X<br></br><p>За Синдарите</p> - Полиграматон

X

За Синдарите


Како што веќе се кажа, моќта на Елве и Мелиан во Меѓуземјето растеше и сите Вили од Белерианд, од поморците на Кирдан, до ловците талкачи во Сините Планини зад реката Гелион го имаа Елве за владар; Елу Тингол го викаа, Крал Сивоплашт, на нивниот јазик. А тие самите се викаа Синдари, Сивите Вили од заѕвездениот Белерианд; и иако беа Мориквенди, под господството на Тингол и со мудроста на Мелиан станаа најличните и најмудрите и највештите од сите Вили во Меѓуземјето. И на крајот на првата ера од Врзувањето на Мелкор, кога мир владееше низ сета Земја и славата на Валинор беше во пладнето, на свет дојде Лутиен, единствената рожба на Тингол и Мелиан. Иако најголемиот дел од Меѓуземјето сеуште беше заспано во Сонот на Јаванна, во Белерианд под закрилата на Мелиан имаше живот и радост и светли ѕвезди сјаеа како сребрени огништа; и таму во шумата Нелдорет се роди Лутиен и белите цвеќиња нифредили излегоа да ја поздрават како ѕвезди од земјата.
Бидна да во втората ера на заточеништвото на Мелкор, во Белерианд дојдат Џуџиња преку Сините Планини Еред Луин. Самите се имаа крстено Казади, но Синдарите ги викаа Наугрими, Грчавиот Народ и Гоннхиррими, Господари на Каменот. Далеку на исток беше исконското жилиште на Наугримите каде си имаа издлабено големи дворци и палати, како што им беше адетот, на источната страна на Еред Луин; и на нивниот јазик тие градови ги викаа Габилгатол и Тумунзахар. На север од големите висини на планината Долмед беше Габилгатол кој Вилите го протолкуваа на нивниот јазик како Белегост, што значи Баш-Кале; а на југ беше издлабен Тумунзахар, кој Вилите го крстија Ногрод или Шуплипраг. Највелика од сите палати на Џуџињата беше Казад-Дум или Џуџевдлаб, Хадодронд по вилински, која кога подоцна падна во мрак ја викаа Мориа; но беше далеку во Планините на Магла преку долгите пространства на Ериадор и до Елдарите имаше стигнато само како име и гласина низ зборовите на Џуџињата од Сините Планини.
Од Ногрод и Белегост Наугримите дојдоа до Белерианд; и Вилите им се изначудија, зашто мислеа дека тие самите се единствените дијании во Меѓуземјето кои зборуваат со глас и творат со раце и дека башка од нив сѐ друго е саде птици и ѕверки. Но ниту збор не можеа да разберат од јазикот на Наугримите кој им се чинеше тромав и неубав; и на малкумина од Елдарите им појде од рака цел да го изучат. Но на Џуџињата бргу им фаќаше умот, а и помило им беше тие да го изучат вилинскиот јазик, одошто да ги научат на нивниот оние од туѓ сој. Ретко имаше од Елдарите што одеа до Ногрод и Белегост, освен Еол од Нан Елмот и син му Меиглин; но Џуџињата врвеа низ Белерианд и направија голем друм кој минеше под плеќите на планината Долмед и го следеше текот на реката Аскар вкрстувајќи се со Гелион кај Сарн Атрад, Бродот од Камења, каде што подоцна битка се водеше. Непара топло беше пријателството меѓу Наугримите и Елдарите, иако и едните и другите голем ќар видоа од него; но во тоа време јадовите кои покасно ги разделија уште немаа навасано и Крал Тингол убаво ги пречека. Но на Наугримите најлесно им беше од сите Вили и Луѓе да се побратимат со Нолдорите кои дојдоа потоа, одошто го сакаа и уважуваа Ауле; и бесценетите камења на Нолдорите ги ценеа повеќе од сите други азна. Во темнината на Арда Џуџињата веќе имаа изнедрено големи творби, зашто уште од првите денови на дедовците им, беа очиклени во работа со метал и камен; но во тие древни времиња помили им беа железото и бакарот од среброто и златото.
А Мелиан, како и сите други Маиари, секогаш гледаше кон времињата што претстојат; и кога измина втората ера на заточеништвото на Мелкор, го посоветува Тингол велејќи му дека Мирот во Арда нема вечно да трае. Затоа тој почна да се мисли како да си изгради кралско жилиште и место што ќе е јако, за ако некогаш пак зло се разбуди во Меѓуземјето; па ги помоли Џуџињата од Белегост да го посоветуваат и да му помогнат. Тие радо му дојдоа напомош, зашто во тие денови беа неуморни и желни за нови творби; и иако Џуџињата никогаш не работеа на вересија, дали за работи кои ги правеа со ќеф, или со рмбање, овој пат рекоа дека пари не сакаат. Зашто Мелиан ги беше научила на многу работи кои тие желно ги учеа, а Тингол често ги беше дарувал со лични бисери. Него бисерите Кирдан му ги имаше дадено, зашто ги имаше едночудо во плитките води околу островото Балар; но Наугримите такво нешто првпат гледаа и многу ги засакаа. Имаше еден голем како гулабово јајце, чиј сјај блескаше како ѕвезден зрак врз морската пена; Нимфелос го крстија и главатарот на Џуџињата од Белегост го ценеше повеќе од цела планина богатство.
Затоа Наугримите долго и со ќеф работеа за Тингол и му направија палати по мострата на нивните, издлабени длабоко во земјата. На местот каде што Есгалдуин протекуваше и го делеше Нелдорет од Регион, сред шумата се издигаше карпест рид по чие подножје реката течеше. Таму ги направија портите на дворот на Тингол и кренаа камен мост над реката и само по него можеше да се влезе низ портите. Зад портите, широки сокаци водеа до високи дворови и до длабоки одаи врежани во самоти камен, толку многубројни и големи што тоа жилиште го крстија Менегрот, Илјадните Пештери.
Но и Вилите имаа удел во таа работа, па и Вилите и Џуџињата заедно и секој по занаетот ги изнедрија соништата на Мелиан; слики на чудесиите и убавините на Валинор од преку Морето. Столбовите на Менегрот во стеблата, гранките и лисјата беа изрезбарени налик на буките на Ороме и беа осветлени со позлатени фенери. Пееја славеи исто како во градините на Лориен и имаше шадрвани од сребро и басени од мермер и подови од разнобојни камења. Резби на ѕверки и птици се редеа по ѕидините, или се качуваа по столбовите, или ѕиркаа меѓу гранките испреплетени со многу цветови. И како што врвеа годините Мелиан и нејзините придружнички ги наполнија дворовите со гоблени на коишто беа отсликани делата на Валарите и многу нешта кои се беа случиле во Арда уште од почетокот и сенки на нешта кои допрва требаше да се случат. Немало крал источно од морето кој имал полично жилиште од ова.
И кога сврши изградбата на Менегрот и мир завладеа во кралството на Тингол и Мелиан, Наугримите и понатаму повремено доаѓаа од преку планините и врвеа низ земјата; но ретко одеа до Фалас зашто го мразеа звукот на морето и им беше страв да му се испулат. А до Белерианд од другите делови на светот не стигаше ниту абер ниту збор.
Но како што ближеше третата ера на заточеништвото на Мелкор, Џуџињата почнаа да се секираат и појдоа кај Крал Тингол велејќи му дека Валарите не ги беа искорениле до последно лошотиите од Север и дека сега останките кои долго време се множеле во мракот повторно се подале и лутаат надалеку и нашироко. „Свирепи ѕверки има,“ велеа, „во земјата источно од планините и роднините ваши кои од памтивек живееле таму, сега од рамнините бегаат во ридовите.“
И не помина долго време, а злобните створови стигнаа до Белерианд од преку планинските премини и од југ низ темните шуми. Волци имаше, или створови кои шетаа престорени во волци и други погани и сенишни дијании, а меѓу нив беа и Орките кои подоцна правеа големи зулуми низ Белерианд: но тогаш уште беа малку на број и бојазливи и само душкаа низ земјата чекајќи го повратокот на владарот им. Од каде беа дошле и што беа Вилите во тоа време не знаеја, мислејќи дека можеби се Авари кои подивеле и станале злобни во дивините; и се вели дека тоа и не било многу далеку од вистината.
Затоа Тингол фати да се дума за силав, иако такво нешто дотогаш не му беше требало, па им даде прво на Наугримите да му го исковаат; зашто беа големи мајстори за таква работа, иако никој од нив не можеше да ги надмаши занаетчиите од Ногрод, од кои Телкар ковачот беше најпрославен. Наугримите од памтивек беа ратоборен народ и жолчно се бореа против сите со кои ќе се замереа: дали слуги на Мелкор, дали Елдари, дали Авари, дали диви ѕверки, а честопати и меѓу себе, со Џуџиња од други палати и вилаети. Синдарите бргу им ги научија занаетите, но во занаетот на калење челик, ниту Нолдорите ниту некој друг можеше да се токми со Џуџињата, a во плетењето кошули од железни алки, марифет кој ковачите од Белегост први го имаа издумано, исто рамен им немаше.
И така во тоа време Синдарите добро се вооружаа и ги изгонија сите зли створови и пак заживеаа во мир; а оружарниците на Тингол беа полни со секири и копја и мечеви и високи шлемови и долги кошули од сјајно железо; зашто железните кошули на Џуџињата беа направени да не ’рѓосуваат и секогаш сјаеа како да се џигит нови. И сето ова многу му се најде на Тингол во деновите што следеа.
 Како што веќе се кажа, еден по име Ленве од свитата на Олве го арниса походот на Елдарите тогаш кога Телерите застанаа крај брегот на Големата Река врз границите на западните краишта на Меѓуземјето. Малку се знае за талкањата на Нандорите кои тој ги поведе по Андуин: за некои се вели дека за навек останале да домуваат во кориите на Долот на Големата Река, некои најнакрај втасале до устието и таму се вдомиле крај Морето, а некои пак, минувајќи крај Еред Нимраис, Белите Планини, повторно втасале до север и завлегле во дивината на Ериадор помеѓу Еред Луин и далечните Планини на Магла. Тие беа горски народ и немаа челични оружја, па доаѓањето на свирепите ѕверки од Север многу ги исплаши, како што Наугримите му зајавија на Крал Тингол во Менегрот. Затоа Денетор, синот на Ленве, кој беше чул гласини за силата на Тингол и за неговото величество и за мирот во неговото кралство, изнасобра колку што можеше од раштрканиот народ и ја поведе свитата преку планините во Белерианд. Таму од Тингол беа пречекани како долго изгубени роднини кои сега им се враќаат и се вдомија во Оссирианд, Земјата на Седум Реки.
Малку сказни има за долгите години мир кои настапија со пристигањето на Денетор. Се вели дека во тие денови Деирон Певецот, прв учен во кралството на Тингол, ги скроил неговите Руни; и Наугримите кои доаѓале кај Тингол ги научиле и многу го бендисале мајсторлукот на Деирон фалејќи го повеќе дури и од Синдарите, неговиот сопствен народ. Киртите Наугримите ги одведоа источно преку планините и така многу народи ги научија; но Синдарите ретко ги користеа за писарска работа до деновите на Војната и многу од она што се паметеше витоса во урнатините на Дориат. Но за блаженството и животот во милина нема што да се кажува пред да секнат; зашто сите лични и чудесни дела сами по себе си се сказна додека траат за да можат со очи да се видат, и само кога им се готви беља или се скршени преминуваат во песна.
Во Белерианд во тие денови шетаа Вили и течеа реки и сјаеа ѕвезди и вечерните цвеќиња опојуваа со миризбата; и убавината на Мелиан беше како пладнето, а убавината на Лутиен беше како пролетната зора. Во Белерианд Крал Тингол на престолот беше како некој Маиарски владар чија сила мирува, чија радост е како воздухот што го дишеа низ сите дни, чија мисла тече на раат како прилив од височините до длабочините. Во Белерианд напати доаѓаше и големиот Ороме јавајќи како ветар преку планините и одекот на неговиот рог се спушташе по ѕвездените милји и Вилите ги фаќаше страв од раскошот на ликата негова и од големиот излив на бука од Нахар, но кога Валаромата ќе се разгласеше низ ридовите, јасно им беше дека сите зли дијании фаќаат усвет.
Но на блаженството најпосле му дојде крајот и пристигна самракот на пладнината на Валинор. Зашто како што веќе се кажа и како што сите знаат одошто е запишано во многу преданија и испеано во многу песни, Мелкор ги сотре Дрвата на Валарите со помош на Унголиант и избега и се врати во Меѓуземјето. Далеку на север бидна расколот на Моргот и Унголиант; но силниот викот на Моргот одека низ Белерианд и сиот народ се стутули од страв; зашто иако не знаеја што се навестува, го слушнаа предвесникот на смртта. Брзо потоа Унголиант пребегна од север и дојде во царството на Крал Тингол и ужасна темнина ја обвиваше; но силата на Мелиан ја сопре и не влезе во Нелдорет, туку долго време живееше во сенките на врлините во кои Дортонион се спушташе на југ. И нив ги завикаа Еред Горгорот, Планини на Ужасот и никој не се осудуваше таму да помине или да им се доближи; сѐ што беше живо и светло, таму се гушеше и сите води беа затруени. Но Моргот, како што претходно се кажа, се врати во Ангбанд и одново ја изгради и над вратите ги крена баздливите кули на Тангородрим; и портите на Моргот беа на петстотини и дваесет милји оддалечени од мостот на Менегрот: ем далеку, ем близу.
Орките пак, кои дотогаш се множеа во темнината сега беа станати јаки и свирепи и темниот им владар ги исполни со ламтеж за пакост и смрт; и се вдадоа од портите на Ангбанд под облаците кои Моргот ги испрати и тивко навлегоа во северните балкани. Таму голема војска наеднаш влезе во Белерианд и го кајдиса Крал Тингол. Во неговото широко кралство многу Вили слободно се шетаа низ дивината или спокојно живееја собрани во родбини расцепкани нашироко; и само околу Менегрот сред земјата и по Фалас во земјата на поморците живееше голем народ. Но Орките се спуштија од двете страни на Менегрот и од логори на исток помеѓу Келон и Гелион и на запад во рамниците меѓу Сирион и Нарог пљачкаа нашироко и надалеку; и Тингол беше отсечен од Кирдан во Егларест. Затоа го свика Денетор; и војска Вили дојде од Регион од зад Арос и од Оссирианд и ја почнаа првата битка од Војните во Белерианд. И источната свита на Орките беше приклештена помеѓу елдарските војски северно од Андрам и на полпат од Арос до Гелион и беа разгромени до последно, а тие што избегаа кон север од големиот колеж беа зачекани од секирите на Наугримите кои се вдадоа од планината Долмед: едвај неколкумина спасија жива глава и се вратија во Ангбанд.
Но Вилите скапо ги чинеше победата. Зашто оние од Оссирианд беа лесно вооружени и не им беа рамни на Орките кои беа обружани во железо и со железни штитови и носеа големи копја со широки сечива; и Денетор беше отсечен и сардисан на ридот Амон Ереб. И таму загина со сите од најблиската рода околу него пред да може свитата на Тингол да му дојде напомош. Иако горко беше одмазден кога Тингол ги превтаса Орките и сите ги испозакла на куп, народот остана вечно да го жали и друг крал не зеде. По битката некои се вратија во Оссирианд и аберот што го понесоа многу ги исплаши другите и оттогаш веќе никогаш не влегоа во војна, туку се водеа претпазливо и таинствено; и ги завикаа Лаиквенди, Зелени Вили, поради нивната руба со боја на лисја. Но многумина заминаа на север во варденото кралство на Тингол и се сплотија со неговиот народ.
И кога Тингол повторно дојде во Менегрот, чу дека Оркската свита издвојувала победа на запад и го беше истерала Кирдан до работ на морето. Затоа ги собра сите до кои можеше да стори теклиф да дојдат во калето во Нелдорет и Регион и Мелиан си ја спотна моќта и ја огради сета нивна царштина со прикриен ѕид од сенка и счудовидување: Појасот на Мелиан, кој оттогаш никој не можеше да го премине без таа или Крал Тингол да даде, освен ако не беше некој со сила поголема од онаа на Мелиан Маиата. И оваа внатрешна земја која долго време ја викаа Егладор, оттогаш ја завикаа Дориат, варденото кралство, Земја на Појасот. Внатре владееше буден мир; но надвор владееја бељи и голем страв и слугите на Моргот војваа насекаде, освен во заѕиданите пристани на Фалас.
Но сега се спремаше нов абер кој никој во Меѓуземјето не го имаше предвидено, ни Моргот во јамите ни Мелиан во Менегрот; зашто од Аман вести не стигаа ниту по гласник ниту по дух ниту во пророчки соништа, откако умреа Дрвата. И баш во тоа време Феанор го премина Морето во белите бродови на Телерите и се симна кај Вливот Дренгист и ги запали бродовите кај Лосгар.