XVII<br></br>За доаѓањето на луѓето во Западот - Полиграматон

XVII

За доаѓањето на луѓето во Западот


Откако изминаа триста години, па и повеќе откако Нолдорите дојдоа во Белерианд, во деновите на Долгиот Мир Финрод Фелагунд, владарот на Нарготронд, пропатува источно од Сирион и замина на лов со Маглор и Меидрос, синовите на Феанор. Но се измори од потерата, па се упати сам кон планините Еред Линдон чии ги виде како се отсјајуваат оддалеку; и одејќи по Џуџевиот друм ја премина Гелион кај бродот Сарн Атрад и скршнувајќи на југ преку горното течение на Аскар стигна до северниот дел на Оссирианд.

Во долината сред подножјето на планините под кладенците на Талос, здогледа светла во квечерината и оддалеку чу звук на песна. Ова многу го зачуди, зашто Зелените Вили од таа земја не палеа огнови и не пееја навечер. Прво се исплаши да не некој Оркски табур го поминал таборот на Север, но кога се приближи осозна дека не е така; зашто песнопојците пееја на јазик кој дотогаш го немаше чуено; не беше ни оној на Џуџињата ни оној на Орките. Тогаш Фелагунд, тивко стоејќи во вечерните сенки на дрвјата погледна надолу кон логорот и таму здогледа чуден народ.

Тој народ пак, беше родата и следбениците на Беор Стариот, како што потоа го викаа, еден од главатарите на Луѓето. По многу животи талкање од Исток најпосле ги беше довел преку Сините Планини и беа први од човечката раса кои влегле во Белерианд; и пееја одошто им беше мило и зашто мислеа дека избегале од сите бељи и најпосле стигнале до земја каде што нема страв.

Долго време Фелагунд ги гледаше и во срцето му се роди љубов за нив; но остана сокриен во дрвјата сѐ додека сите не заспаа. Тогаш појде меѓу заспаниот народ и им седна крај догорениот оган кај што никој не чуваше стража; и зеде една самоделска харфа што Беор ја имаше потпрено настрана и засвири на неа музика каква што ушите на Луѓето дотогаш не беа чуле; зашто сѐ уште немаа кој да ги научи на таа мајсторија, освен Темните Вили во дивите земји.

Луѓето тогаш се пробудија и го заслушаа Фелагунд додека тој свиреше на харфата и пееше и секој еден од нив си помисли дека е во некој убав сон, додека не виде дека цела дружина му се беше разбудила крај него; но ниту прозбореа ниту се помрднаа додека Фелагунд свиреше, одошто им беше убава музиката и чудесна песната. Мудрост имаше во зборовите на вилинскиот Крал и им се вдахна во срцата на оние кои го слушаа; зашто работите за коишто пееше, за обликувањето на Арда и за блаженството на Аман преку сенките на Морето, како јасни слики им дојдоа пред очи и вилинскиот говор секој си го протолкува сам во себе, онолку колку што му фаќаше умот.

И така бидна да Луѓето го завикаат Крал Фелагунд, кој го сретнаа прв од сите Елдари, Ном, што значи Мудрост на јазикот на нивниот народ и по него неговиот народ ги крстија Номини, Мудрите. Отпрво дури си мислеа дека Фелагунд е еден од Валарите, за коишто имаа слушано гласини дека живеат далеку на Запад; поради коишто и (како  што некои велат) беа тргнале на пат. Но Фелагунд поживеа меѓу нив и им даде вистинско знаење и го засакаа и го зедоа да им биде владар и оттогаш за навек ѝ останаа верни на лозата на Финарфин.

Елдарите пак, меѓу сите народи највешто баратаа со јазици; и Фелагунд откри дека може и да им ги чита оние мисли на Луѓето кои тие беа спремни низ говор да му ги откријат, па лесно му беше да им ги протолкува зборовите. Се вели и дека тие Луѓе долги години си имале работа со Темните Вили источно од планините, па им го поднаучиле говорот; и зашто сите јазици на Квендите беа од едно потекло, јазикот на Беор и неговиот народ во кројот и во многу зборови наликувал на вилинскиот јазик. Затоа не помина многу време пред Фелагунд да може да си чини муабет со Беор; и додека домуваше кај него многу често зборуваа. Но кога го запраша за постанокот на Луѓето и за нивните патувања, Беор му кажа само малку, оти толку и знаеше, зашто старите од неговиот народ имаа малку приказни за нивното минато и молк им се имаше надвиснато над спомените. „Мрак лежи зад нас,“ рече Беор; „и му го свртевме грбот и не сакаме таму макар и со мислите да се вратиме. Кон запад ни се свртени сега срцата и ни се чини дека таму ќе ја најдеме Светлината.“

Но потоа меѓу Елдарите се велеше дека кога Луѓето се разбудиле во Хилдориен со изгревот на Сонцето, ушаците на Моргот ги сетиле и бргу му однеле абер за нив; и него тоа му се видело како толку важна работа што потајно и под сенки самиот тој излегол од Ангбанд и влегол во Меѓуземјето, оставајќи го Саурон на чело на Војната. Какви работи имал со луѓето, Елдарите во тоа време не знаеја, а и потоа многу малку дознаа; но дека мрак лежи над човечките срца (како што сенката на Родоморството и Судот на Мандос лежи врз Нолдорите) можеа јасно да осознаат дури и во Вило-побратимскиот народ за кој најпрво дознаа. Да ги расипе или уништи сите и лични нешта што ќе се подадат отсекогаш му беше била прва желба на Моргот; и несомнено тоа го имал наумено и кога тргнал меѓу нив: низ страв и низ лаги да ги направи Луѓето душмани со Елдарите и да ги доведе од исток против Белерианд. Но ваквата умисла му созреваше споро и никогаш целосно не се исполни; зашто Луѓето (се вели) прво биле малку на број, а Моргот се исплашил од порастот на моќта и единството меѓу Елдарите, па се вратил во Ангбанд оставајќи зад себе малку слуги, кои не биле ни многу силни ни очиклени.

Фелагунд пак, од Беор разбра дека има многу други Луѓе со ист ниет како него кои исто така патуваат кон запад. „И другите мои роднини ги преминаа Планините,“ рече тој, „и талкаат недалеку оттука; и Халадините, народот од кој сме отцепени по говор, сѐ уште се во долините на источните падини и чекаат абер пред да тргнат навака. А и други Луѓе има, чиј јазик е посличен со нашиот и со кои напати сме имале работа. Пред нас имаа тргнато на поход кон запад, но ги превтасавме; зашто голем народ се и се држат заедно и се движат споро, зашто со сите нив владее само еден главатар кој го викаат Марах.“

Тогаш Зелените Вили од Оссирианд се насекираа од доаѓањето на Луѓето и кога слушнаа дека елдарски владар од преку морето живее меѓу нив, испратија гласници до Фелагунд. „Господару,“ рекоа, „ако можеш да ги повелаш новодојденциве, повелај им да се вратат онаму од каде што се дојдени или да си продолжат по патот. Зашто не сакаме јабанџии во земјава да ни го кршат мирот во кој живееме. А овој народ се сечачи на дрва и ловци на ѕверки; и затоа сме им непобратими и ако не си заминат има да ги сакалдисаме та глава да не можат да кренат.“

Тогаш по совет на Фелагунд, Беор ги собра сите заталкани семејства и роднини од својот народ и си отидоа преку Гелион и се вдомија во земјата на Амрод и Амрас крај источните брегови на Келон, јужно од Нан Елмот, близу границите на Дориат; и оттогаш таа земја се викаше Естолад, Бивакот. Но откако измина година и Фелагунд посака да се врати во неговата земја, Беор го измоли да му даде и тој да дојде со него; и така остана во служба на Кралот на Нарготронд сѐ додека беше жив. Вака го доби и името, Беор, зашто пред тоа името му беше било Балан; зашто Беор гласи „Вазал“ на јазикот на неговиот народ. Власта над неговите му ја остави на Баран, најстариот му син; и веќе никогаш не се врати во Естолад.

Наскоро по заминувањето на Фелагунд и другите Луѓе кои Беор ги беше споменал пристигнаа во Белерианд. Прво дојдоа Халадините; но одошто беа пречекани од непобратимството на Зелените Вили, скршнаа кон север и се вдомија во Таргелион, во земјата на Карантир, синот на Феанор и таму некое време беа на раат, зашто народот на Карантир не ги есапеа многу. Наредната година Марах ги поведе преку планините; беа висок и ратоборен народ и маршираа во подредени чети и Вилите од Оссирианд се скрија и не ги зачекаа. Но Марах, дознавајќи дека народот на Беор домува во зелена и плодна земја, се спушти по Џуџевиот друм и се насели во земјата на југ; источно од жилиштето на Баран, синот на Беор; и големо пријателство се роди помеѓу тие народи.

Фелагунд често се враќаше да ги посети Луѓето, а и многу други Вили од западните земји и Нолдори и Синдари патуваа до Естолад, одошто беа желни да ги видат Едаините чиешто доаѓање долго време се беше претскажувало. Атани, Вториот Народ, е името кое им беше дадено на Луѓето во преданијата од Валинор кои зборуваа за нивното доаѓање; но на говорот на Белерианд тоа име стана Едаини и таму беше користено само за трите роди на Вило-побратимите.

Финголфин, како Крал на сите Нолдори, испрати гласници да им однесат здравоживо; и тогаш многу млади и желни луѓе од Едаините заминаа и влегоа во служба кај кралевите и големците на Елдарите. Меѓу нив беше Малах, синот на Марах, кој четиринаесет години домуваше во Хитлум и го изучи вилинскиот јазик и му го дадоа името Арадан.

Едаините не мируваа долго време во Естолад, зашто многумина сѐ уште сакаа да одат на запад; но не го знаеја патот. Пред нив лежеше авлијата на Дориат, а јужно лежеше Сирион и нејзините непроодни мртваци. Затоа кралевите на трите Нолродски лози, гледајќи надеж во силата на човечките синови, пуштија абер дека сите Едаини кои сакаат, можат да си станат оттаму и да се вдомат меѓу нивните народи. Вака започна преселбата на Едаините: прво малку по малку, но потоа со цели семејства и роди станаа и го напуштија Естолад, па по околу педесет години илјадници веќе имаа влезено во земјите на Кралевите. Повеќето од нив тргаа по подолгиот пат од север додека не ги научија патиштата. Народот на Беор појдоа во Дортонион и се вдомија во земјите со кои владееше лозата на Финарфин. Повеќето од народот на Арадан (зашто татко му Марах остана во Естолад сѐ до смртта) заминаа на запад; и некои појдоа во Хитлум, но Магор, синот на Арадан со многумина од народот ја преминаа Сирион и влегоа во Белерианд и се вдомија на некое време во доловите на јужните падини на Еред Ветрин.

Се вели дека за сите овие работи никој освен Финрод Фелагунд не пошол да се посоветува со Крал Тингол на кој непара му се направило ќеф; и поради ова, но и одошто го мачеле соништа за пристигањето на Луѓето уште пред да стигне првиот абер за нив. Затоа тој заповеда Луѓето да не земаат свои земји освен на север и дека принцевите на кои им служат ќе се одговорни за сѐ она што ќе го сторат; и рече: „Во Дориат никој од Луѓето нема да влезе додека јас царувам, дури ни оние од лозата на Беор кои му служат на Финрод кој го љубиме.“ Мелиан тогаш ништо не му рече, но потоа ѝ рече на Галадриел: „Голем абер кај вјаса кон светот сега. И еден од Луѓето, токму од лозата на Беор, ќе дојде и Појасот на Мелиан нема да го сопре, зашто судба поголема од мојата сила ќе го има пратено; и песните што ќе изникнат од тоа доаѓање ќе траат дури и откако сето Меѓуземје ќе се смени.“

Но многу Луѓе останаа во Естолад и долги години потоа мешан народ остана да живее таму сѐ додека во запустувањето на Белерианд не беа навалени или не пребегнаа назад кон Исток. Зашто покрај старите кои чинеа дека нивните денови на талкање се завршени, имаше и баеги многу што сакаа да си одат по свој пат и се плашеа од Елдарите и од светлината во нивните очи; и тогаш се јавија размирници помеѓу Едаините во коишто можеше да се види сенката на Моргот, зашто тој сетики знаеше за доаѓањето на Луѓето во Белерианд и за нивното сѐ поголемо пријателство со Вилите.

Водачи на немирот беа Берег од лозата на Беор и Амлах, еден од внуците на Марах, кои отворено велеа: „Долг пат изодевме сакајќи да избегаме од бељите на Меѓуземјето и од темните нешта кои таму чмаат; зашто чувме дека на Запад имало Светлина. Но сега дознаваме дека Светлината е преку Морето. Таму не можеме да појдеме, кај што боговите блажено домуваат. Сите, освен еден; зашто Владарот на Мракот е тука пред нас, со Елдарите, мудри, но свирепи, кои вечно водат војна против него. Се вели дека на Север домувал; па таму е и болката и смртта од којашто избегавме. Натаму нема да одиме.“

Тогаш беше свикан совет и собир на Луѓе и едночудо се насобраа. И Вило-побратимите му одговорија на Берег, велејќи: “Вистина е дека од Темниот Крал доаѓаат сите лошотии од кои избегавме; но тој го сака владението над сето Меѓуземје и на каде би можеле да фатиме, та да не нѐ довтаса? Освен ако не е овде надвиен или барем опколен од табори. Само јунаштвото на Елдарите го сопира и можеби токму за оваа работа, да им помогнеме во нуждата, бевме доведени во оваа земја.“

На ова Берег одговори: „Елдарите нека му берат гајле! Животите нас и така ни се кратки.“ Но тогаш стана еден кој на сите им се виде како да е Амлах, синот на Имлах, зборувајќи лути зборови од кои затреперија срцата на сите кои го слушнаа: „Сево ова се саде вилински преданија, сказни за да ги залажуваат непретпазливи новодојденци. Морето нема брег. Нема Светлина на Запад. До крајот на светот го следевте побожемскиот оган на Вилите! Кој од вас им видел макар едно влакно на Боговите? Кој го има видено Темниот Крал на Север? Елдарите се тие кои го сакаат владението над Меѓуземјето. Алчни за азно, се раскопале длабоко во земјата барајќи ги нејзините тајни и ги разјариле дијаниите кои живеат под неа, како што отсекогаш правеле и засекогаш ќе прават. Нека си го земат Орките царството што е нивно, а ние ќе си го земеме нашето. Има место во светов, ако Елдарите нѐ остават на мира!’

Тогаш оние кои го слушнаа се замислија и се зачудија и сенка на страв им падна врз срцата; и се решија да заминат далеку од земјите на Елдарите. Но потоа Амлах се врати меѓу нив и одрече дека бил присутен на собирот или дека ги изустил зборовите кои му ги кажаа; и се јави сомнеж и счудовидeност меѓу Луѓето. Тогаш Вило-побратимите рекоа: „Сега сетики барем во ова ќе поверувате: дека навистина има Темен Владар и неговите ушаци и пратеници се меѓу нас; зашто се плаши од нас и од силата што можеме да им ја пружиме на неговите душмани.“

Но некои повторно одговорија: „Море попрво речи нѐ мрази, а уште повеќе одошто седиме тука и му се мешаме во кавгата со Кралевите на Елдарите, без самите да имаме некаква корист.“ И така многу од оние кои имаа останато во Естолад се спремија да заминат; и Берег одведе илјадамина од народот на Беор на југ и така одминаа од песните од тие дни. Но Амлах се покаја, велејќи: „Сега јас си имам моја кавга со тој Господар на Лаги, што ќе трае дури не умрам,“ и замина на север и се стави во служба кај Меидрос. Но оние од неговиот народ кои беа на ист ум со Берег избраа нов водач и се вратија преку планините во Ериадор и се заборавени.

Во тоа време Халадиние сѐ уште беа во Таргелион и беа задоволни. Но Моргот, гледајќи дека само со лаги и измами не ќе може потполно да ги отуѓи Луѓето од Вилите се исполни со гнев и се закрена колку што ќе стигне повеќе да му наштети на Луѓето. Затоа испрати еден Оркски табур кој минејќи на исток го избегна таборот и крадешкум се врати преку Еред Линдон по премините на Џуџевиот друм и се спушти кон Халадините во јужните кории на земјата на Карантир.

Халадините пак, не живееја под власт на владари или многумина заедно, туку секоја куќа си беше посебно и сами си ги бркаа работите и многу им требаше за да се обединат. Но меѓу нив имаше еден човек по име Халдад кој беше заповеден и бестрашен; и ги насобра сите храбри луѓе кои ги најде и се повлече до ќошето земја помеѓу Аскар и Гелион и во најкрајниот ќош изгради пармаклак, од едната вода до другата; и зад него ги поведоа сите жени и деца кои можеа да ги спасат. Таму останаа сардисани, сѐ додека не им снема храна.

Халдад имаше деца близнаци: ќерка му Халет и син му Халдар; и обајцата јуначки се бореа во одбраната, зашто Халет беше жена со големо срце и сила. Но најпосле Халдад загина во еден јуриш против Орките, а Халдар, кој излета да го спаси телото на татка си за да не му го испоганат во колежот, беше покосен крај него. Тогаш Халет го собра народот, иако беа без надеж; и некои фатија да се фрлаат во реките и се издавија. Но по седум дена, како што Орките за последен пат напаѓаа и веќе го имаа пробиено пармаклакот, одненадеж се расчу музика на труби и Карантир со неговата свита се спушти од север и ги отера Орките во реките.

Тогаш Карантир со милост ги погледна Луѓето и голема чест ѝ направи на Халет; и ѝ понуди надоместок за татко ѝ и брат ѝ. И гледајќи, макар касно, каквa јунаштина имало во Едаините ѝ рече: „Ако си станеш оттука и појдеш понасевер, ќе го добиеш пријателството и закрилата на Елдарите и слободни земји за да си владееш.“

Но Халет беше горда и не сакаше никој да ја води или да ја повела и повеќето од Халадините беа со ист табиет. Затоа му заблагодари на Карантир, но одговори: „Со ниет сум, господару, да ги напуштам планиниските сенки и да одам на запад каде што другите роднини ни заминаа.“ И така откако Халадините ги собраа сите оние што останаа живи од народот кои избезумени беа избегале во кориите пред Орките, си ги стокмија пљачките и она што им остана од запалените куќи, ја зедоа Халет да им биде главатарка и таа најпосле ги одведе до Естолад и поживејаа таму некое време. Но и понатаму останаа одделен народ и оттогаш беа познати меѓу Вилите и Луѓето како Народот на Халет. Халет им остана главатарка сѐ додека беше жива, но не се омажи, па главатарството потоа му припадна на Халдан, синот на Халдар, брат ѝ. Но Халет набрзо посака повторно да премине на запад; и иако повеќето од народот беа против оваа работа, повторно ги поведе; и заминаа без помош или водство од Елдарите и минејќи преку Келон и Арос пропатуваа низ опасните земји помеѓу Планините на Ужас и Појасот на Мелиан. Таа земја во тоа време не беше толку погана колку што подоцна стана, но не беше пат за смртни Луѓе да можат да го следат без помош и Халет дури по многу маки и зијани успеа да ја премине со народот, силејќи ги со силата на нејзината волја да продолжат напред. Најпосле го преминаа Бритиах и многумина горко се покајаа за патот; но веќе немаше враќање. Затоа, во тие нови земји си го отпочнаа животот по старо, онолку колку што можеа и си направија слободни огништа низ кориите на Талат Дирнен зад Теиглин, а некои заталкаа и далеку во царството Нарготронд. Но имаше и многу кои ја сакаа дамата Халет и сакаа да одат онаму каде што таа одеше и да живеат под нејзино владение и нив таа ги одведе во Шумата Бретил помеѓу Теиглин и Сирион. И во злобните денови коишто следеа таму се вратија и многу од оние кои претходно се имаа раштркано.

Бретил пак, Крал Тингол го имаше земено да биде дел од неговото кралство, иако не беше во Појасот на Мелиан и не сакаше да ѝ го даде на Халет, но Фелагунд кој беше пријател со Тингол, слушајќи за сѐ она што го беше спопаднало Народот на Халет, го кандиса за вака да стори: да ѝ даде на Халет слободно да живее во Бретил, под услов да нејзиниот народ ги варди Премините на Теиглин против сите непријатели на Елдарите и да не дозволуваат ниту една Орка да влезе во нивните кории. На ова Халет одговори: „Кај се татко ми Халдад и брата ми Халдар? Ако Кралот на Дориат се плаши од пријателство помеѓу Халет и оние кои ѝ го сотреа родот, тогаш мислите на Елдарите се чудни за Луѓето.“ И Халет остана да домува во Бретил сѐ до смртта; и нејзинот народ кренаа зелена могила над неа во шумските висини, Тур Харета, Дамската Могила, Хауд-ен-Арвен на синдаринскиот јазик.

Вака бидна да Едаините се вдомат во земјите на Елдарите, некои ваму, некои таму, некои талкајќи, некои задомувајќи се по родови или во мали народи; и поголемиот дел од нив наскоро го изучија јазикот на Сивите Вили ем за да им служи меѓу нив како говор за катаден ем зашто многу беа желни да ги научат преданијата на Вилите. Но по некое време вилинските кралеви видоа дека не бива Вилите и Луѓето заедно да живеат без никаков ред и дека на Луѓето им требаат владари од нивна сорта, па одделија посебни предели каде што Луѓето можеа сами да си го живеат животот и назначија главатари за да ги држат тие земји во слобода. Во војна тие беа сојузници со Елдарите, но јаваа под сопствени челници. Но сепак на многу од Едаините им беше мило пријателството со Вилите и останаа да домуваат меѓу нив онолку колку што им дадоа; а младите момчиња често доаѓаа за да послужат на некое време во кралските свити.

Хадор Лориндол пак, синот на Хатол, синот на Магор, синот на Малах Арадан, во младоста дојде во дворот на Финголфин и Кралот многу го засака. Затоа Финголфин му го даде господството над Дор-ломин и во таа земја Хадор ги насобра повеќето од неговата рода и стана најсилен меѓу едаинските главатари. Во неговата куќа се зборуваше само вилинскиот јазик, но и нивниот говор не беше заборавен и од него настана катадневниот јазик на Нуменор. Но во Дортонион господството над народот на Беор и земјата Ладрос му беше дадена на Боромир, синот на Борон, кој му беше внук на Беор Стариот.

На Хадор синови му беа Галдор и Гундор; а на Галдор синови му беа Хурин и Хуор; а на Хурин син му беше Турин, Погубникот на Глаурунг; а на Хуор син му беше Туор, таткото на Еарендил Блажениот. На Боромир син му беше Брегор, чии синови беа Бреголас и Барахир; а на Бреголас синови му беа Барагунд и Белегунд. На Барагунд ќерка му беше Морвен, мајката на Турин, а на Белегунд ќерка му беше Риан, мајката на Туор. На Барахир пак, син му беше Берен Една-рака кој ја спечали љубовта на Лутиен, ќерката на Тингол и се врати од Мртвите; од нив дојде Елвинг, жената на Еарендил, како и сите идни кралеви на Нуменор.

Сите овие беа фатени во мрежата на Судот на Нолдорите и сторија големи дела кои Елдарите сѐ уште ги паметат во приказните за Кралевите од дамнина. И во тие денови силата на Луѓето ѝ се приклучи на моќта на Нолдорите и надежта им порасна; и Моргот цврсто беше опколен зашто народот на Хадор, одошто беа бодри и трпеа и студ и долги талкања, немаа страв напати да појдат на север и да пазат на движењата на Непријателот. Луѓето од Трите Лози цутеа и се множеа, но највелика меѓу нив беше лозата на Хадор Златокос кој беше акран со Вилинските Владари. Неговиот народ беа со велика сила и става, со бистар ум, смели и тврдокорни, брзи и во лутина и во смеа, славни меѓу Чедата на Илуватар во младоста на Човештвото. Повеќето беа русокоси и синооки; но Турин беше подруг, чија мајка беше Морвен од лозата на Беор. Луѓето од таа лоза беа со црни или костенливи коси, со сиви очи и од сите Луѓе најмногу беа како Нолдорите, а и најсакани од нив; зашто беа очиклени, вештораки, брзо учеа, долго памтеа и саде побрзо им доаѓаше да се сожалат, одошто да се насмеат. Исти како нив беа и горскиот народ на Халет, само што беа со помала става и не беа толку желни за мудрост. Не беа многу муабетчии и не сакаа големи заседанија на луѓе; и на многумина најмила им беше самотијата, слободно талкајќи низ орманите додека восхитот од земјите на Елдарите уште им беше пресен во срцата. Но во западните кралства нив времето им беше кратко, а деновите несреќни.

Годините на Едаините, според слагањето на Луѓето, им се издолжија откако дојдоа во Белерианд; но најпосле Беор Стариот умре откако поживеа деведест и три години од кои четириесет и четири му служеше на Крал Фелагунд. И кога легна мртов, ни од рана ни од јад, туку налегнат од старост, Елдарите за првпат го видоа брзото венеење на човечките животи и смртта од замор кои самите не ја познаваа; и многу ја оплакуваа загубата на нивните побратими. Но Беор најнакрај радо и во мир ја беше испуштил душата, па Елдарите длабоко се замислија за чудната судбина на Луѓето, зашто во ниедно од нивните преданија не се зборуваше за неа и нејзиниот крај беше скриен од нив.

Сепак, Едаините во дамнина од Елдарите бргу ги научија сите мајстории и сето знаење коишто можеа да ги воспримат и нивните синови се воскенаа во мудрост и вештина сѐ додека не ги надмашија сите други од Луѓето коишто сѐ уште домуваа источно од планините и не ги имаа видено Елдарите ниту има погледнато во лицата која ја беа виделе Светлината на Валинор.