на Тургон срцето му стегна кога ја испрати.
Но кога стигна до Бродот Бритиах на реката Сирион таа им рече на придружбата: „Свртете сега на југ, а не на север, зашто нема да јавам за Хитлум, оти срцево ми сака да ги побарам синовите на Феанор, старите ми пријатели.“ И одошто не можеа да ја одвратат, свртија кон југ како што им заповеда и побараа да ги пуштат во Дориат. Но караколите на марката ги одбија; зашто Тингол не даваше никој од Нолдорите да го помине Појасот, освен неговите роднини од лозата на Финарфин, а најмалку пак, пријателите на синовите на Феанор. Затоа караколите на марката ѝ рекоа на Аредел: „До земјата на Келегорм кај што си тргнала Дамо, нема да можеш да стигнеш низ кралството на Крал Тингол; мораш да јаваш околу Појасот на Мелиан, на југ или на север. Најбрзиот пат е по патиштата кои водат источно од Бритиах, низ Димбар и долж северната марка на кралствово додека не стигнеш до Мостот на Есгалдуин и Бродовите на Арос и не дојдеш до земјата која лежи зад Ридот Химринг. Таму домуваат, како што сме чуле, Келегорм и Куруфин и можеби и ќе ги најдеш; но по патот има полно бељи.“
Тогаш Аредел се врати и појде по опасниот пат помеѓу опседнатите долини на Еред Горгорот и северната авлија на Дориат; и кога се приближија до злобниот предел Нан Дунгортеб јавачите се замрежија во сенки и Аредел се оддели од придружбата и се изгуби. Долго време залудно ја бараа плашејќи се да не е заптисана или да не се напила од затруените потоци на таа земја, но свирепите створови на Унголиант кои чмаеја во пропастите се разбудија и се зададоа да ги гонат, та едвај живи се извлекоа. Кога најпосле се вратија и раскажаа за она што ги беше спопаднало, голема жалост фати низ Гондолин; и Тургон долго време седеше сам, молчешкум страдајќи од јад и од лутина.
Но Аредел, залудно барајќи си ја придружбата, продолжи да јава, зашто беше бестрашна и со бодро срце како и сите чеда на Финве; и истраја по патот и преминувајќи ги Есгалдуин и Арос стигна до земјата Химлад помеѓу Арос и Келон каде Келегорм и Куруфин домуваа во тие денови пред да се разбие Опсадата на Ангбанд. Во тоа време тие не беа дома, зашто имаа одјавано со Карантир на исток во Таргелион; но народот на Келегорм убаво ја пречекаа и ја замолија да им направи чест и да поседи кај нив додека не им се вратат владарите. Таму и остана на некое време и беше задоволна, со голема радост талкајќи слободна низ горите; но како што врвеше годината и Келегорм никаде го немаше, таа пак се обеспокои и почна сѐ подалеку и подалеку да јава, барајќи нови патеки и неизгазени ледини. И така се погоди да со истекот на годината Аредел стигне до јужниот крај на Химлад, каде премина преку Келон и пред да се свести се најде замрежена во Нан Елмот.
Во таа корија пред долги години се шеташе Мелиан, во самракот на Меѓуземјето кога дрвјата беа млади и кога сѐ уште маѓепство имаше врз нив. Но сега дрвјата на Нан Елмот беа највисоки и најтемни во сиот Белерианд и таму сонцето никогаш не допираше; и таму домуваше Еол кој го викаа Темната Вила. Во дамнина беше бил од родот на Тингол, но беше беспокоен и незадоволен во Дориат, па кога Појасот на Мелиан беше поставен околу Шумите на Регион каде што тој домуваше, пребегна оттаму во Нан Елмот. Таму живееше во длабока сенка, сакајќи ја ноќта и самракот под ѕвездите. Бегаше од Нолдорите зашто сметаше дека тие се криви за тоа што Моргот се беше вратил да го руши мирот во Белерианд; но кон Џуџињата беше понаклонет од сите други Вили во дамнина. Од него Џуџињата научија многу за она што се случуваше во земјата на Елдарите.
Џуџињата од Сините Планини пак, врвеа по два патишта низ Источен Белерианд и северниот пат кој одеше кон Бродовите на Арос минеше близу до Нан Елмот; и таму Еол се среќаваше со Наугримите и чинеше муабет со нив. И како што им растеше пријателството, напати ќе им појдеше на гости да поседи во длабоките палати во Ногрод или Белегост. Таму научи многу ковачки тајни и стана многу вешт во тие работи; и скрои метал тврд како челикот на Џуџињата, но толку свитлив што можеше да го направи тенок и ровок, а сепак да остане отпорен на секакви мечеви и стрели. Го крсти галворн зашто беше црн и сјаен како црн килибар и беше обрубен во него секогаш кога ќе се шеташе. Но Еол, иако подгрбавен од ковачкиот занает, не беше Џуџе, туку висока Вила од великата рода на Телерите, со благородна, макар смуртена лика; и очите му гледаа длабоко во сенките и мрачните места. И бидна да ја здогледа Аредел Ар-Феиниел додека таа луташе низ високите дрвја близу границите на Нан Елмот; како бел сјај сред притулената земја. Многу лична му се виде и ја посака; и ѝ фрли маѓепство за да не може да си го најде патот, туку да доаѓа сѐ поблиску до неговото жилиште во длабините на коријата. Таму му беа вигната и притулените дворови и слугите, онолку колку што ги имаше, кои беа тивки и таинствени како и господарот им. И кога Аредел, капната од талкање, најпосле стигна до неговите порти, тој ѝ се покажа и убаво ја пречека и ја поведе кај него в куќи. И таму и остана; зашто Еол ја зеде за жена и долго време мина пред некој од нејзината рода да слушне нешто за неа.
Не се раскажува дека на Аредел не ѝ се сакало ниту дека животот во Нан Елмот ѝ бил омразен сите тие години. Зашто иако по заповед на Еол морала да го одбегнува сонцето, двајцата заедно талкале далеку под ѕвездите или под светлината на српестата месечина; а и сама можела да се шета кога ќе посака, иако Еол ѝ забранил да ги бара синовите на Феанор или другите Нолдори. И Аредел на Еол му роди син во сенките на Нан Елмот и во срцето му даде име на забранетиот јазик на Нолдорите, Ломион, што означува Чедо на Самракот; но татко му не му даде име дури не наполни дванаесет години. Тогаш го нарече Меиглин што значи Остар Поглед, зашто осозна дека очите на сина му се попродорни дури и од неговите и дека со мислите може да ги чита тајните на срцата продирајќи низ маглиштата на зборовите.
Кога Меиглин порасна и стана маж, по лице и става беше повеќе како неговите нолдорски роднини, но по табиет и по ум беше ист како татко му. Ретко зборуваше, освен за работи кои му беа драги и тогаш гласот му имаше моќ да допре до оние кои го слушаа и да ги собори оние кои му пркосеа. Беше висок и црнокос; очите му беа темни, но сјајни и бистри како очите на Нолдорите, а кожата му беше бела. Често одеше со Еол до градовите на Џуџињата во источниот крај на Еред Линдон и таму желно го учеше сето она што беа спремни да му го кажат, а пред сѐ, занетот за пронаоѓање метални руди во планините.
Но сепак се вели дека Меиглин повеќе си ја сакал мајка си и кога Еол ќе излезел долго време седел крај неа и слушал сѐ што му кажувала за нејзините роднини и нивните дела во Елдамар и за силата и јунаштвата на принцевите од лозата на Финголфин. Сите овие работи тој си ги врза во крпче, но најмногу од сѐ тоа што го чу за Тургон, дека нема наследник; зашто жена му Еленве витосала во преминувањето на Хелкараксе, а ќерка му Идрил Келебриндал била единица.
Додека ги раскажуваше овие сказни во Аредел се пробуди желба пак да си ја види родата и се зачуди како можело да ѝ стане мака од светлината на Гондолин и од шадрваните под сонцето и од зелената ливада Тумладен под ветровитото пролетно небо; а освен тоа и често кај седеше сама во сенките кога и син ѝ и мажот ѝ беа излезени. Од овие сказни се родија и првите кавги помеѓу Меиглин и Еол. Зашто мајка му на Меиглин за ништо не сакаше да му открие каде живее Тургон ниту по кој пат може да се втаса кај него, па тој реше да се стрпи и да проба некако да ѝ ја издудне тајната од уста, или да ѝ го прочита умот кога ќе ја фати неспремна, но пред да го стори тоа сакаше да ги види Нолдорите и да зборува со синовите на Феанор, роднините му, кои живееја недалеку. Но кога му кажа на Еол што има наумено, татко му се разгневи. „Ти си од лозата на Еол, Меиглине синко,“ му рече, „а не од Голодримите. Сета оваа земја е земја на Телерите и ниту јас ќе си имам работа ниту ќе дадам син ми да си има работа со крвниците на роднините ни, упаѓачите и приграбувачите на нашите домови. За оваа работа ќе ме послушаш, или ќе те ставам во пранги.“ А Меиглин не одговори, туку остана ладен и нем и престана да се шета со Еол и Еол изгуби верба во него.
Бидна да на средлето Џуџињата, како што им беше адет, го повикаат Еол на гозба во Ногрод; и тој одјава. И така, Меиглин и мајка му за тоа време беа слободни да одат каде што сакаа и често јаваа до стреите на коријата барајќи ја сончевата светлина; и во срцето на Меиглин се усвити желба засекогаш да замине од Нан Елмот. Затоа ѝ рече на Аредел: „Дамо, да си заминеме дури е време. Каква надеж има во оваа корија за тебе и за мене? Овде сме како под робија и никаков аир немам што седам тука, зашто научив сѐ што татко ми може да ме научи и што Наугримите се кандисаа да ми го откријат. Зошто да не фатиме за Гондолин? Ти ќе ме водиш, а јас ќе те вардам!“
Тогаш на Аредел ѝ падна мило и гордо го погледна сина си; и кажувајќи им на слугите на Еол дека одат да ги најдат синовите на Феанор, заминаа и одјаваа кон северните стреи на Нан Елмот. Таму го прегазија тенкиот поток Келон во земјата Химлад и одјаваа кон Бродовите на Арос и кон запад долж авлијата на Дориат.
Еол пак, се врати од исток поскоро одошто Меиглин си мислеше и дозна дека жена му и синот веќе два дека се на пат; и толку се разлути што излезе и тргна да ги гони иако сѐ уште беше ден. Кога влезе во Химлад си го заузда гневот и чекореше попретпазливо, присеќавајќи се во каква опасност е, зашто Келегорм и Куруфин беа моќни владари кои воопшто не го сакаа Еол, а Куруфин беше со лош табиет; но извидниците од Аглон го имаа забележано минувањето на Меиглин и Аредел кај Бродовите на Арос и на Куруфин му се виде како чудни нешта да се збиднуваат, па појде на југ од Преминот и крена бивак близу Бродовите. И уште пред Еол да одјава надалеку низ Химлад, јавачите на Куруфин го зачекаа и го однесоа кај нивниот владар.
Тогаш Куруфин му рече на Еол: „По каква работа си тргнал во мојава земја, Темна Вило? Некоја итна работа ќе да е, штом некој толку сонцебојазлив се закренал да шета денски.“
И Еол, одошто му текна во каква беља може да се најде, си го поткаса јазикот од горките зборови кои му дојдоа на ум. „Ми кажаа господару Куруфин,“ рече, „дека син ми и жена ми, Белата Дама на Гондолин, беа дошле да те посетат додека јас бев излезен од дома; и ми се виде арно и јас да им се придружам во ниетот.“
Тогаш Куруфин му се засмеа на Еол и рече: „Непара ќе беа толку убаво пречекани ако и ти дојдеше со нив; но тоа сега и не е толку важно, зашто не беа за тоа дојдени. Нема два дена откако го прегазија Ароссиах и оттаму поитаа кон запад. Како да сакаш да ме измамиш, или можеби тебе те измамиле?“
И Еол одговори: „Тогаш господару, белки ќе ми дадеш да си одам и да ја дознаам вистината за оваа работа.“
„Ќе ти дадам да си одиш, но ортаклак од мене не барај,“ рече Куруфин. „Колку побрзо ќе си заминеш од мојава земја, толку поголем ќеф ќе ми сториш.“
Тогаш Еол го јавна коњот велејќи: „Сум имал к’смет господару Куруфин, што во нужда сум нашол волку милостив роднина. Ќе ти ја запамтам добринава кога ќе се вратам.“ Тогаш Куруфин намуртено му се испули на Еол. „Не се сили со титулата на жена ти пред мене,“ рече. „Зашто оние кои ги грабаат ќерките на Нолдорите и ги венчаваат без чеиз и без изим не го добиваат роднинството на нивните роднини. Ти дадов изим да си одиш. Прифати го и оди си. По законот на Елдарите не смеам да те отепам овој пат. И уште ова ќе ти го кажам: врати си се сега в куќи во темнината на Нан Елмот, зашто срцето ми вели дека ако продолжиш да ги гониш оние кои веќе не те милуваат, никогаш таму не ќе се вратиш.“
Тогаш Еол одјава вјасајќи и исполнет со омраза кон сите Нолдори; зашто осозна дека Меиглин и Аредел пребегнале кон Гондолин. И теран од лутина и од срам од понижувањето, ги премина Бродовите на Арос и силно зајава по патот по кој тие претходно имаа минато; но иако тие не знаеја дека ги следи и иако неговиот ат беше побрз, не ги здогледа додека не стигнаа дури до Бритиах и ги оставија коњите. Тогаш, како за беља, се открија, зашто коњите гласно им заѕвискаа и атот на Еол ги чу и се вдаде накај нив; и Еол од далеку ја здогледа белата руба на Аредел и запамети по кај пат оди, следејќи ја тајната патека меѓу планините.
Така Аредел и Меиглин стигнаа до Надворешната Порта на Гондолин кај Темната Стража под планините, каде што таа со радост беше пречекана и минејќи низ Седумте Порти стигна со Меиглин до Тургон врз Амон Гварет. Тогаш Кралот зачудено ислуша сѐ што Аредел му раскажа и многу го бендиса Меиглин сестричникот му, гледајќи во него маж достоен да се вброи меѓу нолдорските принцеви.
„Многу ми се направи ќеф што Ар-Феиниел се врати во Гондолин,“ рече, „та градот сега да ми е уште поличен одошто во деновите кога чинев дека сум ја изгубил. А Меиглин ќе ја добие највисоката чест во моето царство.“
Тогаш Меиглин длабоко се поклони и го прифати Тургон за крал и господар, да прави како што ќе му повела; но потоа застана и тивко се загледа, зашто блаженството и раскошот на Гондолин го надминуваше сето она што тој си го имаше замислено од сказните на мајка си, па стоеше вчудовиден од цврстината на градот и свитите на неговиот народ и многуте чудни и убави работи кои ги гледаше. Но очите кон ништо не му беа толку често привлечени колку кон Идрил, кралската ќерка, која седеше до него; зашто беше златна како Ванјарите, родата на мајка ѝ и му се гледаше како да е сонцето од кое цел Кралски двор црпи светлина.
Но Еол, следејќи ја Аредел, ја најде Сувата Река и тајната патека и така крадешкум стигна до Стражата, каде беше фатен и распрашан. И кога од Стражата слушнаа оти вели дека Аредел му е жена, се вчудовидеа и испратија брз гласник до градот кој пристигна до кралскиот двор.
„Господару,“ извика, „Стражата зароби еден кој крадешкум стигнал до Темната Порта. Еол рече дека се вика и е висока Вила, темен и смуртен, од родата на Синдарите; но вели дека Дамата Аредел му била жена и бара да го доведеме пред тебе. Гневот му е голем и тешко ни е да го задржиме, но не го отепавме како што повелаш со законот.“
Тогаш Аредел рече: „Ах беља работа! Еол нѐ следел, како што се плашев. Нo многу вешто ни се има прикрадено, зашто ниту видовме ниту чувме потера кога тргнавме по Скриениот Пат.“ Потоа му рече на гласникот: „Вистина зборува. Се вика Еол, а јас сум му жена и тој е татко на мојот син. Не го тепајте, туку донесете го тука за Кралот да му пресуди, ако Кралот така повела.“
Така и сторија; и Еол беше доведен во дворот на Тургон и застана пред неговиот престол, горд и смрштен. И иако и тој, како и син му, беше вчудевиден од сето она што го гледаше, срцето уште повеќе му се исполни со лутина и омраза кон Нолдорите. Но Тургон му направи чест и стана и му подаде рака и рече: „Добро ми дојде роднино, зашто вистина за рода те сметам. Тука ќе живееш кај што ќе милуваш, но ќе мораш да останеш и да не си одиш од моето кралство, зашто имам поставено закон за никој кој ќе го најде патот дотука да не си замине.“
Но Еол си ја прибра раката. „Не ти го признавам законот,“ рече. „Немате ни ти ни твојата рода право тука да грабате земји и да кревате меѓници ниту овде ниту никаде. Ова е земја на Телерите до која вие донесовте војна и секакви немири, држејќи се секогаш гордо и неправедно. Не ми е гајле за твоите тајни и не сум дојден како ушак, туку за да си го повратам своето: жена ми и син ми. Ете, ако Аредел имаш право да ја задржиш, одошто ти е сестра, нека остане кај тебе; нека си се врати пилето во кафезот каде што пак ќе ѝ збурбати, како што ѝ збурбати и пред тоа. Но не и Меиглин. Син ми нема да ми го земеш. Ајде дојди Меиглине, сину на Еол! Татко ти ти повела. Напушти ја куќата на неговите непријатели и на крвниците на неговата рода, или остани проклет!“ Но Меиглин ништо не одговори.
Тогаш Тургон седна на високиот престол држејќи го судниот жезол и со строг глас прозборе: “Нема да се натегам со тебе Темна Вило. Саде нолдорските мечеви кај ти ја бранат темничавата корија. Од моите роднини ти е слободата да талкаш низ неа и да не беа тие, уште одамна ќе аргатуваше под јаремот во јамите на Ангбанд. И тука јас царувам, па сакал ти или не, мојот иљам е закон. Вака ти се пишува: или ќе се вдомиш тука, или ќе умреш тука; а и за син ти важи истото.“
Тогаш Еол погледна во очите на Крал Тингол и не се уплаши, но долго време стоеше без збор да рече или да се помрдне и мирна тишина се рашири низ дворот; и Аредел се исплаши, знаејќи го дека е опасен. Наеднаш, брзо како змија Еол го зграби џилитот кој го чуваше под наметката и го фрли кон Меиглин извикувајќи:
„Второто го избирам и за мене и за син ми! Нема да ми го скусиш она што е мое!“
Но Аредел скокна пред копјето и ја удри в рамо; и Еол многумина го налегнаа и го ставија во пранги и го одведоа, додека другите ја негуваа Аредел. Но Меиглин гледајќи кон татко си ништо не рече.
Беше одлучено да Еол биде доведен наредниот ден пред Кралот за да му се пресуди; и Аредел и Идрил го измолија Тургон да го помилува. Но вечерта на Аредел ѝ се слоши, иако раната изгледаше мала и потона во мрак и умре во ноќта; зашто врвот на џилитот беше отруен, иако никој не знаеше сѐ додека не стана касно.
Затоа кога го доведоа Еол пред Тургон тој не доби милост; и го одведоа до Карагдур, врлината од црни карпи врз северната страна на ридот на Гондолин за да го фрлат од стрмните ѕидини на градот. И Меиглин стоеше настрана и ништо не рече; и Еол најпосле извика: „Значи го арнисуваш татко ти и неговата рода, ти дете-недете! Сета надеж што ја имаш овде ќе ти пајдоса и да даде и тебе овде да те снајде иста смрт како и мене.“
Тогаш го фрлија Еол преку Карагдур и така битиса и на сите во Гондолин му се виде како да е на правдина; но Идрил се насекира и од тој ден изгуби верба во роднините. Но Меиглин цветаше и се воздигна меѓу Гондолиндримите и сите го уважуваа и ја уживаше благонаклонетоста на Тургон; зашто како што учеше желно и брзо сѐ што му се кажуваше, така имаше и што другите да ги научи. И ги собра околу себе сите оние кои најмногу беа по ковањето и копањето руда; и ги истража Ехоријатите (а тоа се Опкружните Планини) и најде богати мадеми руда од најразлични метали. Најмногу го ценеше тврдото железо од рудникот Ангабар во северниот дел на Ехориатите и оттаму донесе богатство од калемен метал и челик, па силавот на Гондолиндримите стана уште посилен и поостар, што многу им се најде во деновите што следеа. Мудар беше Меиглин и претпазлив, а сепак бодар јунак кога ќе требаше. А тоа се виде во подоцнежните денови: зашто кога во страшната година на Нирнеит Арноидиадот Тургон го отвори таборот и одјава да му помогне на Фингон на север, Меиглин не сакаше да остане во Гондолин како намесник на Кралот, туку тргна во бој и се бореше крај Тургон и се покажа жесток и бестрашен во битка.
И така сѐ се чинеше на арно со к’сметот на Меиглин, кој се воскрена меѓу најмоќните нолдорски принцеви и само еден беше поголем од него меѓу најпрославените во тие царства. Но не го откриваше она што му лежеше на срце: и иако не сѐ одеше по негово, тој молчеше и траеше, криејќи си ги мислите кои ретко кој можеше да му ги прочита, освен Идрил Келебриндал. Зашто од првите дни во Гондолин Меиглин носеше јад, сѐ подлабок, кој му скусуваше од секоја радост: ја сакаше убавината на Идрил и неизлечливо ја посакуваше. Елдарите не се венчаваа со толку блиски роднини, а ниту дотогаш некои имаа посакано тоа да го сторат. А и покрај тоа, Идрил воопшто не го сакаше Меиглин; и одошто му ги знаеше мислите за неа, уште помалку го сакаше. Зашто тоа ѝ се гледаше како некоја чудна маана во него, како што и Елдарите потоа чинеа; некој злобен плод од Родоморството низ којшто сенката на клетвата на Мандос паѓаше врз последната надеж на Нолдорите. Но како што врвеа годините Меиглин продолжи да ја загледува Идрил и да чека и љубовта му се претвори во мрак во срцето. И затоа уште повеќе настојуваше да биде по негово во други работи, не бегајќи ниту од рмбање ниту од бремиња, сѐ само да се здобие со моќ.
И така беше во Гондолин; и сред сето блаженство на тоа кралство, додека му траеше славата, посеано беше темно семе на злоба.