Дури
и по сѐ што чув, сѐ што видов и сѐ што почувствував, она што прво ми доаѓа на ум додека
седам и пишувам, е смешната иронија на ситуацијава.
Отсекогаш сум бегал од идејата да сум дел од модерното општество и сум верувал дека
гледање вести, читање весници и слушањето на која било од популарните
радио станици се нешта што по секоја цена мора да се избегнуваат ако човек цели да си го зачува интелектуалниот стандард. А сепак, еве ме, очаен за вниманието на сите овие гласила и со
намера да ја испратам поракава до што е можно поголем број на луѓе, за што пократко
време. И сигурен сум дека она што имам да кажам е доволно да го поттикне секој човек
со здрав разум кој поседува барем ронка нагон за самозачувување веднаш да се фати за работа.
На самоти почеток можам да кажам дека никогаш не сум бил страден за бесцелни дружби, и отсекогаш имав навика да си го поминувам времето потонат исклучиво во нешта кои ме интересираат, живеејќи скоро отсечен
од надворешниот свет. Ваквото постоење сам си го имав избрано, иако сум потполно свесен дека значителен дел од оваа осаменост се должеше на мојата
навлезеност во прашања кои не би биле многу пријатни за неупатените. Иако не беше отсекогаш така, градот во којшто живеев сега беше станал мал и како што е ред, беше се наполнил до врв со плиткост и ограниченост што ми го дозакорави нагонот да сум самотник и без блиски другари.
Во
тоа време живеев во разронета зграда во центарот на градот која вриеше од најразнообразен
народ од секој подвид и сорта и беше место што правеше да ми е мило што немав пријатели, зашто никој не мораше да види каде живеам. Сепак, градскиот совет имаше одлучено дека зданието поседува некаква историска
важност и затоа, за разлика од сѐ друго во соседството,
беше поштедено од рушење и и понатаму стоеше, безмилосно нагрдувајќи го маалото и ненавистно разликувајќи се од модерните,
новоиздигнати згради во околината како клобурец од мувлосан малтер и црвјосани цигли. Но, киријата
беше евтина, а од евтино никој не избегал.
Еден
ден на трошната улица пред зградата пристигна камион. Од камионот изрипаа
дваесетина луѓе кои профучија низ влезот и се искачија до станот над мене,
на седмиот и последен кат, носејќи со нив едночудо алати и опрема. Не требаше многу време за да сфатам дека
целта очигледно им беше да го реновираат празното поткровје што е можно побргу,
зашто од мигот кога дојдоа, па до мигот кога си
заминаа, не престанаа со тропање. Вревата беше неподнослива и деноноќна, но
бидејќи поплаките кон куќниот совет ми беа јалови, немав избор
освен да траам, молчам и да се помирам со безмилосната бука. Најпосле, после
една недела трескање на чекани, чкрипење на пили, кршење на ѕидови и преместување на габаритни предмети, работата се заврши, ѕидарите си отидоа, и новиот станар дојде да се всели во обновениот апартман. Не знаев ништо за дојденецот, но со оглед на тоа што неговото доселување цела една недела ме лиши од ставање око на око, и не добив ни писмено ни усмено извинување за маката, го презирав од дното на душата, препишувајќи му ја онаа безобѕирност и надмена самобендисаност растворена во општа тупавост којашто толку често ја бев сведочел кај луѓе и којашто беше станала појдовна точка за карактерот на секој нов познаник.
Една приквечерина, додека
седев задлабочен во страниците на еден бизарен ракопис кој неодамна го бел ископал од едно дрпаво дувло на заборав, тишината во станот ми беше размрдана од слаб звук. Звукот ме натера да ги
начулам ушите и по неколку мигови наслушување, очите ми се ококорија кога сфатив
дека она што го слушам е една загадочна езгија која им припаѓаше на оние мелодии за кои сметав дека
ми се познати само мене и дека никогаш нема да ги слушнам од грамофонот на некој
друг човек. Слушајќи, заклучив дека музиката мора да доаѓа од станот над мене, па, возбуден од помислата дека можеби по толку години најпосле ме беше нашла некоја сродна
душа во тој јалов дел од светот, веднаш ја заборавив омразата кон мојот нов сосед, ја наметнав робата, излегов, полека се
испентерив по тесните, нечисти скали и застанав пред вратата на поткровјето.
Вратата пред којашто стоев беше нова, модерна и многу отмена, во стил кој болно се косеше со распаднатиот ходник на спратот. Ваквиот прв впечаток за изгледот на вратата, а со тоа и за вкусот на соседот кој ја избрал малку ме сневесели и за момент се посомневав во можноста да тој ми е
истомисленик. Го допрев увото до вратата, и кога се уверив дека звукот навистина доаѓа од внатре, се понасрчив, и внимателно го притиснав ѕвончето.
Придушената
музика од внатре се затиши без да прекине, и набргу потоа вратата полека се подотвори.
Лицето коешто се
покажа беше на човек отприлика на моја возраст кој тивко и учтиво ме поздрави.
Му кажав како бев слушнал дека едно од моите омилени музички дела свири од
неговиот стан, и дека само сакав да му го пофалам вкусот и ако е возможно, да го
запознаам. Кога ме чу, нежна насмевка му се рашири на лицето и ме покани да влезам.
Додека влегував, в очи ми падна тоа
што, иако влезната врата беше нова, ѕидот околу неа беше оставен во старата полураспадната состојба, па се запрашав зошто некој не би се
помачил да го поправи и него, особено после едно такво долго, тешко и пред сѐ, гласно реновирање на спратот. Но оваа мисла ми испари од умот во истиот момент кога стапнав во станот.
Ниту
дотогаш, ниту оттогаш не сум видел поавангарден, поелегентен и помодерно уреден
домашен ентериер. Секој предмет и секое парче мебел изгледаше како да е излезено
од фантазијата на некој генијален архитект чиј стил е децении понапред од сѐ она што во тоа време важеше за модерно. Од секој ќош на
пространото поткровје зрачеа метал, стакло, минимализам и незауздани линии на
футуризам, и за бев замелушен од мешавината на контури и нијанси кои се испреплетуваа низ просторот. Ваквото помодарско уредување
беше последното нешто што го очекував од некој којшто мислев дека би можел да ми
е сојузник во моите правливи интереси и ми требаше долго време да го впијам она што го гледав. Кога
најпосле си дојдов на себеси, го свртив вниманието кон домаќинот. Тој беше
облечен во шарена, свилена ноќница и насмеано ме гледаше, видно развеселен од изразот
кој го имав на лицето. Ја испружи раката, канејќи ме во просторот за дневен престој и ми климна кон една портокалова, коцкеста
фотелја. Потоа појде до грамофонот, ја попушти музиката, дојде крај мене и седна
во близначката на мојата фотелјата на другата страна од трапезоидната маса
од стакло.
Дознав дека името на новиот познаник е Бенјамин Дери и дека исто како јас, и тој уште од младоста беше бил маѓепсан од догмите на окултното и опскурното. Татко му бил Јосиф В. Дери, авангарден архитект и градежник чие дело беше станот во којшто сега седевме. Татко му одамна се беше помирил дека Бен никогаш нема да е заинтересиран за неговиот занает, па бидејќи имал други двајца синови кои со душа чекале да го одменат татко си, Бен бил оставен на мира да ги гони своите небулозни и сперливи разоноди. Кога на шега му ја посочив смешната спротивставеност помеѓу неговото материјално опкружување и интелектуалниот вкус, Бен се насмеа, и само ги крена рамениците без да каже ни збор.
Откако
се запознавме, не ни требаше многу за да сфатиме дека навистина сме сродни души
и така, не губејќи време, се нурнавме во дискусии на сите оние загадочни
теми кои и двајцата нѐ маѓепсуваа. Меѓутоа додека зборувавме не можев, а да не
забележам дека Бен беше многу попасивен во разговорот, претпочитајќи само да
отвори тема и потоа да ме слуша како јас зборувам, земајќи ги уздите на
дискусијата само тогаш кога зборувавме за музика. Додека часовите течеа и ноќта
се задлабочуваше, почнавме да разглобуваме еден перфиден кодекс кој содржеше дел за којшто очигледно
имавме различни толкувања, па бидејќи јас ја имав книгата дома, се понудив да
слезам и да ја донесам за да можеме подобро да ја разглобиме. Како што го велев ова се кренав да станам, кога Бен изрипа од фотелјата и ме зграпчи за рамена.
Вџашен од ваквиот ненадеен излив, се укочив, и не знаејќи како да реагирам
продолжив да го гледам, со високо кренати веѓи, без да кажам ни збор. Кога виде колку сум
изненаден, брзо се прибра и го избриша изразот на паника кој толку секавично му го имаше полиено лицето. Срамежливо
ми се извини, а потоа ми раскажа, со поглед кон подот и прсти кои челично ги имаа зграбено потпирачите на фотелјата, дека причина за таквата
бурна реакција било тоа што неодамна бил спопаднат од некакво чудно нервно нарушување
кое се изразувало преку фобија од стари предмети. Веќе не можел да
поднесе да има нешто старо во домот, вклучувајќи ги и книгите и реликвиите кои
претходно му биле толку мили. Токму поради ова и ме беше оставил да го водам
разговорот таа вечер, сакајќи од мене да ги дознае работи кои,
поради неговата состојба, не бил во можност самиот да ги прочита од прастарите
книги во кои биле запишани. Знаењето што успеал да го наталожи во умот пред да го спопадне чудното растројство беше било значително, но во поглед на придобивање ново знаење, бил целосно хендикепиран. Кога го чув
ова, се сожалив и му реков дека не ми е проблем да ме користи како канал за учење на работите кои самиот не може да ги прочита,
бидејќи она што мене ми е важно е да најпосле имам сопатник во книжевните ровења
кои дотогаш немав со кого да ги споделам. И така, се договоривме секоја вечер да
се среќаваме во неговиот стан (попрво ќе умрев отколку да дадам да види каква беше мојата оскудна соба, откако видов како тој живее), при што јас ќе го надополнувам него со знаењето
коешто му фалеше, а тој ќе ме воодушевува мене со неговото длабоко познавање на
езотерична музика и ќе ме залисува со безбројните аветни мелодии од огромната
колекција свежо преснимени грамофонски плочи.
После
таа прва ноќ, следеа многу вечери каде што сладострасноста на нашите дискусии
беше споредлива со онаа на пустински талкачи кои по денови жедно
лунѕање, најпосле пронашле извор на слатка, животодавна вода.
За
време на една ваква вечерна седенка, додека Бен ја бираше наредната плоча, ја
искористив паузата за повторно да се пошегувам со спротиставеноста меѓу неговиот помодарски стан и стародревни муабети кои двајцата ги кршевме во него. Но овојпат, Бен ги крена очите и долго време ме гледаше со поглед кој до
последно ми ја избриша насмевката на лицето. Потоа тивко стави плоча во
грамофонот, седна спроти мене, го спушти погледот кон подот како што му беше навика, и започна
да ми го кажува она што набрзо се претвори во најсвоеобразната и најсперливата
приказна која ја имам чуено во животот. Истата онаа приказна која и до ден денес ми ги
глода и паметот и ми го гризе разумот.
...Но
нема да ме изеде.
Не
додека не си го исполнам ветеното.
Ова
ми го кажа:
Пред да го налегне стравот од стари нешта кој сега му го тормозел животот, една од омилените разоноди му било
да ја надоградува веќе и онака големата библиотека на морбидни томови кои долго време ги беше кумулирал.
Еден
ден се решил да посети некоја книжарница за којашто подолго време слушал гласини, и чиј сопственик го биело полош глас од оној кој
обично ги бие поседниците на такви места. Пошол до местото и штом влегол стариот газда кој седел позади касата ококорено го погледнал со очи во кои чудно се мешале љубопитност и страв. Сакајќи да остави впечаток на безопасен, но сериозен купувач, Бен насмеано климнал поздрав кон старецот и веднаш започнал да разгледува низ натрупаните рафтови.
По долги минути претурање, забележал нешто многу необично.
Во еден зафрлен агол на книжарницата имало висока
полица која била пренатрупана со ракописи и кодекси толку древни што едвај го имале
задржано изгледот на книги. Околу нив раштркани биле камени плочи со цртежи налик
пештерски слики кои изгледале како да се откорнати право од преисториските
ѕидови на пештерите на Алтамира. Меѓутоа, притисната помеѓу прастарите ќитапи и особено впечатлива поради очигледниот контраст
помеѓу неа и нејзиното опкружување, имало некаква сјајна, бела книга што личела
како да штотуку е излезена од печатница. Љубопитен да дознае што има во книгата
и зошто е поставена во такво друштво, Бен посигнал да ја дофати, но во истиот
момент стариот книжар му се нафрлил, крвнички повлекувајќи му ја раката и го турнал
настрана со израз на толку одвратна презирливост што на Бен срцето му застанало.
Само
што Бен ја отворил устата, во истиот момент од полицата се чул тивок звук на провев, и кога старецот го чул звукот, се пеплосал.
„Колку години имаш?“ – бргу прошепотел, стискајќи го Бен за рака.
Кога го
чул одговорот, очите на човекот како да му излегле од черепот, па го зграбил Бен
и толку крвнички го турнал кон вратата, што му ја распарал јаката на палтото. Огорчен
од ваквата злоупотреба, Бенјамин несмасно го опцул старецот и си заминал, трескајќи
ја вратата зад него.
Си
заминал, но мислите и понатаму му останале во книжарницата. Што била книгата?
Зошто била оставена на таа полица? Зошто старецот не му дозволил ниту да ја
допре? Овие и многу други прашања со денови му копале бразди низ мозокот и
после недела дена веќе не можел да издржи, па решил да се врати во дуќанот. Но, штом
го пречекорил прагот се нашол лице в лице со револверска цевка која стариот
сатир му ја вперил во челото, и не сакајќи да се здобие со неизлечива главоболка, Бен веднаш излегол и се оддалечил, јасно разбирајќи дека таму веќе
не е добредојден.
Деновите
врвеле, а она што почнало како љубопитност, набрзо се преобразило во манија. Никако
не можел да ги оттргне мислите за книгата и најпосле, една вечер, потиснувајќи
ја секоја разумна мисла, скришно излегол од дома, пошол до книжарницата, и недвоумејќи се го
скршил стаклото од излогот, влетал, се искачил до полицата, ја зграпчил книгата,
излетал надвор и трчајќи по калдрмисаната улица, исчезнал во ноќта. После еден
час трчање стигнал дома и профучувајќи како ветер по скалите, тивко се искачил
до спалната, се заклучил внатре, седнал на работната маса, ја пуштил столната ламба
и го извал пленот.
Она
што сега лежело пред него било нова, навидум штотуку испечатена книга, со бели корици
сјајни како огледало. Предната страна била украсена со футуристички дезен од
црвени, тенки, испреплетени линии кои формирале апстрактни геометриски фигури,
а слично нешто имало и од позади. Наслов или било каков текст немало никаде. Секој
аспект од изгледот на повезот бил крајно помодарски и ја правел книгата да личи
повеќе како портфолио на некој далекугледен уметник, отколку на нешто што би се
нашло на рафтовите на таа правлива книжарница. Превртувајќи ја во рацете, Бен
не можел да замисли предмет што би бил во поостар контраст со испокинатите
тефтери од чие друштво го беше оттргнал. А кога најпосле ги отворил кориците,
го поздравила уште една, понеодгатлива мистерија.
Секоја
лист на книгата бил испишан со минималистичко, елегантно писмо што не прилегало
на ниедна азбука која дотогаш ја имал видено. Почнал да врти низ страниците, но
не можел да прочита ниту една буква. Како што ја листал книгата, наеднаш му се
причинило како ладен провев да му павка низ прстите. Ја принесол книгата до
лицето за да види дали и таму ќе го почувствува провевот, но немало ништо. Мислејќи
дека е преуморен и превозбуден за да може трезвено да размислува,
ја оставил книгата врз работната маса, се соблекол и си легнал.
Кога
се разбудил другиот ден, брзо се измил, се облекол и се подготвил да започне со
одгатнување на чудниот текст. Меѓутоа, штом ја подигнал книгата од масата, се вкочанил. На
делот од бирото каде што таа преноќила, јасно можел да види мала,
зелено-жолтеникава, желатинеста смеса која како да растела од самото биро. Претходната
вечер на бирото немало ништо. Збунет од ваквиот неочекуван феномен и не можејќи
дури ни по неколку минутно зјапање да се досети што би можело да е причина за
појавувањето на материјата чија мазна испапченост потсетувала на прекиснато тесто, ја допрел смесата со прст. Била мека
како сунѓер и штом ја допрел, видел дека е ладна како мраз.
Како
што стоел занемен и занесен, наеднаш од пред куќата слушнал расправија. Еден од
гласовите кои викале бил оној на татко му, но другиот бил нечиј крескав глас кој
како да бил подуен од хистерија. Бен погледнал низ прозорецот и се вџашил.
Пред куќата
стоел, иако повеќе личело како да игра, стариот книжар. Лицето му било
бело како свеќа, очите брекнати, косата и брадата одвратно замастени и сите
екстремитети му биле размавтани во различни насоки, па повеќе изгледал како
некоја морничава марионета отколку на човек. Бен го чул татко му како се
заканува дека веќе повикал полиција и по само неколку минути, пред куќата навистина пристигнала
полициската кола. По краткото натегање, хуманоидот кој сега веќе пенел од
устата од занес бил одвлечкан во колата и одведен кон полициската станица.
Со
ова навидум завршил целиот инцидент, но уште во истиот момент на Бен му станало
јасно дека мора веднаш да појде и да го види стариот. Книгата морала на некој
начин да е поврзана со вискозната твар на работната маса и старецот сигурно
знаел нешто. Полицијата го одвела, што значело дека во наредните неколку часа
сигурно ќе е во ќелија и ќе е безопасен. Решавајќи се на ова, Бен бргу фрлил
крпа врз бирото за да ја скрие смесата, ја ставил книгата во
џебот, истрчал од куќата, и повјасал кон полициската станица.
Стигнал
до станицата и по неколку изјави, како член на семејството чија куќа ја беше сардисал старецот, му било дозволено да го посети
затвореникот. Штом човекот го видел Бен како влегува, срипал и почнал да се
граба од зад решетките.
„Знаеш ли што направи? Мора да ја изнесеш книгата од таа куќа! Извади
ја оттаму и врати ја назад на полицата каде што ја најде! Оди! Оди веднаш!“ – се
разгрохотил старецот.
„Зошто?“ –му вратил Бен, обидувајќи се да ја скрие возбудата
во гласот.
„Слушај
дете,“ – одговорил старецот, „Таа книга. Мора да се чува во посебни услови,
зашто инаку нешто многу лошо ќе се случи. Разбираш ли? Нешто многу лошо! Ајде сега трчај и врати ја!“
„Не.
Сакам да ми кажеш што има во книгата. Синоќа ја разгледував, потоа ја оставив на работната маса и сега на
местото каде што стоеше има некаков израсток.“
Кога
старецот го чул ова, се вкочанил, очите му се замаглиле и се срушил врз решетките на ќелијата. По
неколку минути успеал да се накрене и омалаксано му мавнал на Бен да се
приближи. Бен послушал, претпазливо ја навалил главата кон решетките и во наредните неколку
минути го чул она што го натерало вечно да го колне денот кога го здогледал тој
проклет том во таа погана книжарница.
Старецот
започнал со тоа што му кажал дека се вика Тадеус Бредшо и дека бил археолог и фолклорист,
чија специјалност биле натприродните верувања и ритуали на племињата од северниот
Пацифик. Воедно, Бредшо бил и член на неколку подземни култови и богохулни здруженија
со чиишто членови често одел на скришни експедиции низ целиот свет чија што цел била спотинање на зачетокот на некакво ново космичко раздобје.
Тука го прашав Бен што мисли со ова, но тој само ја крена раката за да ме замолчи, и продолжи со раскажување.
За време на
една посета на Алеутските острови, Бредшо го пронашол клучот на неговите фанатични стремежи. Бил во форма на некаков предмет кој го чувало племе на
унангански домородци предводени од нивниот стар кугаагикс, или шаман. Бредшо не
бил многу јасен во опишувањето на околностите под коишто се здобил
со предметот и го напуштил островот потоа. Дури и избегнал да каже што точно бил предметот којшто го нашол.
Имено, верувал дека предметот во себе го
содржел врутокот на некаков расцеп во граѓата на просторот и времето, кој доколку
бил оставен да се шири, можел да предизвика... нешто. Бен не
сакаше да ми каже за што точно се работи и накратко ја прекина приказната
за да му се восхитува на старецот за способноста да воопшто зборува за оваа работа без да се онесвести. Бредшо му кажал дека штом го
допрел предметот и го почувствувал неговиот леден здив врз дланките, вистината на
она што намеравал да го направи му натежнала над совеста и во пресметливиот, фанатички
мозок, за прв пат затреперил зародишот на сомнеж. На патот за дома, зародишот најпосле целосно
созреал и здравиот разум на крај успеал да го порази закоравениот фанатизам. Така, откако се ослободил од останатите членови на експедицијата со тоа што им
ставил отров во јадењето (се стресов од тоа колку прозаично Бен го кажа ова),
го зел предметот и веднаш тргнал да го врати назад во селото на унанганските
домородци кои веќе неброени години биле негови чувари. Меѓутоа, штом стигнал до
населбата, се ужаснал кога видел дека сите жители во селото биле мртви. Гледајќи ја грозоморната слика на крв и извитоперени тела, Бредшо чул
тивко стенкање што, кога се распулил наоколу, забележал дека доаѓа од стариот
кугаагикс кој бил навален врз една карпа, а од распараните вени му течело
бавен, но обилен млаз на крв. Бредшо дотрчал до старецот, му раскажал за како
се поколебал и започнал да моли за прошка и шанса да се искупи. На ова шаманот,
забележувајќи му ја искреноста на лицето, му кажал дека сите во селото си ги
одзеле животите во обид да се искупат за нивниот неуспех да го
зачуваат она што им било доверено; и дека ако Бредшо навистина сака да се искупи,
мора да се спреми за долга и тешка работа. Работа со којашто мора веднаш да се започне.
Така, откако му дал инструкции за сѐ што требало да се
направи и му ги оставил во наследство сите книги и записи поврзани со претстојаната задача, стариот шаман
им подлегнал на раните и умрел.
„Спротивставеност.“ – завршил книжарот.
„Што?“
– прашал Бенјамин, сеуште маѓепсан од расказот на старецот.
„Врутокот
од којшто извира расцепот се раширува со едноообразност, а се стеснува со спротивставеност.“
– повторил Бредшо.
Кога
видел дека лицето на Бен и понатаму останало збунето, старецот отпочнал долго излагање
исполнето со сложени физички и математички теории поврзани со нешто што го
нарекувал телесна и темпорална спротивставеност. Потоа успеал да го поедностави
кажаното и да образложи дека, во сплетот на времето и просторот постоеле некои
бизарни материски и временски квази-особини кои расцепот можел да ги искористи
за да се рашири. Таквото ширење можело да се анулира единствено со ставање на предметот за којшто бил врзан врутокот
од којшто извирал расцепот во средина која ќе е во остра спротивставеност со него.
Колку поостра била спротивставеноста помеѓу врутокот и неговото опкружување,
толку посилно било завратувањето на расцепот. Според тоа, ако книгата во
нејзината моментална состојба, елегантна и модерна, била поставена во средина
којашто е исто така елегантна и модерна, како куќата на Бенјамин на пример,
ваквата едноообразност правела да расцепот почне да расне. Но, ако била
преместена во некоја средина која силно би се косела со нејзиниот изглед, како
на пример, полураспадната книжарница преполна со антички книги и предмети
коишто во никој случај не би можеле да се опишат како модерни, ширењето би
можело драстично да се намали. Сите споредни атрибути на
спротивставеност играле улога во ширењето и затворањето на расцепот, дури и
работи како разнообразноста на населението во околината. Астрономски околности
како разликата помеѓу денот и ноќта исто така имале определено влијание. Исто
така, поради некоја потточка во законот за запазување на маса, не било возможно
да врутокот и расцепот се уништат, туку само да се префрлат од еден предмет врз
друг.
Поподробно
објаснување не било возможно без повторно да се завлегува во замрсени математички
равенки и релативистичка механика, а освен тоа, имало и работи
кои ни тој целосно не можел да ги разбере. Но, со деноноќно изучување на
книгите кои унанганскиот кугаагикс му ги беше оставил, Бредшо открил дека
врутокот е во најковлива состојба кога е изразен писмено. Бидејќи веќе имал мноштво
стародревни предмети кои можел да ги искористи како противтежа, се решил и
успеал, со огромна тешкотија, да го извлече врутокот од предметот и во форма на
текстуална формула да го префрли во книга со помодарски и футуристички изглед
која самиот ја изработил и која ја поставил помеѓу најпрастарите и најисконски
томови кои ги поседувал, опкружувајќи ја со парчиња праисториски камен и низа
други древни работи чија природа во најголема можна мера би се косела со нејзината
природа. Таквите мерки се покажале како успешни, но сепак не биле совршени. Затоа,
неодамна решил дека подобар начин да го контролира расцепот е ако всушност би
го направил токму спротивното од она што на почетокот го беше сторил и наместо врз
модерен, формулата да ја запише врз што е можно подревен материјал кој потоа би
го ставил сред модерни опкружувања. На тој начин спротиставеноста помеѓу врутокот и
светот којшто непрестајно би чекорел кон сѐ помодерни времиња постојано би се зголемувал и шансите
за да тој повторно се отвори драстично би се намалиле. Веќе имал обезбедено
материјали врз коишто планирал да ја препише формулата - пергамент кој одамна го
имал доведено од една научна екскурзија до три илјади години стара гробница на некој
кинески писар. Од истата гробница донел и графит и коскена ќумур од коишто требало
да направи мастило. Единственото нешто што му фалело е место каде што ќе ја
постави новата книга, но сега, откако ја видел куќата на Бен изградена во авангардниот
и футуристички стил на Јосиф В. Дери, бил сигурен дека новонапишаниот ракопис
би можел да се стави таму, барем додека не му се најде престојувалиште со
коешто уште повеќе ќе се коси. Бен тука спомена дека било можно да се употребат
и повеќе слоеви на спротивставеност и со тоа да се засили ефектот на анулирање:
старото да се стави во ново, па во старо, па во ново и така натаму.
Стариот
книжар му рекол дека ако барем малку му е гајле за светот и универзумот и ако сака истите да продолжат да постојат онака како што дотогаш постоеле, мора да направи онака како што му вели. А потоа му открил и многу други тајни нешта, ми кажа Бенјамин, со очи кои како да пловеа низ етерот кон некој далечен сон, додека привршуваше со приказната.
Нешта кои заедно со она што со свои очи го беше видел го натерало да поверува во сѐ она што стариот
окултист му го раскажал.
„Сакаш
да ги видиш?“ – ме праша, најпосле завршувајќи. „Книгата и делот од работна
маса? Го пресеков и и него го чувам. Не можев да го оставам.“
И ги
видов. И ја допрев тварта која стрчеше од дрвото. И најпосле ми кажа што е. И
го почувствував. И поверував. Не растеше врз работната маса. Не растеше, туку се
обидуваше да се пробие низ неа. Да се пробие. Како планина низ клучалка.
***
Ми
рекоа дека пожарот започнал неколку часови по полноќ, од станот на некоја
склеротична старица. Се проширил толку бргу што сите станари од петтиот кат нагоре
се задушиле во спиење и се испекле. Некоја незавршена градежничка работа на
улицата ја попречила пожарната за да може навреме да дојде и кога најпосле
пристигнала, горните три ката веќе биле пеплосани. Само несоничарите и
вечерните талкачи успеале да се спасат од јанганот. Во пожарот ги загубив книгите,
плочите и сѐ она што ми беше драго во животот. Го
загубив и другарот..
Пламенот
ја проголта и книгата на Бен...
Само
што... и не баш. Пак е таму некаде. Вртокот. Закачен за нешто друго. Кај го
глода сплетот на реалноста. Не може да се уништи. И има само еден начин повторно да се пронајде. Да
се допре предметот за којшто е врзан и да се почувствува неговиот фригиден
струеж врз прстите. Нема да е лесно, но не е ни невозможно. Има повеќе од две милијарди луѓе на планетава. Ако секој почне да допира и проверува сѐ што ќе здогледа, би имале надеж да го најдеме расцепот
пред да се рашири премногу. Кога-тогаш, некој ќе ги осети ладните шепоти на
дланката и ќе го најдеме и пак ќе можеме да го завратиме. Мора да го најдеме.
За доброто на светот и на вселената, мора пак да го најдеме!
Не
знам кои гласила ќе се согласат да ја објават поракава, но ова сакам да им го
кажам на сите:
ДОПРЕТЕ ГО СЕКОЈ ПРЕДМЕТ ОКОЛУ ВАС! НАЈДЕТЕ ГО ВРУТОКОТ!
Го допрев ли новото радио што го донесоа? Да.
Го допрев. Немаше ништо. Како и да е, одговорноста е сега моја. И ако се убијам
само би се осудил на бескраен немир. Не. Ќе продолжам. Нема да запрам додека не
се осигурам дека сите знаат и се вклучат во потрагата. Веќе не знам до каде ли
се не ја пратив поракава. Веќе го проверив и секој предмет во местово. Не почувствував студ врз прстите. Ветив дека ќе го најдам. И морам
да продолжам да барам.
Сестрите
заборавиле да го затворат прозорецот во ходникот.