VII<br></br>За Силмарилите и Неспокојот на Нолдорите - Полиграматон

VII

За Силмарилите и Неспокојот на Нолдорите


Во тоа време беа направени оние творби кои подоцна беа најпрославени од сите дела на Вилите. Зашто на Феанор, чија сила сега целосно имаше созреано, му дојде нова мисла, или можеби му имаше дојдено некое сенишно претскажение за судбата која се ближеше; и почна да му ја мисли како светлината на Дрвата, слава на Блаженото Царство, може вечнотлејно да се зачува. Така започна долг и скришен труд и си го собра сиот мајсторлук, сета сила и сета акрибија и на крајот ги направи Силмарилите.
Како три големи Џеваири беа наизглед. Но дури на Крајот, кога Феанор, кој витоса уште пред Сонцето да бидне и кој сега седи во Дворовите на Исчекување и веќе не доаѓа меѓу родата му, ќе се врати; дури кога Сонцето ќе сврши и Месечината ќе падне ќе се дознае од каква твар се направени. Како дијамантски кристал беше налик, но потврда од брилијант и немаше сила во кралството Арда која можеше да ја извалка или скрши. Но кристалот на Силмарилите им беше како што им е снагата на Чедата на Илуватар: само суграда за внатрешниот оган кој е во нив и кој тече низ нив и им е живот. А внатрешниот оган на Силмарилите Феанор го створи од смешаната светлина на Дрвата на Валинор која уште живее во нив, иако Дрвата одамна посивееле и веќе не сјаат. Затоа дури и во мракот на најдлабоката ризница Силмарилите од нивната сопствена блескавост сјаеја како ѕвездите на Варда, а сепак, зашто вистина беа живи, ликуваа на светлина и ја воспримаа и ја раздаваа во уште почудесни шари.
Сите кои домуваа во Аман беа исполнети со восхит и милина од делото на Феанор. И Варда ги освети Силмарилите за ни смртно месо ни нечисти раце ни ништо што е зло да може да ги допре, а да не се опрли и пеплоса; а Мандос претскажа дека судбините на сета Арда, на земјата и на морето и на воздухот, се вкалемени во нив. Срцето на Феанор беше цврсто врзано за овие созданија кои тој сам ги беше створил.
Тогаш Мелкор се соблазна за Силмарилите и и споменот на нивниот сјај беше како оган кој му го глодаше срцето. Оттогаш па натаму, распален од тој копнеж, уште посилно севезден гледаше да најде како да го сотре Феанор и да го прекине побратимството меѓу Валарите и Вилите; но намерата си ја притули низ препреденост и во ликата не му се гледаше лошотилукот кој го носеше во себе. Долго време работеше и спор и јалов му беше трудот на почетокот. Но кој сее лаги не ќе остане без жетва и кога-тогаш ќе може да си почине, та други да му сејат и жнеат. Така Мелкор секогаш наоѓаше нечии уши да го слушаат и нечии јазици да го дујат она што го беа чуле; и лагите му се раширија од една уста на друга како тајни кои мудар испаѓаше оној кој ќе ги кажаше. Горко се покајаа Нолдорите за отворените уши во дните кои потоа следеа.
Кога виде дека многумина му одат по умот Мелкор фати често да се рашетува меѓу нив и меѓу слатките зборови проткајуваше и други, толку префригано што оние кои ги слушаа подоцна веруваа дека тие самите ги беа помислиле. Слики им создаваше во срцата на раскошни кралства каде што би можеле самите, со сопствени сила и во слобода да владеат на Исток; па почнаа да се шират шепоти дека Валарите ги имаат доведено Елдарите во Аман од завист, плашејќи се да не убавината на Квендите и силата на мајсторскиот нарав кој Илутавар им го беше завештал станат преголеми, та да не можат Валарите да ги повелаат ако Вилите се намножат и се рашират низ пространите земји на светот.
А освен тоа, иако во тие денови Валарите знаеја за доаѓањето на Луѓето кои допрва требаше да стасаат, Вилите уште ништо не знаеја; зашто Манве им немаше кажано. Но Мелкор скришно им зборуваше за Смртните Луѓе, гледајќи дека може кон зло да ја изврти тишината на Валарите. Сеуште не знаеше многу за Луѓето, зашто толку беше бил заблуден во сопствените мисли во Музиката што не ја беше есапел многу Третата Мелодија на Илуватар; но сега меѓу Вилите се шепотеше дека Манве ги држи во заточеништво за да можат Луѓето, кога ќе дојдат, да ги одменат низ кралствата на Меѓуземјето, зашто Валарите виделе дека полесно ќе им било да ја повелаат новата кусоживотна и послаба раса пленејќи им го со тоа на Вилите наследството од Илуватар. Сето ова беше саде лаги, зашто на Валарите ретко кај им пошло од рака да повелаат со волјата на Луѓето; но многу од Нолдорите поверуваа, макар и дополу, во злобните зборови.
Така, уште пред да сетат Валарите, мирот во Валинор беше затруен. Нолдорите почнаа да мрморат против нив и многумина се возгордеаа, заборавајќи колку од она што го имаа и знаеја им беше дар од Валарите. Новиот оган на копнеж по слобода и пошироки кралства најусвитено гореше во желното срце на Феанор; и Мелкор се смееше во себе, зашто на тоа беше и целел со лагите, одошто го мразеше Феанор повеќе од сите други и одошто ламтеж го јадеше по Силмарилите. Но нему до нив не му даваа да пристапи; зашто иако Феанор ги носеше на големи гозби и му гореа врз челото, друг пат будно беа чувани заклучени во длабоките одаи на ризницата во Тирион. Зашто Феанор почна да ги љуби Силмарилите со алчна љубов и на никој не му даваше да ги види, освен на татка си и на неговите седум синови; и непара паметеше дека светлината во нив не беше негова.
Први принцеви беа Феанор и Финголфин, постарите синови на Финве, уважени од сите во Аман; но се возгордеаа, па едниот почна да му љубомори на правото и сермијата на другиот. Тогаш Мелкор пушти нови лаги низ Елдамар и до Феанор стигнаа шепоти дека Финголфин со синовите се готви да го приграби кралството на Финве од постарото колено на Феанор и да го потчини по тестир од Валарите; зашто на Валарите не им било по ќеф Силмарилите да се во Тирион наместо во нивните долапи. А на Финголфин и Финарфин им велеа: „Вардете се! Непара ги сака синот на Мириел синовите на Индис. А сега е и воздигнат и татко му му е в рака. Кај и да е, ќе ве набрка од Туна!“
И кога Мелкор виде дека лагите му пламтат и дека горделивост и лутина се разбудиле меѓу Нолдорите, фати да им зборува за оружје; и во тоа време Нолдорите почнаа да коваат мечеви, секири и копја. Направија и штитови, украсувајќи ги со нишаните на лозите и родите кои се имаа исповенчано; и нив ги носеа на отворено, но за други оружја не зборуваа, зашто секој си мислеше дека само до него има стигнато опомената. И Феанор направи тајна вигна за којашто ни Мелкор не знаеше; и таму калеше лути мечеви за себе и синовите и коваше високи шлемови со црвени перја. Горко се покаја Матан за денот кога му го кажа на мажот на Нерданел ковачкиот занает кој го беше научил од Ауле.
Така, со лаги и злобни шепотења и лажни совети Мелкор ги распали срцата на Нолдорите и ги раскара; и од тие кавги најпосле дојде крајот на светлите денови на Валинор и квечерината на неговата исконска слава. Зашто Феанор сега отворено почна се закрева против Валарите, гласно викајќи дека ќе си оди од Валинор до надворешниот свет и ќе ги избави Нолдорите од јаремот, ако се кандисаат да го следат.
Тогаш фати голем неспокој во Тирион и Финве се насекира; па ги свика сите големци на совет. Но Финголфин поита кон дворот и застана пред него велејќи: „Кралу и татко, зар нема да му ја скротиш гордоста на брат ни Куруфинве, кој со право го викаат Дух на Огнот? Кој му дал ниет да зборува во наше име небаре е Крал? Ти беше тој кој во дамнина ги кандиса Квендите да го прифатат теклифот на Валарите во Аман. Ти беше тој кој ги водеше Нолдорите по патот низ бељите на Меѓуземјето до светлината на Елдамар. Ако не си се испишманил за тоа, барам два сина имаш што икрам ќе ти чинат.“
Но како што зборуваше Финголфин Феанор се втурна во одајата и беше сиот обружан: висок шлем му стоеше на главата, а на појасот лута сабја. „Значи така испадна како што си мислев“, рече. „Прибрат ми намерил да ме одмени во сѐ, па и кај родениот ми татко.“ Тогаш му се сврте на Финголфин и го извлече мечот извикувајќи: „Сиктер оттука и да си ги пуштиш нозете колку што ти е чергата!“
Финголфин се поклони пред Финве и ниту му прозборе на Феанор ниту го погледна, туку си замина од одајата. Но Феанор тргна по него и го запре кај портата на кралската куќа; и врвот на сјајниот меч го впери кон градите на Финголфин. „Гледај ваму, прибрате мој!“ рече. „Ова е поостро од тој твој јазик! Уште еднаш пробај да ми го приграбиш местото крај татко ми и можеби ќе ги куртули Нолдорите од оној кој се закренал јарем да им качи.“
Овие зборови многумина ги чуја, зашто куќата на Финве беше сред големиот мегдан под Миндон, но Финголфин повторно не му одговори и тивко минејќи низ калабалакот, отиде да го бара брата си Финарфин.
Неспокојот на Нолдорите пак, не беше сокриен од Валарите, но Мелкор раздорот го беше сеел во темница и затоа, зашто Феанор прв прозборе против нив, тие си помислија дека тој е кројачот на немирите, одошто беше преполн со самоволие и вообразеност, иако сите Нолдори беа станати горделиви. И Манве се нажали, но само гледаше и ништо не рече. Валарите со арно ги беа донесле Елдарите во нивната земја, за да останат или да си одат; и иако чинеа дека не им е умно да заминат, да им забранат не можеа. Но делата на Феанор не можеа да се премолчат и Валарите се налутија и увилија; и го свикаа пред нив кај портите на Валмар за да одговара за сѐ што беше рекол и сторил. Собрани беа и сите други кои имаа удел или знаеја нешто за таа работа и на Феанор кој застана пред Мандос сред Судниот Обрач му заповедаа да одговори на сѐ што го прашаа. И така најпосле коренот беше поткопан и лошотилукот на Мелкор разоткриен; и Тулкас веднаш поита од советот да го зграпчи и да го врати за пак да му судат. Но и Феанор не беше без кабает, зашто го беше прекршил мирот во Валинор и беше вперил меч кон родениот брат; и Мандос му рече: „За јареми саде зборуваш. Ако е така не ќе избегаш од јаремот; зашто Манве е крал на Арда, а не само на Аман. И тоа што го стори е неправдина, било во Аман, било не во Аман. Затоа вака ќе ти судам: дванаесет години ќе си одиш од Тирион, каде што ја изусти заканата. Ќе си одиш и ќе си се задумаш, та да се сетиш кој си и што си. А после тоа работава ќе се извида и пак ќе има мир, ако други те искупат.“
Тогаш Финголфин рече: „Јас ќе го искупам брат ми.“ Но Феанор ништо не одговори, молчеливо стоејќи пред Валарите. Потоа се сврте и си замина од советот и го напушти Валмар.
Со него сургун заминаа и неговите седум синови и на север во Валинор направија крепост и ризница во ридовите; и таму во Форменос едночудо бесценети камења накалапија, а и оружја, а Силмарилите ги затворија во железна одаја. Таму замина и Кралот Финве, од љубов кон Феанор; и Финголфин владееше со Нолдорите во Тирион. И така лагите на Мелкор излегоа небаре вистина, иако Феанор сам ги беше обвистинил; и горчината која Мелкор ја посади фати корен и долги години остана да тлее помеѓу синовите на Финголфин и Феанор.
Мелкор пак, сеќавајќи дека му го откриле марифетот, се скри и одеше од место до место како облак над ридовите; и Тулкас саде напразно го бараше. Тогаш на народот во Валинор им се видека како светлината на Дрвата да се намалила и како сенките на сите исправени нешта да се издолжиле и затемниле.
Се вели дека од Мелкор долго време немало ни трага ни глас во Валинор, кога наеднаш се појавил во Форменос и застанал со Феанор кај него пред врата. Со препредени муабети му се правел како демек му е пријател, повторно бодрејќи го да се ослободи од сертмето на Валарите; и му рекол: „Гледаш ли дека право ти велев, та на правдина те пратија сургун. Но ако срцето на Феанор сеуште е слободно и смело како што му беше и зборот во Тирион, јас ќе му помогнам и ќе го одведам далеку од оваа тесна земја. Та зар не сум и јас Вала? Море и покадар сум од оние кои седат таму во Валимар; и секогаш сум им бил пријател на Нолдорите, највештите и најјуначки од сите народи во Арда.“
На Феанор пак, срцето ушто му беше горко од срамот пред Мандос, па молчешкум му се испули на Мелкор, думајќи се дали да му поверува и да му ја прифати помошта во исходот. А Мелкор, гледајќи дека Феанор се двоуми и знаејќи дека Силмарилите му го пленат срцето, најпосле рече: „Јака крепост си кренал и добро ја вардиш; но знај дека Силмарилите не ќе се сигурни во која и да било ризница во царството на Валарите!“
Но со тоа ја цапна шарката и предлабоко загази, па разбуди пламен пожесток одошто беше намерил; и Феанор го погледна Мелкор со очи коишто му продреа низ личната лика и му го пробија плаштот на мислите, осознувајќи му го таму силниот ламтеж по Силмарилите. Тогаш омраза надвладеа над стравот во Феанор, та го проколна Мелкор и го набрка, велејќи: „Море сиктер од пред портава; кај те пушти Мандос од кауш, кај те запусти!“ И му ја тресна вратата од куќата во лицето на најмоќниот жител на Еа.
Тогаш Мелкор си замина посрамотен, зашто и самиот беше во опасност, па реши дури сетне да се освети, но срцето му поцрне од лутина. И Финве го фати голем страв и уште веднаш испрати гласници до Манве во Валимар.
Валарите пак, беа збрани во совет пред портите стравувајќи од должењето на сенките, кога втасаа гласниците од Форменос. Тулкас и Ороме веднаш срипаа, но таман да тргнат од Елдамар стигнаа гласници велејќи дека Мелкор беше пребегнал низ Калакирја и од Туна Вилите го беа виделе кај мине како луња, сиот разгневен. И рекоа дека оттаму скршнал кон север, зашто Телерите во Алквалонде му ја беа виделе сенката како мине крај нивниот пристан одејќи кон Араман.
И така Мелкор избега од Валинор и Двете Дрва пак светеа незасенети на некое време и земјата се исполни со светлина. Но Валарите напразно бараа абер за непријателот; и како далечен облак што сѐ повисоко се извишува носен од бавен, студен ветер, сомнеж ја нагрди радоста на сите во Аман, влевајќи им страв од незнајно зло што допрва би можело да ги наваса.