Ова е тертипот на земјите во коишто дојдоа Нолдорите во северниот дел на западните предели на Меѓуземјето во древните дни; а ќе се кажува исто и за уредбата по којашто главатарите на Елдарите владееја со земјите и со таборот против Моргот по Дагор Агларебот, третата битка од Војните во Белерианд.
Во северниот дел на светот Мелкор во дамнешни години ги беше извишил Еред Енгрин, Железните Планини, како авлија нa неговиот кастел Утумно; и беа врз границите на пределите на вековен студ во голем свиок од исток кон запад. Зад ѕидините на Еред Енгрин на запад, кај што се навалуваа кон север, Мелкор изгради уште една тврдина како одбрана од напад кој би можел да дојде од Валинор; и кога се врати во Меѓуземјето, како што веќе се кажа, се вдоми во бескрајните зандани на Ангбанд, Пеклиштата на Железо, зашто во војната на Моќите Валарите, одошто вјасаа да го соборат во неговата голема крепост Утумно, не ја уништија Ангбанд до последно ниту ги пребараа сите нејзини длабоки темници. Под Еред Енгрин направи голем тунел кој излегуваше јужно од планините и таму направи грамадна порта. Но над портата и зад неа и сѐ до планините ги натрупа громовитите кули на Тангородрим кои беа направени од пепелта и згурата од неговите подземни печки и огромниот боклук од ископините. Беа црни и пусти и прекумерно вишни и чад им гргаше од врвовите, мрачен и гнасен врз северното небо. Пред портите на Ангбанд долги милји гнасотии и пустош се протегаа кон југ преку широката рамнина Ард-гален; но по доаѓањето на Сонцето бујна трева почна да расте и во времето кога Ангбад беше сардисана и нејзините порти запечатени, растеше зеленило дури и меѓу јамите и раскршените карпи пред самите порти на адот.
На запад од Тангородрим беше Хисиломе, Земјата на Магла, која така Нолдорите на својот јазик ја имаа крстено поради облаците кои Моргот ги прати натаму кога го кренаа првиот бивак; Хитлум стана на јазикот на Синдарите кои домуваа во тие предели. Лична земја беше додека траеше Опсадата на Ангбанд, иако воздухот беше ладен, а зимите студени. На запад се граничеше со Еред Ломин, Ѕвонливите Планини, кои се простираа близу морето; а на исток и југ со големиот свиок на Еред Ветрин, Сенишните Планини, кои гледаа преку Ард-гален и Долот на Сирион.
Финголфин и син му Фингон го држеа Хитлум и најголемиот дел од народот на Финголфин домуваше во Митрим околу бреговите на големото езеро; на Фингон пак, му беше даден Дор-ломин кој се протегаше западно од Планините Митрим. Но главната тврдина им беше во Еител Сирион во источниот дел на Еред Ветрин, од каде што чуваа стража над Ард-гален; и нивната коњица јаваше по таа рамнина дури и до сенките на Тангородрим, зашто од неколку, коњите бргу им се намножија, а тревата на Ард-гален беше бујна и зелена. На тие коњи, многу од татковците им потекнуваа од Валирнор и му беа дадени на Финголфин од Меидрос како надомест за загубите, зашто беа пренесени со брод до Лосгар.
Западно од Дор-ломин, зад Ѕвонливите Планини кои јужно од Вливот Дренгист се простираа кон копното, лежеше Невраст, што на синдаринскиот јазик гласи Вамошен Брег. Тоа име прво им беше дадено на сите крајбрежја јужно од Вливот, но покасно само на земјата чии брегови се протегаа помеѓу Дренгист и планината Тарас. Долги години таму беше кралството на Тургон мудриот, синот на Финголфин, ограничено од морето и од Еред Ломин и од ридовите кои ги продолжуваа ѕидиштата на Еред Ветрин кон запад, од Иврин до планината Тарас која се наоѓаше врз еден ’рт. Некои сметаа дека Невраст повеќе како да беше дел од Белерианд, а не од Хитлум, зашто беше јужовна земја, наводната од влажните ветрови од морето и заштитена од студените северни ветрови што дуваа над Хитлум. Беше вдлабната земја опкружена со планини и големи крајбрежни гребени повисоки од рамнините зад нив и низ неа не течеа реки; и имаше еден голем вир сред Невраст кој немаше јасни брегови, зашто беше опкружен со широки блата. Линаивен беше името на тој вир, поради мноштвото птици кои таму се гнездеа, од таквите кои сакаат високи трски и плитки бари. При доаѓањето на Нолдорите многу од Сивите Вили живееја во Невраст близу бреговите и особено околу планината Тарас на југозапад; зашто тоа место напати беше било врталиште на Улмо и Оссе во дамнина. Сиот тој народ го зеде Тургон да им биде владар и смесувањето на Нолдорите и Синдарите таму бидна најрано; и Тургон долго домуваше во дворот кој ги крсти Винјамар, под планината Тарас крај морето.
Јужно од Ард-гален големиот балкан наречен Дортонион се протегаше сто и осумдесет милји од запад кон исток; големи борови шуми имаше на него, а особено на северните и западните страни. Преку благи падини од рамнината се издигаше во штура и вишна земја каде многу цирковници се протегаа под нозете на голи тепиња чии капци беа повисоки од врвовите на Еред Ветрин; но на југ кaj што гледаше кон Дориат се спушташе нагло во страшни врлини. Од северните падини на Дортонион Ангрод и Аигнор, синовите на Финарфин, ги вардеа полињата на Ард-гален и му беа вазали на брат им Финрод, владарот на Нарготронд; мал народ живееше со нив зашто земјата беше јалова и големите балкани одзади ги сметаа за дувар кој Моргот не би се осмелил туку-така да го премине.
Помеѓу Дортонион и Сенишните Планини имаше тесен дол чии стрмни ѕидини беа прекриени со борови; но самиот дол беше зелен, зашто реката Сирион течеше низ него вјасајќи кон Белерианд. Финрод го држеше Преминот на Сирион и на адата Тол Сирион сред реката изгради грамадна караула, Минас Тирит; но откако беше направен Нарготронд таа тврдина му ја остави на брат му Ородрет.
Големата и лична земја Белерианд пак, се протегаше на обете страни на силната река Сирион, прославена во песни, што извираше кај Еител Сирион и ги порабуваше краевите на Ард-гален пред да се спушти низ преминот, станувајќи уште пообилна од планинските потоци. Оттаму течеше триста и деведесет милји кон југ собирајќи ги водите од многуте притоки сѐ додека во силен наплив не стигнеше до нејзините многубројни устија и песокливи утоки во Заливот Балар. И следејќи ја Сирион од север до југ по десното течение во Западен Белерианд се протегаше Шумата Бретил помеѓу Сирион и Теиглин, а по неа царството Нарготронд помеѓу Теиглин и Нарог. И реката Нарог извираше кај водопадите на Иврин на јужното лице од Дор-ломин и течеше двесте и четириесетина милји пред да ѝ се приклучи на Сирион во Нан-татрен, Земјата на Врби. Јужно од Нан-татрен имаше предел на полјани полни со многу цвеќиња каде што малку народ домуваше; а понатаму се протегаа блатата и островите од трски околу уситјата на Сирион и песоците на нејзините утоки испразнети од секој жив свет освен птиците од морето.
Но царството Нарготронд се простираше и западно од Нарог до реката Неннинг која стигаше до морето кај Егларест; и Финрод им стана главатар на сите Вили од Белерианд помеѓу Сирион и морето, освен во Фалас. Таму домуваа оние Синдари кои сѐ уште љубеа бродови и нив Кирдан бродоградителот им беше владар; но помеѓу Кирдан и Финрод имаше пријателство и сојузништво и со помош на Нолдорите пристаните Бритомбар и Егларест повторо беа соѕидани. Зад нивните големи ѕидини тие прераснаа во лични градови и пристаништа со кејови од камен. Врз ’ртот западно од Егларсет Финрод ја подигна кулата Барад Нимрас за да го варди западното море, иако испадна дека е без потреба: зашто Моргот никогаш не се проба да изгради бродови или да завојува на море. Од вода бегаа сите негови слуги и кон морето никој не се осудуваше ни да се приближи, освен во најголема нужда. Со помош на Вилите од Пристаните некои од народот на Нарготронд изградија нови бродови и заминаа да го истражат големото Острово Балар, мислејќи таму да кренат крајно засолниште ако злото наваса; но не им беше судено таму да се задомат.
Така царството на Финрод беше од сите најголемо, иако тој беше најмлад од сите нолдорски владари, Финголфин, Фингон и Меидрос и Финрод Фелагунд. Но Финголфин го сметаа за главатар на сите Нолдори, а Фингон по него, иако нивно кралство беше само најсеверниот дел на Хитлум; но сепак нивниот народ беше најбодар и најјуначки и нив Орките најмногу им се плашеа, а Моргот најмногу ги мразеше.
Покрај левото течение на Сирион се протегаше Источен Белерианд долг триста милји кај што беше најширок, од Сирион до Гелион и границите на Оссирианд; а пред него, помеѓу Сирион и Миндеб, се протегаше празната земја Димбар под врвовите на Криссеигрим, домовината на Орлите. Помеѓу Миндеб и горните води на Есгалдуин се протегаше не-земјата Нан Дунгортеб; и тој предел беше исполнет со страв, зашто од едната страна моќта на Мелиан ја оградуваше северната марка на Дориат, но од другата страна стрмните врлини на Еред Горгорот, Планините на Ужасот, се спуштаа од високиот Дортонион. Таму, како што претходно се кажа, Унголиант беше избегала од камшиците на Балрозите и на некое време таму и домуваше полнејќи ги пропастите со нејзината душогубна мрачнина, а откако ја снема, таму ѝ остана поганата пород која продолжи да ткае злобни мрежи; и тенките води што претекуваа од Еред Горгорот се испоганија и станаа опасни за пиење, зашто срцата на оние кои ќе ги вкусеа им се исполнуваа со сенки на безумие и очај. Сите живи нешта бегаа од таа земја и Нолдорите минеа низ Нан Дунгортеб само во најголема иктиза, по патеки близу до границите на Дориат и најоддалечени од опседнатите ридови. Тој пат беше направен многу одамна во времето уште пред Моргот да се врати во Меѓуземјето и ако човек патуваше по него ќе излезеше на исток кај Есгалдуин каде што и во деновите на Опсадата сѐ уште стоеше камениот мост Иант Иаур. Оттаму се преминуваше во Дор Динен, Тивката Земја и преминувајќи преку Ароссиах (што значи Бродовите на Арос) се доаѓаше до северните марки на Белерианд, каде што домуваа синовите на Феанор.
На југ се протегаа вардените кории на Дориат, домовината на Тингол, Скриениот Крал, во чие кралство не доаѓаше никој освен оние кои тој ќе ги повикаше. Неговиот северен и помал дел, Шумата Нелдорет, беше ограничена од исток и југ од темната река Есгалдуин која сред земјата се свиваше кон запад; и помеѓу Арос и Есгалдуин се протегаа погустите и поголеми кории на Регион. На јужните брегови на Есгалдуин каде што таа скршнуваше кон запад за накај Сирион беа Пештерите Менегрот и сиот Дориат се наоѓаше источно од Сирион освен еден тесен горски предел помеѓу сливот на Теиглин и Сирион и Вировите на Самрак. Луѓето од Дориат оваа корија ја викаа Ниврим, Западната Марка; големи дабови растеа таму и и таа беше опкружена со Појасот на Мелиан за да дел од Сирион, која Мелиан ја сакаше од чест кон Улмо, секогаш биде под моќта на Тингол.
На југозапад во Дориат кај што Арос се слеваше во Сирион имаше големи басени и блата на обете страни од реката која тука го запираше текот и се расчленуваше во многу канали. Тој предел беше наречен Еилин-уиал, Самрачните Вирови, зашто беа завиени во магла и маѓепството на Дориант лежеше врз нив. Сиот северен дел на Белерианд се навалуваше кон југ до ова место и потоа продолжуваше како рамнина и напливот на Сирион се смируваше. Но јужно од Еилин-уиал земјата се спушташе нагло и стрмно и сите долни полиња на Сирион беа одделени од горните полиња со оваа падина, што ако човек се испулеше од југ кон север ќе му се видеше како бескраен ридски синџир кој почнува од Егларест зад Нарог на запад, до Амон Ереб на исток од каде што се гледаше Гелион во далечините. Нарог врвеше помеѓу овие ридови низ длабок кланец и течеше низ брзаци, но не се спушташе и на нејзиниот западен брег земјата се издигаше во големиот горски балкан Таур-ен-Фарот. На западната страна на овој кланец каде што кусиот и пенлив поток Рингвил главечки се впушташе кон Нарог од Високиот Фарот, Финрод го основа Нарготронд. Но на околу седумдесет и пет милји источно од кланецот на Нарготронд, Сирион паѓаше од северната страна во силен водопад под Вировите и потоа наеднаш се нурнуваше подземи во големи тунели коишто тежината на нејзината вода ги беше издлабила; и повторно избиваше десет милји на југ со голема бучава и чад низ карпестите сводови во подножјето на ридовите кои беа наречени Портите на Сирион.
Оваа падина делник беше крстена Андрам, Долгиот Ѕид од Нарготронд до Рамдал, Крајот на Ѕидот, во Источен Белерианд. Но на исток стрмнините на ѕидот стануваа сѐ поблаги зашто долот на Гелион полека се закосуваше кон југ и Гелион која долж целото течение немаше ниту водопади ниту брзаци, сепак беше побрза од Сирион. Помеѓу Рамдал и Гелион се издигаше осамен рид кој беше со голема ширина и благи падини, но кој се чинеше појак одошто беше, зашто стоеше сам; и тој рид беше крстен Амон Ереб. На Амон Ереб умре Денетор, владарот на Нандорите кои домуваа во Оссирианд, кој му дојде на помош на Тингол против Моргот во оние денови кога Орките за првпат се истурија и го скршија ѕвездениот мир на Белерианд; и на тој рид домуваше Меидрос по големиот пораз. Но јужно од Андрам помеѓу Сирион и Гелион имаше дива земја со заплеткани шуми во која никој не влегуваше, освен по некои Темни Вили кога ќе заталкаа; Таур-им-Дуинат беше крстена, Шумата помеѓу Реките.
Гелион беше голема река и извираше од два врутока и на почетокот имаше два разграноци; Мал Гелион кој доаѓаше од Ридот Химринг и Голем Гелион кој доаѓаше од планината Рерир. Од местото кај што ѝ се среќаваа краците, течеше сто и дваесет милји на југ пред да се сретне со своите притоки; и пред да се сретне со морето беше веќе два пати подолга од Сирион, иако не толку широка и обилна, зашто повеќе дожд паѓаше во Хитлум и Дортонион од каде што Сирион ги црпеше водите, отколку на исток. Од Еред Луин дотекуваа шесте притоки на Гелион: Аскар (која потоа беше наречена Ратлориел), Талос, Леголин, Брилтор, Дуилвен и Адурант, брзи и немирни потоци кои стрмно паѓаа од планините; и помеѓу Аскар на север и Адурант на југ и помеѓу Гелион и Еред Луин се протегаше големата зелена земја Оссирианд, Земјата на Седум Реки. На едно место близу до средината на неговото течение, потокот Адурант се делеше и пак се спојуваше; и островот која го заградуваа неговите води беше крстен Тол Гален, Зелената Ада. Таму домуваа Берен и Лутиен, откако се вратија.
Во Оссирианд домуваа Зелените Вили зад закрилата на нивните реки; зашто после Сирион, Улмо го сакаше Гелион повеќе од сите други води во западниот свет. Горската мајсторија на Вилите од Оссирианд беше таква што патник можеше од крај до крај да ја изоди нивната земја и ниту еден од нив да не види. Во пролет и лето беа зарубени во зелено и звукот на нивното пеење можеше да се чуе дури и преку водите на Гелион; па Нолдорите таа земја ја крстија Линдон, земја на музиката и планините зад неа ги крстија Еред Линдон, зашто од Оссирианд први нив ги гледаа.
Источно од Дортонион марките на Белерианд беа најотворени за напад и само ридови кои непара беа високи го вардеа долот на Гелион од север. Во тој предел, на Марката на Меидрос и во земјите после неа, домуваа синовите на Феанор со многу народ; и нивните јавачи често минеа преку пространата северна рамнина Лотлан, кој беше широка и празна, источно од Ард-гален, за да не му текне на Моргот да проба да појуриша кон Источен Белерианд. Главниот кастел на Меидрос беше на Ридот Химринг, Вечно-студениот; кој беше широкоплеќест, гол и со рамен капец и опкружен со многу помали ридови. Помеѓу Химринг и Дортонион имаше премин, стрмен на запад - дотолку бидува, а тоа беше Преминот Аглон кој беше порта за влез во Дориат; и остар ветер непрестајно дуваше низ него од север. Но Келегорм и Куруфин го утврдија Аглон и го бранеа со голема војска, заедно со сите краишта на Химлад на југ помеѓу реката Арос која извираше во Дортонион и нејзината притока Келон која доаѓаше од Нимрин.
Помеѓу краците на Гелион беше покраината на Маглор и тука на едно место ридовите потполно прекинуваа: и Орките оттаму имаа влезено во Источен Белерианд пред Третата Битка. Затоа Нолдорите имаа едночудо коњаници во рамнините на тоа место и народот на Карантир ги утврдија планините на исток од Маглоровиот Јаз. Таму планината Рерир и многу пониски висини околу неа се извишуваа од главниот чаир на Еред Линдон на запад; и на ќошот помеѓу Рерир и Еред Линдон имаше езеро засенето од планини од сите страни, освен од југ. Тоа беше Езерото Хелеворн, длабоко и темно и крај него беше домовината на Карантир; но сета пространа земја помеѓу Гелион и планините и помеѓу Рерир и реката Аскар Нолдорите ја викаа Таргелион, што означува Земјата зад Гелион или Дор Карантир, Земјата на Карантир; и тука Нолодорите за првпат ги сретнаа Џуџињата. А Таргелион Сивите Вили претходно ја викаа Талат Рунен, Источната Долина.
Така синовите на Феанор под Меидрос беа владари на Источен Белерианд, но народот во тоа време им живееше најмногу во северниот дел од земјата и на југ јаваа само за да ловат во орманите. Но таму беше домовината на Амрод и Амрас кои ретко кај доаѓаа на север додека траеше Опсадата; а и други од Вилинските Владари напати јаваа таму, дури и од далеку, зашто земјата иако дива, беше многу лична. Од нив Финрод Фелагунд доаѓаше најчесто, зашто многу сакаше да талка и одеше дури и во Оссирианд каде што го спечали пријателството на Зелените Вили. Но никој од Нолдорите не ги преминуваше Еред Линдон сѐ додека им траеше царството; па малку вести, а и касно, доаѓаа во Белерианд за сѐ она што се случуваше во пределите на Исток.