Прославата - Полиграматон

Прославата


„Efficiunt Daemones, ut quae non sunt, sic tamen

quasi sint, conspicienda hominibus exhibeant.“

- Лактанциј


Бев далеку од дома и ме имаше обземено маѓијата на источното море. Го чув на самрак како удира врз карпите и знаев дека се протега веднаш зад ридовите кај што искривените врби се врголеа наспроти разведреното небо и првите ѕвезди на квечерината. И одошто дедовците ме беа повикале во старата паланка од другата страна, се пробивав низ плиткиот, новопаднат снег по патот кој осамено се извишуваше нагоре кон кајшто Алдебаран мижуркаше среде дрвјата; кон многу древната паланка која никогаш ја немав видено, но често ја имав сонувано.

Беше Јул, кој луѓето го викаат Божиќ, иако во срцата знаат дека е постар од Витлеем и Вавилон, постар од Мемфис и човештвото. Беше Јул и најнакрај бев стигнал до древната морска паланка кај што моите беа домувале и држеле прослави во дамното време кога прославите биле забранети; и каде што им заповедале на синовите и тие да држат прослави по еднаш на секој век, за да не би се заборавиле спомените на првобитните тајни. Моите биле стар народ и беа биле стари дури и кога оваа земја за првпат била населена пред триста години. И биле чудни, зашто беа дошле како мрачна, стаена раја од опивните јужни градини на орхидеи и зборувале на друг јазик пред да го научат јазикот на синооките рибари. А сега се раштркани делејќи ги само обредите на мистерии кои никој жив не може да ги разбере. Саде јас се вратив таа вечер до старата рибарска паланка како што повелаше легендата, зашто само сиромавите и осамените паметат.

Тогаш зад ридскиот срт го видов Кингспорт подмрзнато спрострен под акшамот; снежниот Кингспорт со древните ветрокази и кули, слемиња и капи на оџаци, докови и мовчиња, врбови дрвја и гробишта; бескрајни лавиринти од стрмни, тесни, кривулести улици и вртоглав црквокрунисан средиштен врв кој годините не се дрзнале да го допрат; недооден русвај на колонијални куќи натрупани и раштркани по најразлични ќошиња и нивоа небаре растурени детски коцки; антика која на сиви крилја лебди над зимнобели калкани и мансардни покриви; светларници и прозорци со мали окна кои еден по еден светкаат во студените мугри придружувајќи му се на Орион и архаичните ѕвезди. А врз гнилите докови удираше морето; потајното море од памтивек, од коешто луѓето беа дошле во времето од дамнина.

Покрај патот, до неговиот срт, се издигаше еден уште повисок капец, тмурен и исшибан од ветер и видов дека се гробишта каде што црни надгробни плочи гробождерно стрчеа од снегот како гнилите нокти на некој џиновски леш. Неизбраздениот пат беше многу осамен и понекогаш како да дослушував некое далечно ужасно крцкање небаре на вешало на ветерот. Четири мои роднини ги имаа обесено за вештерство во 1692, но не знаев точно каде.

Како што патот се спушташе кон морската падина наслушав да ги чујам веселите звуци на село при квечерина, но не ги чув. Тогаш помислив на годишниот период и ми текна дека овој стар пуритански народ можеби има божиќни адети што би ми се виделе чудни и што се полни со стишени молитви крај каминот. Затоа потоа не наслушував да чујам веселби или гледав да начекам патници намерници, туку продолжив надолу крај стишените осветлени куќи и сенишните камени ѕидови до кај што знаците над древните дуќани и приморските крчми крцкаа на соленото ветре и гротескните алки за тропање на застолбените врати долж напуштените, непоплочени сокаци сјаеја на светлината од мали, завесени прозорци.

Имав разгледувано карти на паланката и знаев каде да го најдам домот на моите. Ми беше кажано дека ќе ме познаат и пречекаат, зашто селските легенди се долговечни; па поитав по улицата „Бек стрит“ до „Сркл корт“ и преку пресниот снег на единствениот плочник од камени плочки во градот, до кај што „Грин лејн“ води зад стоковната куќа. Старите карти уште беа верни и лесно се снајдов; макар што сигурно ме имаа излажано во Аркам кога ми кажаа дека низ местово врвел трамвај, зашто над мене не видов ни една жица. Снегот и онака ќе ги имаше сокриено шините. Мило ми беше што се одлучив да одам пеш, зашто белото село ми се виде како многу убаво од ридот; и сега едвај чекав да затропам на вратата на моите, седмата куќа од лево на „Грин лејн“, со древен зашилен покрив и издаден втор спрат, целата изградена пред 1650.

Кога се приближив, во куќата гореше светло и од ромбоидните прозорни окна ми се виде како да е оставена во иста состојба како што била и во антика. Горниот дел ја надвиснуваше тесната обрасната улица и скоро се среќаваше со надвиснатиот дел од куќата отспротива, па скоро како да бев во тунел, со низок камен праг целосно исчистен од снег. Немаше тротоар, но многу куќи имаа високи врати до кои се стигаше со дупли скалишта со железни ракофати. Несекојдневна сцена беше и одошто бев дојденец во Нова Англија дотогаш немав видено такво нешто. Макар што ме бендиса, ќе ми беше повеќе по ќеф ако имаше стапки во снегот и луѓе на улиците и неколку прозорци непрекриени со завеси.

Кога ја разгласив железната, архаична алка за чукање како упола да ме фати страв. Некој уплав ми се имаше собрано во душата, можеби од чудноста на мојата прадедовина и тмурноста на квечерината и настраноста на тишината во таа престарена паланка со своевидни адети. А кога добив одговор на тропањето целосно ме фати страв, зашто не бев чул стапалки пред да се отвори крцкавата врата. Но не ми беше страв за долго, зашто повиениот старец во влечки на вратата имаше безизразно лице кое ме успокои и иако ми даде знак дека е нем, ми напиша старовремско и древно добредојде со стилусот и восочната табла кои ги носеше.

Ми мавна да влезам во една ниска соба осветлена со свеќи, со огромни непокриени чатми и темна, крута, оскудна покуќнина од седумнаесеттиот век. Минатото тука беше живописно, одошто ни една одлика не фалеше. Имаше камин небаре пештера и вретено над коешто со грбот кон мене седеше една подвиткана старица во широка згорница и длабоко навлечена женска капа, тивко предејќи и покрај празникот. Неодредена спарност како да висеше над местото и се зачудив како нема разгорено оган. Дрвен стол со висок наслон беше свртен налево кон редица завесени прозорци и се чинеше како да е зафатен, макар што не бев сигурен. Не ми се допадна сето она што го видов и повторно го почувствував стравот којшто го бев имал. Стравот ми се засили од истото она што претходно ми го имаше намалено, зашто колку повеќе гледав во безизразното лице на старецот толку повеќе баш таа безизразност и ме ужаснуваше. Очите воопшто не се мрдаа, а кожата премногу му беше небаре восок. Најпосле бев сигурен дека воопшто не е лице, туку ѓаволско лукава маска. Но млитавите раце, во своевидни ракавици, срдечно пишуваа врз плочата и ми велеа дека морам малку да почекам пред да ме одведат до местото на прославата.

Покажувајќи тогаш кон еден стол, маса и куп книги, старецот ја напушти собата; и кога седнав да читам видов дека книгите се ветви и мувлосани и дека меѓу нив се разузданата „Чудесии на науката“ на стариот Мористер, ужасната „Садукизмус триумфатус“ на Џозеф Гланвил, објавена во 1681, потресната „Дајмонолатреја“ на Ремигиј испечатена во 1595 во Лион и налоша од сите, неспоменливиот „Некрономикон“ на лудиот Арап Абдул Алхазред, во забранетиот латински превод на Олаус Вормиус; книга којашто никогаш ја немав видено, но за којашто имав чуено како се шепотат чудовишни нешта. Никој не ми прозборе, но можев да го чујам крцкањето на дуќански знаци на ветерот однадвор и брмчењето на вретеното како што старицата со капата и понатаму тивко предеше и предеше. Собата и книгите и луѓето ми се видоа многу морбидни и обеспокојувачки, но бидејќи стариот обичај на моите дедовци ме беше повикал на чудната слава, се спремив да очекувам настрани нешта. Така, се обидов да читам и наскоро трепетливо потонав во нешто што го најдов во тој проколнат „Некрономикон“; една мисла и легенда преодвратна за здраворазумност или свест. Но не ми се допадна кога ми се пристори дека го слушам затворањето на еден од прозорците кон којшто беше свртен дрвениот стол, како да бил нечујно отворен. Се чинеше дека проследува некакво брмчење кое не беше од вретеното на старицата. Меѓутоа ова не беше ништо, зашто старицата многу гласно предеше, а и престарениот часовник чукаше. По ова го изгубив чувството дека има некој на дрвениот стол и внимателно и трепетливо читав кога старецот се врати со обуени чизми и во широк антички костим и седна баш на скамијата, па не можев да го видам. Чекањето навистина беше нервозно и двојно понервозно заради богохулната книга што ми беше во рацете. Меѓутоа, кога зачука единаесет часот, старецот стана, бесшумно се лизна до еден огромен изрезбарен ковчег во ќошот и изваде две наметки со качулки; од коишто едната ја обу, а другата ја наметна околу старицата, која прекинуваше со едноличното предење. Потоа двајцата тргнаа кон влезната врата; жената криво куцајќи, а старецот, земајќи ја токму онаа книга којашто ја читав, мавнувајќи ми додека си ја навлекуваше качулката над тоа неподвижно лице или маска.

Излеговме на безмесечевата и мачна мрежа на таа неверојатно древна паланка; излеговме како што светлата во завесените прозорци изчезнуваа едно по едно и Кучешката Sвезда се вргалеше кон калабалакот на покриени, наметнати фигури кои тивко се изливаа од секоја врата и обликуваа чудовишни поворки де по оваа де по онаа улица, минејќи крај крцкави знаци и претпотопни калкани, сламени покриви и прозорци со ромбоидни паноа; газејќи по стрмоглави сокаци кај што гнили куќи се прелапуваа и се врушуваа една во друга, бесшумно лизгајќи се преку отворени дворови и црковни дворишта кај што расклатените фенери правеа устрелни пијани соѕвездија.

Среде овој стишен калабалак ги следев моите безгласни водичи; кошкан од лакти кои ми се чинеа противприродно меки и притискан од гради и стомаци кои ми се чинеа абнормално пулпави; но не гледајќи ни едно лице и не слушајќи ни еден збор. Сѐ погоре и погоре и погоре ползеше морничавата колона и видов дека сите патници се вкрстуваат во една точка како што дотекуваа крај некакво сосредоточување на луди сокаци на врвот на еден висок рид во средината на градот, кај што беше квакната една голема бела црква. Ја бев видел од сртот на патот кога се испулив кон Кингспорт во младиот самрак и ме полазија морници зашто се чинеше како Алдебаран накратко да застанува врз аветната кула.

Околу црквата имаше отворен простор; делумно црковни гробишта со призрачни окна и делумно полупоплочен плоштад скоро потполно изметен од снег од ветерот и порабен со неугодно архаични куќи кои имаа шилести покриви и надвиснати калкани. Аветни светла играа околу гробовите, откривајќи грозоморни видици, макар што настрано не фрлајќи сенка. По црквата, каде што немаше куќи, можев да се испулам над капецот на ридот и да го здогледам мижуркањата на ѕвездите над пристаништето, макар што паланката беше невидлива во мракот. Саде одвреме-навреме по некој фенер ужасно ќе се залулаше низ змијулестите сокаци, на пат да го затекне калабалакот кој сега занемено се влеваше во црквата. Почекав да толпата се процеди низ црната врата и сите заостанати да се приклучат. Старецот ме влечеше за ракав, но бев решен да сум последен. Најпосле тргнав, со зловестниот човек и старата предачка пред мене. Минејќи го прагот во тој нагнетен храм на непозната темнина, се завртев да се испулам кон надворешниот свет како што светлозрачноста на црковното двориште фрлаше болежлива светливост врз плочникот на ридскиот врв. И кога го сторив тоа ме полазија морници. Зашто иако ветерот не беше оставил многу снег, имаше останато неколку бели крпеници близу вратата; и во тој молскавичен поглед кон назад на моите насекирани очи им се причини како да не содржат траги од газење на стапала, дури ни на моите.

Сите фенери кои беа влегле во црквата едвај ја осветлуваа, зашто повеќето од калабалакот веќе беше исчезнал. Беа протекле по страничниот брод меѓу високите бели клупи до подната врата кон темникот која погано зјаеше веднаш пред проповедницата и сега бесчујно се промолкнуваа низ неа. Немо тргнав по нив, прудолу по излижаните скали во немливата, задушлива костурница. Опашката на таа кршкава редица на ноќни марширачи се чинеше многу ужасна и додека ги гледав како се врголат да влезат во еден прастар гроб ми се виде уште поужасна. Тогаш забележав дека подот на гробницата има зјај низ кој калабалакот се лизгаше за прудолу и уште истиот миг сите се спуштавме по едно кобно скалиште од грубо изделкан камен; тесно вително скалиште мокро и со сперлива миризба, кое бескрајно вртеше прудолу кон утробата на ридот крај еднолични ѕидови на прокиснати камени блокови и разронет малтер. Беше тивок, потресен спуст и по еден ужасен интервал забележав дека ѕидовите и скалилата менуваат природа, небаре издлабени во самоти камен. Она што најмногу ме тревожеше беше тоа што едночудото стапалки не правеа зук и не оддаваа одек. По многу раздобја на спуст видов некакви странични премини или дувла кои водеа од непознати вдлабнатини на црнина до ова окно на ноќни мистерии. Наскоро станаа прекумерно многубројни, како огрешени катакомби на безимена закана; и нивната остра миризба на гнилеж стана мошне неподнослива. Знаев дека мора да имаме слезено низ планината и стасано под земјата на самиот Кингспорт и ме полазија морници од тоа дека една паланка може да е толку престарена и црвјосана од подземно зло.

Тогаш го видов пламнатото болскотење на бледа светлина и го чув подмолното шлапање на безсончеви води. Пак ме полазија морници, зашто не ми се допаѓаа нештата кои ноќта ги беше донесла и горко посакував да не ме имаа свикано дедовците на овој првобитен обред. Како што се ширеа скалилата и преминот, чув друг звук, пискавото, кенкаво потсмевање на клекава флејта; и наеднаш пред мене се спростре безбрежниот видик на внатрешен свет - огромен габест брег осветлен од разриган столб на болежливо зелен пламен и наквасен од широка мрсна река која дотекуваше од непредвидени и стравотни понори за да се слее во најцрните бездни на некој исконски океан.

Губејќи сила и здив, погледнав кон тој неосветен Ереб на титански мувоморки, лепрозен оган и лигава вода и го видов наметнатиот калабалак како прави полукруг околу распламтениот столб. Беше тоа Јулскиот обред, постар од човекот и суден да го надживее; првобитниот обред на рамноденицата и на пролетните ветувања по снегот; обредот на оган и зимзеленост, светлина и музика. И во адската шуплина видов како го изведуваат обредот и го обожаваат болниот столб од пламен и фрлаат во водата ракофати откорнати од вискозната вегетација која зелено светкаше на хлорозниот блесок. Го видов сето ова и видов и нешто бесформно клекнато далеку од светлото, опоро пиштејќи на флејта; и како што нештото пиштеше ми се причини како да слушам дегутантно придушено павкање од реавата темнина до каде што не можев да догледам. Но она што најмногу ме исплаши беше пламениот столб; вулкански избивајќи од безгазерни и незамисливи длабини, не фрлајќи сенка како што арен пламен би фрлил и прекривајќи го сладникавиот камен одозгора со гаден, зеирлив вердигрис. Зашто во сето тоа превирливо согорување не се наоѓаше топлина, туку само немливост на смрт и испоганетост.

Човекот којшто ме имаше доведено сега преташе на едно место веднаш до одвратниот пламен и изведуваше крути чинодејствени движења кон полукругот наспроти којшто стоеше. Во извесни етапи на обредот другите правеа понизни метании, особено кога над главата го подигна ненавистниот „Некрономикон“ кој го имаше земено со себе; а и јас правев метании заедно со нив затоа што бев повикан на оваа прослава од записите на моите прадедовци. Тогаш старецот му даде знак на полувидениот свирач на флејта во темнината, свирач кој притоа ѝ го смени клекавото бучење до едвај погласно бучење со друг тоналитет; спотнувајќи притоа незамислив и неочекуван ужас. При овој ужас потонав скоро до со лишаи прекриената земја, прикован од фрас што не беше ниту од овој ниту од некој друг свет, туку само од лудите простори меѓу ѕвездите.

Од незамисливата црнина зад бербатниот блесок на тој ладен пламен, од тартарските милји низ коишто мрсната река своевидно, нечујно и непредвидено се виеше, ритмично запласка орда на припитомени, извежбани, хибридни крилати нешта кои ничие здраворазумно око не може вистински да ги долови ниту здраворазумен мозок вистински да си ги присети. Не беа баш ни врани ни кртови ни мршојадци ни мравки ни вампирски лилјаци ни распаднати човечки суштества: туку како нешто што не можам и не смеам да си го споменам. Млитаво пласкаа, де со ципестите нозе де со мембранестите крилја; и кога стигнаа до калабалакот на обредари, фигурите со качулки ги зграбија и им се качија и одјаваа еден по еден преку пространствата на таа неосветлена река, во јами и галерии на паника кај што затруени кладенци појат стравотни и неоткривливи катаракти.

Старата предачка беше заминала со калабалакот, а старецот имаше останато само поради тоа што кога ми мавна јас одбив да зграбам едно од животните и да одјавам како и другите. Кога со дотетеравив на нозе видов дека бесформниот свирач на флејта се беше повлекол до недоглед, но дека две од ѕверките трпеливо чекаа. Како што неволно стоев, старецот го извади стилусот и плочата и напиша дека е вистинскиот заменик на моите дедовци кои биле основоположници на јулското обожување во ова древно место; дека било прогласено да се вратам и дека најскришните мистерии допрва требало да се изведат. Сето ова го напиша во многу древен ракопис и кога повторно се поколебав од широката роба извлече прстен со печат и џебен часовник, обата со грбот на мојата фамилија, како доказ дека е она што го тврди. Но доказот беше одвратен, бидејќи од стари документи знаев дека часовникот беше бил закопан со чукунчукундедо ми во 1698.

Одеднаш, старецот ја симна качулката и покажа кон семејната сличност на неговото лице, но мене само ме полазија морници, бидејќи бев сигурен дека лицето е само вражја восочна маска. Распласканите животни сега неспокојно копкаа низ лишаите и видов дека и старецот е скоро исто толку неспокоен. Кога едното од нештата почна да се ганѕа и да се трга настрана, бргу се сврте да го запре; и ненадејноста на движењето му ја помрдна восочната маска од она што требаше да му е глава. И тогаш, бидејќи местоположбата на тој кошмар ми го попречуваше патот до каменото скалиште по коешто се бевме спуштиле, се метнав во мрсната подземна река која клокотеше некаде кон морските пештери; се метнав во тој гнојлив сок од внатрешните ужаси на земјата пред лудилото на моите вресоци да стигне да ги истури врз мене сите костурничарски свити кои тие морни бездни можеби ги кријат.

Во болницата ми кажаа дека ме нашле изѕемнат во пристаништето во Кингспорт во мугрите, како се чипчам за откршена греда која потамина се нашла да ме спаси. Ми рекоа дека погрешно сум свртил на клучката на ридскиот пат претходната вечер и сум паднал од гребенот кај Оринџ Поинт; заклучок кој го извеле од стапки кои ги нашле во снегот. Немав што да кажам, зашто ништо не беше во ред. Ништо не беше во ред гледајќи од широкиот прозорец кој го покажуваше морето од покриви од коишто само секој петти беше древен и звукот на трамваи и автомобили на улицата под нас. Настојуваа дека сум во Кингспорт и не можев да им преречам. Кога паднав во бунило откако чув дека болницата се наоѓа близу старите гробишта на Централ Хил, ме испратија во болницата „Сент Мери“ во Аркам, каде што подобро ќа можеа да ме згрижат. Убаво ми беше таму, зашто докторите беа слободоумни и дури и го исползуваа своето влијание за да ми го достават внимателно вардениот примерот на непожелниот „Некрономикон“ на Алхазред од библиотеката во Мискатонскиот универзитет. Рекоа нешто за „психоза“ и се согласија дека ќе е најарно ако си ги истиснам од умот тормозливите опсесии.

И така повторно го прочитав тоа одвратно поглавје и двојно повеќе ме полазија морници, бидејќи вистина беше дека не ми е непознато. И претходно го имав видено, па што сакаат нека значат стапалките; а кај го имав видено беше најарно да се заборави. Немаше никој - на јаве - што можеше да ме потсети; ама соништата ми се полни со стравотии поради фрази кои не се осмелувам да ги изрецитирам. Само еден параграф би се осмелил да го изрецитирам, пренесувајќи го на англиски онолку колку што можам од незгодниот низок латински.


„Најдлабоките пештери,“ пишуваше лудиот Арап, „не се за да им се испулат очи кои гледаат; зашто чудесиите им се необични и стравотни. Проколната е земјата кај што мртви мисли пак оживуваат во тела сперливи и зол е умот кој се крепи без глава. Мудар беше Ибн Шакабао кога рече дека имала к’смет гробницата кај што волшебник нема легнато и имал к’смет градот навечер чиишто волшебници се саде пепел. Зашто од одамна се зборува дека душата на ѓаволопродадените не ита да излезе од земјата костурничарска, туку го гои и учи црвот што глода; додека од испоганетоста не пркне ужасен живот и мрките лешинари на земјата не се полукават небаре ѓаволи да би го сакалдисале и не се подујат небаре чудовишта да би го налегнале. Големи дупки се ископани скришно кај што земјините пори требало да се достатни и дијании што требало да ползат, се научиле да одат.“