XIII<br></br>За Повратот на Нолдорите - Полиграматон

XIII

За Повратот на Нолдорите


Се рекло дека од Сургунџиите, Феанор и неговите синови први дошле во Меѓуземјето и се симнале во пустелијата Ламмот, Големиот Одек, на надворешните брегови на Вливот Дренгист. И штом Нолдорите стапнале врз ривата, извиците им се расчуле низ ридовите и им се умножиле, та како бука на небројни силни гласови да ги исполнила сите брегови на север; и вревата од горењето на бродовите кај Лосгар била подземена од морските ветрови како гневно превирање и сите кои оддалеку го чуле тој звук не можеле да му се изначудат.
А пламенот на тој јанган не го забележа само Финголфин, кој Феанор го беше напуштил во Араман, туку и орките и пазачите на Моргот. Никаде не се кажува што си помислил Моргот во срцето кога му стигнало абер дека Феанор, најгоркиот му душман, беше довел свита од Запад. Можеби и не му се плашел многу, зашто сеуште не знаел колку се кадри нолдорските мечеви и наскоро се видело дека бил со ниет да ги истера кон морето.
Под ладните ѕвезди, пред изгревот на Месечината, свитата на Феанор се искачи по долгиот Влив на Дренгист кој ги цепеше Ѕвонливите Ридови, Еред Ломин и од бреговите премина во големата земја Хитлум; и најпосле втаса до долгото езеро Митрим и на неговиот северен брег кренаа бивак во пределот кој го носеше истото име. Но свитата на Моргот, поттикната од превирањата кај Ламмот и светлината на јанганот кај Лосгар, дојде преку премините на Еред Ветрин, Планините на Сенка и одненадеж го кајдиса Феанор уште пред да си го стокми логорот и да постави стража; и таму врз сивите полиња на Митрим падна Втората Битка од Војните во Белерианд. Дагор-нуин-Гилиат, Битката-под-Ѕвездите ѝ е името, зашто Месечината уште се немаше кренато; и опеана е во многу песни. Нолдорите, ем надмашени, ем неспремни, сепак бргу излегоа победници, зашто светлината на Аман уште им немаше замрено во очите и беа силни и брзи и душогубна им беше лутината и мечевите им беа долги и ужасни. Орките се разбегаа пред нив и низ голем колеж беа истерани од Митрим и ловени преку Планините на Сенка до големата рамница Ард-гален што лежеше на север од Дортонион. Таму војските на Моргот кои имаа преминато на југ во Долот на Сирион и го имаа опсадено Кирдан во Пристаните на Фалас им дојдоа напомош, па и нив ги снајде гибелот. Зашто Келегорм, синот на Феанор, кога дозна за нив, ги зачека со дел од вилинската свита и спуштајќи им се од ридовите близу Еител Сирион ги отера до Мртвакот Серех. Од лош полош беше аберот кој најпосле стигна до Ангбанд и Моргот се увили. Десет дена кај траеше битката и од сите свити кои ги беше спремал за освојување на Белерианд, му се вратија само колку една шака лисја.
Но себап имаше и за многу да се радува, иако и самиот не знаеше на почетокот. Зашто Феанор од гнев кон Непријателот не сакаше да застане, туку се зададе по остатокот од Орките наумувајќи така да стигне дури до Моргот и на глас се смееше додека вртеше со мечот, ликувајќи одошто го беше пребродел гневот на Валарите и попатните зла и го дочекал часот за освета. Не знаеше ништо ни за Ангбанд ни за големата одбрана која Моргот часкум ја беше спремил: но и да знаеше, тешко дека ќе се одвратеше, зашто умот му се имаше земено и беше обземен од пламенот на гневот. И така бидна да замине многу понапред од челото на свитата; и гледајќи го ова слугите на Моргот му се завртеа, а од Ангбанд Балрози им дојдоа напомош. Таму, врз синорот на Дор Деиделот, земјата на Моргот, Феанор беше сардисан со само неколку другари околу него. Долго се бореше и без да се увили, иако беше завиен во пламен и ранет со многу рани; но најнакрај беше налегнат од Готмог, Владарот на Балрозите, кого Ектелион потоа го отепа во Гондолин. Таму и ќе загинеше да не му дојдеа во тој миг синовите со четите напомош, па Балрозите го оставија и се вратија во Ангбанд.
Тогаш синовите го кренаа татка си и го поведоа назад кон Митрим. Но како што наближуваа до Еител Сирион и ја качуваа угорнината на планинскиот премин, Феанор ги замоли да застанат; зашто раните му беа смртни и знаеше дека му чукнал часот. И гледајќи од падините на Еред Ветрин, со последниот поглед ги виде оддалеку врвовите на Тангородрим, најјака меѓу кулите на Меѓуземјето и осозна низ смртно претскажание дека нема Нолдорска сила што ќе може да ги собори; па трипати го проколна името на Моргот и им наложи на синовите да се држат до заклетвата и да го осветат татка си. Потоа умре, но не го положија во гробница, зашто толку огнена му беше душата што кога витоса, телото му се претвори во пепел и се разнесе како чад; и ликата никогаш веќе не му се појави во Арда ниту душата му замина од дворовите на Мандос. Така битиса најмоќниот од сите Нолдори, чии дела им ја донесоа и најголемата слава и најгоркиот им таксират.
Во Митрим пак, домуваа Сивите Вили, народот од Белерианд што имаа заталкано кон север преку планините и Нолдорите се ќеф ги поздравија, како долго отцепени роднини; но на почетокот говорот им одеше тешко, зашто после долгото отцепување јазиците на Калаквендите од Валинор и Мориквендите од Белерианд се беа разделиле. Од Вилите од Митрим Нолдорите дознаа за силата на Елу Тингол, кралот на Дориат и појасот на маѓепство што го оградува неговото кралство; и абер за овие славни дела од север стигна и на југ до Менегрот и до пристаните Бритомбар и Егларест. Тогаш сите Вили од Белерианд се исполнија со восхит и надеж од доаѓањето на нивните моќни роднини, кои неповикани се беа вратиле од Запад да им помогнат во најголемата им иктиза, верувајќи прво дека се дојдени како пратеници на Валарите за да ги избават.
Но токму во часот на смртта на Феанор до неговите синовите стигна пратеништво од Моргот, признавајќи пораз и нудејќи им примирје, спремни дури и Силмарил да им теслимат. Тогаш Меидрос високиот, најстариот син, ги кандиса браќа му да се преправаат како демек да сакаат да се помират со Моргот и да се сретнат со пратениците на закажаното место; но ни едните ни другите беа со ниет да си стојат на ветеното. Така секое пратеништво дојде со поголема војска од договорената, но Моргот испрати повеќе, па уште и Балрози. Меидрос беше фатен во заседа и сета чета му беше потепана; а тој самиот беше заробен жив по наредба на Моргот и доведен во Ангбанд.
Тогаш браќата на Меидрос се повлекоа и утврдија голем логор во Хитлум; но Моргот го задржа Меидрос како заточеник и им прати абер дека нема да го ослободи освен ако Нолдорите не ја арнисаат војната и не се вратат на Запад или не заминат далеку од Белерианд кон Југот на светот. Но синовите на Феанор знаеја дека Моргот ќе ги предаде и дека нема да го ослободи Меидрос, што и да направат; а и за заклетвата беа врзани, па за ништо не можеа да ја арнисаат војната против Непријателот. Затоа Моргот го зеде Меидрос и го обеси врз лицето на една врлина на Тангородрим и со челична пранга го закова врз каменот за зглобот од десната рака.
До логорот во Хитлум пак, стигна гласина за походот на Финголфин и тие кои одеа по него, дека го беа преминале Резливиот Мраз; и тогаш сиот свет беше зачуден од доаѓањето на Месечината. Но како што свитата на Финголфин зачекори во Митрим, Сонцето пламено се крена на Запад; и Финголфин ги распосла сино-сребрените бајраци и ги разгласи роговите и цвеќиња му изникнаа под изморените нозе и така сврши ерата на ѕвездите. При воздигањето на големата светлина слугите на Моргот ја спраштија кон Ангбанд и Финголфин неспротиставен помина низ калето Дор Деиделот, додека неговите душмани се криеја под земјата. Тогаш Вилите ги сотреа портите на Ангбанд и призивот на нивните труби ги затресе кулите на Тангородрим; и Меидрос ги чу сред страданието и гласно извика, но гласот му се изгуби низ одекот на карпите.
Но Финголфин, одошто ќудот му беше поинаков од на Феанор и се вардеше од лукавствата на Моргот, се повлече од Дор Деиделот и тргна назад кон Митрим, зашто беше чул абер дека таму ќе ги најде синовите на Феанор, а целеше и да ја искористи закрилата на Планините на Сенка додека народот му се одмараше и зајакнуваше; зашто ја беше видел силата на Ангбанд и не мислеше дека саде со звук на труби ќе може да ја обори. Затоа доаѓајќи најпосле до Хитлум, првиот логор и жилиште  си го направи на северните брегови на езерото Митрим. Немаше љубов во срцата на оние кои го следеа Финголфин за лозата на Феанор, зашто големо беше било теглилото на тие што го издржаа преминот преку мразот и Финголфин ги сметаше синовите за соучесници на татко им. Тогаш раскол можеше да фати меѓу свитите; но иако загубите по патот им беа горки, народот на Финголфин и на Финрод, синот на Финарфин, сепак беа помногубројни од следбениците на Феанор, па овие се повлекоа пред нив и си го преместија жилиштето на јужниот брег; и езерото остана да ги дели. Многу од народот на Феанор се каеја за јанганот кај Лосгар и беа исполнети со восхит од јунаштвото со коешто пријателите кои ги беа напуштиле го преминале Северниот Мраз; и братски ќе ги пречекаа, но не се осудија, одошто им беше срам.
Така поради клетвата која се имаше надвиснато над нив, Нолдорите не постигнаа ништо, а Моргот се колебаше и фрасот од светлината беше нов и силен меѓу Орките. Но Моргот се дигна од мисла и гледајќи го раздорот меѓу неговите душмани се засмеа. Во јамите на Ангбанд крена големи чадови и чуреи кои фатија да извираат од баздливите врвови на Железните Планини и надалеку можеа да се видат од Митрим, како ги валкаат јасните висини на првите утра на светот. Ветер задува од исток и ги однесе над Хитлум, затемнувајќи го новото Сонце; и се спуштија и се склопчија околу полињата и долините и легнаа врз водите на Митрим, тмурни и отровни.
Тогаш Фингон јунакот, синот на Финголфин, се реши да ја оконча кавгата што ги делеше Нолдорите пред Непријателот да се спреми за војна; зашто земјата татнеше во северните краеви од грмежот на вигните на Моргот подземи. Пред многу години, во блаженството на Валинор пред Мелкор да го одврзат или лаги да ги разделат, Фингон беше бил голем пријател со Меидрос; и иако сеуште не знаеше дека Меидрос не го беше заборавил при горењето на бродовите, помислата на нивното древно пријателство му го бодеше срцето. Затоа се одважи да стори дело кое со право е прославено меѓу подвизите на нолдорските принцеви: сам и без ничиј совет тргна во потрага по Меидрос; и потпомогнат од истата темнина која Моргот ја беше створил, потајно стигна до калето на душманот. Се искачи високо врз плеќите на Тангородрим и во очај погледна кон пустошот на земјата; но ни премин ни зев не можеше да најде за да влезе во крепоста на Моргот. Тогаш, пркосејќи им на Орките кои сеуште се тресеа во темните визби под земјата, ја зеде харфата и запеа песна од Валинор која Нолдорите уште во дамнина ја имаа истворено, пред да се роди расколот меѓу синовите на Финве; и гласот му се разѕуни низ печалните долини кои дотогаш беше знаеле саде за крици на страв и саклма.
И така Фингон го најде она што го бараше. Зашто одненадеж над него, далеку и едвај чујно, песната му беше подземена и нечиј глас го повика одговарајќи му. Беше тоа Меидрос, кој пееше среде маките. Но Фингон се искачи до подножјето на врлината каде што му висеше роднината и не можеше да продолжи; и заплака кога го виде суровиот чин на Моргот. Затоа Меидрос, одошто толку страдаше и беше безнадежен, го помоли Фингон да го застрела со лакот; и Фингон зеде стрела и го оптегна лакот. И не гледајќи друга надеж извика кон Манве, велејќи: „Пресветол Кралу на кому сите птици му се мили, стори сега да поита предувестава прачка и фрли им ронка милост на Нолдорите во нужда!“
Молитвата уште веднаш му беше услишена. Зашто Манве на кому сите птици навистина му се мили и на кому му носат вести врз Таникветил од Меѓуземјето, го беше пратил сојот на Орлите заповедајќи им да се вдомат во спилите на Север и да го пазат Моргот; зашто на Манве сеуште му беше жал за Вилите в сургун. И Орлите носеа вести за многу од она што во тие денови се случуваше до тажните уши на Манве. И така, како што Фингон го оптегна лакот, од вишните висини долета Торондор, Кралот на Орлите, најсилен меѓу сите птици кои некогаш биле, чиишто раширени крилја зафаќаат триесет сажни и задржувајќи му ја раката на Фингон, го крена и го однесе до лицето на карпата каде што висеше Меидрос. Но Фингон не можеше да му ја разлабави адската пранга од зглобот ниту да ја отсече ниту да ја извлече од каменот. Затоа Меидрос со јад повторно го помоли да го отепа; но Фингон му ја отсече раката над зглобот и Торондор ги одведе назад до Митрим.
Таму Меидрос со време закрепна, зашто животниот пламен уште гореше во него и силата му беше од светот исконски, каква што им беше на оние кои беа пораснати во Валинор. Снагата му заздрави од страданието и му зајакна, но сенката од болката му остана на срце; и научи да го повела мечот со левата рака уште подушогубно одошто со десната. Со ова дело Фингон многу се прослави и сите Нолдори го уважуваа; и омразата меѓу лозите на Финголфин и Феанор се затиши. Зашто Меидрос го молеше за прошка за напуштањето во Араман; и се одрече од владарството над Нолдорите велејќи му на Финголфин: „И да немаше кавга меѓу нас господару, владарството пак со право ќе беше твое, најстариот тука од лозата на Финве, а бездруго и меѓу најмудрите.“ Но со ова не сите од браќа му се согласија во срцата.
И така, како што и Мандос претскажа, лозата на Феанор ја завикаа Лишените, затоа што надгосподството премина од неа, постарата, кон лозата на Финголфин, како во Еленде така и во Белерианд, а и поради загубата на Силмарилите. Но Нолдорите, одошто сега пак беа обединети, поставија стража врз границите на Дор Деиделот и Ангбанд беше опсадена од запад и од југ и од исток и испратија гласници на далеку и на широко да ги истражат земјите на Белерианд и да се здружат со народите кои таму живееја.
Крал Тингол пак, не го дочека со радо срце пристигнувањето на толку многу силни принцеви од Запад желни за нови земји; и не сакаше да го отвори кралството, ниту да го тргне појасот на маѓепство, зашто поучен од мудроста на Мелиан не веруваше дека јамката врз Моргот ќе искрепи. Од нолдорските принцеви само на оние од лозата на Финарфин им беше дадено да го преминат синорот на Дориат; затоа што беа блиска рода со самиот Крал Тингол, зашто мајка им беше Еарвен од Алквалонде, ќерката на Олве.
Ангрод, синот на Финарфин, прв дојде меѓу Сургунџиите во Менегрот како гласник на брат му Финрод и долго зборуваше со Кралот раскажувајќи му за делата на Нолдорите на север и за нивниот број и за подредувањето на нивните сили; но одошто беше предан и благоразумен и мислејќи дека сите јадови се заборавени, не рече ништо за родоморството, ниту за тоа како биднало да Нолдорите бидат прогонети и заклетвата на Феанор. Крал Тингол ги ислуша зборовите на Ангрод и пред да го испрати му рече: „Вака ќе им кажеш од мене на тие што те пратиле. Нолдорите можат слободно да се вдомат во Хитлум и во балканите на Дортонион и во земјите источно од Дориат што се празни и диви; но на други места живее мојот народ и нема да дадам нив да им се скрати слободата, а уште помалку да се истуркани од домовите. Затоа добро гледајте како се носите, вие принцеви од Запад; зашто јас сум владар на Белерианд и сите коишто наумиле да живеат таму, ќе ме слушаат што им велам. Во Дориат никој нема да доаѓа, освен оние кои јас ќе ги повикам како гости, или оние кои ме бараат во голема нужда.“
Нолдорските големци пак, свикаа совет во Митрим и таму појде и Ангрод кога се врати од Дориат, носејќи ја пораката од Крал Тингол. Ладно им се виде ова добредојде на Нолдорите и синовите на Феанор се налутија на таквите зборови; но Меидрос се насмеа, велејќи: „Крал е оној кој може да си го одбрани своето, инаку залудна би му била титулата. Тингол ни дава земја онаму каде што нема власт. И само Дориат кај ќе му беше царштина, да не дојдеа Нолдорите. Затоа, нека си владее со Дориат и нека му е мило што ќе ги има синовите на Финве за комшии, а не Орките на Моргот кои ги затекнавме. А за другите места, ќе одиме онаму каде што ќе ни се види арно.“
Но Карантир, кој не ги сакаше синовите на Финарфин и беше најгрубиот од браќата и најнепромислениот, гласно извика: „Море и ова! Нека не се рашетуваат многу синовите на Финарфин со сказните на оваа Темна Вила од пештерите! Кој им дал изим да зборуваат со него небаре се наши претставници? И иако дојдоа во Белерианд, нека не забораваат дека татко им е нолдорски големец, ама мајка им е од друга сорта.“
На ова Ангрод се разгневи и си замина од советот. Меидрос потоа го прекори Карантир; но поголемиот дел од Нолдорите од двете страни слушајќи му ги зборовите се насекираа, плашејќи се од бесните души на синовите на Феанор на кои отсекогаш малку им требаше за да се фатат за лоши зборови и насилство. Но Меидрос си ги смири браќа му и си заминаа од советот и потоа наскоро го напуштија Митрим и отидоа на исток зад Арос до дивите земји околу Ридот Химринг. Тој предел потоа беше крстен Марката на Меидрос, зашто на север немаше многу ридови и реки за да бранат од напад од Ангбанд. Таму Меидрос и браќа му поставија стража собирајќи ги сите што решија да ги следат и не се мешаа многу со роднините од запад, освен во нужда. Се вели дека самиот Меидрос го имал скроено ваквиот план за да спречи прилика за раскол и затоа што бил спремен главната опасност од напад да ја земе врз себе; па така остана пријател со лозите на Финголфин и Финарфин и напати одеше кај нив кога ќе требаше заедно да се посоветуваат. Но и тој беше врзан за заклетвата, иако таа сега почиваше некое време.
Народот на Карантир пак, се вдоми најдалеку на исток зад горниот тек на Гелион околу Езерото Хелеворн под планината Рерир и на југ оттаму; и се искачија до височините на Еред Луин и вчудовидени се испулија  кон исток, зашто диви и широки им се видоа краиштата на Меѓуземјето. И така бидна да народот на Карантир се сретне со Џуџињата, кои по налетот на Моргот и доаѓањето на Нолдорите беа престанале да врват низ Белерианд. Но иако и двата народи го сакаа мајсторлукот и беа желни за знаење, меѓусебе не се сакаа многу; зашто Џуџињата беа таинствени и малку им фалеше да се насрдат за нешто, а Карантир беше надмен и не го сокриваше многу-многу презирот кон неличотијата на Наугримите, а народот го следеше примерот на владарот им. Сепак, одошто и двата народи се плашеа од Моргот и го мразеа, склучија сојузништво од коешто голем ќар видоа; зашто Наугримите научија многу занаетчиски тајни во тие денови и ковачите и дуварџиите од Ногрод и Белегост станаа славни меѓу нивните роди, а кога Џуџињата повторно почнаа да патуваат низ Белерианд, сиот пазар од џуџевите рудници минеше прво низ рацете на Карантир кој така се здоби со големо азно.
Кога минаа дваесет од Годините на Сонцето Финголфин, Кралот на Нолдорите, приреди голема гозба која се одржа на пролет близу басенот на Иврин каде што извираше брзата река Нарог, зашто таму земјата беше зелена и лична под нозете на Планините на Сенка кои ја штитеа од север. Радоста на таа гозба долго време остана како спомен низ деновите на жалост; и ја викаа Мерет Адертад, Гозба на Повторното Сплотување. Присутни беа многу од главатарите и поданиците на Финголфин и Финрод; и синовите на Феанор, Меидрос и Маглор со воини од источната Марка, а дојдоа и голем бој Сиви Вили, талкачи од кориите на Белерианд и народ од Пристаните заедно со Кирдан, нивниот владар. Дојдоа дури и Зелени Вили од Оссирианд, Земјата на Седум Реки далеку под ѕидините на Сините Планини; но од Дориат дојдоа само двајца гласници, Маблунг и Деирон, носејќи здравоживо од Кралот.
На Мерет Адертад паднаа многу добронамерни спогодби и заклетви беа дадени за сојуз и пријателство; и се вели дека на оваа гозба јазикот на Сивите Вили најмногу се зборувал дури и меѓу Нолдорите, зашто тие брзо го научиле говорот на Белерианд, а на Синдарите споро им одело да се извештат во јазикот на Валинор. Срцата на Нолдорите беа полни со мерак и надеж и на многумина им се виде како зборовите на Феанор да беа оправдани, тогаш кога им повела да бараат слобода и лични кралства во Меѓуземјето; и вистина следеа долги години мир додека нивните мечеви го оградуваа Белерианд од пустошот на Моргот; чија сила беше затворена зад неговите порти.  Во тие дни имаше радост под новото Сонце и Месечина и сета земја беше полна со милина; но Сенката и понатаму се мрштеше на север.
И кога поминаа уште триесет години Тургон, синот на Финголфин, го напушти Невраст каде што живееше и го побара Финрод, пријателот си, на островот Тол Сирион и заедно отпатуваа кон југ долж реката, пазејќи се на почетокот од северните планини; и како што патуваа ги стигна ноќ зад Вировите на Самрак крај водите на Сирион и легнаа да спијат крај неговите брегови под летните ѕвезди. Но Улмо, доаѓајќи по реката им прати длабок сон и ги спопадна со тешки соништа; и маката од соништата им остана дури и откако се разбудија, но ни едниот ни другиот ништо не рекоа, зашто мислите им беа матни и секој помисли дека Улмо само нему му беше пратил порака. Но оттогаш во душата ги налегна немир и сомнеж за претстојните збиднувања и често шетаа сами низ неизгазени земји барајќи надалеку и нашироко скришни и цврсти места; зашто на секој му се чинеше како да му е порачано да се подготви за зли дни и да си направи потслон за да не избувне Моргот од Ангбанд и да ги собори војските на Северот.
Еднаш, Финрод и сестра му Галадриел беа на гости кај роднината им Тингол во Дориат. Притоа Финрод беше восхитен од јачината и величественоста на Менегрот, неговите ризници и оружарниците и многустолбните дворови од камен и му дојде мисла да изгради широки дворишта зад деноноќно вардени порти во некое длабоко и скришно место под ридовите. Па му кажа што беше наумил на Тингол зборувајќи му за сонот; и Тингол му раскажа за длабокиот кланец на реката Нарог и за пештерите под Високиот Фарот крај стрмниот западен брег и кога го испрати му даде водичи да го одведат до тоа место кое малкумина тогаш го знаеја. Така Финрод пристигна до Пештерите на Нарог и таму почна да прави длабоки дворови и оружарници по мострата на палатите во Менегрот; и таа крепост ја викаа Нарготронд. Финрод во работата беше потпомогнат од Џуџињата од Сините Планини, кои богато ги награди, зашто Финрод беше довел повеќе азно од Тирион од сите други нолдорски принцеви. И во тоа време му го направија и Наугламир, Ѓерданот на Џуџињата, најславната нивна творба од Дамните Дни. Беше тоа ледник од злато изнареден со неброени бесценети камења од Валинор, но имаше таква моќ што беше лесен за носење како ленена нишка и на чиј врат и да беше закачен секогаш стоеше лично и кибарно.
Таму во Нарготронд Финрод се вдоми со многумина од неговиот народ и беше наречен Фелагунд на јазикот на Џуџињата, Режач на Пештери; и тоа име му остана оттогаш, па сѐ до крајот. Но Финрод Фелагунд не беше првиот кој домувал во пештерите крај реката Нарог.
Сестра му Галадриел не замина со него во Нарготронд, зашто во Дориат живееше Келеборн, роднината на Тингол и голема љубов се роди меѓу нив. Затоа таа остана во Скриеното Кралство и се вдоми со Мелиан и од неа научи многу преданија и мудрости за Меѓуземјето.
Но Тургон се сеќаваше на градот издлабен во рид, Тирион личниот, со кулата и дрвото и не го најде она што го бараше, па се врати во Невраст и мирно седна во Винјамар крај морските брегови. И во наредната година му се појави Улмо и му рече пак да појде сам до Долот на Сирион; и Тургон појде и воден од Улмо го откри скриениот дол Тумладен во Опкружните Планини сред којшто имаше камен рид. За ова не му кажа на никој, туку пак се врати во Невраст и низ тајни советувања почна да крои план за град по мострата на Тирион врз Туна, за којшто срцето му чезнаееше в сургун.
Моргот пак, верувајќи во отчетот од неговите ушаци дека нолдорските владари талкаат по земјата и не мислат многу на војна, реши да ја искуши силата и будноста на непријателот. Уште еднаш, потајно, си ја разбуди моќта и наеднаш фатија земјотреси на север и оган изби од расцепи во земјата и Железните Планини заригаа пламен и Орки се истурија низ полето Ард-гален. Оттаму се впуштија прудолу по Преминот на Сирион на запад, а на исток се втурнаа низ земјата на Маглор, во јазот помеѓу ридовите на Меидрос и отсеците на Сините Планини. Но Финголфин и Меидрос не спиеја и додека другите ги бараа раштрканите тајфи на Орки кои лутаа низ Белерианд правејќи големи зулуми, тие ја зачекаа главната свита од двете страни додека го напаѓаше Дортонион; и ги поразија слугите на Моргот и гонејќи ги преку Ард-гален ги сотреја до последен, недалеку од портите на Ангбанд. Тоа беше третата голема битка од Војните во Белерианд и беше крстена Дагор Аглареб, Величествената Битка.
Победа беше, ама и опомена и принцевите ја послушаа и оттогаш си ги зацврстија таборите и ја зајакнаа и подредија стражата, отпочнувајќи ја Опсадата на Ангбанд која траеше скоро четиристотини од Годините на Сонцето. Долго време по Дагор Агларебот ниту еден слуга на Моргот не се подаде од портите од страв од нолдорските владари; и Финголфин се тагареше дека освен преку предавство меѓу самите нив, Моргот веќе никогаш не ќе може да избувне од таборот на Елдарите, ниту да ги начека неспремни. Сепак, Нолдорите не можеа да го заземат Ангбанд, ниту да ги повратат Силмарилите; и во времето на таа Опсада никогаш не престана да се војува, зашто Моргот кроеше сѐ нови лошотии и одвреме-навреме го искушуваше непријателот. Ниту пак крепоста на Моргот можеше да биде целосно опколена: зашто Железните Планини, од чиишто големи свиени ѕидини се издаваа кулите на Тангородрим, ја бранеа од двете страни и беа непроодни за Нолдорите поради снегот и мразот. Така, од позади и од север Моргот немаше душмани, па оттаму напати му излегува ушаците, доаѓајќи по незнајни патишта до Белерианд. И одошто најмногу сакаше да сее страв и неслога меѓу Елдарите, им заповеда на Орките да ги заробат живи сите оние кои ќе ги фатеа и врзани да ги доведат во Ангбанд и некои толку ги ветроса со ужасот на очите што веќе не им требаа синџири, туку вечно живееја во страв од него, правејќи како ќе им заповедаше, каде и да беа. Така Моргот научи многу од она што се имаше случено после бунтот на Феанор и се зарадува, гледајќи ги во сето тоа семињата на многу размирници меѓу неговите душмани.
Кога скоро сто години имаа истечено од Дагор Агларебот, Моргот науми да го начека Финголфин неспремен (зашто знаеше за будноста на Меидрос); и испрати војска кон белиот север која потоа сврти на запад, па на југ и се спушти по бреговите на Вливот Дренгист, по патот по кој Финголфин дојде од Резливиот Мраз. Оттаму сакаа да влезат во кралството Хитлум од запад; но на време беа здогледани и Фингон им се здаде меѓу ридовите кај челото на Вливот и повеќето од Орките беа истерани во морето. Оваа не се слага меѓу големите битки зашто бројот на Орките не беше голем и се бореше само дел од народот на Хитлум. Но потоа долги години имаше мир и немаше отворени напади од Ангбанд, зашто Моргот тогаш осозна дека Орките не можат непомогнати да се токмат со Нолдорите, па фати да си бара ново чаре.
По уште сто години Глаурунг, првиот од Урулоките, огнените али од Север, се зададе една вечер од портите на Ангбанд. Уште беше млад и едвај до пола израснат, зашто долг и бавен е животот на ламјите, но Вилите увилени се разбегаа пред него кон Еред Ветрин и Дортонион; па ги испогани полињата на Ард-гален. Тогаш Фингон, принцот од Хитлум, одјава против него со стрелци на коњи и го опточи одоколу во обрач од брзи јавачи; и Глаурунг не можеше да им ги издржи стрелите одошто кожата сеуште не му беше целосно обружена и избега назад во Ангбанд и долги години не излезе. Фингон се здоби со голема слава и Нолдорите ликуваа; зашто малкумина го осознаа вистинското значење и заканата од овој нов створ. Но на Моргот не му се направи ќефот што Глаурунг предвреме се беше покажал; и по неговиот пораз завладеа Долгиот Мир од скоро двесте години. Низ сите тие години на марките имаше само по некоја спречка, а Белерианд цветаше и се обогати. Зад биваците на стражата на север Нолдорите ги изградија нивните жилишта и кули и многу лични работи изнаправија во тие денови и песни и приказни и книги со преданија. Во многу делови на земјата Нолдорите и Синдарите се сплотија во еден народ и говореа ист јазик; иако оваа разлика остана меѓу нив: да Нолдорите бидат со поголема сила во умот и снагата и да се покадри воини и мудреци; и градеа со камен и ги сакаа ридските падини и отворените земји. Но Синдарите имаа поубави гласови и беа повешти во музика, освен од Маглор, синот на Феанор и ги сакаа кориите и речните брегови; и некои од Сивите Вили сеуште талкаа надалеку и нашироко без стална домовина и пееја како што одеа.