ЗА ПРСТЕНИТЕ НА МОЌТА И ТРЕТАТА ЕРА <br></br>каде што на овие сказни им доаѓа крајот - Полиграматон

ЗА ПРСТЕНИТЕ НА МОЌТА И ТРЕТАТА ЕРА

каде што на овие сказни им доаѓа крајот


Беше во дамнина Саурон Маиата, кој Синдарите во Белерианд го викаа Гортаур. Во почетокот на Арда Мелкор го заведе за да му служи и стана најголемиот и најверниот од сите слуги на Непријателот, а и најопасниот, зашто можеше да заземе многу облици и долго време, ако сакаше, можеше да личи благороден и прекрасен, за да ги измами сите освен најпретпазливите.
Кога Тангородрим беше срушена и Моргот соборен, Саурон пак си стави личен образ и фати да му прави метании на Еонве, телалот на Манве и се одрече од сите лошотии што ги беше сторил. И некои мислат дека ова на почетокот не било направено само навидум, туку дека Саурон навистина се покајал, од страв ако од ништо друго, одошто бил толку увилен од падот на Моргот и од големиот гнев на Владарите на Западот. Но Еонве немаше сила да ги помилува оние од својот еснаф, па му заповеда на Саурон да се врати во Аман и таму да се потчини пред пресудата на Манве. Тогаш Саурон го фати срам и не сакаше да се врати посрамотен и да добие казна од Валарите, со којашто можеби долго време ќе го тераат да им врши измет за да докаже дека навистина се кае; зашто во служба на Моргот силата му беше била многу голема. Затоа кога Еонве тргна да си оди, тој се скри во Меѓуземјето; и пак ѝ се врати на лошотијата, зашто јамката која Моргот му ја имаше нарамено беше многу цврста.
***
Во Големата Битка и превирања од падот на Тангородрим низ земјата фатија силни кречеви и Белерианд беше разбиен и испустен; и на север и на запад многу земји потонаа под водите на Големото Море. На исток, во Оссирианд, ѕидините на Еред Луин беа разбиени и во нив се направи голем јаз кон југ и низ него потече залив од морето. Кон тој залив скршна реката Лун по нова патека и затоа го завикаа Заливот на Лун. Таа земја во дамнина Нолдорите ја беа крстиле Линдон и тоа име и ѝ остана; и многу од Елдарите сеуште домуваа таму, маејќи се, сеуште несакајќи да го арнисаат Белерианд каде толку долго се беа бореле и рмбале. Гил-галад, синот на Фингон им беше крал и со него беше Елронд Полу-вилен, синот на Еарендил Морепловецот и брат на Елрос, првиот крал на Нуменор.
Врз бреговите на Заливот на Лун Вилите си ги изградија пристаните и ги нарекоа Митлонд; и таму чуваа многу бродови, зашто имаше добро сидриште. Одвреме-навреме Елдарите отпловуваа од Сивите Пристани бегајќи од темнината на деновите на Земјата, зашто низ милоста на Валарите, Првородените сеуште можеа да го следат Правиот Друм и да се вратат, ако сакаа, кај роднините им во Ерессеа и Валинор позади опкружните мориња.
Имаше и други од Елдарите кои во таа ера ги преминаа планините Еред Луин и влегоа во внатрешните земји. Многу од овие беа Телери, преживеани од Дориат и Оссирианд; и основаа царства меѓу Орманските Вили во кориите и планините далеку од морето за коешто сепак севезден чезнееја во срцата. Само во Ерегион, кој Луѓето го викаа Холлин, Вили од нолдоринската раса имаа основано трајно царство позади Еред Луин. Ерегион беше близу до големите палати на Џуџињата кои беа крстени Казад-дум, но Вилите ги викаа Хадодронд, а потоа Мориа. Од Ост-ин-Едил, градот на Вилите, друмот водеше до западната порта на Казад-дум, зашто се роди пријателство помеѓу Џуџињата и Вилите какво што немаше никаде на друго место, од кое и двата народи голем аир видоа и се обогатија. Во Ерегион занаетчиите на Гваит-и-Мирдаин, Народот на Џеваирџиите, беа поочиклени од сите други мајстори што биле на веков, освен од самиот Феанор; а највешт меѓу нив беше Келебримбор, синот на Куруфин, кој се имаше отуѓено од татко си и остана во Нарготронд кога Келегорм и Куруфин беа истерани, како што се кажува во Квента Силмарилионот.
На другите места во Меѓуземјето долги години имаше мир, но повеќето од земјите беа диви и пусти, освен онаму каде што имаше дојдено народот од Белерианд. Многу Вили домуваа таму како што небројни години и дотогаш беа домувале, слободно талкајќи низ широките земји далеку од Морето; но тие беа Авари, за коишто делата во Белерианд беа саде гласина и Валинор само далечно име. И на југ и во подалечниот исток Луѓето се намножија и повеќето од нив се свртија кон зло, што беше масло на Саурон.
Гледајќи го пустежот низ светот, Саурон си рече во срцето дека Валарите, откако го соборија Моргот, повторно го беа заборавиле Меѓуземјето; и гордоста бргу му нарасна. Елдарите ги гледаше со омраза и се плашеше од Луѓето од Нуменор кои повремено се враќаа со бродови до бреговите на Меѓуземјето; но долго време си ги притули мислите и си ги сокри мрачните кроежи кои ги готвеше во срцето.
Од сите народи на Земјата, Луѓето му беше налесно да ги намами, но долго време се трудеше да ги убеди и Вилите да му служат, зашто знаеше дека Првородените имаат поголема моќ; и одеше надалеку и нашироко меѓу нив и образот сеуште му беше како на некој ем личен, ем мудар. Не одеше само во Линдон, зашто Гил-галад и Елронд се сомневаа во него и во неговите слатки зборови и иако не знаеја кој е навистина, не сакаа да го примат во нивната земја. Но на другите места Вилите од сесрце го примаа и малкумина имаше што ги ризаа гласниците од Линдон кои им порачуваа да се вардат; зашто Саурон си го стави името Аннатар, Владар на Дарови и тие отпрво голем ќар видоа од неговото пријателство. И им велеше: „Дејгиди пуста вообразеност на тие големци! Зашто голем крал е Гил-галад и премудар е Чорбаџи Елронд, а сепак не сакаат да ми помогнат во аргатлакот. Зар бидува да не сакаат и другите земји да се блажени како и нивните? Чунки оти да остане Меѓуземјето засегаш пусто и мрачно кога Вилите можат да го направат лично како Ерессеа; море дури и како Валинор? А штом вие не сте се вратиле таму, а сте можеле, чинам оти го сакате Меѓуземјето, исто како мене. Зар не ни е тогаш пишано заедно да работиме за да го збогатиме, та сите вилински роди кои тука талкаат неуки да се воздигат до висините на онаа моќ и знаење кои ги имаат оние кои се позади Морето?“
Советите на Саурон најрадо ги примаа во Ерегион, зашто во таа земја Нолдорите отсекогаш беа желни да ги зголемат вештината и унерот на нивните творби. А и срцата не им беа спокојни, зашто беа одбиле да се вратат на Запад и ем сакаа да останат во Меѓуземјето, коешто навистина го сакаа, ем да уживаат во блаженството на оние кои си имаа заминато. Затоа го ризаа Саурон и научија од него многу работи, зашто знаењето му беше големо. Во тие денови мајсторите на Ост-ин-Едил надминаа сѐ што дотогаш имаа издумано и потонаа во мисла и така направија Прстени на Моќ. Но Саурон им го водеше трудот и знаеше за сѐ што правеа; зашто желба му беше да стави јамка врз Вилите за да може да ги има на мукает.
Вилите пак, направија многу прстени; но Саурон скришно направи еден Баш-Прстен за да ги повела сите други; и нивната моќ беше врзана за него, та да е целосно потчинета пред него и да трае само онолку колку што и тој ќе трае. И многу од силата и волјата на Саурон се слеа во тој Баш-Прстен, зашто моќта на вилинските Прстени беше голема, па она што се беше закренало да господари со нив мораше да е нешто на чија јачина ќе ѝ нема рамен; и Саурон го искова во Огнената Планина во Земјата на Сенка. И кога го носеше Баш-Прстенот можеше да ги осознае сите нешта кои беа сторени преку потчинетите прстени и можеше да ги види и повела дури и мислите на оние кои ги носеа.
Но Вилите не можеше некој толку лесно да ги насамари. Штом Саурон си го стави Баш-Прстенот на прстот, тие веднаш го сетија; и го познаа и осознаа дека е со ниет да загосподари со нив и со сѐ што имаа изнедрено. Тогаш од лутина и од страв ги извадоа прстените. Но тој, гледајќи дека е предаден и дека Вилите не се измамени, се поду од гнев и отворено тргна во војна против нив, барајќи им да му ги предадат сите прстени, зашто демек вилинските мајстори немало да се кадри да ги направат без неговите мајстории и совети. Но Вилите избегаа од него; и спасија три од прстените и ги одведоа и ги сокрија.
Тоа пак, беа Трите кои ги имаа направено последни и поседуваа најголема моќ. Нарја, Ненја и Вилја беа крстени, Прстените на Оган и на Вода и на Воздух, закитени со рубин и брилијант и сафир; и од сите вилински Прстени Саурон најмногу беше желен нив да ги има, зашто оние кои ги имаа при себе можеа да ги одвратат разорувањата на времето и да го одложат уморот од светот. Но Саурон не можеше да ги открие, зашто беа дадени во рацете на Мудрите, кои ги сокрија и веќе никогаш отворено не ги користеа додека Саурон го имаше Повелачкиот Прстен. Затоа Трите останаа ненагрдени, зашто Келебримбор сам ги беше исковал и раката на Саурон никогаш не ги допре; но и тие му беа подани на Едниот.
Од тој ден војната помеѓу Саурон и Вилите никогаш не престана; и Ерегион беше опустошен и Келебримбор отепан и вратите на Мориа беа затворени. Во тоа време крепоста и засолништето Имладрис, кое Луѓето го викаат Режендол, беше основано од Елронд Полу-вилен; и долго време искрепи. Но Саурон ги прибра при себе сите останати Прстени на Моќ; и им ги подели на другите народи во Меѓуземјето, надевајќи се така да ги придобие сите кои копнееја по тајна моќ недостижна за нивниот сој. Седум Прстени им даде на Џуџињата; а на Луѓето им даде девет, зашто Луѓето во оваа работа, како и во сѐ друго, се покажаа најспремни да го послушаат. И сите прстени со кои господареше ги извитопери, што и не му беше тешко зашто беше имал удел во нивната изработка, па станаа проклети и на крајот го предадоа секој оној кој ги користеше. Џуџињата се покажаа баеги трудни и тешки за кротење; одошто табиетот им е таков да непара трпат туѓа превласт и мислите на срцата им се тешки за разбирање, ниту пак можат да се свртат кон сенка. Нивните прстени тие ги користеа само за да трупаат азно; но во срцата им се завали гнев и преовладувачка алчност за злато од што доволно лошотии излегоа за Саурон да види ќар. Се вели дека темелот на секоја од Седумте Ризници на Џуџевите Кралеви од дамнина било златен прстен; но сите тие ризници беа одамна опљачкани и Ламјите ги проголтаа и од Седумте Прстени некои пропаднаа в оган, а некои Саурон си ги поврати.
Луѓето успеа полесно да ги заптиса. Оние кои ги користеа Деветте Прстени станаа големи моќници, кралеви, маѓепсници и воини од дамнина. Се здобија со слава и големи богатства, но на крајот од тоа и се запустија. Имаа, како што се чинеше, бескраен живот, но животот им стана неподнослив. Можеа да одат, ако сакаа, незабележани од сечји очи на светот под сонцето и можеа да видат работи во светови невидливи за смртните луѓе; но најчесто ги гледаа само аветите и заблудите на Саурон. И еден по еден, порано или покасно, секој според неговата втлеена сила и според доброто или лошото на нивните волји на почетокот, потпаднаа под јаремот на прстенот кој го носеа и под превласт на Баш-Прстенот, кој беше на Саурон. И станаа засекогаш невидливи освен за оној кој го носеше Повелачкиот Прстен и влегоа во царството на сенките. Тоа беа Назгулите, Прстеновите Сеништа, најужасните слуги на Непријателот; темнина одеше по нив и пиштеа со гласови на смрт.
Ламтежот и гордоста на Саурон пак, растеа сѐ додека тој не изгуби секаква мерка и се реши да се стори господар на сите нешта во Меѓуземјето и да ги уништи Вилите и ако може, да го турне Нуменор во погибел. Не ферманеше ни слобода ни соперништво и се нарече Владар на Земјата. Сеуште можеше да си стави маска за ако сака да ги измами очите на Луѓето, прикажувајќи им се како да е мудар и личен. Но најрадо владееше преку сила и преку страв; и оние кои ја гледаа неговата сенка како се шири низ светот го завикаа Темниот Владар и го крстија Непријателот; и тој повторно ги собра под негова управија сите зли створови од дните на Моргот кои останаа на земјата или под неа и Орките беа под негова заповед и се накотија како муви. Така започнаа Црните Години кои Вилите ги викаат Деновите на Исход. Во тоа време многу од Вилите од Меѓуземјето пребегнаа во Линдон и оттаму преку морето во неповрат; и многу беа сотрени од Саурон и неговите слуги. Но во Линдон, Гил-галад сеуште си ја крепеше моќта и Саурон уште не се осмелуваше да ги премине Планините Еред Луин, ниту да ги кајдиса Пристаните; и на Гил-галад му помагаа и Нуменорците. На другите места владееше Саурон и оние кои сакаа да се слободни се засолнуваа во калињата во кориите и планините и страв севезден ги гонеше. На исток и на југ скоро сите Луѓе беа под негово владение и во тие денови постанаа силни и изградија многу градови и камени ѕидини и беа многубројни и жестоки во војна и обружани со железо. Нив Саурон им беше и крал и бог; и толку му се плашеа што стравот в коски им беше влезен, зашто си го опкружуваше жилиштето со оган.
Сепак најнакрај му дојде крајот на налетот на Саурон врз западните краишта. Зашто, како што се кажува во Акаллабетот, тој беше предизвикан од силата на Нуменор. Толку голема беше моќта и раскошот на Нуменорците во пладнината на нивното царство што слугите на Саурон не можеа да им се спротистават, па надевајќи се да го стори со марифетлак она што не можеше да го постигне со сила, го напушти Меѓуземјето на некое време и замина во Нуменор како заложник на Кралот Тар-Калион. И таму живееше сѐ додека најпосле со својата лукавост не ги расипа срцата на повеќето од тамошниот народ и ги сврте кон војна против Валарите и така ги турна в гибел како што долго време и целеше. Но тој гибел беше поужасен одошто Саурон самиот беше предвидел, зашто ја беше заборавил силата на лутината на Владарите на Западот. Светот беше разбиен и земјата беше проголтана и морињата се кренаа над неа и Саурон пропадна во бездната. Но душата му се крена и на црн ветер избега назад до Меѓуземјето, барајќи си дом. Таму дозна дека моќта на Гил-галад многу беше пораснала во годините на неговото отсуство и сега се имаше раширено низ широки предели на север и запад и имаше преминато преку Магливите Планини и Големата Река сѐ до границите на Големата Зеленогора и се ближеше до јаките места каде што тој на времето беше домувал на сигурно. Тогаш Саурон се повлече во тврдината во Црната Земја и почна да дума војна.
Во тое време оние од Нуменорците кои беа спасени од уништување пребегнаа на исток, како што се кажува во Акаллабетот. На нивно чело беа Елендил Високиот и неговите синови Исилдур и Анарион. Беа роднини на Кралот, потомоци на Елрос, но непара беа спремни да го слушаат Саурон и одбија да прават џенг со Владарите на Западот. Качувајќи се на бродови заедно со сите кои останаа верни, ја арнисаа земјата Нуменор пред да ја снајде гибелот. Силни луѓе беа и бродовите им беа јаки и високи, но луњите ги претекоа и на ридови од вода беа однесени дури до облаците и се спуштија врз Меѓуземјето како птици од бурата.
Елендил брановите го исфрлија во земјата Линдон и се спријатели со Гил-галад. Оттаму замина по реката Лун и позади Еред Луин си основа царство и народот му домуваше во многу места во Ериадор по теченијата на Лун и Барандуин; но престолнината му беше во Аннуминас крај водите на Езерото Ненуиал. Во Форност врз Северните Баири Нуменорците исто така домуваа, а и во Кардолан и во ридовите на Рудаур; и кренаа кули врз Емин Бераид и врз Амон Сул; и многу могили и запустени градби има останато по тие места, но кулите на Емин Бераид сеуште гледаат кон морето.
Исилдур и Анарион беа однесени на југ и најпосле се упатија со бродовите по Големата Река Андуин која истекува од Рованион и се влева во западното море во Заливот на Белфалас; и основаа царство во тие земји кое потоа го викаа Гондор, а Источното Кралство пак, беше крстено Арнор. Пред долги години во деновите на нивната моќ морепловците од Нуменор имаа основано пристани и јаки места околу устијата на Андуин дури и покрај Саурон во Црната Земја која лежеше близу на исток. Во подоцнежните денови до овој пристан доаѓаа само Верните од Нуменор и затоа многу од жителите на крајбрежјата во тој предел беа целосно или донекаде рода со Вило-побратимите и народот на Елендил, па со ќеф ги пречекаа неговите синови. Престолнината на ова јужно царство беше Осгилиат низ којшто течеше Големата Река и Нуменорците таму изградија голем мост врз којшто имаше кули и куќи од камен направени целите за мерак; и високи бродови доаѓаа од морето до кејовите на градот. А и други јаки места направија на обете страни: Минас Итил, Кулата на Изгрејната Месечина на исток врз една од плеќите на Планините на Сенка како закана за Мордор; а на запад Минас Анор, Кулата на Залезното Сонце во подножјето на планината Миндоллуин како штит против дивите луѓе од долините. Во Минас Итил беше куќата на Исилдур, а во Минас Анор куќата на Анарион, но царството си го имаа поделено меѓу себе и престолите им беа поставени еден до друг во Големиот Двор во Осгилиат. Ова беа главните жилишта на Нуменорците во Гондор, но имаа изградено и други зданија, чудесни и јаки, низ земјата во деновите на нивната моќ, кај Аргонатите и кај Агларонд и кај Ерех; и во кругот на Ангреност кој Луѓето го викаа Ајзенгард го направија Забот на Ортанк од некршлив камен.
Многу скапоцености и бесценети и чудесни наследија Сургунџиите имаа доведено од Нуменор; и од нив најпрославени беа Седумте Камења и Белото Дрво. Белото Дрво беше израснато од овошката на Нимлот Личниот кој стоеше во дворот на Кралот на Арменелос во Нуменор пред Саурон да го изгори; а Нимлот пак, беше потомок на Дрвото на Тирион кое беше слика на Најстарото Дрво, Белиот Телперион кој Јаванна направи да израсне во земјата на Валарите. Дрвото, паметник на Елдарите и на светлината на Валинор, беше посадено во Минас Итил пред куќата на Исилдур, зашто тој беше оној кој ја спаси овошката од уништување; а Камењата пак, беа поделени.
Три зеде Елендил, а неговите синови секој по два. Тие од Елендил беа поставени во кули врз Емин Бераид и врз Амон Сул и во градот Аннуминас. А оние на неговите синови беа во Минас Итил и Минас Анор и во Ортанк и во Осгилиат. Овие камења пак, имаа таков марифет што оние што ќе се испулеа во нив можеа да догледаат далечни нешто, било во просторот, било во времето. Најчесто откриваа само нешта кои беа близу до некој од другите сродни камења, зашто секој од камењата му зборуваше на секој друг. Но оние кои имаа силна волја и ум можеа да се научат да го упатат погледот кајшто ќе посакаа. Така Нуменорците знаеја многу работи кои нивните непријатели сакаа да ги сокријат и ретко можеше да се случи нешто, а тие да не научат, во деновите кога беа силни.
Се вели дека кулите на Емин Бераид не биле изградени од Сургунџиите од Нуменор, туку дека Гил-галад ги кренал за Елендил, пријателот му; и Севидниот Камен од Емин Бераид бил поставен во Елостирион, највисоката од кулите. Тоа место било врталиште на Елендил и тој оттаму гледал преку расцепните мориња кога ќе зачемреел од сургунот; и се верува дека така можел понекогаш оддалеку да ја здогледа дури и Кулата на Аваллоне врз Ерессеа каде што стоел Врховниот Камен и каде што сеуште стои. Овие камења беа дар од Елдарите за Амандил, таткото на Елендил, како утеха за Верните од Нуменор во мрачните денови кога Вилите веќе не можеа да доаѓаат до таа земја под сенка на Саурон. Беа наречени Палантири, оние кои гледаат оддалеку; но сите оние кои беа доведени во Меѓуземјето одамна се изгубени.
Така Сургунџиите од Нуменор си го основаа царствата во Арнор и во Гондор; но уште пред да поминат многу години стана јасно дека и непријателот им Саурон исто така се беше вратил. Дојде скришно, како што веќе се кажа, до неговото древно кралство Мордор позади Ефел Дуат, Планините на Сенка,  а таа земја се граничеше на исток со Гондор. Таму над долината Горгорот беше изградена неговата грамадна и јака тврдина Барад-дур, Темната Кула; и во таа земја имаше една огнена планина која Вилите ја викаа Ородруин. Токму поради неа Саурон таму уште во дамнина си имаше направено жилиште, зашто го користеше оганот кој извираше таму од срцето на земјата во своите маѓепствата и во ковањето; и сред Земјата Мордор го беше створил и Повелачкиот Прстен. Таму сега седеше стуштен во мракот, сѐ додека не си изнедри нов облик; и беше ужасен, зашто убавата лика засекогаш ја беше изгубил кога пропадна во бездната во потопувањето на Нуменор. Повторно го зеде големиот Прстен и се загрна во моќ; и лошотилукот на Окото на Саурон малкумина дури и од великаните меѓу Вилите и Луѓето можеа да го издржат.
Сега Саурон спремаше војна против Елдарите и Луѓето од Западната Краина и огновите во Планината пак се разбудија. Така, гледајќи го оддалеку чадот од Ородруин и осознавајќи дека Саурон се беше вратил, Нуменорците ја прекрстија планината во Амон Амарт, што значи Судната Планина. И Саурон си насобра голема војска слуги од исток и од југ; и меѓу нив имаше баеги многу и од благородната раса на Нуменор. Зашто во деновите на живеачката на Саурон во таа земја срцата на скоро сите тамошни народи се имаа свртено кон темнина. Затоа многу од оние кои пловеа кон исток во тоа време и кои си направија тврдини и жилишта врз бреговите, веќе беа потиснати под неговата волја и сеуште радо му служеа низ Меѓуземјето. Но поради моќта на Гил-галад, овие отпадници, силни и злобни големци, најмногу живееја во далечните земји на југ; меѓутоа имаше двајца, Херумор и Фуинур, кои се воздигнаа помеѓу Харадримите, големиот и суров народ кој домуваше во широките земји јужно од Мордор позади устијата на Андуин.
Затоа кога Саурон виде дека е време, дојде со голема војска против новото царство Гондор и го зазеде Минас Итил и го уништи Белото Дрво на Исилдур кое таму растеше. Но Исилдур избега и земајќи со себе еден страк од Дрвото замина со жена си и синовите со брод по реката и запловија од устијата на Андуин барајќи го Елендил. Во меѓувреме, Анарион го одбрани Осгилиат од Непријателот и го истера на некое време назад во планините; но Саурон пак си ја собра силата и Анарион сфати дека ако не му дојде некој напомош, кралството нема уште долго да му искрепи.
Елендил и Гил-галад пак, седнаа заедно да се посоветуваат, зашто осознаа дека Саурон ќе стане пресилен и ќе ги совлада сите непријатели, еден по еден, ако не се обединат против него. Затоа го склучија оној сојуз кој го викаат Последното Сојузништво и тргнаа во поход кон истокот на Меѓуземјето, собирајќи голема свита Вили и Луѓе; и запреа на некое време во Имладрис. Се вели дека свитата што таму се имало собрано била полична и пораскошна во силав од сите други кои оттогаш ги имало во Меѓуземјето и поголема не се беше собрала уште од кога свитата на Валарите тргна против Тангородрим.
Од Ималдрис ги преминаа Магливите Планини преку многу патеки и тргнаа по реката Андуин и така најпосле се сретнаа со свитата на Саурон на Дагорлад, Бојната Рамнина, што лежи пред портата на Црната Земја. Сите живи нешта беа поделени тој ден и по некои од секој сој, дури и од ѕверките и птиците, имаше и во двете свити, освен Вилите. Само тие беа неподелени и го следеа Гил-галад. Од Џуџињата малкумина се бореа на било која страна; но родот на Дурин од Мориа се бореа против Саурон.
Победата и припадна на свитата на Гил-галад и Елендил, зашто силата на Вилите во тие денови сеуште беше голема и Нуменороците беа јаки и високи и ужасни кога ќе се разгневеа. Против Аиглос, копјето на Гил-галад, никој не можеше да застане; и мечот на Елендил ги исполни Орките и Луѓето со страв, зашто светеше со светлината на сонцето и на месечината и го викаа Нарсил.
Тогаш Гил-галад и Елендил влегоа во Мордор и ја опкружија крепоста на Саурон; и седум години ја држеа под опсада и голем зијан видоа од оган и од стрелите и џилитите на Непријателот и Саурон испрати многу јуриши против нив. Таму, во долината Горгорот, загина Анарион синот на Елендил, а и многу други. Но најпосле опсадата толку почна да се стега што самиот Саурон излезе и се фати во костец со Гил-галад и Елендил и обајцата загинаа и мечот на Елендил се скрши под него кога тој падна мртов. Но и Саурон беше оборен; и со скршениот балчак на Нарсил Исилдур го отсече Повелачкиот Прстен од раката на Саурон и си го зеде за себе. Тогаш Саурон за тоа време беше надвиен и си ја арниса снагата и душата му одлета далеку и му се скри во пусти места; и долги години веќе не зазеде видлив облик.
Така започна Третата Ера на Светот, по Најстарите Дни и Црните Години; и во тоа време сеуште имаше надеж и весели спомени и долго време Белото Дрво на Елдарите цветаше во дворовите на човечките Кралеви, зашто стракот кој го беше спасил, Исилдур го засади во кастелот во Анор, за спомен на брат му, пред да замине од Гондор. Слугите на Саурон беа разбиени и раштркани, но сепак не беа целосно уништени; и иако многу Луѓе сега се оттргнаа од зло и им станаа поданици на наследниците на Елендил, имаше и многу кои го паметеа Саурон во срцата и ги мразеа кралствата на Западот. Темната Кула беше срамнета со земјата, но темелите ѝ останаа и не беше заборавена. Нуменорците поставија стража околу земјата Мордор, но никој не се осмелуваше таму да домува поради ужасот на споменот на Саурон и поради Огнената Планина која стоеше близу Барад-дур; и долината Горгорот беше исполнета со пепел. Многу од Вилите и многу од Нуменорците и од Луѓето кои им беа сојузници витосаа во Битката и во Опсадата; и Елендил Високиот и Гил-галад Врховниот Крал веќе ги немаше. Никогаш веќе не се собра таква свита ниту пак имаше таков сојуз на Вили и Луѓе; зашто по деновите на Елендил двете роди се отуѓија.
Повелачкиот прстен беше заборавен дури и од Мудрите од таа ера; не но беше поништен. Зашто Исилдур не сакаше да им го предаде на Елронд и Кирдан кои стоеја до него. Тие го советуваа да го фрли во огнот на Ородруин која беше во близина, каде што и беше искован, за да витоса и моќта на Саурон засекогаш да се помрачи и тој да остане само како сенка на лошотилук во дивината. Но Исилдур го одби овој совет, велејќи: „Ова го земам како вергија за смртта на татко ми и на брат ми. Та нели јас му го зададов смртниот удар на Непријателот?“ И Прстенот кој го држеше му се виде личен дотука бидува; и не даде да го уништат. Затоа земајќи го се врати прво во Минас Анор и таму го засади Белото Дрво за спомен на брат му Анарион. Но наскоро си замина и откако му даде по некој совет на Менелдил, синот на брат му и му го остави јужното царство, го однесе Прстенот за да биде наследие на неговата лоза и се упати северно од Гондор по патот по којшто беше дошол Елендил; и го остави Јужното Кралство, зашто беше со ниет да го преземе кралството на татка си во Ериадор, далеку од сенката на Црната Земја.
Но Исилдур беше навален од свита Орки кои скришно го чекаа на Магливите Планини; и му се зададоа фаќајќи го неспремен во логорот помеѓу Зеленогора и Големата Река близу до Лоиг Нинглорон, Калуѓеркино Поле, зашто од немукает не беше поставил стража, мислејќи дека сите негови душмани се соборени. Таму скоро сите од дружината му беа потепани и меѓу нив беа и неговите три постари синови, Елендур, Аратан и Кирјон; но жена му и најмалиот син, Валандил, ги имаше оставено во Имладрис кога замина во војна. Самиот тој успеа да избега со помош на прстенот, зашто кога го носеше беше невидлив за сечии очи; но Орките тргнаа да го ловат по мирисот и по дирата, сѐ додека не стигна до реката и не се нурна во неа. Таму прстенот го предаде и си го одмазди стопанот, зашто му се лизна од прстот како што пливаше и се изгуби во водата. Тогаш Орките го видоа како тарашка низ потокот и го изнаредија со стрели и така загина. Само тројца од неговите другари се вратија од преку планините по долго талкање; и од овие едниот беше Отар, неговиот штионосец, на којшто му ги беше дал да ги варди парчињата на мечот на Елендил.
Така Нарсил со време стигна до рацете на Валандил, наследникот на Исилдур, во Имладрис; но сечилото беше скршено и светлината му беше згасната и не беше прековано. И Чорбаџи Елронд претскажа дека тоа ќе се стори дури кога Повелачкиот Прстен пак ќе е пронајден и кога Саурон пак ќе се врати; но надежта на Вилите и Луѓето беше да овие нешта никогаш не биднат.
Валандил се вдоми во Аннуминас, но народот му беше намален и од Нуменорците и од Луѓето од Ериадор имаше останато премалку за да ја вардат земјата и да ги одржуваат сите места кои Елендил ги беше изградил; многумина беа изгинале на Дагорлад и во Мордор и на Калуѓеркино Поле. И бидна да по деновите на Еарендур, седмиот крал кој дојде по Валандил, Луѓето од Западната Краина, Дунедаините од Север, се поделија во ситни царства и господства и душманите ги проголтаа еден по еден. Сѐ повеќе се ретчеа со годините, додека славата не им помина, оставајќи зад себе само зелени могили во тревата. Најнакрај од нив не остана ништо саде чуден народ кој потајно талкаше низ дивината и другите луѓе не ги знаеја ниту од каде се, ниту пак зошто толку талкаат и освен во Ималдрис, во куќата на Елрод, бабалакот им беше заборавен. Но парчињата на мечот беа вардени долж многу човечки животи од наследниците на Исилдур; и нивното колено, од татко до син, остана непрекинато.
На југ, царството Гондор искрепи и едно време раскошот почна да му расне, сѐ  дури не беше налик на богатството и величеството на Нуменор пред неговото паѓање. Високи кули изградија луѓето од Гондор и јаки места и пристани со многу бродови и Крилатата Круна на човечките Кралеви беше со стравопочит гледана од луѓето од многу земји и јазици. Зашто долги години Белото Дрво растеше пред Кралската куќа во Минас Анор, семето на она дрво кое Исилдур го изнесе од морските длабини од Нуменор; а семето пред тоа дојде од Аваллоне, а пред тоа од Валинор во Денот пред дните кога светот беше млад.
Сепак најпосле, со ситнењето на брзите години на Меѓуземјето, Гондор почна да замира и коленото на Менелдил синот на Анарион секна. Зашто крвта на Нуменорците многу се измеша со онаа на други луѓе и моќта и мудроста им се намали и животниот распон им се скуси и стражата над Мордор заспа. И во деновите на Телемнар, дваесет и третиот од коленото на Менелдил, чума дојде на црни крила од исток и го сотре Кралот и неговата челад и многу од народот на Гондор витсаа. Тогаш хисарите на границите на Мордор беа напуштени и Минас Итил се испразни од народ; и зло повторно влезе потајно во Црната Земја и пепелта на Горготот се раздвижи како од студен ветер, зашто темни облици почнаа да се збираат над неа. Се вели дека тоа биле Улаирите, кои Саурон ги викал Назгули, Деветте Прстенови сеништа кои долго време беа биле скриени, но кои сега се вратиле за да го подготват патот за Господарот им, зашто повторно беше почнал да јакне.
И во деновите на Еарнил го зададоа првиот замав; и излегоа една ноќ од Мордор преку премините на Планините на Сенка и го зедоа Минас Итил да им биде жилиште; и го направија место на толкав фрас што никој не се осмелуваше ни да му се испули. Оттогаш го завикаа Минас Моргул, Кулата на Маѓепсништво; и Минас Моргул катаден војуваше со Минас Анор на запад. Тогаш Осгилиат, кој после замирањето на народот долго време беше бил напуштен, стана место на рушевини и град на духови. Но Минас Анор искрепи и беше прекрстен во Минас Тирит, Кулата на Стража; зашто таму кралевите наредија да се направи во кастелот бела кула, многу висока и лична; и окото ѝ беше свртено кон многу земји. Сеуште горд и цврст беше тој град и во него Белото Дрво сеуште цветаше на некое време пред Кралската куќа; и остатокот на Нуменорците оттаму сеуште го бранеа преминот на реката од ужасите од Минас Моргул и од сите непријатели на Западот, Орки и чудовишта и злобни Луѓе; и така земјите зад нив, западно од Андуин, беа заштитени од војна и уништување.
 Минас Тирит сепак продолжи да крепи и по деновите на Еарнур, синот на Еарнил и последниот Крал на Гондор. Тој беше оној кој одјава сам до портите на Минас Моргул да го прифати предизвикот на Моргулскиот владар; и излезе со него на мегдан гради в гради, но беше предаден од Назгулите и жив одведен во градот на страданието и оттогаш веќе никој не го виде. Еарнур пак, не остави наследник, но кога Кралското колено секна, Намесниците од лозата на Мардил Верниот владееја со градот и неговото сѐ помало царство; и Рохиримите, Коњаниците од Северот, дојдоа и се вдомија во зелената земја Рохан која пред тоа ја викаа Каленардон и која беше дел од кралството Гондор; и Рохиримите им помагаа на Владарите на Градот во војните. А на север, позади Водопадите на Раурос и Портите на Аргонатите, имаше и други одбрани, подревни сили за кои Луѓето малку знаеја, против кои створовите на злото не се осмелуваа да тргнат сѐ додека не доспееше времето кога нивниот темен владар Саурон пак ќе се подаде. И додека не дојде тоа време, Назгулите по деновите на Еарнил веќе никогаш не се осмелија да ја преминат реката или да се подадат од нивниот град во облици видливи за Луѓето.
Низ сите дни на Третата Ера и по падот на Гил-галад, Чорбаџи Елронд живееше во Имладрис и таму собра многу Вили и други мудреци и моќници од сите роди во Меѓуземјето и долж многу човечки животи го чуваше споменот на сѐ што беше лично; и куќата на Елронд беше засолниште за изморените и угнетените и ризница на добар совет и мудри преданија. Во таа куќа беа прибирани наследниците на Исилдур, во младоста и во староста, поради роднинството на нивната крв со самиот Елронд и поради што знаеше, одошто беше премудар, дека ќе пристигне некој од нивното колено на кому ќе му е назначена голема улога во последните дела на таа Ера. И додека го чекаа тоа време парчињата на мечот на Елендил му беа дадени на Елронд да ги варди, откако деновите на Дунедаините затемнија, а тие станаа расталкан народ.
Во Ериадор, Имладрис беше главното жилиште на Врховните Вили; но во Сивите Пристани на Линдон исто така живееше една останка од народот на Вилинскиот крал Гил-галад. Напати ќе талнеа низ земјите на Ериадор, но најмногу домуваа крај бреговите на морето, градејќи ги и вардејќи ги вилинските бродови во кои оние од Првородените кои ќе се измореа од светот запловуваа кон најсамоти Запад. Кирдан Бродоградецот беше владар на Пристаните и голем моќник меѓу Мудрите.
За Трите Прстени кои Вилите ги зачуваа ненагрдени на глас не се изустуваше ниту еден збор помеѓу Мудрите и малкумина дури и меѓу Елдарите знаеја каде се положени. Но по падот на Саурон нивната моќ катаден работеше и онаму каде што домуваа тие, домуваше и веселие и сите нешта беа неоцрнети од јадовите на времето. Затоа пред да сврши Третата Ера Вилите осознаа дека Прстенот од Сафир беше кај Елронд во личната долина Режендол, врз чија куќа ѕвездите на небесата најсветло сјаеа; а Прстенот од Брилијант пак, беше во Земјата Лориен каде што домуваше Дамата Галадриел. Беше кралица на горските Вили и жена на Келеборн од Дориат, но таа самата беше од Нолдорите и го паметеше Денот пред дните во Валинор и беше најсилна и најлична од сите Вили кои имаа останато во Меѓуземјето. Но Црвениот Прстен остана скриен сѐ до крајот и никој освен Елронд и Галадриел и Кирдан не знаеше на кого му е доверен.
И така беше да во две царштини блаженството и убавината на Вилите останаа и понатаму ненамалени додека таа Ера траеше: во Имладрис и во Лотлориен, скриената земја помеѓу Келебрант и Андуин, каде што дрвјата раѓаа цветови од злато и каде ни Орки ни други злобни створови не се осмелуваа да појдат. Но доста гласови се слушаа помеѓу Вилите кои слутеа дека ако Саурон повторно дојде, или ќе го најде Повелачкиот Прстен кој беше изгубен, или, ако имаат к’смет, неговите непријатели ќе го пронајдат и ќе го уништат, но и така и така моќта на Трите ќе мора да замре и сите нешта кои со нив се одржуваа да залинеат и така Вилите да преминат во самракот и Владението на Луѓето да започне.
И вистина така има биднато: Едниот и Седумте и Деветте се уништени; и Трите се одведени и со нив сврши Третата Ера и на Сказните на Елдарите во Меѓуземјето им се приближи окончанието. Тоа беа Годините на Линеење и во нив стигна зимата на последното цветање на Вилите источно од Морето. Во тоа време Нолдорите сеуште шетаа низ Вамошните Земји, најсилните и најличните од сите чеда на светот и ушите на смртниците сеуште можеа да ги чујат нивните јазици. Многу прекрасни и чудесни нешта останаа во земјата во тоа време, а и многу злобни и страшни нешта: Орки имаше и тролови и ламји и свирепи ѕверови и чудни дијании стари и мудри во кориите чии имиња се заборавени; Џуџиња сеуште рмбаа во ридовите и со истраен мајсторлук коваа творби од метал и камен на кои денес рамен им нема. Но Владението на Луѓето се готвеше и сите нешта се менуваа, сѐ додека Темниот Владар повторно не се воскрена во Мркогора.
Во дамнина пак, името на таа шума беше Големата Зеленогора и нејзините широки дворови и алеи беа врталиште на многу ѕверки и ведри птици песнопојки; и таму беше царството на Крал Трандуил, под дабовите и буките. Но по многу години, кога измина скоро една третина од таа ера на светот, темнина почна полека да се прикрадува низ коријата од југ и стравови се шетаа таму низ засенетите ледини; свирепи ѕверки одеа да ловат и сурови и злобни створови си ги простираа таму клопките.
Тогаш името на шумата се смени и ја завикаа Мркогора, зашто ноќна сенка длабоко се имаше вгнездено таму и малкумина се осмелуваа да минат, освен на север кадешто народот на Трандуил сеуште го одбиваа злото. Од каде беше дошла малкумина знаеја и долго време мина пред дури и Мудрите да откријат. Беше тоа сенката на Саурон и знакот на неговиот повраток. Зашто доаѓајќи од пустелиите на исток, се вдоми во јужниот дел од шумата и полека почна да јакне и пак зазеде облик; во еден темен рид си направи жилиште и таму си го калеше маѓепството и сите луѓе се плашеа од Маѓепсникот од Дол Гулдур, а сепак на почетокот не знаеја колкава e бељата што ги имаше снајдено.
Баш кога првите сенки почнаа да се сеќаваат во Мркогора, во западниот дел на Меѓуземјето се појавија Истарите, кои луѓето ги викаа Волшебници. Никој во тоа време не знаеше од каде беа, освен Кирдан од Пристаните кој само на Елронд и на Галадриел им откри дека доаѓаат од преку Морето. Но потоа меѓу Вилите се велеше дека биле гласници испратени од Владарите на Западот за да ја оспорат моќта на Саурон ако повторно се крене и да ги спотнат Вилите и Луѓето и сите живи нешта со добра мисла кон јуначки дела. Налик беа како Луѓе, стари, но бодри и малку се менуваа со годините и саде споро старееја, иако големи гајлиња носеа на рамена; имаа голема мудрост и многу моќи во рацете и умот. Долго време патуваа надалеку и нашироко меѓу Вилите и Луѓето и чинеа муабет и со ѕверки и со птици; и народите во Меѓуземјето им даваа многу имиња, зашто вистински имиња не си ги откриваа. На нивно чело беа оние кои Вилите ги викаа Митрандир и Курунир, но Луѓето од Север ги викаа Гандалф и Саруман. Од нив Курунир беше постар и дојде прв, а по него дојдоа Митрандир и Радагаст и други од Истарите кои заминаа на исток во Меѓуземјето и кои не се спомнуваат во овие сказни. Радагаст беше пријател на сите ѕверки и птици; но Курунир најмногу одеше меѓу Луѓето и беше префриган во говорот и вешт во сите марифети на занаетчиство. Митрандир најмногу се советуваше со Елронд и со Вилите. Далеку талкаше низ Север и Запад и никогаш во ниедна земја не си правеше трајно жилиште; но Курунир отпатува на Исток и кога се врати се вдоми во Ортанк во Прстенот на Ајзенгард, која Нуменорците ја имаа направено во деновите на нивната моќ.
Најмукаетлија отсекогаш беше Митрандир и тој беше оној кој најмногу се сомневаше во темнината на Мркогора, зашто иако на многумина им се чинеше дека Прстеновите Сеништа ја беа изнедриле, тој се плашеше дека е тоа првата сенка на повратокот на Саурон; и појде во Дол Гулдур и Маѓепсникот избега од него и долго време потоа настапи буден мир. Но најнакрај Сенката се врати и моќта ѝ се зголеми; и во тоа време за прв пат беше свикан Советот на Мудрите кој е наречен Белиот Совет и таму беа Елронд и Галадриел и Кирдан и други елдарски големци и со нив беа Митрандир и Курунир. И Курунир (кој беше Саруман Белиот), беше избран да им биде главатар, зашто најмногу се имаше изучено во марифетите на Саурон од дамнина. Галадриел сакаше Митрандир да биде Главатар на Советот и Саруман поради тоа баеги им се насрди, зашто гордоста и желбата за надвласт му беа станати големи; но Митрандир ја одби службата, одошто не сакаше да се врзува и да застанува на ничја страна, освен на страната на оние кои го праќаа и не сакаше да домува на ниедно место ниту да се потчинува на нечии теклифи. А Саруман тогаш почна да ги проучува преданијата за Прстените на Моќта, нивното создавање и нивната историја.
Така Сенката растеше сѐ повеќе и срцата на Елронд и Митрандир се затемнија. Затоа еднаш Митрандир, влегувајќи во голема беља, повторно појде во Дол Гулдур и во јамите на Маѓепсникот, и ја откри вистината за неговиот страв и избега. И враќајќи се кај Елронд, рече:
„Вистина слутевме, како за беља. Ова не е еден од Улаирите како што многумина долго време мислеа. Саурон е, кој повторно зазел облик и сега јакнее и пак гледа да ги прибере в рака сите Прстени; и катаден трага по вести за Едниот и за Наследниците на Исилдур, дали уште ги има на веков.“
И Елронд одговори: „Во часот кога Исилдур го зеде прстенот и не сакаше да го предаде се скрои оваа судба да Саурон пак се врати.“
„Но Едниот беше изгубен,“ рече Митрандир, „и додека сеуште лежи скриен можеме да излеземе на крај со Непријателот, ако си ја собереме силата и не се маеме.“
Тогаш беше свикан Белиот Совет; и Митрандир ги бодреше да не седат со скрстени раце, но Курунир зборуваше против него и ги посоветува да се стрпат и да потраат уште малку.
„Зашто јас не верувам,“ рече тој, „дека Едниот пак некогаш ќе е пронајден во Меѓуземјево. Во Андуин падна и уште одамна, чинам, се има истркалано во Морето. Таму ќе лежи до крајот, кога сиот овој свет ќе се разбие и длабините ќе се тргнат.“
Затоа тогаш ништо не беше направено, иако срцето на Елронд го копкаше и му рече на Митрандир:
„Сепак слутам дека Едниот ќе е пронајден и тогаш пак ќе фати војна и во таа војна ќе се сврши оваа Ера. Во втора темнина ќе да заврши, освен ако не нѐ избави некоја чудна пишанија која со очиве не можам да ја видам.“
„Многу чудни пишании има низ белиот свет,“ рече Митрандир, „и помош неретко знае да дојде од рацете на слабите, кога Мудрите ќе потфрлат.“
Така Мудрите се насекираа, но никој од нив сеуште немаше осознано дека Курунир се беше свртил кон мрачни мисли и дека е веќе предавник во срцето: зашто сакаше тој и никој друг да е оној кој ќе го најде Големиот Прстен, за самиот да го повела и да го подреди целиот свет како што ќе му е по ќеф. Предолго ги беше учел умислите на Саурон со надеж да го порази и сега повеќе му завидуваше како на соперник, одошто му ги мразеше делата. И чинеше дека Прстенот, кој беше на Саурон, ќе си го побара стопанот кога тој повторно ќе се олицетвори; но ако повторно го истераат, тогаш ќе лежи скриен. Затоа беше спремен да си ја стави главата в торба и да го остави Саурон на раат на некое време, надевајќи се дека ќе може со лукавост да ги претече и пријателите и Непријателот кога ќе се појави Прстенот.
Постави стража врз Калуѓеркино Поле; но наскоро откри дека слугите на Дол Гулдур ги пребаруваат сите ќошиња околу реката во тој предел. Тогаш осозна дека и Саурон има научено каква судбина го беше снашло Исилдур и се исплаши и се повлече во Ајсенгард и го утврди; и сѐ подлабоко почна да тоне во преданијата за Прстените на Моќта и мајсторијата на нивното ковање. Но на Советот не им кажа за ништо од ова, сеуште надевајќи се дека ќе е првиот што ќе чуе вести за Прстенот. Насобра голема свита ушаци и многу од нив беа птици; зашто Радагаст му пружи помош, не насетувајќи му го предавството и мислејќи дека сето тоа е само дел од стражарењето против Непријателот.
Но сенката во Мркогора катаден се продлабочуваше и во Дол Гулдур се береа злобни створови од сите мрачни места на светот; и повторно беа обединети под една волја и лошотилукот им беше насочен кон Вилите и преживеаните од Нуменор. Затоа најпосле Советот повторно беше свикан и многу се зборуваше за преданијата за Прстените; но Митрандир им прозборе на Советот, велејќи:
„Не е нужно да Прстенот се пронајде, зашто сѐ додека постои на земјава и не е поништен, моќта која ја поседува и понатаму ќе живее и Саурон ќе расне и ќе има надеж. Силата на Вилите и на Вило-побратимите сега е помала одошто беше во дамнина. Наскоро ќе е пресилен за вас, дури и без Големиот Прстен; зашто владее со Деветте, а од Седумте имаа повратено три. Мора да удриме.“
Курунир овој пат се кандиса на ова, сакајќи да Саурон биде изгонет од Дол Гулдур, која беше близу до реката и веќе да не му се дава таму да разбарува на слобода. Затоа, за последен пат, му помогна на Советот и си ја спотнаа силата и ја кајдисаа Дол Гулдур и го истераа Саурон од скривницата и Мркогора пак беше на некое време прочистена.
Но ударот им беше касен. Зашто Темниот Владар го имаше предвидено и долго време си ги беше спремал сите движења; и Улаирите, неговите Девет Слуги, беа заминале пред него да се подготват за неговото доаѓање. Затоа исходот му беше саде опсен и наскоро се врати и пред Мудрите да можат да го спречат, пак влезе во неговото кралство Мордор и повторно ги исправи темните кули на Барад-дур. И во таа година Белиот Совет се сретна за последен пат и Куруинр се повлече во Ајзенгард, каде не го слушаше ничиј совет, ами само својот.
Се купчеа Орки и далеку на исток и на југ дивите народи се вооружуваа. Тогаш сред надојдениот страв и гласини за војна јанѕата на Елронд се оправда и Баш-Прстенот навистина повторно беше пронајден, низ пишанија почудна одошто дури и Митрандир беше предвидел; и беше скриен од Курунир и од Саурон. Зашто беше земен од Андуин долго време пред тие да почнат да го бараат, одошто беше најден од еден од народот на малите рибари кои домуваа близу реката уште од пред Кралевите да секнат во Гондор; и оној кој го најде го одведе надвор од секоја трага, во темна скривница под корените на планината. Таму остана да домува, сѐ додека токму во годината на нападот на Дол Гулдур не беше повторно пронајден, од еден јабанџија кој бегаше кон длабините на земјата од Оркска потера; и така премина во една уште подалечна краина, дури до земјата на Перианнатите, Малечкиот Народ, Нишанчињата, кои домуваа во западниот дел на Ериадор. И до пред тој ден ни Вилите ни Луѓето не ги беа есапеле за многу важни и ниту Саурон ни никој од Мудрите, освен Митрандир, во сите свои умисли не си имаа спомнато за нив.
По некоја среќа пак, а и од мукаетлук, Митрандир прв дозна за Прстенот, пред на Саурон да му стигнат вести за него; но сепак го јадеше јанѕа и се сомневаше. Зашто преголема беше злобната сила на тоа нешто за кој и да било од Мудрите да може да го повела, освен ако не сака, како Куруфин, самиот да постане тиранин и темен владар; но ниту можеше засекогаш да се сокрие од Саурон ниту да се поништи со мајсториите на Вилите. Затоа со помош на Дунедаините од Север Митрандир постави стража во земјата на Перианнатите и почека. Но Саурон имаше многу уши и наскоро чу гласини за Баш-Прстенот, кој повеќе од сѐ друго го посакуваше и ги испрати Назгулите да го земат. Тогаш војна се завали и во битка со Сарурон заврши Третата Ера, токму онака како што и беше почнала.
Но оние кои ги видоа работите кои во тоа време беа сторени,  дела јуначки и чудесни, на друго место ја имаат раскажано сказната за Војната на Прстенот и како таа заврши, ем во победа неочекувана, ем во жалост долго предвидена. Тука треба да се каже дека во тие денови Наследникот на Исилдур се подаде од Север и ги зеде парчињата од мечот на Елендил и во Имладрис беа прековани; и потоа замина во војна, како голем војвода на Луѓето. Тоа беше Арагорн, синот на Араторн, триесет и деветиот наследник од правото колено на Исилдур, а сепак поистеран на Елендил од сите други пред него. Битки имаше во Рохан и Курунир предавникот беше соборен и Ајзенгард разбиен; и пред Престолнината на Гондор падна голем мегдан и Владарот на Моргул, Војводата на Саурон, таму пропадна в темница и Наследниот на Исилдур ја поведе свитата на Западот кон Црните Порти на Мордор.
Во таа последна битка беа Митрандир и синовите на Елронд и Кралот на Рохан и Владарите на Гондор и Наследниот на Исилдур со Дунедаините од Север. Таму најпосле им погледнаа в лице на смртта и на поразот и залудна беше сета нивна јунаштина, зашто Саурон беше пресилен. Но во тој час на терезија беше ставено она што Митрандир го беше кажал и помош стигна од рацете на слабите кога Мудрите потфрлија. Зашто, како што во многу песни е оттогаш опеано, Перианнатите, Малечкиот Народ чија домовина беа ридиштата и полјанките, беа оние кои сите ги избавија.
Зашто се вели дека Фродо Нишанчето, по молба на Митрандир си го зел на себе бремето и сам со момокот минал низ бељи и темнина и најпосле наспроти Саурон стигнал дури до Судната Планина; и таму, во огнот каде што беше бил искован, го фрлил Големиот Прстен на Моќта и така тој напосле бил поништен и злото му се сузбило.
Тогаш Саурон пајдоса и беше за навек надвиен и исчезна како сенка на лошотилук; и кулите на Барад-дур се сронија и од гласот на нивниот пад многу земји се затресоа. Така повторно настапи мир и нова Пролет се разлисте низ земјата; и Наследниот на Исилдур беше крунисан за Крал на Гондор и Арнор и силата на Дунедаините се воскрена и славата им се возобнови. Во дворовите на Минас Анор повторно процвета Белото Дрво, зашто Митрандир пронајде еден страк во снеговите на Миндоллуин која вишно и бело се издигаше над Престолнината на Гондор; и сѐ додека таму раснеше, Дамните Дни не беа целосно заборавени во срцата на Кралевите.
Сите овие работи пак, беа постигнати најмногу преку советите и мукаетлукот на Митрандир и во последните неколку денови се откри дека тој е уважен големец и обрубен во бело одјава во битка, но дури кога дојде време да си замине се дозна дека долго време го беше чувал Црвениот Прстен на Оган. Отпрво тој Прстен му беше доверен на Кирдан, Владарот на Пристаните; но тој му го имаше предадено на Митрандир, зашто го знаеше од каде е дојден и каде најпосле треба да се врати.
„Еве ти го прстенов, земи го,“ рече; „зашто тешки ќе ти се аргатлукот и гајлињата, но во сѐ ќе те поткрепува и ќе те брани од умор. Зашто ова е Прстенот на Огнот и сетики со него ќе можеш да спотинаш срца да прават јунаштини како од дамнина во светов кој истинува. А мене пак, срцето ми е во Морето и ќе домувам крај сивите брегови и ќе ги вардам Пристаните додека и последниот брод не отплови. A тогаш ќе те чекам.“
Бел беше тој брод и долги години се градеше и долго го чекаше крајот за кој Кирдан беше зборувал. Но кога сите овие работи беа сторени и Наследникот на Исилдур го презеде владарството над Луѓето и владението над Западот премина врз него, тогаш стана јасно дека на моќта на Трите Прстени исто така ѝ беше дошол крајот и за Првородените светот стана стар и сив. Во тоа време последните Нолдори отпловија од Пристаните и засекогаш го напуштија Меѓуземјето. И најпоследни преку Морето преминаа чуварите на Трите Прстени; и Чорбаџи Елронд го зеде тогаш бродот кој Кирдан го беше спремил. Во самракот на есента, бродот отплови од Митлонд додека Морињата на Свитканиот Свет не отпаднаа под него и ветровите на тркалезното небо веќе ништо не му можеа и носен врз високите струи над маглите на светот премина во Древниот Запад и им дојде крајот на Елдарите од приказните и од песните.