АИНУЛИНДАЛЕ - Полиграматон

АИНУЛИНДАЛЕ


Музиката на Аинурите 


Беше Еру, Тој, кој во Арда е наречен Илуватар; и ги створи прво Аинурите, Светите, кои беа пород на неговата мисла и беа со него пред сѐ друго да се створи. И им зборуваше, обелоденувајќи им мелодии на музика; и тие пееја пред него и му беше мило. Но долго време пееја само секој засебно или малкумина заедно додека другите слушаа; зашто секој го имаше узнаено само оној дел од умот на Илуватар од каде што тој самиот доаѓаше и саде споро му одеше разбирачката со браќата му. Ама колку повеќе слушаа, толку разбирачката им се продлабочуваше и едногласноста и созвучјето им растеа.

И бидна да Илуватар ги свика сите Аинури заедно и им зајави моќна мелодија, разгрнувајќи им поголеми и почудесни нешта од сѐ што дотогаш им беше открил; и славата на нејзиниот почеток и раскошот на нејзиниот крај ги восхити Аинурите, та се поклонија пред Илуватар и замолчеа.

Тогаш Илуватар им рече: „Од мелодијава што ви ја зајавив, повелам сега да створите заедно во созвучје една Голема Музика. И одошто ве вдахнав со Пламенот Непогинлив, ќе си ја покажете силата со китење на мелодијава, секој со своите мисли и марифети, како сака. А јас ќе седам и слушам и ќе ми е мило што преку вас големи убавини се разбудиле низ песна.“

Тогаш гласовите на Аинурите, звучни како харфи и лаути и гајди и труби и виоли и оргули и како небројни хорови што со зборови пеат, почнаа да ја кројат мелодијата на Илуватар во голема музика; и се закрена звук на бескрајни размотани напеви сплетени во созвучје кои одеа до недослух сѐ до длабините и до височините; и жилиштата на Илуватар се преплавија до рам и музиката и одекот на музиката замина во Небиднината и веќе не беше небидна. Оттогаш, па наваму, Аинурите никогаш не створиле друга музика како таа музика, но се рекло дека уште поголема ќе се иствори пред Илуватар од хоровите на Аинурите и Чедата на Илуватар, по крајот на дните. Тогаш мелодиите на Илуватар ќе се исправат и ќе се вдахнати со Битие во мигот на нивното изустување, зашто сите тогаш во целост ќе ја разберат неговата намера за нивните улоги и секој ќе го дознае узнавањето на секој друг и Илуватар ќе им го даде на нивните мисли тајниот оган, задоволен од сѐ.

И така Илуватар седеше и слушаше и долго време му се чинеше како сѐ да е погодено, зашто во музиката немаше маани. Но како што врвеше мелодијата му дојде во срцето на Мелкор да заплете нешта кои тој самиот ги беше замислил и кои не беа во зговор со мелодијата на Илуватар, зашто со нив тој намераваше да ја зголеми моќта и славата на делот кој нему му беше доделен. Меѓу сите Аинури на Мелкор му беа дадени најголеми дарови на моќ и знаење и имаше удел во сите дарови на неговите побратими. Често беше одел сам до небидните места барајќи го Непогинливиот Пламен; зашто желба гореше во него да обвистинува негови нешта и му се чинеше дека Илуватар ја нема многу на мукает Небиднината и го паркаше тоа што беше празна. Но Пламенот не го најде, зашто тој е во Илуватар. И одошто беше сам почна да зачнува свои мисли, подруги од оние на неговите врсници.

Некои од овие мисли тој тогаш ги проткаја во музиката и веднаш раздор се појави околу него и многумина од оние кои пееја крај него се потиштија и мислите им се извртија и музиката им секна; но некои почнаа да ја усогласуваат својата музика со неговата наместо со мислите коишто ги имаа на почетокот. Тогаш раздорот на Мелкор почна да се шири сѐ повеќе и напевите кои дотогаш се слушаа батисаа во море од бурни звуци. Но Илуватар седеше и слушаше, додека околу неговиот престол се чинеше како да беснее бура, како темни води да војуваа една против друга во бескраен гнев што за ништо не сакаше да се стиши.

Тогаш Илуватар стана и Аинурите осознаа дека се насмеа и ја подигна левата рака и нова мелодија почна сред бурата, налик, а сепак не налик на претходнатта мелодија и се засили и одново се разубави. Но раздорот на Мелкор грубо се воскрена и се замери со неа и пак имаше војна на звук уште понасилна од пред тоа, па многу од Аинурите се увилија и веќе не пееја и Мелкор беше во надмоќ. Тогаш Илуватар повторно стана и Аинурите осознаа дека ликата му е смуртена и ја подигна десната рака и вчас, трета мелодија се крена сред шашармата и не беше како другите. Зашто отпрво се чинеше тивка и слатка, како жуборење на нежни звуци преку кревки напеви, но беше непотислива и се омоќи и се продлабочи. И најпосле се чинеше како да има две музики што истовремено врвеа пред седиштето на Илуватар и луто се разидуваа. Едната беше длабока и широка и преубава, но спора и втлеена со неизмерна жалост од којашто ѝ доаѓаше и најголемата убавина. Другата дотогаш имаше достигнато своја сопствена единечност, но беше гласна и суетна и бескрајно исповторена и во неа немаше многу созвучје, туку повеќе трескавична едногласност, како многу труби да рикаа со по неколку ноти. И наваса да ја удави другата музика со суровоста на гласот, но се чинеше како сите најтржествени ноти да ги има земено од другата и да ги има проткаено во својата трезвена шара.

Сред овој раскол, кај што дворовите на Илуватар се тресеа и трепет се воздигна сѐ до тишините дотогаш недопрени, Илуватар стана по трет пат и лицето му беше страшилишта.  Тогаш ги подигна двете раце и во едно нота, подлабока од Бездната, повисока од Сводот, остра како светлината во очите на Илуватар, Музиката замре.

Тогаш Илуватар прозборе и рече: „Силни се Аинурите, а најсилен меѓу нив е Мелкор, но да знае и тој и сите Аинури дека јас сум Илуватар; работите кои ги испеавте, сега ќе ви ги покажам, за да видите што сте направиле. А ти Мелкоре, ќе видиш дека нема музика што може да се свири, а да не ѝ е најсамоти извор во мене ниту пак некој може да ја измени музиката наспроти мене. Зашто оној кој ќе се проба, ќе бидне само мое орудие во створување на нешта почудесни одошто тој самиот си беше имал замислено.“

Тогаш Аинурите се исплашија и сѐ уште ги немаа узнаено зборовите што им се кажуваа, но Мелкор го фати голем срам, од којшто му дојде скришна лутина. Но Илуватар величествено стана и замина од личните предели кои ги беше направил за Аинурите; и Аинурите тргнаа по него.

А кога втасаа до Небиднината, Илуватар им рече: „Еве ви ја Музиката!“ и им покажа слика, давајќи им вид онаму каде што дотогаш имаа само слух и видоа како нов Свет се покажува пред нив и стоеше округол сред Небиднината и беше потпрен на неа, но не беше од неа. Како што гледаа и се чудеа, тој Свет почна да ја разгрнува својата историја и им се чинеше како да живее и расне. И откако Аинурите погледаа некое време молчешкум, Илуватар повторно рече: „Еве ви ја Музиката! Ова ви е песнопојството и секој од вас ќе ги најде внатре, сред мострава што ја ставам пред вас, сите нешта коишто мислевте дека самите ги изнедривте или придадовте. А ти Мелкоре, ќе ги пронајдеш сите тајни мисли што ги носиш во умот и ќе осознаеш дека се само дел од целото во чија слава се влеваат.“

И многу други работи им кажа тогаш Илуватар на Аинурите и одошто ги паметат тие зборови и од знаењето што секој од нив го има за музиката која самиот ја беше создал, Аинурите знаат многу од она што било и е и што допрва ќе биде и малку се нештата кои се невидени од нив. Но има нешта кои не можат да ги видат, ни сами ни здружени во совет, зашто само во себе Илуватар си знае сѐ што беше приготвил, па во секоја ера идат нешта кои се нови и кои не се претскажани, зашто не следуваат од минатото. И така, додека сликата на светот течеше пред нив, Аинурите видоа дека содржи работи кои тие не ги беа помислиле. И вчудовидено го видоа доаѓањето на Чедата на Илуватар и живеалиштето кое за нив беше спремено; и осознаа дека тие самите со делото на својата музика вредно го беа обликувале тоа жилиште, без да знаат дека тоа има и друга цел, освен да постои од убавина. Зашто Чедата на Илуватар беа зачнати само од Него и дојдоа со третата мелодија и не беа во мелодијата која Илуватар ја обелодени на почетокот и никој од Аинурите не беше имал удел во нивното создавање. Затоа кога ги погледнаа, дотолку повеќе ги засакаа, како нешта набашка од нив, чудни и слободни, кај коишто гледаа нов одблесок на мислата на Илуватар и поднаучија уште малку од неговата мудрост која дотогаш дури и од Аинурите беше била сокриена.

Чедата на Илуватар пак, се Вилите и Луѓето, Првородените и Следбениците. И сред сите величества на Светот, сред недогледните дворови и простори и развртени огнови, Илуватар им избра место за живеачка во Временските Длабини и сред недобројните ѕвезди. И ова живеалиште можеби им се чини како мала работа на оние кои мислат само на величественоста на Аинурите, а не и на нивната страшна острина, како кога ќе се земе целата плоча на Арда за основа на еден столб и ќе се издигне сѐ додека капецот на врвот не му стане поостар од игла; или на оние кои мислат само на неизмерното пространство на Светот кој Аинурите сѐ уште го обликуваат, а не и на големата акрибија со која ги обликуваат сите нешта во него. Но кога Аинурите го видоа ова живеалиште во сликата и ги видоа Чедата на Илуватар како таму се будат, многу од најсилните меѓу нив ги насочија сите свои мисли и желби кон тоа место. И нив челник им беше Мелкор, исто како што беше и на почетокот, најкадриот од Аинурите кои имаа удел во Музиката.  И се преправаше, мамејќи се на почетокот дури и самиот себеси, дека демек сака да отиде и да ги стокми сите нешта за доброто на Чедата на Илуватар, управувајќи со дармаданата на жештини и студови која преку него се имаше обвистинето. Но правата желба му беше да ги потчини под својата волја и Вилите и Луѓето, завидувајќи им на даровите со кои Илуватар вети дека ќе ги дарува; и сакаше да има поданици и слуги и да го викаат Владар и да е господар над волјите на другите.

Но другите Аинури го погледнаа ова живеалиште поставено сред недогледните простори на Светот кој Вилите го викаат Арда, Земјата и срцата им заликуваа на светлината и очите гледајќи им многу бои им се исполнија со милина; но поради татнежот на морето почувстуваа и голем немир. И ги видоа ветровите и воздухот и граѓата од којашто Арда e направена, од железо и камен и сребро и злато и сета друга твар; и од сите нив, водата најмногу ја испофалија. И Елдарите велат дека во водата сѐ уште живее одекот на Музиката на Аинурите, повеќе од во секоја друга твар што ја има на Земјата и многу од Чедата на Илуватар сѐ уште незаситно ги слушаат гласовите на Морето, но и самите не знаат што слушаат.

Кон водата пак, мислите ги сврте Аинуот кој Вилите го викаат Улмо, кој од сите Илуватар најдлабоко го беше опознал во музика. Но за воздухот и ветровите најмногу се думаше Манве, кој е најблагородниот меѓу Aинурите. На Земјиното градиво мислеше Ауле, на кој Илуватар му имаше дадено вештина и знаење не помалку одошто на Мелкор; но радоста и гордоста на Ауле се во делотворењето и во створените нешта и ниту во поседување ниту во владеење и затоа тој раздава и не трупа за себе и си нема гајлиња, секогаш наоѓајќи си по некоја нова работа.

И Илуватар му прозборе на Улмо и му рече: „Не гледаш ли како овде во малава грутка среде Временските Длабини, Мелкор тргнал да прави џенг врз царевината твоја? Помислил на лут студ безусулен, а сепак не им ја уништил убавината на шадрваните твои ниту на езерата твои бистри. Гледај го снегот и очиклениот марифет на сињакот! Мелкор изнедрил жештини и огништа без мерка, а ниту ја исушил желбата твоја ниту ја задушил морската музика. Погледни ја само висината и славата на облаците и на вечно менливите магли; и слушни го паѓањето на дождот врз Земјата! А низ тие облаци и ти ќе си поблиску до Манве побратимот ти, кој го милуваш.“

Тогаш Улмо одговори: „Навистина, Водата сега биднала уште полична одошто си ја имав во срцето и ниту со некоја скриена мисла сум ја зачнал снегулката ниту во сета моја музика не се содржеше паѓањето на дождот. Ќе го побарам Манве за да тој и јас засекогаш твориме напеви и тебе ќефот да ти го чиниме.“ И така Манве и Улмо уште од почетокот биле здружени и во сите нешта најверно ѝ служат на умислата на Илуватар.

Но како што Улмо зборуваше и додека Аинурите сѐ уште и се пулеа на сликата, таа се тргна и им се скри од пред очи и им се причини како во тој миг да осознаваат нешто ново, Темнината, којашто дотогаш ја немаа спознаено, освен во мислите. Но нив ги беше понесла убавината на сликата и се беа задлабочиле во разгрнувањето на Светот кој тогаш се отелеси, па мислите им се исполнија со него; зашто историјата му беше нецелосна и временските кругови уште не беа во целост стокмени во мигот кога ја снема сликата. И некои велат дека сликата прекинала пред да се исполни Владението на Луѓето и замирањето на Првородените; и затоа, иако Музиката е насекаде, Валарите ги немаат со очи видено Подоцните Ери или крајот на Светот.

И тогаш се јави неспокој меѓу Аинурите, но Илуватар ги повика и им рече: „Знам каква желба ви се врти во умот, да она што го видовте вистина бидне, не само во мислите ваши, туку и како што сте вие самите, а сепак набашка. Затоа велам: Еа! Нека бидат нештава! И ќе го испратам во Небиднината Пламенот Непогинлив и тој ќе биде во срцето на Светот и Светот ќе бидне и тие од вас што ќе сакаат, ќе можат да слезат во него.“ И одненадеж Аинурите оддалеку видоа светлина, небаре облак со живо срце од пламен; и знаеја дека тоа не е само слика, туку дека Илуватар беше створил нешто ново: Еа, Светот што Е.

И така бидна да од Аинурите, некои сѐ уште останат да домуваат со Илуватар, зад синорот на Светот; но други, а меѓу нив и некои од најголемите и најличните, го оставија Илуватар и се спуштија во него. Но ваков услов им постави Илуватар, или бидна како нужност на нивната љубов: да моќта оттогаш им е содржана и врзана за Светот, да бидат во него за навек, додека не се сврши, та тие да се негов живот, а тој нивни. И затоа тие се крстени Валари, Силите на Светот.

Но кога Валарите влегоа во Еа, прво се зачудија и саштисаа, зашто уште како ништо да не беше направено од она што го беа виделе во сликата и сѐ беше готово да почне, но сепак неоформено и беше темница. Зашто Големата Музика беше била само растот и цветањето на мислата во Безвременските Дворови, а Сликата само привидение, но сега беа влегле во почетокот на Времето и Валарите осознаа дека Светот беше бил само предвиден и предиспеан и дека тие самите мораат да го доспеат. Така почнаа нивните големи трудови во пустелии неизмерени и неистражени и низ раздобја неброени и заборавени, сѐ додека во Временските Длабини и сред пространите дворови на Еа не дојде тој час и тоа место каде беше направено живеалиштето на Чедата на Илуватар. И во оваа работа главниот дел го сработија Манве и Ауле и Улмо; но и Мелкор беше таму уште од прво и во сечија работа се мешаше, гледајќи саде сѐ да изврти кон своите желби и умисли; и потпалуваше големи огнови. Така, кога Земјата уште беше млада и полна со пламен Мелкор се заблазна за неа и им рече на другите Валари: „Ова ќе е мое кралство; и си го земам за себе!“

Но Манве му беше брат на Мелкор во умот на Илуватар; и беше главната чалгија во втората мелодија која Илуватар ја издигна наспроти раздорот на Мелкор; и при себе свика многу духови и поголеми и помали и тие се спуштија во полињата на Арда и му дојдоа на помош на Манве, та да не може Мелкор вечно да го сопира исполнувањето на нивниот труд и Земјата да посивее уште пред да процвета. И Манве му рече на Мелкор: „Кралствово ти нема да го земеш за твое со неправдина, зашто и многу други имаше што не помалку од тебе 'рмбаа.“ И фати раскол меѓу Мелкор и другите Валари и за тоа време Мелкор се повлече и замина во други предели и правеше таму што му фати умот, но не го истави од срцето копнежот по Кралството Арда.

Валарите пак, тогаш си дадоа облик и образ; и одошто кон Светот беа привлечени од љубов кон Чедата на Илуватар на кои се надеваа, зазедоа облици по тертипот којшто го беа виделе во Сликата на Илуватар, само различни по величество и раскош. И така, нивниот облик доаѓа од нивното познавање на видливиот Свет, а не од самиот Свет и не им е нужен, исто како што ние носиме руба, а сепак може да сме голи и пак не ни фали ништо од нашето битие. Така Валарите можат, ако посакаат, да шетаат необлечени и тогаш ниту Елдарите не можат јасно да ги осознаат, макар биле крај нив. Но кога сакаат да се облечат, Валарите заземаат облици, некои машки, а некои женски; зашто таквиот различен ќуд уште самоти почеток го имаа и е саде олицетворен во изборот на секој, а не е предодреден од изборот, исто како што и кај нас мажите и жените можат да се познаат по рубата, а сепак не се условени од неа. Но облиците со кои Великите се загрнуваат не се секогаш како облиците на кралевите и кралиците на Чедата на Илуватар; зашто напати може да се облечат во сопствените им мисла, олицетворени преку облици на величество и фрас.

И Валарите си прибраа при себе многу придружници, некои помали, а некои велики скоро колку и нив и заедно се фатија за работа во подредување на Земјата и засирување на нејзините превирања. Тогаш Мелкор виде каква работа се врши и дека Валарите шетаат по Земјата како видливи сили обвиени во рубата на Светот и дека се убави и величествени и блажени и дека Земјата се претвора во градина на нивната наслада, зашто дармаданите ѝ беа зауздани. Од тоа зависта во него уште повеќе му се зголеми; па и тој зазеде видлив облик, но од табиетот и лошотилукот што гореше во него тој облик беше мрачен и ужасен. И се спушти врз Арда во сила и величество поголемо од сите други Валари, како планина што цапоти во морето со глава крената над облаците и е зарубена во мраз и крунисана со чад и оган; и светлината на очите на Мелкор беше како пламен што пеплосува со жештина и боде со кобен студ.

Така започна првата битка помеѓу Валарите и Мелкор за владението над Арда; и за тие превирања Вилите знаат саде малку. Зашто она што е тука зајавено е дојдено од самите Валари со кои Елдалиите зборуваа во земјата Валинор и од кои учеа; а Валарите малку зборуваа за војните пред доаѓањето на Вилите. Сепак, се раскажува меѓу Елдарите дека Валарите постојано, наспроти Мелкор, настојувале да надвладеат со Земјата и да ја подготват за доаѓањето на Првородените; па граделе копна, а Мелкор ги ништел, долини длабеле, а Мелкор ги кревал, планини делкале, а Мелкор ги сотирал; мориња копале, а Мелкор ги претекувал и никаде немало ни мир ни траен раст, зашто таман Валарите ќе се фателе за нешто, Мелкор ќе го растурел или расипел. Но сепак трудот не им бил залуден; и иако никаде и во ништо волјата и ниетот не им се исполнил во целост и сите нешта биле со шар и облик поинакви од оние кои Валарите ги имале прво намерено, малку по малку Земјата сепак почнала да зазема крој и да затврднува. И така најпосле било створено живеалиштето на Чедата на Илуватар сред Временските Длабини и сред недобројните ѕвезди.