XI<br></br>За Сонцето и Месечината и Сокривањето на Валинор - Полиграматон

XI

За Сонцето и Месечината и Сокривањето на Валинор


Се вели дека по бегството на Мелкор Валарите долго време седеле на престолите во Судниот Обрач без да се поместат; но не седеа со скрстени раце како што Феанор зајави кога безумието му го помати умот. Зашто Валарите можат да работат и со мислите, а не само со рацете и еден со друг можат да се советуваат молчешкум и во тишина. И така бдееја во ноќта на Валинор и мислите им минеа преку Еа и сѐ до Крајот; но никаква сила или мудрост не можеше да им го ублажи јадот и злото познание на часот во кој се беше обвистинило. И колку што жалеа за смртта на Дрвата, толку жалеа и за нагрдувањето на Феанор: од сите дела на Мелкор, едно од најзлобните. Зашто Феанор беше створен да е најсилен во сите делови на снагата и умот, во јунаштво и во закаленост и во убавина и во проникливост и во вештина и во јачина и во префриганост од сите Чеда на Илуватар и светол пламен гореше во него. Чудесиите за слава на Арда кои инаку ќе ги изнедреше, само Манве би можел донекаде да ги зачне. И се вели меѓу Ванјарите кои бдееја заедно со Валарите дека кога телалите му го зајавиле на Манве одговорот на Феанор, Манве заплакал и ја наведнал главата. Но на последниот збор на Феанор: дека ако ништо друго, делата на Нолдорите за навек ќе се воспеани во песна, ја кренал главата како да беше чул глас од далеку и рекол: „Така ќе е! Скапо ќе чинат тие песни, ама со алал ќе се платени. Таква стока, толку кошта. И како што и Еру ни кажа, убавина дотогаш незачната ќе се внесе во Еа и од злото добро ќе проникне.“
Но Мандос рече: „Но злото, зло ќе остане. А јас и Феанор брзо ќе се видиме.“
Но кога Валарите најпосле дознаа дека Нолдорите го беа напуштиле Аман и се вратиле во Меѓуземјето, станаа и се фатија за работа за да го обвистинат она што го имаа договорено во мислите за да се извидаат лошотиите на Мелкор. Тогаш Манве им заповеда на Јаванна и Ниенна да си ја спотнат сета сила за растеж и исцелување; и си ја спотнаа сета сила врз Дрвата. Но лекот од солзите на Ниенна не фати и не им ги излече лутите рани; и Јаванна долго време пееше сама во сенките. Но токму кога надежта замре и песната спласна, Телперион од една исушена гранка најпосле пушти еден голем сребрен цвет, а Луерелин еден златен плод.
Јаванна потоа ги зеде; и Дрвата умреа и безживотните стебла сеуште им стојат во Валинор, како паметници на исчезната радост. Но цветот и плодот Јаванна му ги даде на Ауле и Манве ги освети и Ауле со неговите мајстори направија чунови за да ги положат и да им се зачува сјајот: како што се вели во Нарсилионот, Песната за Сонцето и Месечината. Валарите и ги дадоа чуновите на Варда за да ги престори во небесни фенери поблескави од древните ѕвезди, одошто беа поблиску до Арда; и им даде моќ да минат по долните предели на Илмен и ги постави да патуваат по предодредени патеки над појасот на Земјата од Запад кон Исток и потоа да се вратат.
Така сторија Валарите, одвратувајќи ја со самракот темнината во земјите на Арда; и сетне се решија да го осветлат Меѓуземјето и со светлина да ги сопрат делата на Мелкор. Зашто се сетија на Аварите кои останаа крај водата кај што се беа разбудиле, а и Нолдорите в сургун не ги имаа арнисано; и Манве знаеше дека се ближи и часот на доаѓањето на Луѓето. И се вели дека како што Валарите војувале со Мелкор за атер на Квендите, така тогаш се обуздале за атер на Хилдорите, Потемдојденците, Помладите Чеда на Илуватар. Зашто толку лути беа биле раните на Меѓуземјето од војната со Утумном што на Валарите им било страв да не ги снајде нешто уште полошо; зашто Хилдорите беа смртни и послаби од Квендите за да можат да истраат такви стравови и превирања. А на Манве и не му беше познато каде ќе е зачетокот на Луѓето, дали на север, на југ, или на исток. Затоа Валарите испратија светлина низ светот, но и ја зајакнаа земјата кај што домуваа.
Исил Болскотот ја крстија Ванјарите во дамнина Месечината, цветот на Телперион од Валинор; а Анар Жарозлатната, плод на Лаурелин, го крстија Сонцето. Но Нолдорите ги викаа и Рана, Своеглавиот и Васа, Огненото Срце кое буди и пеплосува; зашто Сонцето беше поставено како предзнак на будењето на Луѓето и замирањето на Вилите, а Месечината пак, им го варди споменот.
Маиарската мома која Валарите ја одбраа да го води чунот на Сонцето се викаше Ариен, а оној кој го тера островот на Месечината е Тилион. Во дните на Дрвата Ариен ги вардеше златните цвеќиња во градините на Вана и ги полеваше со светлите роси на Лаурелин; а Тилион беше ловец од тајфата на Ороме и имаше лак од сребро. Најмило му беше среброто и кога сакаше да се одмори ги напушташе кориите на Ороме и одејќи до Лориен заспиваше сонувајќи крај басените на Есте под мижуркавите зраци на Телперион; и многу молеше да му дадат тој да го варди последниот Цвет од Сребро. Ариен момата беше појака од него и неа ја одбраа затоа што не се плашеше и немаше мака од жештините на Лаурелин, оти од самоти почеток беше огнен дух кој Мелкор не успеа да го измами и да го сврти кон него. Пресветли беа очите на Ариен за дури и Елдарите да можат да ѝ се испулат и кога го напушти Валинор го арниса обликот и рубата со која се имаше зарубено како Валарите и беше како гол пламен, ужасна во бујноста на нејзиниот раскош.
Исил прв се стокми за пат и прв се издигна кон царството на ѕвездите и беше постариот од новите светла како што Телперион беше од Дрвата. И така некое време во светот имаше само месечина и многу нешто кои долго траеа во сонот на Јаванна се размрдаа и разбудија. Слугите на Мелкор се зачудија, но Вилите во Надворешните Земји со милина погледаа нагоре; и како што Месечината се издигаше над мракот на запад, Финголфин ги разгласи сребрените труби и го почна походот во Меѓуземјето и сенките на неговата свита одеа пред нив, долги и црни.
Тилион седум пати помина преку небото и беше далеку на исток кога и чунот на Ариен беше стокмен. Тогаш Анар се крена со сета своја слава и првата сончева зора беше како голем оган врз Пелорските кули: облаците во Меѓуземјето пламнаа и се расчу глас на многу водопади. Тогаш Моргот баеги се увили и се спушти во најдлабоките темници на Ангбанд и си ги прибра слугите, пуштајќи голем базд и црн облак за да си ја сокрие земјата од светлината на Денската Ѕвезда.
Варда имаше наумено двата чунови да патуваат по Илмен и вечно да се кренати, но не заедно; секој требаше да мине од Валинор кон исток и да се врати, едниот издигајќи се од запад кога другиот ќе се спушти на исток. И така првите нови дни се слагаа по тертипот на Дрвата, по смесувањето на светлините кога Ариен и Тилион врвеа секој по својата патека над сред Земјата. Но Тилион беше своеглав и несигурен во брзината и не го следеше назначениот пат; и сакаше да се доближи до Ариен привлечен од нејзиниот раскош, иако пламенот на Анар го опрлуваше и го зацрнуваше островот на Месечината.
Затоа, поради своеглавоста на Тилион, а и од молбите на Лориен и Есте кои велеа дека веќе нема сон и почивка на Земјата и дека ѕвездите се скриени, Варда се премисли и даде да во светот пак има време на сенка и полу-светлина. Па и рече на Анар да остане малку во Валинор и да се одмори, лежејќи врз ладните пазуви на Надворешното Море; па Квечерината, времето на залезот и одморот на Сонцето, беше час на најголема светлина и радост во Аман. Но потоа слугите на Улмо го повлекуваа Сонцето кое пак бргу иташе под земјата и така незабележано доаѓаше на исток каде повторно се качуваше на небо, за да не биде ноќта предолга, та злото пак да почне да шета под Месечината. Но од Анар водите на Надворешното Море се вжештуваа и светеа со обоен пламен, па во Валинор остануваше светлина и откако Ариен ќе заминеше. Но како што патуваше подземи и кон исток, светлината линееше и Валинор се притулуваше и Валарите тогаш најмногу жалеа за смртта на Лаурелин. В зори, сенките на Бедемските Планини густо се распостелуваа низ Блаженото Царство.
Варда ѝ заповеда на Месечината исто вака да патува, минејќи под Земјата и изгревајќи на исток, ама дури откако Сонцето ќе се спушти од небесата. Но чекорот на Тилион беше несигурен, како што е и до ден денес и пак гледаше да ѝ се доближи на Ариен, како што и секогаш ќе гледа; па честопати и двајцата заедно се гледаат над Земјата, или напати ќе се погоди толку да се приближи што со сенката ѝ ја прекрива светлината и сред ден фаќа темница.
И така, со идењето и одењето на Анар, Валарите ги слагаат деновите оттогаш, па сѐ до Завојот на Светот. Зашто Тилион ретко мируваше во Валинор и почесто минеше вјасајќи над западните земји, над Аватар или Араман или Валинор и се нурнуваше во провалијата преку Надворешното Море, сам барајќи си пат сред шуплините и пештерите во корените на Арда. Таму често ќе талнеше и дури касно се враќаше.
Така, по Долгата Ноќ, светлината на Валинор беше поголема и полична од онаа во Меѓуземјето; зашто Сонцето таму се одмараше и небесните светла во тој предел беа поблиску до Земјата. Но ни Сонцето ни Месечината не можеа да ја повратат старата светлина која извираше од Дрвата пред отровот на Унголиант да ги допре. Таа светлина сега живее само во Силмарилите.
Но Моргот ги мразеше новите светлини и на почетокот беше сузбиен од овој неочекуван удар на Валарите. Па го кајдиса Тилион праќајќи сенишни авети против него и раскол фати во Илмен под патеките на ѕвездите; но Тилион излезе победник. А од Ариен Моргот имаше голем страв и не се осудуваше да ѝ се приближи, одошто немаше веќе толку сила; зашто како што му растеше лошотилукот и како што ги испушташе злото кое со лаги го имаше зачнато и клетите створови, силата му преминуваше во нив и му се распрсна, а тој сѐ повеќе се врзуваше за земјата, не сакајќи да излезе од темните тврдини. Со сенки се сокри и себе и слугите од Ариен чиј поглед не можеа да го издржат; и земјите близу неговото жилиште беа загрнати со дим и големи облаци.
Но гледајќи го нападот врз Тилион Валарите беа во мисла, плашејќи се да не лошотилукот и препреденоста на Моргот пак издума нешто против нив. Иако не сакаа да прават џенг со него во Меѓуземјето, сепак не го имаа заборавено запустувањето на Алмарен; и решија такво нешто Валинор никогаш да не го снајде. Затоа во тоа време одново си ја утврдија земјата и ги кренаа планинските ѕидини на Пелорите до уште пострмни и пострашни височини на исток, север и југ. Надворешните страни им беа темни и мазни и немаше ни кај да се фатиш ни кај нога да ставиш и се спуштаа во големи врлини со лица тврди како стакло и се издигаа до кули со капци од бел мраз. Врз нив поставија будна стража и низ нив немаше премин, освен кај Калакирја: но тој премин Валарите не го затворија за атер на Елдарите кои сеуште им беа верни и дека во Тирион на зелениот рид во длабокиот планински процеп Финарфин сеуште владееше со остатокот на Нолдорите. Зашто сите од вилинска раса, дури и Ванјарите со владарот им Ингве, мораа понекогаш да го вдишат надворешниот воздух и ветрот кој доаѓа од преку морето од родната им земја; и Валарите не сакаа да ги отцепат Телерите од роднините им. Но кај Калакирја поставија јаки кули и многу чувари и кај што планината се издигаше од Валмарската рамнина поставија свита, па ни птица ни ѕверка ни вила ни човек ни некоја друга дијанија од Меѓуземјето можеше да го помине таборот.
А во тоа време, кое во песните е наречено Нуртале Валинорева, Сокривањето на Валинор, беа поставени и Маѓепсаните Островија и сите мориња околу нив беа исполнети со сенки и счудовидување. И овие островија беа спрострени како мрежа во Сенишните Мориња од север до југ по патот до Тол Ерессеа, Осаменото Острово, кој мораше да го минат оние кои пловеа кон запад. Тешко која галија можеше да мине низ нив, зашто брановите со опасни воздишки вечно дишеа врз темните карпи загрнати со магла. А во самракот морепловците им доаѓаше голем умор и голема презир кон морето; и кој ќе стапнеше на островите таму и остануваше да спие сѐ до Завојот на Светот. И така бидна како што Мандос им претскажа во Араман, да Блаженото Царство биде оградено од Нолдорите; и од многуте гласници кои во подоцнежните денови запловија кон Запад, никој не стигна до Валинор – освен еден: најславниот поморец од песните.