XII<br></br>За луѓето - Полиграматон

XII

За луѓето


Така Валарите седнаа на раат зад планините; и одошто му дадоа светлина на Меѓуземјето, долго време не го мислеа и го оставија, па господството на Моргот беше неоспорено од никој, освен од јунаштвото на Нолдорите. Сургунџиите најмногу Улмо ги имаше на мукает, кој од сите води собираше вести за Земјата.

Оттогаш натаму се слагаа Годините на Сонцето, кои се побрзи и покуси од долгите Години на Дрвата на Валинор. Во тоа време воздухот во Меѓуземјето натежна со здивот на растеж и смртност и промената и стареењето на сите нешта прекумерно се забрзаа; живот се развиори низ почвата и водите во Втората Пролет на Арда и Елдарите се намножија и под новото Сонце Белерианд се раззелени и разубави.

Со првиот изгрев на Сонцето Помладите Чеда на Илуватар се пробудија во земјата Хилдориен во источните предели на Меѓуземјето; но првото Сонце изгреа на Запад и отворените очи на Луѓето се свртија кон него, па како што талкаа низ Меѓуземјето нозете сѐ натаму ги носеа. Елдарите нив ги крстија Атани, Вториот Народ; но ги викаа и Хилдори, Следбениците и многу други имиња им дадоа: Апанонар, Потемродените, Енгвар, Болежливите и Фиримар, Смртните; и ги викаа и Приграбувачите, Јабанџиите, Недоловливите, Себеколначите, Неспретните, Мракобојазливите, Чеда на Сонцето. За Луѓето малку се кажува во овие сказни кои зборуваат за Најстарите Дни пред воскревањето на смртниците и замирањето на Вилите, освен за оние Човечки татковци, Атанатарите, кои во првите Години на Сонцето и Месечината талкаа низ северните краеви на светот. Во Хилдориен кај Луѓето не појде Вала за да ги води или да ги викне да домуваат во Валинор; па тие повеќе се плашеа од Валарите одошто ги милуваа и не ја разбираа умислата на Силите, па се разидуваа со нив и беа во раскол со светот. Но Улмо сепак не ги остави така, помагајќи му во ниетот и волјата на Манве; и често им испраќаше пораки по потоците и напливите. Но за такви работи нив не ги бива ни денес, а уште помалку во тие денови пред да се смешаат со Вилите. Затоа ја сакаа водата и срцата им заигруваа, но пораките не ги разбираа. Сепак, се вели дека набрзо на многу места почнале да ги среќаваат Темните Вили и се спријателиле со нив; и така Луѓето во младоста им станаа придружници и ученици на тој исконски народ, талкачи од вилинската раса кои никогаш не тргнаа по патот за Валинор и кои Валарите ги знаеја само како гласина и далечно име.

Моргот во тоа време скоро беше дојден во Меѓуземјето и силата сѐ уште не му беше многу раширена, а го сопираше и ненадејното доаѓање на големата светлина. Низ земјата и ридовите немаше многу бељи; и едночудо нови работи, одамна скроени во мислата на Јаванна и посеани како семиња во мракот, напосле пркнаа и процутија. Кон Запад, Север и Југ се раширија и се расталкаа човечките чеда и радоста им беше како радоста на утрото кога росата е свежа и секој лист е зелен.

Но зората е куса и денот не секогаш по неа се познава; па така ближеше времето на големите војни на силите од Север, кога и Нолдорите и Синдарите и Луѓето се здружија против свитите на Моргот Бауглир и се запустија. И во сето ова препредените лаги кои Моргот во дамнина ги имаше посеано и севезден ги сееше меѓу душманите и клетвата од крвнината во Алквалонде и заклетвата на Феанор непрестајно имаа удел. Тука се кажува само за некои од делата од тие денови, а најмногу за Нолдорите и за Силмарилите и за смртниците кои се заплеткаа во нивната судбина. Во тие денови Вилите и Луѓето беа слична по става и снага, но Вилите имаа поголема мудост и вештина и убавина; а оние кои имаа живеено во Валинор и ги имаа видено Силите, ги надминуваа Темните Вили во сѐ, исто како што овие ги надминуваа луѓето смртници. Само во царството Дориат, чијашто кралица Мелиан беше рода со Валарите, Синдарите можеа донекаде да ја стигнат славата на Калаквендите од Блаженото Царство.

Бесмртни беа Вилите и мудроста им раснеше од век на век и ни од болештина ни од помор не можеа да умрат. Телата им беа направени од земjината граѓа и можеа да им се уништат; и во тие денови им беа повеќе како телата на Луѓето, зашто го немаа носено долго во себе пламенот на нивните души, кој ги калеми одвнатре како што врват годините. Но Луѓето беа покревки и полесно умираа од оружје или несреќа и потешко се лечеа; паѓаа болни од многу болештини; и старееја и умираа. Што ги чека нивните души потоа, Вилите не знаат. Некои велат дека и тие одат во дворовите на Мандос; но чекалиштето не им е исто со Вилите и под Илуватар само Мандос, освен Манве, знае каде одат кога пак ќе се повикани од тие тивки дворови крај Надворешното Море. Никој не се вратил од палатите на мртвите, освен Берен синот на Барахир чијашто рака имаше допрено Силмарил; но тој оттогаш со никој смртник не прозборе. Судбината на Луѓето по смртта можеби и не е во рацете на Валарите ниту е сѐ претскажано во Музиката на Аинурите.

Во подоцните дни, кога поради тржеството на Моргот Луѓето и Вилите се отуѓија та му се направи ќефот, тие од вилинската раса кои сѐ уште живееја во Меѓуземјето замреа и залинееја, па Луѓето ја приграбија сончевата светлина. Тогаш Квендите заталкаа по осамените места низ широките земји и островија и им се оддадоа на месечевата и ѕвездената светлина и на кориите и пештерите, постанувајќи небаре сенки и спомени, освен оние кои одвреме-навреме ќе отпловеа кон Запад и ќе ги снемаше од Меѓуземјето. Но во зората на годините, Вилите и Луѓето беа сојузници и се имаа за побратими и некои од Луѓето ја научија мудроста на Елдарите и станаа големци и јунаци меѓу нолдорските војводи. А во славата и убавината на Вилите и во нивната судбина голем удел имаа и породите на вили и смртници; Еарендил и Елвинг и синот им Елронд.