XXIII<br></br>За Туор и Падот на Гондолин - Полиграматон

XXIII

За Туор и Падот на Гондолин


Се раскажува дека Хуор, братот на Хурин, загинал во Битката на Неброени Солзи: и во зимата на таа година жена му Риан родила дете во дивините на Митрим и го крстила Туор и Аннеил од Сивите Вили кои сеуште живееле во тие ридови го зел и го посинил. Кога Туор пак, беше на шеснаесет години Вилите беа со ниет да ги напуштат пештерите на Андрот каде што домуваа и потајно да се упатат до Пристаните на Сирион во далечниот југ; но беа кајдисани од Орки и Источници пред да успеат да избегаат и Туор беше заробен и поробен од Лорган, главатарот на Источниците од Хитлум. Три години го тргаше тој јарем, но на крајот побегна; и враќајќи се до пештерите на Андрот се вдоми таму сам и толкави пакости им изнаправи на Источниците што Лорган разгласи дека дава награда за неговата глава.
Но кога Туор веќе четири години живееше вака сам како одметник, Улмо му стави во срцето желба да замине од земјата на неговите дедовци, зашто го беше избрал Туор како орудие на неговата умисла; и напуштајќи ги  повторно пештерите на Андрот замина на запад преку Дор-ломин и ја најде Аннон-ин-Гелјид, Портата на Нолдорите која народот на Тургон ја имаше изградено кога пред долги години домуваа во Невраст. Оттаму еден темен тунел водеше под планината и излегуваше во Кирит Нинниах, Виножитниот Процеп низ којшто бурната вода течеше кон западното море. Така бидна да исходот на Тургон не биде сетен ни од Луѓе ни од Орки и никаков абер за него не стигна до ушите на Моргот.
И Туор стигна до Невраст и кога го здогледа Белегеир, Големото Море, се заљуби во него и неговиот звук и копнежот по него секогаш му остана во срцето и ушите и го фати немир кој најпосле го одведе во длабините на кралството на Улмо. Така домуваше сам во Невраст и летото на таа година помина и судбата на Нарготронд почна да се ближи; но кога дојде есента, Туор виде седум големи лебеди како летаат кон југ позна дека се знак дека предолго се беше маел и тргна по нив како што летаа по бреговите на морето. Така најнакрај стигна до напуштените дворови на Винјамар под планината Тарас и влезе и ги најде таму штитот и железната кошула и мечот и шлемот кои Тургон по заповед на Улмо пред долги години таму ги беше оставил; и се обружа со тој силав и се спушти до брегот. Но од запад дојде голема бура и од таа бура Улмо, Владарот на Водите, величествено се крена и му прозборе на Туор додека тој стоеше крај морето. И Улмо му порача да си замине од тоа место и да го побара скриеното кралство Гондолин; и му даде на Туор една голема наметка за со сенка да го засолне од очите на непријателите.
Но изутрината кога бурата помина, Туор сретна една Вила како стои крај ѕидините на Винјамар; а тоа беше Воронве, синот на Аранве од Гондолин, кој имаше пловено во последниот брод кој Тургон го испрати кон Запад. Но кога тој брод враќајќи се најпосле од длабокиот океан батиса во голема бура на доглед од бреговите на Меѓуземјето, Улмо го подзеде, само него од сите морепловци и го исфрли на копното близу Винјамар; и кога научи каква заповед му беше наложил Владарот на Водите на Туор, Воронве се вчудовиде и не одби да го одведе до скриената врата на Гондолин. Затоа заедно тргнаа од тоа место и како што Свирепата Зима на таа година се спушташе врз нив од север, претпазливо тргнаа кон исток под стреите на Планините на Сенка.
Патувајќи, најнакрај стигнаа до Басените на Иврин и со јад го погледнаа поганштилукот кој минењето на Ламјата Глаурунг таму го имаше расеано, но како што се пулеа, здогледаа некој како вјаса кон север; беше некој висок Човек зарубен во црно, кој носеше црн меч. Но не знаеја ниту кој е ниту нешто за она што беше биднало на југ; и тој ги одмина, а тие не рекоа ни збор.
И така најпосле, со моќта која Улмо им ја беше втлеал, дојдоа до скриената врата на Гондолин и минејќи по тунелот стигнаа до внатрешната порта и стражарите ги фатија и ги заробија. Тогаш беа одведени по грамадната пропаст Орфалх Ехор, затворена и замандалена од седум порти и беа доведени пред Ектелион од Шадрванот, караколот на големата порта на крајот на угорниот пат; и таму Туор ја сметна наметката и од силавот што го носеше од Винјамар се виде дека вистина е некој кој Улмо го има пратено. Тогаш Туор погледна долу кон личниот дол Тумладен поставен како зелен џеваир сред опкружните ридови; и далеку врз карпестите висини на Амон Гварет го виде големиот Гондолин, градот со седум имиња чија слава и величество се највоспеани во песните за жилиштата на Вилите во Вамошните Земји. По заповед на Ектелион, од кулите на големата порта беа разгласени труби кои одекнаа низ ридовите и оддалеку, но јасно, се чу звукот на втори труби разгласени од белите ѕидини на градот поруменети од утринската аловина врз рамнината.
И така бидна да синот на Хуор одјава преку Тумладен и стигне до портата на Гондолин; и минејќи по широките скалила на градот најпосле беше доведен до Кулата на Кралот и ги виде киповите на Дрвата на Валинор. Тогаш Туор застана пред Тургон, синот на Финголфин, Врховниот Крал на Нолдорите и од десната страна на кралот стоеше Меиглин, сестричникот му, а од левата страна седеше Идрил Келебриндал, ќерка му; и сите кои го чуја гласот на Туор се зачудија и не им се веруваше дека оној кои стои пред нив е Човек од смртната раса, зашто зборовите му беа зборовите на Владарот на Водите кој му беше дошол во оној час. И го предупреди Тургон дека Клетвата на Мандос сега вјаса да се исполни, та сите дела на Нолдорите да витосаат; и му порача да си замине и да го напушти личниот и грамаден град кој го беше изградил и да појде по Сирион до морето.
Тогаш Тургон долго се думаше за советот на Улмо и во мислите му дојдоа зборовите кои му беа кажани во Винјамар: „Немој премногу да ги љубиш делата на рацете твои и кроежите на срцето твое; и запомни дека вистинската надеж на Нолдорите лежи на Запад и доаѓа од Морето.“ Но Тургон беше станал горд и Гондолин прекрасен колку споменот на вилинскиот Тирион и тој сеуште веруваше во неговата тајна и несоборлива сила макар и Вала да би се закренала против него; и по Нирнеит Арноидиадот народот од тој град веќе никогаш не сакаа да се вмешаат во таксиратите на Вилите и Луѓето од надвор ниту да се вратат низ фрас и опасност на Запад. Затворени зад беспатните и маѓепсани ридови не му даваа на никој туѓинец да влезе макар и Моргот со крвничка омраза да би го гонел; и вести за земјите од другата страна им стигнуваа слабо и споро и непара ги есапеа. Ушаците на Ангбанд залудно ги бараа; и жилиштето им беше небаре гласина и тајна која никој не може да ја пронајде. Меиглин севезден зборуваше против Туор во кралскиот совет и неговите зборови се чинеа до толку потешки одошто одеа по умот на Тургон, па најпосле тој ја отфрли пораката на Улмо и го одби неговиот совет. Но во опомената на Валата тој повторно ги чу зборовите кои беа кажани пред заминувањето на Нолдорите на брегот на Араман во дамнина; и страв од предавство се разбуди во срцето на Тургон. Затоа во тоа време влезот на скриената врата во Опкружните Планини беше заграден; и оттогаш никој од Гондолин не замина надвор на никаква задача, било за мир, било за војна, сѐ додека градот постоеше. Торондор Владарот на Орлите им донесе абер за падот на Нарготронд, а потоа и за крвнината на Тингол и на Диор неговиот наследник и за запустувањето на Дориат; но Тургон си ги затна ушите за пораките на таксират од надвор и се завети никогаш да не застане на страната на никој од синовите на Феанор; и им забрани на сите од неговиот народ да го преминуваат таборот на ридовите.
И Туор остана во Гондолин, зашто неговото блаженство и убавина и мудроста на неговиот народ многу го пленија; и стана силен во лика и во ум и жедно ги учеше мајсториите на Вилите сургунџии. Тогаш срцето на Идрил се сврте кон него и неговото кон неа; и тајната омраза на Меиглин порасна уште повеќе, зашто тој најмногу од сѐ сакаше да ја има неа, единствената наследничка на Кралот на Гондолин. Но Кралот толку му беше благонаклонет на Туор кој веќе седум години живееше во градот што не одби да му ја даде ни раката на ќерка си; зашто иако не сакаше да ја послуша пораката на Улмо, осозна дека судбината на Нолдорите е врзана за оној кој Улмо го беше пратил; и ги немаше заборавено зборовите кои Хуор му ги кажа пред свитата на Гондолин да си замине од Битката на Неброени Солзи.
Тогаш приредија голема и радосна гозба, зашто Туор ги имаше придобиено срцата на сиот тој народ, освен на Меиглин и неговите тајни следбеници; и така бидна и второто сплотување на Вила и Човек.
Во пролетта на наредната година во Гондолин се роди Еарендил Полувилен, синот на Туор и Идрил Келебриндал; а тоа беше по петстотини и три години од доаѓањето на Нолдорите во Меѓуземјето. Рамен и немаше на убавината на Еарендил, зашто од лицето му светеше светлина како светлината на небесата и ја имаше убавината и мудроста на Елдарите и силата и тврдокорноста на Луѓето од дамнина; и Морето постојано му зборуваше во ушите и во срцето, исто како на татко му Туор.
Тогаш дните на Гондолин уште беа полни со радост и мир; и никој не знаеше дека Моргот најпосле го беше открил пределот кај што лежеше Скриеното Кралство од извиците на Хурин кој стоејќи во дивината зад Опкружните Планини непоканет да влезе, очајно почна да му довикува на Тургон. Оттогаш мислата на Моргот непрестајно беше свртена кон планинската земја помеѓу Анах и горното течение на Сирион каде што неговите слуги никогаш немаа поминато; но сепак никој дошуник или створ од Ангбанд не можеше да појде таму поради будноста на орлите, па исполнувањето на умислите на Моргот се изјалови. Но Идрил Келебриндал беше мудра и далекугледна и срцето почна да ја копка и јанѕа ѝ се надвисна над душата како облак. Затоа во тоа време даде да се подготви таен пат кој ќе води надолу од градот и минувајќи под површината на рамнината ќе излегува далеку зад ѕидините северно од Амон Гварет; и ја издума работата така што само на малкумина им беше позната и до ушите на Меиглин не стигна ниту шепот.
Еднаш пак, кога Еарендил уште беше мал, Меиглин се изгуби. Зашто тој, како што веќе се кажа, го сакаше копањето и вадењето метални руди повеќе од сите други занаети; и им беше устабашија и челник на Вилите кои работеа во планините оддалечени од градот во потрага по метали за ковање орудија за мир и војна. Но Меиглин често, со по неколку од неговите, одеше зад таборот на ридовите и Кралот не знаеше дека му се крши заповедта; и така бидна да, по волја на судбината, Меиглин биде заробен од Орки и одведен во Ангбанд. Меиглин не беше ни слабак ни плашливец, но страданието со кое му се заканија му ја сви душата, па си ги откупи животот и слободата со тоа што му откри на Моргот каде точно лежи Гондолин и по кои патишта може да се најде и кајдиса. Ѝ немаше крај на радоста на Моргот кога го дозна ова и на Меиглин му вети дека ќе го стави да владее со Гондолин како негов вазал и ќе му ја даде Идрил Келебриндал кога ќе го заземе градот; и баш тој копнеж по Идрил и омраза кон Туор уште полесно го поведоа Меиглин да го стори тоа предавство, најзлогласно во сите приказни од Дамните Дни. Но Моргот го испрати назад во Гондолин, за да не некој се посомнева во предавството и за да може Меиглин одвнатре да му помогне во нападот кога ќе дојде часот; и така тој продолжи да живее во кралскиот дворец со насмеано лице, но со зло во срцето, додека мракот се погусто се збираше околу Идрил.
Најпосле, во годината кога Еарендил наполни седум години, Моргот беше спремен и ги отпушти врз Гондолин Балрозите и Орките и волците; а со нив појдоа и ламји од породот на Глаурунг кои дотогаш се имаа изнакотено и беа ужасни. Свитата на Моргот дојде од преку западните ридови каде што висините беа најголеми и стражата најслаба и дојде навечер за време на прослава кога сиот народ од Гондолин беа испокачени по ѕидините да го чекаат изгревот на сонцето и да пејат песни додека се крева; зашто другиот ден беше големата гозба која ја викаа Портите на Летото. Но црвената светлина се разлеа по ридовите на север, а не на исток; и душманот не запре со пробивот сѐ дури не стигна до самоти ѕид на Гондолин и градот беше опсаден и му немаше спас. За делата на жестоко јунаштво сторени тогаш од главатарите на благородните лози и нивните воини, а особено за тие на Туор, многу се говори во Падот на Гондолин: за битката помеѓу Ектелион од Шадрванот и Готмог Владарот на Балрозите на самиот кралски плоштад, каде што  едниот го отепа другиот и за тоа како дворјаните на Тургон ја бранеа неговата кула сѐ додека не беше соборена; и грамаден ѝ беше падот и падот на Тургон сред нејзините рушевини.
Туор тргна да ја спасува Идрил од обирот на градот, но Меиглин се имаше дограбано до неа и до Еарендил; и Туор се бореше со Меиглин врз ѕидините и го фрли прудолу и телото како што му паѓаше трипати му се удри врз карпестите падини на Амон Гварет пред да се ничкоса во пламенот одозола. Тогаш Туор и Идрил го одведоа остатокот од народот на Гондолин што успеаа да го соберат сред шашармата од јанганот по тајниот пат кој Идрил го имаше подготвено; и за тој премин војводите на Ангбанд ништо не знаеја и не мислеа дека ќе има бегалци кои ќе фатат по северните патеки кон највисоките делови на планините најблиску до Ангбанд. Димот од јанганот и пареата на личните шадрвани на Гондолин како гаснат од пламенот на ламјите од север, во печални маглишта падна врз долот Тумладен и така беше потпомогнато бегството на Туор и другите, зашто сеуште имаа долг и отворен пат за одење од устието на тунелот до планинските подножја. Сепак, стигнаа дотаму и наспроти сета надеж се искачија со ал и таксират, зашто високите места беа ладни и ужасни и меѓу нив имаше многу кои беа ранети, а и жени и деца.
Имаше еден ужасен премин, Кирит Торонат беше крстен, Орлов Процеп, каде што под сенките на највисоките врвови врвеше една тесна патека; од десно беше обѕидана од врлина, а од лево зјаеше ужасна празнина. Одеа еден по еден нижејќи се долж тесниот пат, кога беа фатени во заседа од Орки, зашто Моргот имаше поставено пазачи насекаде околу опкружните ридови; а и Балрог имаше со нив. Ужасен беше таксиратот кој тогаш ги спопадна и непара ќе беа спасени од јунаштвото на русокосиот Глорфиндел, главатарот на Лозата на Златниот Цвет на Гондолин, да не им дојдеше Торондор токму навреме напомош.
Едночудо песни се испеани за мегданот на Глорфиндел и Балрогот врз карпестиот заб на тоа високо место; каде и двајцата битисаа пропаѓајќи во бездната. Но орлите доаѓајќи нагрвалија врз Орките и ги истераа назад со врескање; и сите ги потепаа или ги истуркаа во длабините, така што абер за бегството од Гондолин долго време не стигна до ушите на Моргот. Тогаш Торондор го изнесе телото на Глорфиндел од бездната и го закопаа во могила од камења крај преминот; и зелен тревник го прекри местото и жолти цвеќиња цветаа врз него сред камената голотија, сѐ дури светот не се измени.
Така предводени од Туор, синот на Хуор, остатокот од Гондолин преминаа преку планините и се спуштија во Долот на Сирион; и бегајќи кон југ низ мачни и опасни пространства стигнаа најнакрај до Нан-татрен, Земјата на Врби, зашто моќта на Улмо сеуште течеше низ големата река и беше насекаде околу нив. Таму се починаа на некое време и си ги зацелија повредите и уморот; но жалоста не можеа да си ја зацелат. И направија гозба за спомен на Гондолин и на Вилите кои таму витосаа, за момите, за жените и за кралските воини; и за саканиот Глорфиндел многу песни кај испеаа под врбите на Нан-татрен како што врвеше годината. Таму Туор испеа песна за син му Еарендил, зборувајќи за кога Улмо Владарот на Водите му излезе на бреговите на Невраст во дамнина; и морскиот копнеж му се разбуди во срцето, а и во срцето на син му. Затоа Идрил и Туор си заминаа од Нан-татрен и заминаа на југ по реката сѐ до морето; и се вдомија таму крај устијата на Сирион и си го споија народот со тајфата на Елвинг, ќерката на Диор, којашто пред некое време таму имаше пребегнато. И кога дојде абер до Балар за падот на Гондолин и за смртта на Тургон, Ереинион Гил-галад, синот на Фингон беше назначен за Врховен Крал на Нолдорите во Меѓуземјето.
Но Моргот мислеше дека тржеството му е исполнето, не есапејќи ги многу синовите на Феанор и нивната заклетва која него никогаш го немаше повредено и дури и му беше од најголема полза; и си се смееше во црните мисли не жалејќи го Силмарилот кој го беше изгубил, зашто му се чинеше дека со него ќе го снема и последниот поштук на Елдарите од Меѓуземјето и така ќе се оттараси од нив. Дали знаеше за жилиштето крај водите на Сирион или не не покажа, трпеливо чекајќи и сметајќи на заклетвата и лагите да си го направат своето. Но крај Сирион и морето порасна вилински народ, последните жарчиња на Дориат и Гондолин; и од Балар морепловците на Кирдан дојдоа меѓу нив и се свртеа кон брановите и кон градење бродови и со жилиштата секогаш беа близу до бреговите на Арверниен, под сенката на раката на Улмо.
И се вели дека во тоа време Улмо од длабоките води пошол во Валинор и им кажал на Валарите за иктизата на Вилите; и ги повикал да им простат и да ги куртулат од необузданата моќ на Моргот и пак да ги повратат Силмарилите во коишто сега единствено цутеше светлината на Деновите на Блаженство кога Двете Дрва сеуште сјаеја во Валинор. Но Манве не се помрднал; а кој да да знае какви умисли чува тој во срцето?
Стари рекле дека часот сеуште не беше чукнал и дека само некој кој лично ќе зборува во името и на Вилите и на Луѓето, барајќи прошка за нивните престапи и исав за нивните таксирати, ќе може да го трогне советот на Силите; а заклетвата на Феанор можеби дури ни Манве не можел да ја распушти сѐ додека самата не си го најде крајот и синовите на Феанор не се одречат од Силмарилите кои со толкава бездушност ги сметале за нивни. Зашто светлината која ги осветлува Силмарилите саде Валарите кај ја беа створиле.
Во тие дни Туор почувствува како го налегнува старост и катаден во срцето му растеше копнеж по морските длабини. Затоа изгради голем брод и го крсти Еарраме, што значи Морско Крило; и со Идрил Келебриндал отплови кон зајдисонцето и кон Запад и веќе не се споменува во ниедна сказна или песна. Но во подоцнежните денови се пееше дека Туор, единствен меѓу смртните луѓе, се вбројува во постарата раса и дека се здружил со Нолдорите кои толку ги милувал; и дека неговата судбина е отцепена од судбината на Луѓето.