Од
сите делови кои го сочинуваат човекa, а ги има многу, нема ништо посуштинско од нескршливата
одлучност и истрајност на човечкиот дух. Влијанието кое овие карактеристики го
имале врз еволуцијата нa човештвото е неприкосновено, бидејќи без нив човекот
некогаш немало да излезе од пештерите кои му биле првобитен дом и не ќе
постигнел ниту една од научните победи кои го воздигнале над сите други
животни, овозможувајќи му да завладее со една од деветте планети на сончевиот
систем. Но на оние чиј ум е отворен, отсекогаш им било познато дека колку што
оваа одлучност и истрајност може да го воздигнат човека до блажени висини на божественост,
истите можат да станат и причината за неговиот ненадеен пад во безгазерни
јами на вековен очај и да го натераат да ја проколнува наивната
тврдоглавост на првиот хомонид кој, излегувајќи една вечер од пештерата, зел
два камења и одбил да престане да ги удира еден во друг сѐ додека, после илјада неуспешни обиди, не успеал да ги
постигне првите искри на оган.
***
Отсекогаш
сум го сакал Томас Едисон. Некои велат дека ги украл или ископирал повеќето од пронајдоците
од други научници и таквите обвинувања и не се без основа, но
сепак не може да се занемари фактот дека тој бил оној кој за првпат ги усовршил
и приспособил тие пронајдоци за општа и широка употреба; и користејќи го својот
талент за бизнис, ги претворил во апаратите и машините кои до ден денес се дел
од нашето секојдневие. Многу пати во животот сум црпел инспирација од ова, па
кога најпосле појдов да го посетам вујко ми во Њу Џерси и ми се пружи шанса да
го видам музејот во Менло Парк, легендарниот епицентар на животот на
Едисон, едвај дочекав да влезам низ портите.
Решив
да одам сам, бидејќи сакав потполно да се нурнам во секој детаљ од работното
место на мојот херој и кога влегов ми требаа само неколку минути за потполно да
се изгубам во занесниот свет на пионерска електроника којшто пред мене се
отвори. Ниската, широка зграда ја содржеше лабораторијата на познатиот
пронаоѓач, заедно со сите апарати, инструменти, скици и дури алатки кои тој и
неговите асистенти ги користеле за време на нивната макотрпна работа и
истражување. Во различни катчиња од музејот изложени беа најпрочуените
пронајдоци на Едисон, како безжичниот телеграф, динамото, мимеографот и
фонографот кој му го заслужил прекарот „Волшебникот од Менло Парк“. Меѓутоа,
најголемиот и убедливо највпечатлив експонат во музејот и она што во
најраскошно светло ја прикажуваше макотрпноста, истрајноста и решителноста на
пронаоѓачот, беше експонатот посветен на електричната светилка.
На
долга, широка маса имаше изложено мноштво најразлични жарулки и на една плоча над
нив беше напишано дека сите тие се само еден дел од илјадниците прототипи кои
Едисон ги беше направил додека се обидувал да ја усоврши комбинацијата на
материјали потребни за изработка на првата практична светилка. Секој од прототипите
за грлото имаше закачено мала етикета врз која што Едисон лично ги имаше забележани
неговите составки како и кратко резиме зошто не била избрана за крајна
употреба. Некои од светилките гореле само неколку минути, светлината на други не
била со соодветна температура, некои не биле доволно сјајни, други воопшто не
светеле и така натаму и така натаму и така натаму. И во сите тие плејади
неуспеси, само една единствена комбинација на материјали, споени и изработени
според еден строго определен процес, го вродила плодот кој сега гордо беше
исправен на почесното место во средината на експонатот. На плочата, под името и
описот на изложбата, стоеше и следнава изјава која Едисон ја беше дал при едно
интервју за списанието „Харпер Мантли“.
„Не би
претерал ако кажам дека имав составено три илјади различни теории во врска со електричната
светлина, секоја од нив разумна и навидум вистинита. А сепак само во два случаи
експериментите ми ја потврдија теоријата. Главната потешкотија, како што можеби
веќе знаете, беше во изработката на јаглениот филамент, чијашто усвитеност е
воедно и извор на светлината. Секое ќоше на планетава беше претурено од моите
агенти и употребени беа најразлични чудни материјали, сѐ додека најпосле не се одлучивме за парчето бамбус кое
моментално го користиме.“
Го
прочитав натписот и повторно погледнав кон збирката предмети кои стоеа како
живи сведоци на илјада неуспеси. Ги погледнав и помислив што значи нивниот
број. Илјадници материјали му минале низ прстите. Илјадници начини да се поврзе
филаментот со жиците и основата. Илјадници обиди пред да ја состави славната
светилка со карбонизиран бамбусов филамент, којашто го беше означила вистинскиот
почеток на електричната епоха. И за сето тоа време, никогаш не се откажал. Се
сетив на сите моменти кога јас се имав откажано од нешто. Се сетив на горкото
разочарување со коешто толку често бев спремен да се задоволам. Што ќе беше ако
не потклекнев сите тие пати? Пред очите ми светна слика за тоа каков можеше да
ми биде животот доколку во мене имав барем мрвка од истрајноста на Едисон. Не
можев да престанам да гледам во експонатот. Да би поседувал само една од тие
чудесни светињи, би ја ставил некаде каде што секогаш би ми била пред очи, да
ме потсетува на Едисоновата тврдокорност и порив за успех. Исто како што тој
никогаш не дозволил неуспехот да го потчини, така и јас никогаш од ништо веќе не
би се откажал.
Околу мене немаше никој.
Ја испружив
раката, ја зграпчив светилката што ми беше најблиску и ја воврев во џебот од
палтото. Продолжив да стојам, замрзнат, со очите закотвени во масата. Во секој
момент очекував да почувствувам нечија рака на рамото или да чујам обвинувачки глас
како ме прекорува за бесрамната кражба на едно такво парче научна историја. Ушите
почнаа да ми зујат и ладна пот ми изби по грбот и челото. Стоев, а минутите се
редеа. Најпосле собрав храброст и се распулив наоколу. Група посетители беа внесени во зборовите на
кураторот. Кон мене не гледаше никој. Почнав да се упатувам кон излезот, едвај
ставајќи нога пред нога, додека зуењето во ушите ми стануваше сѐ погласно и погласно, а потта сѐ поладна и поладна. Но никој не ме застана. Излегов од
музејот и откако се развртив колку што можев понезабележително, што
најверојатно изгледаше како најочигледното развртување во историјата на
развртувањата, заклучив дека навистина никој не ме следи и тргнав накај дома,
колку што можев побрзо, стискајќи го во дланката богатството кое го носев во
џебот.
Кога
стигнав дома кај вујко ми, веднаш се качив во мојата соба и се заклучив. Седнав
на кревет, ја извадов жарулката од џебот и ја погледнав. Голема беше колку
тупаница, со стаклена сфера која завршуваше во зашилен врв. Низ стаклото, можев да видам
дека филаментот и беше тенок како влакно и бел како снег. Грлото ѝ беше прекриено со песоклив слој на златна рѓа.
Само
што сакав да посегнам кон етикетата што висеше од грлото на светилката, кога
ненадејно го чув гласот на вујко ми како ме вика да слезам долу. Вината од сторениот злочин сеуште ме немаше целосно напуштено,
па ме фати страв, но откако сфатив дека во неговиот глас нема ниту нетрпение,
ниту лутина, станав, ја стави жарулката под перница и се симнав. Кога влегов во
дневната го најдов вујко ми како седи на троседот, додека на масата пред него
имаше некаква завиткана кутија.
„И, убаво
си помина во музејот?“ – ме праша.
„Да.“
– одговорив.
„Добро
е. И јас бев таму.“ – ми рече.
„Навистина?
Што правеше? Зошто не ми кажа дека си дојден?“ – пропелтечев, чувствувајќи наеднаш
како крвта ми се крева во главата, додека се мачев да го задржам ладниот израз
на лицето. Почнав да го слушам истото зуење од претходно.
„Па...“
– започна вујко ми, кршејќи ја најпосле тишината. „Знам дека за три
месеци ти е роденден, но со оглед на тоа што меѓу нас обично има океан, можеби
нема да можам да ти дојдам на гости. А знам колку го сакаш Едисон, па ти купив
нешто.“ Потоа се насмевна и климна кон кутијата. „Малку, така, се мушнав во музејот
по тебе, за да видам случајно самиот да не си го купиш. И не го купи.“
„Што
да купам?“ – прашав.
Тој
само ми климна кон кутијата.
Појдов
до масата, го зедов подарокот и почнав да го одвиткувам. Кога ја отстранив
шарената хартија и можев да ја видам сликата на кутијата, ги ококорив
очите и широка насмевка ми се разлеа по лицето. Секундарно го искинав картонот
и го извадив одвнатре чудесниот предмет.
Беше направа составена од дрвен диск
со два бакарни прекинувачи на краевите и висока, конусна основа во средината
каде што, според упатството, можеше да се постави светилка. Но не морав да го
прочитам описот за веднаш да го препознаам апаратот, кој беше совршена репродукција на истиот оној пробен инструмент кој Едисон го беше
користел додека работел на светилката! Веднаш го препознав, бидејќи оригиналот стоеше
изложен во музејскиот експонат и беше престолот на кој крајната жарулка вирееше
над сите други, во средината на изложбата.
„Не
ми се верува!“ –извикав. „Од каде го најде?“
Вујко
ми стана, дојде до мене, се распули наоколу како од страв да не некој го чуе и
ми шепна:
„Има
едно тајно место каде што може да се најдат вакви работи.“ Потоа пак ја разврти
главата, лукаво гледајќи околу себе. „Местото се вика – продавницата за
сувенири на музејот во Менло Парк.“ – заврши смеејќи се. „Те видов кога
излегуваше. Толку беше забрзан што не ја ни забележа. Но јас ја забележав. И
ете ти сега. И имаш уште нешто.“
Повторно посигнав во кутијата и овој пат извадив една светилка. Личеше на некои од оние кои беа изложени во
музејот.
„Направена
е според првичниот урнек на сијалицата на Едисон. Можеш да ја ставиш во
апаратов, да ја пуштиш и ќе свети. Така ќе можеш од прва рака да ја искусиш
истата светлина како онаа од 1880тите.“
Кога
го чув ова, го прегрнав вујко ми и потрчав кон штекерот. Го приклучив кабелот,
ја поставив светилката во конусната основа и го притиснав прекинувачот на
апаратот.
Бледа
и маглива, а сепак топла светлина наеднаш ја поплави собата давајќи им на сите
предмети изглед како да се во некоја стара, пожолтена фотографија.
„Предобро...“
– прошепотив.
„Знаев
дека ќе ти се допадне.“ – се насмевна вујко ми. Потоа стана, ме потапка по
рамена и ме остави насамо со поклонот.
Јас
останав во собата и понатаму капејќи се во златниот сјај на светлината и разгледувајќи
го подарокот. Наеднаш се сетив на нешто. Ми дојде идеа, која повеќе ми се виде
како наивна помисла отколку на нешто што навистина би било возможно. Се
запрашав дали е можно антиквитетот кој го зедов од збирката во музејот, да се
монтира во направата и да се приклучи. Добро размислив. Не. Премногу беше стар
за да работи. Имаше и рѓа на грлото. А сепак, од друга страна доколку успеев да ја пуштам светилката,
би бил сведок на истата онаа светлина која пред толку многу години можеби го беше осветлила
лицето на самиот Едисон. Оваа помисла ме запрепасти. Брзо го исклучив
апаратот, ја извадов светилката и поитав кон спалната. Влегов и ја извадов
старата жарулка од под перница. Во рацете ги зедов и неа и новата и им ги
споредив грлата. Очите ми се ококорија кога видов дека се идентичи. Ја оставив новата светилка настрана и потполно и
се посветив на реликвијата.
Откако
неколку пати ја завртев во рацете, впивајќи го секој детаљ од нејзината
изработка, и се посветив на етикетата што ѝ беше закачена за грлото. Хартијата беше истуткана
од кога ја бев стискал во џебот, па почнав да ја одвиткувам. Меѓутоа, штом ја измазнив,
се зачудив кога видов дека напишаното беше целосно ичкртано. Ја пренесов кон ламбата за
да видам дали ќе успеам така да ја прочитам, но чкртаниците беа прегусти.
Воздивнав разочарано, но потоа се насмеав. Навистина немав причина да
не сум задоволен. Така, ја зедов старата жарулка и потрчав кон дневната. Појдов
до апаратот, ја ставив светилката во грлото, ги исклучив ламбите од собата и
најпосле, со широко ококорени очи го притиснав бронзениот прекинувач.
Секојпат
кога се сеќавам на тоа што се случи таа вечер, ми паѓа тешко да одлучам точно
кој момент ми го означи крајот на душевниот мир. Дали беше моментот кога го притиснав
прекинувачот, или можеби кога ја испружив раката кон таа стаклена топка во музејот,
како некоја будала на кого му е смачено од сопствениот здрав разум. Или тогаш кога за прв пат го слушнав името на Томас Алва Едисон? Не сум сигурен. Деновиве во многу малку работи сум сигурен.
Додека
посегнував кон прекинувачот, длабоко во себе и понатаму мислев дека шансите за светилката
да засвети се скоро непостоечки. И затоа, кога остра, бела светлина молскавично
болсна од неа, срипав наназад и за малку што не се испружив на подот.
Светилката
светеше. Светеше! И не само тоа, туку светлината со којашто зрачеше беше
неверојатна. Беше најчистата, најбела светлина што некогаш сум ја видел,
осветлувајќи ја секоја педа од собата како некое сонце да се беше внатре
запалило, фрлајќи густи и остри сенки врз подот и ѕидовите. Ми требаа неколку моменти
да го сварам она што го гледав и не престанав да нишам со главата, не верувајќи
им на очите. Мораше да беше грешка. Не беше возможно. Никогаш дотогаш немав
слушнато дека Едисон успеал да постигне ваква заслепувачка сјајност во кој и да
бил период од неговите експерименти.
Како
што се ѕверев наоколу, погледот случајно ми падна врз местото на подот каде што
паѓаше сенката од стаклената маса. Уште на почетокот како да забележав дека
сенките што ги создаваше светлината се длабоки но дури тогаш сфатив
дека таквиот опис ни приближно не им ја доловуваше нивната природа. На делот од
подот каде што паѓаше сенката на стаклената маса не беше возможно да се воочи
ни најмала трага на боја, текстура или каква и да било друга соодветна физичка карактеристика од подот!
Масата беше од стакло, а сепак сенката којашто се имаше
распослано врз тепихот, во перспективно искривениот облик на масата, не само
што воопшто не беше прозрачна како нормална сенка на стаклен предмет, туку правеше делот од подот во форма на перспективно искривената форма на масата да изгледа како да е избришан
од димензијата на постоење, и заменет со чисто непостоење! Ја кренав главата и разгледав наоколу и сфатив дека истото
беше и со секоја друга сенка произведена од секој друг предмет во собата.
Ѕидовите, подот и таванот сите беа пробушени со дупки коишто гледаа
кон една бескрајна, сецрна небиднина.
Занемен,
клекнав на подот и се наведнав над сенката. Посегнав со раката да ја допрам, за да се уверам дека подот навистина сеуште
постои. Меѓутоа, штом раката ми влезе во умбрата на сенката, веднаш исчезна
и се поистообрази со црнината, па веднаш ја повлеков. Ја погледнав. Ништо не ѝ фалеше. За момент ми се пристори како да ја загубив. Повторно
погледнав во сенката. Потоа, собирајќи ја секоја трошка храброст што ја поседував,
пак се наведнав и со еден прст допрев парче од совршено црниот под. Го
почувствував тепихот. Сеуште беше тука. Воздивнав. „Не
знам што очекував,“ помислив. „До светилкава е. Толку е сјајна и чудна што сенките
кои ги создава се најдлабоките сенки што некогаш сум ги видел. Неверојатен феномен, но сепак, не феномен кој не би можел да се објасни.“ Во тој момент
уште повеќе зажалив што не можев да ја прочитам етикетата, бидејќи умирав да
дознаам каков филамент е употребен, та да дава такви бизарни резултати. Тогаш,
како што клечев, нешто
ме натера длабоко да се наведнам над сенката на подот.
Се
наведнав и го видов.
Изгледаше
како да е длабоко и далеку, но и покрај оддалеченоста можев јасно и со преувеличена
живописност да ја разликувам секоја одлика и секој чин на приказот.
Длабоко
во центарот на тивката, безгранична црнина самотно стоеше, или лебдеше, некакво
огромно здание кое изгледаше како неправилна сфера. Секој сантиметар од сферата
беше совршено распознатлив дури и сред темнината на нејзиното опкружување,
чинејќи се како да е осветлена од некој светлосен извор којшто не можев да го воочам.
Сферата личеше како да е составена од грамадни, неправилни плочи на разјадено
железо, или некој друг сличен, несјаен метал. Многубројни изданоци, некои
деликатни и како копја, други груби и буревидни, некои распоредени хаотично,
други формирајќи строги геометриски матрици, беа раштркани по нејзината
површина и како плускавци ја опшаруваа колосалната маса. Изгледаше руинирано и
запуштено, но сепак таквиот впечаток ни малку не ја потиснуваше грандиозноста
на нејзина величина. Не само што не ја потиснуваше, туку и ја продлабочуваше.
Ја правеше да изгледа исконска. Вечна.
На
почетокот ми се виде како неподвижна, но по кратко гледање, забележав дека
всушност се движи. Движењето ѝ беше тржествено и
одмерено и ме потсети на чукање на срце. Но беше неусогласено.
Со секој удар, сферата се делеше на две половини, секојпат под различен агол, при
што едната хемисфера се вртеше на една страна, а другата на спротивната. Разделната
линија се менуваше без никаква уредба, па топката личеше на округла рубикова
коцка составена од два непрестајно променливи делови. И со секое вртење на
механизмот можев од неизмерна далечина да го слушнам одекнувањето на рапавото,
механичко крцкање и чкрипење како на неподмачкана машина, готова да се распадне.
Како
што гледав со смрзната стравопочит кон зданието и неговата вечно менлива површина, ми се
пристори како од некаде да ми е познато. Како да го имав видено, но не можев да
се сетам каде или кога. Впечатокот беше како на оние неодбирливи сеќавања на рано
детство; слики кои се доволно магливи за да можеш да се сетиш на нив, без притоа
да можеш да ги ставиш во контекст или дури и со сигурност да знаеш дали биле вистина или сон. А имаше нешто и во чкрипењето. Беше звукот на... нешто. Помислив
дека го имам чуено. Некаде. Одамна.
Набрзо,
забележав и втор предмет како се издига од црната празнина под сферата.
Најпрво
помислив дека сјае, но наскоро видов дека и тој, исто како и сферата, само беше
силно осветлен од некое невидено место. И беше блед. Преблед. Прво не можев да
видам што е бидејќи уште беше далеку, но кога се приближи, постојано упатувајќи
се кон сферата, почнав да му ги препознавам особините. И со секоја нова одлика
што ја воочував, чувствував како ми расте грутката во грлото.
Како
што се издигаше сѐ поблиску и поблиску, полека придобиваше особини
и црти кои најпосле станаа непогрешливи. Две нозе, две раце, долг труп и глава.
Беше човек. Човек кој беше сосема гол и кој браздеше нагоре од немата црнотија,
кон сферата. Мина малку време пред да можам поподробно да го видам, но кога
најпосле се доближи доволно, видов дека изгледа старо. Прастаро. Кожата му беше бела
како креда и неверојатно збрчкана и глуждосана и лабаво му висеше врз мршавата
снага. Снежно-сребрената коса млитаво му лежеше врз ковчестото, голобрадо лице
и во парталави прамени му паѓаше сѐ до лактите. Се чинеше премален,
како едвај да се одржува во живот. А кога се приближи уште повеќе, му ги видов
и очите. Беа плави и сјаеја.
Изгледаше
бојазливо и збунето, со лице кое беше како лицето на некој кој штотуку се разбудил од сон и
се нашол во некое непознато место. Непознато, или непосакувано. Говореше на
ѕвонлив, мелодичен јазик што не можев да го разберам, но од нагласувањата
звучеше како да прашува нешто.
Тогаш
од долната страна на сферата се излупи и се отвори еден мал дел, и од отворот
излезе нешто што изгледаше како тенка нишка направена од истиот рапав, зарѓан
материјал како и сферата. Се издаваше ужасно споро и како што се движеше, почна
да се расчленува и разделува, постојано упатувајќи се кон човекот кој сега веќе
гласно плачеше, постојано повторувајќи некој израз што звучеше како два збора кои не можев да ги дочујам, додека
летаргично се издигаше нагоре. Кога
изданокот стигна до телото на човекот, започна да го обвива, занемарувајќи му
ги клетите стенкања. Се движеше полека, но кога најпосле му ја обзеде снагата,
почна да се враќа назад кон сферата, носејќи го со себе оној кој сега гласно цимолеше
и гракаше. Нишката, заедно со својот товар, се повлече во местото од каде што
се имаше издадено и апертурата споро се затвори по неа.
Слутењето
што го чувствував сега се претвори во необјасниво, но непотисливо чувство на
страв. Сцената како да ми тегнеше некоја клучка од паметта што не можев да ја расчленам,
без разлика колку и да се обидував да се присетам. Но не можев да го тргнам
погледот. „Сети се!“ врескав во себе.
Сеуште
можев да ги слушнам беспомошните и веќе хистерични крикови на човекот како
одекнуваат од топката. Но сега беа повремено испрекинати и испомешани со извици
од друг карактер. Извици чиј тон беше многу повисок. Скоро и звучеа како крици на бебе.
Трња почнаа
да ми го обземаат телото додека ја гледав титанската сфера и ги слушав
завивањата од неа.
Одненадеж,
виењето замре. Сферата се заврти и се прераспредели уште еднаш, со ново тапо,
бескрајно одекнато чкрипење. Тогаш, нежно како цутењето на цвет, спротивната
страна од онаму каде што маченикот влезе се отвори. Се отвори и од неа најпосле
излезе плодот на богохулниот механизам.
Излезе, и го видов, и го препознав, и најпосле, се сетив.
Не
можев да дишам. Очите ми се замаглија. Во градите почувствував болка.
„Не
е... Како... не треба...“ – ми се згрчија мислите додека сеуште гледав низ челуста
во подот. Но готово беше.
Останав
клекнат, но со последното откровение подуениот ужас го осетив како меур кој ќе
ми го задушеше и умот и телото ако не го изразев на некој физички начин. Почнав
да збивтам и голтам, но гласот не ми доаѓаше. Најпосле, по еден цел век
бревтање, осетив тенок млаз звук како ми проникнува низ грлото. Ја издував и
последната трошка воздух од плуќата за да го раширам јазот и конечно успеав да
ослободам еден таков животински грохот што почувствував како гркланот да ми се
распарува. Виев и грохотев и липав од вистината којашто ме поваса од она што го
видов.
Не се
сеќавам колку долго редев, но кога теглилото
во градите најпосле почна да ми истинува, ненадејно слушнав некакво потпукнување
и во истиот момент светилката се изгаси и мрак завладеа во собата.
Не
знам колку долго лежев на подот кога се разбудив со лицето на вујко ми над мене. Беше блед како крпа. Умот ми беше втренчен. Во грлото чувствував
болка којашто ми одеше сѐ до прстите на нозете.
Станав, клатејќи се и појдов до прекинувачот на ѕидот. Вујко ми врескаше некакви прашања. Го занемарив. Собата се исполни со
добронамерната светлина од ламбата на таванот. Апаратот сеуште беше пуштен, но
древната светилка која што ја бев зел од музејот во Менло Парк веќе не светеше.
Видов дека внатрешноста ѝ е прегорена и исчадена,
а филаментот кој претходно беше снежно-сребрен, сега беше црн како јаглен. Го свртив
бронзениот прекинувач, исклучувајќи го апаратот. Ја извадив сијалицата и
излегов. Додека одев, чекорите ми беа тешки како да се влечам по дното на празен
океан. Излегов надвор, појдов до кантата пред куќата и ја треснав светилката од внатрешноста на кантата. Светилката се здроби, и ги испуштив крвавите парчиња внатре. Се вратив во куќата и влегов во спалната. Седнав на
креветот. Седев во тишина, осветлен од ламбата и опкружен од сенки кои овој пат
беа само секојдневни и безмоќни опсени на предметите во собата. Седев замислен, како што секогаш
седам оттогаш и како што седам и сега.
„...Имав
изработено три илјади различни теории во врска со електричната светлина... А
сепак, само во два случаи експериментите ми ја потврдија теоријата...“ Тоа го
имаше кажано Едисон во интервјуто со „Харперс“. Илјадници обиди. Илјадници
променливи и можности. И два резултати. Не еден. Два. Му се имаше испуштено ли? Или... „...најразлични чудни материјали од секое ќоше на планетата...“ И
тоа го рече.
Никогаш не дознав што всушност беше филаментот, ниту од
каде беше земен. Знам само дека беше блескаво бел и тенок како влакно. Но
знам и една друга работа. Знам што беше она од коешто се имаше изродено таа
демонска жарулка чија несветлина ми го откри она што никогаш не беше намерено
да биде откриено. Беше истото она што го беше бодрело Едисон низ илјадници
неуспеси натегајќи се да ја постигне целта.
Беше она со чијашто помош најпосле издвојувал победа. Истото оне кое е во
сите нас, иако кај секого е во различна количина. Сите го имаме.
Но кои се
посреќни? Оние кои го имаат повеќе, или оние кои го имаат помалку?
Којзнае...