IV<br></br>За Тингол и Мелиан - Полиграматон

IV

За Тингол и Мелиан


Мелиан беше Маиа од расата на Валарите. Домуваше во градините на Лориен и меѓу сиот негов народ немаше полична од Мелиан, ниту помудра ниту пак повешта во маѓепснички песни. Се кажува дека Валарите ја оставале работата, а птиците во Валинор појот, дека ѕвоната на Валимар затишувале и дека шадрваните секнувале, кога при смесувањето на светлините Мелиан ќе запеела во Лориен. Славеи севезден одеа по неа и ги научи да пејат; и ги сакаше дебелите сенки на големите дрвја. Беше рода, уште пред светот да се створи, со Јаванна, а во времето кога Квендите се пробудија крај водите на Куивиенен си замина од Валинор и дојде во Вамошните Земји и ја исполни тишината на Меѓуземјето пред зората со нејзиниот глас и гласовите на нејзините птици.
Кога беа прикрај со патот пак, како што веќе се кажа, Телерскиот народ долго останаа да се починат во Источен Белерианд на другата страна на реката Гелион; а во тоа време многу од Нолдорите сеуште беа на запад во шумите кои подоцна беа наречени Нелдорет и Регион. Елве, владарот на Телерите, често одеше низ големите кории да го бара Финве, пријателот му, во жилиштата на Нолдорите; и се погоди еднаш да сам појде во заѕвездената корија Нан Елмот и наеднаш слушна песна на славеи. Тогаш се маѓепса и мирно застана; и оддалеку, над гласовите на ломелиндите, го чу гласот на Мелиан и цело срце му се исполни со восхит и копнеж. Тогаш сосема си го заборави и народот и ниетот која ја имаше наумено и одејќи по птиците под сенките на дрвјата длабоко завлезе во Нан Елмот и се изгуби. Но најпосле дојде до една ледина отворена под ѕвездите и таму стоеше Мелиан; и ја погледна од мракот и светлината на Аман и беше на лицето.
Ништо не му прозборе; но исполет со љубов Елве и пријде и ја фати за рака и на место маѓепство падна врз него, па и двајцата стоеја така, додека долги години се нижеа преслагани од ѕвездите што над нив се тркалаа; и дрвјата на Нан Елмот се извишија и загустија пред тие да прозборат.
И така народот на Елве, иако го бараа, не го најдоа, па Олве го презеде владарството со Телерите и ги поведе, како што сетне ќе се кажува. Елве Синголло веќе никогаш во животта не појде преку морето во Валинор, ниту Мелиан се врати таму додека царуваа заедно; но низ неа меѓу Вилите и Луѓето пристигна жица од Аинурите кои беа со Илуватар уште пред Еа. Подоцна Елве стана прославен крал и негов народ беа сите Елдари од Белерианд; Синдари се нарекоа, Сиви Вили, Вили на Самракот, а тој беше Крал Сивоплашт, Елу Тингол на јазикот на таа земја. А Мелиан му беше кралица, помудра од сите чеда на Меѓуземјето; и скриените дворци им беа во Менегрот, Илјадните Пештери, во Дориат. Голема моќ му даде Мелиан на Тингол, кој и самиот беше велик меѓу Елдарите; зашто само тој од сите Синдари со свои очи ги беше видел Дрвата во денот на нивното цветање и иако беше крал на Аманјар, не се вбројува меѓу Мориквендите туку меѓу Вилите на Светлината, моќниците во Меѓуземјето. А од љубовта на Тингол и Мелиан на светот дојде најличната од сите Чеда на Илуватар што некогаш биле или ќе бидат.