АКАЛЛАБЕТ - Полиграматон

АКАЛЛАБЕТ


Погибелот на Нуменор


Меѓу Елдарите се вели дека Луѓето дошле на светот во времето на Сенката на Моргот и дека бргу потпаднале под негово владение; зашто тој ги беше пуштил меѓу нив неговите пратеници и му ги послушале злобните и препредени зборови и ја обожавале Темнината, а сепак ѝ се плашеле. Но имаше и такви што се свртеа од злото и ги напуштија земјите на своите роднини и талнаа саде кон запад; зашто беа чуле гласина дека на Запад имало светлина која Сенката не можела да ја замрачи. Нив слугите на Моргот со жолчна омраза ги гонеа и патиштата им беа долги и тешки; но најпосле стигнаа до земјите кои гледаа кон Морето и влегоа во Белерианд во дните на Војната на Џеваирите. Едаини беа крстени овие на синдаринскиот јазик; и им станаа пријатели и сојузници на Елдарите и големи јуначки дела сторија во војната против Моргот.

Од нив излезе, од страната на дедовците му, Светлиот Еарендил; и во Епопејата за Еарендил се кажува за тоа како, најнакрај кога победата на Моргот била скоро целосна, го изградил бродот Вингилот, кој луѓето го викаат Ротинзил и запловил по непремостените мориња решен саде да го најде Валинор; зашто сакал да зборува пред Силите во име на Двете Роди, та да Валарите им се смилуваат и им пратат помош во кобната им иктиза. Затоа и Вилите и Луѓето го викаат Еарендил Блажениот, зашто си ја постигна задачата по долги 'рмбања и многу бељи и така од Валинор дојде свитата на Владарите на Западот. Но Еарендил веќе никогаш не се врати во земјите кои му беа мили.

Во Големата Битка кога најпосле Моргот беше соборен и Тангородрим беше срушена, Едаините беа единствените од сојот на Луѓето кои се бореа за Валарите, додека многу други се бореа за Моргот. И по победата на Владарите на Западот оние од злобните луѓе кои не беа уништени повторно пребегнаа на исток каде што многумина од нивната раса сѐ уште талкаа низ неожнеаните земји, диви и безвласни, одбивајќи ги теклифите и на Валарите и на Моргот. И злобните луѓе дојдоа меѓу нив и фрлија врз нив сенка на страв и им постанаа кралеви. Тогаш Валарите ги арнисаа на некое време Луѓето од Меѓуземјето кои го имаа одбиено теклифот и ги имаа земено пријателите на Моргот за господари; и Луѓето домуваа во темнина и беа мачени од многу зли нешта кои Моргот ги имаше скроено во деновите на неговото владение: демони и ламји и унаказени ѕверови и нечестивите Орки, кои беа направени за потсмев на Чедата на Илуватар. И несреќно беше речението на Луѓето.

Но Манве го зеде Моргот и го затвори надвор од Светот, во Небиднината од отаде Светот; и веќе не може самиот да се врати во Светот, присутен и видлив, додека Владарите на Западот сѐ уште царуваат. Сепак, семињата кои ги беше засадил и понатаму раснеа и ’ртеа раѓајќи зли плодови, ако се најдеше некој да оди по нив. Зашто неговата волја остана и ги водеше неговите слуги, севезден туркајќи ги да ја јаловат волјата на Валарите и да ги уништуваат оние кои нив ги слушаа. А Владарите на Западот ова многу добро го знаеја. Затоа кога го исфрлија Моргот седнаа да се советуваат за ерите кои требаше допрва да дојдат. Елдарите ги повикаа да се вратат на Запад и оние кои го поризаа теклифот домуваа на Островото Ерессеа; и во таа земја има еден пристан кој е наречен Аваллоне, зашто од сите градови е најблизу до Валинор и кулата на Аваллоне е првата глетка која морепловците ја здогледуваат кога најпосле ќе се приближат до Вековечните Земји од преку морските Милји. На Татковците на Луѓето од трите верни лози исто така им беа дадени богати награди. Еонве појде меѓу нив и ги учеше; и им беше дадена мудрост и моќ и живот подолготлеен од сите други меѓу смртната раса што беше имале. Беше направена земја, за Едаините да домуваат во неа, што не беше ниту дел од Меѓуземјето ниту од Валинор, зашто од двете места беше расцепена со широко море, но сепак беше поблизу до Валинор. Оссе ја издигна од длабините на Големата Вода и беше изѕидана од Ауле и обогатена од Јаванна; и Елдарите таму одведоа цвеќиња и шадрвани од Тол Ерессеа. Таа земја Валарите ја викаа Андор, Поклонетата Земја; и Ѕвездата на Еарендил сјајно светеше на Запад, како нишан дека сѐ е спремно и како водич за преку морето; и Луѓето се восхитија кога им се појави тој сребрен пламен на патеките на Сонцето.

Тогаш Едаините запловија по длабоките води следејќи ја ѕвездата; и Валарите ставија мир врз морето и многу денови го оставија така и пратија сончева светлина и поволен ветер, та водите блескаа пред очите на Едаините како разбрането стакло и пената леташе како снег пред клуновите на нивните бродови. Но толку светол беше Ротинзил, што дури и наутро Луѓето можеа да го видат како мижурка на Запад и во безоблачните вечери светеше сам, зашто ниедна друга ѕвезда не можеше да застане крај него. И упатувајќи се кон него Едаините најпосле преминаа преку морските милји и оддалеку ја здогледаа земјата што беше спремена за нив, Андор, Поклонетата Земја, како светка среде златна маглина. Тогаш се искачија од морето по брегот и најдоа лична и плодна земја и им беше мило. И таа земја ја нарекоа Еленна, што значи Ѕвездоследна; но и Анадуне што значи Западна Краина, Нуменоре на Врховниот елдарински јазик.

Тоа беше почетокот на оној народ кои на говорот на Сивите Вили се наречени Дунедаини: Нуменорци, Кралеви меѓу Луѓето. Но со ова тие сепак не избегаа од судбата на смрт која Илуватар ја имаше ставено врз сето Човештво и сѐ уште беа смртни, иако долги години векуваа и не знаеја за болест, пред сенката да ги налегне. Така станаа мудри и величествени и во сѐ послични со Првородените од секоја друга човечка рода; и беа високи, повисоки од највисоките синови на Меѓуземјето и светлината во очите им беше како светлите ѕвезди. Но бројот низ земјата саде споро им се зголемуваше, зашто иако им се раѓаа и ќерки и синови, уште поубави од татковците им, сепак имаа малку деца.

Дамната престолнина и пристан на Нуменор беше сред неговите западни брегови и се викаше Андуние, затоа што беше свртена кон зајдисонцето. Но сред земјата имаше една висока и стрмна планина која беше наречена Менелтарма, Столбот на Небесата и на неа имаше едно високо место што беше посветено на Елу Илуватар и беше отворено и без покрив и никаков друг храм или светилиште немаше во земјата на Нуменорците. На подножјето на планината беа изградени кралските гробници и недалеку на еден рид беше Арменелос, најличниот од сите градови и таму беше кулата и кастелот кренат од Елрос синот на Еарендил, кој Валарите го назначија да е прв Крал на Дунедаините.

Елрос и брат му Елронд пак, беа потомци на Трите Едаински Лози, но исто така и на Елдарите и Маиарите; зашто Идрил од Гондолин и Лутиен ќерката на Мелиан им беа пра-мајки. Валарите вистина не можат да го повлечат дарот на смрт кој им е даден на Луѓето од Илуватар, но на Полу-вилните Илуватар им даде изим сами да им пресудат; и им пресудија да на синовите на Еарендил им се даде сами да си ја изберат судбината. И Елронд избра да остане со Првородените и нему му беше даден животот на Првородените. Но на Елрос, кој избра да стане човечки крал, сепак му беше доделен долг распон на години, многупати повеќе одошто на Луѓето од Меѓуземјето; и сето негово поколение на крaлeви и владари од кралската лоза имаа долг живот дури и според есапот на Нуменорците. А Елрос живееше петстотини години и владееше со Нуменорците четиристотини и десет.

Така врвеа годините и додека Меѓуземјето се враќаше наназад и светлината и мудроста линееја, Дунедаините домуваа под закрила на Валарите и во пријателство со Елдарите и така пораснаа и во става и во ум. Зашто иако нивниот народ сѐ уште си го користеа својот говор, нивните кралеви и големци го знаеја и говореа и вилинскиот јазик кој го беа научиле во дните на нивното сојузништво и така сѐ уште чинеа муабет со Елдарите, било со оние од Ерессеа, било со оние од западните земја на Меѓуземјето. И учените меѓу нив го научија и Врховниот елдарински јазик на Блаженото Царство на којшто имаше зачувано многу приказни и песни уште од почетокот на светот; и направија букви и свитоци и книги и во нив напишаа многу мудри и чудесни работи за време на зенитот на нивното царство, од што сега сѐ е заборавено. И така бидна да освен нивните сопствени имиња, сите владари на Нуменорците имаат и елдарински имиња; а така беше и со градовите и личните места кои ги основаа во Нуменор и на бреговите на Вамошните Земји.

Зашто Дунедаините станаа вешти занаетчии, до толку што ако им фатеше ум, можеа како ништо да ги надминат дури и злобните кралеви на Меѓуземјето во правење џенг и ковање оружја, но беа станале мирни луѓе. Од сите занаети најмногу ги милуваа бродоградењето и морепловството и станаа морепловци какви што ги немало на веков откако светот се намали; и пловењето по широките мориња им беше најголем подвиг и доживување на тие бодри луѓе во срчовните денови на нивната младост.

Но Владарите на Валинор им забранија да пловат до толку далеку на запад, та да не можат да ги видат бреговите на Нуменор; и долго време Дунедаините беа задоволни, иако не ја разбираа во целост целта на оваа забрана. Но ниетот на Манве беше да Нуменорците не паднат во искушение да се упатат кон Блаженото Царство ниту да се зажелат да ја надминат мерата поставена врз нивното блаженство, заблазнувајќи ѝ на бесмртноста на Валарите и на Елдарите и на земјите каде што сите нешта вечно траат.

Зашто во тие дни Валинор сѐ уште беше во видливиот свет и таму Илуватар им дозволи на Валарите да си задржат на Земјата жилиште како спомен на тоа што можеше да биде ако Моргот не ја фрлеше својата сенка врз светот. Нуменорците ова многу добро го знаеја и напати, кога сиот воздух беше чист и сонцето беше на исток, ќе погледнеа и далеку на запад ќе соѕрееја бело-блескав град на далечен брег и големо пристаниште и кула. Зашто во тие денови Нуменорците беа далекугледни, но сепак само најострооките меѓу нив можеа да ја здогледаат оваа слика, од Менелтарма, понекогаш, или од некој висок брод оддалечен од нивниот западен брег онолку колку што им беше законито да одат. Зашто не се осмелуваа да ја прекршат Забраната на Владарите на Западот. Но мудрите меѓу нив знаеја дека таа далечна земја не е Блаженото Царство Валинор, туку дека е Аваллоне, пристанот на Елдарите на Ерессеа, на најсамоти исток од Вековечните Земји. И оттаму Првородените напати сѐ уште допловуваа до Нуменор во лаѓи без весла, како бели птици што долетуваат од зајдисонцето. И многу дарови носеа во Нуменор: птици песнопојки и миризливи цвеќиња и многу лековити тревки. И доведоа и страк од Келеборн, Белото Дрво што растеше сред Ерессеа; а тоа пак самото беше страк од Галатилион, Дрвото од Туна, створено налик на Телперион кое Јаванна им го даде на Елдарите во Блаженото Царство. И дрвото порасна и се расцути во дворовите на Кралот на Арменелос; Нимлот го крстија и цветаше во квечерината и ги исполнуваше сенките на ноќта со мисковина.

И така беше да, поради Забраната на Валарите, пловидбите на Дунедаините во тие денови секогаш беа упатени кон исток, а не кон запад; од темнината на Северот, до жештините на Југот и после Југот сѐ до Долната Темнина; и одеа дури и до внатрешните мориња и пловеа околу Меѓуземјето и од високите бродски клунови ги гледаа Портите на Утрото на Исток. И Дунедаините доаѓаа напати до бреговите на Големите Земји и му се сожалија на арнисаниот свет на Меѓуземјето; и Владарите на Нуменор повторно стапнаа врз западните брегови во Темните Години на Луѓето и никој тогаш не се осмели да им се спротивстави. Зашто повеќето од Луѓето во тоа време кои сега седеа под Сенката беа станати слаби и плашливи. И доаѓајќи при нив, Нуменорците ги научија на многу работи. Пченка и вино им донесоа и им покажаа на Луѓето како се сеат семиња и се мели жито, како се делка дрва и обликуваат камења и како да си го спастрат животот, колку-толку, во тие земји на брза смрт и саде малку блаженство.

Тогаш Луѓето од Меѓуземјето видоа малку аир и ваму-таму по западните брегови, бескуќните кории се повлекоа и Луѓето се куртулија од јаремот на породот на Моргот и се одучија од стравот од темнината. И го уважуваа споменот на високите Морски Кралеви и кога тие си заминаа, ги завикаа богови, надевајќи се дека ќе се вратат; зашто во тоа време Нуменорците не остануваа долго време во Меѓуземјето ниту пак си имаа сѐ уште направено таму свое живеалиште.  Кон исток мораа да пловат, но срцата сѐ на запад им се враќаа.

Овој копнеж пак, низ годините растеше сѐ повеќе и повеќе; и Нуменорците почнаа да се заблазнуваат по вековечниот град кој го гледаа оддалеку и желбата за вечен живот, да избегаат од смртта и од свршувањето на сласта, им се засили; и така, како што им растеше моќта и величественоста, им се зголемуваше и немирот. Зашто иако Валарите ги беа наградиле Дунедаините со долг живот, не можеа да им го одземат уморот од светот кој најнакрај ги навасуваше; и умираа, дури и нивните кралеви од семето на Еарендил; и распонот на нивните животи беше краток во очите на Елдарите. Така бидна да сенка падне врз нив во што можеби прст имаше замешано волјата на Моргот која сѐ уште вртеше низ светот. И Нуменорците почнаа да мрморат, отпрво во срцата, а потоа и со отворени зборови против судбата на Луѓето, а најмногу против Забраната која им бранеше да пловат кон Запад.

И си велеа меѓу себе: „Зашто Владарите на Западот седат таму во вечнотлеен мир, а ние мора да умреме и да заминеме којзнае каде, оставајќи си ги куќите и сето она што сме го створиле? А Елдарите не умираат, дури и оние кои се побунтуваа против Владарите. И штом сите мориња сме ги потчиниле и нема вода до толку дива или широка, та да не можат нашите бродови да ја пребродат, зошто да не појдеме до Аваллоне и да си ги поздравиме таму пријателите?“

И имаше некои кои велеа: „Море зошто и до Аман да не појдеме и да го вкусиме, макар и на еден ден, блаженството на Силите? Зар не сме станале силни меѓу народите во Арда?“

Елдарите им ги пренесоа овие зборови на Валарите; и Манве се јадоса, одошто виде како облак се спрема над пладнината на Нуменор. И испрати гласници до Дунедаините кои на Кралот и на сите кои ги послушаа им кажаа сѐ како што беше за судбината и за кројот на светот.

„Судбата на Светот,“ рекоа, „може само оној кој ја створи да ја измени. И дури и да отпловите и избегнувајќи ги сите замки и измами да успеете да стигнете до Аман, Блаженото Царство, непара ќе видете аир. Зашто не го прави земјата на Манве тамошниот народ вечножив, ами Вечноживите кои таму домуваат ја беа осветиле земјата; и вие таму уште поскоро би се измориле и посивееле, како молци на светлина што е прејака и претврдокорна.“

Но Кралот рече: „Но зар не е жив Еарендил, прататко ми? Или тој не е во земјата Аман?“

А тие одговорија: „Ти знаеш дека неговата судбина е одделена и дека се слага меѓу Првородените кои не умираат; но негова судба е и никогаш да не се врати во смртните земји, а ти и твојот народ не сте од Првородените туку сте смртни Луѓе, такви какви што Илуватар ве створил. И сега се чини како да сакате да ги уживате добрата на обете роди ем да пловите до Валинор кога ќе ви се види арно ем да се вратите дома кога ќе ви се присака. Не бива тоа. Ниту пак можат Валарите да одземат дар што е даден од Илуватар. Елдарите, велите, биле неказнети, па дури и тие што се побунтувале не умирале. Но тоа ним не им е ниту награда ниту казна, туку исполнување на нивното битие. Тие не можат да избегаат и се врзани за светов, за никогаш да не го напуштат сѐ додека трае, зашто неговиот живот е и нивни. И сте биле казнети, велите, поради бунтот на Луѓето во којшто не сте имале удел и дека затоа умирате. Но на почетокот тоа не ви беше ставено како казна. Зашто така се спасувате и го напуштате светот и не сте врзани за него, било во надеж или во умор. Така, кој на кого треба да му позавиди?“

И Нуменорците одговорија: „Зошто да не им завидуваме на Валарите, или дури и на најдолните од Вечноживите? Зашто од нас се бара да веруваме на слепо и да се надеваме на невидено, не знаејќи што нѐ чека за брзо. А и ние ја сакаме Земјата и не сакаме да ја изгубиме.“

Тогаш Гласниците рекоа: „Вистина, умислата која Илуватар ја има за вас на Валарите не им е позната и Тој ги нема откриено сите работи што допрва треба да дојдат. Но барем волку знаеме: домот вам не ви е тука ниту ви е во Земјата Аман ниту пак некаде во Круговите на Светот. И Судбата на Луѓето, да тие си заминат, на почетокот беше дар од Илуватар. Им се претвори во јад само поради што одошто влегоа под сенката на Моргот почна да им се чини како да се опкружени од голема темнина од која ги фати страв; и некои се вообразија и се возгордеаа и не сакаа да се предадат сѐ додека сосила не ги испуштија душите. Ние кои го носиме сѐ поголемото бреме на годините не го разбираме ова во целост; но ако тој јад пак се вратил да ве мачи како што велите, тогаш ни е страв дека сенката повторно ќе да се кренала и пак ви расне во срцата. Затоа, иако сте Дунедаини, најлични меѓу Луѓето, кои избегавте од дамната Сенка и јуначки се боревте против неа, чујте нѐ што ви велиме: Вардете се! Против волјата на Еру никој не може да се закрене; и Валарите од срце ви порачуваат да не бегате од службата која ви е дадена за да не ви стане пак синџир кој ќе ве окова. Поарно надевајте се дека на крајот макар и најситните ваши надежи ќе се оплодат. Љубовта за Арда Илуватар ви ја ставил во срцата, а тој не сее напразно. Сепак, многу раздобја на луѓе уште неродени може ќе поминат пред да се дознае кој му е ниетот; и ќе ви се открие вам, а не на Валарите.“

Овие нешта се случија во деновите на Тар-Кирјатан Бродоградителот и син му Тар-Атанамир; и тие беа горди луѓе желни за богатство и им ставија арач на луѓето од Меѓуземјето, па почнаа повеќе да им земаат одошто да им даваат. Тар-Атанамир беше оној пред кој дојдоа Гласниците; и тој беше тринаесеттиот Крал и во негово време Царството Нуменор беше постоело повеќе од две илјади години и беше дошло до врвот на своето блаженство, макар што не и на моќ. Но на Атанамир не му се бендиса советот на Гласниците и не ги пориза и поголемиот дел од народот тргнаа по него; зашта сѐ уште сакаа своевремено да избегаат од смртта, не чекајќи на надежта. И Атанамир доживеа длабока старост, цврсто држејќи се за животот колку што бидува и не бидува и беше прв од Нумероците кој направи така, одбивајќи да си замине сѐ додека не остана безумен и сам како утка, бранејќи му на сина си да ја преземе царштината дури и во годините кога тој беше најкадар. Зашто Владарите на Нуменор имаа адет да се венчаваат доцна во долгите животи и да се повлечат и да им ја остават власта на синовите им кога тие ќе созрееја во снага и во ум.

Тогаш Тар-Анкалимон, синот на Атанамир, стана Крал и и тој беше со ист табиет; и во негово време народот на Нуменор се подели. Од едната страна беше поголемиот тараф и нив ги викаа Кралските Луѓе и се возгордеаа и се отуѓија од Елдарите и Валарите. А од другата страна беше помалиот тараф и нив ги викааа Елендили, Вило-побратими; зашто иако му останаа верни на Кралот и лозата на Елрос, сепак сакаа да го задржат пријателството на Елдарите и ги ризаа советите на Владарите на Западот. Но сепак дури и тие кои се крстија Верни не избегнаа потполно од саклетот на нивниот народ и помислата на смрт ги секираше.

Така блаженството на Западната Краина се намали; но нејзиниот раскош и моќ сепак продолжија да растат. Зашто кралевите и нивниот народ сѐ уште ја немаа парасано мудроста и иако веќе не ги сакаа Валарите, барем уште им се плашеа. Не се осмелуваа отворено да ја прекршат Забраната или да отпловат надвор од границите кои им беа назначени. Сѐ уште кон исток ги тераа високите бродови. Но стравот од смртта сѐ повеќе ги притискаше и правеа сѐ што ќе им фаќаше ум за да ја одложат и почнаа да градат големи куќи за мртовците, додека нивните мудреци од утро до мрак ’рмбаа за да ја најдат, ако можат, тајната за повратување на животот или барем на продолжување на дните на човека. Сепак, успеаа да најдат само како да ја зачуваат нерасипана мртвата снага на луѓето; и сета земја ја исполнија со тивки гробници каде што помислата на смрт беше вдлабена во мракот. Но тие кои беа живи уште полакомо се свртија кон мераци и лумпување, сакајќи сѐ поголема сермија и поголеми азна; и по деновите на Тар-Анкалимон адетот да се принесат првите овошки на Еру беше забатален и луѓето веќе ретко кај одеа до Светилиштето врз висините на Менелтарма среде земјата.

Така бидна да во тоа време Нуменорците за првпат дигнаа големи селишта на западните брегови на древната земја; зашто нивната земја им се чинеше намалена и ни место ни мир не ги фаќаше веќе таму и сега копнееја по богатство и владение во Меѓуземјето, штом им се бранеше Западот. Големи пристаништа и јаки кули направија и многумина се вселија во нив; но сега повеќе личеа на владари и господари и збирачи на арач одошто на помагачи и учители. И големите бродови на Нуменорците беа носени кон исток со ветрите и се враќаа целите изнатоварени и моќта и величеството на нивните кралеви раснеше; и пиеја и се гостеја и се облекуваа во злато и сребо.

Во сето ова Вило-побратимите не се мешаа многу. Сега саде тие одеа на север во земјата на Гил-галад, негувајќи си го пријателството со Вилите и одејќи им на помош против Саурон; и нивен пристан беше Пеларгир над устијата на Големиот Андуин. Но Кралските луѓе пловеа далеку на југ; и за царштините и тврдините кои таму ги кренаа останале многу гласини во легендите на Луѓето.

Во оваа Ера, како што на друго место се раскажува, Саурон повторно се воздигна во Меѓуземјето и порасна и пак му се врати на злото со кое Моргот го беше гоел кога стана силен во негова служба. Веќе во деновите на Тар-Минастир, единаесеттиот Крал на Нуменор, ја утврди земјата Мордор и таму ја изгради Кулата Барад-дур и оттогаш севезден се стремеше да загосподари со Меѓуземјето, да стане крал над сите кралеви и како бог да им биде на Луѓето. И Саурон ги мразеше Нуменорците поради делата на дедовците им и древното сојузништво со Вилите и верноста кон Валарите; а не ја заборави ни помошта која Тар-Минастир му ја беше пружил на Гил-галад во дамнина, во времето кога Баш-Прстенот беше искован и кога војна се водеше помеѓу Саурон и Вилите во Ериадор. Сега имаше научено дека на кралевите на Нуменор им пораснала моќта и раскошот, па уште повеќе ги замрази; и се плашеше од нив, да не им текне да му упаднат во земјата и да му го истргнат од раце владението над Истокот. Но долго време не се осмели да ги предизвика Владарите на Морето и се повлече од бреговите.

Но Саурон отсекогаш беше лукав и се вели дека меѓу оние кои ги беше заптисал со Деветте Прстени, имало тројца кои биле баш-големци од нуменорска раса. И кога се воскренаа Улаирите, кои беа Прстеновите Сеништа и негови слуги и силата на неговиот ужас и власта над Луѓето му беше веќе прекумерно порасната, почна да ги кајдисува цврстите места на Нуменорците врз бреговите на морето.

Во тие денови Сенката се продлабочи во Нуменор; и животите на Кралевите од лозата на Елрос опаднаа поради нивниот бунт и со тоа уште повеќе си ги отрпнаа срцата кон Валарите. И деветнаесеттиот крал го зеде жезолот на неговите дедовци и се качи на престолот именувајќи се Адунакор, Владар на Западот, отфрлајќи ги вилинските јазици и забранувајќи да се користат пред негови уши. Но во Кралскиот Свиток името Херунумен беше забележано на говорот на Врховните Вили, зашто беше останато како адет од памтивек кој кралевите се плашеа целосно да го прекинат, за да не ги снајде зло. Оваа титула пак, на Верните им се виде како многу возгореана, одошто беше Валарска титула и срцата им беа горко растргнати помеѓу тоа да се верни на лозата на Елрос и да ги уважуваат назначените Моќи. Но ги чекаше нешто уште полошо. Зашто Ар-Гимилзор дваесет и вториот крал беше најголемиот непријател на Верните. Во негово време Белото Дрво веќе никој не го гледаше и почна да линее; и најстрого забрани да се користат вилинските јазици и ги казнуваше оние кои радо ги пречекуваа бродовите од Ерессеа што сѐ уште потајно доаѓаа до западните брегови на земјата.

Елендилите пак, најмногу домуваа во западните предели на Нуменор; но Ар-Гимилзор им заповеда на сите што ги дозна дека се дел од тој тараф да се иселат од запад и да се вдомат во источниот дел од земјата и таму ги пазеше што прават. Така, главното жилиште на Верните во подоцнежните денови беше близу до пристаништето Роменна; многумина оттаму отпловија за Меѓуземјето кон северните брегови каде што сѐ уште можеа да зборуваат со Елдарите во кралството на Гил-галад. Кралевите ги знаеја, но не им бранеа, доколку Елендилите си заминат од нивната земја и не се вратат; зашто сакаа да го окончаат сето пријателство помеѓу нивниот народ и Елдарите од Ерессеа, кои ги нарекуваа Ушаци на Валарите и сакаа нивните дела и умисли да останат скриени од Владарите на Западот. Но Манве знаеше за сѐ што правеа и Валарите им се насрдија на Кралевите на Нуменор и веќе не им даваа совет и закрила и бродовите од Ерессеа веќе никогаш повеќе не доаѓаа од зајдисонцето и пристаните на Андуние беа запустени.

 Најуважени, по кралската лоза, беа Големците на Андуние; зашто беа од коленото на Елрос, потомци на Силмариен, ќерката на Тар-Елендил четвртиот крал на Нуменор. И овие големци им беа верни на кралевите и ги уважуваа; и Владарот на Андуние секогаш беше меѓу главните советници на Жезолот. Но исто така уште од почетокот тие многу ги милуваа Елдарите и ги уважуваа Валарите и како што раснеше Сенката им помагаа на Верните онолку колку што можеа. Но долго време не се кажуваа на глас, туку гледаа ако можат со мудри совети да ги оправат срцата на владарите на Жезолот.

Имаше една мома, Инзилбет, чија убавина надалеку беше прославена и мајка ѝ беше Линдорие, сестрата на Еарендур, Владарот на Андуние во времето на Ар-Сакалтор, таткото на Ар-Гимилзор. Гимилзор ја зеде за жена, макар што неа непара ѝ се сакаше, зашто во срцето беше една од Верните одошто мајка ѝ така ја беше учела; но кралевите и нивните синови беа возгордеани и никој не смееше да им противречи кога ќе посакаа нешто. Немаше љубов помеѓу Ал-Гимилор и неговата кралица ниту помеѓу нивните синови. Инзиладун, постариот, во умот и снагата беше како мајка си; но Гимилкад, помладиот, беше сиот на татко му, па дури и уште погорд и посвоеглав. Ар-Гимилзор попрво него ќе му го дадеше жезолот отколку на постариот син, ако даваше законот.

Но кога Инзиладун го наследи жезолот, повторно зеде титула на вилински јазик како во дамнина, нарекувајќи се Тар-Палантир, зашто беше далекуглед и во око и во ум и дури и тие кои го мразеа му се плашеа од зборот како од збор на вистински гледач. Тој на Верните им даде малку да поживеат на мира; и повторно, кога ќе дојдеше време, одеше до Светилиштето на Еру врз Менелтарма кое Ар-Гимилзор го беше арнисал. Белото Дрво повторно почна да го гледа со чест; и претскажа дека кога Дрвото ќе витоса, со него ќе сврши и Кралското колено. Но, неговото покајание дојде прекасно за да ја услиши лутината на Валарите за дрскоста на неговите дедовци, за којашто поголемиот дел од неговиот народ и не се каеја. А Гимилкад беше силен и серт и застана на чело на оние кои ги викаа Кралските Луѓе и на глас се противеше на волјата на брата си онолку колку што се осудуваше, а скришно уште повеќе. Така деновите на Тар-Палантир се затемнија од јад; и многу време поминуваше на запад и таму често се качуваше на древната кула на Крал Минастир на ридот Оромет близу Андуние од каде што чезнеејќи гледаше кон запад, надевајќи се да види, барем на кратко, едра среде морето. Но до Нуменор никогаш веќе не стигна брод од Запад и Аваллоне беше обвиен во облаци.

Гимилкад пак, умре две години пред да дочека двесте години (што важеше за рана смрт за некој од Елросовото колено дури и откако лозата почна да опаѓа), но ова не му донесе мир на Кралот. Зашто Фаразон, синот на Гимилкад, беше станал човек уште побеспокоен и пожелен за богатство и моќ од татко му. Често одеше надвор од кралството како водач во војните кои Нуменорците тогаш ги водеа на крајбрежјата на Меѓуземјето сакајќи да си го прошират владението над Луѓето; и така се здоби со голема слава како војвода и на копно и на море. Затоа кога се врати во Нуменор и чу дека татко му умрел, срцата на народот се свртија кон него зашто со себе носеше големо богатство и во тоа време со широка рака го раздаваше.

И бидна да Тар-Палантир се исцрпи од јад и умре. Немаше син, туку само ќерка, која ја крсти Мириел на вилинскиот јазик; и според законот на Нуменорците нејзино беше правото да го наследи жезолот. Но Фаразон со сила ја зеде за жена, па стори зло ем со ова ем одошто законите на Нуменор не дозволуваа венчавање, дури ни во кралската лоза, на оние кои беа поблиска рода од роднини од второ колено. И кога се венчаа, го зграби жезолот в рака ставајќи си ја титулата Ар-Фаразон (Тар-Калион на вилинскиот јазик); а името на кралицата и го смени во Ар-Зимрафел.

Најмоќен и највозгордеан беше Ар-Фаразон Златниот од сите кои имаа повелано со Жезолот на Морските Кралеви уште од основањето на Нуменор; а дваесет и три Кралеви и Кралици беа владееле со Нуменорците пред него и сега спиеја во длабоките гробници под планината Менелтарма, легнати врз кревети од злато.

И седнат врз изрезбарениот престол во градот Арменелос во зенитот на неговата моќ, почна да врти темни мисли, мислејќи на војна. Зашто во Меѓуземјето беше дознал за силата на кралството на Саурон и за неговата омраза кон Западната Краина. И сега му доаѓаа челниците на бродовите и реисите враќајќи се од Исток и му јавуваа дека Саурон си ја спотинал силата, зашто Ар-Фаразон си беше заминал од Меѓуземјето и ги притискал градовите по крајбрежјето; и дека си ја ставил титулата Крал на Луѓето и разгласил дека бил со ниет да ги истурка Нуменорците в море и дури и Нуменор да го уништи, ако бивала таа работа.

Голема лутина го фати Ар-Фаразон кога го чу овој абер и одошто долго време скришно се имаше за тоа думано, срцето му се исполни со копнеж по безгранична моќ и неоспореното владение на неговата волја. И се реши без совет од Валарите ниту со помош на нечија друга мудрост освен неговата, тој самиот да си ја земе титулата Крал на Луѓето и да го примора Саурон да му стане вазал и слуга; зашто во гордоста му се чинеше дека на векот не може да има крал до толку моќен, та да се токми со Наследниот на Еарендил. Затоа во тоа време почна да кова големи купишта оружја; и многу воени бродови направи и ги опреми со силав; и кога сѐ беше спремно, тој самиот отплови со свитата кон Исток.

И луѓето му ги видоа едрата како се приближуваат од зајдисонцето, вапсани од аловина и сјајни со црвено и златно и страв ги фати оние што домуваа крај бреговите и далеку избегаа. Но флотата најпосле стигна до местото што го викаа Умбар каде што беше грамадниот пристан на Нуменорците кој ничија рака не го беше соѕидала. Празни и тивки беа сите земји наоколу кога Кралот на Морето зачекори по Меѓуземјето. Седум дена патуваше со бајраци и труби и стигна до еден рид и се искачи по него и си ги постави таму сеницата и престолот; и седна сред земјата и шаторите на свитата беа кренати насекаде околу него, сини, златни и бели како поле високи цвеќиња. Тогаш испрати телали и му заповеда на Саурон да дојде пред него и да му се заколне на верност.

И Саурон дојде. Слезе од грамадната кула Барад-дур и навистина дојде, мирно и без да се противи. Зашто осозна дека моќта и величеството на Кралевите на Морето е поголемо од сите гласини што ги беше чул за нив и дека не може да смета ниту на најголемите негови слуги да им се спротивстават; и виде дека уште не дошло време за да прави што сака со Дунедаините. И беше итар и вешто знаеше да го добие она што го сака со марифет, кога не ја биваше со сила работата. Затоа се покори пред Ар-Фаразон и си го шеќердиса јазикот; и луѓето се зачудија, зашто сѐ што велеше им се чинеше лично и мудро.

Но Ар-Фаразон уште се немаше излагано и му дојде мисла, за подобро да го варди Саурон и да биде сигурен дека ќе си ја одржи заклетвата за верност, да го одведе во Нуменор за да живее таму како заложник за себеси и за сите негови слуги во Меѓуземјето. Саурон на ова се согласи како демек сосила, но во мислите му се направи ќеф, зашто му дојде баш како порачано. И Саурон премина преку морето и ја погледна земјата Нуменор и градот Арменелос во времето на неговата слава и се восхите; но срцето во него уште толку му се исполни со завист и омраза.

Но толку беше препреден во умот и во устата и во силата на неговата скриена волја, што уште пред три години да изминат стана прв во тајните кралски совети; зашто кога ќе се додворуваше небаре мед да му течеше од уста и се разбираше во многу нешта кои дотогаш им беа неоткриени на Луѓето. И гледајќи колку Кралот му е благонаклонет, сите советници почнаа да се иткаат околу него, освен еден, Амандил, владарот на Андуние. Тогаш низ земјата полека фати промена и срцата на Вило-побратимите баеги им се насекираа и многумина се повлекоа од страв; и иако тие што останаа сѐ уште се нарекуваа Верни, непријателите ги викаа бунтовници. Зашто сега, одошто луѓето толку му одеа по умот, Саурон со многу муабети почна да оди против сѐ она на што ги имаа учено Валарите; и ги натера луѓето да мислат дека во светот на исток, па и на запад, лежат многу мориња и многу земји кои би можеле да ги освојат, кај што азно неброено ги чека. И дури и ако некогаш стигнат до крајот на тие земји и мориња, зад сите нив лежи Древната Темнина. „И од неа е направен светот. Зашто само Темнината вреди да се обожава и нејзиниот Владар може допрва многу други светови да направи како дар за оние кои му служат, та моќта до немајкаде да им се зголеми.“

И Ар-Фаразон рече: „Кој е Владарот на Темнината?“

Тогаш, зад заклучени врати Саурон прозборе со Кралот и го излажа, велејќи: „Тој е оној чие име веќе не се споменува; зашто Валарите ве измамија кога ви зборуваа за него, кажувајќи ви го името Еру кој е саде авет створен во безумието на нивните срца за да можат да ги врзат Луѓето во нивна служба. Зашто тие се пророците на овој Еру, кој говори саде тие што ќе смислат. Но оној кој им е господар допрва ќе надвладее и ќе ве избави од овој авет; а него името му е Мелкор, Владарот на Сѐ, Давачот на Слобода кој може да ве направи посилни од нив.“

Тогаш Кралот Ар-Фаразон се сврте да го обожава Мракот и неговиот владар Мелкор, отпрво скришно, но набрзо и отворено и во лицето на народот; и повеќето од нив тргнаа по него. Но сепак, како што веќе се кажа, во Роменна и во блискиот крај сѐ уште домуваше една останка од Верните, а имаше и други раштркани ваму-таму низ земјата. Нивни челници на кои се потпираа да ги водат и да ги окуражат кога ќе фатеа зли дни, беа Амандил, советникот на Кралот и син му Елендил, чии синови беа Исилдур и Анарион кои тогаш уште беа момчиња според слагањето во Нуменор. Амандил и Елендил беа големи реиси; и беа од коленото на Елрос Тар-Минјатур, иако не од владеачката лоза на којашто ѝ припаѓаше круната и престолот на градот Арменелос. Порано во младоста Амандил му беше бил многу драг на Фаразон и иако беше од Вило-побратимите и понатаму остана во неговиот совет сѐ до доаѓањето на Саурон. Сега беше набркан, зашто Саурон него го мразеше повеќе од сите други во Нуменор. Но тој беше толку благороден и толку силен морски реис, што сѐ уште многу од народот му правеа чест и ни Кралот ни Саурон не се осмелуваа, барем во тоа време, да му сторат нешто.

Затоа Амандил се повлече во Роменна и сите за коишто знаеше дека се уште верни скришно ги повика да појдат со него; зашто му беше страв дека злото сега бргу ќе почне да расне и сите Вило-побратими може да ги снајде беља. И наскоро така и бидна. Зашто на Менелтарма во тие денови жив човек не одеше; и иако дури ни Саурон не се осмелуваше да го испогани тоа високо место, Кралот разгласи дека со смрт ќе го казни секојшто ќе се искачи таму дури и ако беше некој од Верните кои го чуваа Илуватар во срцата. И Саурон го силеше Кралот да го пресече Белото Дрво, Нимлот Личниот, кое растеше во неговиот двор, зашто беше паметник на Елдарите и на светлината на Валинор.

Отпрво Кралот не сакаше да се кандиса, зашто веруваше дека к’сметот на неговата лоза е врзан за Дрвото, како што беше претскажано од Тар-Палантир. И така, од безумие, оној кој сега ги мразеше Елдарите и Валарите напразно се држеше за сенката на старата преданост на Нуменор. Но кога Амандил чу гласина за на каков зол ниет бил Саурон, срцето цело му се јадоса, знаејќи дека на крајот работата пак ќе излезе по негово. Тогаш им прозборе на Елендил и на синовите на Елендил споменувајќи им ја сказната за Дрвата на Валинор; и Исилдур не рече ни збор, но вечерта излезе и стори дело со кое потоа многу се прослави. Зашто појде сам и преправен до Арменелос и до кралскиот двор, каде сега на Верните им беше забрането; и стигна до местото каде што беше Дрвото, каде по наредба на Саурон им беше забрането на сите и и ден и ноќ имаше стражари околу Дрвото кои беа во негова служба. Во тоа време Нимлот беше темен и не цутеше зашто беше касна есен и му се ближеше зимата; и Исилдур мина низ стражарите и зеде од дрвото една овошка што висеше на една гранка и се сврти да си оди. Но стражата се разбуди и го кајдиса, но тој си избори пат здобивајќи се со многу рани и побегна и одошто беше преправен не се дозна чија рака го беше допрела Дрвото. Но Исилдур најпосле стигна едвај некако до Роменна и му ја предаде овошката во рацете Амандил, пред да му папса снагата. Тогаш овошката беше скришно засадена и Амандил ја благослови и од неа се подаде еден изданок кој за’рти кога дојде пролетта. Но кога се отвори првиот лист Исилдур, кој беше лежел долго како на смртна постела, стана и раните веќе не го мачеа.

И токму навреме бидна ова; зашто по нападот Кралот му попушти на Саурон и го пресече Белото Дрво и така целосно ѝ сврти грб на преданоста на неговите дедовци. Но Саурон заповеда на ридот сред градот на Нуменорците, Арменелос Златниот, да се изгради грамаден храм; и долу во основата беше во облик на круг и таму ѕидините беа дебели педесет стапки и ширината на основата беше петстотини стапки преку средината и ѕидините се издигаа од земјата петстотини стапки и беа крунисани со грамадна купола. И таа купула беше сета покриена со сребро и блескаво се издигаше на сонцето, при што светлината можеше уште од далеку да ѝ се види; но набрзо светлината се затемна и среброто стана црно. Зашто сред храмот имаше огнен олтар и на самоти врв на куполата имаше баџа од која излегуваше голем чад. И првиот оган на олтарот Саурон го потпали со исцепеното стебло на Нимлот и тоа зачрчори и изгоре, но луѓето се зачудија од кадежот што се крена од него до толку што земјата седум дена остана под облак, кој најпосле почна да се движи полека кон запад.

Оттогаш оган и чад севезден се креваа, зашто моќта на Саурон катаден растеше и во тој храм, со леење крв и низ страданија и голем поганштилук, луѓето му одаваа жртви на Мелкор за да ги ослободи од Смртта. И жртвите најчесто ги бираа од Верните; но никогаш отворено не велеа дека е поради што не го обожаваат Мелкор, Давачот на Слобода, туку секогаш им качеа работи како демек го мразеле Кралот и биле бунтовници, или дека готвеле планови против нивната рода, готвејќи лаги и отрови. Овие клевети најчесто беа лажни; но тоа беа горки денови, а омразата коти омраза.

Но и покрај сето ова Смртта не си замина од земјата, туку почна да доаѓа поскоро и почесто, престорена во многу страшни ликови. Зашто ако претходно луѓето старееја споро и на крајот беа положени да спијат кога најпосле ќе се измореа од светот, сега лудост и болештини ги налегнуваа, а сепак се плашеа да умрат и да заминат во мракот, во царството на владарот кој го имаа прифатено; и се проколнуваа себеси во теглилото. И луѓето се фатија за оружје во тие денови и почнаа да се тепаат меѓусебе ич за ништо; зашто брзо избувнуваа во лутина и Саурон, или оние кои тој ги имаше врзано за себе, шетаа по земјата свртувајќи брат против брат, па луѓето мрмореа против Кралот или големците, или против оние со кои не требаше да си фаќаат работа; и моќниците сурово се одмаздуваа.

Сепак, долго време на Нуменорците им се чинеше како да им цвета кралството и ако среќата им се немаше зголемено, барем беа посилни, а богатите уште побогати. Зашто со помошта и советите на Саурон си ја намножија сермијата и изнаправија чаркови и градеа сѐ поголеми бродови. И така со моќ и силав пловеа до Меѓуземјето и веќе не доаѓаа како носачи на дарови ниту како владетели, туку како жесток аскер. И ги ловеа луѓето од Меѓуземјето и им ја земаа стоката и ги поробуваа и многумина сурово ги колеа врз олтарите. Зашто во тие денови во тврдините изградија храмови и големи гробници; и луѓето се плашеа од нив и споменот на добродушните кралеви од древните денови залинеа од светот и беше зацрнет од едночудо фрасни сказни.

Така Ар-Фаразон, Кралот на Земјата на Ѕвездата, прерасна во најсилниот тиранин кој некогаш постоел на векот по владеењето на Моргот, иако всушност Саурон беше оној што владееше со сѐ од зад престолот. Но годините минеа и Кралот почна да ја чувствува смртната сенка како му се ближи; и се исполни со страв и гнев. Тогаш чукна часот за кој Саурон се беше спремал и кој долго време го чекаше. И Саурон му прозборе на Кралот велејќи му дека силата сега му е толку голема што со сѐ може да прави што сака без да потклекнува пред ничја наредба или забрана.

И рече: „Валарите си ја држат саде за себе земјата кај што нема смрт; и ви кажуваат лаги за неа, криејќи ја како што знаат и умеат од лакомост и од страв да не Кралевите на Луѓето им го истргнат од раце вечноживото царство и да завладеат со светот место нив. И иако дарот на бесконечен живот направо не е за сите, туку само за оние кои се достојни, за луѓе моќни, горди и од кадро поколение, сепак против секоја Правдина е да овој дар, кој со право му следи, му се брани на Кралот на Кралевите, Ар-Фаразон, најсилен меѓу синовите на Земјата со кој само Манве може да се токми, а којзнае дали и тој може. А големите кралеви не трпат забрани и го земаат она што им следува.“

Тогаш Ар-Фаразон, одошто беше билјосан и чекореше под смртна сенка зашто распонот на дните му беше прикрај, го пориза Саурон и почна да му ја мисли во срцето како може да прави џенг со Валарите. Долго време ја спремаше ваквата умисла и не ја кажуваше на глас, но не можеше од сите да ја сокрие. И Амандил, одошто му стана јасно што намерава Кралот, се увили и се исполни со голем фрас, зашто знаеше дека Луѓето не можат да ги надвијат Валарите во војна и дека гибел ќе го снајде светот ако не се сопре таквата војна. Затоа, го повика син му Елендил и му рече:

„Дните се мрачни и за Луѓето нема надеж, зашто од Верните малкумина останаа. Затоа сум наумил да го сторам истиот ниет кој прататко ни Еарендил го стори во дамнина: да отпловам кон Запад, бранел некој или не и да зборувам со Валарите, дури и со самиот Манве ако треба и да го измолам за помош пред сѐ да се запусти.“

„Но зар би го предал Кралот?“ рече Елендил. „Зашто добро знаеш како нѐ клеветат, дека сме биле предавници и ушаци и сетики досега било на правдина.“

„Ако мислам дека на Манве му е требен таков гласник,“ рече Амандил, „би го предал Кралот. Зашто има само една верност од којашто Човек за ниедна причина не може да се оттргне во срцето си. И јас за милост за Луѓето и за куртул од Саурон Измамникот ќе се молам, зашто има барем уште некои кои останале верни. А казната од Забраната сам на себе ќе ја сносам, за да не испадне крив сиот мој народ.“

„Но што мислиш татко, дека ќе бидне со тие од твојата лоза што ги оставаш зад себе кога ќе се расчуе што си сторил?“

„Не смее да се расчуе,“ рече Амандил. „Скришно ќе се подготвам и ќе запловам кон исток, на каде што катаден пловат бродови од нашиве пристани; а потоа, кога ќе даде ветерот и к’сметот, ќе се свртам, било околу југ или север, назад кон запад, па ќе гледам-ќе правам. А за тебе и за твојот народ синко, ти давам ум да си спремиш други бродови и да го ставиш во нив сето нешта од коишто не ти дава срце да се разделиш; и кога ќе се спремни бродовите, остави ги во пристанот Роменна и рашири меѓу луѓето дека си со ниет, кога ќе ти се види арно, да тргнеш по мене на исток. Амандил веќе не е му е толку мил на нашион роднина на престолот, та многу да нѐ жали ако тргнеме да си одиме, било за едно лето, било засекогаш. Но гледај да не те види дека сакаш да понесеш многу луѓе, зашто ќе се насекира поради војната што сега ја спрема и за којашто ќе му требаат сите сили кои ќе може да ги собере. Побарај ги Верните за коишто се знае дека уште се предани и нека ти се придружат скришно, ако им се сака да тргнат со тебе и да ти се приклучат во умислата.“

„А каква ќе е таа умисла?“ рече Елендил.

„Да си немаш работа со војната и само да гледаш,“ одговори Амандил. „Повеќе не можам да ти кажам дури не се вратам. Но по сѐ се чини дека ќе бегаш од Земјата на Ѕвездата без ѕвезда да те води, зашто таа земја е испоганета. Тогаш ќе изгубиш сѐ што ти е мило начнувајќи ја смртта во животта, барајќи сургун-земја на друго место. Но дали на исток или на запад, само Валарите знаат.“

Тогаш Амандил се збогува со сите дворјани како некојшто е пред умирање. „Зашто,“ рече тој, „може да бидне и никогаш повеќе да не ме видите; и да не можам да ви пуштам знак како што Еарендил пушти во дамнина. Но бидете секогаш спремни, зашто на светот кој досега го знаевме сега му ближи крајот.“

Се вели дека Амандил отпловил ноќе во еден мал брод и фатил прво кон исток, а потоа се свртел и заминал кон запад. И зел со него три слуги што му биле најмили и веќе никогаш ни збор ни знак не се чуло за нив на светот ниту некој раскажал или одгатнал што судбина ги снашло. Луѓето не можат по втор пат да се спасат со такво пратеништво; и за предавството на Нуменор немаше лесно опроштение.

Но Елендил стори сѐ што му порача татко му и ги остави бродовите на источниот брег од земјата; и Верните си ги качија жените и децата и наследијата и едночудо стока. Многу нешта имаше убави и моќни, какви што Нуменорците имаа издумано во деновите на нивната мудрост, пехари и џеваири и свитоци со преданија напишани во алово и црно. Имаа и Седум Камења, дар од Елдарите; а во бродот на Исилудир го вардеа младото дрво, ластарот на Нимлот Личниот. Така Елендил се спреми и си немаше работа со злите дела на тие дни; и катаден бараше знак кој никако не доаѓаше. Тогаш скришно допатува до западните брегови и погледна кон морето, зашто беше почнал да тагува и чемрее одошто толку си го сакаше татка си. Но ништо не можеше да соѕрее, освен флотите на Ар-Фаразон како се збираат во пристаните на запад.

Во дамнина пак, на островото Нуменор времето секогаш беше такво какво што ќе им притребаше на Луѓето: дожд кога ќе му дојдеше времето и секогаш со мера; и сонце, некогаш потопло, некогаш поладно и ветрови од морето. И кога ветрот дуваше од запад на многумина им се чинеше како да е исполнет со мисковина, слаба, но слатка, срцетрогателна, како на цвеќиња кои засекогаш цветаат во вековечни полјани и немаат имиња на смртните брегови. Но сега сето ова беше сменето; зашто самото небо беше замрачено и во тие денови имаше бури со дожд и град и насилни ветришта; и одвреме-навреме по некој од нуменорските бродови ќе батисаше и не ќе се вратеше в пристан, иако таков јад ги немаше дотогаш снајдено уште од изгревот на Ѕвездата. И од запад напати доаѓаше голем облак во квечерината, налик небаре орел, со перја раширени на север и на југ; и ќе се извишеше споро, поклопувајќи го зајдисонцето и тогаш ноќ црна како катран паѓаше врз Нуменор. И некои од орлите носеа громови под крилјата и грмежи татнеа помеѓу морето и облаците.

Тогаш луѓето ги фаќаше страв. „Видете ги Орлите на Владарите на Западот!“ извикуваа. „Орлите на Манве се спуштаат врз Нуменор!“ И сите се простираа ничкум.

Тогаш некои ќе се покаеја на едно лето, но други си ги отрпнуваа срцата и нишаа со тупаниците кон небесата, велејќи: „Владарите на Западот се закренале против нас. Тие удираат први. Следниот удар ќе е наш!“ Овие зборови самиот Крал ги изусти, но беа скроени од Саурон.

Громовите пак, зачестија и почнаа да тепаат луѓе по ридовите и по полињата и во улиците на градот; и еден огнена секавица ја погоди куполата на Храмот и ја расцепи на две и ја овенча во пламен. Но Храмот остана непотресен и Саурон стоеше таму на забот и им пркосеше на громовите и остана неповреден; и во тој час луѓето го нарекоа бог и правеа сѐ што ќе посакаше. Затоа кога им дојде последното знамение, ни пет пари не дадоа. Зашто земјата се затресе под нив и бревтање како на подземен грмеж се смеша со татнежот на морето и чад почна да грга од врвот на Менелтарма. Но Ар-Фаразон уште повеќе запна да се вооружува.

Во тоа време флотите на Нуменорците го затемнија морето во западниот дел на земјата и беа како архипелаг на илјада островија; јарболите им беа како шуми на планините и едрата им беа како стушен облак; и бајраците им беа златни и црни. И сѐ се чекаше на зборот на Ар-Фаразон; и Саурон се повлече во најсредишниот круг на Храмот и луѓето му носеа жртви за горење.

Тогаш Орлите на Владарите на Западот излегоа од дневнината и беа построени како за битка, приближувајќи се во линија чиј крај се оддалечуваше во недоглед; и како што доаѓаа крилјата им се ширеа сѐ пошироко, прегрнувајќи го небото. Но Западот црвено гореше зад нив и тие светеа под него небаре запалени од пламен на голема лутина при што сиот Нуменор беше осветлен како од распламтен оган; и луѓето се пулеа во лицата на нивните другари и им се чинеше како да се вцрвенети од лутина.

Тогаш Ар-Фаразон си го отрпна срцето и се качи на јакиот брод Алкарондас, Морскиот Замок. Едночудо весла имаше и едночудо јарболи, златни и црни; и врз него беше качен престолот на Ар-Фаразон. И си ги обу паноплијата и круната и го крена бајракот и даде знак да се подигнат сидрата и во тој час трубите на Нуменор ги надвикаа грмежите.

Така флотите на Нуменорците тргнаа против заканата од Запад; и немаше многу ветер, но имаа многу весла и многу силни робови за да веслаат под камшикот. Сонцето се спушти и фати голема тишина. Темнина падна врз земјата и морето се затиши, додека светот чекаше да види што ќе бидне. Полека, флотите исчезнаа од пред очите на набљудувачите во пристаните и светлата им замреа и ноќта ги проголта; и изутрината веќе ги немаше. Зашто од исток дојде ветер и ги издува; и ја скршија Забраната на Валарите и запловија по забранети мориња одејќи да прават џенг со Вечноживите и да им истргнат од рацете вечен живот за во Круговите на Светот.

И флотите на Ар-Фаразон дојдоа од преку морските длабини и го опкружија Аваллоне и сето острово Ерессеа; и Елдарите се ужалија, зашто светлината на зајдисонцето беше отсечена од облакот Нуменорци. И најпосле Ар-Фаразон стигна и до Аман, Блаженото Царство и до бреговите на Валинор и сѐ уште сѐ беше тивко и судбата висеше на нишка. Зашто Ар-Фаразон на крајот се попишмани и за малку ќе се вратеше. Срцето почна да го копка кога ги погледна безвучните брегови и го виде Таникветил како сјае, побел од снег, поладен од смрт, тивок, непоколеблив, ужасен како сенката на светлината на Илуватар. Но сега гордоста му беше господар и најпосле го напушти бродот и зачекори по брегот, присвојувајќи си ја земјата за себе ако никој не излезе пред него да се бори за неа. И свитата Нуменорци крена голем бивак околу Туна, од каде што сите Елдари имаа побегнато.

Тогаш Манве од Планината го повика Илуватар и за тоа време Валарите ја теслимија управијата над Арда. А Илуватар си ја покажа моќта и го измени кројот на светот; и голема провалија се отвори во морето помеѓу Нуменор и Вечноживите Земји и водите гргнаа во неа и вревата и чадот на катарактите се искачија до небесата и светот се затресе. И сите флоти на Нуменорците пропаднаа во бездната и се удавија и засекогаш беа проголтани. Но Кралот Ар-Фаразон и смртните воини кои стапнаа врз земјата Аман беа закопани под разрушени ридови: каде што се вели дека лежат заробени во Пештерите на Заборавените, сѐ до Последната Битка и Денот на Судот.

А земјата Аман и Ерессеа на Елдарите беа тргнати и засекогаш преместени надвор од дофат на Луѓето. И Андор, Поклонетата Земја, Кралскиот Нуменор, Еленна од Ѕвездата на Еарендил беше разнебитена до последно. Зашто беше близу до источниот дел на големиот расцеп и темелите ѝ се превртеа и пропадна и потона во темнина и веќе ја нема. И веќе на Светот не останало ниедно место кај што е зачуван споменот на време без зло. Зашто Илуватар ги повлече Големите Мориња западно од Меѓуземјето, а Празните Земји источно и нови земји и нови мориња се направија; и светот се смали, зашто Валинор и Ерессеа беа земени од него и ставени во кралството на скриените нешта.

Во час неочекуван од Луѓето бидна оваа судба, на триесет и деветтиот ден од заминувањето на флотите. Тогаш одненадеж оган избувна од Менелтарма и фати силен ветар и превирањe во земјата и небото се исколчи и ридовите се лизнаа и Нуменор потона во морето и сите негови деца и негови жени и негови моми и негови горди дами; и сите негови градини и негови дворови и негови кули, неговите гробници и азна и неговите џеваири и плетки и неговите насликани и изрезбарени работи и неговата смеа и неговата радост и неговата музика, неговата мудрост и неговите преданија, засекогаш ги снема. И на крајот вишен бран, зелен и студен и крунисан со пена, качувајќи се над земјата ја зеде в пазуви Тар-Мириел Кралицата, полична од сребо или филдиш или бисери. Прекасно тргна да се качува по стрмните патишта на Менелтарма до светото место, па водата ја претече и плачот ѝ се изгуби во бучењето на ветерот.

Но дали Амандил навистина стигнал до Валинор или не; и дали Манве му ја прифатил молитвата, низ милоста на Валарите Елендил и неговите синови и нивниот народ беа поштедени од гибелот на тој ден. Зашто Елендил остана во Роменна одбивајќи го теклифот на Кралот кога тој тргна во војна; и избегнувајќи ги војниците на Саурон кои дојдоа да го зграбат и да го одвлечат до огништата на Храмот, се качи на бродот и се оддалечи од брегот и застана и чекаше. Таму земјата го заштити од големата морска струја која сѐ повлече во бездната и потоа остана засолнат од првата јарост на бурата. Но кога стрвниот бран помина преку земјата и Нуменор падна и се разруши, можеше и него да го покрие и ќе му се видеше како помало зло ако и тој витоса, зашто ни канџите на смртта не беа толку горки како зијанот и теглилото на тој ден; но големиот ветар го подзеде, подив од сите ветрови кои Луѓето ги беа знале, бучејќи од запад и далеку му ги оддува бродовите; и им ги искина едрата и испокрши јарболите, гонејќи ги несреќните луѓе како сламки по водата.

Девет бродови беа: четири за Елендил, за Исилдур три, а за Анарион два; и побегнаа пред црниот оркан од самракот на пропаста кон темнината на светот. И длабините со вишна лутина се издигнаа под нив и бранови небаре раздвижени планини со големи капци на распенет снег ги кренаа сред 'ршумот на облаците и по многу денови ги исфрлија врз бреговите на Меѓуземјето. И сите брегови и крајбрежни предели на западниот свет доживеаа големи промени и гибел во тоа време; зашто морето упадна на копното и батисаа брегови и древните островија се потопија и нови островија се издигнаа; и ридови се разронија и реките се извртеа по чудни патеки.

Елендил и неговите синови потоа основаа кралства во Меѓуземјето; и иако мајсторијата и занаетот им беа само одек на она што постоеше пред Саурон да дојде во Нуменор, сепак на дивите луѓе од светот им се видоа како многу големи. И во други преданија многу се говори за делата на наследниците на Елендил во ерата која дојде потоа; и за нивниот раскол со Саурон кој сѐ уште не беше завршен.

Зашто и самиот Саурон беше исполнет со голем страв од гневот на Валарите и од судот кој Еру го положи врз морето и земјата. Беше далеку поголем одошто тој си мислеше, надевајќи се само на смртта на Нуменорците и пораз на нивниот горд крал. И Саурон, седнат на црното седиште сред Храмот се засмеа кога ги чу трубите на Ар-Фаразон како прогласуваат битка; и пак се засмеа кога го чу грмежот на бурата; и третиот пат, како што се смееше во себе мислејќи за сето она што ќе го прави по светот откако засекогаш ќе се куртули од Едаините, беше спопаднат среде веселба и седиштето и храмот му пропаднаа во бездната. Но телото на Сарурон не беше смртно и иако тогаш обликот во којшто беше изнедрил толку лошотии му беше одземен, за да никогаше веќе не може да им се чини личен во очите на Луѓето, сепак душата му се крена од длабочините и премина како сенка и црн ветер преку морето и се врати во Меѓуземјето и во Мордор, кај што му беше домот. Таму повторно си го стави големиот Прстен во Барад-дур и таму се вдоми, темен и тивок, сѐ додека не си изнедри нова лика, олицетворена слика на лошотилук и омраза; и Окото на Саурон Ужасниот малкумина можеа да го издржат.

Но за овие работи не се кажува во сказната за Потопувањето на Нуменор за коешто сега сѐ е кажано. И витоса дури и името на таа земја и Луѓето потоа не зборуваа за Еленна ниту за Андор, Дарот кој беше одземен ниту за Нуменор на синорот на светот; но сургунџиите на бреговите на морето, ако се свртеа кон Запад од копнеж во срцата, зборуваа за Мар-ну-Фалмар кој бил однесен од брановите, Акаллабет Погибелениот, Аталанте на елдаринскиот јазик.

Меѓу Сургунџиите многумина веруваа дека врвот на Менелтарма, Столбот на Небесата, не е засекогаш потопен, туку дека повторно се беше кренал над брановите, како осамен остров изгубен сред големите води; зашто беше бил осветено место и дури и во дните на Саурон никој го немаше испогането. И имаше некои од семето на Еарендил кои потоа тргнаа да го бараат, зашто се велеше меѓу учените дека далекугледните од дамнина можеле од Менелтарма да наѕрат зрак од Вечноживата Земја. Зашто дури и по гибелот, срцата на Дунедаините сѐ уште беа свртени кон запад; и иако навистина знаеја дека светот е изменет, велеа: „Аваллоне го снема од Земјата и Земјата Аман е тргната и во светот на сегашнава темница веќе не може да се најдат. Но сепак, еднаш беа и затоа сѐ уште се, со сето битие и сред обликот на светот каков што на почетокот беше скроен.“

Зашто Дунедаините веруваа дека дури и смртните Луѓе, ако се благословени, можат да догледаат други времиња освен оние од животот на нивните тела; и вечно копнееја да избегаат од сенката на нивното прогонство и да можат некако да ја видат светлината што не умира; зашто жалоста на помислата на смрт ги беше гонела дури и преку морските длабини. И така бидна да некои од големите морепловци меѓу нив сѐ уште останаа да трагаат по празните мориња, надевајќи се да наидат на островото Менелтарма и оттаму да видат слика на нешта кои некогаш биле. Но не го наоѓаа. И оние кои пловеа до далеку наоѓаа само нови земји, исти како и старите земји и и таму имаше умирачка. А тие кои ќе отпловеа најдалеку само ќе ја опашаа Земјата и најпосле капнати ќе се вратеа до местото од каде што беа почнале и ќе речеа:

„Сега сите патишта се свиткани.“

Така во подоцнежните денови, што од бродските пловидби, што од преданија и ѕвездогледање, кралевите на Луѓето научија дека светот навистина е преправен да е тркалезен, а сепак на Елдарите им е дозволено да го напуштат и да дојдат до Древниот Запад и до Аваллоне, ако сакаа. Затоа учените меѓу Луѓето велеа дека сѐ уште мора да има некој Прав Пат, за оние на кои им е дозволено да го најдат. И учеа дека како што се криви светот стариот пат и патеката на Западниот спомен сѐ уште продолжува небаре грамаден мост што не се гледа и кој поминува низ воздухот на здивот и на летот (кои сега беа свиткани како што и светот беше свиткан) и го пребродува Илмен кој гола снага не може да го издржи, сѐ додека не стигне до Тол Ерессеа, Осаменото Острово, а можеби дури и понатаму, до Валинор, каде што Валарите сѐ уште домуваат и го гледаат разгрнувањето на приказната на светот. И по бреговите на морето изникнаа сказни и гласини кои зборуваа за морепловци и луѓе залутани на море кои, од некоја судбина или милост или закрила на Валарите, беа тргнале по Правиот пат и го виделе лицето на светот како тоне под нив и така стигнале до осветлените кејови на Аваллоне, или дури и до последните плажи на работ од Аман и ја здогледале Белата Планина, страшна и прекрасна, пред да умрат.